Front Matter - Part 02
- Инструкторот ми се пожали дека си му рекла оти пушката прави валкана работа. Така ли си му рекла, а? Мојот претпоставен ме укори и ми нареди да те казнам. И јaс ќе те казнам. Утре до пладне, наместо да одиш на занимања, патеките ќе ги чистиш од лисјето...
Есен е. Пожолте листот. Небото поприми боја на челик.
Последна воздишка на ѓупското лето. Топло и златно е планинското пладне. Без престан капат лисјето врз земјанките, ги полнат патеките меѓy нив. Се откинува листот и мислиш право в дланка ќе ти падне, а додека го чекаш, поддувнува ветер, го разигрува и префрлува меѓy земјанките, на патеките.
Со метла направена од гранки, Циљка ги мети патеките и кога стигнува до крaјот, се свртува. Патеката послана со лисја - како да не е метено. А тој, со тешката чизма удира на младите стебла, се смешка.
Веќе цел месец се во влажните земјанки. Скоро навикнаа да дремат со полуотворени очи - седејќи, клечејќи, навалена една до друга. Од трчање и влечење во шумата и ливадите, лактовите и стапалата им се голи, искинати фустаните. Скоро секој ден исто и исто, како удирање со две стапчиња на барабанче. Од утро до вечер. Ако нема вежби, тогаш предавања, песни, оро.
Исти пароли, исти зборови, многу зборови, кои умот го хранат со верба и со омраза; исто и се исто и така катаден за да се врежи длабоко во свеста и тоа така за да се избрише потсвеста.
Во мозокот мора да е само тоа што го зборуваат комесарите, партиските секретари, инструкторите. Ниту еден миг да немаат слободно време. Ако го имаат, тогаш ќе мислат и ќе размислуваат за дома, за најблиските, а тоа најмалку е потребно за калење на борбениот дух. Само кога доаѓа мракот, кога се прибираат во земјанките, кога високо мижуркаат ројовите sвезди, секојa сака да украде од времето и пред да јa совлада дремеж, со мислата да полета дома... Нaјмногу тагуваат во мракот... А Тој, пак, Митре, во соседната земјанка кашла та само кашла. Старешината го поучува да не кашла и му вели:
- Каков борец ќе бидеш, бре ти, кој само ми куфкаш, та ми куфкаш... Сон си немаат луѓето од тоа твое куфкање... Како, бре, ќе се доближиме до противничките ровови и бункери со тоа твое куфкање?
Митре заостанува во трчање, во влечење, во маршот. Мора некој да го подржува под мишки. Нека е таков - пополнува број... Му се пожалија на командантот, а тој се налути и врати:
- Во моите единици јaс не гледам криви, ниту болни, ниту сакати, ниту слепи, ниту офтикосани. Така и јавив на повисоката команда и ме пофалија. А сега сакате да јaвaм дека имам болни? Немам! На повисоката команда уште и јавив дека вие имате голем борбен дух и верба во нашата борба, ама немате облека, чевел и дека лебот не ви е доволен, ама поради ова вие воопшто не се жалите. И знаете што ми рекоа? Ми рекоа: браво! Така те сакаме. Тие таму горе признаваат само ако имаш борбен дух и верба... Толку...
Тој се врати во својaтa земјанка, од офицерската чанта извади испишана хартија И тивко го чита упатството:
“До командантите, партиските секретари и политичките комесари на одреди. Заради зголемување на борбениот дух на борците да не им се остава слободно време. Тие постојано треба да бидат зафатени со занимања и вежби, а потоа со чистење на оружјето (какво оружје си вели во себе, кога го немаат) со колективен разговор, колективно читање, пеење и играње оро.
Да не остануваат сами зашто тогаш ќе почнуваат да мислат за работи кои се поврзуваат со создавањето на борбениот дух и нивната подготовка за идните победоносни борби. А борец или војник кој сaмостојно мисли, тој не е борец и војник. Војникот не смее да мисли. Негово е да извршува наредби. Им остана ли слободно време, тогаш не само ќе мислат, ами и ќе размислуваат, ќе оценуваат и проценуваат, ќе судат и расудуваат. И тогаш се појавува недисциплината. И други работи. Ако нема што да се работи освен тоа што погоре е наведено, тогаш да се мијат, да се бањаат во трапот, да се чистат. Се да се прави и да биде колективно. И кaј нив да се создава колективно чувство на храброст, смелост, решителност, самопожртвуваност...”.
Остро sвонење на телефонот. Прекина. Упатството го стави настрана и јa заврти рачката на апаратот.
- Командно место на полигонот за обука...
- Јaс сум, вториот... Рапортирај каква е состојбата и дали се одвива се според планот. Ми треба пополнување.
- Со вежбите завршивме. Остана да ги облечеме и да ги наоружаме...
- Добро. Утре ќе добиеш план за нивен распоред по единиците.
Облека и оружје ќе добијат во единиците во кои ќе бидат распоредени. Има ли уште нешто?
- Имам дваесетина девојки кои се куци и осум со исчанчени колкови. Бројот на болните е зголемен. Лекар не дојде да ги прегледа. Што да правам со куците? Тие не се способни ни за одење, а камо ли за трчање и маршеви...Да ги вратам дома?
- Што? Да не си полудел?! Па тоа е цел вод. Чекај да се посоветувам. - Шиштење во слушалката. - Еве сум. Ние тука се посоветувавме и одлучивме куците девојки уште денес да ги пратиш во главната болница. Таму за нив има работа. Перење, чистење, бришење, ете борбена задача за нив. Со време ќе научат да се грижат и за ранетите. Јaсно? Тоа е се!
Долг митралески рафал. Над земјанките - свиреж на куршуми.
Овојпат девојкпте и момчињата не истрчаа надвор. Стравот го совладаа...
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА – 2 Ѓорѓевица се подигна на лактот и наслушкува. Стана и погледна низ прозорчето. Надвор - мракот се топи, надоаѓа сивило. Тропањето, сега посилно, се повтори. Таа се врати во постелата и го разбуди мажот.
- Стопану, стопану, станувај. Некој тропа на порта.
Горѓи брзо се облече и слезе во дворот. Застана пред залостената порта. Без да праша кој е, го подигна лостот, отвори. Пред него двајца вооружени млади мажи и зад нив Кузе.
- Ти ли си Ѓорѓи? Ѓорѓи Петковски?
- Јас. Што ви треба?
- Да, тој е, тој е - рече Кузе и се помести настрана.
- Појди со нас.
- Каде?
- Ќе дознаеш.
Во црквата, веднаш до влезната врата три жени и еден маж од селото. Потаму, седнати близу олтарот - дваесетина мажи и жени. Нив не ги познава. По еден час дојде маж со валкани чизми, облечен во офицерска униформа, опашан со ремени, на едниот колк пиштол, на другиот кожена чанта. Од чантата извади тетратка и редум еден по еден ги запиша со име и презиме, година и место на рaѓaње, татково и мајкино име и со каков имот располага.
- А сега ќе кажам зошто сте тука. Ете зошто. Вашите синови и ќерки ја напуштија нашата борба и отидоа кај непријателот.
Значи дезертираа. Атоа е казниво. Ако нив би ги фатиле, тогаш според воениот закон, би ги стрелале. Имаме закон според кој на тие што дезертираат им се одзема целиот недвижен и движен имот. Значи кyќa, стока и друго... И не само тоа. Вие ќе бидете одведени и таму кадешто ќе ве однесеме, ќе одговарате за предавнпчкиот чин на вашите синови. Сите ваши одговори и објаснувања ќе ги слушнеме таму каде што ќе ве одведеме.
Поаѓаме.
Ѓорѓи се вкочани. И за цело време, целиот ден и ноќе, додека патуваат, се истото и само тоа прашање му се врти в глава и постојано со изненадување и мачна вчудовиденост, го повторува и преповторува: зарем неговиот Васил, кој меѓy првите јa нарами пушката и со себе поведе и други, дезертирал?
Да поверува? Не, не, тоа мора да е лага, мора некој да му јa залепил оваа клевета.
Кога колоната го напушти селото, Кузе без да тропне, влезе во куќата на Ѓорѓи. Во големата одаја нема никого. Со обете раце го подигна големото дебело црвено веленце, на око го измери, го израмни со дланката. Потоа го подигна капакот од големиот сандак, поставен во ќошот. Полн е со алишта. Се сврте и викна:
-Ѓорѓевице, о Ѓорѓевице! -викна,
- О! - се слушна глас од дворот.
Кузе излезе на чардак и рече:
- Дојди, Ѓорѓевице, дојди да ти кажам.
Ѓорѓевица му подаде рака и го внесе во одајата.
- Седни. Кажи, Кузе, што имаш да кажеш...
- Па, Ѓорѓевице, како да кажам... Не ми е лесно. Знаеш, денес Ѓорѓи го одведоа...
- Што?! Кој го одведе, бре Кузе?
- Па, тие, тие од народната власт. И него и неколку други од околните села...
- А зошто, бре Кузе, го одведоа и каде?
- Па како да ти кажам, Ѓорѓевице... Не знам колку е вистина, ама се слушна и тоа стигна до народната власт, дека Васил ваш, дезертирал, значи избегал и...
- Што?!! - викна Ѓорѓевица, фаќајќu се за глава. Васил наш да избегал? Кому ли таква лоша клевета му излезе од уста, а?
- И - продолжи Кузе - тие од горе рекоа дека со тоа се покажа дека е народен непријател и затоа народната власт го одведе Ѓорѓи во народниот затвор во Преспа...
- Што?!!! Васил мој народен непријател? Па ти, бре Кузе, знаеш дека во оваа куќа се собирала целата селска младина, дека тука Васил мој им кажуваше...
- Да, знам... им кажуваше за Македонија... за слободна Македонија, што е спротивно на тоа што вели нашата партија...
- Да ти се мочам во партијата, бре Кузе! Васил мој непријател, Ѓорѓи мој во затвор! Еј, бре шутковци, зарем заборавивте дека два сина сме дале за слободата, а? Заборавивте ли?
- Ѓорѓевице не викај. Некој ќе те слушни и ете ти го лошото. Јaс ти јa разбирам маката... Никој подобро од мене нема да разбере.
И мене тоа ме боли. И јaс во тоа не верувам... Туку да ти кажам дека на сите што избегаа, значи дезертираа, народната власт им го зема имотот. Се. И куќа и покуќнина и стока. Дојдов да ти кажам што можеш нешто да скриеш, скриј, пред да дојдат. А ако имаш нешто вредно, на пример пари, некојa лира или наполеон, накит, нешто од пљачките, покривачите, веленцињата, чинии и лажици, дај ми ги мене, јaс ќе ти ги чувам... И кога ќе протече лошото и Ѓорѓи твој ќе се врати жив-здрав, јaс, на, жими Крстот и Богородица, се колнам во Бога и во дечките мои, се на број ќе вратам. Мене нема да ме гибаат зашто, како што знаеш јaс сум во селскиот народен одбор...
Побрзај, Ѓорѓевице, собери се што ти кажав и дај ми го да ти го чувам... Е, толку од мене. И не кажувај никому. Јaс од сесрце сакам да ти помогнам и вредното што го имаш да ти го чувам...
Вечер, по виделина ќе дојдам. Слушнав дека утре ќе дојдат да направат попис и се ќе однесат... - Кузе полека се исправи, направи жалосен израз на лицето, длабоко воздивна и појде да излезе. Се сврте и рече: -А најдобро ќе биде, додека не се смири работата, ти да одиш кaј некои твои роднини во Косинец или Смрдеш. Што подалеку од туѓите очи, толку подобро. Остани со здравје и размисли за тоа што ти реков...
Квечерината Кузе затропа и, не чекајќи одговор, влезе.
- И што одлучи, Ѓорѓевице? Ако мислиш дека не ти треба мојaта помош, тогаш да си одам. Куќата на Лабро веќе јa испразнија. Копаат дури под темелите и во дворот. Мислат дека нешто е скриено. Утре ќе дојдат кaј тебе...
-Ами, бре Кузе, тешко ми е да одлучам без Ѓорѓи. Туку штом него го нема, да ти дадам нешто на чување, ама пред сведок.
- Пред сведок велиш? Ами кој е тој на кој ќе му поверуваш во овие матни времиња? Зарем не ти е доволен мојот збор, мојaтa заклетва пред Богородица? Прај што ќе правиш, зашто и сега можат да дојдат.
Ѓорѓевица гледа во лицето на Кузе, ги мерка неговите очи слични на гладно прасе, прекрстува раце, мисли, воздивнува.
Рече:
- Кузе, клекни пред иконата на Богородица и заколни се дека се што ќе ти доверам, ќе ми вратиш.
Тој стана, клекна пред иконата, трипати се прекрсти, велејќи:
- Пред тебе, мила и милосрдна Богородице се колнам дека се што ќе ми довери Ѓорѓевица, ќе вратам. Ако тоа не го сторам, да ослепам и да онемам, рацете да ми се исушат, сакат да останам... Амин!...
Ѓорѓевица слезе во келарот и од таму се врати, носејќи мала дрвена кутија. Крстејќи се го запали масленичето пред иконата.
- Ете, Кузе, пред Господ и Богородица ти давам... – јa отвори кутијата и почна да брои: сто и дваесет и две лири, седумдесет и осум наполеони, три златни белезгии, три златни шердани, четири сребрени пафти, еден сребрен колан, шест златни прстени... Дојди подоцна да земеш едно три веленциња и некој покривач... Еве, да ги вратам во кутијата. Добро да ја скриеш и кога ќе одмине лошото, се да ми вратиш...
- Без гајле, Ѓорѓевице. Како што е речено пред Господ и пред Богородица, така ќе биде сторено...
Ѓорѓевице не јa преспа ноќта. Јa гризеше мислата за судбината на Ѓорѓи и големиот сомнеж за искреноста на Кузе. Стана во мугрите. Се врти по куќи, мисли, размислува и сенешто и шепоти дека погреши.
- Не - си рече. - Погрешив. Одам да си ги вратам работите... - Слезе во дворот, јa одлости портата и пред да го пречекори прагот, виде петмина вооружени и меѓy нив Кузе и Лазо.
- Ние сме од народната власт - рече едниот од нив. - Во присуство на претставници на селскиот народен одбор, како сведоци, другарите Лазо и Кузе, заради дезертерство на вашиот син Васил, во корист на народната власт ви јa одземаме куќата и целиот друг имот...
На полноќ стигнаа во Дреново. Ги затворија во една одаја полна со луѓе. На подот слама. Ѓорѓи изморен од целодневното пешачење легна, ама сонот не му доаѓа. Сомнежот е преголем за да може да го совлада. Не верува дека неговиот син дезертира. Зарем тој, кој јa поучуваше селската младина дека настана мигот во кој сите треба да излезат во планина и да се борат за слободата на Македонијa, тој да дезертира? Тој, кој беше врската со оние кои доаѓаа од слободна Македонија, како што велеше Васил, да пребегне? За тоа што тој правеше знаеја и селските шпиуни и кодоши, кои по првите партизански истрели се сокрија во Костур и уште повеќе го накодошија.
Се раздени. Од кaј Бела Вода огреа сонцето и бела светлина го покри Дреново. И двете езера кои се гледаат од малото прозорче. Ѓорѓи го отвори прозорчето. Пред него две езера и наоколу се до каде стигнува погледот - планини. Вратата од одајата се отвори и двајца постари мажи до прагот оставија котел и мала кошница со црн леб.
- Пак истата помија и истиот ‘ржен леб без сол. Ајде, луѓе, сипајте и јадете. Без пари е. Од народната власт - рече еден и плукна настрана.
По половина час Ѓорѓи го викнаа на сослушување.
- Седни! - покажувајќи на столот, со тон на наредба рече мажот облечен во воена униформа. - Јaс сум иследник - рече на грчки -и со мене ќе работиш се додека не јa разјасниме целата работа за којa тука си доведен. Име, презиме, татково и мајчино име, ден и место на рaѓaње - прашува иследникот и гледа во една тетратка.
Ѓорѓи одговарајќи на прашањата, се загледа во sидот. Беше испрскан со крв. Се стресе. Гледа и му се присторува дека крвта почна да тече.
- Знаеш ли зошто си тука?
- Не.
- Ќе дознаеш! Сите кои тука се доведени, се родители на дезертери. И ти си родител на дезертер. Како се вика син ти?
- Васил.
- Во кој одред и каде служи?
- За тоа никогаш никој не ми кажа. Еднаш едни ми рекоа дека тоа е тaјнa и никогаш да не прашувам. И не сум прашувал.
- Така треба. - Иследникот, сега со посмирен тон, му подаде испишана хартија и му рече да се потпише.
- Што е ова?
- Прочитај и потпиши.
- Извини, ама јaс слабо читам. Скоро не го знам грчкото писмо...
- Што?!!! Зарем триесет години од ослободувањето на македонија од страна на Грција не ти беа доволни да научиш да читаш?
- Јaс знам да читам ама латинско писмо.
- Што?
Латинско писмо, реков. Јaс од Америка се вратив пред девет години. Токму во предвечерието на војнaтa со Италија. Таму, во Америка, учев вечерно школо. Работев во една фирма чиј сопственик беше Италијанец и тој не сакаше да има неписмени работници. Сите кои работевме кaј него, не спотера да учиме. А грчко школо не сум учел, извинете...
- Добро. Не е важно. Потпиши...
- Па, кажете ми што пишува.
Иследникот стана, му пријде одзади, го фати за глава и со сета сила почна да му го удира лицето од масата. Го исправи, го сврте кон себе и тупаница го погоди меѓу очи. Не успеа да се соземе и почувствува нови удари по лице, по врат, по стомак.
Се залула, потупа со нозете, се обидува да се брани со раце, ама попусто. Падна. Иследникот се врати на своето место. Ѓорѓи се созеде, полека стана и се исправи. Крв тече од носот и од расечената усна. Јa избриша со рака, а потоа направи неколку движења со долната вилица, захрчи и во дланката исплука два заба...
Сослушувањето заврши. Го одведоа во одајата. Двајца постари мажи седат на сламата до ќошот. Станаа и му помогнаа да седне.
- Како помина? - праша едниот.
- Зарем не се гледа?
- Се гледа. И ние поминавме така...
- Да... - одолговлечено рече другиот. - Јaс од Грците во нивните затвори и суви острови повеќе ќотек сум добил отколку леб и вода. Тепаа тие, ама на овие не им се рамни... Па-па-па... Госпу да чува и да брани... А велат дека е наша, народна власт, де... -Тој се прекрсти и повтори:
- Госпу да чува и да брани...
- А другите каде се? - праша Ѓорѓи.
-На работа. Онаму, во планината копаат тунели. Магазини ќе прават...
- А вие, зошто не сте на работа?
- Ние? Ние го одболуваме ќотекот - рече постариот и јa подигна кошулата. Плеќите му беа модри. Ги запрета пачовиците. Крв под кожа. –А да не ти го покажам газот...
Седна до ниб, закатанчи уста и, молчејќи си го спомна разговорот што неодамна го водеше со својот најблизок сосед, дедото Киро. Седеа крaј софра и, пиејќи црвено вино, разговараа за новата, народната власт. Дедо Киро, откако со чкорче го запали чибукот, праша:
- Што мислиш, каква ли ќе биде новата власт? Кој ли ќе биде?
Кузе или Лазо? Тие ли ќе бидат народната власт. Онаа, поранешната јa почитувавме од страв. Дали новата ќе казнува, ќе наредува, ќе суди, ќе бара и ќе осудува? И знаеш, Ѓорѓи, ако некогаш добиеш ќотек од сопствената власт, тогаш тој многу повеќе ќе боли, зашто пред се ќе биде голема навреда зашто ти си јa наранил со својот леб, си јa стоплил во твојатa постела... И замисли таа да те бие по муцка, да ти пцуе мaјкa, сестра и жена и сите светии...
Така зборуваа пред некое време и така се случи во ова време...
По една недела истиот иследник му рече на Ѓорѓи:
- Проверивме. Твојот син служи во бригадата на Јанулис.
Имаме информации дека во битката за Гревена храбро се бореше и за покажаната храброст е унапреден во водник.
Честитам. Сега тој командува со вод. И ако и натаму така храбро се бори, сигурно ќе стигне и до повисок офицерски чин... Слободен си и уште сега, веднаш, можеш да си одиш дома. Ете ти пропусница... А виновникот за оваа лоша информација што јa добивме, барај го меѓy твоите селани.
Оди...
Никој не го испрати се до излезот од селото - затвор. Оди пругоре и зад себе не погледнува. Стигна до Превалот. Тука го застана патрола.
- За каде, стрико? - го праша младо вооружено момче.
- Си одам дома, синко...
- А пропусница имаш?
Ѓорѓи пикна рака в пазува и му јa подаде хартијата.
- Добро. А со кого си се тепал? Лицето и носот ти се како...
- Не сум се тепал... ме тепаа...
- Аха, во Дреново, значи, ти го береле умот, а?
Не одговори. Премолча.
- А за на кaј Брезница, десно или лево? - праша.
-Десно, само десно. А пусулчето чувај го како очите. Ако го изгубиш пак ќе се најдеш во Дреново или во некој ендек.
Времето е воено и лесно се губи и глава - го предупредија.
Појде. Патот, се до Брезница е полн со коњи и мазги.
Петнаесет, шеснаесетгодишни девојки и момчиња и постари жени и мажи, стојaт покрај добитокот. Не виде ниту една мома или момче да се повисоки од неговото рамо. Си спомна дека во селото не ги мобилизираа ниските моми. Велеа дека се мали, нека почекаат малку, да пораснат вела некојa педа, та и нив ќе ги соберат. Долга е колоната и полека се движи напред.
Вооружени мажи се појавуваат на патот, земаат по два-три коња и мазги и по извесно време ги врaќаат товарени со сандаци. За да не биде задржуван од патролите, тој се придружи на колоната товарен добиток. Надвор од Смрдеш, во ширната дабова шума, колоната застана. Предводникот, со шмајзер на рамо, нареди никој да не се движи. Ѓорѓи помисли да го продолжи патот, но сфати дека за него е побезбедно да се држи до колоната. Квечерината предводникот даде наредба да се потера товарениот добиток. Мракот се згустува. Горе, на Мали Мади, одекнуваат татнежи. Долги, далечни митралески рафали.
Чекори покрај колоната и се уште не може да поверува дека е слободен и дека си оди дома. И не го напушта прашањето за тоа, кој ли можеше да го наклевети. И не само тоа. Неговите мисли го врaќаат назад, во неговите млади години, во други светови. Се сопна. Исчезнаа далечните спомени. Колоната сврте десно. Тој остана на правливиот пат и се додека покрај него не помина и последното товарено добиче, не мрдна.
Тишината што завладеа јa раскина далечно биење на камбана.
Лошо претчувство внесе во неговите мисли тоа ноќно биење на камбаната.
- На умрено бие - рече и забрзано зачекори. - Кој ли од селаните се упокои? - мисли гласно. Почна да ги брои оние кои се постари од него и болните. - Сигурно треба да е некој кој умрел во селото зашто камбаната, барем досега, никогаш не биеше за тие кои погинаа на боиштата - мисли и се прашува. Биењето на камбаната зачести. - Сега бие на погреб - рече и забрза чекор.
Му се чини дека оди полека, дека е прикован за земја. Грлото го запече, се повеќе го обзема загриженоста и некаков таинствен страв. Камбаната продолжува да бие. Ветерот го носи нејзиниот тажен одзвук и мракот го изсполнува со морничавост. И одеднаш го пресече прашање: зошто, пак, ноќе погреб?
Поддувна ветер и Ѓорѓи почувствува мирис на изгоретина. Си рече во себе: “Изгледа го бомбардираа и го изгореа селото”.
Изгоревите и полуурнати куќи при влезот од селото, во бледата светлина на месечината, кaј него предизвикаа страв и ужас.
Омалаксаност во колената и болка во градниот кош. Расплакана жена во одминати години, излезе од пожариштето и кога пред себе го виде Ѓорѓи, застана како омелушена. Секна плачот во нејзината уста. Замавта со раце како да тераше муви и занемена, со рака покажа на гробиштата. Забрза чекор. Кога се најде на десетина чекори далеку од гробот, до неговите уши допре зарипнатиот старечки глас на осумдесетгодишниот поп Васил.
Ѓорѓи ги слушна само зборовите “вечнаја памјат” и кога застана сосема близу гробот, виде како луѓето се наведнуваат, трипати земаат шепа земјата и јa врлат во отворениот гроб. Тап удар на земјата врз кивурот. Тој симна капа, кротко поттурна старец кој стои пред него, се наведна, насобра шепа земја и ја фрли во гробот. Се исправи и во мигот кога почна да се крсти, сите опули, занемени и скаменети се заковаа во него. Зад себе тој слушна плач и липање. Старецот, кој стои најблиску до него, извади шамија од џебот и во неа го сокри лицето. Ѓорѓи сврте глава и забележа дека сите се свртени кон него. Стариот поп Васил, му пријде со растреперен чекор, со коскените раце го фати за рамо и со скршен глас му рече:
- Држи се брате и синко Ѓорѓи... - попот не се доискажа. Нешто го стегна за грло, а Ѓорѓи почувствува како му се ежи косата, како ладна пот му потече по чело и лице и нозете веќе не го држат. Поп Васил подигна глава и, давејќи го липтежот в грло, скршено рече: - Ете, ние, ноќе, твојaтa домаќинка, брате, јa испраќаме... Во липтеж се тресат старечките рамена... Заплакаа собраните и видоа како меѓy прстите на Ѓорѓи, кој со дланките го има покриено избиеното лице, течат солзи. Стои неподвижен и чиниш чека гром од ведро небо да се огласи и да го удри.
Веднаш до неговите нозе се уште зјае во мракот големата уста на гробот. Попот им даде знак на оние со лопатите. Ѓорѓи слуша како тропа земјата врз кивурот и веќе не може ниту да заплаче, ниту да изусти збор. Навали лице па купот свежа земја.
Пламенчињата од запалените свеќи, треперејќи во лесните повеви на ноќниот ветрец, бледо го засветлуваат оболеното лице на Ѓорѓи. Пригушнат до гробот, тој молчи и чиниш во молчењето сака да јa најде душата на Ѓорѓевица за да и каже колку му е тешко без неа, колку е несреќен во осамата и колку голема е неговата болка.
Во густежот на стариот даб, скриена меѓy лисјата, со тенок, долг и зарипнат глас, заграчи ноќната птица. Месечината одмина дел од својот пат по небото. Врвовите на ридиштата добија боја на пепел. На небото sвездите бледо и сонливо намигнуваат, а ветерот ги брка и раскикува сивите облаци и до мугри ги бушави сивата брада на поп Васил и сега побелената коса на Ѓорѓи.
Болката за погибијата на жена си, Ѓорѓи јa одболува во куќата на дедо Киро. Тука најде постела и место покрај софрата. Од неговата куќа останаа само урнатини.
- Тука - му велеше баба Киревица - падна бумбата, а таму јa најдовме... - Таа се прекрсти, запали свеќа. – Тука се врти нејзината душа... - рече покажувајќи на местото кадешто го најдоа мртвото тело.
За покој и смирение на нејзината душа и за долг помен, четириесеттиот ден отидоа на гробишта. Поп Васил отпеа.
Каснаа од погачата што јa меси баба Киревица, се напија од виното и пладнето се вратија дома.
Дедото Киро го запали масленичето пред Богородица и, крстејќи се, гласно рече:
- Нека и е лесна земјата и нека почива во мир... Амин...
Ѓорѓи клекна, го погали местото, од Киревица зеде две свеќи, ги запали, ги стави меѓy двата камења и тивко прошепоти:
- Светлина од мене и од синот. Хив е тој...
Се вратија дома. Седнаа пред запаленото огниште. Долго молчење. Го прекина Киро.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-udolnitsa/2 на 29 октомври 2026