ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 13 - Part 04
Истовремено од југ, од насоките на селата Косинец, Лабаница и Смрдеш и од север, од Клештина, долж грчко-македонската граница во насока на Герман, иако со голем загуби, владината војска прави напори да го затвори патот за отстапување, преминување во Албанија и со тоа земање во силно стегнат обрач на сите единици на ДАГ од целиот реон на Вичо.
Јyришот во центарот - источниот дел на фронтот, треба да го привлече вниманието на командата на ДАГ. И додека борбите се водат дење и ноќе на првата линија на фронтот, владината војска удри на Лисец, срцето на целокупната одбрана на Вичо.
Дури сега командата на ДАГ ја виде опасноста и нареди офицерската школа, составена од петстотини курсанти, која е во резерва и со седиште во селото Брезница, со трчање да оди на помош на 102 бригада во чиј состав беа постари мажи и голем број инвалиди.
Тргнаа молчејќи. Се до приодите на Лисец, покриени со букова шума, исправени трчаат во мракот.
- Во стрелци, напред! - падна команда.
Се наведнаа. Со долги чекори и скокови се доближуваат до приодите на Лисец. Ноќта лудува. Од сите ридови се слушаат долги митралески и автоматски рафали. Киро успева да процени дека Јамата, Баро и Рото се уште се бранат, но по глувите рафали добива впечаток дека отпорот слабее. Полената жестоко се брани. Горат околните ридови. Ненадејни рафали и експлозии на рачни гранати. Средба со патрола на противникот.
Киро како покосен легна под стеблото на најблиската бука. Од тука до падините на Лисец – само стотина метри бришан, гол простор.
- Киро – до неговите уши допре тивок и исплашен глас.
Што е?
- Командантот...
- Што командантот?
- Убиен е...
- Лажеш... – просаска и пак праша: - Каде е?
- Ене, под букана лежи.
Влечејќи се, се најде до убиениот командант. Почувствува како му се стега грлото. Погледна на околу. Офицерите, влечејќи се, се доближуваат до позициите на непријателот од каде не престануваат рафалите. Густа и бесна стрелба во мракот. Киро се исправи зад дебелото буково стебло. Оцени дека непријателот не е окопан. Покрај себе слушна кршење на гранки. Тоа е потпоручникот Костас, младо момче од тесалиските села. Се наведна и рече:
- Истрчај до четвртиот вод и кажи му на командантот со две одделенија да го нападне левото крило. Брзо...
Се влечат. Сто метри. Вперен поглед пред себе, здржано дишење. Бела ракета. Се е осветлено. Пикнаа глави во испржената трева. Згасна ракетата. Од левото крило допреа автоматски рафали. Се раздрдореа два пушкомитралеза. Тоа е нашиот, четвртиот вод – помисли Киро. Педесет метри. Веќе се слушаат довикувања и пцовки. Тоа се гласови на офицерите на противникот. Далеку побелуваат врвовите на планините. Бледо надоаѓа зора. Дваесет метри. Киро се исправи и на сет глас викна:
- Јуриииш!!! На нож!!!
- На нож!
- На нож!
Од горе се слушна наредба:
- Напред! На нож!!!
Киро не успеа да го извлече остриот фински нож. Пред него се исправи противнички офицер од составот на специјалните единици за борба во планински услови. Само за миг ја виде вперената цевка на пиштолот. Во последен момент се фрли на земја. Куршумот зацвили над неговата глава. Локаџијата се нафрли врз него. Киро ги почувствува неговите прсти околу вратот. Одвај успеа да се сврти на колк. Ја довлече левата рака до слабината на противникот и го стегна. Почувствува олабавеност. Нагло, со коленото го удри меѓу нозе.Со десната рака го зграпчи неговото лице, а прстите од левата се стегнаа во менгеме. Со глава го удри меѓу очите. Еден, два удари.
Локаџијата брзо ги тргна рацете од неговиот врат и посегна по ножот. Со десната нога му го изби од рака, го фати за коса и молневито го повлече на страна. Со левата го удри по уво и поправи уште еднаш. Полуседнат го дофати ножот. И во мигот кога веќе беше готов да му го забоди в гради, слушна продорно “Ааах!” Погледна таму од каде што допре жалосно и маченичко довикување. Двајца локаџии со штикови го бодеа Костас.
Одеднаш се сврте и со силен замав го фрли финскиот нож. Во офицерската школа е најдобриот фрлач на нож. Локаџијата кој беше наведнат лево одеднаш се исправи. Му се прекршија нозете во колената и полека како да клечеше за молитва, падна врз Костас. Другиот локаџија нагло се сврте. Киро со долги чекори и крвјосани очи се втруна кон него. Силен удар на тупаница му замагли очи. Втората тупаница го кутна. Во последен момент го одбегна силниот удар со ногата. Се преврте дварипати. Полунаведнат виде како пред неговите очи, во изгревот на сонцето, болска штикот на противникот. Го одбегна ударот, со десната нога му го изби штикот од рака и во истиот миг неговата тупаница се растовари во лицето на противникот.
Уште една и трета и четврта. Удира додека локаџијата не падна.
Брзо го подигна штикот и, како што го учеа во офицерската школа, мy го забоде под клучната коска. И колку што може, колку што има сила, го повлече надолу. Почувствува како му ги крши ребрата. Се уште има сила да го задржи веќе мртвото тело на противникот. Во мигот кога го спушти на земја, ги виде неговите ококорени очи исполнети со ужас и болка. Забележа дека истрелите се се поретки. Борбата стивнува. Погледна на ридот. Кон него со тежок, изморен чекор, доаѓа командантот на четвртиот вод. Обајцата имаат помодрени лица и окрвавени униформи. Седнаа еден до друг.
- Го презедовме Лисец? - праша Киро и плукна настрана.
- Успеавме. Станyвај. Одиме горе. Ќе се прегрупираат и ќе тргнат во напад. Станyвај...
До самиот рид, до бункерите и рововите одвај петнаесетина метри. Поминуваат покрај мртви. Мирис на пивтосана крв и барут. Ранетите викаат, довикуваат, стенкаат. Сонцето високо на два-три остени. Киро засенчи очи со раката и погледна надолу на кај Јамата, Рото, Баро и Полената. Лежат под облаци чад. Погледна на југ. Малимади во оган и пламен... Како орли над мрша, кружат авионите. Митралираат, ракетираат, бомбардираат, одлетуваат и веднаш долетуваат други. Застана пред бункерот и го слушна зарипнатиот глас на својот соселанец - Павле.
- Не многу силно, ама жилаво беше момчето. Ама, кутрото не знаеше на кого наиде - прекина Павле, покажувајќи им ги на другарите своите шепи слични на лопата. - Со колено ме чдри меѓy нозе. Ми се стемни... Е, си велам - продолжи тој фалбаџиски - момче, пониско од појасот не е дозволено. Го треснав наопаку. Се навали настрана и тогаш, кучкиниот син, го извлече штикот. А јас мојата кама. Се наведнавме и се меркаме.
Тој направи некакво чудно движење. Јас отскокнав. И тогаш, ѓаволот, бргу се наведна и в очи ми фрли шепа земја. Ослепев.
И наеднаш ми се здрви рамото. Оф, оф, оф, а бре ти разбираш што значи боли? Не стегај толку...
- Мирувај, мирувај, завршувам со преврската – рече болничарот. - Ама крвариш како заклан вол. Од каде, бре, кај тебе толкy крв? Ама крвари, та крвари раништето...
- Нека крвари, лошата крв тече. И, ти велам, ми го закова штикот во рамото. Се налутив и го зграпчив. Му го скршив вратот... Сакаш да го видиш?
- Ајде...
Излегоа од бункерот и слегоа десетина метри подолy. Во високата истапчена трева лежи млад, дваесетгодишен војник.
Под лесното око - модрица. Павле се наведна и со здравата рака го откопча џебот од војничката блуза. Од таму извади неколку фотографии и еден плик. На една од фотографиите.
четириесетгодишна жена со црна шамија на глава и тажна насмевка.
- Ова треба да е мајка му - рече Павле. - И мајка е таква. Тажна и загрижена...
Седнаа. Павле го отвори пликот.
- Гледај - писмо. Убаво чкртнато, На, читај. Ти добро знаеш грчки, нели?
- Хм... “Драга моја мајко” Аха. значи на мајка си и пишувал.
“Денес по зајди сонце тргнуваме во бој. Командантот на бригадата ни рече дека за тре дена ќе завршиме и ќе и дојде крајот на оваа проклета војна и дека тие, кои ќе се покажат храбри, ќе добијат една недела наградно отсуство. Колку би сакал да бидам еден од нив. Чезнеам и многу сакам да те видам.
Знам дека и ти ме чекаш и се молиш пред иконата на Богородица. Денес е убав летен ден. Во селото во кое се наоѓа нашата бригада има многу овоштарници со круши и јаболка.
Плодот зрел, а гранките свиткани од тежина. Кога ги гледам, ми се чини дека се наоѓам во нашите овоштарници со лимони и портокали. Ми пишуваш дека годинава многу родија. Нека даде Бог ова да е последно писмо што ти го пишувам од пеколот.
Стрпи се драга моја мајко, наскоро ќе се најдам во твоите прегратки... Морам да прекинам, бидејќи водникот нареди да тргнеме во напад...” Киро, кој во меѓyвреме застана покрај нив, тивко праша:
- Читај, зошто прекина?
- Нема повеќе... Еве го крајот... - рече и со очите покажа на трупот.
Во текот на денот и до полноќ, разретчената офицерска школа на ДАГ одби девет противнапади, но не го издржа десеттиот напад. Наредба: повлекување. Во подножјето на Лисец, од страната на западните удолници, се собираат, носејќи ги со себе ранетите. Раненосачките ги преземаат и ги префрлуваат до џадето. Тука чекаат камиони со вклучени мотори.
Од штабот на бригадата стигна курир. Наредба: противнапад.
Се враќаат. Наведнати, чекор по чекор ја намалуваат оддалеченоста од позициите на противникот. Над нив фрчат куршуми од долги и кратки рафали. Наведнуваат глави. Жедни и гладни, загледани пред себе одат со отечени очи од неспиење, отскокнуваат и напред чекор по чекор. Од уста во уста, тивко ја пренесуваат наредбата:
- Подготви го ножот!
Прилепени до земјата, се влечат пругоре. Излегоа на бришан простор.
- Јуриииш!!! - громовит глас се растури во воздухот. Трчаница влетyваат во првите ровови. Истрелите папсаа. Пцости, хрчење, тешко дишење, глуво удирање со тупаници, писок, топло лизгање на ножот по коската, чад - пламен - светлина, мирис на крв, газење по мртво тело, откината рака, пресечен грклан, издупчени гради, болка, крв, штик на штик, нож на нож, цевка на цевка, оган - нож, пцовки, молба, молскавици, крв-крв- крв...мрак - мрак...
Противнлткот не издржа. Овојпат Лисец единаесет пати премина од рака в рака.
Белузнава зора, Високо - розови облаци. Од кај Статица, каде веќе беа сместени шест батерии противничка артилерија - загрме. На Лисец како град паѓаат топовските гранати. Киро ја пикна главата во ќошот на бункерот и замре во неподвижност.
По дваесетминутна артилериска подготовка, противникот, прегрупиран, тргна во напад. Подигна глава и погледна низ пушкарницата. Криејќи се зад камењата и грмушките, како на вежба, се приближуваат противничките војници. Го притегна пушкомитралезот.
- До наредба не пукај! - се пренесе команда.
Командантот влезе во бункерот и му нареди на Киро да премине во другиот бункер и да го преземе тешкиот митралез.
- Доаѓаат... - се слушна тивок глас.
Ниско наведнати и со скокови, се доближуваат владините војници. Од ридот Чука се огласија тешките мимофрлачи и Лисец го опсипуваат со гранати. Глуви детонации, пукот, трештење, одгласи на митралеско кашлање и тапи татнежи на топовски и минофрлачки гранати се слушаат од кај Бигла. Со низок лет пикираат авионите над Полената, Баро и Јамата.
Кулкутурија и Голината молчат. Таму згасна отпорот. Десет минути траеше минофрлачкиот оган и со последната граната, небаре е дадена наредба за јуриш.
- Пали!!! - остро допре гласот на командантот и се изгуби во екот на стрелбата. Се испомешаа истрелите. Бесно и непрекинато фрчење на кyршyми. Лево и десно од бункерот на Киро, рафално пукање на автомати и пушкомитралези. Низ пушкарницата влегува чад и остар, благyњаст мирис на барут.
Малку понатака од бункерот - долг и распарувачки врисок на тешко погоден човек. Хр - хр - хр - хрчи во ровот тешко ранетиот. На Киро му се потсекоа нозете. Пред бункерот експлодираат рачни гранати. Излезе и едноподруго фрли две гранати. Војниците во шлемови занемеа. Го прескокна ранетиот, зеде две рачни гранати од еден убиен и, легнувајќи во ровот, без да гледа, ги фрли. Знае дека само на десетина метри далеку е противникот. Лево од него на сет глас викна командантот:
- Митралезот, сестра ти - рика тој. - Митралезот!!!
Дејствyвај!!!...
Се врати во бункерот и, вртејќи ја цевката лево и десно, пушти долг рафал. Болничарката го внесе ранетиот во бункерот. Тој захрчи, од устата му истече локва крв и нависна на нејзините раце.
- Со рачни гранати!!! - извика командантот.
Прудолу бегаат владините војници. Ги гонат рачни гранати, кратки автоматски рафали и врисоците на ранетите.
Командантот нареди повлекување на втората одбранбена линија. Трите болничарки ги прибираат ранетите. Мртвите остануваат таму кадешто ги најде смртта. Муви се собираат врз пивтосаната крв. Артилеријата од Чука и Културија почна да ја бие првата линија на рововите. Кратка пауза. Сега одново префрлување на првата линија и прел да стигнат, артилериските гранати почнаа да ја ораат втората одбранбена линија.
Противникот со нови сили, во бранови тргна во напад. Киро го остави заклештениот тежок митралез и почна да пука со пушкомитралезот врз кој мртов лежи нишанџијата. По првиот рафал, тој промени позиција. Легна зад високиот камен и чека да се доближат шлемовите. Зад неговите плеќи закракаа автомати. Сврте глава, гласно опцу. Викна:
- Оставете ги да се доближат!
Од појасот откопча две гранати што пред малку ги беше обесил на појас и ги стави пред себе. Врз каменот удираат куршуми.
Силна експлозија на граната. Парчиња од камен му го спржија лицето. Автоматите онемеа. Викна:
- Еј, вие таму... Живи сте?...
Никој не одговор.
На дваесетина метри од него - шлемови. Војниците со подвиткани ракави и куси папталони се доближуваат, викаат, пцујат, се закануваат. Ја фрли едната рачна граната и во мигот кога сакаше да ја фрли втората, пред него избувна црнина, го облеа топол воздух, во ушите заѕвонија стотици sвона. Не слуша истрели, само гласови и пцовки. Почувствува дека нешто го пече, се обидува да се подигне, по мракот станyва се погуст.
Чувствyва силни удари на цврсти војнички кондури и кршење на ребрата. Тоа малку го освести. Испружи рака настрана. За миг отбори очи. Во устата нешто топло и солено. Со последните сили посегна по пиштолот. Нови удирања и краток рафал. Го пржи раката која полека почна да се здрвува се до рамото. Искри пред очите. Нозете и раката веќе не ги чувствува. Само мрак, црневина пред очи. Се замолкна...
Ветеното засилување не пристигна. Остатоците од офицерската школа по наредба ја фатија удолницата. Напладне, во дванаесет часот, падна Лисец, а Киро, избиен и изрешетан, остана да лежи зад каменот...
Општо повлекување на сите единици. Насока - селото Смрдеш, планината Врба, Превалот и од тука во две насоки. Едната долж јужниот брег на Езерото Мала Преспа, по макадамот долж јужниот брег на езерото со селата Биковик, Лак и Дреново.
Втората на север - долж џадето на кое лежат селата Оровник, Попли, Рудари, Штрково, Медово, Раби и Герман. Сите во Албанија. Само тука е спасот. Ранетите од собирните места во Желево, Руља и Брезница со камиони ги префрлија во Корча.
Обессилени, обезумени, озлобени и огорчени се повлекуваат борците на ДАГ.
Гласници, јавнати на коњи, трчаат на сите страни и со вик и камшик, кажуваат и покажуваат на каде да се оди. Гневливо бодинаат коњи, претрчуваат низ селските сокачиња и викаат:
- Бегајте! Бегајте! Грчката војска доаѓа! Бегајте!
Во топотот на коњските копита, се додека трае викањето, како ехо се повторува и пронижува викот, сеејќи го стравот и ужасот: колат, бесат, силуваат, пљачкаат, палат, убиваат!
Бегајте!!! Бегајте!!! Бегајте!!!
Фатија луѓето да собираат во торби и во вреќи највредно што им остана, ставија катанец на порти. Довикувања, пискотници, лелеци, плачови, пиштења. Врволика и голема грвалица го наполна џадето. Жена се разбреа на сет глас и растура колнежи до самоти небо. Се вдадоа во бегство. Над нив небаре ветроштина со раширени крилја растура страв. Го преминаа Пероо, тесниот премин меѓу двете езера и кога фатија пат за Винени, тогаш видоа висок чад и јасни пламење. Горат неожнеаните ниви. Со голо око гледаат како истите коњаници ги потпалуваат созреаните жита.
Покрај неа зачекори непознат маж. Тој го помести шмајзерот обесен преку рамо, ја погледна косо и се обиде да чекори со нејзиниот чекор. По патот – нерамница, покриен со искривени и испреплетени корење длабоко вжилени во сувата и правлива земја - две чекорења - едното тивко, нежно, ситно, битисано, тапливо, старечки несигурно и одвај чујно, со затрусан чекор го тера својот од Другото - со десната нога разлабавено, колебливо, нерамно, развлечено, а со левата - достојно, рамно и тешко, обележано од големиот поткован војнички чевел. Крцка дрвената нога. Под кленицата до крв се врежани дебелите кожени ремени. Жената подзастана, се исправи, одврза црна шамија, подзамижа очи и со дланка избриша пот. Застана и тој.
Поднамести шмајзер, со левата рака измазни небричено лице, со насолзени очи погледна на сонцето и рече:
- Само кураж... само кураж... - тој откинато го влече секој збор, небаре го џвака. Се сврте кон неа, а таа веќе беше тргнала пред себе. Ја измери со погледот и продолжи: - И ти ќе стигнеш кај што ти е пишано... - прекина со зината уста, чиниш нешто заборави. Го откопча пагурчето од појасот, голтна две-три голтки, се исправи, пак погледна на старата, пушти долг чекор и кога се израмни со неа, врза збор: - Само кураж и макаршто патот е правлив, ти сестро, оди пред себе и не гледај зад грб...
Само кураж... Ете, и сонцето уште еден остен и ќе го снема зад планината... А денес ноќта ќе биде мирна... - цеди тој неврзано.
- Само во нашите уши ќе одсвонуваат вчерашните и завчераните и претвчерашните рафали, грмежот на бомбите и тресокот на пукањето што доаѓа од сите ридишта и планински врвови... Кураж и само полека - мрмори човекот под нос - и макаршто ти тежи веленцето, ти продолжи си по правливиот пат се додека не згасне горештината и не падне првата роса. А ако ти се случи во ноќта тивко што ќе падне, да паднеш и ти, сама, меѓy несвои, тогаш сигурно туѓите ќе ти оддадат последна почит и ќе ти го украдат веленцето. Врз тебе ќе фрлат шепи испечена и испогазена земја или ќе те покријат со малку суварки и малку гранки зелени скршени на брзина или камење ќе фрлат врз тебе... Ете, не си војник, ама ако паднеш на овој правлив пат што го испогазија војници, ќе имаш погреб војнички, погреб наш, партизански... Студено намерниците ќе погледнуваат на тебе и ќе продолжат натаму кон непознатото по овој или по оној правлив пат... што не враќа...
Тој подзастана, ама не го прекина одот. Го откопча пагурчето и и даде на старата да голтне. Таа ги навлажни само усните и го накисна едниот раб од црната шамија. Одејќи, одвреме навреме со влажната шамија си ги омекнува испечените усни за да го тргне од нив оганот и да ја подгасни жедта; колку за да омекне сушата што ја пече. Човекот го префрли шмајзерот на другото рамо и небаре зборовите му тежат повеќе, со длабок воздив воздивна и невоздржливо ја куражи сопатничката:
- Од овие планини и од овие ридишта нема да има пукотници.
Истрелите што ги слушаш сега, тоа се истрели на радост.
Победниците стрелаат... Ех, мајче... стегни душја, додржи...
Кураж. уште малку и ќе го снема сонцето што така не пече, ќе се смрачи, а тогаш ноќта ќе биде мирна... Ајде, оди по мене...
Горештината опаѓа и наскоро ќе зароси роса, а дотогаш не се свртyвај и не ги слушај истрелите. Тие таму носат само смрт.
Глелаш, тука еднаква е земјата - каменеста и тврда и патот правлив, истапчен и чиниш никаде не му се гледа крајот...
Само, ете и јас, будалиот, што така без престанувачка си дрдорам, не знам и јас, кутриот, дали некој и таму каде што си тргнала, ќе дознае дознае зошто си го понела ова излитено веленце?... - Прекина. Тишина и во неа само одвај чујното шиштење на нивните чекори. Пред нив како црн облак полека се движи бегалскиот бран. Од таму лопираат довикувања. плач на доенчиња. рикање на добиток...
-Ами ... да те прашам, мајче... Како ли те викаат?
- Крстовица - рече таа тивко и продолжи пред себе без да го прифати разговорот.
Едно време одеа еден до друг, така полека, што се чини дека само сенки се движат. И колку повеќе се издолжува патот, толкy повеќе таа заостанува зад него, а нему му се присторува, дека од некоја дална далнина допираат нејзините засркнато испрекинати зборови. Тој слуша и молчешкум, газејќи прел себе, ретко свртyва поглед. Застана. Седна. Се навали на подгниениот пен. Го одрами шмајзерот и го потпре на коленото. Таа довтаса, застана до него. Стои. Молчат.
- Така... - го прекина тој молкот. - Изодивме што издивме и стигнавме до тука. До тука, велам, зашто до тука е наше.
Натамy само чекор или два, толку остана од тоа наше. И толку од големите и окрилени надежи... Гледај и нагледај се; радувај се и изнарадувај се, се додека сме во наше... во наше... се уште...во наше и само не плачи. Ако го пречекориш овој појас, нема да имаш причина за радост, а ќе имаш време за плачење и тагување... и колнење, та, затоа, сега, мајче, сега радувај се, радувај се додека сме во наше, се уште во наше. Отаде е тyѓо.
Сал со еден чекор го превали ли овој обраснат појас и влегуваш, мајче, во туѓо... - Седни, здивни... Седни, мајче.
седни, да здивнеме заедно. Пат од под нозе не бега... И тој е судбина... клопче некое или како што е пишано... Седни...
седнати да си поприкажеме...Збор да сновиме... Седни, де, здивни...патот под нозе не ти бега и судбина ти е да го доодиш...Така, велат, е пишано. Судбина, се вели... Дојди, седни и дај го тоа клопче што го имаш втиснато во пазувите, заедно да го одмотаме; не го криј - дај ми го. Тој црвено-црн конец зад нас да го пуштиме, на овој камен-карпа или на тоа дрводаб да го врзиме и по него, како што слепиот, удирајќu со стап наоѓа пат, така и ние, држејќи се за конецот да си се вратиме по патот што ќе не доведе до изворот на нашето откорнување ... Дојди, рамо ослободи од ортомата што те сече, спушти го тоа црно котле, одрами ја торбата и веленцето постели го ширум... Дојди, седни, збор да прозбориме... Каде сме? На крај пат, ама се уште во наше и, изгледа, на пат во тyѓо, што не води туку оддалечува од дома... На, фати и држи го конецот на споменот, се додека некој од мртви раце не ти го земе... небаре ќе ти откине усвитена желба... Ах, мајче, гледам клопчето привршува и конецот е при крај... Оддиплувај ги листовите на споменот и стегај душа... стегај срце, секогаш така велеа нашите стари, велеа, кyтрите и болката ја преточуваа во песна... Седни... Ти трепери брадичето и солза под око ти стежна. Ти треперат брчките на чело, ти поттреперуваат усните и што ли сака устата да изусти и зошто ли опулот ти е немирен и лут?.., Сака ли некој место молитви и блазосувања, -проколнувања да фрли? Нека гракаат гавраните и над нас нека летаат и кружат орлите-мршојадци и од таму од висините нека одбираат мрша. Од родот наш ние не сме први и дај, Боже, да сме последни... Каде сме? На пат? На чиј пат? До дома не води или не оддалечува? Дај, ајде, дај го клопчето да пуштиме конец... Можеби утре по конецот ќе се вратиме во нашата дома?
На, држи го конецот, држи го се дотогаш до кога некој од мртвите раце не ти го откине... Ти го одзеде ли, тогаш ни пат за дома нема да најдеш... Ќе ти остане само пустата желба и гајлето големо... Ах, мајче, клопчето е малечко и конецот се ниже како судбата наша вчера и денес.... отпуштај конец...
оддиплувај ги пожолтените листови на споменот и место молитви и блазосувања, проколнувај... Нека гракаат гаврани и со остар поглед орлите од висина нека одбираат мрша... -последните зборови ги изусти небаре се остаток од издишка.
Секна неговиот глас, главата ја зафрли назад. Крстовите исплашено го погледна, му го допре челото. Од неговиот појас го откопча пагурчето и врз неговото лице истури цел грст.
- Гори... има оган... - рече таа колку за себе. - Гори... треска го фати... - таа ја одврза и ја симна од глава црната шамија, ја навлажни со остатокот вода од пагурчето и ја посла врз неговото чело и лице. Под дланката чувстува топлина. - Гори, има оган... - повтори и немоќно погледна наоколу. Освен прашината што остана од луѓето кои скоро трчаница поминаа покрај нив, не виде никого. Пак го допре неговото чело.
Шамијата тукуречи сува.
Непознатиот се помрдна и како да не беше ништо, подигна глава, отфрли шамија од лице и со изморен, истоштен и поспан глас, праша:
- Јас, мајче, изгледа сум дремнал, нели? - Не чека одговор.
Погледна на синото небо, потоа наоколу, со поглед ја прибра вжарената земја и прашината над неа и, обидувајќи се да ја врзи прекинатата мисла, рече:
- Конецот од клопчето го отпуштивме и со него обележавме пат... до тука... Малечко беше клопчето и конецот го довлековме до тука, а пред нас кој знае колку долг пат се влече, по какви долови и ридови, по какви шуми и трапишта...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-udolnitsa/20 на 29 октомври 2026