ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 13 - Part 01
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 13
- Мојот одред, одред ли е? - се жали. Рашири лева рака и редум, свиткувајќи прсти, брои: - Осум офтикосани... Петмина плукаат крв... Дванаесетмина со незаздравени рани. Ами тие лекари, таму по болниците, немаат очи? - прашува, ококорувајќи во него очи и додава: - Аре, навистина ти велам, скоро со отворени рани ми ги пратија. Таков не ти е ниту за трупец да дигне за да го префрли над бункер, ниту копач да стегне, ниту лопата да размрда... Позицијата, лево од тука, ритчето што го пулиш -осумнаесет старци го држат. Тука се, пред шеесеттата... на повеќето пимпилето не им држи. Некои ми ги доннесоа од Албанија, насилно мобилизирани, а повеќето се од оние кои цела зима и пролет копаа ровови и земјанки и градеа бункери.
По пет и осум редови дебели букови и борови трупци долги до десет метри. Каде ли се најде кај нив таа сила во зимски услови, по студ и снег, виулица и лавини да работат по цели денови?
Ако издржавме досега, благодарение на длабоките ровови и моќните бункери. Кутрите мочката не можат а си ја задржат.
Им забранив да мочаат во рововите. Го глелаш, се враќа од мочање и веднаш потрчува назад небаре таму нешто заборави....
Очите уште не затворени и почнуваат да хрчат така што се слуша да онааму... Одред ли е? Па, замисли си, во наредбата што ми ја пратија некни, пишуваат: “За да се зајакни борбениот дух кај новододјените борци, кои добороволно стапија во Демократската армија на Грција, во слободно време, офицерот за културно-просветна работа, задолжително да почне да ги учи да пеат револуцинонерни и борбени песни. За таа цел ти праќаме песнарка во која има и многу песни од репертоарот на славната Црвена армија”. Какви песни, бре! Какво слободно време? Одвај ќе зливнеш, ќе ти долета авион, ќе ти ги растараши и рововите и бункерите и ајде поправај ги додека непријателот не тргна во напад. Тука тогаш има само една наредба: брзо!!! И ги гледаш, кутрите, мои борци, жал да те фати... Ајде, бре, и мене ми падна одред да имам... И јас сум ти некој командант. Ете, оној таму, го гледаш? Оној, бре, што е навален, еве оној сега зева... да, тој, кутриот, само дреме. Дреме и хрчи... Хрчи и со отворени очи и не знаеш дали спие или за инает хрчи... почекај малку, па ќе видиш што ќе направи. Е, гледаш?
- Што прави?
- Моча, моча во ровот, тоа прави. Им дозволив да мочат без да излегуваат од рововите. Не оти во нив ќе останат вечно! Некои, бога ми и останаа. Куршум или парче од граната го погоди и што мислиш дека имаме време да ги закопуваме и да им пееме химни? Најчесто останува за навек таму каде што падна... Ако самата земја го покрие, тогаш нема прекин, туку наредба непријателот да не помине, да не стигне до ова или она место.
Кој падна, нека мy е слава. Таму во некое време ќе го спомнуваме со добро. Ете, вчера, на пример, иако наредив -никакво движење по целата линија на одбраната - не ме послушаа. Ми ранија двајца. Некој си пезевенк, мора да е добар нишанџија... Кератајата низ дуљбија мора да видел дека тука имам мажи во години. А тие, будали велам, надвор од ровот клекнаа за голема потреба и за несреќа, едниот беше погоден срамно... Се дереше, кутриот, на сет глас. Откако го преврзавме и му е смирија болките, се расплака и рече:
- Ах, копиле, да ти е... мајката таму каде ме рани! Зошто, бре, не ме погоди в глава? Барем ќе ме спасеше... Кај сега ќе одам со гол газ, а? Зошто ли не ме уби, туку ме -посрамоти?
Сите ние, кои бевме покрај него, го тешевме, а еден дури и му вети:
- Немој многу да се секираш, пријателе. Јас ќе го одмаздам твојот газ...
- Знаеш - продолжи несреќниот командант - во нашиот речник за се што лошо ќе ни направи противникот, прв збор ни е -одмазда... Ти велам, имам и двајца болни. Оган ги изгоре...
Вчера, по телефон и рапортирав на командата на баталјонот. Им велам дека многу се болни и треба да се лекуваат во болницата.
А знаеш што ми рекоа тие од тамy? Ми рекоа: - Само ранетите, другите не смеат, ќе им помине. Така ми наредија. Ете, оној таму под дрвото. Веќе два дена лежи. Се најал нешто зелено -недозреано и само повраќа. И за него јавив. Ми рекоа да го оставам на позиција... А некни еден ми умре. Печурка потпекол на жарче. Болката го изеде. Пред да умри, липајќи молеше, ах како молеше, некој да го држи за рака. Тфу! Умре од печурка!
Ајде сега пеј му химни, држи му говор над гробот, напиши во извештајот дека херојски го положи својот скап живот пред олтарот на слободата. А го извалка целиот ров и од повраќање и од... Уште мириса, море базди. И кажи ми, ти ако си умен, што да напишам до повисоката команда? Дека во одредот имам само јунаци? Дека херојски... Ама какво херојски кога ми го извалка ровот? Изгледа, пријателе, мене ме казнија, ама не знам зошто, не знам... Позицијата, ете, дваесет и шест дена ја држам. Ми праќаат по некој нов од оние пребегнатите во Албанија. Од тие со кои почнавме, има се помалку. Се истрошија. Голема беља си имам. Да им подвикнеш? Како? Зарем тие се криви што се офтикосани, што не им се заздравени раните од кои тече гној;
да ги терам болните да копаат, да пренесуваат сандаци со муниција? Да ги терам тие кои мочаат крв да одат да ги поправаат бункерите? Да го пуштам по вода тој кој плука крв?
Ех, море, никој не сака да ми ја знае маката. Е, да ти кажам дека во одредот имам и седум девојки. Збор за поплака од нив не сум слушнал. А меѓy нив имам и една која скоро е дете, жими мајка... Некни една удри да бега. Ја виде стражарот, ама ја видоа и тие од другата страна. Пукаме ние од тука, пукаат тие од таа страна. Наредив: по неа! Се стрчаа двајца од моите и по половина час ми рапортираат: другар командант ја фативме дезертерката, ама е ранета... Што можев? Наредив да ја однесат в болница. А во командата на баталјонот дознаа и по телефон се раскараа со пцости и ми се заканија со воен суд, демек ќе ме стрелаат, ако јас неа не ја стрелам. Како да стрелам осумнаесетгодишно девојче? Ајде, кажи? А јас по телефон им реков: другари, за стрелање секогаш има време, мислејќи дека случајот ќе се заборави. А тие од таму: требаше веднаш да ја стрелаш пред строј за поука и страв на другите. И слушај и добро запамти - ми велат - кога ќе се врати од болница да ја стрелаш! Реков разбирам и сега чекам таа да се врати...
Разбираш?...
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА – 14 На 2 август падна Клефтис. Во Главниот штаб на ДАГ веста е примена со молк. Генрал Маркос застана пред големата топографска карта обесена ѕидот. На неговиот врат заигра дебелата вратна жила, затрепери левиот образ. Се сврте кон присутните и побара цигара. Запали и одново долго гледаше на иззабената крива црвена линија и на црвениот круг со кој беше обележан Клефтис. Неговата стегната тупаница се разлабави.
Прстите мy трепереа. Од маса го зеде црниот моливи и полека, како нешто да откинуваше од себе засекогаш, врз црвениот круг повлече две линии во знакот “х”. Воздивна длабоко, небаре сакаше да откине болка. Цели четриесет и пет дена Клефтис беше не само негова грижа, ами и надеж. Целото негово внимание беше свртено кон овој рид. Во неговата земјанка беше поставена специјална телефонска линија која директно го поврзуваше со Тамбулидис, командантот на 105 бригада која го бранеше Клефтис. Во сите негови разговори и размислувања во овие изминати четириесет и пет дена, единствено име, збор, поим и судбина беше Клефтис. Во него беше опфатено се она што тој го нарекуваше битка за Грамос. Сега, стоејќи пред големата воена топографска карта, тој се потсети на непријатните зборови што пред неколку дена ги слушна од Захаријадис:
- Маркос - му рече Захаријадис во текот на разгледувањето на дневната состојба на фронтовите - ти премногу си се внел во тој Клефтис. А јас мислам дека денес сите ридови на целиот Пинд се Клефтис.
Не одговори. Само косо го погледна и во себе си рече:
“Клефтис е само еден”. И се потсети на својата дневна заповед што ја испрати кога Клефтис беше одбиен и одново се најде во рацете на 105-та бригада на ДАГ:
“Преземањето на Клефтис не исполнува со ентузијазам. Сега треба да го држите до крај по секоја цена. Во вашите раце се наоѓа клучот на целиот јужен фронт. Продолжете ја одбраната со истата херојска самопожртвуваност. Повторно ви велам, Клефтис да се држи до крај, бидејќи тој е градите на Грамос или неговата тупаница”.
Во Атина, како во Генералштабот, така и во владата паѓањето на Клефтис беше примено со големо олеснување. Долго биеја камбаните во атинските цркви, а утредента сите грчки весници со големи наслови ја објавија веста за големата победа.
Паѓањето на Клефтис не само што го подигна моралот на Првиот корпус, чии единици цели четириесет и пет деноноќија крвавеа на неговите приоди, туку ја охрабрија целата грчка владина војска. Клефтис – во рацете на владината војска сега ги отвори вратите на јужниот фронт. Со клучот, што толку денови цврсто го држеше ДАГ, се отвори вратата кон север.
Маркос се сврте кон присутните и тивко, одвај чујно, скоро разочарано, рече:
- Практично јужниот фронт го немаме. Тој веќе не постои. Сега за противникот е отворен патот за север. Само и единствено жилава, беспоштедна одбрана на линијата Голио - Каменик - Тамбури. Подвлекувам и наредувам: целото внимание на Тамбури. Падна ли Тамбури... - не доврши. Тој веќе знаеше што значи паѓањето на Тамбури. И паѓањето на Каменик и на кота l957. - Другари - им се обрати на присутните - пред нас се судбоносни денови...
- Не е толку трагично - одненадеж го прекина Захаријадис - И зошто една таква малодушност? Непријателот допрва ќе си ги крши забите, допрва ќе прокрвари. Погледнете - тој се доближи до топографската карта и продолжи: - Погледнете уште колку недопирливи тврдини има пред него. Допрва, другари, почнува борбата. На запад - тој покажа со рака на картата - се Голио- Каменик, а на север Грамос - Скирца - Ќафа-Црн Камен - Горна и Долна Арена. Тоа се врвови со над две илјади метри надморска височина, на исток се Пиргос - Горуша - Гупата - Бел Камен и отаде реката Бистрица се Буф - Алексова Чешма -Петре Пелени - Амуда - Алевица и повнатре Чарно и Краставец.
Се се ова недопирливи тврдини на Грамос. - Тој прекина за миг и му се обрати на Маркос: - Маркос, не губете глава... - Во неговиот глас имаше и потсмев и закана.
Генералот Кикицас, кој уште од младини, од деновите на школувањето во воената академија, таму во далечните триесетти години, беше близок пријател на Маркос, со кого го формира Главниот штаб на ДАГ, значително, но одвај забележливо погледна на Захаријадис. Него го погоди сарказмот во тонот на партискиот водач, а yште пред тоа, неговата сигурност во висината на планинските врвови му се стори смешна и лекомислена. Немаше намера да учествува во расправата. Просто сметаше дека ова е прва неформална размена на мислења по паѓањето на стратешки многу важниот Клефтис, што и тој, Кикицас, не само жалеше, туку го сметаше за почеток на крајот. Тој во тоа го гледаше поразот. Се навали на својот крлук од кој не се разделуваше (дури и кога спиеше го ставаше под перница или во ровот и земјанката под глава) и се врати на излагањето на Захаријадис.
- Битката за Грамос, другари - продолжи Захаријадис - нема само стратешко, ами и политичко - меѓународно значење.
Успеавме ли да го задржиме Грамос, барем еден негов мал дел, тогаш нашата позиција меѓународно зајакнува. Грамос, другари, стана симбол на нашата борба. А значењето негово не е само во тоа дали ќе се добие битката на бојното поле или не.
Самиот факт што цели четириесет и пет дена жилаво, достоинствено и беспримерно храбро се држиме, со нашиот борбен дух и нескршливата волја, го натеравме светот, па и нашиот противник, со здржан здив да ни се восхитува. И... ти Маркос, тука, пред сите нас велиш, дека сме го изгубиле фронтот, дека е отворен патот, со што навистина потврдуваш дека почна во овие, како што рече ти самиот, судбоносни денови, да, судбоносни, да губиш глава... да, Маркос, губиш глава....
Захаријадис, се чинеше, го дочека денот, овој критички ден, за да го каже тоа, што во него одамна беше созреано, што тлеејќи, се собираше и навираше. Сарказмот, одвај видливата насмевка на крајот од усните, блесокот во стеснетите очи, одмерените движења на рацете и честите шрекини со менливата боја на гласот, оставија силен впечаток кај сите присутни. Барsотас и Гусас, неговите најблиски соработници и послушници, се погледнаа скришум. Маркос, исправен на сета своја височина, длабоко влечејки од штотуку запалената цигара, гледаше на картата. Првин со погледот ја опфати целата. Долго се задржа на Коница, Тука, лани, во очи на Нова Година, го доживеа својот прв воен неуспех, свој и неуспех на целото движење.
Сите мали партизански yспеси во текот на 1946 и скоро целата 1947 година, со исклучок на крвавата битка за гратчето Гревена, како да беа проголтани од осумдневната битка за Кониц. На боиштето, пред непријателските ровови и бункери околy Коница беа погребани сите надежи и, секако, сигурноста за способноста на Демократската армија на Грција ол партизански одреди да се претвори во регуларна армија и да почне да напаѓа градови, силно утврдени позиции, да отвори фронт. Маркос во овој миг се потсети на своите зборови што ги изрече на советувањето по трагичната битка:
- Денеска одиме по една тесна патека. Тоа е преминувањето од партизанска борба во борба на редовна војска. И прво што треба да направиме е да ги оспособиме и yсмериме нашите кадри... Секој ден мора да се менува нашата свест и знаењата, што ќе рече овладување на воени знаења и вооружувањето...
Научивме да се бориме како партизани, ја совладавме партизанската тактика и имавме големи успеси...
И си спомна дека тогаш уште рече:
- Другари, владината војска се прилагодува на партизанската тактика на војyвање, а ние сакаме да се откажеме од неа...
Не, не успеа да го убеди политичкото раководство дека тој е во право. Тактиката на партизанското војyвање прилагодена на планинските предели даваше резултати. Командниот состав, борци очеличени во времето на италијанската и германската окупација, некои со завршени подофицерски школи, други само со основно или гимназиско образование, ги водеа своите одреди против полковници и генерали. На првото фронтовско крштевање не беше доволна храброста и јунаштвото. Тука владееше и одлучуваше знаењето и силата на оружјето.
- Преминувањето во редовна војска треба да си дојде природно, без брзање, со триеливо совладување на методите на редовната војска, а не со промена на табелата.... - И ова го рече тогаш на советувањето и си спомна уште дека посебно подвлече:
Преминувањето во класична војна за партизанските кадри кои неопходно ќе се судрат со спручњаци и воени специјалисти, за партизанското движење ќе биде катастрофа...
Маркос беше практичар. Воени знаења имаше толку колку што добил во подофицерската школа што ја заврши во триесеттите години. Во војната со Италијанците беше поручник, а за време на отпорот стана - капетањос. Така тогаш ги викаа командантите на одреди на ЕЛАС. Сите беа капењи - војводи и на малите и на големите партизански одреди кои пораснаа во бригади, дивизии и корпуси. И тогаш кога Маркос командуваше со групата таканаречени македонски дивизии во Македонија, пак беше капетањос. Капетањос беа и легендарниот Велухиотис и Сарафис, главниот командант на ЕЛАС, кој чинот генерал го носеше уште пред војната. Таквите капетањи, кои товарот на војната и отпорот го понесоа на своите плеќи, Захаријадис не ги трпеше. Тој целата војна ја помина во логорот во Дахау. Во Грција се врати со англиски авион. Во мај 1945 година. Низ цела Грција веќе лудуваше белиот терор. Новата влада, потпомогната од Англичаните, ги прогонуваше учесниците во движењето на отпорот. Вонредното издание на “Ризоспастис” што се појави во утринските часови на 29 мај, продавачите на весници за миг го распродадоа, викајќи: “Се врати Захаријадис”. Веста протече како долго очекувана надеж. Улиците, плоштадите, кафеаните, таверните, ечеа: “Се врати Захаријадис”. И не се плашеа луѓето од “Хитите”. Големата вест како молња се растури низ цела Грција, создавајќи клима на небаре штотyкy ослободени од логори и затвори. Со солзи радосници измачените маси ја искажуваа својата радост и возбуда и, прегрнувајќи се, изговараа возбудено:
- Се врати Захаријадис!
Враќањето на Захаријадис чиниш ги окрили надежите на борците на отпорот и небаре зацрта нови патишта за партијата, за новите борби и надежи, зашто и за време на окупацијата неговите другари, комунистите и борците на отпорот, го опеаја големиот водач:
То будруми ден тон лига И скепци ту февги горга Стус синдрофус пу полемун...
За нив враќањето на Захаријадис значеше отворање нова страница. Окрилени со надежта очекуваа некој да ги поведе кон надежта. Долго го чекаа разочараните оставени на сопствената немоќ, долго го чекаа и несигурните кои сакаа да бидат водачи... Долго го чекаа и тие кои беа затворени и интернирани и тие кои ноќе беа грабнувани од дома и чекаа судење или беа задушувани со обична жица и тие кои се криеја во шумите и само ноќе скришум навраќа дома. Сите поверуваа дека враќањето негово се ќе измие. се ќе обнови и народот ќе заживее слободно.
- Захаријадис се врати! - одекнуваа улиците и плоштадите, градовите и селата. И одново на сет глас се пееше:
Захаријадис архигос ...
Маркос во својата лична архива се уште чува исечок од весникот “Махи”. Му го донесоа во неговата земјанка што беше ископана длабоко во шумата во падините на Олимп. Беше јуни 1946 година. И секогаш кога навраќа со споменот во деновите кога само ноќе излегуваше од скривницата, тој се потсетуваше и на тоа што пишуваше весникот. И сега се оддиплуваат во него спомените и брзо се реди објавената вест:
“Западна Македонија во овој миг претставува невралгична точка во нашата земја. Завладеа дивиот терор... Жандармерија и подвижни воени одреди тесно соработуваат дyри и со бандите на поранешните соработници на окyпаторот. Страв меѓy жителите сеат подвижните воени одреди. Нивната појава денес во селата на Западна Македонија предизвикува страв и трепет...Сите мажи бегаат да се скријат, зашто тешко на тие кои би паднале во рацете на таквите одреди...” Тогаш и подоцна се почести беа вестите за тоа дека селаните ноќе чуваат стража за да се бранат од бандите пљачкаши, кои кружеа по селата и ваму-таму ги пресретнуваа џандарите со истрели; дека особено Македонците, кои страдаа и заради учеството во движењето на отпорот, а најмногу заради своето потекло, веќе имаа почнато да се организираат во групи за самоодбрана. Во март 1946-та прогрмеа партизанските пушки и никој не можеше да каже каде токму пукна првата. Гонетите итаа да им се придружат на партизанските одреди. Меѓутоа, до тукушто формираниот штаб на партизаните стигна партиската забрана:
“Никакво појавyвање, никаква дејност. Дури и во случај на крајна опасност, да се одбегнува оружен отпор...” Потписот беше на Захаријадис. И не оти левицата немаше начин со што и како да се бори. Имаше и оружје и луѓе. Целата левица во Грција ја имаше оваа сила. Ама... Став беше - само самоодбрана. А Захаријадис од никого не спречуван крстареше од Атина до Солун убеден дека создава сенародно движење, најавувајќи на големите собири збратимување, јакнење на партиските редови и дисциплина, а ноќе дофрлуваше:
“Ако продолжи десницата така, одново ќе загрмат пyшките “.
Ова им го рече на оние три илјади борци на ЕЛАС, кои најдоа скривалиште во Булкес, северно од Белград. Тогаш, Захаријадис, враќајќи се од Прага, се задржа во Белград, а од тамy во логорот во Булкес. На големиот собир извика: “Во Грција ќе се вратите со пyшка..” А два месеца подоцна, зборчуајќи на собирот во Атина, на кој учествyваа демобилизираните офицери на ЕЛАС. Тој предупреди:
Досега грчкото движење прими многу удари од страна на англискиот империјализам. Но, треба да знаете дека таквата состојба има крај. Од сега па натаму ќе се најдеме на исправена линија со народните републики на Европа...
И им забрани да се активираат.
Тие, кои емоциите ги ставија настрана и знаеја да мислат, ова го сфатија како најава на големи и бурни настани, а другите, просто, како најава не војна.. Што носеше Захаријадис од своите патувања во Белград, Прага, Букурешт и Москва?
Маркос се потсети на жолчниот разговор што го водеше со своите соработници, тогаш потпоручници и поруници на предвоената грчка армија, за време на движењето на отпорот – капењос, а сега унапредени во генерали (не од него) Бланас, Кикицас и Ласанис, со кои го формира Главниот штаб на партизаните. До усвитеност стегаа тупаници, кога до нив стигна веста од Атина, дека само еден месец по формирањето на Штабот, Вландас, најверниот од верните на Захаријадис, на затворен состанок во Пиреа се закани:
- Тие, кои сакаат да одат в планина се кукавици и се плашат од вистинската револуционерна борба во градовите и фабриките!
И одново специјален курир донесе партиска директива, која беше наредба:
- Во партизанските одреди да не се примаат повеќе доброволци;
да ги враќате дома, а на заробените владини војници и офицери да им ги земате униформите и по гаќи и боси да ги терате да се враќаат....
Партиската дисциплина не им дозволуваше да прашуваат и да знаат зошто така прави Захаријадис? Ама затоа одговорот го знаеше лордот Балфур, шеф на Интелиџенс Сервис, кој во добро чyваниот атински кабинет, му велеше на генералот Вендирис:
- Па, токму ова е потребно. На Захаријадис да му помогнеме да прави се што сака!....
И правеше. И никој не се сомневаше во неговата мудрост и авторитет. За средниот партиски кадар и за оние од неговата најблиска околина тој беше непогрешлив. А тој, Захаријадис, за себе и за сите имаше само еден учител и авторитет: Сталин! А кој од обичните партиски членови, нискиот, средниот, па и до највисокиот партиски кадар имаше храброст да се посомнева во авторитетот на Сталин? А штом Захаријадис секогаш се повикуваше на Сталин, тогаш тој беше во право. Тие, кои беа околу него и тие кои беа околу оние кои беа најблиското негово окружување и се така до најнискиот во партиската хиерархија, го создаваа тој неприкосновен авторитет на Захаријадис. Него никој за ништо не го прашуваше. Напротив, нему сите му одобруваа. Тој беше партија и нему му припаѓаше последниот збор на кој сите веруваа...
И уште се потсети Маркос на средбата со Захаријадис во јули 1946-та. Тогаш Захаријадис, во подолгиот разговор, подчувајќи го како да го организира партизанството, му рече:
- Мобилизација треба да се врши исклучуво врз доброволна основа. Да се одбегнува примање во партизанските одреди единици на владината војска кои ќе посакаат да преминат во партизани. Воената активност да има одбранбен карактер и да се придржуваш на воени судири само со парадржавни организации. Да се чува линијата за “збратумување”.
Партизанските одреди претставуваат само средство за притисок спрема владата...
Захаријадис не дозволи Маркос да му постави прашања, да побара објаснувања. Сите го послушаа. Илјади доброволци, војници и офицери ги вратија дома, а од дома владини органи ги собраа и ги пратија сургун. И кога партизанското раководство, Главниот штаб, оцени дека потребите на движењето стануваат се поголеми, тогаш одлучија да му се обратат на Централниот комитет на партијата. И напишаа:
“Пратете ни политички кадар, членови на ЦК да дојдат в планина. Барајте од партиските организации да му помогнат на партизанството, да праќаат храна, борци и кадар...” Захаријадис одговори:
“Ве поддржуваме со средствата со кои располагаме. Меѓyтоа, најважно е организацијата на секојдневната борба на пролетаријатот. И да не забораваме дека ние се бориме за
“збратимување....” Маркос се уште во својата офицерска чанта, од која никогаш не се разделува, покрај многу други работи, го чува и исечокот од весникот “Манчестер Гардијан”. Јанyари 1947 година.
Американскиот новинар Роберт Блејк пишуваше:
“Џандарите се најдобрите мобилизатори на партизаните. Кога во било кое село влегуваат, младите селани бегаат кај партизаните...” Во септември 1947 година, по партиска одлука, Маркос веќе ја имаше завршено мобилизацијата. Ноќе влегуваа во куќите, ги извлекуваа младинците и ги собираа сред село. Кој успеваше да избега првиот пат, вториот пак го наоѓаа. Момчиња од Леринско ги праќаа во Преспа, а од таму на собиралиштата на Северен Пинд. Таму веќе се наоѓаа момчињата од Костурско.
Воденските момчиња - на Кајмакчалан. Кон крајот на август ги собраа и девојките. Скоро сите беа испратени на Пинд. По завршувањето на мобилизацијата, Захаријадис го свика Третиот пленум на ЦК. Во рамките на пленумот одржа одделно советување на кое ги изнесе своите лични воени предлози:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-udolnitsa/17 на 29 октомври 2026