Front Matter - Part 16
Штета што е толку голема горештината. Сега испокасапени, проретчени, исплашени и изненадени, се враќаат таму од каде тргнаа. Седат, лежат во сенките на шаторите и прашалнички гледаат на Амуда, Николер, Петре Пелени, Буф, Алексова Чешма, Ореската, Остри Врв и Аљавица, на Свети Илија и Горуша. Таму се уште бијат авионите и топовите, местото гори и буди морници. Се прашуваат: - Ќе одиме ли пак? Теос филакси! (Господ да чува!) - шепот и се крстат...
Наредниот ден, по авионското бомбардирање и артилериската подготовка, како на вежба, баталјоните тргнаа во напад.
Простум, пред командниот пункт, генералот набљудува со двоглед. Отпорот попушти на десното крило. Владините војници, прескокнувајќи ги оние кои паѓаат, грабат напред.
Првиот бран во јуриш стигна до подножјето. Долг sид од потсушени и зелени гранки. Под нив бодликава жица. На неа налетуваат. Се враќаат за миг, со гранати ја дигаат во воздух.
- Напред! - паѓа остра команда и... влегоа во минското поле...
Замре првиот ешалон, викаат ранетите, здравите исполегнаа, со лопатките копаат толку длабоко, колку за да скријат глава.
Противничките ровови молчат Цевките на митралезите и автоматите - ладни. Чекаат наредба.
Командантот на четата го зеде пликот од курирот, го отвори и чита:
“Забранувам без наредба секакво повлекување. Наредувам позициите да се бранат до последниот човек, до последниот куршум, последниот здив. Ако непријателот удри во средината, тогаш потпуштете го што е можно најблискy, а потоа нападнете го со левото и десното крило. Секој што ќе се повлече за чекор, не, за сантиметар, на воен суд и стрелање пред строј. Помош не очекувајте. На располагање немам ниту еден човек. Судбината на Круша и Горуша е во ваши раце!” На крај нешто нашаркано што треба да личи на потпис.
Четата притаена во рововите и бункерите чека наредба.
Командантот гледа низ пушкарницата и брои:
- Петстотини... четиристотини... - пот оросува чело, се откинува капка и тече по образот. - Молк... пренеси никој да не пука до наредба...
Противникот застана и се притаи на тие претпоставени четиристотини метри. Пладне. Тишина и горештина. Од кај Костурското поле загрме.
- Во бункерите и земјанките! - нареди четниот командант.
По петнаесетминутната артилериска подготовка - јyриш и оган од горе.
Мита бие ту поединечно, ту полурафално. Така како што ја учеа лани. Пред секое притиснување на јазичето, таа затвора очи, стега заби и усни. Густината на рафалите најави дека противникот е се поблиску. На оддалеченост од педесетина метри - шлемови и гласни закани и пцуења. За миг замолкна нејзиниот митралез. Стави нов шаржер и распали. Шакнато се раздрдори митралезот од левото крило. Бие со долги рафали.
Тракаат автоматите. Скрши јуришот. Владините војници залегнуваат. Со поддршка на тешките митралези и лесните минофрлачи, се повлекуваат.
- Генерале! Целосен неуспех... Какво понижување! - просаска командантот на бригадата. - Не испокасапија неуки селани, говедари и овчари. Ебати академии и ... - Уплав го фати кога пред него помина долгата колона со ранети носени на носилки, а зад нив се влечат лесно ранетите со окрвавени завои на главите. Тие гледаат со крвјосани очи, полни омраза и истоштеност. - Страаотно! - изусти тивко.
Пораките од командата на дивизијата се заканувачки.
Командантот најавyва воен суд и лично извршување на казната доколку до планираното време баталјоните нема да се средат и не тргнат во нов напад. Бригадниот генерал, стегајќи ја слушалката, си ги замислува разлутените и од бес искривени лица на командантите од таа страна на жицата. Си замислува како тие таму, далеку од пеколот, со стапчињата под мишките, загледани во големите топогафски воени карти, очекуваат да с помести стрелката, да падне црвеното знаменце и на негово место да се забоди сино; да се избрише пцрвената иззабена одбранбена линија и да се нацрта нова - сина. Тие не гледаат луѓе, ами само знаменца, линии и стрелки и до нив не допираат човечките крикови на ужас...
Десеттиот ден од почетокот на големата битка за Грамос, со одобрение на генералот Ван Флит, шеф на американската воена мисија во Грција, авионите фрлија напалм бомби... И фронтот не се скрши, не се помести...
Нападот на владините баталјони, со поддршка на авиони и артилерија - жесток и крвав, во четата направи пустош. Од деведесет и осум, способни останаа само петнаесет.
Командантот откако ги испрати ранетите, седна на подот од бункерот и нервозно ја врти рачката на полскиот телефон. Во слушалката само шушкање. Одново и одново врти. Најпосле има врска. Рапортира во штабот на баталјонот и бара засилување.
- Што?! - се развика гласот од другата страна. – Да не си полудел? Од каде да земам? - слушна пцуење, а потоа наредба: -Дури и сам ако останеш мораш да го задржиш ридот.
Гледа во глувата слушалка и во тој миг се потсети кога пред неколку дена викаше:
- Има ли живи?! Има ли некој жив!!!
Ја тресна слушалката и го повика курирот. Му нареди: - Сите викни ги на собир!
Во мракот се собираат околу него. Се на се, заедно со него, петнаесет...
- Строј се! - нареди и откако се построија, со мек глас, ниту да се жали ниту да моли, рече: - Ете, само ние останавме од целата чета. Наредбата гласи: ридот да се брани до последен. Толку.
На позиција!...
Горуша и Круша живнуваат само тогаш кога на нив се јуриша.
Потоа молчат и притаено - чекаат...
И... дрвото погодено од шрапнел, прво се стресува, се навалува, миг стои, небаре размислува на која страна да падне, потоа полека - паѓа и се побрзо паѓа и пред себе и околу себе собира се што му стои на патот: бучи шумата, се слуша кршење, завивање и тресок. А понекогаш потсечено, потскокнува и наместо со врвот, паѓа со потсеченото стебло и стои... или погодено во средината, се цепи и само тресокот го продолжува неговото живеење се додека не падне и кутнато не се навали врз друго стебло... А човекот?...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-udolnitsa/16 на 29 октомври 2026