Front Matter - Part 15
Таа е добра за Славомакедонците, бидејќи ним им се брани јазикот... Што направив? Го врзав и заедно со оној другиот го затворив во една земјанка... А кога доаѓав наваму, слушнав како разговараа во вториот вод. Борецот Вангел им вели на другите:
- Знаете, јас секогаш сум гладен. На Вичо, вели, нашите имаат бол јадење. Море таму, вели, јајца ми сакаш, печени кокошки и јагниња, а леб колку што сакаш. А Тодор, пак, мрда со глава и одобрува... Во Псодери, вели добро ни беше. Јадевме многу.
Жените од селата ни носеа леб, пити, сирење, пржени јајца со свинско. А еден друг, Митре го викаат, не престанува да се жали. Вели: јас за една ноќ би го прегазил патот од тука до Вичо. Некој му рече: - Зарем не ти е страв? А тој вели: - Море страв ми е само од нашите. Ако ме фатат не ми бега куршумот.
Дезертер, ќе речат. Ти велам, команданте, лошо се зборува во рововите. А мој човек во истиот вод ми рече дека некои кога треба да одат на стража, се прават болни и тој, мојот човек ми го даде и ова писменце. Еве што пишува. “Драги братучед! Ти се бориш за туѓи интереси и против мајка Грција. На крај ќе изгубите. Никој нема да ви помогне. Дојди си кај нас и јас ќе ти помогнам и работа да најдиш и властите да не те прогонуваат...” Се разбира, на мојот човек му реков да го има на око и во случај да се обиде да бега, да го убие. - прекина, се загледа во лицето на командантот и чека да слушни што ќе рече тој.
Командантот пак ја заврте рачката на телефонот и му ја подаде слушалката.
- Молчи. Изгледа линијата- е во прекин. Нема врска - рече комесарот.
- Да, навистина нема. - Од офицерската чанта командантот извади тетратка, скина лист и му го подаде. - Напиши што сакаш да јавиш во штабот на полкот и прати го по курир.
Комесарот го стави листот на својата чанта и напиша:
“Во нашата чета фативме двајца агенти. Стоп. Денес ќе им судиме. Стоп. Ќе ги стреламе пред стројот. Стоп. Борците се жалат дека имаат многу вошки. Стоп. Што да правиме. Стоп.
Смрт на фашизмот - слобода на народот. Стоп. Сите на оружје -се за победата. Стоп. Политички комесар на чета. Стоп.” Командантот на полкот ја прочита телеграмата и на обратната страна напиша:
“До командантот на четата. Стоп. Фатените премести ги во друг вод. Стоп” Вошките да се уапсат и да се стрелаат. Стоп.
Комесарот врзи го и под стража прати го во штабот на полкот.
Стоп. Изврши наредба. Стоп.” Командантот постапи слоред наредбата, а потоа ја викна Мита и Јани.
- Вие двајцата одете долу во селото и проверете која е таа жена што веќе две ноќи вика и плаче.
Во селото влегоа кога падна мракот. Жалосен, молбен и молитвен глас вика, довикува и плаче меѓy урнатините.
- Еј! - викна Мита. - Која си ти?
- Жена...
- Зошто викаш и плачеш?
- Страв ми е...
- Ајде, излези!
- Страв ми е...
- Од кого?
- Од сите...
- Со кого живееш?
- Со мачето... Гладна сум... И мачето е гладно...
Се вратија, мy рапортираа на командантот и застанаа во редицата. Над црниот котел - испарлив мирис. Готвачот, со големата лажица меша и претурува.
- Е, море, никаквец - му префрлyва Јани - барем би можел да фрлиш некое зрно повеќе... мешаш и сал мешаш небаре е најубавото јадење...
- Па е - вели готвачот. - Јадењето треба да го мислиш...
- Да го мислиш. Ете вака: ќе погледнеш во порцијата и што гледаш?
- Ништо... - вели Јани. – матна, млака вода и едно зрно граф...
- Е, токму тоа, зрното што плива, е главното и него треба да го мислиш дека е големо парче месо... Е, море гладотијо, јадењето треба да го мислиш, а само лакомо да го голташ. Така прави кучето, а не човекот. И волот кој пасе, а не знае што пасе. Да знаеше сигурно немаше да биде вол, туку...
- Туку готвач - дофрли некој.
- Ама немој... ја море..
- Па, можеби и помошник, нели?
- Ама немој! - налутено извика готвачот. - И да ти кажам, ти голтар низаеден, така лапајќи, можеш само стомак да си расипеш, разбра ли? На што разбра... Мисли го јадењето, а ќе биде ем бол, ем слатко. Што велиш? Не ти е доста лебот?
Мисли го ова парче така, небаре цел пешник држиш в рака.
Можеш? Не можеш? Тогаш немаш ум. За да мислиш треба да имаш ум. Парчето мисли го како да е пешник, а пешникот мисли го како да е фурна. Зрното што го виде, мисли го како да е јагне набиено на ражен и го вртиш над жарта, а тоа полека зацрвенува, мириса, ете, до таму, до оние карпи. Ти мириса ли?
- Аха...
- Ете, гледаш, си почнал да мислиш... Ете, така, така треба да го мислиш јадењето, особено ова нашето, партизанското, а не лап -лап и пак гладен. Тука - тој се чукна по чело, а потоа по стомак
- тука треба да го имаш, а не тука. Како што се пие виното - со мерак, со наслада. Е, овие две работи треба и мора да одат со јадењето, а не лап – лап... а не кланк - кланк...., како ненаситените лакомџии и пијаниците. Јадењето, велам, не треба да оди само во стомакот, ами и во мозокот. Затоа тие кои клаваат само во стомакот, постојано стомак ги боли, а тие, пак, кои клаваат и во мозокот...
- Се големи лажговци, како тебе - налутено рече Јани. - Види го ти него... Ќе ни продава тука шикли и шипинки. Јадењето вака, јадењето така... Море наполни ми ја порцијата со таа твоја помија и најди некое зрно повеќе. Ти пливаат, море, зрната, како што ти плива умот, море, шутрак шиклест...
- Пливаат, ами што. Тоа што плива е вкусно. Е, замисли да е риба... Пули, пули тука - тој ја подигна лажицата и од високо истyра во порцијата - јадете, јадете јунци, јадете... оф-оф-оф што е слатко... О, што гледам? Дами. Повелете, мадами, за вас по некое зрно повеќе... На здравје...
Командантот, му се доближа на Јани и му рече:
- Еве, земи ја мојата порција и со Мита појдете во селото.
Однесете и да јаде. Одете...
Лебот и манџата ја оставија на каменот пред кyќата - yрнатина.
- Жено! Излези. Ти донесовме да јадеш... Излези...
- Страв ми е... Одете си...
Така секоја вечер секој од својата порцпја дели по една лажица и малечко парченце леб за осамената жена и за мачето. Еден од борците слегува во селото. Со камен удира на камен, го остава јадењето и си оди. Жената излегува од урнатините. По неа и мачето...
Облаците наиудуваат од кај Морава. Тешки, црни, стуткани, оловни. Од таму ветерот навева ладовина и мирис на бура...
Грмна, светкавици расекуваат небо, врзуваат врв за врв, премостуваат клисури. Удираат ровји, расцепуваат стебла, кршат карпи и долго одѕвонуваат во траповите, И наеднаш - истури. Вода дождовница ги полни рововите. Шлапаат во матната и ја месат со калта. Командантот излезе од земјанката и откако оцени дека бурата ќе трае, се упати кон најблиското митралеско гнездо. Нишанџијата седи на камен стуткан во ќошот. Спие. Нозете до глужд во вода.
- Дремиш, а? Стани, бре, ќе се удавиш! - му подвикна. - Земи лопата и копај тука за да истече водата – тој покажа со валканата чизма. Рововите полни вода. - Слушај ја наредбата! -викна тој. - Лопата в рака и копај додека ја истече водата!
Одново засветка. Дождот се засили. Истура, а ветерот, силеn и налудничав, косо ги носи јадрите капки.
Во Четирок, во шаторот на командантот на артилериските батерии остро заsвони телефонот.
- Мајоре, што правиш? - праша бригадниот генерал.
Го позна по гласот. - Врне ли?
- Да, господине генерале, роси.
- А погледни горе. Што гледаш?
- Горе, господине генерале, светкавици расечуваат небо, грми, а ровјите бијат како вистинска артилерија...
- А што прави твојата артилерија? Зошто ти, мајоре, со твоите топови не им се придружиш на ровјите? Наредувам, мајоре, половина час со брз оган, распали од сите цевки. Да видиме чиј грмеж ќе биде посилен. небесниот или нашиот? Оган, мајоре!
Јани почувствува силен удар и пржење во левиот бут. Усвитено парче од топовска граната му го расече левиот бут од над коленото до колкот. Пикнат меѓy два камена, чека да завршат грмежите. Ја соблече кошулата и се обидува самиот да ја преврзи посекотината. Не може да ја запре крвта. Викна.
Дотрча болничарката. На носила го пренесоа отаде трапот, во големата земјанка. Легнат на носилка, две жени, во одминати години, цела ноќ го носат прудолу... Омалаксан е и само моли да му дадат вода.
Над високите борови, под кои е сместена главната болница -само небото е далеку. Блиску се карпестите планини и шумите.
Половина ден пат одење - е првата линија на фронтот и смртта.
Погледот никаде не стасува подалеку од стрмните ридови, а дозволениот простор за движење го обележуваат сенките на боровите и бреговите на двете рекички. Дење е забрането секакво движење. А ноќта живнува. По тесната патека се влева цела врвулица – коњи, мазги, носилки. Тешко ранетите ги сместуваат во бараките, а потоа на стол. И со истите коњи и мазги, во долга релица, за натамошно лекување, тешко ранетите ги префрлуваат во Албанија. Во болницата никогаш не се оладуваат креветите. Ноќе и само ноќе, од болничките бараки ги изнесуваат мртвите. Во ќебиња и легени - посечени раце, нозе, прсти, скршени заби, извадени очи. Се во една јама.
Заедно со оние кои не го доодија патот до болницата и кои починаа во болничките бараки, на лединката, отаде рекичката, еден до друг - ги закопуваат. Тука тие имаат сбој гроб и крст со име и презиме. Мажи, во одминати години, меѓy кои е и Ѓорѓи, а кои тука ги донесоа кога во мај завршија со копање ровови, градење бункери и земјанки на Аљавица, Амуда, Николер и Чарно. Тие копаат и закопуваат. Ѓорѓи, кому веќе му зарасна скршената нога, делнува со балтичето во сувиот боров пен, отцепува борина и со ножот делка прави стапчиња, иста должина, ги реди, ги врзува во китка. Боринка - свеќа, трепетливо свети пламенчето во планинската лединка, ту се исправува, ту потсобира, се чини ќе згасне и одеднаш пораснува и шири малендава светлина за тие, кои лежат тука, да имаат светло и човеково паметење...
Од болничките бараки никогаш не се одделува боровата сенка.
Тешкиот мирис на крв, гној и хлороформ, без престан го раздувува ветрецот што дува од кај ливадите на Долна Арена и со себе го влечат двете рекички што се сретнуваат на крајот од котлинката. Ранетите дремат, мрморат, стенкаат, хрчат, викаат во бунило, пцујат, реват во тежок и болежлив полусон.
Јане лежи на плеќи и чувствува како пече бутот. Во одајата, во која има дваесет ранети, влезе маж во години, облечен во бел мантил. Оди од кревет до кревет, кратко се задржува. Јане се загледа во неговите дебели и свиткани веѓи, а тој, лекарот, го одвива завојот, се загледа во посекотината, со прстите го допре натеченото место од бутот и почувствува нешто тврдо.
Многузначно климна со глава. Јане ококори очи и извика:
- Да не си се осмелил да ја сечеш!!! Разбра?
Лекарот рече нешто на унгарски, а потоа на руски:
- Ранетиот во операционата сала - рече отсечено и излезе.
По извршената операција Јане го легнаа во друга одаја.
Печењето во бутот веќе го нема. Првпат тој е наспан и се чуди за тоа што никој не вика, не наредува, нема истрели, туку само шум на планинска река... Мирно е, тивко... Во одајата влезе истиот лекар. Во неговата дланка стави парче забесто железо.
- Ну, как? - го праша на руски.
Јане сфати или барем така му се стори дека го прашува како му и на брзина рече:
- Добро, добро, многу добро. Ја мрдам и не ме боли... - со очи покажа на ногата.
- Ете - извика лекарот на руски- ете уште еден со кој може да се позборува. Јас, другарче, многу добро те разбирам, Ти си Македонец, да?
- Аха - радосно извика Јане. - Македонец. Од Вишени. А ти?
Лекарот го тргна, ќебето, го одврза завојот и се загледа во закрпената песокотина.
- Хорошо, хорошо... Молодец - рече задоволно и се оддалечи.
Кога лекарите и сестрите излегоа од одајата, Јане му се обрати на ранетиот кој лежи до него:
- Што му е, бре тоа хошошо, шо - шо- шо, а?
- На руски ти рече дека е добро.
- Русин е?
- Не - рече ранетиот. - Унгарец. Велат се борел во Шпанија...
- А-а-а!!! - замислено изусти Јане.
- Се чудиш? - праша истиот.
- Не, а зошто? Се борел, па и јас се борам, ама од тоа не правам споменик...
- Да, ама тој се борел во Шпанија, еј?! За спас на шпанската република!
- Па и јас се борам во Македонија за македонските работи и никому не сум му рекол дека сакам поголемо парче леб...
По две недели, Јане сам, повеќе од љубопитност, го тргна завојот. Раната е заздравена и останал само долг испукан струп и црвени кругчиња од конците. Сестрата налутено го погледна, целиот бут го премачка со јод и отиде да го поткаже на лекарот
- хирург. За време на визитата лекарот - Унгарец внимателно ја погледна заздравената посекотина, со дебелите и меки прсти притисна на бутот. Се насмевна и рече:
- Хорошо, хорошо... Молодец, молодец... Завтра на фронт... Так решили командири... Греки...
На стемнување Јане замина од болницата. На Горуша стигна на полноќ. По два дена, со длабока рана во градите и со откината нога, го донесоа во болницата. Не стана од операционата маса.
Во истиот окрвавен чаршав, пред разден, го однесоа на гробишта. Чаршафот го вратија и го фрлија во купот за перење...
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 11 Шарко најмногу не го поднесува политичкиот комесар. Каде и да се појави тој, во ровот, во редот пред казанот - лае по него, ‘ржи, покажува заби, на грбот му се наежува влакното, го гледа со крвјосани очи.
- Лефтеро! - Вика комесарот - земи го ова чудо и стрелај го во трапот. Поплати го со земја за да не смрди.
- Не може... Штета за куршумот. - вели Лефтера.
- Не? Па тогаш врзи мy ја ова жица на врат и обеси го, ако ти е жал за куршумот.
- Лефтеро! - вика комесарот. - Колкупати треба да ти велам што треба да правиш со кучето?
Лефтера го зема Шарко во скутот, го гушка, свртува грб кон политичкиот. А Шарко, небаре благодарен, и го лиже лицето, челото, се свртува кон него и така преку рамото на Лефтера го гледа намуртено, покажува заби и исплашено крие муцка под нејзината мишка.
- Другар политички - му вели Лефтера - барем еднаш погали го, па ќе видиш дека ќе те засака. Еве, дај му го ова парче леб. Ќе го прими твојот мирис и ќе те засака...
- Лефтеро, па ти си луда! Мене, куче да ме засака? Па ти не си токму. Реков да го нема!
- Точно е, рековте да го нема, ама никој не нареди!
Шарко е миленик на водот. Порасна меѓy нив. Ги следи в чекор и кога доаѓа политичкиот, лае со некакво чудно цвилење. Трча по рововите, копа со шепите, ги гледа со накривена глава и со прашалнички израз во очите н кога никој не му прозборува, налутено лае. Внесува смеа, ги расположува. Секој сака да го погали, да му даде парче леб, да го повлече за уши, а тој враќа со весело мрдање на опашот и се обидува да им лизне лице.
Знае да се гали, да лизне со целиот јазик, со што предизвикува општа смеа и, исплашен кога почнува да се пука, цимуоли, се втрчува во бункерот и легнува во ќошот покрај Лефтера.
Навикна и на топовските и минофрлачките гранати и на фаралите. Кога го снемува пукањето, со лаење се растчува по рововите.
Претпладнето го снема. Лефтера го довикува, го довикуваат и другите. Ставре, соселанецот на Лефтера, се посомнева во политичкиот.
- Лефтеро - и вели и потсмешливо ја гледа – Шарко твој, изгледа гризи земја...
Лефтера не го трпи. Не го трпат и соборците. Секогаш се врти околу командата, нешто шепоти, скришум погледнува, покажува со очи... Честопати е болен. Со шалот час врзува врат, час врзува лице и се жали дека ту грло, ту заби го болат.
- Лефтеро... ме слушна ли? Велам дека Шарко твој...
- Молкни! - просаска таа и си го спомна денот кога, лани, во јуни го мобилизираа Ставре.
Баба му, ниска и подгрбавена старичка, излезе на вигната и првите партизани кои ги сретна, ги праша:
- А бре, ченда, кој тука ви е големио?
- Ене, тој таму.
-Тој опашанио со ремените? - праша таа и појде кај него.
- Ти си бре, чендо, капидано - војводата, а?
Тој вчудовидено ја погледна, ја измери од глава до пети.
- Јас сум. А зошто?
Старичката погледна наоколу и кога виде дека никој не ја гледа, прошепоти:
- Дојди, дојди, наведни се, баба да ти кажи... Наведни се…
Немој да ми го зеваш внуко...
- А зошто да не? - праша капиданот - војводата.
Старичката се подигна на прсти и, ставајќи рака на уста, му шепна на уво:
- Моча, моча во постела... - рече тивко и погледна да види некој да не ја слушна. - Моча, знаеш... - повтори таа и избришаа солзи.
Капиданот - војводата одеднаш се исправи. Строго ја погледна.
- Што?!
- Моча... моча, чендо, о постелата моча...
- Па што ако моча! - налутено рече големиот. - Планините и шумите се големи и широки. Нека моча мочлото, нека моча...
што ако моча... Случајно да не ми го измоча килимот?!!!
Не е некој друг, ами самата старичка во доверба и го раскажа случајот на сосетката, а таа му го прераскажа на целото село...
Ставре во водот не е некој сокол што високо лета. Секогаш приземјен и пред неговото прво борбено крштевање, прв во пеење и оро и секогаш на услуга. Де вода да подаде, цигара да припали на командантот и на политичкиот. Не го трпеа многу.
Еднаш, на враќање од борба, седнати на почивка, му пријде Мита, седна до него и му рече:
- Почуден човек од тебе, бре Ставре, не сум видела. Како бре не можеш да разбереш, не можеш да забележиш ништо што се случува околу тебе? Глеј, бре, тревата се раззелени, цвеќето расцути, лисјето треперат, ластовичките летаат, билбилот се растури од пеење, потоците се наполнија вода, пчелите се разиграа во устите на цвеќињата, ментата мириса, а ти само -другар политкомесар тој и тој рече вака и вака, кодошиш, плукаш, се фалиш лево и десно демек непријателот го уништивме, му убивме и му ранивме толку и толку, а наши како да нема...како, бре, нема? Зарем не виде дека половината вод вчера ни остана обесен на бодликавата жица?... Само ти и никој друг не е јyнак во единицата... - Јани не му спомна за тоа што му се слyчи по првата борба. Кога се враќаа; едно време Ставре го немаше. Помислија дека дезертира. Ама не. Мита, која беше отишла по голема потреба, виде како Ставре во трапот си ги переше гаќите. Таа им кажа само на Лефтера и на Јани и од тогаш таа уште повеќе го одбегнува.
- Еј, еј, луѓе - некој викна, покажувајќи со рака. -Глејте, еј, глејте. Таму!
На стотина метри од позициите, седнат на опашот и со подигната левата нога, вие и завива Шарко. Просторот е бришан и под окото на противникот.
- Шарко! На, Шарко, дојди, дојди Шарко! - вика Лефтера.
Шарко сврти само глава, ја подигна нагоре, болно и плачливо зави...
- Лефтеро! Ти ли го донесе Шарко?
- Јас.
- Е, сега оди да го земеш!
Лефтера ниско наведната го прескокна ровот,
- Каде, мори? - се слушаат гласови.
- Молк! - рече таа, влечејќи се во насока на Шарко. Таа гледа пред себе и со втисната глава во земјата, се влече. Застана. Не мрда. Глави се подигаат над рововите. Исто и на противничката страна. Тишина. Лефтера се подигна, се исправи и исправена оди. Се поблиску е Шарко. А тој зацимуоли, исплази јазик, се оближа и со обесена нога, закуцка на кај неа. Таа се наведна, го подигна, го притисна до градите. Шарко тивко залаја, и оближа лице и прибра глава под нејзината брада.
- Браво! - се слушаат гласови од противничките ровови. - Браво!!! - И рафал во воздух. Шарко сокри глава под мишката на Лефтера.
Вечерта, кога раненоносачките на носилки ги однесоа ранетите, го зедоа и Шарко. Една од жените го влече зад себе врзан со ортомче. Шарко потскокнува и куцка, врти глава, молежливо гледа зад себе небаре сака да каже:
- Ами сега кој ќе ви лиже муцки?...
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 12 Во првиот напад - велеше - најважно е противникот што повеќе да прокрвари, да претрча што помал простор, а да не заземе ништо што има важно значење - ниту камен, ниту грмушка, ниту карпа, ниту дрво зад кое би можел да скрие глава. Да му остане само толку време колку што ќе му треба за да се врати, се разбира, ако успее да извлече глава. Потпуштајте го на блиско растојание, на дофат на автоматите, а митралезите нека почнуваат први и нека прекинуваат последни. Пешадијата за нас не треба да претставува опасност. Таа ќе биде изложена на жртвување. Опасни се авионите пред кои немаме заштита... И нивната артилерија. Затоа копајте длабоки ровови, покривајте ги со по неколку редици трупци и камен. Тоа барем го имаме во неограничени количини. Рововите и бункерите поврзете ги со тунели. Исто така со тунели поврзете ги и резервните ровови за да можете лесно да се префрлувате од едни во други. Секој приод, секоја патека, секоја гола лединка, просто, се што не е во наши раце, а го гледаме пред нас, да се минира. Секоја мина одделно поставена и секое минско поле се наша голема предност. Мини да се постават и на дрвјата. Само со повлекување на жицата, врз противникот да паѓа дожд од мински парчиња. И дрвјата да им станат опасни. Да сфати дека долго ќе мора да гледа на овие ридови кои треба да им станат кошмар и на јаве и на сон. Тука на овие ридови, на овие карпи, на овие чуки ќе се пресметаме со непријателот. Денот на големата пресметка наближува! Нели сме готови за одбрана на Грамос? Нели Грамос ќе го направиме гробница на непријателот? Нели Грамос е непристапна тврдина?
Во пет и половина наутро, на 16 јуни 1948 година, на целиот Пинд, од стотици батерии почна артилериската подготовка на владината војска. Превалувајќи ги ридовите, по шест во една линија, авионите ја прелетаа првата одбранбена линија, се навалија на левото крило, направија полукруг и во низок страничен лет го митралираат и ракетираат незаштитениот грб на противникот. Не свртуваат. Отвораат простор за бомбардерите. Цел - разорување на рововите и бункерите. Зад нив долетува нов бран и така цел ден со тричасовни прекини.
Лефтера втисната до sидот на бункерот, се згрчи, се собра во себе и чека каде прво ќе ја здоболи, ќе ја спржи, ќе ја згмечи.
Под ударите на тешките авионски бомби, крцкаат дебелите борови греди, се кршат. Меѓy нив се рони земја, бункерот се полни прав. Врз нејзиниот грб удираат здробени камења. Над неа се повеќе се напластува топла земја засмрдена со мирис на барут и фосфор. Топол и силен воздушен бран и парчиња од бомби удираат во бункерот. На десното рамо почувствува топлина и трпеж на прстите. Дланката во крв...
- Ранета сум? - исплашено изусти и во тој миг ја облеа страв.
Сврте глава. Помошникот со вбиена глава во sидот на бункерот, клекнат небаре се моли. Таа испружи здрава рака, го фати за рамо и го стресе. Викна. Молк. Слуша само грмежи и чувствува како и се суши грлото. Од забите и непцето цеди плунка и со врвот на јазикот навлажнyва усни и чувствува дека и се прекршуваат колената, ја облева пот, и се смрачува пред очи...
Силен yдар со глава. Тоа и ја врати свеста и ја постави на нозе.
Нема грмежи, не се тресе земјата. Слуша долги автоматски и митралески рафали. Бесни викотници на командантот на четата:
- Митралезот!!! Дејствувај!!!
Митралескиот кундат го притегна до здравото рамо. Испушти цел рафал. Нов шаржер и сега бие со кратки рафали. Од пушкарницата гледа како бегаат прудолу владините војници.
Истрелите се поретки. Одбиен е првиот противнички напад. Таа истресе земја и прашина од себе и дури сега почувствува силна болка. Болничарот ја преврза раната, а командантот оцени дека Лефтера не е за в болница.
Ноќта пристигнаа жени кои на мазги и коњи донесоа муниција и храна и на враќање со себе ги зедоа ранетите.
Мртвите во една јама. Тивко и брзо. Без поп и без камбани. Врз јамата зелени гранки.
Генералот Зафиропулос, со двоглед набљудува само дел од фронтот. Гласно пцуе. Неочекуваниот отпор го изненади.
Наредните денови не ги донесоа очекуваните резултати. Падна Копанче, но двесте метри од него, жесток отпор. На секторот Амуда - Николер - Петрепелени – Буф тотален неуспех. Ниту чекор напред. Бројот на жртвите огромен. Со шифрината телеграма ја известува повисоката команда. Од таму стигна наредба - повлекување од овој дел на фронтот и враќање на почетните позиции. Генералот смирено ја прими наредбата за повлекување, меѓyтоа, вчудовидено и со уплав ги гледа долгите колони ранети п камионите полни со убиени. Тој е вчудовиден и од истрајноста на противникот и од тоа што бункерите издржаа едно толку жестоко бомбардирање. Војниците се повлекyваат исцрпени и исплашени, а над се збунети. На полигоните постојано беа убедувани дека ќе им требаат само два - три дена, најмногу пет за да го скршат и поразат противникот. Беа убедени дека ќе тргнат на простор уништен од силните авионски бомбардирања, артилериската подготовка и поддршката на тенковите. Ним ќе им остане само да го прочешлаат теренот, да ги испофатат славо-комунистите. Така им велеа. Пред шест дена тие тргнаа во напад бодри, сигурни, најадени и напиени и додека не стигнаа на дофат на куршумот, се корнеа од смеа, раскажувајќи си шеги на сметка на грчките бандити и славомакедонските комунистички банди. И додека одеа и се наоѓаа на две и илјада метри, пред нив стенкаа ридовите и планините од силните грмежи на бомбите и гранатите. Гледаа горе и си велеа, Господи, само нас таму да не нема, само ние да сме подалеку од таму. Беа сигурни дека целата работа веќе ја завршија авионите и топовите, а ним ќе им остане да стигнат до таму и да го развеат знамето. Зарем беа потребни толку вежби исполнети со маршеви, трчање, скокање, ползење? Авионите и топовите, велеа, ни ја завршија работата.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-udolnitsa/15 на 29 октомври 2026