Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Another Mother

Front Matter - Part 04

Од Драгица Најческа · Дел 4 од 6 · Околу 23 минути

Читај на English

По тие посети Марина се затвораше уште повеќе во себе. Си мислев дека сигурно маќеата побарала Марина и баба и да одат во друг стан, или можеби баба и на Марина не можела да седи со оваа друга жена на својот зет, откако ја загубила ќерка си.

Како можел татко и на тоа да се согласи, се чудев. Како можел да се откаже од своето дете? Потоа се потсетував како првпат го видов татко и на Марина со оваа нова жена и како бев тогаш убедена дека татко ми нема да биде никогаш таков… да направи нешто такво.

Сега, сега се е поинаку. Сега, кога мојот татко отворено ми рече дека има таква намера. Дали ќе биде тоа учителката Вера, или тоа само јас го измислив во својата глава? Можеби тој веќе има одбрано некоја сосема друга?

Тогаш ме фати страв. Ако веќе мора так а да биде, татко ми да се ожени, тогаш најдобра од сите ми изгледаше учителката Вера. А ако учителката Вера сега се преправа, колку да го придобие татко ми, а потоа ако се измени?

Требаше веднаш да го прашам тато или тетка Рајна за која жена татко ми мисли да се жени, зошто го одлагам тоа?

Вера веќе речиси секој ден навраќаше кај нас. Стана обично и да ми помогне околу ручекот и да ја нахрани Ели, да ја облече, да ми ги провери домашните задачи. Мојот отпор кон неа беше се помал и помал.

Забележував дека другарките со интересирање гледаа во нас кога ќе тргневме од училиште заедно и следеа дали и учителката ќе влезе кај нас. Исто така беа љубопитни и кога не гледаа заедно да доаѓаме на училиште.

Навечер, кога Вера ќе заседнеше подоцна, татко ми ја испраќаше и, обично, остануваше подолго време надвор од куќата. И тоа стана обично. Дали се шетаа по улици, или одеше кај нив, во нивната куќа – не знаев. Имав понекогаш желба да тргнам по нив, но тоа ми изгледаше ниско и не бев во состојба да го направам.

Еден ден, кога тетка Рајна беше дошла порано, а Ели си играше во дворот, ја прашав:

– Тето, нели е многу страшно да имаш маќеа? – и плачејќи и се пикнав со главата во скутот.

– Тинче, па ти не си толку малечка, што е тоа од тебе? Седни ваму малку, – зборуваше и ме повлече на каучот до себе. Јас ги бришев солзите и седнав.

– Татко ти и твојата мајка многу се сакаа. Затоа основаа и свој дом. Потоа се родивте ти, па Ели. Ти, иако си мала, многу добро се сеќаваш каков убав живот имавте, како сложно и среќно си живееја мајка ти и татко ти. Ама, ете, несреќата дојде и ни ја зеде мајка ти. Другата мајка, ако се реши татко ти пак да се ожени, како таа што ве родила нема да може да стане, но може пак да биде многу добра и да ја засакате, зашто ќе ве гледа, ќе ве подига во добри луѓе. Ти знаеш дека татко ти е сталожен, сериозен човек и нема да брза со која било да се ожени.

Токму сакав да ја прашам дали татко ми не се решил да се ожени со учителката Вера, тетка Рајна ми рече:

– Зарем не би можела да ја сакаш, или барем да се навикнеш на некоја жена како што е учителката Вера?

Пак го почувствував она истото како кога разговаравме со татко ми – во сите овие мои борби – ако веќе мора да биде некоја, тогаш најдобро таа, Вера. И самото тоа што се помирував со неа како втора мајка ми изгледаше некакво предавство кон мојата покојна мајка... Не знам по кој пат си помислував за тоа дека Ели е среќна што е толку мала и сето ова се уште не ја измачува.

Тетка Рајна гледаше со очекување во мене.

– Многу е добра, – реков, истовремено обидувајќи се да си ја претставам како моја друга мајка и пак, не знам како и зошто, ми изгледаше неможно. Кога ликот на учителката Вера, таков каков што го имав топло во срцето, не би ми се мешал со ликот на Вера – маќеа, тоа би било нешто сосема друго...

– Тетко Рајно, ти тоа за учителката Вера само така го велиш или навистина е?

Тетка Рајна помолча и јас чувствував дека не е сигурна како треба да ми одговори.

– Може да биде, – рече доста неодредено и влезе во бањата, како да сакаше да го прекине разговорот на тоа.

Значи така е – си мислев. Не само да ми се чинело. И пак се обидував да ја замислам како домаќинка во нашата куќа, како – ќе треба да се навикнувам, да и викам мамо, не – не ќе можам!

Ели речиси воопшто не се сеќаваше на мама и нејзе сето тоа ќе и биде полесно, само ако Вера биде добра.

Многу нешта ми навестуваа дека се наближува дефинитивното преселување на Вера кај нас. Станував се понеспокојна, понестрплива, свесна дека сосема ќе се измени целиот живот во нашата куќа. Тетка Рајна сигурно поретко ќе доаѓа, татко ми и јас ќе имаме помалку заеднички работи во куќата, ќе бидеме помалку ангажирани во домаќинските работи. А кој знае, всушност, како ќе биде?

Постојано ме прогонуваше една желба – сликата на мајка ми да ја земам од спалната на татко ми и да ја ставам во нашата. Но се плашев да го направам тоа без да го прашам тато. Да направам една проба, да ја земам, па што, и да ме искара? Може многу да го навреди тоа? Да го заболи. Можеби ќе помисли дека го сметам за недостоен таа слика да стои над неговиот кревет. А и навистина, како ќе биде тоа? Сигурно нејзе, на новата мајка, нема да и биде пријатно присуството на мама, макар и на слика.

Дали е така, или тоа е само плод на мојата фантазија? Можеби јас сосема погрешно размислувам.

Како и да е, но јас сликата ја преместив. Одвај ја досигнав, зашто ми пропаѓаа нозете во јорганите и перниците од креветот. Решението го бев донела уште од вечерта и одвај дочекав татко ми да си оди на работа. За тоа не сакав да ја прашам ни тетка Рајна, зашто знаев дека таа нема да ми дозволи. Успеав да ја симнам сликата и да ја притиснам на градите, како крадец некаква скапоценост, за која долго мечтаел да ја присвои. Кога влегов во мојата соба, долго се колебав дали да ја скријам сликата сега, во првиот момент, или да ја закачам на ѕидот. Сепак се решив на второто. Слатката моја мајчица, колкупати ја избакнав пред да се решам да ја ставам на ѕидот. И се радував, и плачев, што ќе биде поблиску до мене и што ќе можам навечер пред да заспијам да си ја погледнам. Тука таа ми изгледаше посигурна и никој нема да има право да ја истави од ова место.

– Мама, – извика Ели влегувајќи во собата и веднаш се израдува дека сликата на мама е над нашите кревети. Кога виде дека јас плачам, таа силно се расписка, веројатно поради тоа јас што плачев, не сфаќајќи зошто. Ја гушнав и ја кренав в раце, како кога беше сосем малечка. Знаев дека јас ќе и бидам и натаму секогаш најнеопходна, најголема заштита, најголема потпора, и сестра и мајка во исто време. Таа брзо се смири, зашто јас се насмевнав, успевајќи да се совладам.

Откако ја нахранив и ја преоблеков во чисто, Ели ја пуштив да игра во дворот. Потоа веднаш пак влегов во собата на татко ми.

Местото каде што стоеше до пред малку сликата на мама беше празно, но се познаваше дека тука имало слика. Зедов една од другите слики во станот и ја закачив на тоа место.

За сето тоа време на училиште на часовите мислев потсвесно на тоа како се чувствувал татко ми кога видел дека сликата е преместена, дали се налутил, дали пак ја вратил на поранешното место? Како ќе се сретнам денеска за првпат по ова кога ќе се вратам дома, како ќе се погледнеме? Што ќе му одговорам ако ме праша зошто го направив тоа?

Наставниците како да чувствуваа дека не сум толку концентрирана како во другите денови, воопшто не ме прашаа.

Татко, па јас можеби на овој начин те поштедувам од многу непријатности. Замисли како би ти било тешко таа, новата жена, да ти рече да ја извадиш сликата на мама, како нешто непотребно, нешто што пречи, или да посака да ја уништиш таа слика, а и јас тоа да го слушнам, да го знам... Не, татко, согласи се со мене дека ова е најдоброто решение. Едноставно – јас таа слика ја сакав отпорано, сакав да биде во собата, моја и на Ели.

Збунето влегов во кујната со чантата в раце, а ги слушав ударите и на своето срце. Тато и читаше на Ели приказна од една детска книшка.

– Добро вечер, – ми одговорија на поздравот и продолжија да читаат. Од изразот на лицето на татко ми ништо не можев да разберам, како ништо да не се беше случило. Можеби и не ја забележал промената, или само така се преправа. Не е можно во целото попладне да не влегол ниту во една од собите. Итар е тој. Не сака така наеднаш, грубо. Или можеби ја преместил сликата назад.

– Соблечи се, Христина, – ми рече и јас тогаш сфатив дека стојам облечена со чантата в раце среде кујната.

Тоа беше добра причина веднаш да одам во собата каде што ми стоеја алиштата и да се пресоблечам. Пред да ја запалам светлоста, стоев еден момент од возбуда. Светнав. Се беше онака како што јас бев оставила. Тате, татенце, ти си ме разбрал, нели, ти мојот добар татко.

Откако вечеравме и Ели си легна, а ние со татко ми ја средувавме кујната, чувствував дека тој сака нешто да ми каже и се плашев од тоа што ќе ми го каже.

– Христина, ти сакаше сликата на мајка ти да биде во вашата соба, нели? Да ми кажеше, и порано таму ќе ја закачевме, – рече татко ми речиси избегнувајќи го погледот и ми се стори како нешто да го дави во грлото. И пак ми стана жал за него.

– Така е подобро, татко, нели? – реков со сосема тивок глас, но и со некаков пркос.

Тој ме погледна сакајќи да разбере што се крие во тие мои зборови, да прочита од тонот со кој ги реков.

По изразот на лицето на татко ми сфатив дека сум го повредила и ми стана мачно. Нека остане така како само моја желба да била сликата од мама да биде во мојата соба, и ништо повеќе.

Беше прерано што било да му префрлам и бев свесна дека сум избрзала и дека сум несправедлива кон него. Потоа ми дојде една дури злобна мисла во главата – дека можеби со ова што ја премистив сликата му помогнав, ако тој и без тоа имаше таква намера... да ја премести. Сепак, го потиснав тоа и реков:

– Тато, уште кога ти ја донесе сликата за првпат сакав да те помолам да ја ставиш кај нас во собата, но не можев тогаш да ти речам. Па сега, бидејќи подолго време стоеше таму, нека биде малку кај нас, – се обидував да се оправдам.

– Добро, Тинче, јас не се лутам, – ми рече татко ми, – само требаше претходно да ми кажеш за својата намера.

Разговорот заврши на тоа. И тој знаеше и јас верував дека знае за вистинската причина на ова преместување на сликата, но најдобро така да остане.

Ми беше пријатно што Вера таа вечер не наврати од училиште, како што често правеше во последно време. Имав желба да бидеме, ете така, сами: татко ми, Ели и јас – и мајка ми на сликата.

– Марина, татко ми изгледа ќе се ожени со учителката Вера, – и реков еден ден на Марина на големиот одмор, чувствувајќи дека барем некому морам да му се доверам. Таа, сепак, најдобро ќе ме разбере.

– Знам, – ми рече Марина, – и тоа не ме изненади, зашто ми се чинеше дека речиси сите во училиштето знаат, а и сите комшии.

– Просто не знам што да правам, – реков, правејќи се дека не сум толку револтирана. Марина извесно време молчеше, како да не знаеше што да ми рече. Само по светликавите искри во нејзините зелени очи се гледаше дека ќе го продолжиме разговорот.

– Ти, сепак, си многу среќна, – рече таа. – Вера е многу добар човек, барем мене така ми се чини.

Потоа Марина веднаш ја смени темата на разговорот, а јас знаев дека и е многу тешко да зборува за тоа што јас почнав. Брзо потоа се приклучи кон други девојчиња, напуштајќи ме мене.

Можеби Марина беше во право, што се однесува на Вера. Но јас не сакав да го примам тоа како нешто олеснувачко во целата таа положба.

Марина и натаму живееше само со својата баба. Татко ибеше толку многу зафатен со работа, што таа речиси не го видуваше ниту еднаш неделно, и тоа ако отидеше кај нив. Можеби затоа Марина стануваше не само пркосна, инаетлива, туку и во некои моменти зла. Како да сакаше да им се одмаздува на другите за својата несреќа. Им пркосеше и на наставниците – не сакаше да одговара кога ќе ја прашаа, се држеше недисциплинирано. Јас во разговорите ја опоменував дека не е добро тоа што го прави, но не можев да влијаам на неа. Дали понатаму ќе се измени, не знаев. Кој можеше нешто да стори за да се пополни таа празнина во нејзиниот живот? Дури на моменти ми се чинеше дека, ако и татко и сосем го немаше, ќе и беше полесно. Вака беше присутен толку малку, толку формално.

Кога јас ќе зборував за тоа, таа гледаше да го избегне разговорот и ми се чинеше дека, ако бидам упорна, ќе се отуѓи и од мене. Така нашите интимни разговори станаа сосема ретки.

Не знаев како да ипомогнам. Тоа понатаму ќе биде уште помалку можно, зашто веројатно и јас ќе дојдам во слична положба, така што можеби мене ќе треба некој да ме растоварува.

Регистрацијата на бракот меѓу Вера и татко ми помина за сите други речиси незабележано, без церемонии. Тогаш, во тој ден, на ручекот, за првпат ги видов мајка и и татко и, братот, снаата и двете нивни машки деца. Тие сега, како што ни објасни нашиот татко, мене и на Ели ни се многу блиски роднини.

Долго не сакав да седнам на масата каде што се ручаше по повод веселбата, иако во кујната неколкупати ме искара тетка Рајна. Можеби поради тоа што таа не можеше да ја скрие радоста што најпосле се оствари овој брак за кој таа, очигледно, имаше големи заслуги. Тој ден и нејзе не ја сакав како порано.

Каде да одам од оваа куќа? Таа веќе не ми беше онаа нашата, поранешната... на тато, на Ели и моја, и на мама, макар од сликата... Имав чувство дека сите овие луѓе што ручаа кај масата ни ја одземаат некако, на некаков скриен подмолен начин, а јас сум беспомошна тоа да го спречам, бидејќи татко ми, мојот татко, им го беше дозволил тоа, тој им ја отвори вратата.

Голтав од тоа свадбено јадење на масата со чувство како да сум прибрана на туѓа трпеза, со други луѓе, туѓи луѓе. Мојата чинија докрај остана полна, но татко ми беше толку зафатен со тоа да ги нахрани и напие гостите, што одвај ме забележуваше мене, и тоа дали јадам или не, и како се чувствувам. Колку напор ми требаше да ги задржам солзите што повеќепати ми надојдуваа.

– Да сте живи, да сте среќни, – често наздравуваа роднините, кревајќи ги чашите со вино. Најшумни беа кумовите и нивните жени, чии пискотливи гласови ми ги параа ушите и ми се забодуваа во срцето. Колку повеќе се пиеше, стануваше се повесело. Со страв гледав во гостите, очекувајќи секој момент да запеат.

Постарата жена, со бели коси и очила со темни рамки, облечена во темно-син костим, одвреме навреме погледнуваше де во мене де во Ели, со некој нерадосен поглед. Тоа беше мајка и на Вера. Ми се чинеше дека таа воопшто не е радосна, како да не го одобруваше сето ова овде што денес се случува. Татко и, некој мирен, опаднат човек, вистински старец, во црна свечена облека и сосема ќелав, веќе се беше напил и можеби поради тоа постојано му течеа солзи од очите, мали, збрчкани, закрвавени.

Постариот кум запеа некако тивко, несмело, како да прави нешто недозволено. Другите се погледнаа нерешително. Некои гледаа во татко ми, дали од неговиот поглед ќе прочитаат треба или не треба да се запее, запеа и брат ина Вера, но сето тоа некакво пеење брзо зативна. Не можеше песната да тргне, како само по себе да се разбираше...

Јас не побегнав, но гледав неосетно, незабележано да се извлечам.

Во нашата куќа, во сите овие години, никој не беше запеал.

Штом се најдов во претсобјето, солзите сами по себе ми течеа.

Не бев ни забележала дека веднаш по мене излегле двете машки деца од братот на Вера и со чудење и нејасно за нив сочувство гледаа во мене. Јас брзо ги забришав солзите. Не сакав тие да ме видат да плачам и во тој момент ме исполни некаков пркос.

Веднаш ги избришав солзите. Ги оставив зачудени во претсобјето и истрчав на улица. Каде? Кај Марина.

– Те чекав, – ме пресретна Марина.

Јас молчев. Се чудев каде да ги скријам зацрвените очи од плачење.

– Гостите уште се кај вас? – ме праша Марина.

– Уште, – реков, не можејќи да го скријам непријателското чувство. Мислев дека и татко ми нема веќе никогаш да можам да го сакам онака како порано. Тој веќе сега како да им припаѓаше ним, на тие нови луѓе таму.

Марина се обиде да ме одвлече на други теми на разговор, но не одеше. Таа беше толку искрена, што вакво нешто вештачко не и успеваше. Баба и не почести со некакви слатки, што редовно ги правеше. Поседов малку и пак си отидов дома, сфаќајќи дека никој не може да ми ја намали болката, ни Марина.

Вечерта, кога татко ми и Вера се повлекоа во спалната, ми се чинеше како уште еднаш повторно да ја загубив мама и неутешно плачев, напрегајќи ги очите во темнината да ја гледам нејзината слика. Мајко, зошто сето ова со тебе, со нас и со тато мораше вака да биде? Колку ни беше убаво во нашиот стар стан со тебе и со сето она што ти го правеше за нас. Колку бевме сите казнети, а не знаевме зошто... Можеби најмалку за нашата несреќа е виновна оваа жена, што доаѓа тука да живее со нас.

Ќе ни олесни ли таа во сето тоа, или ќе додаде тежина? Сакав да ја симнам сликата од ѕидот, да ја бакнувам, да ја молам за прошка за сето она што почнува како поинаков живот од утре.

Веднаш утредента не знаев како сега да исе обраќам на Вера, како да ја викам, и затоа се обидов тоа да го избегнувам.

Никогаш не сум била толку неспретна како во тие први денови:

сенешто ќе скршев, немаше да направам како што треба и поради тоа уште повеќе се нервирав и станував се полоша.

Наскоро потоа се донесоа некои нови предмети од Вера и постепено во куќата сестануваше наредено по нејзиниот вкус.

Сите тие нови предмети ме притеснуваа, ми беа туѓи... Дури и тоа што бев свесна дека е подобро и поубаво, не сакав како такво да го примам.

По неколку дена, кога седнавме да појадуваме, Ели праша:

– Тета Вера засекогаш ќе биде наша?

– Засекогаш, – рече Вера, без да дочека некој друг да одговори и ја прегрна Ели. Ели беше многу среќна. Кутрата Ели, кој знае колкава потреба чувствуваше да се приближи кон некоја жена што ќе и биде мајка, зашто мајка немаше, а јас, секако, многу малку можев да застанам на тоа место. Нека биде само Ели среќна и Вера нека биде со неа.

Тоа што бев ослободена од многу од моите поранешни обврски, и што отпрвин ми беше многу тешко, постепено почнав да го чувствувам како пријатна околност. Имав повеќе време за учење, читање други книги, па и играње, на кое речиси бев заборавила. Пак почнав да се навикнувам да седнувам на поставена маса, со подготвен од друг ручек, да јадам со измиени од друг садови, на испрано и испеглано.

Ако се зафатев со некоја од домашните работи, веднаш ќе чуев од Вера:

– Тина, напиши си ги и научи си ги првин уроците... Тина, ја прочита ли книгата што ти ја донесов вчера?... Тина, оди малку поиграј си, ако си готова со учењето, или, едноставно, прошетај.

На почетокот чувствував непријатност таа, учителката, тукушто дојдената жена во нашиот дом да ги врши за мене работите на кои толку долго време бев навикнала, па и некаков пркос не ме оставаше тоа да и го дозволам. Но таа секојдневно упорно настојуваше да ме ослободи од сите тие обврски, за кои веројатно сметаше дека е прерано да ги носам на себе, и успеа во тоа. Иако и натаму редовно одеше на училиште и со успех го водеше својот клас, дома се беше навреме завршено и во ред.

Дури и татко ми сега сосема ретко помагаше во домашните работи, на што таа го навикнуваше.

Навечер, наведната над книгите, понекогаш се загледував во нејзините пргави раце, кои сесо успех завршуваа и неосетно чувствував како ми стануваа драги тие нејзини раце, зашто во куќата се убаво доаѓаше од нив.

Ели како да беше најсреќна од сите. Никој не можеше да каже од кој момент и дали некој ја научи, но секој трет, четврт збор во нејзината уста беше мама Вера. Тоа на почетокот ми пречеше, но сфаќав дека не само што е неминовно, но и сосема разбирливо кога Вера за Ели, па и за сите нас, од првиот ден не беше ништо друго туку мајка, која пак ја врати топлината и угодноста на нашиот дом, ни помогна да се чувствуваме побезбедни, под закрила.

За Ели денот почнуваше со песнички, што како да извираа од устата на Вера, со топол појадок, со безброј сликовници и книшки. На Вера часовите, главно, и беа попладне, така што Ели никогаш не остануваше без тато или Вера. За мене со Ели обврските беа сосема мали: ако сакам да ја прошетам, кога немам за учење, ако сакам да и раскажам приказна, или да и прочитам од книшките.

По извесно време забележав дека и татко ми навечер чита некои книги.

– Што читаш, тато? – го прашав една вечер.

– И јас се запишав на школо, – рече татко ми и се насмевна. – И јас сум ученик.

– На какво школо? – уште повеќе се заинтересирав.

– На факултет, – ми рече, дури како да се фали.

Тоа колку многу и мене ме израдува, целата вечер бев возбудена. На сите им е многу важно да се фалат пред другарчињата со тоа што работат татковците и мајките и какво училиште завршиле.

Првите денови на училиште, откако Вера ми стана мајка, се чувствував многу непријатно. Сите девојчиња, ако нешто си шепотеа некаде во групи, ми се чинеше дека сеза тоа зборуваат.

На одморите избегнував да излегувам во дворот, плашејќи се да не се сретнеме со Вера. Сега уште потешко ми беше тоа.

– Навистина учителката Вера ти е мајка? – ме прашаа девојчињата еден ден, наскоро потоа, заобиколувајќи ме во дворот.

– Маќеа, не мајка, – чув како прошепоти Лидија, едно кадраво црвенокосо девојче од другиот клас, што се криеше зад нив и сите како да се збунија и поцрвенеа поради тоа.

– Баш сте досадни, – рече Марина, која се створуваше секаде каде што ми беше најпотребна, и ме повлече на другиот крај од ходникот.

– Глупави, – додаде таа потсмешливо и веднаш поведовме друг разговор.

Маќеа – уште еднаш колку грубо ми прозвучи, иако кажано со шепот, како нешто навредливо, и во тој момент такво нарекување воопшто не можев да го поврзам со неа, нашата нова мајка, со Вера. Чувствував дека таа не заслужува така да се нарекува, барем сега не. Ако не ме повлечеше Марина, не знам што ќе им речев на другарките, не знам што ќе им одговорев, но чувствував дека имам потреба да ја заштитам Вера, мислев дека беше неправилно обвинета.

Кога останавме сами, Марина пак се врати на тоа и рече:

– Те жалам понекогаш што немаш баба како мене.

Знаев што сакаше со тоа да ми каже. Па јас јаимав тетка Рајна, и секој ден кога таа не доаѓаше јас одев кај неа... но не беше во тоа работата. Сакала или не јас тоа да го признаам, во нашата куќа стануваше се попријатно. Секој збор кажан на мене, или на Ели, или на тато, од Вера беше топол, човечки, изразуваше некаква грижа, желба да се излезе во пресрет, да се помогне, да се направи добро. И јас имав можности се помалку да се борам со секојдневно поголемата моја приврзаност кон Вера.

Сето тоа, се разбира, не сакав да и го кажувам на Марина, зашто споредбата со нејзината втора мајка можеби уште повеќе ќе и го загорчеше чувството на очаеност, што се повеќе ја обземаше. Најчесто премолчував на директните прашања или ги извртував работите.

Истовремено, со тоа мое приближување кон Вера во душата ми се спротивставуваше друго чувство, една друга мисла, што како црв ме разјадуваше, не ме оставаше на спокојство. Со тоа што ја засакував Вера, таа ми стануваше сепоблиска, дали и јас не станував предавник, не ја изневерував љубовта кон мојата мртва мајка. Не дозволувам ли постепено друг да застане на нејзиното место во мојот живот и во мојата душа? Таа мисла ужасно ме нагризуваше и немаше кој да ми помогне да се ослободам од неа, најмалку моите неми разговори со нејзината неподвижна слика на ѕидот. Можеби требаше докрај да останам упорна во својот отпор кон Вера и да не и дозволам на таа туѓа жена да заземе такво место во нашиот живот со Ели, а татко ми како сака нека постапува. Но сфаќав дека таа борба не ќе водеше кон ништо, зашто од другата страна не само што немав противник, туку неуморен сојузник.

Татко ми изгледаше сосема задоволен од нашето поврзување и зближување со Вера. Тој тука најмногу посредуваше, но веројатно и не гледаше потреба за тоа.

Едно претпладне, кога Вера и Ели беа излегле в град да купат нешто од продавниците, ја здогледав како влегува во дворот помалата сестра на мајка ми, мојата тетка. Се зачудив од каде сега таа, бидејќи повеќе месеци ја немав видено. Имаше на себе темно сив мантил и мала патна торба. живееше во друг град и поради своите обврски многу ретко наминуваше и кога мама беше жива. Одеднаш се почувствував збунета, неподготвена да икажам што било, да и кажам што се случуваше во ова време откако не се имавме видено.

Само што влезе на вратата почна на глас да плаче, да реди, како тогаш некој да беше умрел.

– Кутрата Нада, за кого се мачела, на кого деца оставила, подобро и нив, сестро, со тебе да си ги земеше. Стани, сестро, момчето друга невеста ти донело, стани да видиш. Кој ли тебе ми те гледа дека во црна земја гниеш, слатка сестро. Не дочека момчето твое од жал по тебе барем три години да поминат.

Златни деца на туѓа рака оставени, зар маќеата мајка ќе биде, огин да ја изгори...

Јас стоев скаменета, потресена и со страв погледнував кон улицата, да не дојдат Ели и Вера.