Front Matter - Part 03
– Зошто де, од мукает, а и татко ти е зафатен. За друга работа не ми требаат, туку еве вака, за плетење, или нешто ако потшивам.
Некој потропа на вратата. Јас помислив дека е татко ми и истрчав да го пресретнам.
– О, Христина, – сосем природно се изненади жената и ме прегрна.
– Дојди, Вера, – ја повика тетка Рајна. – Од работа ли доаѓаш? – Тетка Рајна ги остави очилата и плетењето. – Многу доцна ве пуштаат, – рече таа. Изгледаше како да не ја очекувала.
– Доцна, работиме во две смени. Подобро ми беше порано во училиштето, можеби пак ќе се вратам, разговарав со директорот. Се надева дека ќе се отвори работно место за наставник во второто полугодие.
– Да работи како наставник за жена е најдобро, – рече тетка Рајна. – жените најдобро ги разбираат децата.
Тетка Рајна изнесе на масата јаболка да не послужи. Вера ни излупи од јаболката и ни подаде на Ели и мене. Ели брзо се намести во скутот. Таа беше многу питома. Речиси со секого брзо се спријателуваше.
Некако инстинктивно сакав Вера да си оди порано; потс весно мислев на тоа дека наскоро татко ми ќе дојде и дека пак ќе се сретне со оваа жена овде, ако сето тоа однапред не е така здоговорено.
Во меѓувреме Ели се беше ослободила од скутот на Вера и, без да сака, ја преврте нејзината чанта.
Тоа ми беше многу незгодно и грубо свикав по Ели, но Вера ја заштити, привлекувајѓи ја до себе. Откако ја прибра и ја затвори чантата, Вера ни покажа две книги за деца што биле во неа.
Изгледа дека таа работеше токму каде што се печатеа тие книги. Тогаш, од каде може да го познава тато, кој работеше во фабриката за изработка на цигари? Сето тоа ми беше нејасно и ме измачуваше, а поголемите не ми помагаа да разберам нешто повеќе.
Вера почна да и чита на Ели од книшката и да и објаснува и јас по тоа разбрав дека нема намера скоро да си оди. Од друга страна, пак, ме интересираше како ќе изгледа таа нова средба меѓу татко ми и Вера и дали тоа има некаква врска со разговорот на тетка Рајна и татко ми, што не сакајќи го слушав вечерта. – Тато се уште го нема, – реков смислено и незабележано гледав во Вера.
Таа не се изненади дека го очекувавме и татко ми да дојде тука.
Значи, сепак, има нешто договорено. А и Вера ми изгледаше доста дотерана за да доаѓа навистина од работа. Носеше на себе многу свечен зелен фустан, со бели манжетни и бела јака, црни лаковани чевли и црна чанта, а и косата и беше посебно убаво направена, црна, со убав сјај.
– Христина, дојди некогаш кај мене, само да знаеш колку многу книги за деца имам, и тоа какви убави.
Сакав да и речам дека не знам каде живее, но секако беше многу лесно да најдам каде живее, ќе ми каже тетка Рајна.
Одеднаш ми дојде на памет дека таа може да е и мажена и да има деца... Тогаш сите мои глупави измислици ќе бидат смешни. А и не верував дека на тие години не е мажена.
Кога ги слушнав чекорите на татко ми, бев некако поинаку од друг пат возбудена.
– Добро вечер, – рече тој и и подаде рака на Вера. Јас ни за момент не ги испуштав од очите ни неговото ни нејзиното лице.
Вера многу воздржано, речиси срамежливо, само двапати погледна во него. Тој веднаш ја зеде Ели в раце, а таа го изгушка по обичајот, како секогаш кога си доаѓаше од работа.
Никој ништо не зборуваше извесно време.
– Тато, ќе си одиме ли? – реков јас, не можејќи да го скријам нетрпението што побрзо да си тргнеме кон дома.
– Кај брзаш? – рече тетка Рајна и ми замавна со главата да седнам.
Јас послушно седнав и не реков веќе ништо за одење. Ели пак се беше сместила во скутот на Вера и се обидуваше сама да ги врти страниците на книгата, што ја привлекуваше со шарените сликички. И тоа толкаво зближување на Ели со Вера како да ми пречеше. Посакав веднаш да сме дома, да суредуваме со татко ми, да приготвуваме ручек за утредента, потоа да наместиме убаво за вечера, да вечераме, па да ги наместиме креветите за спиење. И одеднаш, кога така размислував, сфатив дека кутриот мој добар татко воопшто немаше време да се одмори, ниту некаде да излезе.
Кога се вслушав во разговорот меѓу татко ми и Вера, чув како тој и раскажуваше за конференцијата на која бил вечерва, за тоа што зборувале таму. Вера го слушаше внимателно и дури со некакво почитување. Тоа мене ми годеше, а и зошто не, и татко ми имаше завршено економско училиште и работеше некаква важна работа во фабриката.
Вера стана да си оди, а мене веднаш како да ми се олесни, но и татко ми стана да ја испрати. Штом тие излегоа Ели заплака, не знаејќи зошто. Веројатно најмногу поради тоа што тато излезе без да не земе и нас. Од тоа нејзино плачење и од тоа збркано што го чувствував јас во душата, ми се чинеше дека и јас брзо ќе заплачам.
Тогаш тетка Рајна извади пита што ја беше ставила да се пристопли во рерната од шпоретот, а што беше ја месила преку дента, и ни подаде. Ели веднаш зеде да јаде од питата, очигледно била гладна. Мене уста не ми се отвораше. Не сега.
Никогаш не сум била толку лоша, озлобена, како во тој момент.
Додека се врати татко ми, ми се стори цела вечност. Што има тој неа да ја испраќа! Таа не му е толку позната, ни пријателка.
Дури сметав дека тоа не е згодно и дека таа не требаше на тоа да се согласи. А и доста се задржа. Нели таа живеела сосем блиску? Ми доаѓаше просто да истрчам на улицата, но знаев дека тоа би било навистина неубаво.
Тетка Рајна за целото тоа време се обидуваше да ме зазборува за нешто друго, да ми го одвлече вниманието, но гледаше дека не и успева, па и таа замолче. Уште еднаш се обиде да ме натера да земам од питата, но јас упорно одбивав.
Кога татко ми се врати, ми се чинеше дека ќе му биде незгодно да ме гледа в очи и поради тоа и јас избегнував да го погледнам.
Тетка Рајна, секако, намерно излезе во другата соба и брзо потоа го викна и татко ми таму. Сигурно требаше да си кажат нешто насамо, па не можеа од нас. Јас бев зативнала како да се решаваше судбината на Ели и мојата.
Стигнавме дома. Немав волја како другите вечери да му помагам на татко ми и се што правев правев со сила.
– Христина, ти како да си многу уморна вечерва, – ми рече татко ми со благ глас откако вечеравме, – легни си.
– Не тато, не сум, – реков, иако не знам што се би дала сега веднаш да можев да се покријам под јорганот, таму да го скријам лицето. Што ќе биде со мене и со Ели ако тој, татко ми, се реши да доведе друга мајка? Тоа ќе биде голема несреќа.
Зарем друга жена наместо мама! Ми се чинеше дека тој, мојот татко, не би бил во состојба да направи такво нешто. Го губев тогаш и него, таков каков што го имав во душата.
Во следните денови се случуваше тетка Рајна да седи навечер со нас подоцна. Татко ми имал работа во фабриката. Во тоа не верував. Како токму сега излегуваа тие негови работи?
Понекогаш дури ми доаѓаше да ја избркам тетка Рајна. За сето ова со татко ми, ми се чинеше дека таа е виновна.
Ниту една од промените што се случуваа во последно време со него не можеа да ми избегаат од очите. Си соси нови алишта.
Целото време по земјотресот одеше со едно сиво палто и уште потемни панталони, кои од долгото носење веќе не беа воопшто добри. Си купи повеќе нови кошули и убави чевли. Но, повеќе од се ме збунуваше промената на изразот на неговото лице, кој ни најмалку не личеше на оној поранешниот. Поведар, поотворен, а мене се повеќе ми се стегаше душата. Дали веќе не ја жалаше како порано мама? Можеби сето тоа беше неправедно обвинување што се раѓаше само во мојата душа, не знаев.
Во некои моменти се прекорував себеси што се мешав во работите на големите, зашто, секако, не е правилно децата да им судат на родителите, но тоа не ја намалуваше мојата болка.
Татко ми сигурно ги насетува моите мисли и ја чувствува мојата осуда, штом ниту со еден збор ништо не ми кажа што зборуваат потајно со тетка Рајна. Се криеја од мене. Пак и завидував на Ели што ништо не разбираше.
Тукушто почна второто полугодие. Излегувајќи на одмор, во ходникот на училиштето ја здогледав Вера. И тоа со дневник во рацете. Токму така. Како и сите други наставници. Не можев да си поверувам на очите. Зарем ќе биде наставник, и тоа во нашето училиште? Сакав да ја избегнам средбата со неа, но изгледа дека тоа беше неможно. Се свртев кон другата страна од дворот, како да барам некого, и одеднаш по инстинкт го сетив приближувањето на нејзините стапки. Таа ми ја префрли раката преку рамото. Јас се почувствував непријатно, најмногу поради другите деца.
– Христина, како што гледаш, и јас сум веќе тука, во вашето училиште на работа, ако ти е потребно нешто ти само кажи ми.
Сакав веднаш да и речам дека од неа не ми е ништо потребно, но, се разбира, премолчев.
– Редакторската работа ми одзема многу време. Овде ќе бидам послободна. Јас отсекогаш многу сакав да бидам наставник, ова е моја стара професија.
Што има сето тоа мене да ми го кажува – си помислив. Колку повеќе сакав да избегам од оваа жена, толку таа ми се приближуваше.
– На кој клас ќе предавате? – сепак не можев да се воздржам да не прашам.
– Засега на првите, – рече таа и благо се насмевна со големите црни добри очи.
Заѕвони. Се оттргнав од нејзината рака што ме беше прегрнала и потрчав во класот. Ми беше незгодно да погледнам во кого било од соучениците, за кои претпоставив дека ме виделе со новата учителка прегрната.
– Од каде ја познаваш новата учителка? – ме праша прва Марина.
Што да и одговорам?
– Живее кај една моја роднина наблизу, – брзо и реков, со груб глас, за да разбере дека не сум расположена за натамошно распрашување.
Од тоа што го предаваше наставничката на часот, ништо не слушав.
Дали и ова што Вера се префрли во моето училиште не беше смислено? А можеби е сосема случајно, бидејќи тука, во овој крај живее. Среќа што баш мене нема да ми предава. А зошто пак среќа?
Се колебав дали да му кажам на татко ми веднаш за тоа, ако тој однапред не знае. Секако му кажала.
– Тато, знаеш ли дека Вера што живее кај тетка Рајна наблизу, е учителка во нашето училиште?
Како што очекував, тој знаеше. Јас немав веќе што да го прашам. Значи, тој е во постојана врска со неа, освен ако за тоа не му кажала тетка Рајна.
Во сите тие денови на училиште постојано избегнував да излегувам на одморите, за да не се сретнам со Вера. На моменти си мислев дека тоа не е убаво од мене и дека можеби жената е многу добра и не заслужува јас да ја избегнувам.
Во други денови во мене се побудуваше љубопитство да разберам каква учителка е и како се однесува кон децата, но не можев многу да разберам од првачињата, тие беа сосема малечки.
Но нејзиното присуство во училиштето се почувствува на друг начин. Замрените секции од слободните активности – драмската, рецитаторската, литературната, брзо оживеаја.
Започнаа големи подготовки за празникот на училиштето што наближуваше. Речиси на сите одмори околу Вера се собираа купчиња деца и ја распрашуваа за најразлини работи.
Некаков чуден пркос не ме оставаше да и се приближам и јас тоа не го сторив ниту еднаш. Но таа бе ше упорна. Колку и да бев далеку, не пропушташе да ме довика и да ме праша што било. Забележував дека по тие сретнувања со мене како нешто да ја онерасположуваше, дури како да ја натажуваше. Или, само така јас си мислев. Тоа беше некаква моја пасивна борба, не и дозволував да стане многу блиска со мене.
Учествував во драмската секција уште од второ одделение и не можев да не одам на тие проби, и покрај целиот отпор што го чувствував кон неа.
Од врата, кога ќе влезев во училницата каде што вежбавме, не можев да не ја забележам искрената широка насмевка на лицето на Вера, со која ги освојуваше сите деца, речиси без исклучок, како и со топлиот спокоен глас, со срдечноста, со присноста, со топлината во очите. Толку децата ја засакуваа што имаа потреба и физички да се допрат до неа. Таа трпеливо ни ги објаснуваше улогите, ни ги оживуваше ликовите што требаше да ги претставуваме, ни покажуваше како треба да го изговориме секој збор.
По тие часови почнав да откривам и нови чувства кон таа жена, и покрај свесниот отпор што ме држеше на раздалеченост од неа. Станував се поприврзана кон неа, иако правев големи напори тоа да го скријам и од неа и од самата себеси.
Еден ден, кога се вратив од училиште и дома ја најдов тетка Рајна, почувствував дека веќе не можам да го кријам тоа што ме измачува и ја прашав:
– Тетко Рајно, учителката Вера мажена ли е?
Тетка Рајна погледна во мене малку збунето и рече дека не е мажена.
– А со кого живее?
– Со мајка и и татко и...
Сакав да речам како досега да не се омажи, но сфатив дека така не треба да се зборува и замолчев.
– Ја видуваш ли на школо? – праша веднаш потоа тетка Рајна, и без да дочека одговор продолжи, – колку е добра, колку е добра...
Не реков ништо, само влегов во другата соба каде што ги приготвував уроците. Се наближуваше денот на приредбата и сакав да си ја повторам улогата. Пак мислев на Вера, иако сакав да се ослободам од неа. Учењето некако не ми одеше. Затоа го допрев лицето на стаклото на прозорецот и гледав на улица.
Имаше многу деца што си доаѓаа од училиште, бидејќи беше завршил и шестиот час.
Прегрната, заобиколена со деца од двете страни, поминуваше по улицата и учителката Вера. Се скрив зад пердето, но зад него сепак ја гледав. Кога минуваше токму пред нашата куќа, таа се сврте кон нас и поздрви насмевнато. Се зачудив, бидејќи бев сигурна дека не можеше да ме види зад пердето и влегов во другата соба. На отворениот прозорец стоеше татко ми.
Излегов веднаш.
Утрото, кога тој замина на работа, влегов во неговата соба и брзо ја барав сликата на мама со очите. Не знам зошто ми се чинеше во последно време дека еден ден нема да ја најдам таму таа слика и се повеќе имав желба да ја преместам во собата каде што спиевме Ели и јас. Се разбира, не се осмелував тоа да го направам без да го прашам татко ми, но и за да го прашам немав доволно сили.
На денот на приредбата сите бевме во нова облека. Дури и лицата ни беа празнични. Во последните два дена само за тоа се зборуваше: мене мајка ми ми купи ново фустанче, мене мајка ми ми шие, мене мајка ми ми плете, мајка ми, мајка ми...
Колкупати сакав да избегам од класот, само да не го слушам тоа толку чисто, толку топло, толку искрено сакано – мајка ми. Во ниеден момент тие мои добри, толку искрени другарки, носени од радостите на животот, не можеа да се досетат каква болка за мене крие тој еден збор, колку ми ја изгорува душата. Јас за тоа не им се лутев. И јас, секако, бев иста таква, како нив, пред ужасната катастрофа што не стигна. Ниту еднаш не помислив дека може да има некој што не е радосен како мене, што не е безгрижен.
Тато и тетка Рајна и мене се ми беа приготвиле, но јас за тоа никому ниту еднаш не реков во класот...
Кога почнаа да доаѓаат родителите во салата закитена со знамиња и цвеќиња, возбудата уште повеќе порасна. Постојано, со секој нов што ќе влезеше во салата, го очекував татко ми.
Може ли тој да не дојде? Зарем да нема никој свој во салата, блиски очи што ќе те храбрат кога ќе се јавиш на бината, што ќе се израдуваат повеќе од очите на сите присутни кога ти ќе излезеш, кога ти ќе рецитираш... Истовремено, нешто друго ми пречеше да го сакам тоа присуство на татко ми во салата – Вера ги пречекуваше сите гости уште од вратата. Ми се чинеше дека, кога татко ми ќе влезе во салата и ќе се сретне со учителката Вера, сите присутни ќе знаат дека тој, татко ми, не е пречекан од учителката Вера како и сите други, туку некако поинаку...
Салата беше речиси полна. Ние наѕиравме од само малку подотворената врата од каде што требаше да настапуваме, да излегуваме на бината. Се уште татко ми не бев го открила меѓу гостите. Често го запирав погледот на учителката Вера и ми се чинеше дека и таа е нерасположена што го нема татко ми. Ја немаше нејзината веселост, што постојано и го прекриваше лицето и и ги осветлуваше очите. Таа беше облечена во светло син фустан, а косата како позлатена и светкаше на сонцето.
Приредбата ја отвори директорот. Тој беше висок слаб човек, со малку коса на главата и некакви необични очила што често му беа паднати на носот. Инаку, зборуваше убаво, така што беше вистинско задоволство да го слушаш.
Потоа учителката Вера не поведе на импровизираната бина да ги исполниме хорските песни. Бид ејќи бев во вториот ред, се поткренав на прсти за да видам дали дојде татко ми. Сега веќе нека дојде. Дали пеевме добро, не сум сосем сигурна, бидејќи некаде кон средината на песната го здогледав татко ми како тивко влегува во салата и седнува во првите редови. Учителката Вера како да го проследи мојот поглед, го виде и таа.
Почувствував дека во истиот момент стана повесела.
Рецитацијата, а и улогата од едночинката, сакав да ја кажам најдобро од сите – поради татко ми. Кога рецитирав, неколкупати ни се сретнаа погледите. Имаше во тој негов поглед и морална поткрепа, и заштита, и радост, и гордост... и пак во таа сала во која речиси половина од присутните беа мајки, ја барав, ми недостигаше мама... Очите ми беа полни со солзи, одвај издржав до крај. Само што почна аплаузот, истрчав надвор од бината, побегнав. Вера ме пречека во прегратка. Ми се стори во тој момент дека таа жена знае се... и за солзите и за празнината... и за првпат и дозволив да ме прегрне. Таа прегратка ја чувствував, навистина срдечно, искрено, но брзо потоа се извлеков од нејзините раце и истрчав на улица, а во ушите како некои други гласови да ми долетуваа однадвор – мамо, мамо...
Кога се вратив во училиштето, приредбата завршуваше.
Честитки од сите на сите нас, честитки за Вера, честитки и цвеќиња. Никој не може да оспори дека таа беше главен организатор на сета оваа програма и многу детски искрени топли погледи на учениците беа упатени кон Вера.
– Учителке, нели беше многу добро, учителке, и друг пат така да организираме, – викаа насобраните околу неа деца, а некои не ја испуштаа нејзината рака.
– Секако, деца, секако, ученици, – се слушаше повремено нејзиниот срдечен глас, во кој се чувствуваше насмевката од лицето и без да гледам во неа.
Како што однапред верував, и татко ми стана да и честита. Не сакав да погледнам за целото тоа време во него, за да не видам како гледа во учителката Вера. Кога тој и ја стегна раката, што мене ми се гледаше посебно, не како и другите, брзо тргнав кон излезната врата на салата, уверена дека татко ми ќе ја почека учителката и дека заедно ќе тргнат кон дома. Другите деца веќе се беа придружиле кон своите мајки и татковци и во весел разговор и честитање ја напуштаа искитената сала.
– Христина, – ме изненади гласот на татко ми, во истиот тој момент кога ми се чинеше дека тој најмалку е преокупиран со мене. Тој веднаш ме стигна и ми ја префрли раката преку рамото, ме загрна топло и ние тргнавме накај дома. Не знам зошто ми се чинеше дека Вера му рече така да постапи, но и покрај тоа имав желба да го прегрнам тука пред сите и да му се исплачам на рамото. Гордо чекорев крај него и имав чувство дека мојот татко е најдобар и најубав од сите.
Тетка Рајна не пречека со поставена маса за ручек. Денес и ручекот мораше да биде посвечен и побогат.
Додека си ги миеше рацете, татко ми ме фалеше пред тетка Рајна и Ели, а и целата приредба.
Ели брбореше дека, кога и таа ќе биде голема, ќе кажува на приредба.
– Јас поубаво ќе кажувам, нели тето Рајно?
– Поубаво, ами како, – повеќе механички одговараше тетка Рајна и ја галеше по косата.
Погледнав низ прозорецот, зашто слушнав чекори по патеката.
Учителката Вера, со огромен букет цвеќиња во рацете, доаѓаше.
Татко ми веднаш се најде крај вратата и отвори.
Бешеочигледно, поради неговата збунетост, дека не ја очекуваше.
Вера, целата зацрвенета во лицето, му го подаде букетот на татко ми и рече:
– Толку многу цвеќиња има, што не можам да ги однесам до дома. А и Христина, навистина, ги заслужи, рецитираше и глумеше многу добро.
Јас гледав срамежливо кон земјата. Татко ми и тетка Рајна речиси ја внесоа за раце, внатре во собата. Веднаш се постави чинија и за неа. Таа, иако одбиваше, и навистина се чувствуваше дека не и е пријатно, седна да руча со нас.
Знаев дека за кого било од учениците би била преголема радост учителката Вера да биде денес нивна гостинка... Зошто јас не можев така да чувствувам?
– Догодина Ели ќе ја запишеме во забавиште, – рече Вера откако завршивме со ручекот, па ја погали по косата.
Ели светеше од радост. Таа постојано беше нетрпелива – кога ќе тргне на училиште.
Штом го испија кафето, Вера стана и се ракува со сите по ред.
Татко ми тргна да ја испрати. Како и оној ден кога бевме кај тетка Рајна, ми се чинеше дека таа, Вера, неосетно ми го одзема татко ми, а јас не можам да ја спречам во тоа.
– Ако имаат к’смет децата... – ја чув како шепоти тетка Рајна, без да мисли дека јас ќе слушнам. Се сетив дека мисли на тоа татко ми и учителката Вера да се земат, да стапат во брак.
Каков е тој “к’смет” и како не можеше да ме разбере таа наша тетка, што донекаде не исчувала, не сфаќав.
Влегов во мојата соба и ја најдов книгата на која беше сликата на мајка ми, заедно со сликите на другите загинати во земјотресот и не знам по кој пат си плачев со неа на градите...
мајко, мајчице моја, кој може тоа друг да ми биде...
Кога татко ми се врати, лежев на креветот и сакав да мисли дека спијам. Но, тој го запали светлото и ме праша дали вечеравме со Ели.
– Вечеравме, – реков, иако ја нахранив само Ели, а јас не вкусив ни залаче леб.
Тој седна на мојот кревет и јас знаев дека сака нешто да ми каже.
Седеше и молчеше. Долго молчеше.
Знаев и што сака да ми каже, и затоа му беше тешко. Колку сакав вечерва да не биде тој толку мачен разговор, но сфаќав дека во крајна линија е сеедно.
– Христина, ти не си веќе мала, – ми рече, – дури си поголема отколку што ти се годините. Знам колку ти е тешко без мајка, тебе потешко отколку на Ели, токму дека си поголема. Ти, исто така, знаеш дека и јас страшно сето тоа го преживеав. Но тоа веќе не може да се измени... Долго не ќе можеме сами, без друга мајка.
Самиот збор друга мајка ми изгледаше неприемлив. Може ли да биде друг мајка, освен тој што те родил?
Маќеа сакаш татко да ни донесеш, сакав јас така грубо да му речам, но во тој момент ми излезе пред очи ликот на учителката Вера и не знам зошто тоа “маќеа” не можев да го поврзам со неа. За маќеа мислев дека е потребна некоја друга жена, сосема поинаква. Од друга страна, мислев дека Вера самата никогаш не би се согласила да биде маќеа. Некаков страв ме исполнуваше, помислувајќи на маќеата што изгледа дека секако ќе мораме да ја примиме ние со Ели, штом татко ми се решил на тоа. Немаме каде да избегаме.
– Ти Христина, гледаш, – продолжи татко ми, – јас сум по цел ден на работа, тетка Рајна е веќе стара, а и болешлива. Наскоро и таа ќе ни откаже. А ти Христина треба да учиш, треба многу да учиш. Ќе одиш во повисоки класови, па и на факултет.
Јас молчев. Не бев убедена дека тоа се причините што го тераат татко ми да размислува за женидба. Веројатно, како и сите други, и тој не сака да биде сам, само со мене и со Ели. Упорно и понатаму молчев.
– Ти Христина, не плаши се. Се што ќе направам, ќе направам за да ни биде полесно, подобро. И ќе биде. Јас тоа тебе ти го ветувам. Ти во татко ти веруваш, нели?
Како можев да не верувам во својот татко? Па јас само него го имав. Единствено него. Би било страшно ако и во него загубев доверба... Но ова, за кое тој вечерва со мене зборуваше, беше толку тешко. Знаев дека со ништо не можев да го спречам во неговата намера. Се чувствував беспомошна.
– Татко, татенце, – свикав и со плачење се фрлив на него, го гушкав, ми се чинеше за последен пат вака слободно, само мој...
– Тина, успокој се, Тинче, – плачеше и татко ми, а јас знаев дека и нему му е многу тешко, поради целиот овој наш разговор и поради тоа што, ете, така се случи со нашето семејство, што треба да се мисли на вакви мачни судбоносни работи...
– Тина, се ќе биде добро, верувај му на татко ти, – ми зборуваше низ солзите, тивко, со страв да не се разбуди Ели и да не ја уплашиме. Потоа ме стави пак во креветот, нежно ме покри, ме погали по косата и, откако ја изгасна светлоста, си отиде во собата. И тој не вечераше.
Понекогаш, во тие денови, сакав да ја прашам Марина зошто не остана да живее кај татко и и кај маќеата, но се плашев да не ја разжалостам. Таа речиси секогаш кога сакаше да го види братчето ме молеше и мене заедно да отидеме кај нив дома.
Чувствував дека сама не сака да оди таму. Мајката на нејзиното братче не пречекуваше со еден вообичаен воздржан израз на лицето, таков за да не си сигурен дали е пожелно што си дошол и дали не треба побрзо да си одиш. Ниту Марина знаеше што да зборува со неа, ниту пак таа со Марина.
– Како е баба ти, Марина? – или: – Како ти оди учењето? – тоа беа најчестите прашања што маќеата и ги упатуваше на Марина, на кои Марина најчесто одговараше со едно кусо: – Добро.
Ретко нешто ќе не послужеше.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/another-mother-mac/3 на 29 октомври 2026