Front Matter - Part 02
Кога се доселивме во новоизградената станбена барака, ми се чинеше дека одеднаш бев пораснала и во оваа куќа треба да преземам улога на домаќинка. Можеби поради неколкуте соби и, воопшто, големиот простор, за разлика од оној во шаторот, се повеќе го чувствував отсуството на мама. Понекогаш се плашев да не ги заборавам нејзините црти, или и најмала подробност што е поврзана со неа. Немавме барем една нејзина фотографија. Не знам што би дала за една слика, што би стоела закачена на ѕидот во собата каде што спиевме Ели и јас. Но, добро се сеќавав какво купиште од бетон и тули ги поништи сите траги од нашиот поранешен дом и од неа.
Кога еден ден се вратив од училиште, застанав изненадена, влегувајќи во собата каде што спиеше татко ми. Над брачните кревети на неговата спална беше закачена голема слика од мама. Од каде ли ја нашол? Ми се чинеше како по некакво чудо ставена на ѕидот. Можеби отишол да чепка кај урнатините од зградата и по некаква случајност таа слика останала цела, па ја изнашол. Или имал во портофелот и нејзина слика, таму каде што ги чуваше на Ели и мојата. Потоа се сетив дека можело да има слика од мама и кај другите роднини, па тие му ја дале.
Како и да е, ми се чинеше дека мама е некако повистинито присутна. Ми беше малку криво што таа не се наоѓаше во нашата соба, но важно никој не ми пречеше по повеќепати на ден да ја видам. Често по подолго време не можев да се одделам од неа, и се присеќавав какви беа во стварноста нејзините црти и се во врска со неа...
Еден друг ден, кога татко ми си дојде на ручек, видов како носи под мишката една необична книга, и откако се помисли каде да ја стави, ја отвори вратата од шкафот и ја остави таму. Сфатив дека тој не сака ние да ја видиме таа книга и можеби затоа станав уште пољубопитна да видам што е. Се разбира, пред него се направив незаинтересирана за тоа што донесе тој, и каде го остави, но едвај дочекав по попладневниот одмор да излезе да купува продукти за утре за ручек.
Како крадец влегов во спалната и, отворајќи го шкафот, ја зедов книгата. Уште од корицата и насловот разбрав дека се работи за документи и фотографии од жртвите на земјотресот. Вртејќи по страниците и читајќи ги имињата на загинатите, како и гледајќи во нивните фотографии, целата треперев чекајќи да наидам на нашата улица и на мајка ми. Ми се чинеше дека за првпат ќе ја слушнам страшната вест. Можеби затоа што таа е запишана на ова трајно место, како што е оваа книга, со овие страшни слики.
Плачев и ја бакнував сликата на мајка ми и, секако, поради тоа не го слушнав татко ми кога влегол во собата. Само ја почувствував неговата рака што топло ме прегрна и ги видов солзите во неговите очи. Тој приседна на креветот и чувствував дека сака да ми каже нешто утешно, но дека и самиот е толку нажален, неутешен, што не наоѓаше зборови. Знаев дека секој ден одеше на гробишта, а во неделите не носеше и мене со Ели.
Наскоро, пред да дојде зимата, и подигнавме споменик на мама, и со тоа што ја издвоивме од сите други како да си ја зедовме, како да беше повеќе наша. На белиот мермерен споменик исто така се наоѓаше слика на мама. Книгата веќе одамна ја имав ставено под своето зглавје, и затоа помалку бев љубоморна на тоа што сликата на мама беше закачена во татковата соба. Често на Ели и ја покажував сликата на ѕидот од мама, зборувајќи и за неа. Се натажував кога мислев на тоа дека Ели не ќе може да ја памети, беше многу малечка кога се случи несреќата. Тоа што ќе памети ќе биде повеќе од тоа што ние со тато и тетка Рајна ќе и прикажуваме.
Тетка Рајна идеше секој ден, но се почесто боледуваше.
Здравјето и порано не и беше најдобро, но по земјотресот веќе сосема заслабна. Се плашев при помислата дека може и таа да престане да доаѓа...
Зимата дојде дури порано отколку обично, рамнодушна кон тоа дека имаше се уште луѓе под шатори и во непоправени полуурнати куќи.
Бидејќи порано се стемнуваше, и поради студот, ретко излегувавме од дома. Во долгите зимни вечери се чувствувавме уште повеќе осамени. Татко ми никогаш не бил многу друштвен човек и кај нас ретко навраќаа негови пријатели и познати. А роднините, тие поблиските, живееја во друг град и така, обично бевме сами. Понекогаш тетка Рајна ќе ни приготвеше ручек, а најчесто готвевме тато и јас, онака како што знаевме.
Наблизу до нас направија и монтажно училиште, бидејќи нашето, како и неколку други во градот, се беа урнале до темел.
Првите денови на училиште ми се чинеше дека сите знаат за тоа што ме снајде и ме жалат. Се случуваше некои од децата да си шепнат за тоа и сочувствено да ме погледнат, а мене ми доаѓаше да се расплачам на глас и да побегнам надвор од класот. И учителката, со својот внимателен однос кон мене, често ме потсеќаше на тоа страшно, и јас не можев да внимавам на тоа што го предаваше. Изгледа дека во целиот клас само јас и уште едно девојче ја имавме загубено мајката во таа несреќа.
Веројатно по некој инстинкт и се дружев најмногу со неа, иако избегнувавме да зборуваме за тоа што премногу не болеше.
Марина беше уште помолчалива од мене и исто така одлично учеше. Таа, пак, немаше ни братче ни сестриче и со татко и и баба и беа останале сами. Таа проклета ноќ баба и ја зела да спие кај неа, бидејќи тогаш сама живеела во друга куќа. Татко и по потреба, како лекар, го извикале ноќта во болницата, така што мајка и останала во куќата сама. Марина носеше постојано црна панделка на бујната руса коса, а јас црна престилка.
Знаев дека тоа со црната панделка на Марина и мојата црна престилка е само надворешна работа. Темното што го носевме во душата од жал по најблиското што човекот го има со своето раѓање – мајката, ништо не можеше да го покаже. Навистина, можев да им завидувам на сите други деца во класот и знаев дека веќе никогаш нема да ја имам нивната безгрижна смеа и веселост.
Најтешко ми беше во време на големите празници. Во тие денови сакав да побегнам некаде од куќата, сакав да отпатувам некаде. Оваа прва Нова година по земјотресот знаев дека речиси никаде нема да се пречекува во градот така како други години. Тоа страшно што ги снајде жителите од нашиот град беше толку многу присутно насекаде наоколу... во нерасчистените урнатини, во луѓето облечени во црно, во изразите на лицата...
Не се израдував ниту на пакетчињата со подароци што ги добивме на училиште, ниту на оние што ни ги донесе тато дома.
Одвај чекав да поминат тие два-три дена и пак да одам на училиште.
Тој ден, уште штом ја видов другарка ми Марина при влегувањето во класот, по изразот на нејзиното лице сфатив дека се случило пак нешто, ново, нерадосно во нејзиниот живот.
На одморот по вториот час, кој беше подолг од другите, и се приближив, но не сакав ништо да ја прашам ако таа сама не ми каже. Што ли можело да се случи? Дали некој кај неа дома е болен?
Марина брзо се врати во класот и си седна во клупата. Тој ден носеше и црна панделка и црна престилка. Сакав да и помогнам, иако не знаев во што е работата, но како да и пристапам? Седнав и јас во клупата и зазборував за работи од училиштето, но не одеше. Одеднаш таа се расплака и избега во дворот. Потоа ја немаше се до крајот на часовите. И ги прибрав книгите во чантата и отидов да и ја однесам дома. Заѕвонив.
Кога на вратата се појави млада непозната жена, се збунив. Си помислив дека сум заѕвонила на погрешна врата. Младата жена ми се насмевна љубезно и подаде рака кон чантата, како да очекувала некој да ја донесе.
– На Марина ли се книгите? – рече таа и ја зеде чантата.
– Да, – реков збунето. – Марина тука ли е? – се осмелив да прашам.
– Тука е, – одговори таа, – но малку легна да си отпочине, не се чувствува баш најдобро. Благодарам за чантата.
– Догледање, – реков јас и тргнав полека по скалите. Некоја убава и пријатна жена, си мислев. Не ја имав видено кај нив порано иако често навраќав – можеби им е некоја роднина.
Марина ја немаше уште два дена во училиштето, но јас не се осмелував да ја побарам, без и самата да знам зошто.
Кога дојде на третиот ден изгледаше малку поприбрано, но мене, на мојот пријателски поглед не можеше да му побегне од очите вистината дека се уште не преболела.
Во неделниот ден, кога се враќавме од гробиштата, од прозорецот на автобусот случајно го здогледав татко и на Марина и со него истата млада жена што ме пресретна на вратата. Тој ја водеше под рака. Одеднаш ми стана јасно дека таа е нова мајка на Марина. Сфатив и тоа зошто Марина беше таква во сите овие денови. Не можев да поверувам дека татко и толку брзо се решил на овој чекор. Тој симпатичен добар човек одеднаш ми стана туѓ, дури непријатен. Кутрата Марина! Како ли ќе навикне на оваа туѓа жена, која треба да ја замени мајка и... и тоа толку брзо, на маќеа. Одеднаш просто се потресов и од самата помисла. А ете, сепак, тоа и се случува на мојата толку добра другарка. Ми се чинеше дека, кога јас би била на нејзино место, би побегнала од дома, каде и да е, сама во светот. Во тие моменти во автобусот ми стануваше туѓ и татко ми, само при помислата дека можеби и тој би бил во состојба да стори такво нешто.
Кога утредента отидов на училиште, се обидував пред Марина да не се издадам дека знам за нејзината тажна тајна. А можеби сето тоа е само плод на мојата фантазија.
– Татко ми доведе друга мајка, – рече таа одненадеж кога излеговме во дворот на училиштето на големиот одмор. Во нејзиниот глас имаше и тага, но и помиреност со нешто што е свршено, неминовно.
– Знам, – реков јас, и забележав дека таа не се изненади.
Потоа молчевме. Тука веќе немаше што да се каже. Ниту таа можеше да го осуди татко си за тоа, ниту јас нешто такво да изговорам.
Следните неколку месеци Марина доаѓаше уште попедантно облечена и исчешлана во училиштето, но со се помалку научени уроци и порасеана на часовите. Ја викав кај мене дома често за да и помогнам да го преброди тоа и заедно да учиме, но не успеав ништо да изменам.
Таа пролет се обидуваше да не развесели како и сите други, но многу нешта пречеа… Пречеа сите страотни настани од летото што помина… Ништо не беше во состојба да не залечи: ниту цутовите по дрвјата крај урнатите куќи или празните места од расчистени урнатини, ниту птиците со нивните оживеани песни. Ми се чинеше како и тие да сфаќаат дека оваа пролет треба да пеат некаде на друго место... Ластовиците не си ги најдоа старите стреи и старите гнезда. И паркот беше испустен, изгазен од многуте луѓе што во првите несреќни денови си најдоа засолниште во него. Изгледаше жално.
Одејќи си со Марина дома од училиште, и покрај незапирливото надоаѓање на пролетта, се уште ги чувствувавме миризбите на пепелта од урнатините.
– Ќе дојдеш ли со мене, кај мене дома, – ме праша Марина кога бевме кај првата раскрсница, – јас не седам веќе овде, се преселивме со баба ми, – ми рече таа.
Тоа толку ме потресе, што не можев да ја прашам ни каде, ни зошто. Тргнав со неа без збор. Откако изминавме неколку улици Марина се запре пред една барака и заедно влеговме внатре. Баба и не пресретна. Таа се израдува кога ме виде мене, бидејќи знаеше дека многу се дружам со Марина.
Не почести со чоколадни бонбони.
– Ајде да ја честиме новата куќа, – рече таа. Јас со страв погледнав во Марина, таа да не се разжали. Марина гледаше низ прозорецот.
– Знаеш, ќерко, баракава ми ја дадоа зашто куќата што беше речиси за паѓање ја урнаа, а сама во неа не ми се седи. Па, ете, така, ќе си седиме со Марина. Убави тие, дечиња. Како ви оди чколото?
– Добро, – реков размислувајќи за тоа што го кажа бабата. Дали е ова точно, или таа, новата жена на татко и, не ги сакала да седат таму. Знаев дека тешко може да ја придобие некој Марина, и тоа толку брзо по ужасната смрт на мајка и.. Но, каква беше таа жена не знаев. Само сфатив дека Марина ќе живее не само без мајка, но се повеќе и повеќе и без татко.
Тоа ми стана уште појасно еден ден, кога забележав, по неколку месеци, дека Марина ќе добие братче или сестриче од новата мајка. Марина многу ретко навраќаше од училиште кај нив, повеќе чувствувајќи некаква обврска. Стануваше се позатворена во себе и посериозна. Друштвото на баба и, и покрај најголемата нежност и нега, не можеше да биде за неа некакво радосно друштво.
Јас никогаш дома пред татко ми не прикажував за тоа што се случуваше во животот на таа моја другарка. Како самото тоа да може да донесе нешто слично и во нашата куќа.
– Љубене, можи е гревота да ти речам, ама до кога мислиш вака сами да бидете? Еве, гледаш, јас од ден на ден се понеможам. А и колку помагам? Ништо. Куќата си бара стална домаќинка, по цел ден во неа да си работи, – го слушнав една вечер разговорот меѓу тетка Рајна и татко ми. Секако, тие мислеа дека јас спијам.
Татко ми молчеше.
Иако бев многу приврзана кон тетка Рајна и многу и должевме, во тој момент како да ја отсакав. Ми дојде да станам, да им кажам дека ги слушнав, силно да се распискам.
Тоа беше наскоро откако се наврши една година од смртта на мама. Не знам како се воздржав и останав неподвижна.
– Тешко е, не велам, – продолжуваше тетка Рајна, – со две деца ретко некоја ќе се нафати да ги гледа, но ќе се распрашаме однапред, се ќе и се каже, па може и да се најде. Само таа да нема нејзини, тешко е мешани деца да се чуваат. Колку да е, ќе си трга кон тие што си ги родила.
Беше тивко. Се плашев од тоа татко ми што можеше да го каже.
Ми се чинеше во тој момент дека од тоа што тој ќе изусти зависеше, се решаваше нашата судбина, мојата, на Ели и неговата. Но, татко ми упорно молчеше. По тоа разбирав каква тежина претставуваше за него овој разговор. Не можеше тој тетка Рајна да ја спречи да зборува за овие работи, но затоа тој со молчењето и кажуваше колку тоа му е мачно – си мислев јас онака како што мене ми беше потребно во тој момент. А дали беше навистина така?
Кога веќе мислев дека тој разговор е завршен, пак го слушнав гласот на тетка Рајна:
– Еве другава зима веќе е на прагот. Ќе стегнат мразеви, сами деца оставаш со оган во дрвена куќа. Не дај боже нешто да стане. А и за се друго. Маж се знае колку може и што може…
Пак молчење.
Сакав да станам, да речам дека се јас ќе работам, дека не треба и тетка Рајна да доаѓа ако не може, дека јас нема на училиште да одам ако затреба, само не, само тоа не... се тресев во постелата.
Чув кога тетка Рајна си отиде, потоа татко ми долго, нервозно разодуваше по кујната. Така сум заспала во некакво бунило. Во соништата ми оживеа и лошата маќеа на Пепелашка, и страшната маќеа на Ивица и Марица, и маките што ги претрпува девојчето од маќеата во приказната за црното кравајче. Ме затвораа во кафези, ме јадеа ѕверови, бегав од вештерки и, кога се разбудив, ја сетив топлата нежна рака на татко ми врз моето лице и неговиот загрижен глас што ме викаше по име.
– Христина, што е со тебе, – ми зборуваше тој, – сонуваш нешто лошо, викаше во сонот.
Се фатив за неговата рака и ја притискав до својот образ како нешто спасоносно, нешто од каде што ти доаѓа сигурноста во животот.
Ох, колку во тој момент сакав да му речам – татко, вети ми дека никогаш нема да доведеш друга жена за мајка. Како може некој да биде мајка кога тоа не е? Да го молам, да му паднам на колена. Но, не можев тоа да го сторам. Чувствував дека сум се уште многу мала, а тој, татко ми, ме исполнуваше со страхопочитување и знаев дека самиот ќе реши така како што е најдобро. Таа мисла и допирот на неговата рака ми помогнаа пак да заспијам, овој пат поспокојно.
Во неколкуте наредни денови сакав да икажам на тетка Рајна – зошто така му велеше на татко ми, но не знаев како да почнам разговор.
Се запишав веќе во шесто одделение и, бидејќи бев висока по раст, ми се чинеше кој знае колку сум голема. И Ели беше порасната и со неа се повеќе имавме маки и јас, и тетка Рајна, и татко ми. Стануваше се потешко да се излаже за трагичната вистина, која секој од нас се обидуваше, не да ја заборави, ами барем да не мисли постојано на неа и да не боледува.
Понекогаш и завидував на Ели, што дури ако татко ми се реши на најстрашното за мене, Ели можеби ќе може да поверува дека таа друга жена е нејзина вистинска мајка, која подолго не била тука. Како и да е, Ели е се уште мала и, што и да се случува натаму, не ќе биде толку трагично за неа. Кога размислував за сето ова, мислев колку Марина беше среќна што имаше барем баба кај која можеше да побегне, а и немаше помало сестриче како јас Ели, за кое мора да се грижи.
Времето наближуваше за училиште и секој момент ја очекував тетка Рајна за да тргнам. Кога влезе во дворот, со неа имаше и една непозната жена на триесетина години. Се поздравив набрзина и со трчање отидов на училиште, зашто беше доцна, без да разберам која беше другата жена со тетка Рајна и што бараше кај нас.
Кога се вратив од часовите татко ми сам седеше со Ели, која стануваше се позборлива, само ако имаш време да ја слушаш.
Се загледав внимателно во лицето од татко ми и, не знам зошто, ми се стори дека во него има некои измени, дека крие од мене нешто. Во моментот таа мисла ми се поврза со тетка Рајна и со жената што беше дојдена со неа пред јас да заминам на училиште.
– Како помина на училиште? – ме праша тој по обичајот. Се беше свикнал со моето редовно добро учење и тоа прашање го поставуваше речиси по навика. Мислев како да го наведам разговорот на жената што дојде со тетка Рајна, но ништо не ми доаѓаше на памет. Најпосле, кога седнавме да вечераме, тивко реков:
– Тетка Рајна дојде со една непозната жена, не знам дали тебе те бараше и те дочека ли? – Не гледав во него.
– Да, – одговори тој по куса пауза.
Татко ми и порано многу малку зборуваше, но сега зборовите кај него беа станале вистинска реткост. Обично ние со него се гледавме само навечер, кога имаше доста работи да се завршат, така што таа негова молчаливост не ми пречеше.
Од овој одговор на татко ми не разбрав ништо повеќе и ми беше јасно дека ќе морам утре да го дочекам повторното доаѓање на тетка Рајна и неа да ја распрашам.
– Тетка Рајно, која беше таа жена со тебе вчера? – веднаш ја прашав, штом се појави на вратата.
– Една моја комшика, случајно ја сретнав тука по улица, се враќаше од работа, па ја викнав да се напиеме по едно кафе.
Работела како редактор, таму де, кај што се печатат книгите, вие повеќе знаете тоа како се вика, а и од таму го знае и татко ти.
Овој одговор малку ме поуспокои, иако на старата не можеше секогаш да и се верува. Веднаш ќе ти измисли приказна.
Кога по неколку денови се враќав од часови, слушнав некој што ме настигна дека ми се обраќа мене:
– Малечка, јас како да те познавам од некаде...
Навистина, и мене ми беше познато лицето на оваа жена. Малку се помислив – тоа беше комшиката на тетка Рајна, која наврати кај нас, се сетив иако само малку ја видов.
– Вие дојдовте кај нас со тетка Рајна? – реков.
– Да, да... – рече таа и ме погали по косата. Некако инстинктивно не сакав да се спријателувам повеќе и побрзав.
Но и таа брзаше.
– Зошто вие со сестричето никогаш не доаѓате кај тетка Рајна? – ме праша.
– Немам време, – реков, – одам на училиште, а пред тоа ја чувам и мојата сестра.
– Зарем никогаш не играш?
Навистина, јас одамна веќе не играв на улица, но не сакав тоа да го признаам пред непознатата жена.
– Играм, – реков со малку несигурен глас, и уште пов еќе побрзав. Зошто ме испрашува таа, си мислев нерасположено.
Кога по неколку денови пак се сретнавме во истото време и речиси на истото место, си помислив дека нарочно ме чекала.
– О, Христина, – сега ми го знаеше и името. – Колку ти е натоварена чантата, дај да ти ја поносам.
Тоа ми беше необично, а и малку незгодно таа да ми ја носи чантата, но пред и да успеам да се заблагодарам и да одбијам, чантата веќе се наоѓаше во нејзините раце.
– Ти си слабо облечена, – ми зборуваше таа, прегрнувајќи ме преку рамото, како да сакаше да ме стопли. – Сега вечерите се студени и треба да си носиш за навечер нешто потопло.
Потоа, како да се сети на нешто што заборавила, извади од џебот чоколада и ми ја подаде половината, а другата половина ја јадеше самата таа. Пред бараката се разделивме. Се колебав дали да ја поканам дома кај нас, но се премислив.
Кога тргнав кон влезната врата, ми се стори дека го догледав татко ми крај прозорецот, но во другиот момент го немаше. Не бев сигурна дали ме виде заедно со жената и очекував да ме праша. Во целата вечер ништо не ми рече за тоа, но дали ми се чинеше – тој како да беше порасположен и позборлив. И раскажа приказна на Ели, држејќи ја во скутот, ме пофали мене за двете петки на писмените работи од македонски и математика, направи некаков пудинг за по вечера. Воопшто некако во целата таа вечер ни беше пријатно на сите тројца: на тато, на Ели и мене...
Беа минале речиси десетина денови откако не се бев сретнала со жената и се уверив дека тие две средби биле сосем случајни.
Каква потреба ќе има жената да ме пресретнува нарочно мене?
Мои измислици.
Марина ме испрати до дома. Веќе знаев дека има братче што го крстија Љупчо. Не знам зошто, ми се чинеше дека таа не му се израдува, иако сега почесто одеше кај татко и, секако за да го види братчето. Си мислев дека можеби тоа дете повеќе ќе ја зближи кон другата мајка. А можеше да биде и поинаку, ако сега тие тројцата – таткото, другата жена и братчето – и се чинат на Марина нешто посебно, друго, и уште повеќе ја тераат да се чувствува осамена.
Тетка Рајна и Ели ме чекаа на прагот од вратата.
– Татко ти ќе задоцни, имало конференција на работа и рече да се прошетаме до кај нас, па ќе дојде таму да ве земе.
Бидејќи бев станала вистинско сомневало во последно време, и ова што можеби друг пат би ми се сторило сосема обично, ми изгледаше сега малку чудно. Ние толку ретко одевме кај тетка Рајна, што си мислев дека, за да се оди кај неа, треба да се има посебна причина.
Ги оставив книгите и, откако заклучивме, тргнавме.
Куќата на тетка Рајна беше приземна, мала, речиси сосема дотрајана, и беше вистинско чудо како не падна во земјотресот.
Таа, иако сама, упорно и натаму остануваше да живее во неа.
Бев убедена дека татко ми и беше предложил да се пресели сосем кај нас. Откако останала вдовица, пред повеќе од петнаесет години, а немала деца, веројатно не и се напушташе таа куќичка, каде што го беше поминала поголемиот дел од својот живот.
Бидејќи ретко доаѓав тука, кај неа, во куќата и во дворот имаше за мене многу интересни работи за разгледување, како речиси и во секоја постара куќа. Во една соба, која одделно стоеше во дворот, имаше стар дрвен разбој и јас по цели часови и досаѓав на тетка Рајна со прашања за тоа како се вика секој дел од разбојот и како се ткае. Посебно задоволство ми претставуваше да ги претресувам фиоките од креденецот и во нив да изнаоѓам веќе одамна неупотребувани разни предмети.
Тетка Рајна викаше по мене, се караше да не и растурам или да не се прашам, но тоа не помагаше. Најпосле ќе се пикнев и во кокошарникот. Таму постојано имаше по неколку кокошки, и често по некое јајце, кое за мене претставуваше вистинска радост, јас да го најдам и јас да го извадам од седелото. Исто така, Ели во целото тоа време прашуваше: – Што е ова, што е она, или бараше: – Дај ми го ова, дај ми го она. Тоа дете понекогаш навистина стануваше досадно, но не можев ниту да му се налутам, ниту да викнам по него. Штом ќе го загубев трпението, ако за нешто ми досаѓаше, веднаш ќе се сетев колку и таа е осамена, без мама, и се ќе и простев.
А и тетка Рајна беше многу трпелива со неа, како и со мене.
Често, кога ќе се загледав во нејзиното речиси сосем остарено набрчкано лице и малите, сини, се уште светли очи, ме опфаќаше голема необична нежност. Ми доаѓаше да ја прегрнам силно, силно... Колку ни значеше таа во сите овие ужасни денови... Ни беше незаменлива... Често сакав тоа некако да и го кажам, да го изразам. Кој знае колку и било мачно што немала деца. Си мислев често, кога ќе пораснам голема, нема да дозволам што било да и недостига во сите години што доаѓаат...
Откако наѕрев во секое ќоше и речиси веќе се изморив, седнав кај неа. Таа плетеше некои куси волнени чорапи на пет игли со преметнат конец преку вратот. Таа често плетеше такви чорапи и, веројатно, ги даваше некому да ги продава.
– Тетко Рајно, каде живее таа тетка што дојде со тебе кај нас? – ја прашав и забележав како таа се изненади. Потоа ми се стори дека се преправа оти не знае за која жена ја прашам и на крајот рече:
– Тука, надолу по улицата.
Ми се чинеше дека не сака понатаму да ја прашам за таа жена и го сврте разговорот на други работи.
– Ви купи ли татко ви нови палтенца и чевли? – И веднаш потоа ми ги даде очилата, кои кој знае и кога кој лекар и ги препишал, па беа останале само на едно врвче.
– Забриши ги, – рече, – и срчата се изгребала, та ни бришење помага, ни ништо.
– Зошто не му речеш на тато да те однесе на лекар, други очила да ти дадат? – ја прашав подавајќи и ги очилата.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/another-mother-mac/2 на 29 октомври 2026