Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

КОБА

Par Стојан Кочов · Partie 4 sur 18 · Environ 8 minutes

Lire en English

КОБА

(Низ сенките на прогонот)

До залостувањето на вагоните пропатуваа босоноги.

Под грижата на една “Мајка”, назначена од комитетот на бегалците и некои од домашните кои не беа способни за војна.

Поделбата по вагоните не беше така строга. Од големата толпа деца, како што се полнеше вагонот, така и се формираше групата од машки и женски малолетници до десет години, а тие поголемите патуваа по друг распоред.

Подот од вагоните беше послан со слама, а во двата спротивни ќоша имаше кофи со вода за пиење и за нужда.

Прва влезе Парашкева Дабевска на која сите и викаа “Мајко”.

Така им беше речено, а таа се грижеше за сите нив.

Процепите уште со влегувањето беа зафатени од посилните, од поголемите. Тие, слабите, помалите пропатуваа без ништо да видат... И тука владееше посилниот.

Писок. Забревтани вагони. Процепите беа фатени.

Разделба. Отѓување на потомците... Останаа само шините што ја покажуваа насоката и едни раце издигнати со вечно збогување. Помалите тоа не го видоа. А ќе си го запамти ли родот секое од овие деца?

Ноќ е. Се чувствува страв. Сите се со лица без израз, без разбирање... Здодевност. Се чувствува тој железен ѕид меѓу светот и нив. Само лутината на студот се упива во тие ѕидови и, ништо...

Однадвор луѓето насетуваа, но детскиот лик не влегуваше во нивните очи. И нивниот глас стивнат, уплашен, не допираше до нивните уши.

Деновите траат, патуваат во уште поголема животна неизвесност. Во присуство само на едно сурово гладно секојдневие, помеѓу овие железни ѕидови, во кои злобната судбина ги напика сите со по една заедничка “Мајка”.

Ноќ е. Би требало со ѕиркањето низ процепите од вагоните да се забележи сé, да остане сé во сеќавањето, втиснато во детските души. Во потомците...

Некои исцрпени се превртуваа на тврдата “постела” и долго размислуваа за тие слики, на разделбата од едни раце што сакаа да останат барем уште малку, само малку... и кинисуваа со една надеж: “Можеби по нас ќе допатуваат: и тато, и мама, и баба и...” и така заспиваа ничкум.

Патуваа. Само силното затресување на вагоните при секоја станица ги разбудуваше децата, гледајќи на светлото што им се напикуваше низ секој отвор, низ пукнатините, како оптегнати синџими, шарејќи ја темнината накрсно, а во ќошковите од тој тресок се отплиснуваше вишокот од кофите.

Нивната “Мајка” држеше неколку главчиња од послабите, што блуваа по долгото клатење на вагоните...

Излиеното се цедеше под сламата и капеше под вагонот како раскапана чешма. Се издишуваше. Вагонот не држеше сé во себе, а тоа беше од оние децата...

Секое стискаше по една излитена торба полна со трошки од 'ржен леб, месен од рацете на својата мајка, од житото на својата земја. Во вагонот сите патат за нешто, како и големите и малите сега се во трагање на животот. И ништо, ништо, од никои... записот што треба да го стори секој, не само за својата судбина, но за сите нив... За бесот на насилникот што ги прогонува... и за тие дотраените вагони?

Ќе може ли Парашкева Дабевска на сето тоа да се сети, да раскаже на потомците, колку ги имаше? Многу! Колку беше тој нивни живот во тие вагони? Чиниш, во вагонот е само еден живот, само една “Мајка” за патувачите...

*** Пак низ процепите гледаа на тој свиреп ветар што ги одронуваше лисјето и ги однесуваше каде сака. Едно со друго, дацата не сакаа ниту да се погледнат в лице од страв да не заплаче, оти играта тука им беше отсутна, во просторот што беше нем и ладен...

Ноќ е. Во Краков на катедралите ѕвонат часовниците.

Веќе три дена е празник. Улиците се преполни со весели луѓе.

Децата со знаменца, вртелешки им мафтат, тие на чело со својата заедничка “Мајка” минуваат низ плоштадот како протерано булуџе од јагниња. Срамежливо со нивните ткаени груби облеки.

- Просим пане, од каде се овие деца?, - прашуваа развеселените луѓе.

Од Костурско, Леринско и Преспа, од Македонија, - им одговараше Параскева Дабевска.

Есен е. Дождот, чиниш, ги залива нивните траги...

погледите им се раштркани, се потсопнуваат, колонката уште е цврста, се држат за рачиња, но не знаат каде патуваат.

Преладени децата кашлаат. Недела е. Во домот се одмара и Парашкева Дабевска. На сите им е тешко да одвикнат, сега од “Мајка”, да ја викаат “Тетко”, оти таа веќе ги предаде на воспитувачите. Тешко беше и нејзе. Сега е ништо без нив во туѓа земја и не сака да ги напушти, а животот вели да оди во некоја фабрика. Таа не може да биде воспитувачка, педагог, не ја познава детската психа, таа само ги донесе, но децата пак се собираа околу неа, а таа боледуваше, така и ја памтат тие.

Парашкева Дабевска не можеше без нив; се чинеше дека треба да остане врзана за судбината на тие деца. И така боледувајќи умре, а на закопот децата плачеа како на своја мајка.

Неколку деца стоеја на прозорот. Им доаѓаа желби, за нешто големо и семоќно. Секакви мисли им се трупаа во главите.

Гулабите од спротивна страна, тажно ги преместуваа своите модри нозе... Тие љубопитни птици гледаа во туѓинчињата, во нивните заматени очи, што по стаклото о едната страна плискаше дождот, а од другата страна на прозорот се разлеваше нивниот плач по притиснатите носиња на ладното стакло. Едно од децата им вели: “Дедо ми велеше, ако на животинките им ги земеш младенчињата, тогаш, нивните родители нема да навраќаат во своите седела...” А можеби и со луѓето да е така?!

Кој знае...

Пред нивните прозорци поминуваа забревтани локомотиви и здивот го оставаа над вагоните што се нижеа низ маглестиот чад.

Некои од децата се пречкаат крај прозорците: “Тоа е нашиот воз, можеби доаѓаат нашите мајки, татковци, баби...” Слегнуваат патници. Доаѓаат од далеку, од другите градови. Се враќаат во своите домови, со своите да празнуваат.

“А каде сум јас?...” - прашуваше секое дете.

*КОБА (Низ сенките на прогонот):

Три најважни причини беа за да го напишам овој расказ (роман), па нека суди почитуваниот читател, дали во сé што се случи во Граѓанската војна, не водеше нашиот разум или туѓите идеолошки пропаганди, па дозвливме да ја обездетиме македонската куќа и ја промовиравме мекедонската жена-мајка во борец на ДАГ, за по ликвидацијата на ДАГ и многуилјадните жртви (1945-1949) и со тоа да доживееме национален пораз.

А сето тоа се потврди по ликвидацијата на ДАГ кога од емигрантете по Европските земји, враќањето на политичките емигранти(Грци и Македонци) и овие одземени деца на своите родни огништа, беше условено со: “...Враќање само Грци по род.”

“Нова Македонка” весник на АФЖ.

“...Денеска сите се насолзивме. Се трогнавме како никојпат.

Седевме во сенката под една топола. Никој од нас уште не спиеше. Се стемнуваше и ќе тргнувавме на работа, ноќе работевме. И... еве ја другарката Цвета од АФЖ. Само што иде, ние се радуваме. Кога е со нас, не знам зошто не се плашиме нито од топот.

Овој пат ни донесе писма од нашите деца, коишто се наоѓаат во народните републики. Ги читаме писмата, рацете ни се тресат.

Срцето ни чукаше силно, но нашите ластари беа далеку. Што убаво ќе беше да ги бацевме малку!

Но тука идат аероплани. Алтилеријата фрла гранати по нашите села.

Колку е убаво што нашата Влада ги испрати таму нашите деца, за да се спасат.

Сега ни се наполнаа очите со солзи. Ни пишуваат дека живеат добро... Само за вас мислиме, ни велат, вашите маки, војната...

Кутрите. Кога ќе си ги видиме пак? Ќе ги видиме кога ќе се ослободиме. Што убаво... Но за да се стори тоа ќе треба да го победиме фашизамот. А за да го победиме поскоро сите треба да се бориме. И ние во укрепленијата се бориме.

Ваношка напревивме повеќе три (3) бункери. Тоа го правиме за да ни се вратат побргу нашите деца, за да си одиме дома ние и нашите мажи...” Читаме:

“...Не, јас не го оставам мојот другар, мојата сестра и брат ми да се борат овде, а јас да заминам со децата. Знам дека тие ќе бидат безбедни, имам полна доверба во избраните афежитки, а јас овде ќе можам повеќе да придонесам за борбата.” СТАВОТ НА КПГ** Пишува: Василис Барџиотас-главниот комесар на ДАГ.

“...Исправниот и достоинствениот човечки потвафат на ДАГ се карактеризира од владата на Атина како… “Собирање на деца”... “чедоубиство”... и “јаничарење”. Но вистинско собирање на деца и јаничарење направи и истата држава на Атина, од кои деца на партизаните од ДАГ, со невиден терор и не човечност, паднаа во нивните раце и ги имаа затворено во разни логори, во таканаречените “Школи на Фредерика” во островот Лерос, каде навистна ги воспитуваваа на јаничарење и им велеа на децата дека нивните родители се предајници и треба да ги осудат…” СТАВОТ НА ВЛАДАТА ВО АТИНА Грчката влада на 27 февруари 1948 година достави официјално барање до ( United Nations Special Committee on the Balkans