Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

(UNSCOB) - Part 03

Par Стојан Кочов · Partie 7 sur 18 · Environ 21 minutes

Lire en English

Си ја мразела ли мајка ти во животот? А, зошто сум ја мразел јас? Да, мене ми се случи да ја мразам својата родена мајка.

Сега сите се свртија кон Добрина и го гледаа.

- Кога бев ученик, се до завршувањето на гимназијата ја грдев, зошто таа не знаеше да зборува грчки. Ех, толку ме имаше опиено учителот. Кога велеше овие домородците се од варварско потекло, се чувствував понижен оти сум роден од такви родители, но при крајот на студиите во Солун, по-чувствував голема вина на душата што и ден-денес ја носам.

Сите го гледаа заинтересирано.

Но, зборот ми беше за сонот. Сонив дека држам предавање за националното прашање во Лерин, пред многу народ. Добив толку аплаузи, што на крај се втурнаа многу старци да ме бакнуваат. Јас оттогаш се преродив, но веќе се срамев пред мајка ми и татко ми. Тој туѓ грев уште го носам, бидејќи некој ми го натрупа во крвта и сакаше да ме одроди... И се така ми течеше сонот во осознавање. А ете сега и летото четириесет и деветтата година, во одблесокот од големиот воен пожар бев осуден заедно со други како шпион и предавник на револуцијата и ми беше отворен вториот картон од раководството на грчката партија. Првиот картон ми беше од владиниот режим на Грција; за моето осознавање што сум ги будел масите од македонскиот народ. Румена иронично го погледна и му рече - си сонувал тоа што не треба, - и почна силно да се смее. И туку одеднаш појачано загрми звучникот:

“Внимание! Внимание! Се моли Добрин Сувогорски да се јави кај иследникот Строгов, во павиљонот број еден, соба број два”.

Објавувањето се повторуваше неколку пати. Румена слушајќи го внимателно, престана да се смее и туку со гола рака замавна по огледалото и од тоа таа почувствува некакво задоволство, што тоа, веќе не постои и почна по ѕидовите да пишува разни пароли што ги слушала низ револуцијата и прифатилиштата, а мајка ја повторуваше молитвата, неколку пати се потихо во сбеси.

Сега се слушаше само одот на домарот што доаѓаше убрзано кон нив.

- Нам ни дадоа ручок, - му рече Румена и го загледа вознемирено, бидејќи тој се задржа кај Строгов цел ден. Беше блед.

- Што тие Добрине? Ој, човеку? Значи и тука ти отворија картон? И што ти рече?

- Такви биле нормите... Не тврдиме, зашто, немаме докази, но мислиме, можеби, си превоспитан... мислиме дека доаѓаш како руски шпион...

Добрин гледајќи ја со укроб на душата рече: - Во изјавите од моите соборци стоело, дека сум бил руски шпион.

- Ех, боже мој оваа казна нема свој крај... Каква иронија? За нас, што сега не завикаа Егејци, уште долго ум, со разум не ќе може да пресуди?

Идризово, во шеесетите години.

СПОМЕНИТЕ НА МАЈКА АДЕЛА Во возот од Варшава до Израел ме придружуваше госпоѓа Розмари, но таа нема чувство на грижа, само дремка потпрена на пердето што го држи збрано како подзглавје. Ја гледам во сувото лице и мислам на мојата мајка Адела, која боледува по мене. Ме има само мене, а еднаш се осмели да ми рече:

“Слушај, моја Естела (понекогаш така ме викаше), време е да се разделиме. Можеби ќе ти биде подобро, ти остани во Варшава.

Јас морам да заминам за татковината, за Израел. Таму е гробот на мајка ми. Не сакам да те следат моите еврејски патила. Нас, Евреите, не вика татковината.

Израел, моја Естела, Израел. Ти си сега Полјачка, образована.

Имаш убава лика. Имаш се мила моја...” Го отворам пасошот и читам:

“Стела Јан Ботвинска, родена на 22 јули 1949 година, во Албанија. Ќерка на Јан и Адела Ботвински”.

А знам, на мајка Адела родата и почина во Лавов, но страданијата се нижеа се до ден – денес. Малечка и кротка е мајка Адела. Ја гледам на сликата во прегратките на својата мајка Естела кога патувала за Сибир со товарен воз до логорот Варкути, а татко и Мојсе бил војник во Австро - унгарската војска. Во заточеништво поради кутриот мој дедо Мојсе.

Оттогаш во детската душа на мајка Адела болно, се врежаа страданијата... Но, и сега, нејзината скромност и добродушност ја прават уште понежна.

Кога станала возрасна си одбрала професија медицинска сестра и бездруго сакала животот да биде исполнет со благодарност и со чувство дека им помага на луѓето. Затоа и се определила на страната на страдалниците и онеправданите. Животот минал во бел мантил под тешки воени услови.

Немирот и борбениот дух што го исполнуваат нејзиното битие не можат да се сообразат со нормите што се наложуваат за повлекување во спокоен семеен живот. Таква е мајка Адела.

Брачната врска не успева; дел од нејзиното семејство е во Израел. Но мајка Адела зборува со гордост за минатото. За Шпанија, каде била учесник во граѓанската војна; се одѕвала на повикот на загрозените во републиката и останала во редовите на интернационалните бригади. Храбра жена е мајка Адела.

Потоа се нижат логорите во Франција, депортацијата во Израел и приклучувањето кон силите на антифашистичката коалиција.

Пак во униформа, медицинска сестра во израелските единици во состав на британските сили на боиштата во Африка и Европа. А велат Израелците се плашливци! Јас се гордеам со мајка Адела.

Во илјада и четириесеттата се враќа во Полска, во земјата во која ја минала својата младост. Пак медицинска сестра, се до ден - денес...

На втората фотографија ме стиска со сета мајчинска љубов, лицето е исполнето, стравот избришан, патилата истекле како река. А за татко ми Јан, ја прашував, а таа ми велеше: “Твојот татко загина во војната. Овој е Јан, тој е твојот татко, тој беше мој соборец... Убав беше Јан и моја прва љубов, но војната руши се, моја Естела, се. Беше ранет во главата, го лекував, плачев и на крајот останав на крстопатите на Европа. А јас, моја Естела...” Го барав и јас татко ми Јан Ботвински. Најмногу кога бев малечка и кога одев на училиште. Ги гледав татковците на моите другарки.

Тие се правеа силни и уверени во своите татковци, Ми велеа:

“Ти имаш лош татко, ниту еднаш не дошол да те земе од училиште. Тој можеби е пијаница, неранимајко или ве оставил...” Но, мајка Адела ја имав за се...

Еднаш си спомнувам а светилките од столбовите ме удираа како мечеви госпоѓа Розмари понекојпат своето незадоволство го покажуваше со кисели гримаси, незадоволна од положбата на своето корпулентно тело, настојувајќи да зафати поголем дел од седиштето.

Утредента пристигнав во пристаништето Ака. На станицата беше надошол многу народ. Се враќаа мнозина Евреи од Полска, од Унгарија, од Русија - ги имаше отсекаде.

Немаше нерасплакан човек во нечии прегртаки, зашто судбината беше ги разделила луѓето со години. Сега плачеа, можеби и од среќа, којзнае? Мајка Адела викаше струполена на едно седиште, стискајќи букет од бели рози. Извикуваше:

“Естела, тука сум Естела! Тука сум мила моја, Естела!” Ја загубив Розмари, но сега бев со мојата сакана мајка, која веќе не сум ја видела две години кога таа ми рече: “Јас ќе се вратам во татковината Израел, таму е гробот на мајка ми, а ти Естела, ти си Варшавјанка... Доврши ги студиите, па млада си, можеби и ќе се омажиш...” Минавме цела ноќ заедно со мајка Адела, но таа е вознемирена, радоста се враќа во некаква болка, помислив дека е изнемоштена во овие утрински часови. Таа ми рече:

- Ах, моја Естела, тоа беше четириесеттидеветтата во Драч, Албанија. Ноќ беше, чекавме со полскиот брод “Мицкиевич” да товариме бегалци од логорите на Елбасан и Бурели. Надоаѓаа како река, изнемоштени, уплашени, а држеа и по некоја незначајна посатка земена набрзина, а не даваа да им се одземе.

Носеа дури и разни домашни животинки... Ти беше најмалечкиот патник, безимено двомесечно дете. Те стискаше во груби пелени една ковчеста старица. Ми се чини се викаше Јана, но таа не можеше да ги искачи импровизираните скалила.

Те прифати еден морнар и те донесе во просториите наместени за болни. Кога те виде бродскиот лекар, го укори морнарот:

“Зошто си го зел? Зарем не гледаш дека е полумртво? Остави го тука, но по два дена ќе треба да го фрлиме во морето”.

И реков: - А ти мамо Адела, каде беше? Ме погледна в очи и продолжи: - Таму на бродот. Бродот беше полн со старци и болни, а личеа едни на други. Ние им зборувавме на полски, а тие на македонски јазик, викаа за помош. Кога те видов се стаписав. Те зедов в раце, а ти беше речиси мртва. Ти го ставив прстот во уста и кога забелжав дека имаш сила да цицаш, реков:

Ќе оживее, докторе! Ќе оживее! А тој ми рече:

Нека биде само твоја грижа, но не заборавај, Адела, дека на овој брод си војник...

Кога докторот попушти, бев пресреќна. Но, ти беше на работ на смртта. Косата ти беше стуткана, кожата слепена во скоравените пелени. Те боледував, моја Естела. Те потопив во рибино масло, тоа имав при рака. Потоа те завиткав во бели чисти чаршави. Те хранев со инјекции, оти немаше сила да цицаш. Многу инјекции, секој час и на секаде по твоето омрцлавено тело, по нозете, по стомкот, под гушата, на секаде каде што можев да најдам здраво место. Драга моја Естела, кај мене се јави оној мајчински инстинкт, но моите боски беа суви.

Ја исеков гумената ракавица, направив цуцла и те хранев со мајчинско задоволство, а ти ми возвраќаше со гугање, а потоа со смеа. Во мене се прекршуваше љубовта и болката, а кога пристигна бродот во пристаништето Гданск, патниците со олеснување излегуваа на палубата. Многу сакав да ја видам старицата, но неа ја немаше. Ти беше болна и требаше да одиш со болните, а здравите по прифатилиштата. Дознав за онаа старица, дека заминала со групата за Унгарија.

Војна беше Естела. Тогаш владеат сурови закони, за секого...

Ти остана безимена, бледа, неокостена и ти требаше подолго лекување. Но мене ме јадеше јанѕа. Те однесов во болница и помина подолго време, а јас немав мир, немаштија царуваше насекаде...

Те зедов и те однесов во мојот скромен дом, те радував, те радував моја Естела.

Но еден ден ме повикаа на ново патување.

“А детето...” - им реков.

“Какво дете?” - ме праша капетанот.

Моето дете, што го најдов на бродот - одговорив. “Кој вам Адела Ботвинска, ви даде одобрение да имате дете?” - строго ме прекори капетанот.

Дали другите жени што работат овде барале од вас одобрение да имаат деца? - го прашав со истиот тон. Зарем е лошо да се биде мајка?...

Гледајќи ме сожалително капетанот ми рече: -Ама таму има многу други деца кои чекаат на нас, Адела!

Во тоа време добив писмо од Израел. Ми соопштија дека умрела мајка ми Естела. Почувствував болка и тага, но на закопот не можев да појдам, а сакав да го чувам споменот на мајка ми. Ти, моја Естела, го носиш нејзиното име.

Те израснав, ти посветив вистинска љубов, сакав да и се оддолжам на мојата мајка. Но мојата радост почна да ми ја поматува помислата, за тоа дека еден ден треба да ти ја кажам вистината. Живеам распната меѓу разумот и чувствата.

Се плашев, Естела, да не ти се случи нешто, да не те загубам...

Ти не си Еврејка, ниту Полјачка. Од старицата дознав дека по потекло си Македонка, некаде од Костурско.

Молкна за момент. Мисли небаре бара по своите сеќавања и спомени како нешто важно да и недостасува...

- Жената што те родила беше останала во Албанија, боледувала од тифус, и била пред смртта, а татко ти - војник...

Лицето беше бледо и болно, гледајќи во белите рози затрепери душата како виолина, но зборовите небаре и застнаа в грло. По неколку моменти собра сила и одвај изусти:

- ...Јас не сум ти мајка... Моја ЕСТЕЛА

- Не! Извикав. А мајка Адела ме гледаше занемена и плачеше над белите рози, а имаше сила само да ми го подаде писмото од Црвениот крст, со кое ме бараат моите родители од Скопје, Македонија.

ПОСЛЕДНОТО ОРО НА ТАТКО МИ По закопот на татко ми, се враќавме на островот, во родниот крај на мајка ми. Беше април. Ноќта беше студена и влажна.

Сите патници седеа на палубата. Месечината разголена, црвеникава, се тркалаше низ брановите како фрлена сребрена паричка. Времето беше мирно, без ветрови.

Утрото, кога болсна пролетното сонце, се покажа островот со сета раскошна убавина, небаре преку ноќта се се разбудило.

Островот, чиниш, беше почнал да дише со широки и длабоки воздишки. Можеби така ми се пристори од сино-зелената боја на водата или од утринското сонце, како сето да се беше истурило над островот. Сувата карпа беше си ја променила својата лика. Се беше раззеленето; пчелите ѕунеа, мирисот од цветот на дивите јаболкници се ширеше на секаде.

Високата карпа, небаре како со магнет го привлече бродот до малото скеле и сирената даде знак за слегување.

На припекот, под потпорниот ѕид, седеа баба Каљопа и дедо ми кого сите го знаеја на прекар - “богот Борнеј”. Така го викаа и селаните – “богот на северниот ветар”. Тој седеше на еден огромен камен, изморен и јадосан, поднаведнат, со месестиот нос на потемнетото лице, а баба Каљопа, ковчеста и кревка како стакло, слабичка со стегната снага во грубиот црн шајак, ја држеше дланката над очи, се мачеше да не види сите како се враќавме од родниот крај на татко ми. Баба ми повеќе ја сожалував отколку дедо. Сега тој како да беше дел од карпата:

со побелената густа коса и со нееднакво виснатите мустаќи навистина прилегаше на некаков бог, скутлен со долгиот нос, со ќесиња под очите. Со никого не разговараше.

Молчеше и се напнуваше да не пронајде меѓу патниците со својот избледен вид.

- Клеопатро! Еј, Клеопатро, тука сме и викаше дедо ми, и сиот вџашен како да се пробудил од некаков длабок сон, праша:

-Каде е Божин?

Мама и јас молчевме и немо чекоревме кон нив.

Тој, пак, но сега некако строго, ми се обрна мене:

- Симонче, каде е татко ти?

Мама, забрадена со црна шамија, задушена во плач, одвај изусти:

- Бог нека го прости. Божина го закопавме во неговиот роден крај...

Бродот како да се закрла од силниот писок на сирената и си замина, а патниците полека се искачуваа накај селото на стрмната падина, до работ на висорамнината. Прилегаше на накострешена птица која се подготвуваше да првне во синилото.

Мама ги собу чевлите и киниса боса по спротивниот стрмен пат. Газеше над острите камења. Од стапалата течеше густа, црна крв. Болката се оцртуваше на лицето, но таа чекореше и изустуваше по некој збор: “Нека боли, сетики полесно ќе ја поднесам болката за мојот Божин. И тој вака одеше по камењиштава. Него насила го тераа. Сакаа да го скршат... Нека тече... Сакам да ја заборавам болката за него... Ме турка силата на тагата да го видам уште еднаш.

Можеби тука ќе го сонам како првата средба...” Нејзината тага и ден-денес јанѕа ми е на душава.

Баба Каљопа одвај чекореше по истиот нагорен пат и ја прекоруваше, молеше, ја довикуваше да се врати, но мама беше веќе искачена на калето, како што го викаа селаните: домот на боговите. Потоа се слушна силен вик и одѕив:

“Божине! Б о ж и н е е е!” Баба се вознемири и молбено и довикна: “Клеопатро! Врати се... Клеопатро. К л е о п а т р о о о о!...” Дедо ме погледна и рече:

- Судбина е. Нека биде како што сака Господ... рече вадејќи ја сликата на тате и мама скриена во пазувите, заплака, но кога ме забележа дека го видов, го смири лицето, си ги избриша солзите, па ги отвори рацете и цврсто ме гушна.

-Ти не знаеш ништо, а треба да знаеш, родители ти беа - ми рече и продолжи. -Тоа беше во триесеттите години, кога Метаксовата диктатура најмногу го погоди македонското население. Реакционерниот режим во Грција во тоа време со особена жестина се беше нафрлил врз македонскиот народ во тој дел на распарчена Македонија, угнетувајќи го бесмислено и задушувајќи ги и најелементарните права на Македонците.

Со закон им беше забрането употребата на мајчиниот јазик, не само по училиштата, туку и по домовите. По сите македонски села биле отворени вечерни принудни училишта за учење на грчкиот јазик. Сите возрасни биле принудени да ги посетуваат тие училишта, оти луѓето по поделата на Македонија и во дел од што му припадна на Грција не го знаеја грчкиот јазик.

Задолжително требаше да го учат и возрасните, дури и такви старци кои не беа способни сами да се движат, па нивните помлади беа принудени да ги носат на раце до училиштето и назад. Така ги носеле и дедо ти Јанкула и баба ти Лина, раскажуваше татко ти. А, еднаш, претседателот на Леринската и Костурската околија, некој си Цакцирас дошол во селото.

Тоа било пролетта 1937 година. Тој бил познат терорист спрема македонското население. Бил страв и трепет за секој Македонец. Со него го влечкал како личен секретар еден Македонец, а станал гркоман, од селото Косинец, се викал Маркопулос, со закрвавени очи, црвени како сливи, во кои се уште му се наѕирале траги од пијанство, а бил должен да ги повика селаните. Кога Цакцирас се искачил на скалилата до влезот на црквата, насобраните селани почнале да му ракоплескаат, а тој бесен и на тоа им се обратил со следните зборови: “Не ме одушевуваат вашите ракоплескања. Вие не треба да ми ја покажувате мојата работа оти добро го познавам минатото на вашите дедовци-мислел на илинденското време, а и сегашната активност на младите, затоа запомнте дека ќе дојде ден кога јас лично ќе ставам оган од четирите страни и нема да дозволам никој жив да излезе!” На тие што му се противеле, насила им давал да пијат рецинусово масло. Потоа се знаело дека со денови не можеле да си го заврзат гашникот, ги терало многу по надвор.

- Ех, што ти било! Да Симонче, ова сакав до го знаеш... - со горчина ми рече дедо, па продожи;-Арно ама, тие како татко ти, со нивнита гордост, нивнате пламенити чувства, веројатно сакале да останат што е можно понезависни и најмногу се спротивставувале, но силата на полицијата ги собрала и со еден воен брод беше донесена една голема група интернирци и по жешкото сонце ги тераа да се искачат на калето. Таму им го имаа одредено живеалиштето. И така ги оставија без ничија грижа...

А баба ми Каљопа, ниту уста не отвори, ниту глас пушта, само запре за миг, стаписана, па ја крена раката да си го избриши образот.

- Што ја чепкаш таа стара приказна - му рече на дедо - Ми, го тревожиш детето! Но дедо ми упорно продолжи да раскажува:

- Ние од островот, од нив разбравме дека се водело војна и дека повеќемината ти биле од земјата на прочуеното македонско царство, ако си слушнал за Филипа ИИ и за неговиот син Александар Велики. А знаеш дека овој остров е проклет. Сув остров, гол и затоа го носи името: “Островот на ветровите”.

Тука живеел богот Аилос и оттука управувал со силните ветрови. Во грчката митологија островот Анафи се прикажува со името Аиолиа, според името на богот. А цел свет знае за големите бури, што се појавуваат како планини. Оттука минал и Одисеј, кога се враќал од Троја за татковината. Дури и сега постарите жители знаат на кој камен си отпочинал Одисеј, додека барал благослов од богот на ветровите. Тогаш богот ги запрел силните ветрови за да исплови Одисеј кон саканата Пенелопа. Можеби го сожалил поради големата љубов кон саканата. Ти не знаеш дека боговите пред убавите жени и клекнуваат. Легендата зборува дека и нашите претци ги донесле тука со намера да изумрат, но ете, останавме со векови. И нам не ни се знае коренот од кај ние. Посилниот те носи, кај што тој сака... Но овие луѓе што беа донесени во четириесеттите, беа од питоми места, а како да беа осудени да умрат тука. Оти тоа се знае, таквиот човек набрзо ќе го почувствува принудното пресекување од светот. Меѓу нив беше и татко ти Божин. Убав и силен маж. Силните не умираат лесно. Тој како да беше роден во знакот на “Даб”. Како и сите дабови и таквите луѓе се силни, моќни и мирољубиви. Во себе имаат голема сила, па им ја нудат и на другите како заштита. Не поднесуваат крв и болест.

Истрајни се, горди и стамени.

Необично си ја сакаат и ценат својата слобода, но и слободата на другите.

Си припомнувам, беше лето. Тогаш топлиот ветар што доаѓа на островот, дури од Африка, за нив беше неподнослив, а за луѓето од тие краеви, дури и смрт. Таков ти е овој наш остров; сув и крастав, вријат муви, комарци и други бубачки што го подјадуваат човека. Но најстрашно е зиме, под силните ветрови и при бура на море. Тогаш треба да се внимава и на сигурно да се гази, да се оди со кратки чекори, чунки ветриштата го носат човека како глотка. Тука дури и дрвцата што растат итро им се покоруваат на ветриштата. Дрвцето уште набрзо налегнува поземи, па така згрчено, само опстанува, а тешко му е на човекот, ако тоа не го знае. Кај тие луѓе почна да се јавува една чудна болест; се сушеа како стебла без корен. Станаа кожа и коски, со впиени очи и подуени образи. Во долгите зимски вечери, зборуваа сами со себе. Со години чекаа да видат снег, а тука никогаш нема паднато. Им се јави страшна вртоглавица, почнаа да им отекуваат нозете; на рацете и лицето им се појавија жолтеникави плускавци и по пукањето од нив течеше густ гној. Живееја така лежејќи по ѕидините, а зимскиот студен ветар ги поткаснуваше како змија.

Почнаа да умираат. Прв умре Неделко. Беше од родот на татко ти. Тој повеќе умре и од болка, кога дозна дека селото им го запалиле, а луѓето кои успеале да се спасат избегале во јабана.

За тоа боледуваше и татко ти, а другите тагуваа по изгубениот живот, но ним им било пишано да умрат тука.

Неделко, кога бил да собира тревки, гладот го принудил да јаде зелени смокви и живи полжави. Одел со подуен стомак, а нозете му се треселе како прекршени стебла. Легнал в постела со страшни маки. Неговите офкања одекнуваа по целиот остров, дури и боговите се беа исплашиле. По три дни, бладајќи по жената и детето - умре. И многу други изумреа по скрките, собирајќи полжави, ракови, глувци и жаби. На почетокот им давале смрдлива чорба сварена од внатрешните органи од псовисани животни. Од таквата помија многу повраќале.

Жесток и неподнослив режим бил воспоставен во овој логор што се наоѓаше врз она огромната скала над самото море. Ене онаму горе. На логорот имало некојси поручник Бугас, се правел поголем дури и од тогашниот министер Мањадакис, постојано ги предизвикувал логорашите и со груби провокации, уценувања и недостојни постапки. На оправданото реагирање на логорашите, тој со другите стражари со оружена акција против своите жртви. Можеби и татко ти ќе беше мртов, арно ама... Гробот на Неделко му е во скрките. Ене, онаму, кај големана пресека. А можеби има уште и живи. Велат дека понекогаш се појавуваат од кај длабоката пештера. Но до таму да се дојде, до тронот на боговите јас знам уште како дете, дека е непроодно. Тие биле многу, можеби некои од нив ги прибрале и боговите. Ги сожалиле, но од нив имаше и умни господови луѓе кои на луѓето не им посакуваа зло...

Таму е и изворот од кој полниме вода. Ти, знаеш, тој е единствениот на островов. Мајка ти со другите моми од селово дури од таму носеше вода. Таму се беа запознале со татко ти...

Можеби, тие спомени ја натераа и мајка ти сега да намине таму...”

*** Молкна. И ветровите како да стивнаа. За цело време напнато го слушав, но пред очи се уште беше орото што го играше татко ми. Ми доаѓаше да заплачам, но напати пофтував да ги движам стапалките, тргнував наназад, левата малку ја поткревав напрсти, потклекнував, потоа останував разочаран.

Ама уште ми е пред очи Леринското Поле, кога патувавме за селото на татко ми. Толку нашироко се простираше зеленилото на житата по нивјето, та и меѓите меѓу нив не се забележуваа, па сето заедно прилегаше на огромно разбрането море.

- Па ова е земја на парадизот* ! Ние на островот сме биле осудени. О, боже, боже каква неправда!-повторуваше мама.

Татко ми се насмевнуваше и се радуваше на оваа посета по цели триесет години од војната.

Природата како со рака те влече, а ти трепериш да ја радуваш убавината...

Кога стигнавме во Лерин, татко ми од се срце на мама купи нова роднокрајска македонска бела руба. Елекот беше извезен со разнобојна срма, а полите од фустанот опшиени со шарен гајтан, во разновидни фигури.

- Сега личиш на горско цвеќе, скинато од планината Вичо. Ех, моја Клеопатро- рече гледајќи ја така, небаре одново се беше вљубил во неа.

Тате си одбра платнена кошула со шарен вез на предницата и на ракавите и си ја стегна половината со шајачен појас. Тој беше толку расположен, небаре одново му се врати нешто одамна загубено.

- Ви текна да се присетите на младоста-шеговито им рече продавачката со добронамерна насмевка и продолжи-Пазар се не се врти околу љубовта? Околу загубената младост... - Тате и мама се насмевнаа, без збор да изустат.

Така развеселени се упативме кон родното село на татко ми намамени од пролетните мириси, пред нас се брануваше ржта, дивата трева како балсам ни ја разгалуваше и смируваше душата и како да не правеше посреќни и отпуштени на оваа прошетка. Татко ми најмногу се задржа крај урнатините на неговата куќа, раскажувајќи ни за целиот негов род, за животот.

Од подалеку се слушаше музика, која се повеќе ни го привлекуваше внимањето.