Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
(UNSCOB) - Part 10
Нареди да се направи “тунелот на смртта”, оти така го викаа селаните. Жандарите застануваа во два реда, еден спроти друг, а меѓу нив поминуваа луѓето кои често го зачепуваа импровизираниот тунел. Но, Статис знаеше тоа лесно да го реши со тоа што двете редици се повлекуваа во насоката накај луѓето што доаѓаа кон тунелот, а тој викаше по тие што маваа:
Бидете немилосрдни, никаква сентименталност, ни кон стар, ниту кон оние со недоврзана коска, оти и забрадените жени не знаете какви се потајни “Амазонки”.
Откако сите ќе минеа, се вртеше извиднички, небаре лесно му се крева возбудата во градите...
- Сакам да ве прашам, господа! - им се обрати иронично. Има ли некој да е роден од мајка Гркинка? - Чекаше и остануваше потонат во тој општ молк и офкања.
- Зборувајте! Варвари!... Бандити!... и со камшикот одмеруваше по луѓето.
- Ете, ти! Како се викаш?
- Божин, господине, а во митрото ваше (книга на родените)
Теофилос.
- Скасе! Славомутро!* Фаланга, земето го и додека издржи...
- А, ти стара гулабице.
- Невена, бабино.
- Како, како? Нели ти дале грчко име?
- Што вели бре луѓе? - праша старицата, а тој веќе ја дочека по штрбавите заби и бабичката заборави на стравот, кога падна како неврзан сноп.
Но за фалангата тоа е совршен метод. Со една ортома врзана во круг му се протнува на човека вратот и нозете до потколена, така што човек убаво ги држи нозете нагоре и на грбот си стои, и многу психолошки беше да гледаат другите кога палките и кундаците паѓаат како град над човековите табани. И, што е најважно, оние од фалангата, си ја вршеа убаво работата.
Тој, капетаниос Статис, гледај пак ќе спомнам, одеше од пребиен на претепан и милосливо го прашуваше:
- Кажи човеку, каде се бандитите? Им помагаш? Имаш ли пушка? Зошто не кажеш? Сам гледаш како се мачиш...
Многу мека душа имаше, таму да му е табиетот, додека ќе го фатеше крвта, а потоа леле, Митре, леле Митре, која мајка те роди, ќе те натераше црното да го побелиш со сопствените солзи.
По тепањето некои се губеа, ама што ќе тие е пребиениот кога ништо не разбира, но тие, фалангитите, си ја знаеја работата, ќе го оживееја човека со ведро ладна вода, тоа било народен лек, а потоа му ја доближуваа црната револверска цевка над слепоочниците, ами сега Митре? Побрзо умираа тие што гледаа, отколку претепаните.
Арно ама, татко беше тој Ристо Дорин, кој не издржа и од купот старци се спушти да му ја фати цевката, а потоа веднаш се прекина со фалангата додека не го суредија Ристо Дорин, а капетаниос Статис лично се ангажира со краток говор:
- Во името на законот, во чест на кралот, во самоодбрана на војничкиот образ и чест, наредувам да се обеси овој потаен бандит...
По ова се распушти собирот, со тоа што неколку “потајни”, кои можат во секој момент за државата да бидат опасни, беа избрани за островот Лерос, а стражарите на законот си нарачаа да им се приготви ручок под дебелата сенка, каде што веќе неколку селани вртеа на ражен планински јагниња. Убаво. Утре во друго село. Корештата е голема. Тоа е сега царството на капетаниос Статис, тој е тука, престолнината му е во убава бела наместена селска куќа.
Арно ама, тие тепаните, веќе капетаниос Статис не ги гледа и се помалку остануваат во царството. Статис размислуваше и се прашуваше за своето царство; дали тоа ќе биде толку моќно да ги сотре овие варвари, што претставуваат товар на државата.
Капна додека се излезе на крај со сите овие охранити. Но, еден ден како и денденес, се прочуја гласови во селата дека нашите го фатиле Статис. Во четата кога го донесле тој бурандар Статис, му го претставија на командирот:
- Еве го капетаниос Статис, командире, тој што искла се. Што ги изгоре нашите села, што ја намачи нашата земја...
Командирот го погледна убаво со некаква гордост и го праша:
- Имаш семејство?
- Имам - му одговори трпеливо.
- Сакаш да живееш, капетане Статис?
- Да, командире, да, јас...
- Познато ми е, капетане, дека човекот без оглед какво зло да стори, секогаш ќе најде оправдание за своето злосторство. И нареди:
- Пуштете го на слобода!
Ние сите се зачудивме.
- Каква слобода, командире! - рече едно момче, на кое семејството му го изгореа во сопствената куќа.
- На слобода! - викна командирот и му се обрати: - Момче! Душата не се победува само со оружје, туку со човечност...
Оденаш тој, бурандарот Статис, стана не можејќи да се прибере со умот. “Како тоа? Зар ова вистина го вели овој човек, на кого му уништив се”. Се погледнуваше во рацете, чиниш ги тресе од свежа крв. Ја чувствуваше многу извалканата душа, извалканите раце...
И кога го напуштивме, остана сам. Гледаше во небото, небаре се собрале околу него жртвите што ги имаше заклано со страст.
Не можеше да зачекори. Покрупните камења му се присторија наседнати луѓе што во нив замолкнува плачот по остриот бодеж, оти само така мислеше да го поништи тоа семе.
“Не, не тука е гола земја, не се во круг оние што ги заклав, но...” И така, одеднаш, зачекори, се увери дека е земја и дека не гази во некаква крв. Се присети, ги потклоцнуваше жртвите да не останел некој жив.
Сега за него кој има, кога веќе го изгуби името човек.
Неговите мисли се прекршуваа низ главата, вјасаа да најдат пат, да најдат одговор:
Зошто јас на слобода? Оти да не бара од мене одмазда? Тоа е машкост, за еден командир, за еден човек кому му исклав се:
татко му, мајка му, жена му и двете деца. Оти јас на слобода?
Кој сум јас?... Зачекори некако несигурно и пак се запраша: “Јас треба да одам кај моето семејство, кое ме чека да се вратам, по оваа војна... Кај моите деца. Еве, војната завршува, кај ќе го најде командирот своето семејство?... а каде? Кај ќе ги најдат сите тие луѓе што бегаат од оваа земја...
Со каква страст ги колев. Зошто, зошто?” Се присети кога пукаше во една лулка, во која детето се смееше и му ги подаваше рачињата, а потоа трчаше по мајка му, а таа се фрли од прозорецот, тој застана озгора насмеан и нишанеше во беспомошната мајка.
“Кој ме натера? Кому му служев, чии се тие интереси, та овој народ е должен така да страда? Да, човекот, ретко кога е сам сторител на своите зла... Но, зар само јас сум виновен? А наредбите?...” Одеше полека и така одеднаш се сврте и извика:
- Човеку! Каде ќе одиш?
- Оди си, оди си. Ти си на слобода и ако можеш живеј со злото...
Викавме сите по него. Застана над една карпа и ни се обрати:
- Луѓе! Благословен да ви е родот... Вие го задржавте името човек! Колкава човечност, колкава душа носеле овие луѓе. Ете, сега се гледаат кога се силни, кога и тие можат да убиваат... А јас?!... Кому му е потребна ваква слобода...
Се загледа во долината... Му се стори дека во пресрет му доаѓаат сите жртви... и ете, гледа како му пристапува огромно човечиште од чија уста избива незапирливо кркорење, гледа запалени куќи во пламен, живи изгорени луѓе викаат и му ги подаваат џурувкосаните раце.
Почна да трча избезумен кон карпите и се струполи... а по малку нагрвалија проклетите птици...
ПРЕКАРИТЕ НА ЈОНЕ БУКОВАЛОВ Бог нека им даде на сите. Сега веќе сум стар.
Богатство не направив, но ни зло. Имам два сина, городомници.
И тие сега го носат прекарот - “Метачи”. Така ги викаат во градот. На целото семејство таков ни беше прекарот: стариот метач, метачката, а синовите прекарот го наследија од нас, родителите. Ќе изумев, имавме и куче кое се по нас клинкаше.
Кога живеевме на село имавме прекар - “Бишкари”.
Ги пасевме селските бишки и затоа така не викаа. Голема мака видов од тој пуст прекар додека дасе се оженам, зашто секоја одбегнуваше да земе за маж бишкар. Само на мојата Крстана и леташе умот и не размислуваше дека ќе си го добие прекарот бишкарка, како трн се закачи за мене. И не згреши, набргу навикна на прекарот и се согласи заедно да ги пасеме бишките, за корка леб.
Тогаш убаво си поминавме. Јадало и пијало секогаш имавме.
Селаните по душа беа добри, ни полнеа по мисур-два од се што имаа, а згора на тоа и парче сланина. Така ги израснавме и децата, бели и цврсти, а и ние докрај си го зачувавме здравјето.
И облекувало имавме, од се по нешто, стари износени и излитени рубишта, изгниени од пот, по мера на други, што ни ги даваа селаните и сега, кога си ги спомнувам, ги благословуваме.
Всушност тие не не истераа од селото, не ни ја откажаа работата, туку јас решив да одам в град, да работам нешто, што нема лош прекар. Си велам, ќе одам в град, таму има добри прекари. Повеќе ме јадеше јанѕа за децата. Сакав да им се загуби прекарот “бишкари”. Што се тие виновни, сите да им викаат: “Ене го бишкарот...” или “Викни го бишкарот!”, “Дај му на бишкарот...” Јас и жена ми отрпнавме кога слушавме како велат:
“Дај му на бишкарот, или на бишкарката...”, а тоа го правеа за подобро да им ја напасеме свињата. Но, за децата срцето ми се параше, кога ќе слушнев нешто такво. Крстана ми е кротка, знае да преде, да плете, во што не и е рамен на никој, па затоа не е гајле за ништо, а и децата потпораснаа па ќе можат да помагаат.
Така јас еден ден решив да тргнам а нив ги оставив в село додека не се зафатам в град. Мечтаев да бидам: писмоносец, чувар на бањи, а неписемн човек сум. Туку да даде Бог да станам овчар, најмногу сакав. Ами, си велам, ако станам нешто во општината? Што ќе ми е кусо? И ете така, за среќа наша, станавме метачи. Па и велам, зарем овие писарчиња не сакаат да станат министри?
Кога за ова разбраа селаните, ми завидуваа:
“Бишкарот си го намести газот на државна работа” - велеа, штом бев примен како метач на главната улица во градот, по која поминуваа сите видни граѓани, и купувачите и продавачите, а навечер беше шеталиште за младите. Си ја вршев работата совесно. Од мене бараа да метам рано, уште в зори, да имало време да слегне прашината, пред да почне животот во новиот ден. Така и правев, па ме засакаа. Ме викаат “метач”, но си велам, сега барем не сум “бишкар”. Небаре ми се чинеше се препородив. Само се стрелушев, се ребрев од селаните да не почне некој да вика: Ене го Јоне бишкарот. Но, ништо такво не се случи. Во меѓувреме како што растеше градот, така се повеќе имаше ѓубре. Работа, колку сакаш.
Чувствував дека им сум потребен. Така, јас итро, прво си го донесов поголемиот син и нему му ги дадов споредните улици, а и го подучував.
Не мина долго време, на сам ден Први мај, ги свлечкав сите в град. Живеевме во една куќарка, без педа земја. При пописот, дури не нарекоа “Пролетери”. Јас уште толку се гордеев. Си велам: Море, Јоне, си направил таков скок - што ни трага не остана од прекарот “Бишкар”.
Еден ден Трифун чевларот ми рече: “Јоне, ние ја сочинуваме јатката на работничката класа, тоа арно да го знаеш...”, но јас му одобрував со глава, оти многу работи не знам, а тој со некаква гордост во името на партијата ми вели:
“Ти бре Јоне, навистина го сакаш Сталина... не туку-така неговиот лик си го тетовирал на твоите гради... Ех, мој Јоне ти барем знаеш дека тие луѓе имаат посебна кожа... Нели!
Отвори ја душата, ние сме си наши...” Потоа , Трифун сеедно ми се обраќаше со “другар Јоне”. Тој долго не можеше да дознае за моето минато, но кога виде дека сум тетовиран уште со српови, чекани и ѕвезди по лактите, ме предложи за член на месниот комитет. Така си живеевме со сите градски благодети, а метевме и по некои дворови, кај позакрпните, им ги светнавме дворовите.
Еден ден така си метам полека и слушам:
- Ти мори Капетанио! Сите други капетании станаа жени на мајори, па дури и на генерали. Само оној твојон, и ти заедно со него, остаревте капетанчиња...
Слушај, слушај Јоне, си велам. Ги чулам ушите.
- Ох, мори и ти имаш муцка... Клисарко! се фалеше дека ќе станеш попадија. Ќе ти се поклонувале луѓето. Хи, хи - и - и.
Слушај оној твојон уште многу ќе му ги поткраднува литурите* на попот Арсо. Ти ќе си станела попадија?! Хи, хи, и и. Ама попадија, туф, туф...
Јас си метам покроце и си размислувам, да беше овде мојата Крстана, ќе се исполнеше срцето. Ќе видеше дека сите јанѕа ги јаде од некаков прекар. Ете, ќе умрам од мака, што не ја пуштив денес да мете на оваа улица. Ја влечкам метлата да не грепка.
- За дваесет динари - и велам јас.
- Ама како за дваесет, еве ти четириесет динари и нека пукне капетанката! - насмеана ми вели жената, што ја викаа клисарка.
- И плочникот ќе ти го измијам за тие пари – покорно и велам јас.
- Ќе дојдете заедно со жена ти утре. Сите нека видат чија куќа мрсно јаде, кој може да плати слуги. И ручек ќе ви дадам...
Жената почна дури да ме моли.
Одам јас со мојата Крстана и и раскажувам за се, а таа ме гледа смирено со кротки очи, со оросено чело од пот.
“Ете ни се дава можност да се запознаеме со видни луѓе во градов” - и велам, и гледам и се рашири насмевката и дојде некако мило од ова што го слуша. “Само, биди, биди внимателна” - и велам. Немој да го разврзиш јазикот пред нив, па да си го разголиш газот; да се расчуе низ градот дека сме биле бишкари. Не ти треба...
Чукнав на порта и слушам тропот на налани по плочките: тлак- тлук, тлак-тлук...
- Повелете! Повелете! - се чу радосен извик, небаре се пречекуваат некакви благородници. Крстана моја, целата се стопи до метлата, но јас бев тука. Без никакви подготовки, веднаш почнавме. Додека на соседниот балкон се појави капетанката која со ококорени очи ѕуреше во нас, а набргу, о Господи! Сите балкони се накитија со љубопитни нагиздени госпоѓи, влечејќи ги своите мажи да не гледаат.
Јас одвреме навреме фрлав по некое око на нив, а жена ми како мравка по плочките... ги трие, ги трие, просто ги лиже, а мене ми се стемни па сакав да ја опцујам. “Биди паметна, будалиште!...” Ручек ни постави во бавчата, со сите згоди, а парите ни ги даде кога ѕиркаа најмногу жени од соседните балкони, броејќи ни по една, се до четириесет парички. Потоа бевме достоинствено испратени. Се заблагодаривме:
- Сполај ви - и со метлите на рамо излеговме.
Пред врата не дочека капетанката.
- Утре кај мене! Секому плаќам по 80 парички! – а ние ни збор.
- Кога можела една клисарка да плати 40 парички, што уште јаде туѓи пупчиња, зошто па јас...
И, ете така, убаво ни тргна работата. За цената не стануваше ни збор. Метевме сечии двор, но сакам да кажам за жената- капетанка, од добра-предобра, таа на мене тупете пантолони, навистина малку излитени, а на жена ми дури малку носен модерен фустан и толку им требаше на нашите деца да се бијат шега со нас. Оној помалиот ме нарече “капетан”, а на мајка си предложи од заработените пари да и купиме неколку зрна килибар за на гуша... Крстана ги благословуваше и така си го живеевме животот, без многу грижи за градските прекари.
Секогаш поскраја од се, дури и да изгореше целиот свет, ние ништо...
Секогаш улицата ја почнувавме со метење од центарот кон излезот и ѓубрето си имаше свој тек: да се исфрла од градот.
Арно ама, едно утро од центарот на градот цела толпа луѓе тргнаа кон излезот: пеат, кршат, а ние си метеме како секој ден и туку одеднаш ни се приближија. Јас неопитен, не чекајќи да одминат малку, туку веднаш продолжив со метењето и несвесно ја прифатив песната што ја пееја славениците и така си терам доста време, туркајќи го насобраното ѓубре. Си велам на враќање ќе им биде чисто, а граѓаните го сакаа тоа. Но градот од ден на ден се повеќе се загадуваше, а за нас стануваше се помачно. Нека си велам, сигурна ни е работата.
Наспроти мене гледам трчаат весели луѓе. “Да живеат Црвените! Да...” , викаа. Јас се уште мрморејќи ја песната застанав потпрен на метлата и им се радувам. Додека си ја тресев од себе прашината, гледам накај мене иде жена, разјарена, здивена и туку одеднаш ми ја зграбува метлата. Јас останав стаписан, кога погледнав одблизу ја препознав госпоѓата на милостивиот мој началник. Ја познавав онака кротка, кога доаѓаше кај него, нагиздена со свила, намирисана толку многу, што моите синови ги оставаа метлите, дигајќи ги како прлиња кога ја намирисуваат мочката од кобила и и се подбиваа за многуте алки што и висеа на гушата и рацете.
- Хм - вели таа. - Јоне, бре, зарем и ти си со нив?...
- Зошто, милостива госпоѓо? Чисто е. Што не ви е по волја? А таа пак со сета лутина ми се топори.
- Значи така! Си знаел дека ќе дојдат Црвените, а си молчел...
така во доверба ми рече.
По неа трчаат луѓе, како разулавени и ми велат:
- Удри! Удри со метлата. Удри, Јоне! По главата, по газот..., тие сега не ни можат ништо, доста ни ја цицаа крвта, не плаши се!
Окупаторот веќе го нема... А, гледам жената, кротка и со сета снага се впи во мене, ама тие викаат:
- Удри, Јоне! Само така ќе ги ископачиме експлоататорите... Да живеат црвените!!! - Ечат гласови, додека јас стоев така како неразбуден од сето што се случува, думам и мрморам: “Море Јоне, да не дојде слободијата, па нема ниту еден германски војник”, а го немаше и началникот со залижаното перче.
Се насобра народ - прст и плева, отсекаде, а во автомобил го гледам Трифун Шиндевски како командува со разјарената толпа. Кога ме здогледа уште од далеку, слушам вика:
- Руски - и - и! Јоне! Фрли ја метлата и фати се со командување.
Власта е во рацете на пролетеријатот...
Ете ти - си велам - нов прекар, со име од илегалата “Руски”, а времето топло, блика од мене пот. Ја раскопчувам кошулата и гледам сите се џарат во тетовираната слика на големиот водач -Сталин и сега не ги кријам градите, си велам нека личам на батушките што се бореа во четата на Чапаев. Но сега Трифун чевларот за мене е гениј, си припомнувам кога еден ден визионерски ми рече: Ние треба да се обединиме, ние сме пролетери, кои треба да ја градиме иднината... па ми расправаше за марксизмот, за ленинизмот, ама тука и јас го надитрив, си велам: Ти, Јоне, си прост човек, прави си го тоа што го разбираш, што е едноставно и на видело и тогаш си ја пикнав сликата на човекот, генералисимус, под кожа...
Дојде времето за обнова, луѓето полни со ентузијазам, кротки, послушни, го ценат парчето леб, а се на купонче, ако му дадам, ќе има колку што сакам јас. Тогаш раководството се ценеше и зборот беше закон. Со мојата Јонејца, се наоблековме од специјални магазини, а гледам жена ми се измени, се измитари како нехранета лисица. Синовите на подбишега и велеа дека личи на некоја си мисис Фонда. Среќни бевме, не бевме метачи, а бев во најтесното раководство на градските кадри, со кои работевме на создавањето на новата власт.
Почнавме да се влечкаме по приеми, по седенки, во посебни ресторани. Но жени, како жени. Мојата Крстана со жената на Трифун чевларот се подѓучнуваа како напасени кобили. Тие некои работи не знаеја да ги држат подзасолнати во умот, туку се им беше на јазикот... Ех, мој Јоне, си велам:
“Жената си е жена, таа и во социјализмот си е иста како капетанката и попадијата.” Тогаш така ми тргна работата, па одржував красноречиви говори, а зборовите што требаше да ја потикнат изградбата на новиот живот, ги редев како плитари под сонце.
На крајот секогаш завршував со зборовите: “Во чест на... да живее победата и Црвената Комуна на чело со...” Ех, така беше тоа време на обнова, се е заедничко, колективно, просто ти се радува срцето, а навечер игранки, сите се веселат;
со една хармоника, а некаде и со тапан, зависи од зафатеноста на комуната... тапанарите буфтаа во чест на секој новодојден од градскиот комитет, а дури не ми се кажува... Еднаш една банакарска службеничка милно ми рече:
“Другар Руски, ќе изиграме едно танго?” Јас се стаписав, но се снајдов: го поткренав ракавот и гледам во часовникот:
“Другарке, треба да одам по задача...” Море, Јоне, си велам:
“За какво танго ми зборува оваа луда банкарка, бегај, витосај се...” Јас и танго? И така, времето минуваше, а јас не можев да го научам тоа пусто танго.
По неколку години јанѕа ме изеде, убаво нагазив, небаре се фатив како лав во стапица. Ме викнаа на разговор, а јас мислев ме проверуваат и ми велат: “Го сакаш Сталин?” А јас ги разголувам градите и се топорам: “Тука е во мене...” Иследникот ме гледа и ме цеди со погледот, па ми вели: “Ќе треба да кажеш дека и твојот сосед е против власта, против раководството”. Јас се штукнав од умот. Ме нарекоа информбировец, ме истуркаа во една визба, а таму сите претепани се џарат во мене. Соседот ме гледа и не ми верува.
Не сакав да им објаснувам, ја извадив кошулата и небаре моите гради им станаа светилиште, а јас чувствував како човек да ми мрдаше под кожата и не можев да го истерам... Така го носев по сите голи красти на морскиот брег. Јас бегај од него, тој во мене и повеќе не ми носи никаква иднина, туку само љубопитни погледи и плукања од сите што ги мразеа и сакаа генералиси-мусовиот лик со дискретна насмевка на неговите мустаќи.
Еден ден сонцето јако печеше, а пред мене застана Анѓелко Митиќ. Се доближи и ми заповеда да станам. Застанав мирно и сега во неговите крупни очи стоев јас и генералисимусот, а Анѓелко ми вели: “Отсега ќе бидеш гробар”. И така почнаа да ме довикуваат со прекарот “Гробар”. Работата ми беше едноставна. Катаден по некој непознат мртовец, го натоварував на грб, сонцето печеше, само студенилото од мртовецот ми го ладеше испотениот врат.
Го земав мртовецот без никаква посмртница, без пусулка, како да е стока од “специјалните магазини” и го носев до “гробиштата”, што вриеја од мршојадци, а ни име му знаев, ни род по човечки да му речев... “нека ти е лесна земјата”.
Кога се вратив, дојдов право во селото, од каде тргнав по добар прекар со документ - логорски гробар. Сега живеам мирно. Со Крстана моја пасеме бишки, но кошулата сега не ја вадам ниту пред бишките.
КЛЕЧКАРОВЦИ На Мијалче Клечкаровски, задоволството му се напикуваше во мижуркавите очи, во дебелите усни, во сето округло месесто лице. Тој сега живее во квартот “Пролетери од цел свет обединете се” бр. 26. Собите на станот се по избор, накај огрејсонце. Убаво.
Мијалче Клечкаровски си го токмоса животот како никогаш.
Оти да не, велеа луѓето, кога како него ги има многу.
Тој сега е весел, задоволен, кога веќе патот пред него е прав како фишек... Пензијата, за него и за Мијалица му стигнува токму на први.
- Доста ни е, нели Илинке?
- Глаата ни ја дупва, - му одговори Мијалица. - Тие не се пари од пот и крв...
- Море јас можев да лапнам и национална, како Воријасовци, туку ми погрешија... А сето им го имав напишано на оние слепци што требаше само да потврдат. Кој ќе им го мереше зборот на кантар, ама катили...
- Клечкаровци белите соби ги имаа напослано со убави ќилими, а во ќошот висее сликата на еден големец. И само тој, Мијалче, знаеше зошто треба таа слика да виси таму.
Кај Мијалче си доаѓаа луѓето. Некој се чудеа на многуте книги наредени по обичните витринки. Тие беа, речиси, само од областа на марксистичката литература.
Томовите стоеја малку потпрашени. Повеќето беа на туѓ јазик, тука таму имаше по некоа на наш.
Оние на туѓ јазик, Мијалче Клечкаровски ги беше донел од таму и имаше обичај да каже: “Сакаш, не сакаш, брате, секретарот на Основната ќе ти ги тупоса...”
- Ти синки ги отвори, море пусти Мијалче- ќе се испуштеше на Мијалица пред гостите.
Тој ја погледнуваше напорки, но умееше да се снајде, ќе речеше:
- Кога бре, луѓе, човек да чита? Јас целиот живот си го дадов во активистичка работа. Ако се оддадеш на читање, ќе ги изгубиш врските и ќе ти отиде се. Не можеш да му ги најдеш клечките.
Ќе праша ли некој кој е Мијалче Клечкаровски?
Не...
-Така е. Затоа си прав, Мијалче-ќе издивнеше Надеждин Костоломов, инвалид од прва категориа.
- Тука луѓе, вистинити борци, по револуцијата завршија инженери, професори и што ти знам, ете сега од мене бараат изјави. Тие не познаваат никого, зар не гледате, чекаат по неколку години за стан, за работа... А јас, тап - си се наместив!
- Па друго ти е да си познат како активист од тие времиња..., - му рече Надеждин Костоломов, или да те водат во архивите како функционер.
Еднаш, Надеждине, кај еден функционер, настојував да ми ја издаде партиската од подамнешен датум, па ми рече: “Не расфрлај се со тие принципиелни зборови, па што сака нека си бил, другар, Клечкаровски! Не е скромно...”
- Јас видов дека човекот малку се наостри, затоа је сменив тактиката: “Вие толку млад човек, а веќе сте висок функционер.
Таков благороден лик на човек, а толку остро!?...” Тој веднаш се насмеа. Го уловив!
Ете, Надеждине, како му ги најдов клечките на човекот.
- Ти си способен Мијалче. Мене комисијата за инвалиднина ме замоли: “Ајде, Надеждине, кажи на што се жалиш?...” Јас само се опрев како труп им им реков: “Ете, гледате дека се скршени, ракава е сува, а ногава покуса...” Лекарот се насмеа. Потоа ја зеде хартијата и напиша стопосто инвалид. Ми рече: оди во социјалното да ти дадат материјална помош. Кај мене се се гледаше Мијалче па ниту ме праша некој до сега од кај си, кој си, бре другар Костоломов? Те болат ли раните? Нели се боревме за правдината на луѓето. На секого му е мило во овој колективен живот да живее, барем умирањето и страдањето да си остане како индувидуална работа...
- Ти Надеждине ќе треба малку подобра пензија да добиеш како борец, а не како инвалид. Знам дека не ти стигаат, тоа се колку за лебот...
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/14 le 29 octobre 2026