Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
Front Matter - Part 01
Коба и Гнев
(НИЗ СЕНКИТЕ НА ПРОГОНСТВОТО)
избрани НОВЕЛИ и РАСКАЗИ Стојан Кочов Коба и Гнев Published by:
Risto Stefov Publications rstefov@hotmail.com Toronto, Canada All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.
****** June 11, 2016
****** СОДРЖИНА ПРЕЧЕК ............................................................................................4 СРЕДБА ............................................................................................9 ПЕСНО ПРОНАЈДИ ЈА МОЈАТА МАЈКА.................................16 ТУЃИНЦИ ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА................................................23 БЕГАЛЦИ .......................................................................................30 КОБА...............................................................................................36 НА МРТОВ ДЕН ............................................................................43 СЛЕДОТ НА ИСЧЕЗНАТИОТ РОД ............................................49 ПОТОМЦИТЕ НА ЕДНА МРТВА ВОЈСКА...............................60 ТАЛКАЧИ.......................................................................................67 СПОМЕНИТЕ НА МАЈКА АДЕЛА.............................................75 ПОСЛЕДНОТО ОРО НА ТАТКО МИ.........................................81 ТАЖНИТЕ РОЗИ НА ПЕНЕЛОПА .............................................91 НОВА ГОДИНА ВО ЗЕМЈАНКИТЕ НА ГРАМОС ...................97 ЛЕНА.............................................................................................106 ВО ДОЛИНАТА НА ЗАБОРАВОТ............................................115 СОБИРАЧ НА РАКОВИ .............................................................121 ПРОДАВАЧКА НА КАРАНФИЛИ ...........................................129 ПОСЕТА .......................................................................................136 КАМЕН .........................................................................................143 ЗЕМЈА НА ВЕЧНА ТАГА ..........................................................149 ВОЈНАТА КАКО ДА БИЛА ПОЗАВЧЕРА ..............................155 СЕ ВРАТИВ ДА УМРАМ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА....................161 ИСПОВЕД.....................................................................................169 ЧОВЕК ..........................................................................................180 ПРЕКАРИТЕ НА ЈОНЕ БУКОВАЛОВ......................................187 КЛЕЧКАРОВЦИ ..........................................................................196 ВКУСОТ НА СОЛЕНАТА ВОДА..............................................203 ЗАВЕШТАНИЕ ............................................................................209 РАСКАЗИ ШТО БЕА ОБЈАВУВАНИ ВО РАЗНИ СПИСАНИЈА И ВЕСНИЦИ ................................................................................221 СМРТТА НА СТАРИЦАТА .......................................................223 БЕЛЕШКА ЗА ПИСАТЕЛОТ .....................................................224 РЕЦЕНЗИИ ...................................................................................226 ПРЕЧЕК Одамна не сакам да се навраќам со мислите на педесетите години, на оној пречек; дури и сега самиот тој збор ме измачува, умот ми зема лоши патишта и ми нуди најстрашни мигови; посакувам мислита да ја истерам, оти дотогаш и нашите мајки и жени умираа природно на постела, од разни болести и од старост, а умираа и при раѓањетто или овенуваа од сиромаштијата, но многу изумреа и од лошата мажачка. Само најмногу им се сушеа мислите од тугината за своите мажи и деца.
Со години сега наоѓам мир во големиот австралиски буш, удирам по дрвата “Џери” со остра секира, од бес, сé до изнемоштеност зашто ми навираат спомените за пречекот, а мислите ме туркаат до работ на гибелта, до одмазда што не смирува, туку ме навраќа пак на тие спомени.
И сега си припомнувам...
На пречекот бевме дојдени јас и татко ми. Двајцата свечено облечени поранивме да стигниме до преминот што беше чуван од стражари. Беше тишина, не дуваша ветре.
Високо на небото немаше ниту една ѕвезда да блеска и не се гледаше дали нешто вирее на земјата. “Можеби исчезнаа и ѕвездите?”, си реков во себе. Но зазорум провеа ветре од кај леринско и почна да ги тркала облаците. Еднаш почнав да ги бројам, изброив доста и ги витосав, почнаа да ми шаренеат очите.
Не многу настрана од нас се слушна лелек, од едно човече, стегнато во шајачното палто. Полека ни се приближуваше гледајќи милосливо во нас.
- Натаму е мртва зона..., само до тука. И јас чекам, како истеран пес. Не гонат како лиот... и од каде? Од нашите огништа.
Така зборуваше и сам си одговараше. Јас само го гледав и си мислев: “Најмногу приличуваше да му залафи татко ми”, но тој беше обземен од возбуда и само ми ја стискаше раката се посилно, небаре сакаше сета радост да ја преточи во мене. Кога убаво напукна зората, оддалеку се покажа човечка силуетта, што доаѓаше накај нас и стануваше се појасна со ликот на жена.
Чекореше строго, гледајќи накај нас. Чекавме со сигурност, добивме официјално писмо од леринските власти, дека на мама и е одобрено да се исели, веднаш!
Така подвлечено пишуваше на грчки “...по лично барање...” Тогаш татко ми од вечерта ме зеде од детскиот логор каде што скоро ме имаше пронајдено. Ме избања во леген и ме изнаоблече. Ми направи перче од густата коса, но јас веќе живеев четири години без родители и на тоа не се радував. Ги имав подзаборавено, но само слушав за мајка ми дека ја зеле Грците и ја обвиниле поради татко ми, зашто бил учесник во македонската војска.
Сега сме дојдени на пречек, двајцата да ја дочекаме мама што по целиот пат ми ја опишуваше татко ми.
- Ене ја... - рече, кога виде силуета да приличува на жена.
Таа е, Елена... Лена е, по одот е таа... Мајка ти е – ми ја затресе раката. Ме полазија морници, но јас не ја паметев.
Бев многу мал кога ја зедоа од дома и ја депортираа на островот Лерос. Само знам дека немаше кој да ме дои.
Татко ми за миг се стаписа.
- Не, зар не е Лена?
Жената доаѓаше се поблиску, чекореше безволно, ситно и збркано, болно. Во левата рака држеше документи, а во десната торбичка во која имаше збрано сé што останало во животот и ништо друго.
- Ле н о! - извика занесено татко ми, но таа пак така безволно ни доаѓаше во пресрет, се поблиску и поблиску. Молчеше. Косата беше истрижена, облеката излитена. Носеше војнички цокули врзани со разнобојни врвки.
Ја кренав раката со силна желба да ја поздравам, но кога го видов безизразниот поглед кон мене, си ја прибрав раката како да ми беше подудрена од некаков тресок.
Гледајќи ја така, сé повеќе се обесчувствував...
Татко ми очекуваше дека ќе се фрлам во прегратката на мојата родена мајка и тоа најмногу го почувствува тој, и можби умре со татквата голема тага.
- Л е н о о о о!, - викна татко ми. Таа подзастана и гледаше збунето, но веќе беше близу и татко ми потврдно рече:
- Таа е, Лена!
Ми ја остави раката и зачекори кон неа. Останав сам. Ниту јас, ниту мајка ми не се помрдна. Молчевме, а татко ми и таа се гледаа во очи и само уште неколку чекори беа оддалечени еден од друг. Но, кога мислев дека на таа оддалеченост ќе се фрли во прегратката на татко ми и ќе проговори, таа одеднаш го сврти погледот наназат, но пак зачекори исполнувајќи ја наредбата на грчкиот стражар што и викаше: “Емброс, емброс!”, (Напред, оди!), таа безволно доаѓаше накај нас со недоверба.
Татко ми се вознемири, небаре уште за чекор ќе се разминеа.
Жената го впери погледот во татко ми, застана и така строго го гледаше држејќи ги цврсто документите. Потоа ја испружи раката и посака да му ги предаде, чиниш придружувајќи се строго службено, но тоа, така било во логорите кога преминувале од еден логор во друг.
Таа одеднаш направи чекор наназад гледајќи го татко ми со сините очи без израз. Потоа заплака. Солзите се тркалаа како порој по нејзиното издолжено лице. Лице напатено, и чиниш не беше возможно да се поверува колку и било некогаш убаво. Не знам дали таа во себе рече: “Зарем сте можеле да ме заборавите и да дозволите толку да ме испустат...” Но таа немаше глас, и беше одземен од патилата и повеќе не можеше да раѓа како нејзините предци што го множеа и одгледуваа родот. Таа, сега, требаше да умре неприродно.
Човечето со шајачното палто кое веќе заталка до мене, во тој миг посака да ме земе во заштита:
- И оваа е од нашите остатоци, - но во тој момент ни го сврте вниманието стражарот што викаше “Емброс!” и си ги плескаше рацете, чиниш нешто големо исчисти, и на крај со рацете ни покажуваше да бегаме сите, подалеку од Елада, “Ексондоси!
Ексондоси!” (Искорнете се!)
- Од каде, песу! Од каде не тераш, од нашите огништа, а стражарот продолжи да плеска со рацете, давајќи ни до знаење дека со нас расчистил.
На човечето му подзавре крвта и сé потешко се совладуваше, нешто го мачеше, го правеше да биде бесен, несовлсдлив, наликуваше на претепан ѕвер кој бара одмазда.
На враќање за Скопје, ни ја раскажа приказната за своите деца, кои насилно им ги собрале кралските власти - кралицата Фредерика за да ги направат јаничари, а тој ги бара и ги оплакува заедно со жена си, веќе со години.
- Ја имаат измачено многу. Има преживеано најстрашни моменти, живеела под лоши услови, - ми шепотеше човечето, кога гледаше дека тонам во тага за мојата мајка.
Другиот ден бев одведен пак во детскиот логор за да ми биде “посреќно” детството. Но мајка ми умре во февруари во педесеттата; си припомнувам како ја изнесуваа по снегот.
Крепкиот мој татко сега се одликуваше со едно необично својство, ме прегрна, ми ја притисна главата до својата црна кошула и жалосно ми ја стискаше раката. Тој ден првпат изгледаше како старец. На погребот плачеше.
Беше студен маглив ден. Зад ковчегот одевме сите деца од логорот, а по нас имаше многу соборци на моите родители.
Над ковчегот имаше многу цвеќиња, а мајка и беше многу убава.
Јас заплакав кога почнавме сите еден по друг над спуштениот ковчег да фрламе по грст земја...
СРЕДБА Кога ја завршивме воената академија, на свеченоста беа дојдени стари офицери, родители и најблиски. Посетителите влегуваа, келнерите сновеа, разнесувајќи кристални чаши, зелени, розе, жолти...
Стоевме во круг.
- Да, јас знам, Вие имате и радост. На пример, во атака!
Ах, тоа треба да е великолепно! Сите војски, кои одат во бој, како на празник! Вистина? Вие офицерите, викајќи “Да живее татковината” умирате со насмевка на усните... - насмеана ни зборуваше сестрата му на Анестис.
Јас ја стискав чашата со вино и чекав топла рака...
Родители немав, а не знаев дали имам и блиски. Го познавав и го сакав само господинот доктор Папајанис. Тој се грижеше за мене, а еднаш кога го прашав дали ги познава моите родители, суво одговори – “Не”. Потоа, како да се премисли. - “Знам, татко ти беше војник од спротивната страна…” Јас повеќе не го прашав.
Годините си минуваат. Кога ја добив зрелоста посакав да го пребарам светот, да дознаам за луѓето... Оти тоа што не можев да го избришам од сеќавањето ми беше само тоа.
Свеченоста заврши... Тој ден добив и одликување кое силно блескаше на моите гради, а кога ме виде докторот Папајанис, се доближи до мене и топло ме бакна.
Ме фати под рака и така одевме како занемени...
- Одисеј, ти си добро момче, но... почна тој и пак замолкна.
Чувствував дека градите ми беа преполни со радост, а докторот Папајанис како да го слушаше возбуденото чукање на моето срце... Седнавме покрај една маса. Тој молчеше. Зеде и запали цигара од која ненаситно голташе чад. Докторот потона во длабоки мисли. Нешто го мачеше; ме погледнуваше, ја отвори устата да проговори, но потоа пак ја затвори.
Забележав на неговото лице како се оцртуваат мачни белези.
Не можев да се воздржам.
- Докторе, ти имаш нешто да ми кажеш? Зборувај! Ме погледна, а во неговите очи забележав замагленост од машка солза.
- Колку би се радувале сега да те видат родителите... и пак замолкна. Моите гради за миг останаа празни. Чувствував како со црпка да ми ја извади радоста, оти тој за моите дваесет години не ми рече ништо. Ме тераше само да учам, да завршам, и, ете, тој ден дојде па ми рече:
- Одисеј, ти сега заврши - се насмевна и стана да ми наздрави со чашата коњак што ја испи до капка.
- Годините се како натоварени вагони, а ако запреш со погледот на работ од тунелот на животот, ќе видиш само како исчезнуваат - проговори докторот. - Овој ден, одмна го чекав.
- Ти си сега убаво и учено момче, а знаеш ли од кога сме пријатели? Повлече длабоко чад и ме погледна во очите.
- Од војната... Од војаната, Одисеј. Ти беше малечок.
- Кога си роден јас незнам, но кога те дадов во домот, го ставив датумот на денот кога те најдов. Верувам, сакаш да знаеш сé, одамна ме прашуваш. Но прости и ако и сега не ти кажам сé...
Јас немирно ги местев лактовите над белиот чаршав и со скаменет поглед ги примав како удари зборовите на докторот Папајанис. Тој полека почна да ми раскажува...
Беше јулска ноќ, небото како да се тресеше, се збиваше густиот чад помешан со правот и одвај се гледаа на небото преплетените патеки на усвитените ѓулиња, а земјата татнеше како вулкан од огнот и не можеше ништо да се види:
Ни месечината, ни ѕвездите... Убавината што ја даруваше природата во тој летен ден ја одзеде човекот. Еве, во тој црн чад те најдов. И кога ја пуштив раката да те приберам, ти ме пресретна со силен и исплашен детски крик. Но, јас те зедов и те смирив. Уморен бев таа ноќ, но успеав да те нахранам со чај, а војниците се шегуваа со мене. Името Одисеј ти го даде еден војник. Расплакан, те галеше и ти зборуваше: “Ако бидеш жив, ќе ти бидам на венчавањето кум”. Но, подоцна, како што дознав, тој загинал. Кога се смирија престрелките, ти веќе спиеше завиткан во шинелот. Пред да легнам се слушна еден силен рафал кој те разбуди и тебе. Утредента дознавме дека стражарите убиле некоја жена, која трчала избезумена кон селото. Таа успела да вика: “О, не, не сум војник…”
“Војниците убија жена... и јас ќе бидам војник. Зар и јас ќе убивам?...” - ме жегна мислата го прашав:
- Докторе, зар не беше таа жена мајка ми? Тој ја поткасна долнат усна и ми одговори. - Незнам, Одисеј. Знам дека беше од бегалците. Како што расправаше војникот, ништо друго не рекла. Само касајќи ги од страв своите усни таа ги затворила очите и риела во рафката земја, барала место да се скрие.
Селото беше пусто, луѓето беа избегале. Каде се разбегале по светот не знам, селото и ден денес е пусто. Ти распрашај се.
Долго го чекав да проговори, па ми рече: - Од нив ти беше родот, Одисеј. Гледаш, Одисеј, на судбината било угодно да си поигра со луѓето... Јас со тебе подобро ја паметам војната. Да, дете мое. Но, Одисеј, ако си намислил да ги бараш, оди. Само најдобро е да им ја фатиш трагата уште од селото...
Се разделивме расплакани.
- Довидување, мој докторе!
- Добро патешествие, Одисеј, и не заборавај ме...
Патувавме ден и пол и ете стигнавме до селото.
Патиштата беа тешки, земјата излокана, камења, па сега јас чекорев преку тие вдлабнатини. Повеќе од урнатините беа срамнети, а на покрупните разголени камење им виреа врвовите од земјата како зглобови преку засушена кожа. На сред село стоеше црквата неизгорена, но ѕидовите набабрени и кога влеговме внатре Анестис сликаше, а јас застанав, пред една ѕидна икона на која горниот премаз се излупил како на изгорено тело, а под горниот слој фигурата остануваше иста.
Но, во долниот дел човек може да прочита друго писмо. Го повикав Анестис и го прашав: “Какво е ова писмо?” Тој се доближи до мене и ги собра рамениците како фтесен. Кога излупивме повеќе од напластената боја се виде цел ред.
Анестис чепкајќи, ми рече: - Одисеј, ова е славјанско писмо и го впери апаратот да слика. Ја слика иконата така недолупена од напластениот дел. - Ќе ја чувам сликата, - рече Анестис.
Другиот ден ја минавме границата и патувавме по асфалтниот росен пат. Поминаа неколку дена и едно утро Анестис ме праша: - Се сторија неколку дена што сме туѓинци.
А, Одисеј, не слушаш ли?
- Размислувам, Анестисе, за иконата. За луѓето кои ја напуштија земјата. Гледаш, Анестисе, колку дебели да беа пластовите на бојата, времето ги нагриза, а оригиналот на ѕидот си остана чист. Зарем и со човекот не е исто? - “Докторот ми рече дека од нив тие родот. А кои се тие, не ми кажа сé...”
- Беше 9 Мај. Анестис и јас ја љубевме крајпатната убавина.
Тоа утро зората мрзливо се спушташе како појас над распенавениот Вардар, опсипувајќи го со сончевото сребро.
Колата јуреше како залутана птица. Стигнавме пред градот.
Анестис туку одеднаш сопре и двајцата се погледнавме на десната страна од патот во споменикот “Мајка” која стоеше тажно. Имаше доста луѓе. Полагаа сите цвеќе. Се загледав во фигурата и не знам што ме натера, дали љубовта и тагата за мојата мајка, инстиктивно точно ме погодило в срце, скинав цвеќе и јас како сите положив пред фигурата “Мајка”.
Фигурата малку наклонета напред, чиниш се движи. Нејзината силуета читко се оцртуваше на сводот, не засенчувајќи ја...
Лицето не изразуваше само бол, немаше на очите ни горка солза, ни очајување, туку беше исполнето со строга величина и достоинствено. “Мајката” стоеше гордо за своите деца кои го дадоа животот, а во рацете држеше голема плетенка од ловорови и дабови лисја. - симбол на вечна слава.
Беше сончево и осветлената фигура како да беше полиена со злато, но пред мојот поглед, водениот превез од солзи ми се маглеше, а сакав да оддадам почит на мојата мајка.
Се доближи еден средновечен човек и ме праша.
- Вие да не сте туристи?
- Да, грек турист, - му одговори Анестис. Тогаш тој ни се обрати на грчки, а зборуваше доста лошо.
- Ретко е патник кој не ќе призастане покрај неа. А ретко некој гледајќи ја фигурата “Мајка” што ќе помисли, не ќе се присети за момент на далечното минато, на тешките моменти од војната... Ете и јас со син ми секоја година доаѓаме тука.
Потеклото ми е од Леринско, но војната како со метла не збриша и старо и младо. “Ете ги тие луѓе” си помислив. Тој тажно се насмевна и ме праша.
- Вие, господа, на долг пат, да?
- Да, да, господине, - му одговори Анестис.
- Од каде сте, се доближи и некако пријателски го прашав.
Човекот се сврте и ме загледа мирно.
- Ох, момче, моите патила се долги, што да те мачам.
- Му подадов цигара и како закован со погледот остана во мене.
Сега можев да му ги видам нажалените и немирни очи.
- Како ви е името, момче?
- Одисеј, - му одговорив.
- Да си жив, Одисеј... Имаш ли родители?
- Не, - одговорив отсечно.
- Не. Тие умреа од старост или од болест, - не, не...
- И јас, Одисеј, носам болка, седни, ќе ти расправам како на чедо. Денес и така е празник. Не работам.
Седна и русокосото момче покрај мене. Анестис скокна и не сликаше неколку пати.
- Јас бев војник. Ја оставив жена ми дома со две деца, ова - покажувајќи му на момчето и едно мало дете. Но, од жена ми и од малото Јованче ни трага.
- Син ти не знае грчки? - го праша Анестис.
- Не знае. Но сега подобро што не знае оти го обзема чувство на тешка вина, ако ме разбере ова што ви го раскажувам.
Луѓето што бегале заедно му велат: “Ти си крив за мајка ти и за брат ти”. А за братчето најмногу плачи.
Бегалците бегаа како река суводолица оддеднаш кога ќе надојде и си го изгуби коритото, својот тек. Здивна, го протри лицето и пак продолжи.
- Како огладнет булук, каде бара повторно пасиште...
Мајка му се вратила од сред село по храна за малото, а на ова му рекла: “Одите по луѓето, ќе ве стигне мајка...” Но паднало некое ѓуле и луѓето се распрскаа и деца како деца се изгубија.
Стравот им ги оддели рачињата... Малото Јованче се затаило некаде, а ова тргнало, барајќи го низ толпата луѓе.
Мајка му ги стигнала далеку. Го прашала ова, таму во ноќта и кога дозна дека малото останало в село, таа го избакна ова и тргнала да го бара малото. Селаните и викале да не оди, но мајчинската болка ја натерала да не се врати.
Ме опфати плач, липав како мало дете, ги прегрнав и двајцата и ги стискав со сета сила. Не можев да им кажам ништо.
Чувствував како и во мене распукува напластеноста од дваесетите години... Но помислив “Дали сум должен така без звук да се потчинам на судбината?” Му ги слушав натажените зборови.
- Изгледа и ти си напатено... не си господско дете.
Го одврзав од шамивчето прстенот и му го подадов, кој на разделбата ми го даде докторот и ми рече: “Чувај го...” Го погледна, ја пушти раката и го стегна во своите гради...
- Ох! Моја... Елено... Собра некаква сила, ги рашири рацете и извика:
- Јованче? Јованче, сине... Ти ли си роде мој...
А брат ми остана како стаписан, не можеше да се прибере...
Анестис, плачеше и тој.
Татко ми со сета болка ја погледна фигурата “Мајка”, и болно изговори:
- Сега, како да сме сите на оваа С Р Е Д Б А.
ПЕСНО ПРОНАЈДИ ЈА МОЈАТА МАЈКА Колку што се сеќавам, тоа беше средба со немите сведоци на војната и бевме среќни кога ја пронајдовме нина Филевица, на островот Макронисос. Тоа беше во шеесетите години, по војната. Тогаш таму уште талкаа неколку жени, хранејќи се со плодови. Се разбира, таа тогаш нé не пречека со посебна радост, но во животот се се менува...
Нина и потоа беше нешто незадоволна. Од очите се излачуваше болен поглед, небаре зениците беа полни со мртовци, со толпи луѓе што и минале пред погледот.
Откога ја донесовме од логорот, цела година имаше обичај да зборува сама со себе, но и во таквите моменти ја почитуваа селаните и никому не му, паѓаше на ум при минување да не ја поздрави, да не и рече: “Филевице, Бисеро! Добар ден”.
Но таа остануваше замислена да гледа пред себе, чувајќи некаква тајна во себе; нешто неостварено, нешто што го загубила во животот, но очевидно е дека во срцето и тлее некаква постојана надеж, дека нешто треба да пронајде, да проговори, но таа само ги подлупуваше струпјето по телото и по малку како да почнуваше да раскажува по нешто.
Катаден тоа, па тоа. Забележително беше бледа во лицето.
Нејзините зборови зачудувачки многу прилегаа на молитва. Се разбира, имаше некаква тајна и во таа молитва. Во неа лелекот без заслон клука. И пак молчи ко осамен камен во полето. И ги следев мислите, ја следев болката. Чуму ти е таков живот, кога тајната на чувствата и законите се збрани во црна точка. Три души сме со иста коба. Со години мислата е сенка низ старите дамари. И врз мене болникаво тропат погледите на стрико Филипа и тој заличува на мемлосана карпа биена од куршумите на војната, ни од него не добивам благ поглед. И на двајцата со нина како и од живите да им е страв, како да се озаконила мислата во овој наш дом “Поарно во светот сам, без надеж, копнеж и жар, без вистина што горчи...” Со години мислата е сенка. Но, веќе почна да не оди боса и во последно време како да се смирува, го сменува и раскажувањето, се обидува да праша, гледа со љубопитност во стрико Филипа, во мене, во куќата, ги превртува своите невестински руби, се напроменува, се потстокмува и сé така минува времето со излези влези преку прагот изабен, од влезот на тивката осаменост.
Полека се буди оваа проклета куќа и нина посакува да гледа кога стрико Филип нешто делка со теслата. И сé така нешто и чемрее во душата како откинато. Без сведок, така катаден венее и денот.
Така и тој со години талка низ дворот откако се врати од Ташкент како поранешен воин на Ѓраѓанската војна во Грција.
Него го беше погодил куршум во шиперот, поточно во крстот, и оттогаш оди вудвосан и по нешто делка, го поправа плетот, ги потстругнува подгрбавените штици од подот, да му минува времето. Тој, пак, не сака да му го спомнувам минатото, мрази, се лути и вели: “Урнатините на нашиот живот се како правот што се натрупува врз заборавените предмети”. Но, сепак со сигурност може да се каже дека положбата на нина длабоко го има потресено. Тој пак досега за нина не ми се имаше доверено ниту со еден збор. Живееше сама со една силна страст, да го вратиме во животот од урнатините, но понекогаш ниновиот недоверлив израз го огорчуваше и чувствуваше вина. А беше учествувал во сите најстрашни борби. Во партизани бил убавец и бестрашен јунак, како што велат соседите наши, а можеби и нина Бисера се сеќава на него. Ние со брачко Павле бевме мали.
Јас стрико Филипа го видов тука в куќи, кога тој се врати од Ташкент.
Беше облечен со руски кожув и бујна Форашка - “Узбецка е” велеше - тој. Дури ми беше малку смешен кога ме прегрна и ми рече: “Внучко! Дорогој мој. Ох ти какој молодец. Ти веќе си пораснал. Ти сега си мој син.” Ме потстегна во прегратката и нешто прошепоти: “Бог нека ги прости татко ти и мајка ти...” а над мојата глава почувствував топли солзи. Кога се опулив во него, тој посака да го скрие погледот, но не смогна сила и пак ме прегрна. Во неговите очи видов болка за тате. За тате и за мама сега дознав, само толку дека загинале во борбите на Грамос, а јас израснав по логорите, но живеев само со една желба - да се вратам дома, мислев дека војната заврши и ќе се сретнам со мама и тате. Преку кожувот почувствував како длабоко воздивна стрико Филип, можеби пак се потсети на тате и уште посилно ме зеде во прегратката и ме куражеше со зборовите: “Сега ќе ја пронајдам и нина ти и Павле”.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/1 le 29 octobre 2026