Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

(UNSCOB) - Part 09

Par Стојан Кочов · Partie 13 sur 18 · Environ 22 minutes

Lire en English

Чиниш небаре олеснат од грижите стоеше на перонот број еден, чекаше долго, биен од сувиот морски ветар, стискајќи ја дипломата што пред една година ја доби од Академијата во Солун, со титула-даскал по грчки јазик. Влезе во вагонот, што беше поделен на две класи, и седна покрај прозорот со желба да гледа во насоката на патувањето. Сувогорски долго шеташе од град во град низ Елада да најде работа, сега се враќаше во татковиот старински крај и се му стана милосно и ветерот што дуваше, и просторот ширен и едноличен, газен од секого. И, чиниш, гледаше збунето како со туѓи очи, му се пристори се е во овој крај така како секој да носи невесела туѓа душа. Во втората класа од вагонот повеќето од патниците се стискаа еден до друг и положбата ги тераше некои од нив да преминат во првата класа. Наспроти Добрина седна триесетрипе-тотгодишен маж со нашиени медали и значки на излитеното шајачко војничко каќи платно и низ заби ја искажа својата решеност:

“Од тука ни царот не ќе може да ме пресели...” Човекот несмасно го отпушти уморното тело за да седне, но така се расклати, што наобесените медали заѕвецкаа, па на некои од патниците им се пристори дека маневрира поставената композиција. Во тој миг од спротивната страна се јави еден плеќест силен селанец со продорен поглед:

- Еј, ти! Уште ли ќе ги носиш тие кралски мангари, кога во оваа земја не остана ни крал ни власт. Сега мочај се на нив...

Кај Добрина се јави блага скриена насмевка, но кај повеќето зајадливо - кикотење.

- Се знае луѓе! Отсекогаш овците носат ѕвонци, а луѓето медали, но сега пријателе мој се носи црвена петокрака или кукаст крст, а ти си ги наобесил медалите од исплашениот цар.

Еве ти го во Каиро, а народот тука... но, слушај пријателе!

Само ако им се пикнеш под нос на некој Прус, ќе ти ги скини како презреани сливи... - му зборуваше плеќестиот селанец.

- Јас нив ги заслужив, се борев против Германците кога во оваа земја имаше цар и војска - му одговори налутено Манолис Ладас, подредувајќи ги медалите на левата страна од градите.

- Ех, мој човеку, сега е четириесет и првата и слушај што велат црвените: сега треба да се бориме против Германците, а по победата ќе напрајме комунизам, па тогаш ќе ги фрлиш сосе палто, оти тогаш човекот не треба да се разликува еден од друг... - пак поучно го советуваше плеќестиот селанец.

Ха, ха а а а а, ти ли си тој!? - се закикоти вчудено Вангелица од јавната куќа “Ерос”, која беше тргнала до соседниот град со намера како менаџер да собере млади пријателки, оти таа и сите како неа си ја чувствуваа истрошената снага пред надојдените фрицови.

- Јас овој миличок, така нагизден го видов вчера пред вратата на

“Ерос” ликсуреше, немаше да плати... - кикотејќи се им објаснуваше на патниците.

Ти додека фрицовите не беа, многу добро ме познаваше, но тебе што да ти објаснувам, госпоѓице Вангелица. Ти треба да знаеш едно: твојата денешна слава е всушност погребот на твојата среќа...

Возот одамна го беше оставил Солун:минаа неколку часа пат, Сувогорски седеше крај прозорецот, тој ги препознаваше местата, станиците беа полни со питачи, гладни децата зјапаа по вагоните, распаѓаше голема Елада, а истото му го потврдуваше и човекот со ордените. Тој гледајќи во мирното лица на Сувогорски, милосливо му рече:

- Ти си кроток и умен човек. Јас Манолис Ладас, капетан на кралската војска и син на колонист во овој ваш крај.

Ти си по ликот од домородците (ендопии) ќе ме разбереш, носам болка. Гледаш уште ја носам оваа облека која може да ме грди, но јас ја носам за да го пцујат тој што ми ја додели облеката и судбината... Оти кога ќе се сетам на минатото, небаре ми навраќа среќата. Татко ми, ми се јавува на сон необричен, ненаспан и слаб, со очите матни, а образите и челото секогаш набрани. Но, секоја негова насмевка го прави толку човечен и нежен, чиниш во светот е само тој, единствен што носи толку големо срце. Во грбот премногу свиткан и везден кашличав талка, се витка, среќен е, се движи. Го сонувам понекогаш, така стутулен во големото палто, како го обзема и му прострујува низ снагата радост кога не гледаше нас децата како брзо растеме низ калдрмата полугладни. Беше чесен и пожртвуван човек, готов да се зафати за секое добро дело, но пак сега на јаве, кога стана распашан и префинет егоист кој, го сакаше своето уживање, ми ги помрачува мислте.

Се срамам, господине!... Ѓавол знае што се случува со нас луѓето, што не тера да чувствуваме омраза, кога ќе ни речат: во нив тече друга крв, или... Татко ми своето добро го гледаше во туѓото зло... Тој не знаеше, дека навредувајќи ги другите, не се заштитува самиот...

Плукна налутено на подот и му се виде потемнетиот јазик од виното. На Сувогорски му се пристори дека тој повеќе не ќе прозбори. Ветерот од подотворениот прозорец ѕунеше и му ја брануваше косата. Манолис климна со главата и продолжи.

- На неколкумина, како и на татко ми, всушност им ја потикнаа желбата да ја побараат среќата во овој ваш крај, во оваа земја, за која ние Грците имаме, само маглести поимови, здобиени од многуте приказни за Александар Велики, а за вас Славјаните ни велеа дека сте варвари и лоши луѓе. Чуден е овој свет...

Политика, политика, господине! Но само слабиот се сака самиот себе, силниот во своето срце носи цели нации... Во оваа земја на питоми луѓе, на татко ми требаше мислите да му се очовечат, а нему повеќе му се здивеа, а тоа зависи од што? А, господине, што мислите, од што?...Татко ми ми велеше: “Ако умрам, ти продолжи понатаму. Ете ти живот, ете ти власт...” Ете какво наследство сакаше да ми остави. Јас сум учител, Манолис Ладас. Приказната е семејна тајна. Татко ми ја носеше и ја проживеа. Јас требаше да ја наследам. Клетвата ја подржуваше и законот. На луѓето можеше да им се дели среќа и да им се одземе. Но, знаете, господине, еден ден неговата среќа се замори да го носи на плеќи и го отркала, како вас и мене, господине - ја ничкоса главата.

Сувогорски го гледаше Манолиса, така потонат во мислите, но гледаше во него додека полека почна да се одмотува насобраната тага и бараше излив да раскажува за се она што му било живот...

Татко му, стариот Ладас, на почетокот мислел да остане неколку години и кога доволно ќе се збогати, можеби, ќе заборави да се врати во родниот Епир, нема да го подјадува некаква носталгија за родниот дом. Тоа било по одењето на Турците, кога Македонија во тринаесетата ја поделија на неколку господари. Тогаш, го повика власта стариот Ладас за да го направи чиновник. Тој, едноставно, се согласи да го почувствува вкусот на богатството, да заборави на тој мачен живот кој во зимно време, речиси, непрестано спиеше во колибата, ископана во подножјето на Мургана. Тој ја чуваше својата слаба сила, а неговата жена Мелпомена лежеше со него под една покривка;и таа се грееше и дремеше во долгите зими, за да јаде помалку. Го назначија за власник и му се допаѓало тоа. Верувал дека ќе проживее добро, безгрижно.

Човекот што го донел и им го преставил на селаните, немал влакно на лицето, ќосе со црножолта боја и длабоки брчки, а очите му биле мали, врапчести, црни, искрести и полни со омраза. Тој бил од новата власт. За него Ладас претставувал обична суровица, но тоа му годело зашто можел од него да направи послушен чиновник, кој ќе може да ја води книгата на родените и други работи што ги наложуваше власта.

Првата грешка што ја направил Ладас, по завршувањето на курсот за мини дипломатска обука, била на интимниот ручек, кога сакал да го изнесе својот поглед на работите, имено, дека овдешните луѓе се добродушни и не верува дека имаат лоши намери. Станал на нозе, оти чувствувал дека во таа положба ќе бите поавторитетен. Татко ми во нашиот роден Епир беше потиштен и очаен велеше:

“Живееме заради тоа што го чекаме редот на умирањето...” Но тој се измени. Сега, можеше да казнува и да простува и во името на положбата му е полесно да ги искаже своите мисли.

Ја отвори устата да каже нешто, но човекот од власта го погледнал со намуртенни веѓи и Ладас си го голтнал јазикот.

Човекот од власта го искарал, а Ладас, како кученце што лизнало на недозволено, почнал да се гали.

“Треба да имате на ум, господине Ладас, дека во нив тече друга крви, уште, нешто... Многу е лошо да се биде самоуверен. Тоа ти е исто како и да си го загорчуваш животот со некакви ситници. На змијата треба да се столчи главата, телото остави го, нека прета. Ти Ладас, како политичар, треба да имаш дебела кожа и дебел стомак...” Ладас, гледајќи го в очи климнал со главата и стоел пред него, како човек што ќе се погрижи сето тоа да го запомни.

Имено, сфатил дека претставникот на власта треба да умее да мрази и да постапува со инстиктивна дипломатија... Но за него, за Ладас, беше уверен во тоа, требаше да се владее според ученоста, а силата и волјата човек треба сам да ги има.

Затоа, имено падна во очај. И тогаш неговата празна глава најмногу собра. Потонат во своите мисли, чиниш небаре се померил од умот, со денови живееше побегнат од себе си и мрмореше: Ладасе, ти не си сам, сите од власта се такви.

Таков ти е животот, само така ќе го почувствувавш вкусот на богатството, ако си суров и безобразен со нив. Ти забораваш дека славата и мирот не можат заедно да постојат. Да, да. Да се живее, значи да се провлекуваш низ капки пот си размислуваше Ладас. Тоа е вечна мудрост. Сето друго ти е лакрдија, измама!

Стапица. Ќе го повлечат за јазик, па ќе се истрча ох, да не даде господ. Се вгнездил во него страв некој да не му ги прочита мислите... Колебливост? Треба ли да оди понатаму осамен?...

Но, наеднаш му стана слатко што е толку итар, мудар, да владее... и помисли дека овој е најкраток пат до благосостојбата. Тој ништо не беше до вчера, како што вели господинот од власта, а сега целата власт се крие зад него?

Доби униформа и како да стана генерал кој треба да гледа со туѓи очи, од рацете му се изгубија последните плускавици. Се гоеше и наскоро му се обеси шкембето како на кобила.

Два-три предни заба ги немаше, друга мана немаше, но кога зборуваше д'ткаше. Особено кога го читаше својот пенегирик кој имаше за цел - борба против славјанизмот. Но се обидуваше да парафразира, го губеше редоследот и чувствуваше некаков паралогизам, тогаш налутено ќе удреше со туаницата и ќе речеше: “Ете, така, како што прочитав во напишаното! И како што пишува во ова писмо...” Манолис беше малечок кога дојде и се сретна со децата со кои што Учеше во иста клупа. Тие беа весели и добри. Го сакаа.

Растеше со нив. Им го научи јазико и многубројнире обичаи.

Зборуваше на нивниот јазик за што, татко му го мразеше, го забрануваше и луѓето ги казнуваше. Со години си ја менуваа гумата и моливот со Бисера Руменова, со која седеше во иста клупа. Колку растеше, толку повеќе во него се формираше она слободното, духовното, кое едноставно, вистинско, единствено, силно, вечно. Можеби оттогаш се зачна љубовта. Бисера израсна во стројна и убава мома. Манолис и тој веќе е свесен за се. Татко му, по неколкугодишната репутација, можеше да стори за него се. Стариот Ладас се погрижи да го испрати синот на државен трошок да учи за учител. Тоа му успеа.

Староседелците тоа право го немаа. Тие немаа киноника фронимата(општествени убедувања) или требаше некој да биде гркоман до коска.

Манолис така еден ден од тие деца се оддели со тажно срце. На испраќањето беше и Бисера. Тој сакаше нешто да каже, но не се воздржа и поцрвене. Во Атина не беше задоволен.

Подготвуваше испити и живееше од специјалниот додаток на државата. Сега многу пати доаѓаше во судир со својот татко.

Стариот Ладас без вина обвинува...

- Вие сте среќен човек и затоа, господине не можете да ја сфатите туѓата болка. Каков подлец беше мојот татко кон овие луѓе, кому му служеше, вие сте наивни и добродушни луѓе, не знаете ниту ќе ја узнаете нашата семејна тајна, а што мислите, зарем татко ми ја измисли оваа дискриминација?

Тој не беше способен, господине, за толку да му проработи умот, но тој успеа да ми ја забранува љубовта со Бисера.

Можеби и заради Бисера ме испрати толку далеку. Но јас пишував...

Манолис си ја припомнуваше последната пролет, со цутот на јоргованите цутеше и се разгоруваше љубовта меѓу нив. По завршувањето на првата и втората година, не му дадоа да се врати. Бисера го чекаше. Кога се сретнаа Манолис од нејзината убавина беше обземен, понесен од чувствотто дека ќе има убава и кротка жена. Тој мислеше дека нема потреба да и објаснува ништо, но таа му рече:

- Манолисе, не ме сакаат твоите. Манолис се возбуди.

Прегрнувајќи ја со чувство на вина: -Јас те сакам. Јас барам за жена која мене ми се допаѓа, а не на другите...

Радоста и го исполни срцето, но одговорот не можеше да излезе од нејзиното стегнато грло. Ја обзеде некакво чувство на неизвесност и солзите ги остави слободно да течат, како да можеа да ја ублажат скорупкавената тишина на вечерата.

Нејзиното срце беше возбудено, лебдеше како пламен нивната љубов. Со русата глава, со исплаканите очи и со својата везена кошула, таа личеше на некаква ранета птица. Кога стивна Бисера, Манолис продолжи да ја шепоти својата љубов. И никогаш не говорел толку, можеби заради тоа што не знаеше дека се сомнева во нивната љубов. Му идеше да колни, говореше, а солзите му наидуваа на очите и срцето радосно му чукаше. Тој забележа дека Бисера со своето кревко тело се припи во него и само малку една насмевка и ја отвори устата, затреперувајќи се кренаа трепките. Полека, уште плашливо, но во бескрајна доверба...

- И, така, јас заминав, а таа остана без ништо... само реков:-Роди го, ќе има и за него радост.

Се вратив во Атина да дипломирам, а татко ми се погрижи да разговара со одговорните и ги молеше веднаш да ме повикаат во војска. Тој поаѓаше од тоа дека секоја љубов си има свое време...

Манолис ги впери очите во Сувогорски и чиниш заедно потонаа во сопствените мисли. Сувогорски се потсети на своето детство, на довчерашното, кога неговата мајка и татко ми го посетуваа во Солун со полни шарени торби и ведри лица, облечени во најубавиот македонски вез. Го чекаа пред влезот, а тој се срамеше да ги прими, да не разберат дека е од такви родители (ендопии ), не сакаше никој да му го знае коренот, тоа го знаеше само неговиот учител кој по долго воспитување го имаше преродено како човек кој се одвоил од оние кои имаат намалена елинска свест и дека тој ќе биде столб во својот крај за елинизацијата на домородците. Сувогорски се присети како ги има грдено своите родители, зашто да бидат со славјанска крв, ги презираше, ги исмејуваше нивните изговори што не му звучеа така природно...

Така се исповедуваше самиот на себеси и ужасно му се нижеа спомените, му навираа болки од длабината на душата и му се пристори дека никогаш не ќе може да се излекува. “Го сакав она што него познавав. Човек од своите постапки може да се открие себеси”. Сувогорски му упати поглед на Манолиса и го замрази оти му ја откри оваа вистина. “Да, ништо не навредува толку, колку неправдата проеследена со политика”. Лошите зборови што им ги упатуваше на своите родители, сега му ликуваа на фрлена и зашушена кал, па сега посака брзо да им ја избрише. Тој напати сакаше да излезе од возот и да тргне пеш, го обземаше страв да не го издаде верата.

Родниот крај и мајка му што одамна му беа изгубени од предочи, сега посака да ги врати во своето срце. Сувогорски се присети на зборовите од мајка си: “Оди, нека ти бидат татко и мајка туѓинците, но колку далеку и да одиш, ти си наш род, коренот ти е тука, му припаѓаш на овој наш народ и интересирај се за мртвите генерации; тоа е единствен начин да бидеш милостен кон нас живите и да имаш помалку тешкотии за да ја разбереш нашата историја, нашата македонска несреќа...” Сега неговото осознавање го мачеше толку што во последно време не спиеше по цели ноќи, барајќи начин да се извини пред својата родна мајка, оти сега во елинизирањето гледаше решение дека војната му донесе други видувања, тој се вклучи во прогресивната организација на народното движење и таму му предложија да биде претставник од неговиот народ што до вчера го ценеше за прост и заостанат, но сега бара слобода и ги истакнува неговите предци, а тоа полека почна да го посакува Сувогорски, но тој уште во душата ја носеше измамата како замирисана кожа и понекогаш толку го мачеше дури му ја гаснеше животната радост, но тој сега призна пред себеси:

“Никој не е несреќен без своја вина и само во своите дела човекот може да се открие себе и за тоа вистиски тагува само оној кој тагува без сведок...” Возот бавно се движеше низ станичните сигнали на Воден кон бујните полиња на Лерин. Си ја припомна Цвета Костенчева, која бескрајно беше вљубена во него и страдаше.

Посака да има голема китка цвеќе, така чиниш без намера, туку ете можеби и сега Цвета би го примила таквиот задоцнет цвет.

Посака тоа да го стори за да се ослободи од стегите на вознемиреноста и од тоа што тој за сето време во Солун не успеа да има своја девојка. И така размислуваше: “Утре, или задутре, ќе почнам ли вистински да живеам...”, но сега остануваше со желба барем денес возот нека пристигне кога ќе падне мракот...

- Човекот по смртта го остава името, а мачката кожата - приседнувајќи удобно болно изговори Манолис. Така и стана. А во тие години се изменија доста работи, но знаеше веќе цело село. Татко ми беше подјадуван од некаков бес, обземен од мислите како да го ископачи семејството Руменови за да не дојде до сросдво. Не помина време, Ристо Руменов беше накажан и испратен на заточение, и таму измачуван умре.

- Да, господине, доволно проживеав за да ја видам разликата што меѓу луѓето раѓа омраза, а таа всушност ја нема... -потврдно рече Манолис.

Во тоа време, војната почна да беснее. За сите стана тешко. Но посебно за семејството Ладас што немаше никаков корен. Како и порано змјата ги хранеше селаните, Ладас сега се засолнуваше на пазарот, јадеше по нешто што остануваше на земјата и питаше од луѓето и така тој и неговото семејство еден ден кога веќе немаа што да јадат, си заминаа за Епир, но на тој долг пат под пазувите на планината Змољака на жена си Мелпомени рекол: “И ти затвори ги очите и не гледај ме мене, така поскоро ќе умреме. Тука се боговите на дофатот, зашто попусто да гледаме нема што да се види, се видовме веќе...” Си умре со мислите Што го мачеа повеќе од гладот.

Војната заврши и луѓето се прибраа. Манолис не знаеше ништо, мечтаеше по толку години за таквата средба. Ја носеше во мислите Бисера, а гореше од љубов. Но кога стигна во селото, никој не го позна. Руменовата куќа беше празна. Го пречека само стариот Неделко со рундавата глава.

- Па, ти, што бараш уште! Татко ти не сотре! Зар и ти?!... сакаш да го наследиш? Бисера се фрли од карпите, не знаеше ли?

Манолис ја симна шапката, го избриша лицето со басменото шамиче и молчеше.

- Ние одамна ја загубивме слободата и немаме никаква власт- продолжи да зборува стариот Неделко.

- Разбра, господине Ладас. Но затоа нашите обичаи се посилни од вашите закони. На Бисера направивме торжествен закоп.

Сите пеевме и го игравме тешкото. Кога се роди детулето, татко ти велеше курво! Ја грдеше... Ти, што мислиш, таква беше Бисера?-потстанувајќи налутено.

- Мајка, таа се дамлоса. Ете ти празна куќа... човек, кога ќе се сретне со луѓе, треба и самиот да се очовечи, господине Ладасе!...

Манолис успеа да побара некакво оправдување и утешно изусти:-Времињата беа такви. Стариот уште поналутено му рече: - Не се лоши времињата, туку луѓето.

Добриот човек може да се срамува и пред куче, а татко ти?...

- А детето, - го прекинав. Тогаш се вмеша во разговорот и едно малечко.

- Сирачето го барате?

- Д а, него - реков.

- Дојдете. Еј ти, го виде ли Грчето?-извика детето.

- Дојдете, господине...

Тргнав по сурија деца кои одејќи се распрашуваа каде е пикнато.

- Еве го чичко, еве го... Останав стаписан. Се гледавме во очи, чиниш во тој миг го баравме виновникот што ни ја заветува оваа несреќа, како наследство. Не успеав да го прашам: “Каде е мајка ти?” побегна потресено од мене.

Наумив да се убијам, но си велам зар ќе се излекувам само со смртта. Не се обидов да го стигнам, и така веќе го имав изгубено... Се вратив, скитав во мојот Епир, по нов живот, но ме убиваат мислите по него. Си велам, Манолисе: “Човекот никогаш не треба да престане да се надева, тоа ќе те засака...” Сакам да ја преземам сета вина и, ете, надежта ме носи во некаков рај и никој не може од таму да ме оттргне, господине, па за тоа повторно се враќам да го барам, ме убива пресилниот збор што сакам да ми рече-ТАТКО.

ЧОВЕК Дали си спомнуваш? Тоа беше одамна... Ех, пуста наша земјо, кога ќе си припомнам, чинам го гледам тој огромен старец Ристо Дорин. Тој гороломник со бела коса и со космати гради, со опинци извалкани со свежа кал, со челото половина бело што му го покриваше шубарата, а другото како угар опалено од сонцето, а сето лице - модро како шајак.

Висеше неколку дена и јата црни птици слетуваа и излетуваа кога се одмотуваше ортомата, а тие проклети, гракаа, вјасаа која ќе испие повеќе од истечените очи на Ристо Дорин, што беше обесен за пример, оти луѓето од тој крај требало еднаш да разберат...

Тоа беше едно утро кога стигна во мугрите капетаниос Статис со својата чета, прочуено јако мажиште, со добро врзана коска.

Беше пуштил брада, а на појасот постојано му висеа ту пиштоли, ту ножеви и што да извади, мори, пуста болко, од нивното гнездо, неиспробано на човек, така суво не го враќаше во тој убав колув,* чиниш закон си има требало да лизни од крвта на жртвата, синки ете, сака да види каков е вкусот на крвта. Но тоа го чинел, за подоцна да не го фаќа крвта, кога пак ќе треба...

Леле луѓе, колку беше суров разумот на тој капетаниос Статис, кој беше дојден со задача да стави крај..., да ги потресе малку луѓето, да помогне на тој одамна почнат процес, оти луѓето од тој крај на Елада, мошне беа чудни, тврдоглави, па дури и се бунтуваа против законите на светото кралство.

Си постави ред и метод тој капетаниос што дојде да служи во овие “специјални единици”; и беше многу психолошки расположен и како треба да постапува со овие луѓе, кои тешко и со години не ја разбираат таа генерална линија, таа сабја што фучи над нивните глави, тие бесилки што се нишаат од здивот на болката и од крикот на ужасот.

Спокојно, во пазувите на ноќта, како од памтивека, успиено си беше селото под легендарната планина Вич, но тоа утро го разбудија силните тресоци на минофрлачи и рафали, кои трештеа по сокаците како злобни јазици.

Дури и пците не залааја. Необично им стана и ним и на се живо што имаше слух во долината. Тоа потра долго. Потоа силно и брзо, исто како рафали ја разигра нечија рака црковната камбана, а еден нечист потресен глас викаше:

“Внимание, внимание! Чујте, почујте, селани! Сите од лулка до најстар да се собереме пред цркквата. Не задржувајте се, оти кој ќе се најде по пет минути ќе се смета за бандит.” Неколку пати се повторуваше овој повик. И така, во сонливата зора, се точеа луѓето итајќи по сокаците, поштукнати, што побрзо да стигнат пред црквата, пред ѕидините, темелисани уште од Самоиловците, а сега нивните крупни испишани камења, грчките власти кога ја преѕидаа ги ставија од внатрешната страна за да не се гледаат. Тоа беа слики делкани со голема болка, како застануваат пред усвитениот меч неустрашивите војници. Како тој, еден со едно око ги води, а тие, слепите се водат болно и тешко, чекорат до своето родно место, а сега нивните потомци клечат пред ѕидините, пред наличените митралези, под камшикот на времето, изложени на психолошката постапка од тој капетаниос Статис, што нестрпливо погледнуваше на часовникот и страшно беше лут, зашто така се влечкаат по улиците тие изглуждени старци, тие мајки што го заплатуваа плачот на доенчињата на своите гради, таа сува кашлица што ја параше тишината... Луѓето чекореа со тој ропски од што води можеби во смрт, до суровиот поглед на капетаниосот.

Чекореа со таа грозна мисла, кога на моменти е толку силна, што може и да му го подјади умот на човека; како ќе одговорат на јазик што не го знаат, а за тоа се плаќа со крв и секој одеше со надеж “можеби мене нема да ме праша...” А, тој капетаниос Статис, дотеран со тие ширити вооружан до заби, пјафка цигара, така спокојно, чиниш, пред него проаѓа победена војска. Но што е вистина вистина е; имаше голема заслуга за редот што го постави во овој крај, оти со најголема совест ги исполнуваше сите кралски закони, а не е туку - така лесно да се излезе на крај со овие “Охранити” од северниот дел на земјата. Но тој знаеше дека ќе биде награден и унапреден во мајор, па...