ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 13 - Part 01
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 13
- МАЈКА не прегрна и, молчејќи долго не држеше во својата прегратка. Сите тројца се сместивме во прегратката на нејзините куси раце. Не стегаше, а солзите и капеа, та и капеа по нашите образи. Ми се чинеше дека цел век останавме така, сите сторени едно. Мајка ја разлабави прегратката и, небаре плашејќи се да не се разбегаме како пилиња, рашири раце и не поттурна во толпата деца. Тргнавме на зајдисонце. И со песна. Тогаш си помислив дека, ете, и ние сме веќе големи штом тргнавме по непознат пат. Не знаевме колку долг ќе биде патот пред нас. Ни рекоа: само да се смири малку, да ги отфрлат владините војски некаде таму, кон Олимп, да ин ги униттат аеродромите и авионите, та потоа ќе се вратиме дома, ќе учиме нема да се криеме по шумите, да спиеме под голо небо или во пештери.
Тргнавме, велам, во мракот во кој не можевме да го здогледаме тоа непознато што допрва не чекаше. Бевме многу, многу деца. Кога свртев глава за да видам колку е долга колоната видов како на ритчето, скраја од џалето, се собираа жени. Меѓу нив ниска, со стегнати прибрани рамена, со куси раце, како многу други, облечена во црно, беше и мајка. Ја препознав. Чудно, нели ? Тоа беше мајка.
Мавташе со едното крајче на црната шамија, а со другото си ги имаше покриено очите. Си помислив: зар, мајка не сака да гледа како и каде одиме? Не, не беше тоа. Мислам дека таа така, со затворени очи сакаше да не зачува за секогаш. И штом помислив така, се почувствував мал, зашто одеднаш пред мене чиниш се појави таа и ме гледа со своите големи сини , тивки и насолзени очи; ја чувствував топлината и горчината на мајкините солзи, Многумина како мене свртеа гдави и многумина како мене се засркнаа од липање. Моето сестриче, држејќи се за полата на моето палто, плачеше гласно.
Помалото, тригодишниот Коста, гледаше зад себе и, често сопнувајки се, низ плачот викаше : “Мамооо!” Се обидував да го смирам, ама не можев зашто не знаев како да ги скријам моите солзи. А кога ќе ме погледнеше, така насолзен, уште погласно плачеше. И кога сосем падна мракот, јас престанав да си ги бришам солзите. Предводникот викна: - Песна! Песна да се ори! И запеа прв. Многумина ја прифатија песната. А многумина плачеа гласно. Некој рече: “Ја поминуваме границата”. Тогаш свртев глава, ама ридот веќе не се гледаше. А јас бев сигурен дека таму, сосем улуглава, стои мајка ми и мавта со црната шамија.
Пред да ја поминеме границата, дојдоа неколку мажи јавнати на коњи и со автомати на градите. Нешто зборуваа со предводникот. Тој се качи на еден голем камен, од своите дланки направи инка и рече: -Тука покрај мене, оставете ги торбите со лебот, ќебињата и фанелите.
Во Албанија ќе добиете се што е потребно. Така останавме без леб. А тие со автоматите го собираа лебот во вреќи и го товарија на коњите.
Цела нок и целиот следен ден останавме во една рамнинка. Ноќта запаливме големи огнови, но албанските граничари дојдоа, се развикаа и ни ги угаснаа. Мислите дека ние, поголемите, заспавме?
Не! Скитавме се до границата. Сакавме да се вратиме дома. Не фаќаа албанските граничари и не враќаа. Некаде пред да изгрее сонцето, кога онаму, далеку над планината, кај Костур, почна да сивее се слушна бучава на авиони. Се растуривме кој каде што можеше.
Авионите направија еден-два круга покрај албанската граница и ги снема. Кога изгреа сонцето, наспроти лединката, можеби час и половина пешки пат, убаво се гледаше Крчишта. До црквата, на старите гробишта беа насобрани луѓе. Си помислив: сигурно меѓу нив е и мајка...
Кога добро се раздени, видов колку не имаше на рамнинката. Тука беа децата од Косинец, Лабаница, Крчишта, Долно Папратско, Езерец, Галишта Брештени и уште од некои села од Костенаријата.
Цел ден скитавме по околината, па некои дури се обидоа да се вратат дома, но Албанците добро чуваа. На зајдисонце стигнаа големи камиони. Не товарија и тргнаа. Каде? Ноќе стигнавме во Корча. Не воведоа во една голема, осветлена куќа. Долги ходници, големи, широки, празни одаи. Меѓу нас почнаа да се врткаат албански младинци. Некој се качи на една маса и рече на грчки, а потоа на македонски: - Вечер и утревечер и понатаму ќе спиете по куќите на младинците што ќе ве земат.
А младинците, чупи и момчиња, одбираа. Земаа кого сакаа. Уште што не ни гледаа в заби. Ми падна да ноќевам кај добри луѓе. Ме однесоа две чупи. Нивниот дедо зборуваше македонски. Добри беа луѓето. Домаќин немаа. Рекоа дека го стрелале Италијанците.
Неговото кадро висеше на челниот ѕид, над оџакот. Домаќинката, дебела жена, имаше добродушно и мирно лице. Кога преку дедото и кажав дека немам татко, сираче сум, реков, таа ме гушна и почна да плаче. Утредента чупите ме зедоа за раце и ме однесоа в дуќан. Ми покажуваа и топки и мали пушки и автомати, ама јас постојано им велев: сакам да си ги видам сестричката и братчето. Не се разбиравме. Ме вратија дома и преку дедото расчистивме. Запишаа како се викаат и едната излезе. Се врати по половина час и рече, пак преку дедото, дека во Комитетот рекле дека моите се таму и таму и дека ќе одат да ги земат. Така за ручек сите три се најдовме покрај една маса. Попладнето чупите ми рекоа да одиме на прошетка. Првин во паркот. Убаво место. Високи дрвја, чисти патеки и многу ружи. И за мое вчудовидување сретнавме деца од моето село.
Еден ден се најдовме на едно игралиште крај реката. Тука се собиравме и се разделувавме само за јадење и за спиење. Одевме и во болницата. Многу деца таму си ги најдоа своите татковци или постари браќа и сестри. Кога одевме таму, велевме: одиме кај партизаните. Плачевме заедно со нив, делевме по парче леб. Мојата домаќинка секогаш ми даваше парче пченкарно лепче, по некое бонбонче, а јас им ги давав на партизаните што лежеа во болницата.
Го гледате оној таму, долу, што мавта со рацете?
- Оној високиот? - праша Пандо.
- Не. оној до него, де?
-Да...
- Е тој. Еден ден ме викна и ми рече: - Слушајте деца. Од денес ќе направиме театар. Сите партизански песни што ги знаеме ќе ги препееме, на два гласа. Како партизанскиот хор што пееше во нашето село. Секој да си спомни по една стихотворба што ја учевме од учителот. Потоа ќе си спомниме како ја играа партизаните свадбата.
Кире да наговори некоја од чупите да биде Цвета. Јас ќе бидам Спасе,
- рече.
Во болницата одевме секој ден и на ранетите им пеевме песни и им рецитиравме стихотворби. Со “Македонската крвата свадба” не стигнавме. Еден ден, вечерта, денот беше страшно врнежлив, некако на брзина не собраа, не товарија во камиони и - на пат. Со моите добри домаќини не стигнав дури ни да се збогувам. Ноќта не раздени покрај море. Сите и се чудевме на големата вода, а не знаевме дека тоа е море. Не сместија во двокатни куќи на стотина метри, од водата.
Местото, како што велеа готвачите и човекот што носеше храна, се викаше “Бањи”, а градот што беше во близината Дуреси. Околу куќите и далеку, далеку покрај водата - песок. Сличен на брашно и жолт. Дење не можеш да стапнеш. Жежок. Ние местото го нарековме
“Песоците”.
“Мајките” - така ги викавме жените што се грижеа за нас – ни рекоа:
- Деца, оттука нема повеќе каде да се оди. Ќе стивнат борбите, нашите ќе ги истераат кралските војници од нашето место и ќе си одиме кај мама и тате.
- А кога ќе биде тоа? - прашувавме.
По дваесет дена, - велеа тие.
И така тие дваесет дена ни поминаа во големата радост и желба за поскоро враќање. Кога влеговме во наредните дваесет дена и кога видовме дека не доаѓаат камиони за да не земат, овде-онде почна да се слуша липање, главно плачење. Помладите, оние што имаа по две -три години најмногу си ги бараа мајките. А тие, “мајките”, што беа со нас, не собираа околу себе, ни пееја песни, ни раскажува приказни, измислуваа разни игри и занимања. Се само да не мислиме на нашите мајки, да не тагуваме и да не сонуваме авиони, камиони, вооружени луѓе, ранети...
Ние често прашувавме: - Каде е нашата дома ? - Онаму, - ни велеа
- каде што изгрева сонцето.
Оттогаш малите, кога си играа во песокта, одеднаш велеа: мама е онаму каде што изгрева сонцето. И мојата мама е онаму каде што изгрева сонцето.
Се препираа чија мама е поблиску до сонцето, бараа да видат каде изгрева сонцето. Кога една од мајките рече: - Сонцето изгрева онаму каде што расте големото дрво, - многумина тргнуваа накај големото дрво што растеше на високиот рид и велеа: Одиме кај мама. Нашите мајки се онаму кај големото дрво.
Колку погледи, колку воздишки праќавме накај големото дрво!
Колку солзи беа изронати, колкупати рачињата се подаваа кон големото дрво!
И секогаш сонцето и дрвото и ритчето ни беа сон, ни беа мајките...
Чупињата одеа во тревите што растеа покрај џадето и собираа цвеќиња, плетеа венчиња, во песокот правеа бавчи, а ние, машките, градевме крај брегот ровови, бункери, урнати куќи. Тоа знаевме. Еден ден лојде мајка Евгенија и почна да не кара. Таа беше вдовица. Коста, маж и, де, загинал над Прекопана. Стар партизан. Костовица, сакам да речам мајка Евгенија, имаше четири свои сираци. Беше задолжена за дваесет лруги деца од две до четиринаесет години. Ама таа се грижеше за сите шеесет деца од нашето село. Останатите две мајки беа млади и немаа свои деца. Како што реков, мајка Евгенија ни се развика. Оттогаш во песокот градевме воденици, мостови, градевме железничка линија што поминуваше отаде џаде и задолжително трите вагони и локомотивата. Еден ден од силното сонце се разболеа неколку деца и од Драч дојде лекар. Човекот виде што правиме во песокот, се насмеа, ја остави чантата и почна да прави некаква чудна куќа со дебели ѕидови, високи кули, широки врати, со стражарници, со топови, оградена со вода, ја правеше и ни раскажуваше за некои кралеви, во стари времиња, за маѓепсани принцези, за змеови. А се ни преведуваше една од мајките што знаеше албански. Беше од Јановени. Слушавме со отворени очи и усти. Заборавивме дека околу нас постои море, недогледни песоци, никој не спомна дека сака да јаде и да пие. Заборавивме дури да истрчаме за да го пречекаме возот.
Не го слушнавме дури ни свирењето на локомотивата... А пред тоа?
Пред тоа по сенките на липите што растеа на брегот знаевме кога ќе помине возот и штом ќе слушневме свирење, трчаница накај пругата.
Ама додека стигнавме до џадето, локомотивата со трите вагони ја снемуваше во полето накај Драч. Како што реков, занемени слушавме. Лекарот, довршувајќи рече дека во палатата е затворена убавата ќерка на кралот, дека ја маѓосала некоја лоша вештерка и дека спие. Татко и и мајка и умреле од голема тага. Вештерката пред големите порти врзала два змеја кои од устата исфрлувале пламен, за да чуваат да не влезе некој и да ја спаси принцезата. Лекарот си отиде, а ние се вдадовме во градба. По цели денови се валкавме во песокот. Море какви патишта не изградивме, какви не лоши стапици не и измисливме на вештерката... Цел брег, до онаму долу, се само палати, бавчи, градини. Се ситевме со таа игра, ама не и со парчето пченкарно лепче и сувата коцка мармалад. Ете, по толку. Исто и за појадок и за вечера. А за обед само супа. Јадевме на долги маси од неизделкани штици под сенките на тополите. Во стари италијански порции ни тураа жешка супа - понекое зрно ориз и многу зеленило.
Еден од моето село, него го собраа со првите и загина на Буковик, откри дека зеленилото е од липови лисја. Мајка Евгенија не молеше да не кажуваме. Не ја изневеривме. Не кажавме. На “мајките” најтешко им беше со малите. Тие разбуди се ноќе - мамо, текни им дење - мамо. А кога тоа “мамо” го извикуваа надвор, тогаш пред сите куќи, покрај морето и ливадите каде што се наоѓаа малите, се слушаше едно заедничко пискливо, болно и тажно МАМО. Си ги триеја очињата со валканите тупанички, барајќи ги своите мајки.
Чупињата на наши години ги смируваа, ама и тие плачеа. Ние, машките, на почетокот бевме меки, ама откако почнавме да градиме палати во песокот, каков натпревар беше тоа чудо. Но како да го заборавивме светот кога на околу илјада метри далеку од куќите откривме еден мал расипан тенк. Е, тогаш почна војната. Пропаднаа палатите, ја заборавивме лошата вештерка, престанавме да водиме грижа за маѓепсаната принцеза која имаше толку ликови колку и градители на песочни палати. Почна војна за тенкот. Море за тоа старо рѓосано железо и крв ни течеше од носовите, се враќавме со шинати раце и изместени прсти, со модрини под очите... Секоја група сакаше да го има во свое владеење. Но и таа игра заврши, кога вратата му ја фати ногата на едно момченце. Одвај ја отворивме. Ама ногата си отиде. Остана момченцето сакато. Тенкот го замразивме.
Никој повеќе не се доближуваше до него. Одевме намуртени, небаре сите бевме виновни за несреќата...
Еден ден седевме покрај џадето и чекавме да помине возот. Точно знаевме кога поминува од Драч за Тирана и обратно. Вангел, момче од нашето село, и тој загина со првите деца, стана и тргна кон џадето.
Од спротивната страна доаѓаше еден маж носејќи на рамо огромен сноп праз. Вангел покажа кон својот мев и кон празот. Човекот извлече еден корен праз и му го даде. Сите се стрчавме кон Вангел.
Арно ама не виде мајка Евгенија и викна да одиме кај неа. Таа го зеде празот, си ја одврза престилката, ја посла на тревата и со ножето почна да го сече на мали еднакви делови. Откако го исече рече:
- Викнете ги сите деца од селото.
Кога се собравме, мајка Евгенија му рече на Вангел:
- Бељо, сврти се! - така го викавме зашто имаше руса коса и бели трепки. - Сврти се - пак рече мајка Евгенија.
- Ова за кого?
- За мене! - викна Бељо.
- Ова за кого?
- За Коста!
И така по ред, на шеесет деца. Мајка Евгенија стана, си ја пристегна под брадата црната вдовичка шамија, ги погали по глава оние што беа најблизу и се оддалечи. Видов како и затреперија рамената. Плачеше. Ние сите стоевме со парчето праз в рака и гледавме како се оддалечува мајка Евгенија. Јас отидов малку потаму и легнав во високите тревишта. Си ја покрив главата со трева и почнав да липам, Ја викав мајка ми, ама таа не слушаше, беше далеку, а јас липав, липав, липав и престанав кога врз рамото почувствував допир.
Покрај мене клечеше моето сестриче и, голтајки си ги солзите, ми рече плачливо:
- Брате, Кирче, не плачи. Мајка Евгенија се врати и рече дека утре ќе си одиме дома...
Кирче замолкна и се загледа во ридот што се извишува над Прењес. Врз трепките како бисери му светеа две големи солзи. Се откинаа и му се стракалаа по лицето.
Пандо го фати за рамената и му рече:
- Синко, носиш војничка униформа, па затоа не ти личат солзите.
Војниците не плачат, нели?
- Не - рече Кирче, бришејќи си го носот со широкиот лошо скроен војнички ракав. - Не – повтори шмркајќи. - Така некако само ми дојде плачењето.
Нумо му ја подаде својата полуиспушена цигара.
- Повлечи, Кирче, повлечи. Што и да ти дадам, тагата нема да ти ја намалам... И што стана потоа?
- Утредента не разбудија рано. Каква радост, какво скокање, какво палавење... - Не построија по двајца, ни рекоа да се држиме за раце и тргнавме... по џадето. Свртев глава и видов долга редица. Дури сега забележав дека колената ми беа голи, дека панталончињата на моето братче светеа со газенцето, дека фустанчето на сестричето на две места беше скинато, дека бевме парталави. Мајките не крпеа, ама не престигнуваа. Не бевме едно... Одевме и одевме. Сонцето печеше.
Беше почетокот на мај и беше многу жешко. Попладнето влеговме во градот. Луѓето излегуваа и не гледаа вчудовидени. Бевме уморни и жедни. Малите плачеа. Поминавме по една долга, калдрмисана улица, потоа влеговме во една тесна и тука ни рекоа да застанеме. Не распоредија во десетина куќи. Ниски, со широки цветни дворови, со по шест и повеќе одаи. Само на две улици имаше две улични чешми.
Се до наредниот ден не мрднавме од умор.
Никој не ни бранеше да шетаме по градот. Мајките ни рекоа:
- Деца, да не се слушне лош збор за вас. Да не се пожали некој дека крадете... - Тоа, мајки, не, - рековме и така секој ден го шетавме градот. Се враќавме на ручек, на вечера и на спиење. Арно ама, некои не си останаа на зборот. Некои крадеа на пазар портокали или лимони, други го поганеа местото таму каде што им доаѓаше. Трети пак, влегуваа по бавчите. Албанците се пожалија во Комитетот. А тие, таму, во Комитетот решија да ги оградат улиците со бодлива жица. И ги оградија. Немавме излез. Двете чешми не беа доволни ни за пиење, а камо ли за миење и за перење? Фативме вошки. Тесните улици, бавчите пред куќите и дворовите ги испоганивме. Секаде нечисто и реа. А топло, каменот пука. А бевме многу. Повеќе од илјада деца. Никој не знаеше да чека ред. Многумина сереа крв. И кога се слушна дека умреа дванаесет деца, решија да не префрлат на друго место. Од моето село не се разболе ниту едно дете. Мајка Евгенија ги викна поголемите девојки и тие, заедно со неа без прекин переа, ги бањаа малите, нас не истрижаа до гола кожа, ноќе ги вареа парталите што останаа врз нас. По еден месец не пренесоа во едни големи куќи. Од морето не делеше само џадето. Тоа беше крајот на градот. Зад високите куќи имаше многу убави бели куки на два ката.
Околу нив високи железни огради. Тонеа во портокалови и лимонови и смоквини дрвја и во палми. Во една куќа живеевме децата од Крчишта, Езерец, Граче, Чука, Шак, Ребани, Галишта, Јановени, Долно Папратско и Желегоже. Веднаш до џадето и до касарната на албанските морнари живееја Маџирчиња што ги најдовме таму.
Клозетите – дрвени шупи – беа изгадени тукуречи над морската вода.
Вода имаше само во дворовите. Од источната страна - фабрика за кожи и цигари, од северната убаво широко џаде, од обете странии парк – само ружи. Џадето оди угоре и води кон палатата на кралот.
Неколку дена откако не сместија надвор од градот, каде убаво се гледаше пристаништето и морето, дојдоа две млади жени. Едната беше Маџирка. Ја викаа Маријанти. Другата наша, Македонка од Рупишта. Се викаше Евдоксија. Маријанти рече дека ги пратил генерал Маркос. И и ставија крај на нашата слобода. Најпрвин побараа од албанскиот Комитет железни колци и бодлива жица. Нас, постарите, не натераа трите влеза да ги заградиме со четири реда бодлива жица. Откако ја завршивме работа, Маријанти најде друго.
Во средината на кругот од куќите во кој бевме сместени имаше една урната куќа, а до неа широко разгранета врба. Падна наредба да го расчистиме просторот и да направиме игралиште. Илјада и петстотини деца со голи раце и неколку лопати, камче по камче, парче по парче скршено стакло го исчистивме и го израмнивме теренот. Направивме убаво игралиште. За награда добивме две фудбалски топки со кои ги заменивме крпениците. Го расчистивме и теренот под врбата.
Ги исчистивме визбите на куќата каде што живееше Маријанти и таму ја сместивме трпезаријата. Потоа таа не построи сите, и мали и големи, и ни рече:
- Од денес почнуваме нов живот. Станување во шест часот наутро, во седум појадок, во еден ручек и во седум вечера. Пред секое јадење ќе се постројуваме на ова место. Станавме еден баталјон.
Децата од секое село прават чети и водови... Нашиот поздрав беше:
“Ме то Марко емброс.” (Со Марко напред.)
И почнавме да живееме. Секаде каде што одевме - само во строј по четворица и со песна. Пред секое јадење и по јадење, секогаш моравме да ја чекаме Маријанти. Никој не смееше да допре ништо.
Стоевме во став мирно и ја чекавме неа. А таа неуморно едни дочекуваше, други испраќаше од мензата, секогаш со грчкото “Со Маркос напред.” Сето тоа некако го издржувавме. Но тешко ни беше со утринската гимнастика. Маријанти им се восхитуваше на албанските морнари кои точно во шест часот наутро излегуваа на рамнинката и десетина минути вежбаа со пушките. Еден ден на собир ни рече:
- Од утре натпревар со морнарите.
И го почнавме натпреварот. Станувавме во пет вежбавме до шест.
Секогаш мораше да се слуша еден чекор, вежбите беспрекорни.
Трчавме угоре до железната порта на палатата, а потоа по џадето пред куќата во која живееше таа. А таа стоеше на балконот, гледаше од високо и даваше оценка која чета и вод најдобро вежбаа, трчаа, маршираа. Од неа зависеше која чета ќе влезе прва во мензата.
Еден ден, тоа беше по утринската гимнастика, таа забележа дека една од четите нема рамни редови и не се слушна еден одглас на чекорите. За казна не врати три пати да трчаме по угорнината. На командантите и нареди да ги тепаат оние што ќе трчаат лошо и што нема да држат еднакво растојание. Оф колку ме болеа бочините од трчањето. Не можевме здив да прибереме. Кога застанавме и се построивме под врбата, дојде Маријанти. Се качи на бината и почна да не срамоти дека не сме достојни за своите татковци, браќа и сестри што се борат на Грамос. Потоа почна да дава команди: мирно, слободно, налево, надесно, и одеше ла гледа од секоја страна дали стројот е рамен. Мораше да се слуша едно “крап”, мораше од сите страни да се гледа само едно чело. Откако го постигнавме бараното, ни нареди да пееме борбени песни. Тоа утро никој не доби појадок.
Не бевме доволно достојни за парче пченкарно лепче и коцка сув мармалад.
Зборното место го викавме “Под врбата”. Таму задолжително се собиравме трипати дневно. Најтешко ни беше пладневното собирање.
Дента кога започна офанзивата на Грамос, Маријанти ги замоли албаннските морнари на врбата да стават звучник. Секој ден во единаесет и пол куциот чувар, некој Грк од Северен Епир, удираше по шината. Тоа беше знак дека треба да одиме под врбата. Трчавме кој побрзо ќе стигне. Цела работа беше да ја фатиме сенката.
Маријанти, како што реков, уживаше во егзерцирот. Се уште го слушам оној нејзин малку зарипнат глас со маџирски акцент и тоа непрекинато “мирно”, “слободно”, “налево”, “надесно”, “едно чело да гледам”, “песна”. Половина час. Точно во дванаесет кутијата што беше обесена на една од гранките на врбата почнуваше да трешти, да кркори, да ѕвечка и веднаш потоа, чиниш низ карпи, ридје, шуми, бури и ветришта се провлекуваше и мачно излегуваше од кутијата мелодијата на “Емброс ЕЛАС ја тин Елада”. (“Напред ЕЛАС за Грција”, химна на ЕЛАС со која ги почнуваше своите емисии радиостаницата “Слободна Грција”).
Стоејќи во став мирно, ги, следевме вестите. Ние, Македончињата, тукуречи ништо не разбиравме. Како ќе разбереш кога не им го знаеш јазикот? Но стоевме мирно зашто стравот од будното око на Маријанти го одржуваше редот и рамниот строј. А Маријанти, во својата откопчана англиска хаки блуза, војничките цокули над кои имаше превиткано бели чорапи и кусата здолница, стоеше на бината и занесено слушаше. А сонцето печеше ли печеше.
Не смееш, браче, со прст да си ја избришеш потта во која ти се дави окото. За неа ништо не значеше тоа што некои деца паѓаа од жештината. Крекливото свирење на кутијата ни беше олеснување.
Маријанти набрзина ги даваше командите и, онака испотена, ја снемуваше. Но не и нас. Ние чекавме на ред за в менза.
Еден ден долго чекавме. Маријанти беше ги собрала во мензата сите мајки и бараше од нив да речат дека во оваа средина не сакаат да ги имаат мајка Евгенија и една мајка од Брештини. Еве во што била работата. Мајка Евгенија и рекла на Маријанти дека не смее од децата да прави војници, дека не смее да држи таков ред каков што воведе. Ниту една од мајките не се согласи со Маријанти. Повеќе не ја, слушнавме мајка Евгенија да прозбори со Маријанти. А таа си остана на своето. Кон крајот на јуни почнавме да одиме на работа.
Така го нарече Маријанти собирањето на класје. Надвор од Драч имаше една огромна нива посеана со пченица. Од бура или ветар исполегнале класјата, а машината за жнеење лошо ги собрала. Е, што не собрала машината, собиравме ние. Таму работевме петнаесетина дена. Клас по клас. Натпревар кој ќе собере повеќе. Собиравме цели купишта. Ние, поголемите работевме и на вршачките. Во нивата беа поставени две машини за вршење. Да не беше жешко и да имаше вода, се би било иѓра и радост. Некои што не издржуваа скришум одеа во бавчите што се наоѓаат над џадето и пиеја вода од бунарите.
А отаде бавчите има една бела и убава куќа. Оттаму секогаш допираше танко и плачливо пеење.
- Тоа е лудница, Кирче, - го прекина Нумо.
- Да, така велеше и нашиот интендант, единствениот Албанец во логорот. Еден ден Маријанти дојде на нивата и фати неколку момчиња што се враќаа од вода. Во џебовите им најде диви сливи.
Кога се вративме и се построивме под врбата, таа ги викна на бината, почна да ги срамоти, а потоа ги затвори во една шупа. Ги казни и со еднодневно одземање на храната. А на сите им нареди да одат и да ги плукаат затворените. А тие внатре молеа, плачеа...
Откако ги собравме класјето, Маријанти ни рече дека мораме да им помогнеме на нашите партизани во болниците. Одевме доста далеку од Драч. Огромно поле. Цвеќиња, маргаритки повисоки од нас. Ги собиравме белите листенца и полневме цели кошови. Велеа:
ги варат и со сокот на партизаните им ги мијат раните...
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/postela-za-chemernite/8 le 29 octobre 2026