ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 13 - Part 02
По ручекот најчесто не носеа на кино. Небаре салата беше само за нас. Влегувавме во два часот попладне, ги затвораа вратите, а филмот почнуваше по два или три часа. Што правевме? Спиевме, мочавме, серевме... Тоа правевме кога не можевме да излеземе. Гледавме само руски воени филмови. На почетокот, додека не сфативме дека сето тоа е платно, бегавме или се криевме под столовите. Гледаш од далеку јури локомотива право кон тебе, а ти, да те нема. Или војникот го свртува митралезот кон тебе и дечињата во плачење и врескање бегаат, се кријат.
Од авиони, пушки и митралези премногу бевме преплашени во нашето место за да можеме да го издржиме и тоа од филмот.
Еднаш, пак гледавме некоја руска приказна. На платното се појавија огромни маси. Претоварени со грозје, леб печени прасиња, кокошки, патки... Купишта месо и леб. Слушам зад мене си шепотат две дечиња: “Ти чувај да не ме види некој, - вели едното – а јас ќе одам да земам еден леб. - Оди, - рече другото. Ама се запали светлото и детето си остана со подигната рака кон белото платно.
Построени, со еднаков чекор и песна се враќавме под врбата, дваесетина минути не вежбаше Маријанти рамен строј и чекор, а потоа добивавме чинија макарони (секогаш за ручек и вечера макарони), јадевме набрзина и одевме на спиење.
Спиевме по 15-20 души во една одаја. На бетонски под. Под на едно ќебе и над нас едно ќебе. Така си легнувавме еден до друг и до утринската гимнастика во пет часот сонувавме митралези, авиони, ранети и убиени Германци, гласот и пцостите на Маријанти, лицата на нашите мајки и леб. А ако некој од нас се разбудеше, тогаш можеше да слушне тешки воздишки, тивко липање, довикување на мајката. Време за тагување немавме. За тагување крадевме од ноќта, од сонот. Се преправевме дека спиеме. И молчејќи, загледани во тавано што не се гледаше во мракот, си гог гледавме нашето место, си разговаравме со нашите најблиски и оддеднаш некое од децата не издржуваше и гласно плачеше. Тогаш од другата одаја доаѓаше мајка Евгенија, легнуваше де меѓу нас, де меѓу други милно не галеше, не бакнуваше в очи. Секој сакаше барем за миг да го почувствува допирот на нејзините прсти, топлината на нејзината воздишка. Дури и ние поголемите. Мајка Евгенија спиеше во една одаја со најмалите.
Вратите ги држевме отворени. Така сакаше мајка Евгенија. А и нам ни беше најдобро така. Кога во ноќта го слушавме нејзиниот глас, бевме посигурни по мирно спиевме. Мајка Евгенија често ни раскажуваше приказни, не тераше да пееме наши, македонски песни.
Ни раскажуваше за селото, за луѓето во постари времиња. Најмногу ги слушавме приказните за Крали Марко. Само вечерите и ноќите беа наши. Сапто во мракот си бевме со нашите најмили и најблиски. А денот беше на Маријанти, на Маркос. Дење се правевме за Маркос -за него пеевме, за него собиравме класја, за него трчавме по угорнинката со сонот во очите, за него на морнарите им ја заземавме лединката, за него со боси стапала удиравме строев чекор по жешкиот асфалт, за него стоевме под жешкото сонце, за него го голтавме првиот сув пченкарен залак. А тој, во валкани чизми, со левата нога малку свиткана, со десната рака зафрлена зад колкот на кој му виси пиштолот, потпрен на стап, стегнат во половината со широк појас и со два ремена препашани крстум на градите, таму, од бината, не гледа онака намуртено, под мустакот, и како да ни вели:
“Бидете мирни, пезевенци, и слушајте ја Маријанти”...
- Мирисот на морето го чувствувавме и дење и ноќе. Кога дуваше силен ветар, и тоа најчесто наутро, солени капки ни ги, оросуваа лицата. По тоа знаевме дека морската вода е навистина солена.
Живеевме само стотина метри од морето, а прст во него не ставивме.
Ама едно утро, додека стоевме построени на ширинката. Маријанти со некаков свечен глас рече дека ќе одиме на екскурзија. По појадокот се построивме и тргнавме. Одевме по калдрмисаното џаде.
Лево морето, водата мирна, десно планина со лозја по падините.
Заврши калдрмата. Загазивме во песокот, ситен како брашно и жолт.
Пред нас огромна рамнина од песок. Пуста. Само бели мали бранови го мијат песокот и полека се враќаат, се тубат и веднаш излегуваат нови и нови. А песокот, ситен, се претура под нашите боси нозе и не можеме да држиме рамен чекор. - “Стој!” - викна Маријанти и се качи на еден камен така што ја гледавме сите. Си ги стави рацете на половината и онака, со подигната брада, прво не погледна нас, а потоа некаде таму, далеку зад нас, каде до недоглед имаше само вода и вода... Тишина. Само водата тивко плускаше; само бранот морски одвај чујно се прекршуваше врз друг бран... Свртени со грбот кон водата, гледавме во зелените падини на планината.
- “Мирно!” - вресна Маријанти. Кога ќе свирнам еднаш, - рече - тоа ќе значи “мирно”, двапати - “слободно”, едно по друго - “марш”.
И почнавме да маршираме по песокот, а таа само “тр-тр-тр”. Одново не собра сите и, мавтајќи со рацете, ни објасни:
- Еки та корицја, авту та педја, (Таму девојките, ваму момчињата)
И соблечете се Голи!
Се соблековме. И одеднаш еден свиреж. Се знае. Застанавме во став “мирно”, со оптегнати раце крај телото. Притоа со дланки удиравме по голо и мораше да се слушне едно “плас”. Ако некој задоцнуваше, тогаш од почеток. Откако се изнаслуша дека добро удираме, Маријанти отиде кај девојките. Нешто им зборуваше. Потоа дојде кај нас и ни рече:
- Еден свиреж значи влегување во вода. Долг, продолжен свиреж
– излегување од вода. Оној што нема да излезе навреме, нема да добие ручек и вечера. Јасно?
- Јасно! - се слушна во еден глас.
- Симјотон (на место марш) – викна таа. Го мешаме песокот со босите нозе.
Еден свиреж, како полудени се стрчавме во водата.
Плитко. Трчаме, паѓаме, се плискаме и плукаме, солена вода, смеа, довикувања... долг свиреж и крај на радоста. Трчаница се враќаме на брегот. Стој. Два свирежа – слободно - брзо се облекуваме, еден свиреж - мирно, - продорен свиреж - брзо постројување, свиреж без прекин - напред марш; кратки испрекинати свирежи – лева-десна- лева-десна.
Во логорот, како секогаш, влеговме со песна. Вод до вод, половина час удиравме “симјотон” и ги израмнуваме редовите. Едно чело, една линија. Потоа трештење на кутијата што е обесена на врбата, најновите вести од Грамос и со “Маркос напред” јадевме макарони. Неколкумина од нас што не успееја навреме да излезат од водата “Со Маркос напред” останаа без ручек и вечера.
Утредента, по утринската гимнастика, стоевме на плацот и ја чекавме Маријанти. Но неа ја немаше. “Мајорот” отиде кај неа и се врати намуртен. Тогаш ноќниот чувар (децата стражареа само дење), Гркот од Епир, кој од старо време живееше во Албанија, ни рече дека Маријанти спиела со Албанецот. А тоа беше Алија, кој не снабдуваше со храна. Во логорот, освен него, други Албанци немаше.
Нам тоа ни беше доволно. Од викање под нејзитните прозорци заборавивме дури да одиме на појадок. “Да бегаш, да бегаш” - скандиравме. Неколку дена по ред продолживме да викаме. Таа не излегуваше од дома. Најстарите меѓу нас не бодреа и ни велеа и понатаму да викаме. И, ете, еден ден, гледаме, таа со две куферчиња излезе од логорот и отиде по џадето накај градот. Маџирите почнаа да плачат. Тие ја сакаа. А ние рикавме, божем ни е многу жал дека си оди. Си отиде. Го протераа и Албанецот. Чуварот ги виде, а за нас беше сеедно каква беше причината. За нас беше важно неа да ја нема.
Откако си отиде Маријанти, Евдоксија нареди на утринска гимастика да одат само постарите деца и времето го скрати на десет минути, храната се подобри, почнавме секој ден да одиме на плажа, на стадион да гледаме фудбал, ни купија неколку топки. Ни дадоа чевли, по една кошула и панталони. Стражарите од влезната врата ги снема заедно со пушките. Ја снема и бодливата жица. Можевме да излегуваме во групи во градот. Дојде и есента, а заедно со неа ветровите и студот. Ви спомнав дека во близината на логорот има фабрика за преработка на кожи? Е, солта, или што беше не знам што остануваше, ја фрлаа покрај морето. Одевме ранорано и ја палевме.
Избувнуваше жолт, висок пламен, а ние се греевме тукуречи цел ден.
Далеку на планинските врвови наврна снег. Ни беше се постудено.
Наутро веќе не станувавме да одиме на гимнастика. Лежевме стуткани еден до друг.
Тие денови во Драч секоја недела пристигаа руски бродови.
Далеку од пристаништето, на отворено море, повеќе од една недела стоеше еден голем бел брод. Велеа дека е романски. На помали бродови товараа сандаци и дури како што велеа, кога бродот стануваше полесен, впловуваше во пристаништето. Една вечер Евдоксија помина по сите ќуки во кои бевме сместени. Рече:
големите деца да се соберат кај врбата. Се собравме, ама не се построивме. Чекавме во толпа. Дојде Евдоксија, се качи на бината и рече:
- Деца; Ги видовте ли големите бродови?
- Ги видовме! - викнавме во еден глас.
- А знаете ли зошто толку долго чекаат?
Не! - се разнесе како блеење.
- Чекаат затоа што нема кој да ги растовари. Албанската младина ударнички ја гради железничката линија Драч-Тирана- А во бродовите има пченица и 'рж и нема кој да ја растовари. Се е за нашите партизани. Има ли доброволци што сакаат да одат да растовараат? - праша Евдоксија, а потоа слезе од бината, отиде потаму во игралиштето и викна:
- Доброволците да се постројат по двајца покрај мене!
До еден, и момчињата и девојчињата, сите застанавме во строј.
Евдоксија застана пред стројот и ја даде командата:
- Мирно! Надесно! Добро, деца – рече. - Сега, полека, како на прошетка ќе одиме во пристаништето. Слушајте што ќе ви кажуваат таму луѓето. И знајте, колку побрзо ќе ги растоварите бродовите толку побрзо ќе стигне лебот на Грамос и Вичо.
Тргнавме. Првпат без строев чекор, и без борбена песна.
А во зорите се вративме товарени со пченица. Полни ни беа џебовите, ракавите, ги скинавме астарите, ги наполнивме полите. И почнавме да ја вариме пченицата. Крај морскиот брег палевме оганчиња и во кутии од конзерви и ‘рѓосани италијански шлемови ја варевме руската пченица. Ја делевме, се разбира. Им дававме и на малите. А тие, кутрите, клечеа покрај оганчето, обрабено со две тули или камења, дуваа во него и со валканите рачиња си ги бришеа насолзените очи и размрсулавените носиња. Само очите им светеа.
Оганче до оганче. Брегот чадеше. А ние ја голтавме пченицата уште недоварена, жешка. Слатка - мед! Така се додека не ги растоваривме бродовите. Тие отпловија, а ние си останавме крај брегот со празните кутии од конзерви и со италијанските шлемови. Првпат бевме наситени. Првпат не сонувавме леб.
Не поминаа ни десетина дена и почнаа да ни даваат 'ржен леб.
Едно лепче, големо како моиве две шепи за појадок и за вечера, а за ручек макарони. Беше добро. Вечерта се собиравме на собиралиштето крај врбата и игравме оро. А пред легнување мајка Евгенија не собираше сите во ходникот. Седнувавме на бетонскиот под, а таа почнуваше од најмалите:
- Како се вика мајка ти? Како се вика татко ти? А дедо? Баба?
Одговараа сите. По ред. Потоа прашуваше за имињета на браќата и сестрите, за презимето, за селото. И потоа големите чупиња почнуваа да пеат. Тие секогаш знаеја многу песни што дома ги слушавме од нашите баби и мајки. Истите песни ги пеевме и ние, далеку од дома. А топку ни беа блиски, толку не топлеа. А потоа мајка Евгенија почнуваше да ни раскажува за селото, за ливадите, за лозјата, за чешмите. И секоја вечер така “за да не заборавите, деца, од каде ви е коренот”, - велеше таа. Потоа не погалуваше по глава, ги кореше немирниците и не праќаше на спиење. Никогаш никого не искара, секогаш беше добра. А зборот нејзин за нас беше се. Таква беше таа наша мајка Евгенија.
Еден ден во логорот влегоа два камиона. Растоварија цели купишта војнички блузии. На секој ни дадоа по една. Немаше што да се избира. И за нас беа големи, а камоли за помалите. Ракавите ги сечевме или ги подвиткувавме неколку пати. На помалите им се влечеа. Се завиткувавме во нив, ги врзувавме со телефонска жица што ја наоѓавме во ѓубриштата покрај морскиот брег. Блузите беа војнички. Издупчени и окрвавени. Во џебовите наоѓавме писма, слики на војници, деца, жени, девојки. Писмата беа пишувани на грчки. Децата што знаеја да читаат, ги читаа по цели часови. Некои писма беа тажни, полни горчина, жаловити, некој весели и полни шеги. Понекогаш плачевме, де тагувавме, де се смеевме...
Кире замолча, воздивна длабоко, и го откопча десниот џеб од својата војничка блуза. Извади купче испишани листови и почна едно по едно да ги одвиткува.
- Војичките блузи што ни ти дадоа беа од убиените војници од Грција што загинале по албанските планини за време на грчко-италијанската војна... Знае ли некој од вас да чита грчки? - праша Кире и му подаде на Пандо едно писмо. - Читај, ако знаеш грчки, - замоли Кире.
Пандо го зеде писмото, го разгледа, ја стави цигарата на каменот и рече:
- Да. Ова е на грчки. Да видиме што пишува.
“Моја најмила, Пред една недела ти пратив писмо и верувам дека стигнало до твоите раце. Сакав да ти се јавам веднаш, меѓутоа, дури пред малку здивнавме од секојдневните борби. Седам покрај распалените цепеници и, додека другите војници од водот дремат покрај оганот, јас на светлината од растреперениот пламен со вкочанета рака ти го пишува писмово. Верувај ми, во секој напишан збор е животот зашто во овој пекол ретко се избегнува смртта. Денес останав жив можеби затоа што постојано мислев на тебе... Над мене се извишуваат високи борови и се чини дека го допираат небото. Горе, меѓу нивните врвови, завива ветрот, го истресува снегот, крши гранки и стенка меѓу дебелите стебла. Се чини дека се е наопаку. Единствено вистинско и нормално е тоа што се уште можам да мислам на тебе...
Во оваа вејавица, под лудите завивања на ветрот, во овие диви планини што лежат под дебел снег, под постојан дожд од топовски и минофрлачки гранати и непрекидно кракање на митралезите и денес јас сум жив.
Моја единствена, таму, во топлата одаја, клекни пред иконата на Богородица и моли ја да ти се вратам. Не знам зошто, но често се замислувам како плачам ничкум, со лицето во снегот, замрзнато и... и си мислам дали, ако останам вака, ќе ми ја одземе некој мојата љубов? И се прашувам дали се уште ти чуваш оние исушени ливчиња од ружи?
Трепери пламенот во моите изморени очи, клепките ми натежнуваат. Ме совладува сонот. Морам да прилегнам, зашто не знам каква ќе биде ноќта и како ќе заврши денот... Те бакнувам најтопло. Утре ќе го предадам писмово. Добра ноќ, љубов, добра ноќ, животе мој”...
Пандо го зеде второто писмо, се загледа во него, подигна веѓи и полека, замислено рече:
- И ова писмо војникот не стигнал да го прати... А еве што пишува: “22 ноември 1940 година, на позиција.
Драги и почитуван мој професоре, На штик и нож падна под нашите нозе Иван Планина. Го совладавме непријателот. Многу наши од Леринско, Воденско и Костурско засекогаш ќе останат тука.
Сега, кога веќе излеговме победници, се прашувам за чија татковина вака јуначко се бориме? Се прашувам, поради што пред една недела уапсија дваесетина момчиња. Зарем само затоа што во рововите зборуваа македонски? Денес ја славиме големата победа.
Истиот ден нашите единици влегоа во Корча. Прекинувам зашто водникот нареди да се вкопуваме...
Се префрливме на Ѕвезда. Цела ноќ копавме ровови и земјанки.
Сега велат дека утре ќе тргнеме во напад. И така секој ден. Денес сум капнат, небричен. Ноќта е ведра, стегна цикна, на снегот се огледува месечината. Прстите се повеќе ми се вкочануваат. Велат дека во текот на ноќта педесет наши момчиња ги нападнале италијанските батерии.
Се зборува дека никој не се вратил... Толку за денес. Во наредното писмо чекај нова вест. Мојата почит и поклон пренеси им ги на твоите најблиски.
Останувам со топол стисок на дланката засекогаш, твој...”
- Ова е со грчко писмо, ама на наш јазик. Многу пати сме го читале, рече Кире и му го подаде на Пандо.
“Мил и сакан мој домаќине, - почна со зарипнат глас Пандо. – Писмото го добивме и сите се радуваме што си здрав и жив. Во селото стигнуваат се повеќе вести за ранети и убиени. Господ нека не чува од лошото и што побрзо да те врати дома. Два дена по Митровден дома дојдоа од асфалијата (полицијата) и го одведоа тате во Костур. Таму го претепаа затоа што прозборува нашински. Стрико Доне се жалеше, ама му рекоа да си седи мадро.
Тате го пренесовме на коњ и го завиткавме во кромид и кожа.
Сега е добар. В црква не оди. Седи дома, пцуе, се држи за градите и многу кашла.
Син ти Ристе само прашува за тебе. Излегува на балконот и те чека. Ристевци и Петревци те молат да се распрашаш за нивните и да ни напишеш како се. Од нив долго време нема писма.
Прими поздрави од твоите најмили. Секој ден со мајка се молиме пред Богородица за да те врати здрав и жив. Чувај се. Те сакаме сите.”
- А ова, Кирче го прекина молчењето е поголемо писмо. Го најдов во внатрешниот џеб од мојата блуза. Астарот од десната страна цел е црн од крв. Во џебот ги најдов и овие слики...
Нумо ги зеде сликите и долго гледаше во нив. На поголемата, на која се гледаше убава млада жена на чии колена седеше момче, пишуваше:
“На нашиот Тато со желби брзо да ни се врати.” На друга слика со убав калиграфски ракопис:
“На нашиот драг и почитуван учител кој херојски се бори против глупавиот Мусолини, неговите ученици”.
И долу дата: 20 декември 1940 година.
Пандо ги погледна сликите, а потоа, без да рече збор почна полека да чита:
“16 ноември 1940. Сорович. Тука почна да се формира нова дивизија. Многу, многу наши. Ноќта тргнуваме. Пешки до Корча.
Мојот баталјон доби заповед да држи позиции меѓу Требезина и Бубези...
На позиција, 9 декември 1940 година. Нашата западномакедонска армија веќе со денови се окопува меѓу Подградец и планината Камија. Со денови исто: тие ќе се појават, ние ќе припукаме. И потоа низ дуљбија гледаме како си ги прибираат ранетите и убиените. Кога излегуваме да сечеме дрва за покривање на земјанките и за горење, ни грмнуваат тие со топовите и, место дрва, во шинелите ги носиме нашите ранети. Убиените ги закопуваме ноќе. Денес ни го убија Ставро. Човек во години. Еден негов соселанец од Леринското село Турје на лош грчки јазик постојано вели: О, сироти шест деца...
Денес дури можам да одбележам што се случи во изминатите денови. Од 29 декември до 25 јануари во непрекинати борби со црнокошулашите успеавме да го заземеме врвот Требезина. Гол. Ни грмушка. Копаме ровови. Ветрот навејува снег. Пред очи ништо не се гледа. Студено. Дланките се лепат на железните делови од оружјето.
Ископавме мали земјанки. Клечиме во нив еден до друг и се загреваме со сопственото дишење. Вкочанети и раце и нозе. Станавме некако рамподушни. Топла храна нема.
Изгледа господ се смилува. Добивме наредба да се повлечеме на источните падини на ридот. На пладне не нападнаа алпинисти. Се држиме жилаво. Но, и покрај тоа, не потиснаа. Дури вечерта пристигна зајакнување и со јуриш се најдовме горе, во длабокиот, снег на Требезина. Не ги закопуваме ни нашите, ни нивните. Лежат замрзнати под дебелиот снег. Во овој пекол само живите се за жалење...
Зората ја дочекувам навален со плеќите на замрзнатиот рововски ѕид. ова што го гледам пред мене е како во бајка. Во тишина се разбудува денот. Гледам на исток и онаму, далеку на врвот на планината, полека побелува мракот, добива белузлинаво-жолтеникава боја што преминува во срамежливо руменило, се повеќе поцрвенува небото и црвенилото над гребенот станува се посилно, чиниш врвот пламнал, гори снегот. Црвени, румени и сребрени одблесоци на снегот. Парче изеденка, потоа се поголем и посветол се извишува дискот на сонцето и пред очите пламнува некаква радост, некаква музика, што вдахновува, ненаситна желба да се живее...
Морам да прекинам. Пискливиот глас на водникот ја пара утринската тишина. Одиме во напад...
Пладне е и врне снег. Лапавица. Уморен сум. Папсан. Ја кршиме замрзнатата земја за да ги закопаме оние што паднаа во јуришот. Им фрламе врз лице и очи замрзната земја измешана со снег. Нивните вкочанети тела никогаш нема да ги стоплат тажните звуци на војничката труба и солзите на некои од нас што стоеме улуглави над гробовите...” Нумо подигна рака и немо се загледа во ридиштата отаде река. Во неговите уши, кој знае по кој пат, одекнуваа тажните звуци на војничката труба. Му се чинеше дека пловат над него, се прекршуваат во снежната виулица, го стегаат срцето, воскреснувајќи од заборавот.
Пандо го сврте испишаниот лист, ама Нумо пак подигна рака.
Брадата му трепери и на левиот образ му игра мускулот. Челото се грчи во брчки и го оросуваат ситни бисери пот. Врз нив се разигрува зракот сончев. Нараснуваат, се слеваат во едно и, небаре орајќи меѓу брчките, се губат во густите веѓи. Брчките се искривуваат, се вдлабнуваат и се почесто затреперува левиот образ...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 14 ГОРЕ, каде што се наоѓа управата, се одгласи шината. Остро, брзо, расечувачко ѕвонење. Нумо се стресе, чиниш се ослободи од некој долг, мачен сон, и со глас натежнат од спомени, рече:
- Рано е за обед... Рано е и за да слушаме радиовести, - сврувајќи глава кон зборното место, доврши: - Да одиме. Изгледа сакаат нешто важно да соопштат...
- Седи, - тивко изусти Пандо. Што и да е, нема да биде за тебе, ниту за мене. Твоето се знае и моето се знае...
- Ако не е за нас, барем да видиме што е за другите. Ајде... А ти, Кирче немој да не заборавиш. Дојди пак. И чувај ги писмата. И сликите. Кога ќе не видиш тука, дојди да ни раскажеш што стана натаму со тебе... Ајде, Пандо, гледај, луѓето се собираат.
Нумо и Пандо добро видоа како од џипот слезе оној со чистите чизми, ама не слушнаа ништо од онашто им зборуваше на собраните мажи во години. Од толпата прв се оддели Кузе; крадешкум, како да газеше на трн со гола нога, и колку повеќе се оддалечуваше од зборното место, толку побрз стануваше неговиот чекор.
- Мобелизација! - и шепна на жена си: - Мобелизација! Ќе не соберат сите! Сите што можат да држат пушка, да копат и да терат маски и магариња. Сите на фронт! Што да правам? Да се скријам?
Каде? Па утре сите на собир!
Кузевица е присебна жена и, за такви каков што е Кузе, необично снаодлива. Чепка во торбата, во чиниче измеша во вода од расипаното брашно и му го подаде на Кузе, велејќи му со глас на бајачка:
- Изеди го ова и фрли го појасот.
Пред полноќ Кузе излезе од бараката, ама не стигна до клозетите.
Чучна меѓу коњушниците и, повремено поместувајќи се, дури в зори се врати кај Кузевица. Но, колку што прилегна, небаре надвор заборави нешто вредно, вјасавица стана и со зајачко потскокнување, чиниш џебовите му се полни јајца, излезе. Чучна на неколку чекори од портата, зад аголот на бараката.
- Оф, проклето брашно, - воздивна гласно и се помести, зашто во тој миг спроти него полека доаѓаше ноќниот чувар.
- Ши, ши, ѓаволски, - викна налутено Кузе.
- Што е, Кузе? - праша чуварот.
Стаорец! Олкав, мајка му, олкав, ѓаволскиот! - болно рече Кузе и двапати измери на ѕидот со педата. - Ете олкав! - повтори, придржувајќи си ги бечвите, со другата рака.
И овојпат Нумо не успеа да се качи на еден од камионите. И овојпат не го сретна својот пријател шофер.
Излегува сред џаде, раширува нозе и подига и рака и патерица.
Сноп светлина фрла врз него камионот и профучува оставајќи го во облак прав. Помина првиот, десетиот, наближува последниот и остава прав зад себе. Оѕверен е од лутина. Нумо се тргнува од џадето и, во бозјакот што густо расте во ендекот и вслушан во завивањето на последниот кемион што тешко ја фаќа кривината угоре, погледнува ту во ѕвезденото небо, ту во угорнината што ја пресечуваат долгите светла на капионите, ту долу, во бараките и коњушниците, во кои блеснува притулена светлина од свеќа и кандила. Вгледан во светлата што де се појавуваат де се губат како пот на вжарено чело, и го варакосуваат запрашеното џаде и шумата што брзо потонува во мракот, кој знае кој пат се забива, се вгнетува, се вгледува одново и одново во патот што го помина и се повеќе се вгнездува во него, зашто на него порасна и, иако е сакат, се храни со надеж дека, дури и дооден, ќе го дооди. Се вдена во него и вдадено се моли, ете толку години, како веда. Ете, за мапку ведрина, тој без веднење дури и сега е готов и во ведина дупка да се втурне затоа што има свое верују.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/postela-za-chemernite/9 le 29 octobre 2026