Front Matter - Part 07
- Значи, бевте мали за на бој, нели?
- Море, како мали! - подвикна Кирче. - Не зедоа како големи, ама таму, во Преспа, кога излеговме така убаво униформи, се во ново, море и чевли, и чорапи, та и кошули и ремени и автомати ганц, знаете, со строев чекор, по четворица, само правот – пуф, пуф под нашите нозе. И песна, а потоа удри да свири марш воениот оркестар на Главниот штаб. Како свеќи, море, стоеја луѓето од вчудоневиденост. Каква ли е таа нова војска? - прашуваа нивните очи, а кога се доближивме до жените, тогаш некоја викна: Коле!!!
Коле маршираше пред мене. Ене, оној таму долу, оној де, со лопатата.
Не го гледаш? Е, оној сега што ја подигна лопатата. Викна мајка му.
А потоа почнаа да викаат и други мајки... и...
- И? - праша Пандо.
- Што и?...
- Еј, Кирче ! - викна некој од војниците. - Ајде, бре доста седиш таму! Дојди, те бара командирот.
- Е, сега морам да одам. Белки нема да ме казнат затоа што се оддалечив без прашање?
- Види што е и дојди на муабет...
И на цигара, - дофрли Пандо.
- Ќе дојдам... и ќе ви раскажам како беше...
Отстрана, од зад, карпата, се појави Кузе и, без да се поздрави, рече:
- Ве гледам цело време и се чудам ! Ти, Пандо, стар, осивен човек, седиш и кој знае што зборуваш со војникот и му свиткуваш цигара.
Зар не се срамиш? А ти, како ти е, името, бре, што по цели денови клинкаш де ваму, де таму, место да седиш во бараката како што седат сите падавичари, и ти како овој, муабетиш со војникот и кој знае дали не му го матиш умот! А?
Нумо позелене од злоба, ама кога го виде погледот на Пандо, се созеде и, плукајќи настрана, рече:
- Да ми беше жената тука, ќе си седев покрај неа. Да бев такво лижигазе како тебе, ќе седев или ќе се врткав кај командантот на Прењес. А вака, ете, ни жена, ни мерак за да свиткувам 'рбет... А бре, Кузе, знаеш ли ти, - се налути Нумо - дека јас немам 'рбет, ами стожер што не се свиткува?
- Е, па затоа те бркаат и викаат по тебе како по бескуќно...
- Марш, серко! - викна Нумо и ја подигна патерицата.
- Мене ли марш? - се ококори Кузе. - Мене ли? Веднаш ќе одам кај командантот, та ќе видиш ти!
- Таму, ами каде на друго место ќе одиш, бре ебиветерко!
- Прибери се, Нумо, и остави го Кузета, кутриот, намира. Човекот сака да се заслужи, а ти го спречуваш. Зар не гледаш дека гори од желба некого да поткаже? И ќе рече некој дека е нашинец. Пфу! Овој, Нумо, би ти ги ископал очите подлабоко од секој друг само затоа што е нашинец. Зар не ја знаеш онаа, старата? Тргнал некој слеп на питање, та попат го сретнале некои мажи и го прашале: а бре, кој ти ги извади очите? Брат ми, - рекол слепиот. Е, затоа ти се ископани толку длабоко... Пушти го и не терај инает. Кузе си е Кузе. И без да дигнеш рака на него, тој ќе каже.
- Пандо, ти да молчиш, - подвикна Кузе - и да си седиш мирно, зашто...
- Ќе ми се фатиш за обесениот, Кузе. Е, море, кокошкару, зар не гледаш дека од мојава ќелезанка влакно не може да падне, а камо ли главата?
Кузе им сврте грб и тргна накај фурните.
- Како загар се вртка секаде, - рече Нумо. - Само ми се чини дека некја ноќ ќе го изеде мракот. Луѓето веќе почнаа да не се трпат.
Премногу голема им е болката за да имаат уште некого на грб.
Пандо сврте глава кон реката, каде што жените переа волна, и рече полека:
- Ајде, Нумо, да си одиме зашто тука остана смрдеа.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/postela-za-chemernite/7 le 29 octobre 2026