Front Matter - Part 06
- Лани на Грамос, откако одлетубаа авионите, од своите карпи полетуваа орлите. Со писок или со пискливо лаење, да, тие кога пискаат чиниш лаат, се довикуваат. Ги гледавме како кружеа над боиштето. Ранетите се прибираа под дрвјата или се криеја во земјанките. Но не пукаа во нив. А тие, орлите де, со секој круг беа се пониско. Ќе стрелаш во нив, ќе си го откриеш местото и непријателот пука во тебе или по радио повикува авиони и поиува, толчењето.
Вивнува орелот повисоко, небаре на оние од другата страна им го покажува местото каде што држиш позиција. А по некое време таму некаде далеку грмнува и, кратко потоа, фучење и трештат топовски гранати. А потоа јуриш. Напаѓа непријателот и дури до зајдисонце на обете страни паѓиаат мртви и викаат ранетите. А со изгревот на сонцето пак почнуваат да кружат орлите. Живите, клекнати во рововите, во митралеските огништа, држат око на нишан и се подготвуваат да сеат смрт. Така катаден... А еден ден, штом се зазори го товарив другар ми на една маска. На болничарката, седумнаесетгодишно девојче, и го врзав ѓемот за рака и тргна таа да го однесе во лазаретот. По некое време го слушам она пискливо лаење на орлите, а потоа викање, крик. Скокнав од ровот и трчаничкум накај лелекот. Орлите го напаѓаа не само окрвавениот другар кој, врзан за самарот, не можеше да се брани, ама и болничарката. Истрелав во воздух, ама ништо. Орлите удираа со крилјата и со клуновите. Маската рикаше жаловито и се фрлаше на сите страни, влечејќи ја девојката. Удирајќи по нив со стап, ги испадив. Крвта, Пандо, има некаква чудна моќ... Еднаш, тоа беше одамна. Дете сум бил. Татко ми го закла телето. Вечерта, кога говедарот го дотера во селото добитокот од пасење, пред нашата порта се собраа говедата. Почнаа да копаат со предните копита и да рикаат на цел глас, ама толку жаловито, чиниш плачеа. Зошто ли крвта толку влече, а?
Соколот го прави својот нареден круг над Прењес, следен од Пандо, чии очи гледаат и онаму, далеку, каде што завршуваат темните грбови на планините. Тој го следи кругот што го прави соколот и кога неговиот поглед заскита над ридот малку понадесно од Ќафасан рече:
- Ене, таму, - покажа со очи подигајќи веѓи - зад планината е големата вода. А зад неа се гледа уште една планина зад која, велат, пак има голема вода. А натаму планини, планини, велат...
- Бела Вода е таму, Превалот, Врба, Малимади, Вичо е таму... - болно рече Нумо.
- И нашите опожарени куќи, - прифати Пандо - нашите ниви што ги поплати троскот, нашите лозја што ги испржи болест и нашите мисли и надежите наши... – тој не доврши. Во грлото му се скрши гласот и од старечкото око потече солза - лута, горчлива, болна, густа, распалена, жешка, срдечна и тажна, во која потона зеницата и само за миг го снема ридот зад кој е големата вода, па планините, па пак големата вода и преку неа...
Се откина солзата од старечкото лице и исчезна во испржената и изгазена трева. Таа е само дел од големата болка, но и лута како отворена рана. И кога по неа набабри втора врз зеницата на Пандо, се подигна старечката рака и дланка рапава, жилава, ковчеста, но бодра, ја откинува за да не остави лишај на пониженост. Но и во поодминатите човекови и машки години има мигови кога солзата не е нишан само на слабост, на болка, радост, тага и гордост, ами и нишан на очовеченост.
И така, во намисувања за деновите на пониженост и миговите на гордост заради тоа што се успеало да се опстане и да се пркоси на се што било туѓо, немило и недраго, омразено и мрачно и што било судбина натурена со туѓа рака и волја, си тече животот во тесната котлинка меѓу коњушниците, подгниените бараки, трите казани, прашливото џаде, камионите што двапати на ден пренесуваат ранети и оздравеници, лелеците и тажалките, полудените, падавичарите и црневицата расплакана, болна од чемери и исчекување. Си тече животот пркосејќи му и на ветерот што го разнесува црвеникавиот прав меѓу ридиштата над кои катаден кружи црниот сокол, на матната вода по дождовите, на плачот и непреболот...
Сенката од ридот веќе ги назјаса гробиштата и полека се спушта над покривите на бараките. Од кај кујната се слуша ѕвонење на шина.
Пандо рече:
- Па, ајде на вечера, Нумо...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 10 ЛУЃЕТО како сенки излегуваат од бараките и во долги нерамни редици се редат пред трите казани. Жени облечени во црно, старички снеможени и ниско наведнати, старци потпрени на своите патерици, вдовици со доенчиња, со едногодишни и двегодишни дечиња, парталави и расплакани. И тие во програтките и во пазувите на мајките ја споделувааг судбината на понижени испадени и со широко отворени очи гледаат како исплашени пилиња. Небото, сино и длабоко, се огледува во нивните зеници. Во изгор, со голем бавеж се движат редиците. Ако погледнеш од горе, гледаш само црневица од забрадени, бабуњосани, свиткани и стуткани сенки како врват со наведнати глави и со одвај видлив чекор, една до друга покрај казаните и, без да погледнат во чинијата, во војничката наполу ‘рѓосана порција, во бакарното котленце, во исчаденото тенџерче, во лименката од празна конзерва, тргнуваат со уште порастреперен чекор кон своите рогозини во старите италијански коњушници во кои никој не успеа да го сотре мирисот на коњската моч.
Нумо, потпрен на патериците, стои настрана. Гледа во црневицата и длабоко вовлекува од смрдливата цигара. Кога покрај него застана Пандо со полна лименка и со две парчиња сув пченкарен леб, Нумо, рече:
- Добро велиш, Пандо, дека тука, во Прењес, не може човек дури и да полуди... Стојам јас тука, настрана, и гледам и срцево небаре ќе ми се откине, гледајќи го ова и слушајќи и дење и ноќе олелии... И се чудам, како ли досега срцата не им препукнаа? И си велам, ете, само тие, единствено тие мошат да кажат како човекот го преживува и го поднесува поразот, каков треба да е во битисувањето човеково и во битисувањето наше, во непреболот наш и како треба да издржува страдајќи. А за многу од овие жени, колку што знам јас, немало младост. Одвај ја завршувале жеснаесеттата, седумнаесеттата, ретко некоја дваесеттата, небаре праски што окапале цут, па почнувале да раѓаат, береќет да собираат и во покорност да ја премолчуваат својата љубов и својата тага. За некои од нив само неколку ноќи биле заеднички со мажот... Јас, Пандо, со мојата имав само две ноќи што ми беа мои и, нејзини... Триесет и осмата ме подбраа и дури четириесет и седмата се видовме. И пратив збор по еден мој познајник и таа дојде во шумата каде што се одмораше нашиот одред.
Тогаш го видов и синот, збиено момченце, капка од мене, и оттогаш не сум го видел. А кога лежев в болница осакатен од едната нога, до креветот ми застана еден мој братучед, и откако ме распраша за здравјето и ја исплакавме мојата нога, ми рече:
- Е, сега браче, ќе дадеш мужде?
- Зошто, бре? - го прашав.
- Како, бре зошто? Ќерка имаш, браче, ете зошто.
Се расплакав од радост и од мака. Ја соблеков кошулата и му ја дадов:
- Ете ти, браче, земи ја кошулата, ќе ти притреба. Ти си веќе здрав и наскоро ќе се вратиш на фронт. Носи ја со здравје...
Се разделивме и само толку знам за моето второ дете, а за сите три – ништо... Одвај, Пандо, седумнаесеттата, осумнаесеттата, ретко дваесеттата... Потоа? Потоа чекаа писма од Америка, од боиштата, од затворите, од камените и суви острови на Егејот... и го проколнуваа векот. А сега? Што сега? Им гинат децата на Грамос, на Вичо, им умираат по болниците во туѓи поднебја, а тие чекаат, се надеваат...
Кој ли, те прашувам, ќе најде ред и кој ли ќе го најде местото каде што се фрлени нивните коски? Далу некој утре или друг ден ќе ги спомне и ќе побара нивните коски или ќе ги изброи безимените гробови? А тие, жените де, сега стари, неспособни за бој и за раѓање, а толку силни во себе што и каменот се сотрива под нив кога почнуваат да ги оплакуваат своите загинати... А тие, пак, велам за жените... На, свиткај ми една... Ги гледам како им зграгоруваат срцата во оплакување на загинатите, во трепет и страв за се уште живите и во несигурна надеж. А долнакот кога ќе повее, ги растажува и тогаш од стегнатите усни, тивко, жаловито протечува песна... И тогаш ми се сака, ете, така, клинкајќи на овие патерици, да им пријдам и на секоја по ред да им погалам глава, да им го бакнам челото во брчки, тивко да им шепнам: - Пеј, мила, липај мила, плачи мила, ако тоа ти е за олеснување, а и за мене мевлем... Ете, некни поминав покрај едни и ги прашувам: - Што ви е, мили, како сте, што ве боли, што ве мачи, а тие место збор - уште повеке замолкнуваат, повеќе ја стегнуваат црната шамија, пониско наведнуваат глави, пониско спуштаат очи, посилно им стежнуваат срцата... И ми се пристори дека во нив сосем ја снема радоста... И си велам, цврсти сте вие затоа што болката ви е голема... Ех, Пандо, Пандо. Со нив, а не покрај нив тече животот и времето си одминува со сето свое, бреме, не покрај нив, ами заедно со нив... Ќе прашаш ли какви се, ќе прашаш ли кои се? Страдалнички, Пандо, во молкот, наситени со отровот на пониженоста, а сепак толку достоинствени... А гледај ги... си сркаат од манџата со ниско наведнати погледи, тие довчерашни домаќинки што знаеја за три села, гозби да зготват и секому в очи да погледнат со гордост. А сега?
Гледај, Пандо, како трепери лажицата во домаќинската рака... Пелин во устата им е лебот...
- Доста, - рече со тивок глас Пандо. - Седни да јадеме, а потоа да одиме да видиме како му е на девојчето...
- Кое девојче? - праша Нумо.
- Снеможено е, кутрото, и веќе цел месец не стана од рогозина.
На, јади... - Пандо му подаде парче пченкарен леб и почнаа двајцата да сркаат од војничката порција од која Нумо се разделува само кога Пандо треба да стои во редицата пред казанот.
Заоѓа сонцето, - се одгласи Нумо, - Уште малку и луѓето ќе излезат на џадето. Ти, Пандо, оди кај тоа девојче. Јас и денес ќе останам крај џадето. Ќе чекам. Мајка му еден ден ќе ме забележи Трпо шоферот, ќе подзастане и ќе ме земе...
- Извади си го тоа, Нумо, од глава. Ти си го отпеа своето и седи си мадро. Можеби ќе се најде нешто и за вас, осакатените. Можеби ќе ве соберат во некој дом или нешто слично...
- Нумо ја избриша порцијата со лебот што му остана, ја обеси на појас и рече:
- Пандо, мене многу ме одвраќаа, ама никој не ме врати.
- Ти си тврдоглав, човеку...
- Нека биде и така, Пандо. Зло од тебе не паметам, само добро.
Се разделија во мракот. Накај џадето се повеѓе луѓе навираат, излегувајќи од долгите коњски бараки. Една група старци држејќи ги во шепите цигарите свиткани од весникарска хартија и крупно дробен тутун, расправаат за нешто. А други, пак, одат де ваму, де таму, гледаат долу, кон фурните. Крај џадето, од обете страни, навалицата станува се поголема, се поцрна.
Пандо бавно се доближува кон бараката каде што лежи болното девојче. Во неговиот џеб секогаш има понешто за понадица, колку за радост, колку за да види блескот на жарче во неговите очи, колку за да се растегнат неговите усни во блага насмевка. Вратата од бараката стои ширум отворена. Во крајниот агол, каде што лежи девојчето, е тивко. Оттука ништо не се слуша, ама колку поблизу доаѓа Пандо, толку појасно го слуша тешкото дишење на девојчето.
Кој е? праша мајката и се подигна.
- Јас сум, Костовице, јас, Пандо. Како е, подобро ли му е?
Костовица запали свеќа и ја стави во чашата.
Широко отворените очи гледаат папсани од битисување и горчина. Така ден за ден, под овие подгниени покриви и меѓу ѕидовите што мирисаат на коњска пот и моч, се топи нејзиното ќеркиче. Русите косички, наводенети од трескевата и студена пот се залепени за бледото високо чело под кое полека гаснат големите сини очи. Матно гледаат во таванот. Погледот, закован во една од многуте греди, станува матен. Бавно се подигаат градите, се слуша тешка воздишка, а потоа со јазичето си ги навлажнува испуканите усни кои притоа се собираат во болен грч. Од аголот на левото око потекува солза и се разлева низ образот во танок сребрен конец. Грч на болка го стресува целото тело, затреперува белото брадиче, танките усни, што ги разјала треската, испуштаат тивко, одвај чујно липање. Уште еден грч го стресува телото, се слуша воздишка и очите почнаваат да добиваат боја на матно стакло. И такви остануваат.
Пандо спушти дланка врз бледото лице и, колку што можеше понежно, му ги затвори очите на русокосото девојче. Потоа од џебот ги извади своијте бројаници, клекна и полека, небаре да не го разбуди русото, му ја поткрена главата и му ги стави на вратот.
- Ѓердан невестински нека ти се присторуваат, мило... Ѓердан... а руба невестинска дека нема да облечеш... така ти било пишано, мило...
По лицето на Пандо, кое сега уште повеќе го ишараа брчки, потекоа солзи. Тој се прекрсти и, оставајќи ја Костовица сама со нејзината болка, излезе.
Цела ноќ, под светлото на месечината, Пандо копа во тврдата скрка. Со изабената лопата ја исфрла црвеницата и кога во градите чувствува празнина, запалува од својот тутун. Кога се зазори, тој имаше ископано гроб длабок до неговата половина. Ги собра со раце последните грутки од дното на гробот, и излегувајќи, рече:
- На детето не му треба подлабоко да почива...
Го донесоа завиткано во војничко излитено италијанско ќебе.
Пандо со растреперени раце го стави на дното и излезе. Се тргна потаму и дури кога се навали врз големата карпа, слушна плачење.
Повлече длабоко од цигарата во која имаше ставено од своите тревки, седна полека и се загуби.
Кога се поврати, сонцето веќе беше високо. На гробиштата нема никој. Покрај свежо, покриениот гроб, стуткана седи Костовица и ги пали свеќите чии пламенчиња треперат во нејзинатаг дланка...
Ни шепот, ни плачење... Молк. Замолкнаа и птиците, стрништето, онемеа штурците жетвари...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 11 НАВАЛИЦАТА што трчаше зад камионите го турна и така остана до првото птичјо пеење. Вслушан во завивањето на последниот камион, што со мака ја фаќаше змиестата угорнина, ги преџвакуваше пцостите за се што е живо и што се движи и за се низ што помина. Ги пцуе сите свои паѓања и ретки издигнувања и радости, пониженоста и честите судрувања со лошото и злото и празните ветувања. А кога престана брмчењето на моторите и во котлината се врати тишината, тој се загледа во ѕвезденото небо и се почувствува уште поосамен. Му се чинеше дека е сосем загубен во тој огромен и недофатлив свет, но одеднаш слушна викања а потоа одвај чујно брмчење на камиони. Од горе, откај свијокот што почнува надолу од превалот се нададе камион. Излезе од ендекот и, кога камионот се најде на стотина метри, тој ја подигна патерицата. Шоферот му мавна со рака и продолжи накај Прењес, од каде веќе трчаа луѓе и се слушаа викотници. Зад последниот камион се појави стариот џип со вообичаените патници. Кога се доближи до Нумо, џипот застана и од него излезе оној што викаше дека некој му го украл пиштолот. На неговиот колк висеше нова футрола. Тој му се доближи со бавен чекор на Нумо и, без да се поздрави, праша:
- А ти скиташ, скиташ, братче, а? Не знаеш ли каде ти е местото?
Зар не ти било речено да седиш таму каде што те одредиле и да не скиташ по околината? Или сакаш да те вратиме онаму од каде што те извлекол албанскиот пријател? Бери си го умот зашто, ако те пратам уште еднаш таму, тогаш ни Христос бог, еба ти го, нема да те извлечи оттаму. Каталавес? (Разбра?) А сега - марш!...
Нумо се наежи, уште поцврсто се потпре на својата патерица, се навали на дрвената нога и развлечено исцеди:
- Јас моето го измарширав, и тоа добро. Толку добро што во тоа измарширање ја загубив дури и едната нога... Само ти гледај во твоето марширање да не си ги извалкаш чизмите. Е, така да знаеш, а ако сакаш повеќе да знаеш, тогаш јас можам и на друг начин...
- Молк! - му викна и му се доближи толку многу што Нумо почувствува мирис на евтина колонска вода и брилјантин. - Молк! И да се јавиш во управата, каталавес?! Таму ќе се разбереме!
- Што има таму да се разбереме кога се е јасно. Веќе се разбравме, а во управата јас не влегувам. Си имам четириесет сантиметри широка, рогозина во коњската барака меѓу падавичарите и тоа ми е доволно. А доволно ми е и тебе што те гледам...
- Ти, никаквецу, како можеш! Знаеш ли... - човекот се фати за футролата, Нумо во тој миг го извади ќесето со тутун, косо погледна кон другите двајча во џипот и тивко рече:
- Господине, не фаќај се за пиштолот. Тој за тебе е само украс.
Колку си јунак, покажи се таму, - Нумо подигна очи и покажа на исток - таму покажи се, а не тука, далеку од боиштето! Зошто ти е вакво позирање? Зошто ти е вакво јуначење?
- Ние ќе се видиме и тогаш ќе зажалиш!
- Нека е по твоја желба, ама биди сигурен дека нема да видиш како ќе жалам... и тргни ми се од пред очи... Јас сум падавичар и можам да те повредам...
Офицерот го праша со строг глас:
- Ти си член на партијата?
- Не.
- Цела среќа за тебе...
- Штом тоа го велиш ти, јас верувам дека е среќа, - му се оџвари Нумо.
-Ти си дрзок...
- Јас сум падавичар. Што сакаш од еден ваков како мене. Да стојам пред тебе во став мирно? Би стоел, ама таму, - Нумо пак покажа со глава горе кон превалот. - Таму би стоел, ама тука не!
Такви јунаци сум видел и на друго место. Туку оди си, човеку, зашто те чекаат другарите... Оди си...
Кога офицерот се качи во џипот, до ушите на Нумо допреа зборовите:
- Што се расправаше со сакатиот?
- Ќе го научам јас него...
Нумо се искашла и со десната рака го погали пиштолот што го грееше во пазувата.
Камионите веќе поминуваа по Прењес. Од сите страни трчаат и викаат луѓето. Над нив летаат бели ливчиња, пликови, ветрот ги разнесува настрана, преку ендекот, и ги сее во бурјанот. Кога Нумо се најде во близината на првите коњушници, лелеците веќе се пренесоа од џадето во бараките. Таму жените гласно редат, ги оплакуваат своите. Старците, седнати на камењата пред бараките, повлекуваат од цигарите и јавно си ги бришат солзите. Тука, во Прењес, никој не се срами од солзите. Тие им личат и на најстарите и на најтврдите. Секој ден им станува век во исчекување на најлошото. Во плачот и лелекањето, во истоштеното липање ретко некој се надева на добра вест. А оттаму, од боиштата само потајно се надеваат дека ќе стигне добра вест, но таа е обвиткана во трепет, во страв, во бледа надеж, во долги ноќни молитви...
Нумо седна на каменот крај џадето. Ја спружи здравата нога покрај дрвената и гледа во бурјанот. Меѓу луѓето што чепкаа во високите треви го препозна Пандо. Ја подигна патерицата и викна:
- Пандо, еј, Пандо !
Пандо подигна глава и кога виде како Нумо му мавта со патерицата, се упати кон него.
- Еве ме, Пандо, пак не успеав, - рече Нумо кога Пандо застана пред него. - Не успеав, велам.
- Гледам...
- Слушнав, умрело девојчето. Го погребаа?
- Готово е...
- Го погребаа, русото, значи? Му ставија ли нешто на гробот? Или така, само земја, само куп земја, а?
- Така, Нумо...
- И тоа е судбина. А јас, Пандо, кога ќе ме нема, не би сакал врз мене да има само земја...
- Да не сакаш турско кубе?
- Не, сакам секој што ќе ми дојде на погреб врз мене да фрли камен. И секој што потоа ќе доаѓа на мојот гроб, да фрла по еден камен. По години, по многу години врз мене ќе има цел куп камења.
Собрани од камењар, од планина, од река, од потоци, од каде било и од кај ти не. Знаеш, секој камен си има своја судбина. Не по свој пат се тркала, ама не и по своја волја, ами по туѓа. Некој друг му го одредува местото, намената, значењето. Ете, замисли, еден куп олкав разни камена врз мене. Таков, само таков гроб би сакал да имам...
Само камен над камен врз мене и така врз гробот мој каменот да порасне како рид... Нека нема натпис. Но да има многу камења. И секој што ќе помине и без да сака ќе се запраша: кој ли лежи под ридот од камења? Ете, Пандо, барем ќе се запраша или ќе праша некој друг. И гробот мој нема да молчи. Ќе зборува преку камењата...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 12 ВО ДОЛНИОТ ДЕЛ на Прењес веќе втор ден пред изгрејсонце, построени по четворица, со строев чекор и песна, маршираат војници на ДАГ. Така ги викаат оние од командата на Прењес, а оние од бараките и коњушниците велат: - Излегоа децата. А Пандо и Нумо ги викаат: нашите деца.
- Види го она малендавото, испиеното, како удира со поткованите цокули, - му се обрати Пандо на Нумо: - Оп, за малку што не падна.
Се сопна, кутрото. Цокулите, гледаш, му се големи. Ама, види го како удира, а?
- Иии, мајката, а бре тие се сосем деца! – вчудовидено рече Нумо.
- Зар полуделе оние од горе што ги собираат во строј и децата?
- Полуделе или не, како што гледаш, тие се деца. Кога ги гледав некни, на полноќ, како ти растовараа од камионите, си помислив дека донесоа падавичари. Ама кога видов во мракот детски лица, и јас се стаписав. И вчера, кога тие со својата песна ги разбудија сите, нешто ме сечеше тука... и јас сум бил војник во три војни, ама гласот ми беше машки, силен, моќен, а дека ми трепереше, што можев. Не пеев нашинска песна, не чекорев под нашинско знаме... Во Втората балканска, облечен во грчка униформа, пеев како петел на низок плет.
А во Првата светска, кога малку научив грчки, морав да пеам малку погласно зашто, во спротивно, паѓаше ќотек, некој ден затвор или, како за нас, незнамитите, и казнена чета. А во малоазиската, кога не подбраа Турците, море какво пеење...
- А пред тоа? - го прекина Нумо.
- Пред тоа, знаеш како е, Турчинот бегаше пред нас, а ние под грчка команда песната ја дигавме најгоре. Си мислеше тогаш Гркот дека тргна по трагите на Александар Велики и не тераа да пееме небаре нашиот чекор веќе се слуша отаде Турција и веќе и се заканува на Персија и преку неа на Индија. Знае Гркот убаво да пее кога му оди, а уште потажно кога не му оди. Море тој на тамбура место жица влакно од коњска опашка врзува. Само да има на што да та-на-та-на-на-на.
Разговорот им го прекина гласна команда:
- Стој ! На ле-е-е-во!
- Сега, Нумо, ќе им одржат говор и ќе ги пуштат - рече Пандо. - Така направија вчера. Јас цело време ги гледав. А ти, ти кој знае каде скиташе.
- Се расправав со оние од џипот.
- Што, пак ли бараш да те пуштат долу?
- Тоа, ами што друго. Јас реков дека можам и ќе одам. И пак велам: што е, бре, за еден сакат еден бункер, стомна вода, пешник леб, два-три сандаци муниција и, еден митралез? Не оти јас ќе одам да освојувам ридови? Не оти ќе одам во напад? Ќе си ја ставам настрана патерицата, ќе се потпрам на кундакот од митралезот, и ќе жнеам, ќе жнеам со кратки ем долги рафали. Ех какви песни би пеел, Пандо. Зар многу барам?
Кон нив се доближува војниче. Има широки, за неговите куси нозе и тесно газенце, необично долги, два или трипати подвиткани војнички панталони, цокули долги и широки како лопата, војничка блуза до над колената и капа што му се потпира на ушите. Место војнички појас, обичен ремен. Ракавите широки и нерамно потсечени.
Само чекорот му е сигурен.
- Добар ден, - рече.
- Добар ден, - одговори Нумо.
Пандо се поднамести, ја присобра полата од своето палто и, без да се поздрави, праша:
- Ќе седнеш?
- За седење ќе седнам, ама ако може една цигара?
Нумо се загледа во него и праша:
- Колку години имаш?
- Петнаесет и кусур...
- Па, штом си голем за да облечеш униформа, не си мал за да запалиш нели? - рече Пандо. - Да ти ја свиткам јас или сам ќе си ја свиткаш?
- Можам и сам.
- А како се викаш?
- Јас ли? Кирче... Киро, дедо. А ти?
- Панденце... Пандо, синко - потсмешливо одговори Пандо.
Кирче го зеде ќесето, извади од џебот весник, откина парче, го намести меѓу палецот и показалецот на десната рака и со левата нароси тутун. Го стегна како фишек и, откако го излижа со врвот од јазикот, го залепи. Запали од цигарата на Нумо и, откако повлече, се закашла, плукна настрана велејќи:
- Ама што е серт и штипе како да е од лескови лисја... Куф-куф, пфу, мајката, вистинска леска, - рече Кирче со насолзени очи.
Нумо го зеде весникот и почна полека да го прелистува.
- Читаш? - праша Кирче.
- А ти?
- Не. Не сум неучил грчки. А што пишува?
- Ете, тука пишува лека се објавени декрети (Станува збор за декретите 13 од 1947 и МН од 1947 и 1948 година.) според чија сила тебе, Пандо, како симпатизер на ДАГ, а мене и тебе, Кирчо, како учесници ни се одземаат имотите и грчкото државјанство...
- Ништо не разбирам, - рече кашлајќи Кирчо.
- Што им треба тоа? Зар имаат нешто подобро за работа...?
- Од каде ти е весникот?
- Го фрлаат од авионите, а добро ни доаѓа хартијата за цигари.
- И тоа го направија, - рече Нумо.
- Не бери гајле, - доврши Пандо. - Тоа е, можеби, почеток. Ќе направат и друго. Ќе видиш. - И му се обрати на Кирчо.
- А од каде си, синко?
- Од Кукавичино Село, - надуено одговори Кирче. - Ако сте биле војник, знаете што е воената тајна, нели?
Нумо тажно се насмеа и рече:
- На ми ти цигара што не штипе како лист од леска зашто ти си веќе возрасен и голем, иако униформата, гледам, ти е уште поголема...
- Море, - го прекина Кирче - каква униформа имав јас! Мислиш специјално за мене ја шиеле. На цаката од панталоните мувата крилце би можела да си пресече. А нова - право од под игла.
- А каде ти е сега? - праша Пандо.
- Па, па... кога решија да не враат, ни ги зедоа и ни ги дадоа овие партали.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/postela-za-chemernite/6 le 29 octobre 2026