Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Bed for the Wretched

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 19 - Part 01

Par Петре Наковски · Partie 12 sur 15 · Environ 23 minutes

Lire en English

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 19

- ПАК ЛИ ТИ лигавко! - му подвикна Нумо на Кузе кога забележа како им се доближува со чекор на загар.

- Де, де, човеку. Ти веднаш да навредиш... А јас дојдов да ти кажам дека некој те бара. Вели: да не познавате некој со една нога, Нумо Дамовски, вели, се вика. А јас си мислам со мојот ум и си велам: сигурно е тој што ми окара мајка и ме нарече ебиветерко кога му реков да не го расипува детето давајќи му ситно дробено тутунче... Така си реков и веднаш поитав де ваму де таму де те побарам за да му помогнам на човекот...

- На кој човек, бре? - посмирено праша Нумо.

Кузе се сврте и откако се загледа во горниот дел на Прењес, рече:

- Тој е шофер на другарите...

- Марш, серко! - му подвикна Нумо и ја подигна патерицата.

- Немој ти мене да ме викаш серко и пониско патерицата. Море, да не е шофер на другарите, на што ќе те барав, - рече налутено и со дланката се удри по внатрешниот дел на лактот така што раката одеднаш му се подигна и кога се најде до носот, Кузе ги стегна прстите во тупаница.

- Ме бара, велиш, шоферот на другарите? А зошто? Не знаеш?

- Не ми кажа. Убаво ме замоли другарот шофер: Најди ми го Нумо Дамовски вели и доведи ми го жив или мртов, вели. И ете, јас, како што гледаш, со добро ти велам дека те бара, а зошто, изгледа само тој знае.

Нумо се подигна, ја стегна патерицата под мишка, си ги истресе тревите од панталоните, а потоа рече:

- Ајде, води ме кај тој другар шофер на другарите...

Тргнаа. Кузе напред, по него Нумо. Удира патерицата по калдрмата. Тропа едностојно и поткованата цокула. Од спротивната страна се појави Коста. Носи преграб ролни од хартија. Тропаат поткованите цокули на Коста, шушкаат скинатите опинци на Кузе.

Уште неколку чекори и застанаа еден спроти друг. Се гледаат и молчат. Коста ги фрли ролните под нозете на Кузе, велејќи му:

- Земи ги овие и брзо залепи ги, ковај ги, беси ги по ѕидовите.

Викни и други. Тргнувај!

- Коста, - тивко рече Нумо откако се оддалечи Кузе.

- Нумо - тивко изусти Коста и си го стави прстот на усните. - Прави се дека не ме познаваш. Жив си, жив си, Нумо! Јован ми кажа дека си тука. Тој е во болница. Го памтиш ли Јован?

Нумо климна со глава. Пред неговите очи почнаа да се појавуваат лицата на момците со кои ги помина годините со пушка и во униформа. Го памтеше Јован, како не го памтеше. Другари од детството...

- Коста, - повтори тивко Нумо - и ти си жив. А што е со Јован, каде е тој?

- Во Елбасан, в болница... Не возбудувај се, смири се, Нумо, мораш да се смириш и не подавај ми рака. Слушај и прави како што ќе ти речам. Високиот се сомнева дека си му го украл пиштолот. Се договара со командантот на Прењес да те претресат. Ако го имаш пиштолот, те молам, кога ќе стигнеме до грмушкана, фрли го во неа.

Тие сега не гледаат од прозорецот. Грмушкана ќе не скрие. Фрли го таму, а јас ќе го земам. Високиот се фали дека, ако најде пиштол кај тебе, ќе те прати пред воен суд или во лудница. Прави како што ти велам и оди пред мене...

Нумо послушно тргна. Праша:

- А како се момците од нашата чета?

- Малкумина останаа. Кој загина, кој сакат седи вo Сук... И командантот, фалбаџијата, загина. Го распарчи граната. Ех, колку момчиља и девојки изгинаа, Нумо... Фрли го сега пиштолот...

Нумо подзастана, полека сврте глава и рече:

- Не мисли дека јас му се плашам на Високиот или треперам од страв да не одам пред воен суд или во лудница. Не, не се плашам од тоа. Во сламата во коњушницата имам друг пиштол. Туку, кажи ми, те молам, дали е вистина дека формираат позициони баталјони и дека примаат вакви како мене?

- Оди полека, Нумо... Вистина е... Примаат едноноги и еднооки, се само да можеш да пукаш... Што, да не сакаш и ти?

- Затоа те прашувам. А како се стигнува таму, на зборното место?

Кому да се јавам?

-Високиот е за таа работа...

- Аха, - прошепоти Нумо. - Тој е, а? Тогаш нема да го фрлам пиштолот...

- Застани, застани, Нумо, - брзо прозборе Коста и го фати за рака.

– Застани и послушај... Зар навистина сакаш да одиш на линијата?...

Нумо го забави чекорот, сврте глава и глуво праша:

- А што друго би очекувал ти од мене? Да се уништувам тука, во овие коњски бараки? Да битисувам како сиве овие што битисуваат катаден на овој припек, под овој црвеникав прав? Што мислиш ти, каде треба да сум јас? Можеби и ти мислиш дека најмногу ми прилега да скитам по Прењес, по оваа калдрма, или лудница? Или да и се покорам на судбината и да си останам да клинкам вака, со една нога?

Па нели ми рече дека примаат и едноноги? Зар мислиш дека јас заборавив како се држи митралезот? И ќе ги кажам, Коста. Цел ден ја газам оваа калдрма и ноќе излегувам дури горе, на раздрумот, со надеж дека некој од шоферите ќе ме земе. Ти, изгледа, добро се чувствуваш во џипот. Не те врне, не те кисне, не те мрзне, порцијата секогаш ти е полна... Ми прилегаш на куче, Коста...

- Доста! - викна Коста. - Секој на свој начин се бори...

- И твојот Висок, а? Сигурно, мора некој и таа работа да ја врши...

туку како? Те знаев сосем друг. Те знаев оној Коста што никогаш не се плашеше китката гранати да ја спушти во бункерот преку пушкарницата и кој прв стигнуваше до непријателските жици... А сега го гледам Коста како му служи...

- Јас не му служам на Високиот, како што мислиш ти. Ми наредија и готово...

- Готово, Коста не значи крај, - просаска Нумо и со тежок разлулан, но сигурен и достоен чекор продолжи пред себе.

- Зошто ми се лутиш и зошто ме обвинуваш? - му се оџвари Коста в очи.

- Прости ми Коста. Лутината ме спобудале. Си имам некои несредени сметки со Високиот. И ме убива сево ова што го гледам тука. Зар ова треба да биде плодот на нашите мечтаења, на нашите желби и убедувања? Каква слобода им донесовме на овие луѓе? Каква слобода имаат тие тука, протерани од своите огништа? И кој е тој што може да ме убеди дека утре ќе се вратат и со радост ќе ги пречекорат местата каде што беа праговите од нивните домови?

Зошто дојде до ова? Не, не чекам одговор од тебе, а и од оние што седат високо. Во овие времиња и тој што прашува, и тој што бара одговори, и тој што ги дава можат еднакво да одговораат за предавство. Така е полесно да се одговори на немоќта и, кој знае, можеби и на неуспехот. Ете, гледај, - Нумо покажа со патерицата настрана. - Гледаш? Кузе ги кова хартиите. Ајде да видиме што е тоа.

- Ти оди и види, - рече Коста. - Јас сум се нагледал. Ги има изналепени и заковани во Корештата, во Преспа, на ѕидовите по болниците, на стеблата од буките, дабовите и боровите на Вичо. Сум се изнагледал и на тие...

- На кои? - се сврте Нумо.

- ... на тие што копаат, носат камења, трупци, градат бункери за да...

- Чекај, - шепна Нумо. Двајцата застанаа пред големиот црвен плакат. Момче и девојка во униформа на борци на ДАГ, со автомати в раце, зад нив планини, бункери, експлозии, а под нив и над нив со големи букви: “Непријателот на Вичо нема да помине!” и “О оехтро сто Вици ден та пераси!” (Непријателот на Вичо нема да помине!)

Кузе застана отстрана и, небаре восхитувајќи се не толку на она што се гледаше на плакатот, ами на тоа како беше закован на ѕидот од бараката, одолговлечено викна:

- Их! Јунаци! Види ги, мајката!

- Само тебе што те нема меѓу нив, Кузе, - му рече Нумо.

- Е бре, Нумо, ти во устата немаш човечки јазик, туку змија! Пфу!

Зар не гледаш дека правам што можам? Погледни, - Кузе ги подаде прстите - си ги исчукав со чеканот. Мајката, будали оние од управата, бре. Зар со вакво чеканиште коваат вакви шајчиња? Разбирам да е шајка, ја гледаш и знаеш на што удираш... Убави цртежи. Ама пред малку, кога еден старец ме праша што е тоа откако му објаснив, ми рече: “Во мое време, во Илинденцкото немавме такви работи. Да не им е ова некое знаме, а? “Их, мајката, и старецот во оваа црвена хартија гледа знаме. Види го ти него, слепецот...

- Ајде, Кузе, ковај, - му рече Нумо. - Овие повикуваат за бој. И ти, Кузе, со ова повикуваш за бој, разбра?

Кузе се доближи до наредната барака и почна да ја кова плакатата.

Покрај него застана старец и праша:

- Што е ова?

- Повикало, - одговори Кузе држејќи неколку шајчиња со забите - Повикало. И јас повикувам на бој. Разбра сега?

Нумо и Коста свртија и се упатија накај управата. Кога влегоа внатре, од канцеларијата на командантот допираше гласот на Високиот:

- Штета. Голема штета. Не ни текна порано. Јас лично би се заложил кај албанските другари. Тие сигурно би ни обезбедиле комплет инструменти. Каква штета... Замислете: дувачки оркестар во марш свири маршови тука, во Прењес... И не само во Прењес. Јас би го одвел и во болниците, и во Сук... и секаде каде што имаме логори со бегалци.

Коста чукна на вратата и, без да чека одговор, ја отвори и влезе.

Зед него Нумо.

- О, - се подмрдна Високиот. - Какво изненадување. Место ние да те бараме, ти дојде сам. Сам или ти го доведе, Коста?

Нумо удри со патерицата по подот, застана во став мирно, се исправи, подигна глава и, гледајќи некаде пред себе, војнички рапортира:

- Пушкомитралезецот Нумо Дамовски се јавува доброволно за првата линија... - прекина, тешко си ја голтна плунката што му застана во грлото. Сите станаа. Нумо ја стегна патерицата, поцврсто се навали на неа и рече: - Во позиционите баталјони... Кога да се јавам на зборното место?

Тишината ја нарушуваат мувите што удираат по прозорското стакло, се одбиваат, прават кругови по просторијата и одново атакуваат на прозорецот. Високиот направи чекор напред и рече:

- Пушкомитралезецу, оди во својата барака и чекај повик. Браво, паликари! Левенди! Ќе те пратиме со првата група. А ти, Коста, што направи? Го поправи џипот?

- Пред еден час. Ако сте готови, можеме да тргнеме.

Нумо излезе. Во неговиот чекор нема разлуланост што е толку својствена на луѓето со една нога. Чекори сигурно. Само дрвената нога некако посилно му удира на калдрмата. Кога се најде меѓу бараките, се загледа наоколу. Сите ѕидови беа покриени со црвените плакати. Повикуваа на бој. А долу, кај фурните и на полјанката, се постројуваа две чети. Со строев чекор тргнаа накај џадето и, кога загазија по калдрмата, се слушна громко и младешко:

Во борба, во борба, во борба, Македонски народе!...

И плакатите и момчињата, облечени во стари излитени, искинати, долги и широки чешки предвоени униформи, повикуваа на БОЈ!

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 20 НУМО И ПАНДО се сретнаа дури по зајдисонце. Седнаа под стреата на коњушницата и гледаат горе, во голиот и карпест рид. До нив не допираат извиците на луѓето што трчаат зад камионите. Ова е првпат тие да не се најдат на џадето.

- Рече дека одиш? - се одгласи Пандо.

- Не велев напразно. Ќе одам... Каков друг избор ми останува?

Таму барем се знае: борба. Цело попладне го поминав со Коста.

Многу работи ми раскажа, многу. Што знаеме ние тука? Ништо, Пандо. Вели, по офанзивата на Грамос, иако не не уништија, не чека нова. На Вичо. Фронт, вели, решиле тие горе да отворат. И затоа ги изналепија црвените плакати. “На Вичо непријателот нема да помине”, - викаат тие. А ако помине, Пандо, за нас тогаш е крајот...

Пандо молчи, влече од цигарата, погледнува високо во небото, свртува глава кон планината, над која бледо свети кривиот рог на месечината. Горе, на свијокот: се проби во шумата сноп светлина од фарот на камионот предводник на колоната. По долгиот блескот ги бројат камионите.

- Кој ли е овој по ред? - одвај чујно праша Пандо.

- Што рече? - му се обрати Нумо.

- Гледај горе, на свијокот... Кој пат ли по светлината ги броиме камионите? И секогаш на иста кривина... И, ете, јас сега си мислам, на каква ли кривина сме сега, на каква ли кривина се најдовме? И, како што велиш, ако поминат таму, на Вичо, тогаш на каква кривина ќе се најдеме? По какви ли кривини ќе не води патот? Можеби и патиштата? - Пандо ја изгаси цигарата од каменот и праша: - А зар не е време да се подготвиш за пат?

- Што има да се подготвувам? Само ременот да си го стегнам, патерицата под мишка и ајде. Ни шинел, ни капа, ни ќебе...

- Имам два шинела и нешто од долна облека, па земи нешто, - понуди Пандо.

- А од каде ги имаш?

- Ги оставиле оние што лежат горе. Пред да ги приграбат други, јас ги прибрав. Ајде, да одам да ги донесам. Ти чекај тука.

Пандо се врати со вреќа в раце. Ја стави на земја и, откако седна, рече:

- Тука имам два шинела и нешто од долна облека.Имам и нешто од облеката на син ми што умре во болницата во Елбасан. Земи ја, Нумо, ќе ти притреба.

- Сполај ти, Пандо, ама ништо нема да носам со мене. Па нели ти велев дека мене не ми треба ништо, освен бункер, митралез, два-три сандака муниција, троа леб и едно стомне вода? А сега ти - на ти облека. Зошто?...

- Земи ја барем фанелата. Волнена е, од син ми. Земи ја, - Пандо ја извади од вреќата и, држејќи ја во растреперената рака, замоли, -Земи ја... Како на син ти ја давам... Тебе ќе те топли, а мене ќе ми олесни, можеби. Кога ја гледам, секогаш ми се чини дека ќе ми се врати синот... а знам дека нема да се врати. Земи ја... Ако не ти треба тебе, ќе му ја дадеш на некој друг. Ги гледав во болницата во Елбасан голи и боси. А и момчињата, падавичарите, де, велеа дека дури и зиме во бој оделе боси... Земи ја.

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 21 ПРЕД ЗОРИ Нумо влезе во бараката каде што спиеше Пандо.

Полека помина меѓу заспаните луѓе. Со патерицата го допре по плеќи, велејќи:

- Пандо, еј Пандо... Ќе станеш?

Пандо си ја отскри главата. Во сивиот мрак одвај го препозна Нумо. Го отфрли покривачот и стана. Излегоа.

- Значи... - рече Пандо.

- Да. Време е. Пред половина час ме разбудија. Зборното место, рекоа, е кај првиот свијок. Таму, рекоа, чека камион.

Во очите на Пандо - страдање, измачување. Во погледот -горчина, немоќ, болка, немир и над нив танка мрежичка од надојдена солза.

- Значи, одиш... - тивко изусти Пандо. – Што и да ти речам, - се одгласи по подолго, молчење - ништо нема да вреди. Товарот со кој си се нагрбил сам мораш да си го носиш. И навредите, Нумо. Тие се впиле како лишај во сите нас... Имавме и имаме толку збогувања, што зборовите ни се излитија во устата. Само се збогуваме, само испраќаме... Па, со здравје Нумо... Добар пат и чувај се.

- Остани со здравје и сполај ти.

Се прегрнаа. Треперат плеќите на Пандо. Некој помина покрај нив и рече шепотејќи:

- Ајде, да не не чекаат. Побрзо, додека не се разбудиле луѓето.

Малку подгрбавен, потпрен на патерицата и тешко накривувајќи, тргна Нумо пред себе. А на Пандо во тој миг му се стори дека почна да се расплетува и расткајува заедно плетената и ткаена горчлива и чемерна судбина, сега небаре потсечена со срп. Уште неколку чекори и Нумо застана. Се сврте. И за првпат откако е дојден во Прењес на неговото лице само за миг се појави насмевка; му ги разбразди брчките, му ги издолжи усните и врз челото и образите му фрли малку ведрина и згасна како блескотот на светулката што одеднаш се губи во крајпатните грмушки. И пак нешто го стегна во градите, нешто тврдо и студено, стопоти, го жегна како бодеж. Се навали на патерицата и, одвај видливо дигајќи ја левата рака, замавна. За збогум. Пандо одврати со лесно климање на главата и остана крај патот да гледа се додека двата камиона не исчезнаа зад вториот свијок. Ја снема бучавата: правот полека легнува врз шумата и калдрмата. Над ридот, зад кој ги снема камионите, сивата боја на небото премина во белузлава и полека почна да се заруменува и, само миг потоа, Прењес го облеа црвенило. Крај Пандо нешто блесна.

Погледна. Меѓу два страка висока и исушена трева - пајажина. Врз танките сребрени конци блескаат бисери роса. Во нив, во свежата зора се мени првичниот зрак на сонцето.

Од бараките осамено и молчешкум излегуваат луѓето. На полјанката, до фурните, се постројуваат ешалони облечени во стари и излитени чешки униформи... Над Прењес почнува делникот обременет со чемерот на испадените, раскуќените, раздојдените, разнебитените и размеѓените...

Пандо стои скраја од џадето. Во грлото небаре има грутка. Од пазуварката го извади ќесето, свитка цигара од тутунот измешан со тревки и коренчиња. Запали. Повлече. Со бавен чекор се тргна нагоре. Под карпата, до гробиштата, седна, се навали и заплака...

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 22 УТРЕДЕНТА Пандо се сретна со Кире.

- Јас и вчера те барав, дедо, ама никако да те најдам. Каде си бил?

- Го испратив Нумо и така некако осамен седев, - рече Пандо.

Кире не праша каде отиде Нумо... Неколку од момчињата кои во текот на ноќта ги будеа доброволците го видоа Нумо кога стигна до камионот. Му кажаа на Кире дека и неговиот едноног пријател замина.

- А ти, Кире, не ми докаже до каде дооди по шините? Стигна ли во Битола?

- Во Битола стигнав... и малку понатаму, туку пред тоа ме фатија и ме вратија во големиот манастир. Не, не ме казнија. Учителот Коста ме повика, во својата соба и ми рече дека сме многу далеку од дома и да не правам такви глупости другпат. И ми рече уште дека еден ден сигурно ќе се вратиме, ама не така како што си посакав јас. По една недела, дедо Пандо, вечерта не собра нас, поголемите, во салата што порано беше црква. На сцената, високо, со големи букви пишуваше:

“Оли ста армата, ола ја ти ники!” (Сите на оружје, се за победата!), а подолу: “Сите на оружје се за победата”. На грчки и македонски. Низ големата врата влегоа двајца мажи, а зад нив, кривејќи сдеше млада жена со нагрдено лице. Тие се упатија кон бината на сцената, а таа се пикна во вториот ред. Непознат маж, откако се качи на бината, рече:

- Драги младинци и младинки. Денес меѓу нас се наоѓаат претставници на Главниот штаб на ДАГ... - така некако. Не паметам точно. Жената со нагрденото лице скокна од местото, се качи на столот и почна да извикува пароли во чест на ДАГ и на борците, а потоа почна да вика:

- “Ние сме готови! Ние сме готови! Ние сме готови!” Салата прифати. Сите ние станавме и како маѓепсани викавме на сет глас дека сме готови. Повисокиот од тројцата ги подигна рацете и, мавтајќи, одвај не смири. Рече:

- Драти деца на херојските татковци и мајки, борците за слободата и напредокот... - така некако зборуваше долго и прекинуван од нашето урнебесно викање дека сме готови. А жената со огрденото лице шеташе меѓу редовите и, кога паѓаа зборови за борбата, за водачот, таа извикуваше соодветна парола и се дереше со пискливиот глас дека сме готови. “Молк!” се слушна глас зад мене. Се свртев.

Една од мајките, беше облечена во црно, ја фати за рамената и, откако ја седна и се вдаде в лице: “Молк, скитничке! Седи тука и да не станиш, колеро една!” Жената и се откина од рацете и, кривејќи, излезе од редовите, застана пред сцената и викна:

- Синдрофе! Его име проти! Грапце ме, синдрофе! Его име проти!

(Другар! Јас сум прва, Запиши ме, другар, јас сум прва!)

Високиот извади од чантата тефтер, го лизна моливот и, откако ја залиша, исправи глава. А таа, куцата, викна и подигна раце:

- Педја! Ти перименете? Имасте етими! (Деца! Што чекате? Ние сме готови!)

Еден по еден, стоејќи во редица, се запишувавме доброволно.

Пред нас стоеше сликата на Грамос и на Вичо што красноречиво ја опиша Високиот, слика многу поголема отколку што беа нашите мечти, а во ушите имавме одзвук на бомби, митралески и автоматски рафали. Се запишувавме, викајќи пароли, а најмногу дека ете, сега, веднаш, сме готови да одиме да се бориме. Ноќта ни остана непреспиена. Не прекинаа разговорите, не стивнаа гласните мечтаења, не секнаа борбените песни. Следниот ден другите деца, малите, оние од две до тринаесет године, ја дознаа големата вест – големите одат на фронт!

Ленка, мојата сестричка, притрча до мене, и плачејќи, ми рече:

- Бате Кире, и ти ли ќе, одиш?

-И јас, -реков.

- Ами јас како ќе останам сама?

- Нема да си сама. Види колку девојчиња има...

- Бате Кире, не оди. Јас не сакам тука да останам без тебе...

Не знаев како да ја смирам, како да ја тешам. Го извадив шамичето и долго и ги бришев солзите, ја галев по глава, два - три пати и ги расплетов плетенките и пак и ги сплетов. Потоа се гушнавме и плачевме се додека не се слушна од звучниците:

- Внимание! Внимание! Доброволците да се соберат во мензата!

Доброволците да се соберат во мензата! - повторуваа кутиите.

Ленка ми се обеси на вратов и не со глас, ами со липање молеше:

- Не, не, бате Кире! Не. Не оди, не оди, не оди...

Тргнав... И ноќе, без да не видат помалите, ние доброволците, построени по четворица, облечени во топли војнички униформи, со ранци на рамената, затропавме по асфалтот. Се момчиња од Костурско, од Леринско, од Воденско и понекое од Епир и Тесалија.

Цврсто удиравме на асфалтот со новите војнички цокули. Шинелот ми беше малку долг, ми се плеткаа полите меѓу нозете, ама го држев чекорот. Така, трап-трап-трап низ градот. Свртевме и, пред да излеземе на право, го загубив чекорот. Го акнав по глуждот оној што одеше пред мене, а тој ми се сврте и, држејќи се за удреното место, плачливо праша:

- Копиле, зар не знаеш да маршираш, а?

- А ти, што не држиш лева, бре? - му се оџварив.

Стигнавме пред станицата. Удиравме “наместо марш” околу три минути. Падна команда “стој”, а потоа ни наредија по водови да се качуваме во возот. Локомотивата, загреана, офкаше мачно. Во другите вагони се слушаше песна. Од сите романски градови каде што имаше наши деца се собравме во Орадеа. И тргна возот.

- Илјада и двесте доброволци - го слушнав гласот на Високиот - по два дена ќе имаме во Берковица (гратче во Бугарија, западно од Софија). Таму ќе стигнат и оние од Унгарија и Чехословачка. Само Полјаците, реакционери, не дадоа да собереме доброволци. Еден висок, та ќелав, мавтајќи ми пред очи со големото рачиште ми рече дека...

Не слушнав што му рекол ќелавиот Полјак на Високиот. А кривата девојка со нагрденото лице што најмногу викаше и која најмногу беше готова да се бори повеќе никогаш не ја видов.

Ги затворија вратите од вагоните. Локомотивата свирна и тргнавме по шините по кои јас појдов пеш. Се побрзо и побрзо итавме на југ. Не чекавме многу на станиците. Другите возови не чекаат нас, не препуштаат. Стигнавме во Берковица. Два дена останавме таму. Потоа ноќе од бугарските на југословенски камиони.

На границата. Читав: Крива Паланка, Куманово, Титов Велес, Прилеп и... и Битола. Пројуривме низ неа. И замисли, дедо Пандо, по еден саат возење - Кажани. Она исто Кажани што го видов лани, во ноемери. Си спомнав за шофсрот и за двајцата милиционери. Се погледнав себе си. Сега јас сум облечен во униформа. Ама не е црна.

Хаки. Се искачуваме по кривините, а потоа удолу, свртуваме лево и од десната страна над планината црвено, големо сонце, а допу руменото огледало на езерото. Кога стигнавме до брегот, сонцето го снема. Со притулени светла полека се движат камионите удавени во прав. Десно езерото, лево високи, шилести врвови. Застанавме веднаш до езерото.

- Слегувај! - викна водителот, пристар човек, облечен во воена униформа, ама без чин.

Скокавме долу и веднаш мочавме на патот. Мрак. Ништо не се гледа. Водителот ја крие запалената цигара во шепата, нешто се договара со еден висок офицер.

- Строј се! - се слушна тивка команда. - Брзо!

Се построивме. Чекаме. Тишината ја прекинуваат езерските бранови. Лево, над високата планина, од зад облакот излезе месечината. Почнавме да се препознаваме во нејзината бледа светлина. Во езерото – долга светла опашка се прекршува, се свиткува. Разбранетата вода си игра со месечината.

- Мирно! - пак се слушна команда.

Изгледа водителот заборави дека стоиме мирно. Четата што стоеше пред нас тргна. И нашата зад неа. Прво одевме по калдрмисан пат, потоа излеговме на песок свртевме во една нива и фативме по нагорнинката. Кога почнавме да навлегуваме во шумата, ни рекоа да застанеме.

- Момци, тука ќе спиеме.

Беше март и ноќта беше студена и влажна. Половина ќебе послав под мене, половина над мене. Лежев на плеќи и гледав во ѕвездите што мижуркаа. Заспав со ѕвездите во очите. Во зорите не разбудија.

Се собравме до црквата. Едно момче од Желево викна:

- Деца! Па ние сме во Преспа! Еј! Ние сме во Преспа! Ова место се вика Горица, планината наспроти е Врба, оваа лево е Германската планина... А селото што го гледате се вика Раби, погоре е Герман... А она спроти нас е Медово, натаму е Штрково, па Рудари, П'пли... Ние сме во Преспа. Стигнавме, деца, стигнавме!

Уште првиот ден почнаа вежбите. Оние најобичните. Не учеа да се влечеме, да скокаме, да трчаме во стрелци, да поминуваме под бодливи жици, да фрламе гранати и да маршираме. Многу, многу марширавме, ама во селата не не пуштаа да влеземе. И селаните не ги пуштаа да дојдат кај нас. Ноќите и по дожд и по ведрина ги преспивавме под голо небо или во земјанки. Често го менувавме местото. Се качувавме и горе, во Германската планина, таму логорувавме. А најчесто таму одевме кога требаше да пукаме со боева муниција. И немаше ден да не долетаат непријателските авиони. Долго кружеа над селата и над Преспанско Поле, пукаа со митралезите. Некаде околу петнаесетти април времето, затопли.

Зазелени полето и шумата. Една вечер не построија. Двајца офицери на ДАГ долго одеа пред построените чети и не меркаа. Потоа не построија по висина. И рекоа:

- Од денес секој да си го запамти местото. Вака секогаш да стоите во строј...

И, дедо Пандо, почнавме да вежбаме маршување. И дење и ноќе.