History of Contemporary Greece
ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА БАЛКАНСКИТЕ И ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА (1912-1918)
ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА БАЛКАНСКИТЕ И ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА (1912-1918)
Првата и Втората балканска војна (1912-1913): Во почетокот на 20 век Османлиската империја се наоѓала во длабока економска и политичка криза. Турско-италијанската војна од 1911 година ја изразила уште еднаш слабоста на “Болниот од Босфорот”.
Младотурците брзо ја заборавиле паролата “да живее слободата” и почнале да спроведуваат една панисламска политика. Балканските држави, поддржани од Русија и поактивна меѓусебна дипломатска активност, го формирале Балканскиот Сојуз (Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора).
Балканските држави побарале од Османлиската империја итно да ги спроведе реформите што биле предвидени со Берлинскиот конгрес од 1878 година (чл. 23). По одбивањето од страна на Турција на ултимативното барање на Балканскиот сојуз, почнал долгоочекуваниот воен судир меѓу двете душмански настроени страни. Целта на Балканскиот сојуз било протерувањето на Османлиите од Балканскиот Полуостров и поделба на османлиското територијално наследство.
Првата Балканска војна почнала во октомври 1912 година и се одвивала на три главни фронта: Тракискиот, Јужниот и Албанскиот фронт. Балканските сојузници мобилизирале 645.000 војници (Бугарија 370.000, Србија 175.190, Грција 90.120 и Црна Гора 30.000), а Турција на Балканот располагала со 420.000 војници. На страната на бугарската војска учестувале и 14.000 ополченци од Македонија и Одринско и 91 чети со
2.174 комити.
Во текот на Првата балканска војна грчките војски напредувале во правец на Централна Македонија и Епир. Поради слабиот отпор на Османлиите, грчките војски го окупирале Кожанско, Солунско (со гр. Солун), Костурско и Леринско. Истовремено грчките војски ги ослободиле и грчките острови Крит, Хиос, Лемнос, Самос, Митилини и Тасос.
Првата балканска војна имала антитурски и антиисламски карактер. Грчките војски почнале еден вистински геноциден похот против турското и другото муслиманско население.
Речиси сите турски села биле изгорени, населението било тероризирано или убиено и голем број Турци барале заштита во Солун или неповратно заминувале за Турција.
Во периодот на Првата балканска војна и македонското егзархиско население било поставено под силен политички, економски и психолошки притисок од страна на грчките војски.
Во Костурската околија, на пример, Грците го советувале македонското егзархиско население да се декларираат за Грци, да го прифатат грчкиот јазик и грчката Патријаршија зашто во спротивно “животот нема да им биде лесен”.
По големите воени успеси на бугарската војска (Одринско), спрската (Куманово и Битола), Османлиската империја била принудена за капитулира. Преговорите за мир меѓу завојуваните страни се воделе во Лондон (13-30 мај 1912 година). Со Лондонскиот договор, Турција ги отстапи на сојузниците сите територии западно од линијата Мидија-Енос (Тракија, Македонија), островот Крит, а на Албанија, по упорното инсистирање на Австро-Унгарија, и се признава независност.
Во текот на Лондонскиот мировен договор се појавиле сериозни недоразбирања меѓу сојузниците како да се подели турското територијално наследство. Србија, по формирањето на албанската држава, барала сериозни територијални компезации во Македонија. Грција, исто така, имала големи територијални претензии кон неетничките грчки територии Македонија и Тракија (Источна и Западна). Бугарија енергично инсистирала да и припадне Солун, каде по повод на една посета грчкиот крал Георгиос I бил убиен од една неурамнотежена личност. На 19 мај 1913 година, кога биле во тек Лондонските преговори, Грција и Србија склучиле таен воено-политички договор против Бугарија. Бугарското царство, убедено во својата супериорна воена сила во однос на Србија и Грција, одлучила проблемот да го реши воено и да ги казни нелојалните сојузници. На 16 јуни 1913 година, бугарската војска ги нападнала позициите на српско-грчките војски и на тој начин почнала Втората балканска војна, посурова и покрвава од Првата. Во новиот конфликт се замешале и Романија и Турција, кои исто така имале територијални претензии кон бугарските етнички територии (Романија кон Јужна Добруџа, а Турција кон Источна Тракија со Одрин).
Втората балканска војна имала антибугарски и антиегзархиски карактер. Во новата војна Грција влегла со поголема омраза и фанатизам. Меѓу грчките војници кружеле слики како грчкиот војник го јаде лицето на бугарскиот војник. На тој начин ѕверските склоности на грчките војници биле ослободени и лишени од секакво воено достоинство и морал. Се што било славјанско било разурнато со ретка свирепост, а македонското егзархиско население било сметано за животни. “Ден ине антропи” (Не се луѓе), велеа грчките војници. Злосторствата на грчката војска врз цивилното население земале такви размери што пред грчкото воено злосторство се колебаше дури и мајчинското чувство. Многу мајки, константирале членовите на Карнигиевата комисија, ги губеле децата, оставајќи понекогаш едно, со надеж да го спасат другото. Нечовечки третман имале и бугарските заробени војници и егзархиското цивилно население во Македонија. Заробените војници и цивили (повеќе од 7000) биле затворени во логорот на островот Трикери, Воловскиот Залив. На пат до островот многу заробеници биле фрлени во морето, меѓу кои и Христо Батанџиев, еден од основачите на ВМОРО. На островот, поради болести, глад и жед, загинале илјадници бугарски војници и цивилно егзархиско население од Македонија.
Во периодот на Балканските војни грчките војски запалиле 160 населени места, разурнале развиени градови Кукуш (Килкис), а 16.000 егзархиско население побареле спас во Бугарија. Сите овие злосторства грчката војска не ги правела од војничка потреба, туку реализирале на теренот една претходна нацртана политика за десловенизација на Егејска Македонија.
По тешки и крвави борби, Бугарија била принудена да го прифати примирјето. Преговорите за мир меѓу Бугарија и новиот Балкански сојуз (Романија, Србија, Грција, Турција и Црна Гора) се воделе во главниот град на романското кралство (Букурешт, 10 август 1913 година). Со Букурешкиот мировен договор Грција ја анектирала Егејска Македонија (34.356 км² или 51% од македонската територија и со само 9,8% грчко население во рамките на целокупна Македонија), Епир со Јанина, дел од Западна Тракија, о. Крит и острови на Егејското Море. Со тоа територијата на Грција значително се зголемила.
Ако пред Балканските војни територијата на Грција изнесувала 63.211 км² со 2.631.952 жители, по Букурешкиот мировен договор нејзината територија изнесувала 114.511 км² со 4.255.952 жители. Букурешкиот мировен договор ги заостри уште повеќе односите меѓу балканските држави и создаде еден опасен балкански casus belli. Букурешкиот мировен договор сериозно ќе влијае во определувањето на балканските држави во текот на Првата светска војна (1914-1918).
Првата светска војна: По Сараевскиот атентат (28 јуни 1914), Антантата (Русија, Франција и Велика Британија) и Централните сили (Германија и Австро-Унгарија), правеле дополнителни напори да ги привлечат балканските држави на своја страна. Балканските држави, врз основа на своите национални интереси, различно се определиле. Турција и Бугарија се определиле за Централните сили, а Србија и Романија, која имаше територијални претензии врз Австро-Унгарија (Трансилванија и Северна Буковина), се приклучиле кон Антантата.
Грција на почетокот на војната не се определила кон едната или другата страна. Едни, на чело со кралот Константин и неговата сопруга Софија, сестра на германскиот Кајзер, се залагале за воена неутралност, а други, на чело со лидерот на Либералната партија Е. Венизелос, се залагале за приклучување на Грција кон Антантскиот сојуз. Незадоволен од неутралната политика на кралот, Е. Венизелос формирал еден комитет за “Национална одбрана” и, заедно со ген. Павлос Кондориотис и ген. Даглис, формирал Привремена влада, која тесно соработувала со силите на Антантата. Грција, всушност, била управувана од две влади:
една на Е. Венизелос во Солун и кралската влада во Атина.
Антантата вршела силен притисок врз Грција за нејзино приклучување кон Антантата и ја подржувале политичката опција на Е. Венизелос. Во 1916 година, во согласност и на Е.
Венизелос, антанските војски се истовариле во Солун. Кралот Константин го отстранил од власта Е. Венизелос. Во 1916 година Грција и објавила војна на Бугарија и во 1917 година и ставила на располагање на Антантата 40.000 војници.
Под силен притисок на Антантата и на Е. Венизелос, кралот Константин бил принуден да абдицира во корист на вториот син Александар. Преземајќи ја власта во свои раце (1917-1920), Е. Венизелос им објавил војна на Централните сили и преземал остри мерки против политичките неистомисленици. Ја исчистил војската (3000 офицери биле отстранети од армијата) и државната администрација од приврзаниците на кралот и многу од нив биле принудени да заминат во егзил (Д. Гунарис и Јоанис Метаксас).
По интервенцијата на САД на страната на Антантата (1917), Централните сили биле поразени. Со поразените во Првата светска војна (Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Турција)
договорите за мир биле склучени во Париз. Со Нејскиот мировен договор со Бугарија (1919), Грција ја анектирала Западна Тракија, а со Северскиот мировен договор (1920) ја анектирала Источна Тракија (без Истанбул), градот Измир (Смирна) со околината и островите Имброс и Тенедос. Со анектирањето на овие територии грчката држава сериозно територијално се проширила. Ако по Букурешкиот мировен договор територијата на Грција изнесувала 114.511 км² со 4.255.952 население, по Нејскиот и Северскиот мировен довогор нејзината површина изнесувала 150.833 км² со
5.581.474 жители.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/istoria-na-sovremena-grtsija/3 le 29 octobre 2026