History of Contemporary Greece
МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА - (1940-1945) - Part 01
МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА - (1940-1945)
Македонското население: Во Грчко-италијанската војна македонското население не било заинтересирано да се бори за интегритетот на една држава што сурово ги угнетувала. “За кого ќе се биете? За тие што јазикот ни го сечат”, им велеа жените на мажите што биле мобилизирани и испратени на грчко-италијанскиот фронт.
Капитулацијата на Грција македонското население ја примило со олеснување. “Робот не прашува кој го ослободува”, велеше македонското население што потпаднало под италијанска окупација. Во периодот на италијанската управа, поради ред фактори, домородното население слободно ја изразувало својата етничка припадност, слободно го користеле мајчиниот јазик, си ги вратиле старите имиња и презимиња (ов, ев) и слободно, на старословенски јазик, ги извршувале своите црковни обреди и ритуали.
Во текот на војната македонското население не било етнички обединето. Во овој период во редовите на македонското население се изрази првиот етно-идеолошки расцеп. Од една страна се изразило бугарското (Комитско) движење во Костурско, Леринско и Воденско и од друга страна македонското етничко движење: “Славјанонароден ослободителен фронт” (СНОФ). Комитското движење ги штитело егзархиските етно-јазични традиции, а СНОФ го ширело меѓу македонското население, етно-македонизмот.
Комитското движење се формирало на 3 март 1943 година во гр. Костур на чело со Пандо Макриев, Лука Диманов, Паскал Калиманов, Кољо Шеставаров (Бај Кољо), а во Воденско Георги Димчев ја формирал Охраната со 5000 вооружени комити. Улога за развитокот на комитското движење во Егејска Македонија одиграл и Андон Калчев, а Бугарскиот клуб во Солун (формиран 1941 г.) пружел материјална помош на поранешното македонско егзархиско население Комитското движење имало антигрчки и антикомунистички карактер.
Комитите војувале против грчките националистички сили на десницата и левицата (ЕАМ-ЕЛАС) и против македонската етничка комунистичка левица (СНОФ).
По совет на КПЈ и со одобрение на КПГ, во октомври 1943 г. се формирал СНОФ кој се борел за интегритетот на грчката држава, за добивање на малцински права во рамките на Грција и водел борба против комитското движење. Во текот на Втората светска војна, СНОФ својата етно-идеолошка политика (македонизам + комунизам), ја спроведувал со помошта на КПГ.
Судирите меѓу двете различни етно-политички тенденции во редовите на македонското движење добивале белег на граѓанска војна. Меѓу двете македонски различни етнички движења се воделе чести воени судири. Грчката левица (ЕЛАС)
и македонската етничка комунистичка левица (СНОФ), како и грчките десничарски националистички сили, ги напаѓале македонските села што го подржувале комитското движење.
Селото Старичани (Пакомата) беше целосно уништено од страна на единиците на ЕЛАС. Истовремено и вооружените сили на грчката десница ги напаѓале македонските села. Во април 1944 година грчки колаборанистички сили целосно го уништиле селото Катраница (Пирги) и биле убиени 640 жени и деца. Во мај 1944 г. во с. Бапчор – Бапцори, Костурско, биле свирепо убиени 31 комита на чело со војводата Коста Качунов од страна на ЕЛАС и македонски еласити.
По повлекувањето на Германците, комитското движење било поразено. Дел од комитите заминале во Бугарија, дел во Југославија (едни биле убиени од југословенските комунистички власти, други вратени на грчките власти убиени или затворени), а дел ја продолжиле антигрчката борба во текот на Граѓанската војна во Грција. По поразот на комитското движење, СНОФ, по извршувањето на поставената задача од страна на КПГ, бил расформиран.
Во текот на Втората светска војна и Власите развиле свое етничко движење. По окупацијата на Грција, под покровителство на италијанските власти, Власите од Тесалија, Епир и делови од западна Егејска Македонија формирале т.н.
Пиндско кнежество со центар во Мецово на чело со Алкибиаде Дијаманди. По капитулацијата на Италија и по повлекувањето на Германците од Грција, Кнежеството било укинато од грчките сили на отпорот. Во текот на Втората светска војна и албанското население од Епир го изразило своето незадоволство и се спротиставило на грчкиот терор што го спроведувал грчката националистичка десница (ЕДЕС) на чело со Наполеон Зервас.
Трагична судбина во текот на Втората светска војна имало и еврејското население. Во периодот на Втората светска војна врз еврејското население се извршила една политика на етнички геноцид. По окупацијата на Грција сите Евреи над 5 години биле должни да ја носат Давидовата звезда, еврејските локали и куќи биле одбележано со натписите “еврејска куќа”, “еврејски дуќан”, им се ограничувало слободното движење и да посетуват јавни локали. Притисокот врз еврејското население кулминирал 1943 година кога солунските Евреи биле собрани во логорот “Барон Хирш” и 46.000 Евреи, со сестрана подршка на грчките квинслишки власти, биле депортирани во логорите на смрта (Биркенау и Берген-Белсен).
ГРЦИЈА ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА Граѓанската војна во Грција (1946-1949): По Втората светска војна во Грција се забележува една нова политичка поларизација. Ако во периодот од 1941 до 1944 година политичката поларизација се вршела врз основа на националните интереси (интегритетот и суверенитетот на грчката држава), по 1945 година политичката поларизација се реализирала врз основа на класните интереси (како државно уредување, каков полтички ситем итн.).
Новите основи на политичката поларизација придонесле рамнотежата на политичките сили во Грција чувствително да се промени. Од една страна слабееле левите сили (КПГ), а од друга, пак, се засилувале центро-десничарските сили. Тезата една држава, една нација, еден јазик, политички слободи, приватна сопственост, била попривлечна за ситноимотната грчка нација отколку политичките тези за диктатура на пролетеријатот, национализација, колективизација, што биле основни политички постулати на комунистичката иидеологија.
По повлекувањето на гермаските сили од Грција, двете политички концепции стоеле “face en face”. Десницата, со силната поддршка на Велика Британија, постепено се засилуваше. На 18 октомври 1944 година Г. Папандреу пристигна во Атина, придружен од еден англиски воен одред.
На 3 декември 1944 година ЕАМ организирал големи демонстрации во Атина на плоштатод Синтагма. Полицијата отворила оган, убувајќи 15 демостранти. Воените единици на ЕЛАС почнале да ги напаѓаат полициските станици и неколку дена се воделе тешки улични борби меѓу единиците на ЕЛАС и англиската војска.
По судирите познати во грчката историја како “та декемвријана” (декемвриските собитија), владата на Г.
Папандреу поднела оставка и се формирала влада на чело со стариот либерал Пластирас. По декемвриските собитија почнале политички разговори во Варкиза за решавање на политичката криза во земјата. Со договорот од Варкиза (12.2.1945 г.) ЕЛАС се обезоружа, владата ветила амнестија и организирање, “во полна слобода и чистота”, на референдум за формата на државното уредување (Монархија или Република).
Владата на либералот Стемистокле Суфулис закажала избори за 31 март 1946 година. Десничарската коалиција собрана околу монархистичката Народна партија победила на изборите.
Новоформираната влада на Динос Цалдарис организира референдум за формата на државното уредување. На сомнителниот референдум 68% од гласачите се изјасниле за воспоставување на монархијата во Грција. Закажаните парламентарни избори за 31 септември 1946 година КПГ ги бојкотирала е се определила за вооружена борба за решавање на грчката политичка криза.
Со нападот на политичката станица во селото Литохоро (март 1946 год.) започнала Граѓанската војна во Грција. Грчката влада во 1947 година, со законот 509, се забрани комунистичката дејност во Грција. Левицата ја создала “Демократската армија на Грција” (ДАГ, 30000 борци) на чело со Маркос Вафијадис, маџирин од Мала Азија. Истата година востаниците формирале и Привремена влада. Грчката влада, со сестрана економска и воена поддршка на Велика Британија и после и од САД, организирала добро вооружена армија од 100000 луѓе на чело со генерал Александрос Папагос. Тешки и крвави битки, набиени со голема идеолошка омраза, се воделе меѓу владините и силите на ДАГ во Грамос, Вичо, Лерин (Флорина) итн. Во август 1949 година, по силните напади на владината војска, единиците на ДАГ биле поразени и се повлекле во Албанија, Југославија (без оружје) и Бугарија. Поразот на ДАГ, покрај други фактори, се должи на недоразбирањата меѓу Маркос Вафијадис (герилско војување) и Н. Захарјадис (фронтално војување).
Едно од најважните проблеми на ДАГ во текот на Граѓанската војна во Грција било пополнување на резерниот состав на единиците на ДАГ. За решавањето на овој проблем и за привлекување на македонското население, Главниот штаб на ДАГ, со Статутарниот акт број 5, ги признал националните права на малцинствата во Грција, но без да ги именува за кој малцинства станува збор. На македонското население на Петиот пленум на КПГ од јануари 1949 година му го признало правото на самоопределување. По овие решенија почнало присилното мобилизирање на македонското население (мажи, жени и деца). Деца од 12 до 15 години што заминале во Источно-европските земји, биле мобилизирани и, по кратка воена обука, биле пратени на фронт.
Последиците од грчката граѓанска војна биле големи.
Разрушена економија, срамнети со земја населени места (особено македонските села), загинати голем број војници од двете страни, а 60000 лица, меѓу кои и 28000 деца, биле принудени да емигрираат во источноевропските земји (Бугарија, Романија, Чехословакија, Унгарија, Полска, СССР и само мал број грчки деца во Источна Германија). Македонските деца во источноевропските земји биле воспитани во духот на македонизмот и комунизмот, а во детските домови на кралицата Фредерики децата биле воспитани во духот на елинизмот и антикомунизмот.
По Граѓанската војна во Грција грчката десница суверено владееше со грчкиот политички живот. Во 1951 година се одржале парламентарните избори. Грчката десница, обединета околу “Братскиот собор” на чело со маршалот А. Папагос, добиле 49% од гласовите. Грчката левица, обединета околу “Обединетата демократска левица”, станала главната политичка опозиција. На внатрешен план владата на А. Папагос не брзаше за целосното демократизирање на земјата. Законот 509 што забрануваше било каква комунистичка активност бил уште во сила. За осомничените граѓани за непријателска дејност, властите им создавале т.н. црни досиеја и во државните институции се вработувале само лојални граѓани. Во 1952 година, обвинет за нелегална активност, бил суден и убиен Никос Белојанис, еден од водните дејци на КПГ.
Економијата во земјата бавно се опоравуваше и главно зависеше од финансиската поддршка што доаѓаше од западните земји, особено САД. Придонес во стабилноста на грчката економија имало и грчкото милионско население што живеело во САД, Австралија, Канада и, покасно, во Западна Германија.
На надворешен план владата на А. Папагос имала успеси и неуспеси. Во 1952 година Грција и Турција биле примени во НАТО. По Информбирото Грција, Турција и Југославија го формирале т.н. Балкански сојуз, но добрососедските односи меѓу Грција и Турција не траеле долго. Кипарското прашање повторно исплива на површина и претставувало сериозно јаболко на раздорот меѓу двете земји. Во Кипар генералот Јоргос Гривас ја организирал илегалната организација ЕОКА (Национална организација на кипарските борци). Целта на организацијата била Еносис (Обединување) на Кипар со Грција.
На грчкото Еносис, турското малцинство одговараше со Таксим (Поделба). Тензиите од островот меѓу двете етнички заедници сериозно ги заладија грчко-турските односи. Во Истанбул се одржале масовни антигрчки демонстрации и грчкото население од градот масовно го напуштало Истанбул.
Во 1955 година умира маршалот А. Папагос и кралот, на изненадување на дел од грчката политичка елита, го инвестира Константин Караманлис за формирање на новата грчка влада.
Новиот мандатор ја формирал партијата Национална радикална унија (ЕРЕ). На изборите од 1956 година, на кој за прв пат жените добиле прво на глас, победила ЕРЕ. На парламентарните избори од 1958 година повторно победува грчката десница, но грчката обединета левица станала најсилната опозициона партија. Во 1961 година Герогиос Папандреу, стар и искусен дипломат, ја формирал партијата Унијата на центарот. На изборите од 1961 година повторно победува партијата на К. Караманлис, но Унијата на центарот и обединетата левица ја обвинија владата за изборен фалсификат.
Во 1962 година, во Солун, се извршил атентат врз Григорис Ламбракис, пратеник на ЕДА, што имало негативен одек во европската демократска јавност.
На надворешен план владата на К. Караманлис повторно се соочи со кипарското прашање. Во 1959 година во Цирих и Лондон Грција, Турција и Велика Британија решиле Кипар да биде независна држава без право на Еносис и Таксим. Грција, Турција и Велика Британија биле гаранти на независноста на Кипар. Грција, Турција и Велика Британија имале право да стационираат на островот нивни воени сили. Со овие договор турското малцинство во островот добило широки права.
Потпретседателот на републиката задолжително требало да биде Турчин, во кипарскиот парламент да има 30 турски пратеници, а во полицијата 40% да бидат Турци по потекло.
Договорите од Цирих и Лондон предизвикале незадоволство во Грција. Владата на К. Караманлис била обвинета за национално предавство. Во 1961 година се појавиле првите посериозни недоразбирања меѓу К. Караманлис и кралскиот двор (со кралот Павлос и кралицата Фредерики). Владата поднесува оставка и К. Караманлис заминува во доброволен егзил во странство. Се враќа во земјата во текот на парламентарните избори од 1963 година. На изборите победила Унијата на центарот, но без да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот. Со цел да ја искористи поволната ситуација, Г. Папандреу закажал нови избори за 1964 година. На овие избори Унијата на центарот добила 53% од гласачкото тело.
Новата влада ослободува дел од политичките затвореници, го наметнува народниот јазик (Димотики) во просветата и прави посериозни чекори за постабилна економија. Десницата била вознемирена и го обвинила министерот за економија Андреас Папандреу, синот на Г. Папандреу, дека е сивата еминенција на тајната воена организација “Аспида” (“Штит”). По поразот на изборите лидерот на ЕРЕ, К. Караманлис, заминува во странство (Франција).
На надворешен план, Г. Папандреу се соочил со кипарскиот проблем. Во 1963 година Претседателот на кипарската република, архиепископот Макариос, побарал ревизија на договорите од Цирих и Лондон. Кипарската влада незадоволна била од големите права што ги добило турското малцинство со договорите од Цирих и Лондон. Конфликтот меѓу двете кипарски етнички заедници кулминира со воени пресметки меѓу грчкото и турското малцинство. Грција и Турција повторно се најдоа на работ на војна. Само енергичната интервенција на САД ги смири двете воено настроени страни.
Политичкиот живот на Грција исто така бил нестабилен.
Новиот крал Константин II, кој го наследил својот татко Павлос, ги засили своите односи со воената елита. Тоа предивикало сериозно недоразбирање меѓу кралот и Г.
Папандреу. Лидерот на унијата на центарот и Претседател на грчката влада Г. Папандреу закажал избори за месец, мај 1967 година. Грчката десница била вознемирена за повторната уште поубедлива победа на Унијата на центарот и особено била загрижена за политичките ставови на А. Папандреу.
“Револуцијата” од 21 април 1967 година: На 21 април 1967 година, пред неколку седмици пред ветуваните парламентарни избори, војската на чело со Г. Пападопулос, Н. Макарезос и С.
Патакос, ја презеде власта. Веднаш по преземањето на власта од страна на полковниците тие почнале една репресивна политика против политичките неистомисленици. Многу видни грчки политичари, интелектуалци, музичари (М. Теодоракис) и уметници биле пратени по грчките острови или биле осудени на куќен притвор, меѓу кои бил и Г. Папандреу.
Но воената хунта, и покрај популистичката политика, останала изолирана. Грчката десница и центарот одбивале било каква политичка соработка со воената хунта. Во декември 1967 година, со одобрение на кралот, се прави обид за државен удар.
По неуспешниот државен удар, кралот ја напуштил земјата и полковниците наименувале регенство. По заминувањето на кралот, Г. Пападопулос ја презеде целата власт во своите раце.
Со новиот устав (1968), одобрен со плебисцит, хунтата се обиде да даде каков таков легитимитет на својата власт. Но отпорот против хунтата добивал масовен карактер. Незадоволството со владеењето на воената хунта особено ја изразила студентската младина. Студентите, под паролата “Долу хунтата”, во ноември ја презедоа Политехничката академија на атинскиот универзитет. Војската брутално интервенираше, со жртви меѓу студентите. По неуспешниот кралевски бунт на грчката морнарица полковниците го детронирале кралот и Грција била прогласена Претседателска парламентарна република.
Истовремено, незадоволен од владеењето на Г. Пападопулос, бригадниот генерал Димитриос Јоанидис, шефот на воената полиција, ја презел власта во свои раце.
Крвавите собитија од Политехничкиот факултет во Атина наидоа на внатрешна и надворешна осуда. Со желба да си го зголеми својот политички авторитет, Воената хунта предизвикала сериозна политичка криза со Турција. Во почетокот на јули 1974 година воената хунта организирала државен удар во Кипар, го отстранила кипарски претседател архиепископ Макариос и власта ја презема Никос Самсон, фанатичен приврзаник на обединување на Кипар со Грција.
Турската влада државниот удар во Кипар го толкувала како сериозно прекршување на договорите од Цирих и Лондон со кој се гарантираше независноста на Република Кипар. Како една од гарантите на кипарската независност, на 24 јули 1974 година, Турција воено интервенирала во Северен Кипар за да се спречи обединувањето на Кипар со Грција. По тешки битки турската војска успеала да стави под своја контрола 36% од кипарската територија. Речиси 200.000 Грци од северниот дел на островот се упатиле кон јужниот дел, а турското малцинство од југот на островот се упатило кон север. Островот се подели на два етнички дела: турски на север и грчки на југ. Во Никозија, главниот град на Кипар, двете етнички заедници биле разделени от т.н. зелена линија, што е под контрола на сините шлемови на Обединетите нации.
Турската воена интервенција на островот ги заостри до крајности грчко-турските односи и двете земји биле на прагот на нова војна. Воена хунта, изолирана, била советувана од грчката воено-политичка елита да се повлече од власта. На 24 јули 1974 година, К. Караманлис, после 11 години поминати во доброволен егзил, се враќа во земјата и е пречекан како Месија, т.е. како спасител на нацијата и татковината. Тој е наименуван за Претседател на грчката влада. На парламентарните избори од ноември 1974 година, под мотото “Караманлис или тенковите”, неговата новоформирана партија Нова демократија победила на изборите. Нова демократија добила 54% од гласовите (219 пратеници од вкупно 300), Унија на центарот 21%, а новоформираната партија ПАСОК (Сегрчко социјалистичко движење) на чело со Андреас Папандреу добила 14% од гласовите.
Со добивањето на силен народен легитимитет, К. Караманлис го почнал процесот на дехунтинизација на грчкото општество (администрација, војската, просветата). Истовремено главните актери на “Револуцијата” од 21 април 1967 година бригадирниот генерал Јоанидис, Пападопулос, Патакос и Макарезос, биле судени и осудени на смрт. Нивната смртна казна брзо била преименувана на доживотна робија за Г.
Пападопулос, С. Патакос, Н. Макарезос, а бригадирниот генерал Д. Јоанидис бил осуден на повеќегодишни робии.
Новата влада на К. Караманлис прави еден чекор кон националното помирување. Се укинува Законот бр. 509 со кој се забрануваше дејноста на КПГ на Грција и партијата била легализирана. КПГ, според грчката политичка номенклатура, веќе не претставуваше опасност за стабилноста на земјата. По процесите на десталинизација во СССР, КПГ влезе во длабока политичка криза. Судирите меѓу сталинистите (т.н.
“Захарјадики”) и ревизионистите (т.н. “Хрушчовики”) во СССР (гр. Ташкент) зедоа размери на вистинска војна. Физичките пресметки меѓу двете струи биле толку силовити, што советските државни органи биле принудени да интервенираат за воспоставувањето на редот и мирот во градот. Кризата во КПГ се продлабочи уште повеќе по окупацијата на Чехословакија (1968 г.). “Ревизионистите”, по совет на КПЈ, ја формирале КПГ (Внатрешна). Изборите од 1977 година не донесоа сериозни промени во политичката рамнотежа на грчките партии. Нова демократија, со мотото “Грција припаѓа на западот”, доби 42% од гласовите, ПАСОК со мотото “ Грција им припаѓа на Грците” на чело со Андреас Папандреу доби 25% КПГ 9% и КПГ (Внатрешна) 3% од гласачите. Друг сериозен проблем со кој се соочила владата на Нова демократија бил како да се уреди државното уредување: монархија или република. Во декември 1984 година во Грција се организирал референдум за формата на државното уредување. За републиканско државно уредување гласале 70%, а за монархијата 30% од гласачкото тело.
По анектирањето на Северен Кипар и прокламирањето на Турска Северна Република Кипар, односите на Грција со Турција крајно се заострија. Тие односи биле уште покомплицирани со недоразбирањата меѓу Грција и Турција околу разграничувањето на континенталната плоча, навестувањето на Грција дека ќе ги прошири територијалните води од 6 на 12 милји што за Турција би претставувало casus belli, проблемите околу воздушниот простор меѓу двете држави, секогаш предизвикувало циклични кризи меѓу традиционално непријателските држави. Најголем успех на владата на К.
Караманлис бил потпиишувањето на договорот за присоединувањето на Грција за полноправно членство за ЕУ (1 јануари 1981) и, покасно, Грција го прифатила еврото за своја валута (2001 год).
Со изборот на К. Караманлис за Претседател на грчката република и изборот на Георгос Ралис за лидер на Нова демократија навестувале дека без присуство на харизматична личност, Нова демократија го изгуби политичкото влијание во земјата. Тоа го потврдиле парламентарните избори од октомври
1981 година. Со мотото “Промена” ПАСОК на чело со А.
Папандреу ветувала организирање референдум за членството на Грција во ЕУ, повлекувањето од НАТО, затворањето на американските бази во земјата и еколошка ориентација. На изборите ПАСОК, благодарение на својата национал-популистичка политика, доби 48% од гласовите, Нова демократија 36% а КПГ 11%. Владата на ПАСОК на чело со А.
Папандреу води една политика на национално помирување. Се признал антифашистичкиот отпор на ЕАМ –ЕЛАС од периодот на Втората светска војна, дозволил враќање во земјата на сите грчки политички бегалци од источноевропските земји (“Грци по род”), се воведува граѓанскиот брак и неверството веќе не било сметано за кривично дело. Политичката позиција на ПАСОК се засилува по изборот на Христос Царѕетакис за Претседател на грчката република, а позицијата на Нова демократија на чело со новиот лидер Мицотакис слабее и поради внатрешните политички борби во редовите на Нова демократија. Изборите од 1985 година повторно ја потврдиле изборната победа на ПАСОК (46% ПАСОК, 41% Нова демократија). Но земјата се повеќе се доближуваше до сериозна економска криза.
Владата на ПАСОК презела чекори за одобрување на економската ситуација, но без да постигне посериозни резултати. Лидерот на Пасок, А. Папандреу, се соочил и со лични проблеми. Се развел од неговата американска сопруга и се ожени со младата стјуардеса Лјани, народно наречена Мими.
Лидерот на ПАСОК не ги исполнил предизборните ветувања за излез од ЕУ, да се повлече од НАТО и не ги затвори ниту четирите американски бази што постоеле во земјата. Односите со Турција се заострија уште повеќе по прокламирањето на Турската република Северен Кипар и обидите на Турција за истражување на нафта во спорните води на Егејот. Турција истовремено изразуваше голема загриженост за положбата на турското малцинство што живееше во Западна Тракија.
Наместо етнонимот Турци (како и самото турско население се наименува), грчките власти го користат исклучиво етнонимот
“муслимани”.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/istoria-na-sovremena-grtsija/7 le 29 octobre 2026