Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
3. КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И ПОЛИТИКАТА “ДРЖАВНОСТ, БЕЗ НАЦИОНАЛНОСТ”
3. КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И ПОЛИТИКАТА “ДРЖАВНОСТ, БЕЗ НАЦИОНАЛНОСТ” (1924-1931)
Комунистичката партија на Грција не помалку била заинтересирана за начинот на кој се постапува, третира и решава македонското национално прашање. Првите контакти на КПГ со македонското национално прашање датирале уште од 1918 година, но посериозни контакти со ова прашање КПГ ќе воспостави по 1920 година, КПГ за првпат официјално се сретнала со македонското национално прашање. На барањата на претставникот на БКП, Васил Коларов, балканските комунистички партии да ја прифатат политиката за обединета и независна Македонија, претставникот на КПГ, Јанис Пецопулос, побарал прашање за обединета и независна Македонија да се одложи за да има можност, пред да се изјасни за едно толку важно прашање, да го постави на разгледување пред Централниот комитет на КПГ во неговото враќање во земјата. (Polikroni K. Enepediki, i Eliniki Andistasis, 1941-1944, Athina, 1964, p. 83.) На Софиската конференција на БКФ што се одржа во 1923 година, КПГ повторно се сретнала со македонското национално прашање. Претставникот на КПГ, А. Ставридис, се спротивставил на притисоците што доаѓале од страна на БКП за прифаќањето на политиката за обединета и независна Македонија. Политиката за обединета и независна Македонија, сметал Ставридис, не е опртуна.
Политиката за обединета и независна Македонија, според него, од една страна била неприфатлива за грчкото колонистичко население кое е веќе во мнозинство во егејскиот дел на Македонија, а од друга страна – таа политика немало да ја привлече ни многубројната Македонска политичка емиграција во Бугарија, која повеќе била заинтересирана за обединување на Македонија со Бугарија. (Kosta A. Bramu, Slavokomunistikes organosis en Makedonias, Athina, 1969, p. 86.) На Московското советување на БКФ што се одржало по поразот на Септемвриското востание во Бугарија, КПГ уште еднаш го изразила своето незадоволство во однос на македонското национално прашање. Претставникот на КПГ на Московското советување, Саргологос, не ги прифатил аргументите на Г. Димитров и В. Коларов што оделе во корист на политиката за обединета и независна Македонија. Политиката за обединета и независна Македонија, сметал Саргологос, како и Ставридис во 1923 година, била неприфатлива за КПГ особено по задолжителната размена на населението меѓу Грција и Турција и по масовното колонизирање на грчкото население во егејскиот дел на Македонија. (Nalca A. Hristoforu, To Makedonike zitima ke i sovietiki politiki, Thesaloniki, 1954, p. 112.) На Петиот конгрес на Коминтерната, што се одржа во Москва во 1924 година, Васил Коларов го реактуализира проблемот на обединета и независна Македонија. Ставовите на Васил Коларов биле поддржани и од претставникот на Коминтерната, Мануилски, со констатацијата дека во грчка, српска, бугарска и албанска Македонија постои народ кој, и покрај етнографското шаренило, создал своја македонска историска традиција. Овие народи што живеат во Македонија, имајќи посебна историска традиција, “го имаат непишаното право на национална независност и автономија. (Gheorghi D. Kaculi, op. cit. tomos 11, 1923-1927, Athina, 1976, p. 140-141.) Претставникот на КПГ на Петтиот конгрес на Коминтерната, Серафим Максимос, не се согласил со аргументите на Коларов и Мануилски. Политиката за обединета и независна Македонија, сметал Серафим Максимос, била неприфатлива за КПГ зашто во Македонија “постојат веќе 700.000 Грци бегалци... и грчките работници не ќе бидат спремни да ја прифатат паролата за македонска автономија”. (Angelos G. Elefantis, i apegelia tis adinatis epanastasis, Athina, 1976, p. 38.) Под силен притисок, претставниците на КПГ на Петтиот конгрес на Коминтерната, С. Максимос, П. Пулјопулос и Н. Мегас, сепак, го прифатиле ставот на Коминтерната и на БКФ во однос на македонското национално прашање. “Како претставница на Партијата, пишува подоцна Серафим Максимос, имавме наредба од мнозинството на Централниот комитет да ја поддржиме политиката за обединета и независна Македонија спротивно на нашите лични убедувања” (S. Maksimos, Mia eksigisi, “Rizospastis”, 6. II 1927, p. 3.)
Прифаќањето од страна на Коминтерната, на БКФ и на КПГ на политиката за обединета и независна Македонија предизвикала “реална вознемиреност меѓу членовите на КПГ” (Kosta A.
Bramu, op. cit., p. 92.), зашто таа политика “никогаш не била желба и гледиште на грчките комунисти. (Angelos Elefantis, i apegelia tis adinatis epanastasis, Athina, 1976, p. 38.) Првиот отпор се појавил кај Јанис Кордатос, член на ЦК КПГ и директор на весникот “Ризоспастис” (Радикал), официјален орган на КПГ. “Политиката за обединета и независна Македонија и Тракија, пишувал Кордатос во “Ризоспастис”, е надвор од просторот и времето, бидејќи Македонија е поделена на три дела и жителите на грчка Македонија се сите Грци, како што знам јас лично”. (Kosta A. Bramu, op. cit., p. 92.)
Поради возбудувањето и отпорите што ги предизвика во редовите на Партијата прифаќањето на политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање, пред поставувањето за конгресно прифаќање на политиката за обединета и независна Македонија, ЦК КПГ решила да го испита расположението на партиските организации во однос на ова прашање. Испратениот делегат носел негативен одговор. Речиси сите партиски организации на КПГ се изјасниле против прифаќањето на политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање со исклучок на партиската организација од Пиреа и некои секции на Комунистичката младина на Грција. Но и покрај неговиот одговор во мнозинството партиски организации, сепак, македонското национално прашање било ставено на дневен ред на Третиот вонреден конгрес на КПГ што се одржал во Атина од 26 ноември до 3 декември 1924 година.
Намерата да се предложи за прифаќање политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање на Третиот вонреден конгрес предизвикала во редовите на Партијата “долги и жестоки расправии”. (Aleku A. Kiru, Sinomasia enandion tis Makedonias, Athina, 1950, p. 14.) Во текот на дискусиите околу македонското национално прашање се појавиле две јасни тенденции. Се формирало т.н. “малцинство” на чело со Јанис Кордатос и Томас Апостолидис што било против политиката за обединета и независна Македонија, од една страна, а од друга таканареченото “мнозинство” на чело со Пантелис Пулјопулос што било за прифаќање на политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање.
Образложувајќи ги мотивите за несогласувањето со политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање, лидерот на т.н. “малцинство”, Јанис Кордатос, сметал дека политиката за обединета и независна Македонија не води сметка за новата грчка историска реалност што се создала во егејскиот дел на Македонија по миграционите движења меѓу Бугарија, Грција и Турција, дека со прифаќањето на политиката за обединета и независна Македонија КПГ ќе и даде во рацете на грчката буржоазија “едно опасно оружје” за напаѓање и клеветење на Партијата како ненационална и непатриотска партија, ќе и даде можност на грчката буржоазија да го разгори шовинизмот и нетрпеливоста на грчкиот елемент од “Нова Грција” против негрчките народи, ќе ја претвори во партија на малцинства и дека со прифаќањето на политиката за обединета и независна Македонија КПГ ќе ја вознемири грчката буржоазија и ќе создаде услови за воведување на диктаторски режим во Грција. (J. Kordatos, To ethniko zitima ke e efthini tis epitropis Puliopulu, “Rizospastis”, 18. II. 1927, p. 3.)
По долгите и остри дискусии за и против политиката за обединета и независна Македонија што се воделе меѓу т.н. “малцинство”, и т.н. “мнозинство” политиката за обединета и независна Македонија била ставена на гласање. Од вкупно 19 претставници што гласале, 17 биле за прифаќањето на политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање и само двајца или т.н. “малцинство” биле против прифаќањето на политиката на обединета и независна Македонија. Претставниците на т.н. “малцинство”, Ј. Кордатос и Т. Апостолидис, и се покориле на волјата на т.н. “мнозинство” и Третиот редовен конгрес на КПГ од 1924 година за прв пат зазел став во однос на македонското национално прашање.
“Последните империјалистички војни и договорите за мир што уследија, се велеше во усвоената резолуција во однос на македонското национално прашање, не само што не го решија, туку напротив, уште повеќе го комплицираа националното прашање во Македонија и Тракија. Народите од двете држави... конечно се поделија меѓу Србија, Бугарија, Грција и Турција. Тоа од една страна ги изложи Македонците на национално
ропство од страна на буржоазиите на соседните држави, а од друга пак уште повеќе го заостри антагонизмот меѓу тие држави... Поделбата на Македонија меѓу Југославија, Грција и Бугарија уште повеќе ја зголеми желбата на Македонците да ги обединат трите нејзини делови на нивната распарчена татковина и да создадат една обединета и независна Македонија... Конгресот смета дека паролите што ги усвои VI и VII балканско комунистичко советување, “обединета и независна Македонија” и “обединета и независна Тракија”, се сосема исправни и вистински револуционерни”. (To KKE, Episima kimena, tomos protos, 1918-1924, 1964, p. 114-115, s.1.)
Со решенијата на III вонреден конгрес на КПГ во однос на македонското национално прашање т.н. “мнозинство” ги наметнало своите погледи во однос на македонското национално прашање, а гледиштата на т.н. “малцинство” биле отфрлени и окарактеризирани како троцкистички и опортунистички. (J. Kordatos, op. cit. “Rizospastis”, 17. II 1927, p. 3.) Коминтерната, пак, преку својот претставник Д. Мануилски, ставовите на Ј. Когдатос и Т. Апостолидис ги сметала за “социјал-демократски”. (Пак таму.)
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/21 le 29 octobre 2026