Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

2. МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПЕРИОДОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1946-1949)

Par Стојан Киселиновски · Partie 31 sur 33 · Environ 10 minutes

Lire en English

2. МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПЕРИОДОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1946-1949)

По спогодбата од Варкиза (1945), во Грција се забележувала една нова политичка поларизација. Ако во периодот од 1941 до 1945 година политичката поларизација се вршела врз основа на националните итереси (интегритет и суверенитет на грчката држава), по 1945 година политичката поларизација се реализирала врз основа на класните интереси (каков политички систем, какво државно уредување).

Новите основи на политичката поларизација придонесле рамнотежата на политичките сили во Грција чувствително да се промени. Од една страна слабееле левите сили (КПГ), а од друга пак се засилувале центро-десничарските сили. Тезата една држава, една нација, еден јазик, политички слободи, приватна сопственост, била попривлечна за ситно-имотната грчка нација од колку политичките тези за дикатура на пролетаријатот, национализација, колективизација, што биле создадени врз политичката концепција на “класната борба”. (Со една ваква политичка платфрома КПГ реално можела да дејствува и да биде присутна само лево од умерената левица. Широкиот политички простор од умерената левица до крајната десница го доминирал всушност грчкиот политички центар.

Судирот меѓу двата политички принципа соодветно се манифестирал на историскиот терен, и цетро-десничарскиот грчки политички блок постепено се консолидирал. По “првата грчка граѓанска војна” од 1944 година (Станува збор за атинските крвави настани.), по победата на Народната партија на К. Цалдарис и воспоставувањето на монархијата во Грција (На референдумот, 68% од Грците гласале за монархија.), КПГ се повеќе се ориентирала кон вооружена борба и барала природни сојузници. За македонскиот народ тезата една држава, една нација, еден јазик, била неприфатлива зашто оваа теза Македонците повторно ги враќала во омразеното и тешко минато. Но, македонскиот народ имал, исто така, и непријатно историско искуство и со КПГ во текот на НОБ. Затоа, веднаш по договорот од Варкиза, Македонците почнале самоиницијативно да се организираат против грчката политика на национално угнетување. Во 1944 година се формирала привремена Политичка комисија на Македонците под Грција, а подоцна се формирал Народноослободителен фронт на Македонците од егејскиот дел на Македонија (НОФ). (На 23 април 1945 година се формирал НОФ на чело со Паскал Митревски, секретар, Михајло Керамиџиев, Георги Урдов, Атанас Коровешов, Минчо Фотев и Павле Раковски, членови.

Истовремено со формирањето на НОФ, се формира и АФЖ, секретар Евдокија Баљова-Вера и младинската организација (НОМС), секретар Минчо Фотев.) Истовремено со формирале и

првите македонски вооружени групи за самозаштита од грчкиот национализам и шовинизам. (НОФ и македонските вооружени групи во еден краток историски период, дејствувале независно од КПГ.

Во 1946 година била осудена на смрт и стрелана Мирка Гинова.) КПГ само врз национална основа, можела да го привлече македонското население и тоа доколку ги проширувала македонските национални рамки во рамките на левата комунистичка идеологија отколку тоа што го правела во текот на НОБ.

Соработка меѓу двете политички движења била можна врз основа на национален и класен интерес (за Македонците) и врз основа на класен интерес (за КПГ). По совет и влијание на надворешни историски детерминизми во ноември 1946 година почнале да се спроведуваат априорно прифатените договори (КПЈ – КПГ) за соработка меѓу КПГ и НОФ. (Во октомври 1946 година се воделе разговори меѓу КПЈ (Иван Караиванов) и КПГ( (Јанис Јоанидис) и го постигнале следниот договор: 1. Македонската партиска организација од егејскиот дел на Македонија во целост се вклучувала во КПГ, 2. Да се формира централно раководство на НОФ за Егејска Макдонија, 3. Да не се формираат посебни македонски единици итн. Врз основа на оваа спогодба, на 21 ноември 1946 година, постигнала дефинитивната спогодба меѓу КПГ и НОФ. Прелеминарните разговори за обединување се воделе меѓу Маркос Вафјадис и Паскал Митревски.)

Претходно на договорот КПГ земала, се пореалистичен став во однос на македонското ослободително движение, НОФ веќе не била “автономистичка организација” туку демократска, ЕАМ на Македонците, и се почесто дигал глас против белиот терор на грчката држава. (Во периодот од 1945 до 1948 година биле убиени 533 Македонци, а 17.647 биле ѕверски мачени.)

Во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) македонскиот народ масовно учествувал и бил главен носител на таа борба. (Од вкупно 35.000 војници на ДАГ, 15.000 биле Македонци и заднината на фронтот која, исто така, главно, била

македонска, придонесе реален носител на Граѓанската војна на Грција да биде македонскот народ.)

Масовното учество, како и легендарното херојство на македонскиот народ во периодот на Граѓанската војна во Грција (Македонците изразиле античен хероизам во битките на Грамос, Вичо итн.), вршеле сериозен и непрекинат притисок врз КПГ за да ги озакони националните права на Македонците, права за кои македонскиот народ секојдневно крварел. Главниот штаб на ДАГ во 1947 година на националните малцинства што живееле во Грција им го признал правото дека во идната “слобдна, независна и демократска Грција” ќе ги уживаат истите политички, граѓански слободи и права и ќе имаат полна слобода да го развиват својот национално-културен живот, јазик, просвета, вера итн). (Prokriksi, Praksis ke apofasis tu Geniku Arhighiu tu Dimokratiku stratu tis Elados, 1947, p. 6, s.l.) На 10 август 1947 година со статутарниот акт бр. 5 на Главниот Штаб (ГШ) на ДАГ им признал на Македонците национални права, а со тоа и правото наставата да се одвива на македонски јазик. “За децата што им припаѓаат на националните малцинства, се велеше во статутарниот акт бр. 5 на ГШ на ДАГ, ќе се формираат посебни училишта... наставата ќе се одвива на јазикот на малцинствата”. (Пак таму.)

Македонците веднаш развиле жива национална и културна-просветна активност. Во периодот од 1947 до 1949 година во егејскиот дел на Македонија почнале да работат два курса за македонски народни учители (Првиот курс за македонски народни учители “Гоце Делчев” се отворил во ноември 1947 година во селото Герман, а вториот курс се отворил во јануари 1948 година во селото Желево. Овие курсеви биле посетени од 257 Македонки и Македонци.), биле отворени 87 македонски училишта со 10.000 ученици, се публикувале весници на македонски јазик (Во периодот на Граѓанската војна во Грција, од страна на македонските политички организации НОФ, АФЖ итн. биле публикувани следните весници: “Билетин”, покасно “Билтен” (1945-1946), “Непокорен” (1947-1949), “Зора” (во Леринско), “Победа” (Воденско), “Единство” (Костурско), “Борец”, орган на 18 бригада на ДАГ, “Нова Македонија”, орган на АФЖ и други.), се формирале и македонски културно-

уметнички друштва (Македонската културно-просветната група се формирала во март 1947 година и била составена од 20 Македонки кои биле секогаш облечени во македонски народни носии.) што го ширеле македонскиот збор преку драмата (Драмски претстави беа масовно посетени.), песните (Најпознати песни биле: “Во борба, борба македонски народе...”, “А бре Македонче каде се спремаш?”, “Збогум мајко, збогум татко, збогум мила сестричке...”, “Елено моме” и други.) итн. Со афирмацијата на македонскиот јазик во егејскиот дел на Македонија de facto македонскиот јазик се официјализирал на целокупната етничка територија на Македонија што претставувало најголем успех којшто македонскиот јазик го постигнал по 1913 година. (Македонското име и македонскиот јазик Македонците го штителе пред грчките судови.) Сите овие успеси Македонците ги постигнале благодарение на активноста на македонските организации (НОФ, АФЖ, НОМС) и на пожртвуваноста на нејзините членови. (Евдокија Николова-Вера, од село Д’мбени, разви голема политичка активност во рамките на АФЖ.)

Во 1948 година, во текот на Граѓанската војна во Грција, КПГ се замешала во судирот меѓу КПЈ и КПСС, земајќи јасен антијугословенски став. За да ја наметне својата политичка ориентација и да го контролира македонското движење, КПГ ги потчинила сосема македонските политички организации. По Првиот и Вториот конгрес на НОФ (Првиот конгрес на НОФ се одржал на 13 јануари 1948 година во селото В’мбел (Костурско), а Вториот конгрес се одржал на 25-26 март 1949 година.), КПГ постепено поставува “верно раководство” кое требало да ја спроведува политиката на партијата. Свесна дека кај Македонците антијугословенскиот став на КПГ ќе предизвика не само вознемирување, КПГ од тактички и војни причини, ја сменила својата политика во однос на македонското национално прашање. На Петтиот пленум на КПГ од јануари 1949 година, КПГ наместо политиката “националност без државност” ја прифатила политиката “националност и државност” за македонскиот народ. (Веднаш по Граѓанската војна во Грција, во октомври 1949 година, КПГ повторно ќе ја прифати политиката“националност, без државност” за македонската нација.)

Прифаќањето на новата политчка ориентација на КПГ во однос на македонското национално прашање во рамките на единствената политичка концепција на партијата (македонското национално прашање е во длабока контрадикција со грчките национални интереси но, да се икористи за класните интереси), сепак се појавиле две различни политички концепции на таканареченото “мнозинство” на чело со Никос Захаријадис и таканареченото “малцинство” на чело со Маркос Вавијадис и Димитриос Парцалидис. На аргументацијата на приврзаниците на “мнозинството” дека македонското национално прашање може да се искористи како тактичко прашање, претставниците на“малцинството” сметале дека македонското национално прашање е во таква длабока контрадикција со грчките национални интереси што не треба да се користи ниту како тактично прашање. (Маркос Вавијадис и Димитриос Парцалидис секогаш земале антимакедонски став во однос на македонското национално прашање.)

Новата политчка ориентација ја прифатила и НОФ и новоформираната “Комунистичка организација на Македонците од Егејска Македонија (КОЕМ), којашто дотогаш политички дејствувала во рамките на политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. (КОЕМ се формира на 27 март 1949 година на чело со Михали Маљо. По поразот на ДАГ, раководниот кадар на НОФ ќе биде обвинет за странска агентура и 11 кадри на НОФ биле пратени на долги години робија по Руските затвори и логори.) Со новата политичка ориентација КПГ сакала да го привлече уште повеќе македонското население и да го реши тешкиот проблем на резервниот кадар за единиците на ДАГ. Ова прашање било толку акутно што парјата дури мобилизира и малолетни деца (од 14 до 16 години) за потребите на ДАГ. (Овој акт претставува една од црните дамки во политичката историја на КПГ. Мобилизацијата на малолетни деца предизвикала голем револт кај македонското население во Костурско, Леринско и Воденско.)

По решенија на Петтиот пленум на КПГ во однос на македонското прашање, грчката држава ја засилила нејзината

политика на репресија против цивилното македонско население, а особено против заробените војници на ДАГ. (Особено страдало македонското цивилно население. Масовни убиства се случиле во селата Б’мбоки и Загоричани, Костурско.) Сите војници на ДАГ (Македонци или Грци) што биле осудени и ја подржувале пред судот политиката на КПГ во однос на македонското национално прашање биле осудени на смрт без право на приговор. (Се претпоставува дека за “велепредавство” и обид за “отцепување територии од Грција биле осудени на смрт 2.000 комунисти главно Македонци.)

Поразот на ДАГ (1949 година) имал тешки етнички, политички и економски последици за македонскиот народ. Скоро 50.000 Македонци, меѓу кои илјадници деца (28.000) Македончиња и Грчиња), биле принудени да бараат спас во источно-европските земји, а 20.000 Македонци ги положиле своите животи за националното ослободување на македонскиот народ.(Во историската свест на македонскиот народ ќе останат Лазо Ангеловски, Георги Урдов, Атанас Коровешов, Мирка Гинова, Петар Тануров, Пецо Ромев, Пандо Шиперков, Михали Апостолов-Гранити, Тина Дункова, Авродита Дувалевска, Гена Кирјакова, Цана Кировска, Тинка Андреева-Цвета, Тодор Дојчинов-Морава, Ване Доров, Германија Пајкова и илјадници други Македонци кој го положиле својот живот за слободата на македонскиот народ.) Многу македонски села биле срамнети со земја, а цели региони во Костурско, Леринско и Воденско биле упостени. (Скоро 46 македонски села беа избришани од географската карта.)

На местата од иселеното македонско население, грчките власти веднаш почнале да спроведуваат една тиха политика на “мини-колонизација” на пограничните области со здрави “грчки национални елементи”. Истовремено иселените Македонци биле лишени од грчкото државјанство и на сите им се конфискувале имотите поради учество во “бандитската војна”. (Законот за земање на државјанството бил донесен уште во 1947 година, а законот за конфискација на имотите бил донесен во 1948 година.)