Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Another Mother

Front Matter - Part 06

Par Драгица Најческа · Partie 6 sur 6 · Environ 6 minutes

Lire en English

Пред да и каже дека ќе се жени, нејзиниот поранешен маж уште еднаш разговарал со неа, молејќи ја да попушти. Тогаш, кога за последен пат го одбила, уште еднаш сфатила дека засекогаш останува сама, и без саканиот човек и без рожба.

Колку и било тешко тоа чувство дека тој се оженил и живеел со друга жена, толку се радувала и плачела во исто време кога следната година разбрала дека му се родил син. Дали поради тоа што него го сакала, и се чинело дека тој син некако, замислено, по малку е и нејзин син, дека и таа има некакво право на него. Колкупати и доаѓала желба да отиде кај нив дома, да го земе в раце детето, да го гушка, но не верувала дека би можела да ја разбере таа, другата жена, и не го направила тоа. Сфатила дека тоа дете му припаѓа не му – на неговиот татко, и нејзе – на неговата мајка. И пак страдала. – На лицето на Вера сега беше испишан очај, што се наѕираше и во полутемнината на ноќната ламба.

– Токму во тоа време се случил страшен земјотрес. Само што избегала од куќата, таа жена истрчала колку што можела и не можела кон куќата каде што живеел нејзиниот поранешен маж со жената и детето. Била пресреќна кога видела дека и тие се здрави и живи. Веднаш си заминала, не сакајќи да ја видат.

Потоа, во сите тие страшни денови, кога радиото ги соопштувало имињата на загинатите во земјотресот, со ужас го слушнала и името на една своја соученичка од времето пред да се запише во учителска школа. Знаела дека таа, нејзината другарка, завршила економско училиште и работела во банката.

Навистина, многу долго време не се имале видено, но знаела дека е мажена и дека има две деца. Срцето и се стегнало кога за трагичната вест, за смртта на таа своја другарка, прочитала и во весник. Имињата на нејзините деца што ги прочитала во весникот и кои останале сираци длабоко и се врежале во срцето.

Многу ги жалела што останале без мајка, токму кога таа им била најпотребна. Тие денови биле тажни за сите луѓе, а најстрашни за децата.

Во душата и се родило големо неспокојство. Не треба ли да ги најде тие дечиња на својата соученичка и да им помогне со што било? Таа мисла постојано ја прогонувала. Немала мир.

Еден ден се решила да оди на гробиштата каде што биле закопани загинатите од земјотресот. Но, тоа било време кога многу од семејствата ги беа зеле своите загинати и ги закопале на свои гробишта. Во заедничките гробишта нејзината соученичка веќе ја немало. Долго шетала по гробиштата, но напразно.

Размислувала да напише во весник дека ги бара каде се децата на таа жена, нејзината соученичка која загинала, но тоа и било незгодно.

Нејзината осаменост и желбата да има покрај себе деца за кои ќе се грижи уште еднаш ја натерала да шета низ гробиштата, надевајќи се дека ќе наиде на некаква трага. Тогаш се случило нешто што се случува само во приказните. Еден човек, кој носел во кофа вода од чешмата до еден гроб, веројатно за да го измие, или да ги полее цвеќињата, него го прашала: “Простете, случајно да не сте чуле, да не е закопана тука во близина жена што загина во земјотресот, а работеше во банката?”, и го кажала нејзиното име и презиме. Човекот збунето гледал во неа. ЌОд каде вие ја познавате таа жена?”, рекол човекот, “таа беше моја другарка, сопруга”.

Тогаш жената што прашала се збунила и тргнала со него кон гробот. На сликата на белиот мермерен споменик, иако многу одамна не ја видела, ја препознала својата другарка и не можела да не се расплаче силно. Во тие страотни денови на земјотресот се плачеше и за сосема непознати, ни видени ни чуени, толку беше страшна таа трагедија. Солзи му течеле и на мажот на загинатата другарка.

Слушајќи го раскажувањето на Вера, чувствував дека и јас безгласно плачам со горчливи солзи.

– Потоа, продолжи Вера, – таа му раскажала за другарувањето со неговата другарка и за тоа колку им било тешко да се разделат кога решиле да одат во различни средни училишта.

Потоа, на различни служби, се поретко се гледале и така ги разделил животот.

Поминало извесно време. Таа неколкупати го посетила гробот на својата другарка, но таму веќе не го сретнала нејзиниот сопруг. При првата средба не и било згодно да го праша кој се грижи за децата, ниту да најде начин да му предложи некаква помош за нив. Си мислела дека тие имаат блиски роднини, кои им се нашле во тие тешки моменти.

Тогаш уште еднаш се повторила случајноста. Сопругот на нејзината другарка дошол службено во печатницата каде што таа била коректор. Работела таму по земјотресот привремено, бидејќи повеќе од училиштата биле урнати. Тогаш тој и ја дал адресата и ја поканил дома да ги запознае и неговите деца. Тоа повторно ја вознемирило и, колку и да го одлагала одењето кај нив, толку и било потешко.

Кога ги видела за првпат тие деца за кои толку долго мислела, сфатила дека може да ги засака. Дали и тие ќе ја засакаат, не знаела. Посакала да им биде наместо мајка, зашто знаела дека на местото од мајката никој не може сосема да застане. Барем онолку да ја засакаат колку што се сака друг, добар, близок човек. Можеби помалку тие ќе бидат без мајка, а таа помалку без деца.

И таткото на тие деца како да сфатил дека токму таа жена ќе може да се грижи за нив, да ги засака. Така решиле да започнат заеднички живот. И заживеале заеднички, станувајќи од ден на ден се поблиски.

Таа жена, кога еден ден го сретнала својот поранешен маж со неговите син и ќерка, гордо му ги покажала своите две големи ќерки, кои веќе ги поодраснала. Тие и навистина биле и нејзини ќерки, нели, таа барем така ги чувствувала со целото свое срце, а тие... дали и тие ја сакале како мајка, како друга мајка?...

Ели и јас како по договор изрипавме и силно ја прегрнавме нашата мајка Вера, плачејќи заедно со неа.

Мислев дека гласно се слушаше отчукувањето на нашите три срца во тој момент и никогаш во животот тоа не го заборавив.

Во тој момент знаев дека чув ството кон таа друга мајка со ништо не го повредува чувството, љубовта кон мајката што не беше родила и што на така трагичен начин ја загубивме. И Ели и јас носевме во душата две мајки, едната што не родила, а другата што ни помогнала да израснеме во вистински луѓе. Не можевме да бидеме неправедни кон неа.