Front Matter - Part 05
Тетка ми со шамиче ги бришеше солзите, а јас во тој момент, веројатно поради начинот и содржината на сето тоа што го нареди, не можев да заплачам.
– Ја прежалевте мајка ти, нели? – низ солзи ме прекори тетка ми, како да знаеше дека е тоа најболно што можеше да ми го рече. Молчев со наведната глава. Како да ја убедам дека тоа не е вистина? И немав желба тоа да го правам.
– Каде е Ели?
– В чаршија, реков, со Вера, да купат чевли.
– А, со неа, – рече зајадливо и веднаш престана да плаче, – така ве залажува, ве облекува, ви купува, вие си немате татко да ви купи. Таа ќе ви купува!
Сето тоа го изговараше просто со омраза, како да зборува за некој душман.
– Туку вие не сте криви, што знаете вие, деца, се лажете. Тој, тој за се е виновен, татко ти. Туку толку аер да види како што ќе види.
Се чувствував сосема беспомошна. Како не беше барем татко ми тука? Добро што не наиде од некаде тетка Рајна. Бев сигурна дека добро би се искарале.
– Ти учиш, – се сврте кон мене тетка ми, со израз на лицето како нешто добро да и паднало на памет.
– Тебе не можам да те земам, но Ели веднаш ќе тргне со мене.
Без неа не се враќам дома. Ете, чедо, што ви направи татко ви.
Да живеете притиснати, при маќеа. Корката леб што ќе ја каснете да ви биде прекарана. И не оти ќе биде нешто од твоето учење, – зборуваше таа без запир, размавнувајќи на сите страни со рацете. – Немој да се лажеш сега, од почеток арна што се прави. Сите се такви, додека го заземе татко ти, па после таа на сите капа ќе ви крои, по нејзино. Па уште ако природи некое, тешко и горко вам. Слатките тие на тетка, – рече и пак ги забриша очите, иако тие одамна беа веќе сосема суви. Потоа ме погали по косата шепотејќи, – слатки на тетка, слатки на тетка.
Тоа ви било судбина. Ех, како вашата мајка, имаше ли некаде...
Потоа прошета по собите, разгледувајќи ги работите што дотогаш не ги беше видела и со омраза поттурнувајќи некои од нив, за кои беше сигурна дека ги донела Вера.
Единствената блиска роднина на мајка ми, не знам дали дека живееше толку далеку од нас и дека многу ретко се видувавме, не можев да ја почувствувам многу блиска, ниту да исе доверам за оние работи што ме измачуваа во целото ова време. Исто така, ми пречеше овој нејзин однос кон Вера, пред уште да ја запознае, или макар да ја види. Се обидував да ја оправдам поради големата жал што како сестра ја чувствуваше кон мама, но сепак...
Откако малку помолче, пак така одеднаш ми рече: – Ве тепа ли?
Ова прашање воопшто ми беше чудно. Како може такво нешто да се поврзе со Вера? Таа секако не би го поставила ако само макар малку Вера би била со неа. Тоа на Вера никогаш не би можело да и се случи, па дури и ако би биле нејзини сопствени деца.
Тетка ми упорно продолжуваше:
– Криеш, а, од тетка ти криеш, таа ти е поблиска од мене! Или се плашиш да ми кажеш, за да не му речам јас на татко ти.
Ништо нему јас не му велам. Потребен ми е тој мене. Барем да ми кажеше каква намера имал. Не така скришно...
И натаму молчев, бидејќи сфаќав дека, што и да речев добро за Вера, уште повеќе ќе ја разбеснеше тетка ми, а и немаше да ми верува.
– Ти, само ако те удри, или ако не ти дава да јадеш, не на татко ти да му кажуваш, тој веќе е ујдисан со неа, туку на тетка да и пишеш писмо, па јас кога ќе дојдам ќе и покажам убаво. Нека знае дека, иако сте сираци, има кој да ве брани. Па после и на татко ти добро ќе му кажам, онака, јас како што знам. Сега ќе одам в град да завршам некои работи, – рече таа, – па ќе дојдам по Ели. И нема ни да го прашам многу татко ти. Нека биде детето барем некое време на мира кај мене.
– Тето, немој да се замеруваш со тато за Ели, нема да ја пушти.
А и јас не се согласувам, не можам без Ели. Нејзе тука и е добро.
– Ете, и ти си против мене, сите откажувате од нас. Сега имате друга мајка, – тоа таа го рече зајадливо, – па зошто ви се блиските на мајка ти покојна?
Потоа позастана и пак продолжи:
– Блиските, сестра, јас сум сестра на мајка ти, а од сестра што има помило, поблиско?
– Не, тето, – се обидов јас, – зошто така зборуваш, сето тоа не е така. Зошто да не те сакаме. На Ели тука и е добро, па и мене.
Тато и тетка Вера се грижат за нас.
– Знам јас, знам, – не сакаше ни да слуша таа. – Знам.
Ми се чинеше дека најтежок товар ми се истави од плеќите кога си отиде. Кога ќе биде тука татко ми, нека се расправа и договара со него. Каква глупост, да ја земе Ели, и тоа сега кога тато се ожени. Ако такво нешто му рече на татко ми, тој може и да ја истера. И Ели нема да сака ни да чуе да оди со неа. Таа одвај ли ја познава тетка ми. Вера и Ели најмногу се согласуваа.
На Вера никогаш не и беше тешко да и угодува и да оди по нејзините ќефови.
Побрзав да си ги приготвам уроците, зашто немав многу време.
Размислував дали да и кажам на Вера дека тетка ми е дојдена, и дека е тука, и пак ќе не посети. Тоа подобро да и го кажам на тетка Рајна, која денеска сигурно ќе дојде, бидејќи и Вера и јас во исто време одиме на училиште.
Вера со Ели и тетка Рајна дојдоа една по друга. Вера како да забележа некоја промена во мојот израз на лицето и во моето однесување, ме загледуваше внимателно повеќепати. Ништо не можеше да се скрие од нејзиното око. Јас и натаму не кажував за посетата на тетка ми. Во еден момент, кога тетка Рајна беше сама во кујната, и кажав. Таа, веројатно познавајќи ја повеќе од мене тетка ми, воопшто не се изненади. Само кога и реков дека сака да ја земе Ели, свика:
– Таа има ли памет или нема? Добро што не бил тука татко ти, немало убаво да си помине.
– Тетко Рајно, да не ја земе насила Ели, – реков уплашено.
– Не, за такво нешто не е способна, – па потоа помисли и рече,
– и да ија даваме не би ја зела. Таа, ако сакаше да помогне, ќе помогнеше додека бевте помали и сами. Туку сака нешто да покаже, божем многу е загрижена за вас. Оди си спокојно на училиште. Ќе ја испратам јас како што и доликува.
На училиште ми беше тешко да внимавам на тоа што го предаваа и испитуваа. На големиот одмор бев во искушение да претрчам до дома и да видам што направија. Не сакав ни да се скараат со сестрата на мојата мајка, па каква и да е таа. Никој не би можел да ме убеди дека таа не не сака и дека не е загрижена за тоа како живееме. живее далеку и има многу свои грижи и задолженија, а и тоа чувство за нас го искажува така како што може и умее.
Ми се приближи Вера.
– Тинче, си се замислила нешто. Да не не се чувствуваш добро?
– ме праша гледајќи со загриженост во моето лице.
Таа нејзина грижа во тој момент ми пречеше. Ми се стори претерана и затоа можеби не толку искрена. Но кога се сретнав со нејзиниот поглед, веднаш сфатив дека немам во право. Пак сакав да и се доверам, но сфатив дека, ако и раскажам за тоа што се случи претпладнето, нема да и биде пријатно.
Истовремено знаев дека таа жена се уште не ми беше толку блиска. Моето чувство кон неа беше поблизу до страхопочитување.
Вера и натаму не ги иставаше очите од моето лице, како од него да сакаше нешто да разбере. Одеднаш ме прегрна повлекувајќи ме кон себе, како да сакаше да каже – што и да е, не грижи се, татко ти и јас сме тука. Очите ми се наполнија со солзи. За среќа, ѕвонеше. Се истргнав од нејзините раце и истрчав назад во класот.
Зошто се уште не можам сосема да и поверувам? Кога заврши часот, одвај дочекав да излезе наставникот и истрчав кон дома.
Од далеку ја видов Ели како си игра во дворот со нејзината другарка од комшиите Мариче. Не знам зошто ми се чинеше дека ја застрашувала некаква несреќа, па се спасила. Сакав дури да ја избакнам. Глупости.
Во истиот момент тетка ми, со патната торба во рацете, истрча налутено од куќата и, без да се поздрави со мене и со Ели, излезе низ дворната врата. Погледнав по неа. За малку што не се судрија со Вера, која влегуваше. Јас побрзав внатре во куќата, плашејќи се Вера мене да не ме праша која беше таа жена со црна шамија на главата. Не знаев дали татко ми ќе сака да и каже за тоа дека доаѓала тетка ми.
Уште пред да ја затворам вратата од собата, чув како Вера го праша тато:
– Жената што ја сретнав на вратата, која пред малку излезе од кај нас, сигурно е некоја роднина што не ја познавам. Некако чудно изгледаше, страшно налутена.
Татко ми молчеше некое време, како да размислува што да и каже на Вера за оваа посета на тетка ми.
– Сестра и на Нада, – рече, и при тоа споменување на името на мама од него пред Вера почувствував некоја чудна нелагодност.
Вера молчеше. Јас не знаев поради што: дали чекаше татко ми натаму да и раскаже за оваа посета, или едноставно и беше незгодно што било да праша. Со самото тоа што никој од роднините на мама не беше стапнал во куќата откако Вера е дојдена, и беше јасно каков е нивниот став кон неа и кон женидбата на татко ми.
По подолго време пак го слушнав гласот на татко ми:
– Секако, те интересира нешто повеќе. Не знам како да ти објаснам. Таа е обична припроста жена. Сигурно дека и е жал за сестра и и сака некако да помогне, но не умее. – Татко ми воздивна.
Ми беше мило што и татко ми дошол до истата помисла за тетка ми и за целиот нејзин однос како јас. Во тој момент бев уште повозрасна, барем така ми се чинеше. Ми беше жал и за тетка ми и решив, кога ќе се позаборави сето ова, понатаму да и напишам едно подолго убаво писмо и да и раскажам за некои работи кои таа, штом толку ретко се видуваме, не може да ги знае и ги замислуваше не такви какви што се.
Во тие моменти меѓу нас во куќата како да се беше создала затегнатост. Доаѓањето на тетка ми беше зачепкало по најболните места и не врати неколку години наназад.
Ели, како што само таа умееше, со целата своја веселост и безгрижност втрча во куќата од дворот, носејќи во рацете цел преграб играчки и викајќи:
– Ми се јаде, ми се јаде.
Тоа ни помогна на сите да се вратиме во нашиот секојдневен живот и ред во куќата. И јас бев изгладнела на училиште, а и на ручекот сосема малку јадев, така што и се придружив. Вера се растрча да ни приготви нешто.
– Јас сакам јајце пржено, – изјави свечено Ели.
– Ти, Тина, што ќе јадеш? – ме праша Вера, со сета нејзина способност да ја победи секоја своја нерамнотежа.
– Ако има нешто од јадењето за ручек.
Не само нешто, туку речиси сето јадење беше останало.
Очигледно, никому денеска не му било до ручекот. Вера по тоа разбра дека и тато е гладен и сите не собра на вечера.
Во наредните две години тетка ми уште неколкупати се обидуваше да го спречи тоа наше зближување со Вера, како да сакаше да ја наруши таа среденост што се беше создала во куќата. Верував дека тоа го правеше од страв дека ќе ја заборавиме нејзината загината сестра, а наша мајка. Не помагаа ниту моите писма, ниту разговорите меѓу неа и татко ми... Вера стоеше настрана од сите тие наши договарања со неа. Тоа, секако, уште повеќе ја лутеше тетка ми. Немаше противник во Вера, поради што татко ми најлошо си поминуваше. Но, тој и натаму не и замеруваше. Се обидуваше да ја сфати.
Како можевме да ја заборавиме нашата мајчица? Таа беше дел од нас. Можеби поради тоа што така несреќно заврши нејзиниот живот памтевме се, и најмала ситница од нејзините особини, дури и сосема неважни работи.
Бев како ретко кога и возбудена и изненадена кога Вера ми предложи заедно да одиме на гробишта. Татко ми речиси две недели беше на пат. Не знам зошто, ми се чинеше дека тоа одење на гробишта треба да и е непријатно на Вера. Дури очекував таа да настојува Ели да ја заблудува дека и е мајка, а не таа таму некаде закопаната, зашто Ели одвај можеше да се сеќава на мама. Се случи обратното. Не поминуваше ни една недела а таа самата да не ни спомене што било за мајка ни, да не не потсетува на нејзините особини за кои и раскажувал татко ми.
Кога тој ден сами, без тато, отидовме на гробишта, видов дека Вера многу добро знае каде е гробот на мајка ми и не поведе право таму. Грижливо го зачистивме каменот и туривме вода на цвеќињата, со кои беше речиси заграден. Не можев да ги задржам солзите кога Вера сама, со свои раце, ги наместуваше цвеќињата што ги набравме од нашиот двор и ги донесовме за вазата од камен на гробот. Чист, измиен, мермерот се белееше на сонцето, а сликата на мајка ми уште појасно испакнуваше на него. Ми беше многу болно да гледам на неа, тука, на овој студен камен. Вера беше обично сериозна, со некоја почит кон мртвите, изразен на нејзиното лице. Ели гледаше де во мене де во Вера, и не тргаше за раце побрзо да си одиме.
На неколку места околу нас тажеа на глас блиски над своите гробови. Неделен ден беше. Речиси на секој гроб имаше луѓе.
Ми беше многу мачно.
Пред да тргнеме да си одиме застанавме крај Вера, од двете страни, Ели и јас. Да се поздравиме од гробот од мама.
– Нема ништо помило од мајка, поскапо, – рече Вера, повеќе како сама за себе. Ми дојде да ја прегрнам, да се исплачам на неа, чувствував дека таа ќе ме разбере. Таа се разбираше. Бев уште посигурна дека, ако некој мораше да ја замени мама, тоа е единствено таа, Вера, и дека ништо лошо не може да ни се случи нам покрај неа.
Времето како да леташе. И Ели почна да оди на училиште. Ја учеше една колешка на Вера. Вера сакаше кај неа да биде Ели, зашто таа била многу добра, добар педагог.
Учев во претсобјето. Во дворот си играше Ели со две ученички од нивниот клас.
– И мајка ми е учителка, – чув како им се пофали на другарките со важен тон. Се чувствував необично. Кај Ели, во нејзината уста тоа звучеше толку уверливо, сосема нормално – мајка ми.
Сигурно бев неправедна во тој момент, но душата ми ја исполни горчина. Ели се помалку ќе се сеќава на мама, нашата вистинска мајка. Јас Вера од почетокот не ја завикав мамо и тоа така си остана. Знаев дека повеќето од децата што имаа маќеа беа принудувани да викаат – мамо. Бев убедена дека Вера тоа навистина го заслужува, но не ја викав така. Се разбира, Вера за тоа никогаш не ми забележа и нема во иднина тоа да го стори.
Пак се вслушав во разговорот на Ели со другарките. Се плашев во одговор на нејзината фалба дека мајка и е учителка да не и речат дека Вера не и е вистинска мајка. Но, другарките како да не обрнаа внимание на тоа што го рече Ели и зазборуваа за друго.
Тие беа се уште мали.
Татко ми во тие месеци одеше често на пат. Се случуваше да биде отсутен и по десетина денови. Тоа негово отсуство не ни паѓаше толку тешко. животот си течеше нормално. Сосема се бевме сродиле со Вера. Најзиното присуство ни стана неопходно.
– Пак татко ти замина на пат, – ми рече една вечер Вера откако се вратив од кај Марина. – Подобро ни е кога е тука, но што да правиме, таква му е работата.
– Ќе остане ли долго? – прашав.
– Една недела, ако не и повеќе. Учевте ли добро со Марина?
– Учевме, но подобро ми е кога учам сама. Таа сака многу да прикажува и губиме време.
– И јас мислам дека подобро се учи сам, се концентрираш повеќе. Знам дека ти ја жалиш, бидејќи е сама со баба и, но подобро е да одиш да играте или да разговарате откако ќе си научиш.
– Така мора да биде, – реков.
На другиот ден вечерта, кога се прибравме дома, Ели се пожали од главата. Брзо потоа и од стомакот. Подоцна, речиси пред легнување, почна да повраќа. Вера гледаше исплашено во мене без да ја забележи Ели. Не можеше ниту да ме остави сама со Ели во таква положба, да потрча по лекар, ниту пак да ме испрати мене сама по него.
И стави топломер. Не го видов топломерот кога го изваде, но по изразот на лицето сфатив дека Вера уште повеќе се исплаши.
Ели не престануваше да повраќа. Се измени во лицето. Вера не се иставаше од неа. Држејќи ја со рацете за рака, и ја милуваше косата и и го ладеше челото со водена крпа. Ели тешко дишеше.
Одвреме навреме ќе ги отвореше очите како да бара помош од Вера. На неколкупати викаше:
Тато, тато... Вера одвај ги задржуваше солзите.
Станав и отидов до прозорецот мислејќи на тоа дека мораме да викнеме лекар. Вера го имаше своето лице допрено до лицето на Ели.
– Мамо, мамо, – шепотеше Ели сега.
Дали во таа беспомошност викаше по нашата мајка, која одамна неповратно ја снема, или по Вера, во тој момент не знаев.
Но, Вера како тоа да ја крена, како да сфати дека состојбата на Ели е таква што ние двете со неа не можеме да и помогнеме, стана брзо, ја завитка Ели во танко ќебе, ја крена в раце и заедно потрчавме кон болницата. Таа не беше многу далеку, но се чудев како можеше да ја носи в раце Ели, која беше доста дебелка.
Откако лекарите рекоа дека е некое силно труење и ја сместија Ели во еден кревет, цела ноќ преседовме со Вера крај неа.
Требаше на секој час да и се даваат лековите што ни ги остави дежурниот лекар. Јас дремев крај нозете на Ели до утрото. Вера не склопи око.
Утредента кризата веќе беше поминала.
Ќе и викам ли и јас, како Ели, на Вера понатаму мајко, не знаев.
А како и да не беше важно. Јас, како и Ели, во целото време чувствував – ние имавме мајка.
Кога се врати од пат, татко ми се преплаши откако разбра што се случило. Јас во подробности му раскажав за се. Беше среќен што така добро се се свршило и поради тоа што Вера не засака нас.
Ја завршував полуматурата. Како и друг пат, си доаѓавме со Вера заедно од училиште по завршените часови.
– Уште оваа година, – рече Вера. – Потоа, кога ќе одиш во гимназија, нема да бидеме заедно. Ќе бидеш веќе голема, гимназијалка. Ние ќе останеме во училиштето само со Ели.
– Многу сум свикната со ова училиште и со овие наставници, – реков. – Кој знае како ќе ми биде таму.
– Ти имаш работни навики, нема зошто да се плашиш, – ми одговори Вера.
Навистина, откако бев почнала да учам, немав ниту една четворка.
Ели дојде да не пречека. Во истиот момент забележав еден човек кој ни доаѓаше во пресрет со две помали деца. Тој љубезно и се насмевнуваше на Вера и упорно гледаше во неа.
Јас по изразот на нејзиното лице забележав дека таа средба и е непријатна и Вера како да сакаше да ја избегне. Се обидуваше да не гледа во правецот на непознатиот за мене човек. Јас, исто така, побрзав до неа, а и Ели иако, морам да признаам, бев многу љубопитна.
– Веро, – тогаш чув како повика човекот со двете деца.
Таа се обиде да се преправа дека не го слушнала гласот на тој човек, но тој уште еднаш, повторно викна.
Вера подзастана нерешително. Ние со Ели продолживме изоставајќи ја, а јас намерно ја зазборував Ели за да не се врати по Вера.
Кој можеше да биде овој човек и зошто Вера не сакаше да се сретне со него? – си мислев.
Тој и се приближи и се ракуваа. Вера ги помилува двете деца по главичките. Зборуваа тивко.
Во еден момент Ели ја здогледа Вера и, како да се исплаши дека ние заминавме а таа остана, свика:
– Мамо.
Бидејќи и јас се свртев во тој момент, видов со колкаво изненадување човекот погледна во Вера.
Вера во првиот момент како да се збуни, а веднаш потоа ја прегрна Ели, која штотуку дотрча до неа.
– Христина, – ме повика Вера и, покажувајќи на мене, му рече на човекот со некаков прикриен пркос, – ова е мојата друга ќерка.
Ели ги пипкаше дечињата по главичките и по рацете, а јас навистина не знаев како да се однесувам и што да правам.
Целата таа средба, иако не знаев зошто, ми пречеше. Откако се поздравив со човекот и децата, јас одблизу го изгледав. Ми се стори дека гледа во Вера со преголема нежност.
Вера одеднаш како да стана нетрпелива, уште еднаш ги погали децата и сите си тргнавме кон дома. Таа по патот не ни рече ништо за тој човек и ние почувствувавме инстинктивно дека не треба да прашаме. Дури и на татко ми, како да се бевме договориле со Ели, ништо не му кажавме за тоа. Ако е потребно, нека му каже Вера.
И тој ден вечерта, како и повеќепати друг пат, размислував зошто Вера немаше свои деца со татко ми. Мене не ми изгледаше толку стара за да биде тоа неможно. Дали можеби татко ми така сакаше, сметајќи дека ќе биде подобро, заради нас. Понекогаш мислев дека, ако се родеше некое братче и сестриче, немаше тоа да биде незгодно. Барем сега така мислев, откако Вера ни стана толку блиска.
Во следните денови чувствував како да сака Вера нешто да ми каже, но како да не наоѓа за тоа погоден момент. Помислував дека тоа има некаква врска со човекот што го сретнавме, но не бев сигурна.
Беше изминала речиси една недела и јас заборавив за тоа, кога Вера една вечер, покривајќи не по обичајот пред спиење, ни рече:
– Сакам вечерва да ви раскажам една вистинска приказна.
Ние со Ели љубопитно ги поткренавме главите и слушавме.
– Во едно семејство се родиле братче и сестриче, – почна Вера, а во гласот и се слушаше голема возбуда, толку голема што некои зборови ги изговараше до половина.
– Сестричето било поголемо. Си живееле многу добро. Во нивната куќа децата биле многу сакани, така што и девојчето ги сакало и своите другарчиња, и поголеми и помали, и сите деца од целиот свет. Девојчето и братчето растеле и растеле.
Девојчето речиси станало девојка и си мислело дека, кога ќе се омажи, ќе има многу, многу деца, што ќе ги сака и ќе ги чува.
Веројатно и поради тоа девојчето решило да биде учителка, да работи со деца. Најпрвин таа желба и се остварила. Таа станала учителка и учениците многу ја сакале и таа нив ги сакала.
Сакала да живее со нивните жалости и радости и да им помага во нивните чекори, во првите чекори во животот.
Тука Вера подзастана, како да и беше тешко да продолжи. Дури ми се стори како да се колеба за тоа дали да раскажува.
– Кога тоа девојче завршило учителска школа и станало учителка, се засакале со некое момче, со кого се познавале од поодамна. Тој бил архитект. Девојчето многу го сакало момчето… Кога се омажило со тој човек, заживеале многу среќен живот. Но, за жал, тоа не траело долго. Се случило најстрашното што можело девојчето да го замисли. Поминале неколку години и во нивната куќа не се родиле деца. Лекарите установиле дека таа млада жена нема да може никогаш да роди дете. Таа не можела да замисли никаква пострашна казна од судбината, токму затоа што најмногу од се на светот сакала деца. Постепено таа станала свесна дека нема да бидат никогаш среќни со мажот поради таа страшна вистина, колку и да се сакаат. Тој не жалел пари. Ја носел по сите лекари и и носел лекови од најдалечни земји. Но, се залудно. Ништо не помогнало.
Таа тажна вистина најгрубо и ја кажал еден поз нат лекар, велејќи и дека е непотребно сето тоа лекување, бидејќи нејзиниот недостаток, поради кој не може да има деца, е уште од нејзиното раѓање и не може да се отстрани со никакви лекарства.
Тогаш настанало нејзиното најголемо разочарување. Таа тоа не му го кажала на својот маж, но во нејзината душа почнала да се раѓа една ваква мисла: да го напушти мажот токму поради тоа што многу го сакала и што тој бил многу добар. Ако јас сум казнета од судбината да немам свои деца, си мислела таа жена, барем тој нека има свои. Зошто тој да биде жртва на таа моја трагедија. – Со секој збор што го изустуваше Вера ми стануваше јасно дека е тоа нејзината историја и на моменти сакав да ја запрам да не раскажува. Сето тоа беше толку мачно, и толку тажно и беше лицето, усните и потреперуваа и ми се чинеше дека во секој момент ќе се расплаче. Ели, верував, не ги разбираше сосема сите тие работи, но бидејќи и таа беше нажалена, сфаќав дека сепак и таа доживува заедно со нас.
– Долго таа млада жена се борела сама со себе дали да му каже на својот маж отворено за тоа дека сака да се раздели од него – продолжи Вера, помолчувајќи малку, како за да собере сили. – Кога би му кажала така, знаела дека нејзиниот маж нема да ја остави да го стори тоа, да ја оствари таа своја намера. Поради тоа, таа започнала да се преправа дека престанала да го сака, дека не може да живее со него. Неколкупати дури и одела по десетина дена да седи кај своите родители и пак се враќала кај него.
Тој отпрвин бил изненаден од таквиот нејзин однос. Потоа како да почнал да се помирува со тоа и и велел дека не сака со сила да ја тера да мора да живее со него, ако таа веќе не го сака. Тој страдал многу поради сите тие работи. Секако дека нејзе сето тоа и било мачно, но не сакала да се откаже од својата замисла и решеност – нејзиниот сакан човек да заснова свој нов дом во кој ќе има и деца.
Кога се решила сосема да се врати во домот на своите родители, речиси и физички заболела и долго не можела да се поврати.
Тогаш сфатила дека останала не само без деца, туку сега и без саканиот човек. Долго се борела сама со себе испитувајќи се по кој знае кој пат дали правилно постапила.
Мажот и тешко го погодила оваа нејзина постапка. Можеби и се досетувал за вистинската причина, но никогаш не се издал.
Сигурно дека некаде длабоко во душата му се родило сомневање, просто ја насетил вистината, но се било неповратно.
Речиси цела година, иако разделени, се обидувал да ја натера повторно да се врати кај него, но залудно. Никому не му ја доверила докрај вистината за тоа што ја натерало така да постапи, дури ни на својата мајка.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/another-mother-mac/5 le 29 octobre 2026