Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Another Mother

Front Matter - Part 01

Par Драгица Најческа · Partie 1 sur 6 · Environ 21 minutes

Lire en English

Друга Мајка Роман Драгица Најческа Друга Мајка Скопје, 1978 All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.

****** August 30, 2022

****** ДА СЕ ОТСТОИ ПРОСТУМ Романот “Друга мајка” од Драгица Најческа обработува еден граничен настан од летописот на Скопје и судбината на неговите жители. Земјотресот од јули 1963 година, кога ни се чинеше дека тој е паднат ничкум, дека е дефинитивно смртно погоден, дека се преселува во минатото и во нашите спомени, заедно со илјадниците мртви и унесреќени граѓани. Но, човекот не би можел да го носи и да го оправда тоа име ако не е способен одново да почнува, да отстојува простум без алтернатива.

Материјалните разурнувања на земјотресот не се непосреден интерес, ни опсесија на Драгица Најческа. Тоа само по себе претставува значаен агол на проектирањето, во кое доминантно место заземаат доживувањата на малите обични жители на Скопје, менувањето на нивните животни релации, судбини, емоционалните и мисловните кршења, создавањето нови состојби и односи внатре во семејствата, барањето на оправдувањето и смислата да се живее понатаму со вистината дека некои од најблиските неповратно исчезнале во темнилата и бездните на настанот.

Во центарот на своето ангажирано пристапување кон темата Драгица Најческа зема две семејства и однатре ги регистрира емоционалните треперења на луѓето, ја опишува атмосферата во градот, на објектите каде што нејзините млади јунаци се осмислуваат и себеси и минатото и утрешнината. Најческа има такт во раскажувањето и свесно ги избегнува изблиците на префорсираните емоции.

Романот “Друга мајка” не го постулира патосот, туку оние тивки, елементарни кажувања на јунаците за себеси и за своите најблиски, чиј живот по несреќата се бори да ги воспостави повторно своите релации, да се осмисли без она што исчезнало, да се бара одново идеалот и оправдувањето на постапките, односите, ангажирањето во семејството, во училиштето, во претпријатието и установата.

Централен јунак на романот “Друга мајка” е Христина. Девојче кое едвај ја поминало дванаесеттата година од животот – тој неочекувано и сурово ја удира во најчувствителното, ја удира без мерка и милост. Нејзината мала сестричка Ели не е свесна за трагичноста на настанот и за цената што е платена, за болката што на преживеаните им е нанесена преку оттргнувањето на најмилите, без кои животот ја губи својата убавина и привлечност, па ако сакате, до извесен степен и за извесно време и смислата. Треба да се остане простум, да се преболее. Тоа сега претставува и смисла на тековниот живот и упорно трагање по новата формула на егзистенцијата. Во романот на Драгица Најческа се чувствува една исконска сила на човекот, стремеж да го надживее трагичното, да го преболи изгубеното, да ја побара архимедовата точка на постоењето, без оглед што длабоко во својата интима човекот ќе ги носи раните на еден неочекувано жесток удар, чие повторување не би можело да го издржи едно човечко срце, во случајов едно срце на дете, кое по трагичниот настан присилно го забрзува интезитетот на своето духовно зреење.

Драгица Најческа мошне суптилно ги открива длабоките емоционални и душевни треперења на своите јунаци, особено на Христина, зашто таа е и активниот и единствениот раскажувач на оваа тивка, без патос и пренагласено “согорување” на чувствата – човечка, современа и вечна драма на човекот, на луѓето, на семејствата.

Токму оваа компонента на тивкост и трагичност е и најголемиот квалитет во успешниот роман на Драгица Најческа.

Тоа што темата го нуди априори – патосот и усвитеноста на чувствата и исказот – Најческа свесно го редуцира на мера која што ја потврдува нејзината раскажувачка зрелост и моќта на селективност во изборот на најадекватната постапка.

Вертикалното во оваа проза, урбана и тематски и изразно, треба да се бара во еволуцијата на емотивниот и мисловен свет на јунакињата Христина, која што по сите внатрешни самосвесни етички отпори и дилеми, ја сознава неминовноста од елементарниот чин што ќе се одигра во животот на нејзиниот татко и на семејството во целина.

Требало да се има голема човечка и писателска храброст интимната дилема на Христина да го најде своето најприродно разрешување. Како животна филозофија и како филозофска порака кон живите и современиците, особено кон младите генерации на кои им е наменет и посветен – романот “Друга мајка” треба да се вброи во најуспешното напишано на оваа тема и за таа возраст во фондот на современата македонска литература.

Петар Ширилов, октомври 1978 Друга Мајка На ист начин како и мене кога бев мала, мама навечер, пред заспивање, и ги раскажуваше на Ели, моето малечко сестриче, долгите приказни за Пепелашка, за Ивица и Марица, за црното кравајче... Бидејќи спиевме во иста соба, јас во тие часови повторно како да се враќав во годините кога бев мала. Имаше нешто толку топло и нежно во маминиот глас и така слатко приспивно, и јас заборавав на сите задачи од математика, на сите домашни и заедно со Ели се занесував во сладок сон.

Утрата не беа така привлечни, зашто кога ќе се разбудев мама и тато веќе беа отидени на работа. Требаше да земам улога на голема, порасната, бидејќи ја чував Ели. Извршував и некои други задачи, покрај оние зададени од училиштето, за кои ќе ме задолжеше одвечер мама.

Требаше пред се да ја измијам, облечам и нахранам Ели, а тоа не беше лесна работа. Таа разгаленка ми правеше многу незгоди. Се случуваше да плаче, зашто не сакаше да ја измијам, или да ми го преврти чинијчето со јадењето, поради кое јас и ќе ја потчукнев по рацете, но за тоа никој не смееше да разбере.

Замислете, ако Ели чинијчето со јадењето ми го превртеше на светнатиот чист паркет, кој мама со таква грижа го правеше лимонов и сјајен! Тогаш и Ели и јас не ќе си поминевме добро.

Немаше ниту една година откако се вселивме во овој убав, нов стан и се светеше во него од грижливите работливи раце на мама. А и татко ми не ретко и помагаше во тоа чистење и уредување на куќата.

Откако ќе ја сместев Ели во нејзиното креветче, заградено од страните со високи мрежи, и ќе ја натрупав со сите играчки, се зафаќав со приготвување на уроците. Се обидував да не и обрнувам внимание за да не ми пречи нејзиното неразбирливо брборење.

Првите две години од училиштето ги завршив со одличен успех, и тоа така мораше да оди и понатаму. Кога ќе наближеше времето за училиште доаѓаше тетка Рајна, далечна роднина на татко ми, која остануваше со Ели неколку часа, додека не се вратеа мама и тато од работа. Јас тетка Рајна не ја затекував веќе дома кога ќе си дојдев од училиште.

Со моите другарки си поигрував по враќањето од часовите. Тоа беше најубавиот дел од денот за мене. Ќе ја фрлев чантата и со трчање ќе слетав назад по скалите. Ќе ме пречекаа другарките и ќе се распрсневме да играме по улицата. Часовите за денес беа завршени. Мама и тате се дома. Ели е со нив, таа брборка! Кој може да ме стигне во брканицата, или да ме пронајде каде сум во криенката.

Се замрачува. Секој момент очекувам да ме повика гласот на мама: Хри...с...тина, ќе се разлее во полутемнината. И јас знам дека треба да си одам, но одлагам, да украдам уште малку. Кога веќе викнуваше повторно, нема чекање. Трчам по скалите.

– Сум ти рекла, – благо ме прекорува мама, – да не чекаш да те повикам. Јас мрморам некакво оправдување. Наскоро се вечера.

Се е на масата беспрекорно чисто. Привлечно мириса јадењето, со некој веќе одамна познат мирис, наш, во нашата куќа, така непосредно поврзан со мама, со нејзините спретни раце.

Секој си го знае своето место. Ели е в раце кај мама. Мама, ми се чини, поради тоа не може удобно да јаде. Би ја зела јас Ели в раце, но знам, мама нема да го дозволи тоа. А и разгаленката Ели, во никој случај нема да сака да се оддели од тоа топло местенце во скутот на мама, што и мене толку добро ми е познато, и за кое дури по малку и завидував на Ели.

Татко ми, бидејќи беше послободен, обично побрзо ќе се најадеше и ќе ја земеше Ели од рацете на мама, така што мама дури тогаш ќе ја завршеше вечерата.

Утредента рано се оди на работа. Мама затоа одвечер се средуваше, а и приготвуваше ручек за другиот ден.

Чисти, измиени, облечени во пижами легнувавме во креветите со пеглани чаршафи што мирисаа прекрасно и се потонуваше во нив како во млака пријатна вода.

Нежниот распеан глас на мама ја успиваше Ели... Кога вечерта си легнале децата, слушнале како маќеата му вели на татко им:

“Утре ќе ги земеш децата и ќе ги однесеш во гората каде што ќе сечеш дрва. Таму ќе ги оставиш сами, за да ги изедат ѕверовите шумски… Веднаш се сеќавав, тоа беше од Ивица и Марица. Не верував дека Ели тоа го разбираше, но за неа доволно беше присуството на мама и нејзиниот приспивен глас, така што малечката брзо заспиваше. Кога Ели ќе заспиеше, мама го прекинуваше раскажувањето, често и на половина збор, ја припокриваше, и неа и мене, нежно допирајќи ги покривачите, или ќе нe погалеше по косата. Од собата излегуваше на прсти и ја оставаше сосема малку подоотворена вратата, Ели да не се разбуди во сонот...

* * * Кога ме разбуди некакво страшно тропотење, ги отворив очите и прво што видов беа парчиња малтер што паѓаа од таванот и ѕидовите и почувствував дека нешто ме задушува. Просто беше неможно да се дише од прашината што ја исполни собата. Без да сфатам дали сонувам или навистина се урива нешто околу мене, писнав по мама и тато и истрчав надвор од станот, на скалите. По скалите трчаа и другите луѓе од зградата. Одеднаш со ужас се сетив – а Ели? Страшно беше да се вратам назад, но уште пострашно да ја оставам беспомошната Ели во сето ова што паѓа, што се урива. Избезумена, не чувствувајќи ги ударите на секакви работи што паѓаа врз мене, се стрчав назад во станот. Ели кашлаше, задушена во прашината од малтерот. Ја извадив некако од креветчето и, влечејќи ја под мишка, трчав со неа пак по скалите. Во сето тоа потсвесно сфатив дека мама и тато се отидени на работа и нема кој да ми помогне. Она најужасното што ќе се станеше како да нe чекаше мене и Ели да излеземе од зградата. Речиси во истиот момент кога се најдов од другата страна на улицата, зградата, како да беше од картон, со грозен тресок се урна. Целата треперев при помислата што ќе се случеше со Ели ако не се вратев по неа. Пискање на десетици луѓе се слушаше од сите страни. Сите беа избезумени и како луди трчаа де наваму де натаму по улицата.

Бев слушнала за земјотреси од постарите. Се мачев да сфатам што се случуваше околу мене. Една жена нe поведе со Ели во дворот од комшиската приземна куќа, каде што имаше бунар, и ми помогна да ја измијам Ели, која за цело време плачеше, плукајќи од устата земја што и напаѓа од малтерот.

Во тој момент го слушнав избезумениот глас на татко ми:

Христина, Ели! – и веднаш потоа неговиот плач.

– Таткоо!

Не прегрна и двете притискајќи не, како да не си веруваше на очите откако ја видел грозната слика на урнатината во која се беше претворила нашата зграда. Се собраа повеќе луѓе околу нас и се чудеа како сме успеале да излеземе од станот ние двете деца, сами. Ме прегрнуваа мене, ме бакнуваа, како да сум направила нешто неможно – херојско, што сум ја извадила и Ели пред да се случи најстрашното.

Во целото тоа време земјата пак силно се потресуваше под нозете. Притоа сите избезумено се погледнувавме, се фаќавме за рака, како тоа да може да ја намали опасноста, а понекогаш како луди претрчувавме по улицата, само донекаде, и пак се враќавме назад.

Татко ми се понеспокојно погледнуваше кон улицата од каде што обично доаѓаше мама од работа. Јас со стегнато срце од страв гледав исто така натаму, не го откинував погледот од таа улица. Сакав да го прашам татко ми зошто уште ја нема мама, убедена дека таа досега стопати ќе дотрчаше. Се плашев да го прашам, зашто сфаќав дека и тој се измачува поради тоа. Сакав да му речам да оди по неа, да ја пресретне, но сфаќав дека тој се плаши да не остави нас повторно сами, да не дојде нешто полошо, уште пострашно. Потресите на земјата беа се уште силни. Некои од луѓето со ужас зборуваа дека може земјата да пропадне на места и да не потисне и нас.

Уште еднаш заплакавме кога дотрча тетка Рајна, и таа сета избезумена. Веднаш по очите и видов дека ја бара мајка ми и чув како го испраќа татко ми да оди по неа.

– Не бери гајле за децата кога сум јас тука, – му рече на татко ми.

– Имале среќа мајка ти и татко ти, имале среќа, да не останат црни кукавици, – си зборуваше тивко тетка Рајна, сама за себе, притискајќи не до своите скутови. Таа не сакаше да гледа во купот цигли, бетонски плочи, искршени предмети, што беше останал од нашата куќа. Јас и самата се стресував кога ќе си замислев што навистина можеше да се случи ако не се разбудев уште во првиот момент, и ако не се вратев по сестра ми, ако не ја извлечкав од креветчето и не истрчав со неа на улицата.

По се изгледаше дека од нашата куќа сите излегоа живи и здрави, бидејќи таа не падна уште на првиот потрес. Слушав како зборуваат некои од постарите дека други згради во градот паднале веднаш. Можеби поради тоа не можевме да сфатиме дека некаде на друго место во градот се случуваше нешто уште пострашно. Одвреме навреме ќе дотрчаше некој окрвавен со пискотници и раскажуваше за тоа дека имало живи луѓе затрупани во многу згради. Ќе испискаа и некои од луѓето наоколу кога ќе разбереа дека им загинале блиски. Сето тоа ме истоштуваше се повеќе и чувствував дека не можам веќе да стојам на нозете. Се мачев да издржам и натаму не иставајќи го погледот од улицата од каде што требаше да дојде нашата мајка. Забележав дека и тетка Рајна гледа само натаму.

– Тетко Рајно, уште ги нема тато и мама, – реков, иако однапред знаев дека и таа не може ништо повеќе да ми каже. Како да се надевав дека нејзиниот одговор ќе ја намали неизвесноста што не притискаше, ќе ми ги растури ужасните претпоставки.

– Ќе дојдат синко, ќе дојдат... Може по патот се за држале, – зборуваше тетка Рајна со несигурен растреперен глас и јас сфаќав дека и таа не е во состојба да ме успокои. Си мислев – ако, татко ми и натаму нека не се враќа, само да дојде заедно со мајка ми. Не, никако сам, не! Секој момент ќе заплачев, ако не беше тука и Ели.

Пладнето веќе одамна беше изминало. Речиси воопшто не ги забележував потресите што секои десетина минути со грозен подмолен татнеж ја потресуваа земјата. Изгледаше како некои невидливи огромни чудовишта да се настрвиле на нас, ја поткреваат земјата и бараат уште жртви. И натаму очите ни беа заковани на крајот од улицата, од каде што ги чекавме татко и мама. Ели одвреме навреме, без да разбира што се случува со нас, беспомошно ќе заплачеше: Маа-мо! Ние со тетка Рајна само ќе ја попригрневме и таа ќе замолчеше. Кутрата Ели, како да сфаќаше дека не стигнала некаква голема несреќа, не бараше ниту јадење, ниту пак се жалеше што целото време бевме на улица и на нозе.

Прашина, како злокобен призрак, лебдеше наоколу, и тука, непосредно кај нас. Немавме сега ни куќа, ни покуќнина, ниту нешто за облекување и за јадење. Но, ништо од сето тоа не ми беше важно, само да дојдат татко и мама. Па дури иако е ранета, и морале да одат во болница, се тоа не ми се чинеше страшно.

Кога татко ми се подаде од крајот на улицата сам, кон нас, сакав да замижам, да не гледам, да не поверувам дека е сам.

Ништо не ни кажа, ништо не го прашавме, но знаев – немаме мајка. Спискав јас, писна и Ели. Плачеше на глас и тетка Рајна.

Солзи течеа од избезумените очи на татко ми, го браздеа неговото извалкано лице.

Притрчаа некои од комшиките од зградата што се познаваа со мајка ми. Кутрата Рада, кутрите деца, – слушав како зборуваат некои од нив, плачеа заедно со нас, не гушнуваа и не притискаа до себе. Каде настрадала? Во банката кај што работеше. Зар банката паднала? Банката?!… Проклета несреќа, кај не најде, кај не запусти!

...Едно стануваше јасно и посигурно од се – мама веќе никогаш нема да се врати. Несреќата со земјотресот за сите беше несреќа

– за Ели, за мене и за тато најстрашна. Ни зеде нешто најскапо.

Во тоа никој ништо веќе не можеше да измени. Не можев, не сакав да поверувам! Сакав да го земам тате за рака. Да ме носи таму каде што е мама, макар и мртва. Не може да ни ја одземат така одеднаш. Кој е тој, што е тоа страшно, одеднаш, и без да ја видиме.

Како можев на татко ми да му речам што било за неа, кога ќе го видев неговото деформирано, будалесто лице, беспомошноста и очајот во неговите очи. Каде ли ја остави неа, мама? Мајко, зарем на таков начин ќе си одиш од нас засекогаш, без да те видиме...

Подоцна дојдоа некои луѓе и не поведоа во паркот, каде што имаше поставено шатори. Ни разделија и храна. Тетка Рајна и натаму остануваше со нас. Кутрата, немаше срце да не остави сами...

Во некои моменти ми се чинеше дека сонувам, или како да оживеала некоја приказна и јас учествувам во неа. Па одеднаш сето тоа ќе престане и секој ќе се врати во оној живот порано, ќе се вратиме во нашиот стан, тука ќе биде мама и сите познати работи околу нас. И веднаш потоа пак ми искрснуваше целата ужасна вистина во сознанието. Купот од нашата урната куќа и таму некаде, неизвесно како, загинатата, нашата најмила мајка.

Во првиот момент кога рекоа да одиме во паркот под шатори, нешто страшно ме притисна. Не сакав да се одделам макар и од тој куп урнатини. Ми се чинеше дека со се што покри под себе од нашиот дом се губеше и врската со мама.

Од храната што ни ја поделија јадеше само Ели. Тетка Рајна неколкупати ме нудеше да каснам макар малку. Секаква угодност, како и храната, ми се чинеше нешто навредливо, просто не можев да голтам...

Земјата целата ноќ подмолно татнеше, поткревајќи се под нас, де посилно де послабо. Сега, откако ја загубивме мајка ми, ми стануваше неважно што ќе стане со нас натаму. Кутрата Ели, ништо не знаеше што се случува. Како ќе бидеме ние со неа без мама. Наоколу речиси никој не спиеше. Некој тивко, а некој на глас тажеше, тука наблизу до нас. Во темнината безгласно, неутешно плачев.

Утредента татко ми најпрво долго го немаше. Повеќе часови.

Потоа дојде, не поведе нас и наскоро влеговме во еден автобус, од тие од Градскиот сообраќај.

Возењето беше страшно бавно. На многу места се заобиколуваше поради урнатините, нерасчистените улици.

Сликата на градот беше многу пострашна отколку што си ја замислував. Вистинска пустош. Најпосле запревме. Бевме на гробишта. Повеќе пресни гробови, наредени еден до друг, на секој од нив на штица испишано името и презимето. Татко ми покажа со рака и рече:

– Тука е вашата мајка.

Иако го прочитав нејзиното име и презиме на штичката на која покажа татко ми, не можев мајка ми, нашата жива, секогаш насмеана добра мајка да ја поврзам со ова купче натрупана земја и со оваа грубо изделкана и испишана со црна боја штичка. Насекаде наоколу непознати луѓе се фрлаа на земјата, ги бакнуваа штичките со напишаните имиња, пискаа, редеа слики со рамки на гробовите. На по некој гроб само стара баба.

Татко ми беше повоздржан во искажувањето на болката, веројатно поради нас. Неизбричен, со разбушавена коса, ми се стори одеднаш стар, како да не беше нашиот татко. Останавме малку и тргнавме кон автобусот. Не сакав да си одам, но вечерта надоаѓаше, за Ели беше потребен сон. Јас, повторно плачејќи на глас и со солзи, тргнав по татко ми. Ели, секако, не разбираше ништо од сето ова, а јас погледнав неколкупати кон гробот каде што, како што рече татко ми, се наоѓаше нашата мајка. Останавме тројцата – татко ми, Ели и јас.

...Беше чудно како човек се навикнува на се, па дури и на ова најстрашното што ни се случи. Во шаторот имаше два душека.

На едниот спиевме јас и Ели, а на другиот татко ми.

Несреќата што го снајде градот се расчу низ целата земја. Од сите страни пристигнаа алишта, храна и лекови.

По неколку дена дојдоа роднините на мама. Не знам како издржав тој ден. Постојано се тажеше и плачеше. Толку многу, што ми доаѓаше да побегнам некаде каде што нема никој и ништо. Сестрата на мајка ми, нашата тетка, остана со нас неколку дена, но мораше да си оди, бидејќи живееше во друг град.

Во тие денови храната ја добивавме речиси готова, така што околу јадењето немаше што да се прави. Во паркот спроведоа чешми и вода можеше да се зема од нив и за перење. Наскоро се организираа и кујни од каде што се добиваше топла храна.

Ели се повеќе го чувствуваше отсуството на мама и често и долго плачеше по неа, просто тагуваше.

– Мама е папа, ќе си дојде, ќе и донесе на Ели играчка, – се обидував да ја залажувам кога бев сама со неа. Навечер, пред да заспие, бидејќи тогаш најмногу плачеше, и раскажував приказни наместо мама. Таа беше навикната така да заспива. И сега се сеќавам дека инстинктивно ги избегнував приказните во кои се раскажуваше за лошите маќеи, за волшебното огледало, за Ивица и Марица, за Црното кравајче и Пепелашка... Не знам зошто, уште од мала, кога мама ми ги раскажувала тие приказни, јас не ги сакав. Не сум сакала да слушам за тие лоши жени, а божемни мајки...

Ели заспиваше припикната до мене. Јас, иако не многу голема, и бев некаква закрила, сега, кога ја немаше мама. Дење и тато често ја земаше в раце и повеќе часови поминуваше со неа.

Речиси избегнувавме да се погледнеме право в очи со татко ми, зашто знаевме каква болка ќе откриеме таму, колку неисплакани солзи. Можеби подобро беше што не остана ни станот, ниту нешто од него. Се таму потсеќаше на мама, на нејзините раце.

Слушнав од разговорите меѓу татко ми и тетка Рајна дека брзо ќе се изграделе некакви дрвени бараки, за тие на кои сосем им се урнаа куќите. Дека и нам ќе ни дале една од нив за живеење.

Кон сето тоа бев рамнодушна.

Деновите минуваа немилосрдно.

– Во кој шатор велиш дека живее Христина Петровска? – чув едно утро како некој го изговара моето име и презиме покрај шаторот. Тукушто се бевме разбудиле. Машкиот глас што го чув беше непознат. Татко ми веднаш стана, брзо се облече и излезе надвор.

– Вие ли сте татко на Христина?

– Не знам дали мислите на мојата ќерка, да, јас имам ќерка Христина,– се чудеше и натаму татко ми. – Простете, јас сум новинар, и чув од вашите соседи за нејзината храброст. Точно ли е дека Христина, как о што ми раскажаа, вашето девојче, било само во станот во моментот на земјотресот и, истрчувајќи на скалите, ризикувајќи да го загуби животот се втурнала назад во станот и бестрашно го спасила и своето двегодишно сестриче. Би ве молел да ми дозволите да напишам нешто за неа и да ја фотографирам.

Иако не го гледав, чувствував дека татко ми е збунет и дека во целата наша несреќа со мајка ми, никому не му падна на памет

– во тоа, што јас ја изнесов Ели од сета таа стравотија што паѓаше и се уриваше, да гледа некакво посебно јунаштво.

Едноставно, чувствував со целото свое битие и сега, дека не би можело да биде поинаку, па макар и двете да останевме под урнатините на куќата. Се разбира, тоа тогаш го направив несвесно, по инстинкт, и тоа – само така – може да биде и кога би се повторило кој знае колку пати.

Кога ја подадов главата од отворот на шаторот за да го видам непознатиот човек, татко ми на неговото прашање рамнодушно ги крена рамењата. Верував дека ни нему, а и мене, не ни беше дошло до никакво фотографирање. Најверојатно овој непознат човек не знаеше за нашата страшна трагедија со мајка ми. Тој ме фотографира во моментот кога излегов од шаторот и запиша некои работи: дека учам одлично и колку години имам. Јас не можев да издржам и му кажав за тоа дека ја загубивме мајка ми, а тој не се изненади, очигледно знаел за тоа и ме прегрна охрабрувачки.

Бевме речиси заборавиле на тој човек кога еден ден пристигна поштар и донесе неколку списанија на наши и туѓи јазици. На сите тие книги се наоѓаше мојата фотографија и името и презимето, како и по неколк у зборови за моето херојство.

Не помина една недела кога од сите страни почнаа да пристигнуваат прекрасни кукли, подароци и писма од непознати деца. Во нив на најтопол начин беа испишани изрази на сочувство, како и покани заедно со моето сестриче да станеме членови на нивните семејства. Колку добри, колку чисти големи срца! Колку многу исплакав над тие писма и подароци, и колку писма благодарни напишав заедно со тато.