Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Vistinata za Egejska Makedonija

ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 07

By Христо Андоновски · Part 18 of 19 · About 20 minutes

107, уапсени - 365, малтретирани - 1650, полудени од малтретирање - 5, обесчестени жени и девојки - 63, испразнети три села, изгорени 110 куќи и 406 плевни, бомбардирани - 28 села, опљачкани 412 куќи, ограбен 1840 глави ситен добиток и 462 глави крупен добиток. (В. “Единство”, орган на Окружниот одбор на НОФ за Костурско, јануари 1948 година).

Десничарските националистички банди и натаму неконтролирано ги блокираат македонските села, убиваат мирни граѓани, ги пљачкаат нивните домови. Еве неколку примери:

На 17 јануари 1948 година десничарската банда од село Драгоманци го блокира селото Луковиц, од каде уапсија 13 лица и од нив убиени без никаков повод и без судење: Петар Џопов и Андон Карабатаков. Од село Цакони од малтретирање во участокот во гратчето С’боцко полуде Димо Сребренов, кој подоцна и умре. Од sверско тепање умреа и Ито Тошавчаров и Божин Самарџиев. Пролетта од истата 1948 година од село Цакони се уапсени други шестмина со предавството на секретарот на Окружниот одбор на Земјоделската партија (АКЕ) Јанис Григоријадис - Флорос, кои подоцна од воениот суд во градот Бер се осудени на смрт и егзекутирани. Тоа беа:

Лазо Цакончев, Ѓорѓи (Гуши) Цакончев, Ѓорѓи Пецов, Ѓорѓи Итов Балтаков, Ѓорѓи Василев Балтаков, Младен Попдимитров, Ѓорѓи Димитриев Хаџиев и Димитар Сатчиев беа sверски и маченички ликвидирани без потоа да им се најде трагата. (Нека се забележи за Историјата, дека родителите на повеќето од овие луѓе во март 1907 година на ѕверски начин беа масакрирани од една мешана турска и грчка андартска банда заради нивната активност во борбата на македонскиот народ за национално ослободување).

На 25 февруари 1947 година наоружани цивили и војници го нападнаа селото Лаген, Леринско, при што го опљачкаа.

Опожарија 16 плевни и куќата на Евдокија Иванова и силуваа една девојка.

Во Ениџе-Вардарско и Гуменџиско бандата на злогласниот Скордас, предводена од кметот на селото Калиница, Гарапис, и Влаот од селото Пласничево (Крија Вриси), Аргир, стана страв и трепет за мирното македонско и грчко население од овој крај.

Наоружани цивили и џандари со камшици в раце викаа:

“Бугари ќе умрете!” “Такво понижување никогаш досега не доживеа нашиот народ” - се вели во извештајот на Окружниот одбор на НОФ за Ениџе-Вардарско, поднесен на Првиот пленум на Главниот одбор на НОФ на 20 мај 1947 година. Во продолжение на истиот документ се вели:

“Безработноста и економската криза се неподносливи за народот кој преживува уште еден страшен период како оној од 1941-42 година. Во Ениџе-Вардар по убиството на окружниот секретар на НОФ, Тодор Дојчинов – Морава (март 1947 година)

создадена е една страшна ситуација.

Цели села се ликвидирани, а воените судови во Бер, Лерин, Кожани и други градови на Македонија секој ден издаваат смртни пресуди... Теророт, впрочем има достигнато кулминација”.

Уште во пролетта од 1947 година насила се испразнети од своите жители стотина села. Само во Негушка околија се испразнети 17 села и тоа: Горно Сели, Долно Сели, Куцуфљани, Трасилово, Голема Река, Јанаково, Неа Странџа, Рупан, Аркудохор, Чернево, Јаворница и Турско Село. Ваквите, впрочем, ригорозни мерки на непријателот не можеа да останат без негативен ефект врз моралот на населението. Од летото 1947 година ДАГ се повеќе ќе ја губи врската со населението, ќе се отежнува неговото снабдување со храна, ќе се прекинат и замрат врските на известителната мрежа, а прашањето за резерви во борци подоцна ќе стане фатално за оруженото демократско движење.(ДАГ).

Имајќи ги предвид сите горенаведени факти, може да се дојде до логичниот заклучок, дека Првиот конгрес на НОФ се свикуваше со цел пак оваа организација, односно македонскиот народ уште повеќе да се мобилизира и, речиси, единствено таа да ги реализира решенијата на Третиот пленум на ЦК КПГ што се однесуваа до резервите на борци на ДАГ. Велиме дека единствено НОФ требаше да го решава тој проблем, бидејќи во тоа време се повеќе стануваше сознание дека најблагопријатниот период за масовно мобилизирање на борци пред се од бившите борци на ЕЛАС остана неисползуван, а грчкиот пролетаријат од градовите не само што остана апатичен спрема апелот: “Сите на оружје - се за победата!” туку голем дел од тој пролетаријат претпочита да отиде во интернација, отколку да излезе в планина. Нашето тврдење го потврдува и самата Резолуција од Првиот конгрес на НОФ, во која дословно стои: “Целиот македонски народ, мажи и жени да стапат во редовите на ДАГ. Сите и со сите средства да помогнеме да се задоволат потребите и да го помогнеме делото на ДАГ.

Словеномакедонката може и треба да вложи уште повеќе сили за засилување на ДАГ. Масовно да стапи во нејзините редови...” (Оригиналот на грчки јазик се наоѓа во архивата на авторот).

За реализирање на овој дел од споменатата Резолуција во текот на 1948 година од страна на ДАГ се мобилизирани сите кадрови на НОФ, жените на македонските борци од ослободената територија на Егејска Македонија и тие беа насила мобилизирани во ДАГ, а дури од детските домови во некои народни републики некои згрижени деца на 14 и 15 годишна возраст и тие беа мобилизирани за да го решат проблемот на резервите.

Излишно е да се истакнува посебно дека да се стават насила недораснати деца да се борат против комплетно извежбаните монорхофашистички војници од регуларна војска, или пак да се водат на фронтот жените на борците Македонци, кои повеќе години се наоѓаа во редовите на ДАГ и да се остават нивните домови да запустат, тоа беше акт злосторнички, насочен посебно против македонскиот народ.

Раководството на КПГ, од друга страна, го искористуваше конгресот за да ги уфрли во редовите на Организацијата НОФ и во самиот Главен одбор како Тројански коњ своите луѓе, кои во годините на затегнатите односи на НОФ со КПГ (1945-1946 година) се имаа истакнато како најогорчени противници на македонската организација. На тој начин НОФ наполно ја губеше својата независност и се претворуваше во послушен орган и само како инструмент за вршење на задачи на КПГ и ДАГ. Атаката против НОФ е повторена на Првиот пленум на Главниот одбор на НОФ од 8 август 1948 година, кога под изговор на фракционашка борба во раководството на НОФ беа отстранети дотогашниот претседател Мих. Керамитчиев и секретарот на Главниот одбор Паскал Митревски и на нивно место беа кооптирани Ставре Кочевски за секретар и Вангел Којчев за претседател на Главниот одбор на НОФ, и двајцата одамна познати противници на НОФ и на движењето за национални права на Македонците.

Во ист дух и со истите цели како и Конгресот на НОФ, на 29 април 1948 година беше свикан и Првиот Конгрес на АФЖ, со што требаше да се постигне тотално обврзување на оваа организација на Македонките за исполнување решенијата на Третиот пленум на ЦК КПГ за обезбедување резерви за ДАГ од самиот македонски народ. Ова го засновуваме врз жалосната констатација дека во тоа време КПГ се наоѓа во полна изолација од грчкиот пролетаријат и постоењето на ЕАМ (Коалиција на левите демократски партии и организации) е само номинално.

Таа изолација на КПГ е зголемена и со актот на формирањето на Привремената демократска влада на 23 декември 1947 година, кога во нејзиниот состав влегуваа раководители на КПГ, додека Македонците и нивната организација требаше да се задоволат само со едно неодредено ветување, дека при ПДВ ќе се формира во догледно време и Дирекција за малцинства, што никогаш и не се реализира.

1. Епопејата на Грамос и Малимади. - IV пленум на ЦК КПГ Кон средината на 1948 година грчката влада со обилната американска помош решавачкиот удар против ДАГ го подготвува на македонски терен. Претходните операции на големата битка на Грамос, забележани на Пелопонез, Румели и Епир беа од второстепена важност, со цел да се спречи мобилизацијата на нови борци и се заковат на место тамошните единици на ДАГ.

Непријателскиот план за решавачкиот потфат на Грамос во главни црти е следниот:

1) Продолжување со насилното евакуирање на селата што се наоѓаат во близина на планинските масиви, со цел потполна изолација на ДАГ;

2) Формирање на месни воени формации (национална гарда) за чување на градовите, сообраќајните јазли и другите воени објекти, со што би и се овозможило на регуларната војска слободно да се посвети на операциите против ДАГ.

3) Засилување на теророт во териториите под владина контрола со цел наполно да се ликвидираат политичките организации на Движењето на отпорот;

4) Изведување на операции од ограничен обем за да се спречат акциите на ДАГ за мобилизација на нови борци и за да се истошти ДАГ пред решавачкото пресметнување.

5) Интензивно вежбање на редовните единици, изградба на нови воени објекти во близина на главното воено боиште (Американците за таа цел изградија големи аеродроми за тешки бомбардери во Солун, Кожани и Кавала во Македонија).

Главна цел на владините сили: разбивање на главните сили на ДАГ на подрачјето на Северен Пинд (Грамос) и истиснување на остатоците на ДАГ кон северните соседни земји и на тој начин завршување на граѓанската војна во Грција.

Намерите на Врховната команда на регуларната војска за решавачката битка на Северен Пинд, секако не останаа тајна за Главниот штаб на ДАГ, кој презема паралелни потези, кои можат да се резимираат во следните точки:

1) Да се заковат главните сили на непријателот пред организираните одбранбени позиции на ДАГ на овој планински масив, со што би им се дало време на нејзините единици во други подрачја да развијат поголема активност;

2) да се истоштат главните оперативни сили на противникот и

3) во судбоносниот момент ДАГ да премине во контраофанзива и со ликвидирање на противникот да ја ослободи земјата.

Тука, впрочем по прашањето на тактиката и стратегијата на ДАГ во квечерината на големата битка од 1948 година, разијдувањата меѓу генералниот секретар на КПГ Захаријадис и генерал Маркос се заоструваат до големи размери и ја достигнуваат својата кулминација со отстранувањето на генерал Маркос од функцијата врховен командант на Главниот штаб на ДАГ и претседател на ПДВ во ноември 1948 година.

Гледиштето на генерал Маркос, ДАГ да не се ангажира во држењето на постојани одбранбени позиции, туку напротив, при дадената ситуација да се засили партизанското војување, тоа беше оквалификувано како застарена форма на војување во современите услови и отфрлено од Захаријадис и неговите приврзаници во ЦК и Главниот штаб. Според Захаријадис, ДАГ е веќе регуларна војска на која можат да и се доверат и акции и задачи како на регуларна армија.

Генерал Маркос остана и натаму на своето гледиште во оценката за ДАГ. И на VII Пленум на ЦК КПГ во 1957 година тој истакна дека “ДАГ не можеше да се претвори во редовна армија само со говори и статии, со проста желба и со називот на редовна војска. И ставот за цврсти одбранбени позиции и називот на регуларната војска на Захаријадис не само не фрлаа во тактика на одбрана и на постојани позиции, туку тоа почна да создава и страшни опасности за самото постоење на оруженото и демократското движење на отпорот воопшто”.

(Сп. “Неос Космос”, април-мај 1957 година, стр. 60). Меѓутоа, како што рековме надвладеа ставот на Захаријадис и ДАГ ја прифаќаше борбата на Грамос, која траеше повеќе од два месеца. Соодносот на силите беше десет према еден во однос на људството и педесет према еден во поглед на материјал и воена опрема во полза на владината војска.

На Грамос беше напишана една вистинска епопеја од борците на ДАГ. Непријателот претрпе големи загуби: 5.125 мртви, 16.000 ранети, 439 заробени, 98 доброволно предадени, 1.200 дезертери, соборени 35 авиони, уништени 18 тенкови и 5 топови. Во борбите на Грамос беа ангажирани 23 бригади со вкупно 70.000 војници, 100 артилериски орудија, повеќе тенкови и целата авијација, што значи дека непријателот во овие борби фрли околу 100.000 војници против околу 10.000 борци на ДАГ, кои имаа на располагање само лесно оружје и 15 стари брдски топови.

Владината војска по два месеца, навистина, стана господар на Северен Пинд, но не успеа и да ја сотре ДАГ и покрај фактот што и таа претрпе големи загуби. Грамос неоспорно претставуваше успех на ДАГ, платен со големи жртви. Меѓутоа, тој успех сепак не отвори и перспективи за ликвидирање на непријателот и за заземање на власта. Заслужува да се истакне успехот на ДАГ со успешниот маневар од 21 август 1948 година, кога нејзината главнина го избегна главниот непријателски удар и се повлече на Вич Планина и на Малимади.

На секторот на Малимади непријателот употреби четири пешадиски бригади со тенкови и авијација и на 2 септември отпочна напад. Меѓутоа, владината војска тука претрпе тешки загуби, при што цела една дивизија беше десеткована и нејзините остатоци во панично бегство се повлекоа кон реката Бистрица и градот Костур.

Генералот во резерва Дим. Зафиропулос во својата книга “Антибандитската војна 1945-49” со ретка објективност признава дека владините сили на секторот “Рабатина” и “Бучи”, на планината Малимади биле целосно сотрени од директните погодоци на артилеријата на ДАГ. Настаните на Малимади одиграни на 10-12 септември 1948 година се изнесени и на јавното судење во Атина на 19.Х.1957 година, кога тужителот, генерал Василопулос во својата аргументација против авторот на книгата “Антибандитската војна 1945-1949” Зафиропулос, признава и самиот дека како командант на единицата што го претрпе поразот имал можност да биде сведок на паниката од која биле обземени војниците, кои на двапати го напуштиле својот командант и тој бил принуден да издаде заповед да се убива секој војник што ја напушта својата позиција, но дека тие негови наредби не биле извршени. Tој објаснува дека повлекувањето било диктирано и од фактот што баталјоните се раслојувале еден после друг.

Сведокот на споменатото судење, потполковникот Г. Факирис изнесе дека поразот на планината Малимади се должи на нискиот морал на војниците и на загубите што изнесуваа околу 50 отсто (В. “Македонија од 19.10.1957 год.) под насловот:

“Започна судењето на двајцата генерали”.

И двете големи операции на Грамос и на Малимади се одиграа на територијата на Западна Македонија, каде населението масовно се стави на располагање за помош на борците од првите борбени линии и позадината. Организациите НОФ, АФЖ, НОМС, одборите на народните совети беа наполно мобилизирани во пренесување на муниција, собирање на храна за борците, во пренесување на ранети, а илјадници други како мажи и жени, изложувајќи ги своите животи на опасност од непријателската артилерија и авијација, деноноќно работеа на правењето окопи и други одбранбени објекти за ДАГ, на линијата од “Бела Вода” на границата спрема Југославија се до планината Малимади и Вич на југоисток. Таквиот придонес и жртвите што ги поднесоа Македонците, во овој период со своето масовно учество во НОБ не можеше да не биде признат и на IV пленум на ЦК КПГ, одржан на 28 и 29 јули 1948 година додека уште траеја борбите на Грамос.

Во резолуцијата од овој пленум се констатира:

“Пленумот го потцртува особениот придонес на македонскиот народ во општото дело на слободата. Учеството на македонскиот народ во Народно-ослободителната борба е сенародно и тотално. Со оваа негова борба македонскиот народ го изградува цврсто својот слободен и рамноправен живот, со крвта на своите синови и ќерки ја извојува и осигурува својата народнодемократска иднина...” (В. “Непокорен,’, бр. 12 од 23.VIII.1948 година).

И на IV пленум на ЦК КПГ се истакнува како императивна задача создавањето на резерви на ДАГ, за што по неколку дена од одржувањето на Пленумот, од страна на ПДВ е дадена директива за мобилизација и на девојките и жените од ослободената територија. Со оваа мерка директно беше погодено македонското население, бидејќи на слободната територија во Леринско и Костурско се наоѓаа единствено македонски села. Мобилизирањето на жените чии мажи се наоѓаа во ДАГ, како и мобилизацијата на малолетни деца од детските домови што се наоѓаа во некои народни републики, поразно дејствуваше на борбениот морал на борците, кои веќе стануваа свесни за фактот дека ДАГ не може да се надева на обезбедување резерви од градскиот пролетаријат, дека КПГ одамна го има изгубено авторитетот во масите, кои повеќе не веруваат во револуционерната и авангардна улога на КПГ.

“Захаријадис - рече Петрос Русос на VII пленум на ЦК КПГ - ја фрли Партијата во втората оружена борба без широките маси.

Меѓутоа, политиката без масите е авантуристичка политика”.

(Сп. “Неос космос” април - мај 1957 година, стр. 91).

Појавата на дезертерства од редовите на ДАГпосебно есента од 1948 година не се должеше на ништо друго освен на погрешната политика на раководството на КПГ во однос на курсот од оружената борба во Грција. Захаријадис за да ја демантира платформата на Маркос Вафијадис за партизанското војување во земјата при конкретните услови, бидејќи според Маркос, дејствувањето на ДАГ како регуларна војска е катастрофално за оруженото движење, зимата од 1949 година го наредува изведувањето на низа напади против градовите Карпениси, С’боцко, Воден, Лерин, Негуш и други градови, со цел да се мобилизираат нови борци и да се докаже правилноста на неговата концепција. Но, сите овие борби го доживуваа епилогот на поразот. Овие пирови победи во Карпениси и Негуш, или поразите во Лерин, С’боцко и Воден имаа како резултат ДАГ да се враќа на своите бази десеткуван, а од насила мобилизираните лица како по правило повеќе од половината дезертираа уште пред да стигнат во базите за обука.

2. Петти пленум на ЦК КПГ - Втор конгрес на НОФ И на петтиот пленум на ЦК КПГ, што се одржа на 9 јануари 1949 година, тогашниот генерален секретар на КПГ, Захаријадис, како и на предходниот пленум го наложува својот личен став, имено ДАГ фронтално да ги одмери своите сили со регуларната владина војска за урнување на буржоаскиот режим и заземање на власта. Исфрлената парола дека “1949 година ќе биде година на победата, гробница на монархофашизмот и на американократијата” и натаму ќе ги залажува борците и народот на слободната територија, од кого ќе се бараат уште многу жртви. На овој пленум е извршен еден акт на обманување и залажување на македонскиот народ од Егејска Македонија. Во моментот кога веќе и секој лаик знаеше дека се приближува неминовниот пораз на ДАГ, Захаријадис го изменува поранешниот став на КПГ по македонското прашање.

И наместо “ромноправност на малцинствата кога КПГ би дошла на власт”, сега се истакнува ставот за “Национално самоопределување на Македонците”. Конкретно, по ова прашање во Резолуцијата од Петтиот пленум на ЦК КПГ од 30-31.1.1949 година се вели:

“Во Северна Грција македонскиот (словеномакедонскиот)

народ даде се за борбата и се бори со вонреден хероизам и саможртва што предизвикуваат восхит. Не треба да постои никакво сомневање дека, како резултат на победата на ДАГ и на Народната револуција ќе биде македонскиот народ да го реализира своето полно национално воспоставување онака како што тој самиот сака и за кое тој денес ја лее својата крв...” (Грција на патот кон победата пред судбоносниот завој Петти пленум на ЦК КПГ, стр. 20).

Еден ваков став по македонското прашање, кој наполно е во склад со марксленинистичките принципи по националното прашање е сосем на место. Но тоа би било искрено поздравено да се појавеше во 1941 година, кога започнуваше Движењето на отпорот против окупаторот и раководството на КПГ, бидејќи само со таков револуционерен став по македонското прашање ќе го привлечеше целиот македонски народ на своја страна и во редовите на самото Движење на отпорот; тој став, што можеше единствено да ги привлече Македонците одговараше на нивните вековни стремежи и идеали. Меѓутоа, да се заземе таков став во најкритичната фаза за Борбата, во 1949 година, кога се губеа сите надежи за победа на демократските сили во Грција, тој потег, впрочем, тешко можеше да се разликува од една демагогија, со која се гонеа сосем подруги цели од она што беа желбите и вековниот идеал на македонскиот народ. Овие наши сомневања ќе ги потврди малку подоцна пленумот на Главниот одбор на НОФ, што се одржа само три дена по Петтиот пленум на ЦК КПГ и на кој е донесена, благо речено, една скандалозна резолуција, во која се велеше:

“Вториот конгрес на НОФ ќе биде конгрес на прокламирање новите програмски начела на НОФ, начела што се вековна желба на нашиот народ, ќе го прокламира обединувањето на Македонија во една обединета, рамноправна и народнодемократска федерација на балканските народи, што ќе биде награда за неговите долгогодишни крвави борби...” (В.

“Непокорен” февруари 1949 година).

Фактот дека прв бугарскиот весник “Труд” ја прифати и поздрави оваа резолуција, говори дека на овој пленум, во чии заткулисни подготовки одигра главна улога делегацијата на БРП (к), по сугестијата на Захаријадис беше прифатен ставот на БРП (к) по македонското прашање за обединета и независна македонска држава во рамките на една балканска федерација.

Што, впрочем значеше сето тоа? Се игнорираше постоењето на извојуваната со крв Народна Република Македонија во рамките на југословенската федерација, и се усвојуваше ставот на БРП (к), која со излегувањето на Резолуцијата на ИБ во јуни 1948 година на Македонците во Пиринска Македонија им го оспоруваше правото на одделна нација и национални права, ја повампируваше великобугарската теорија за “бугарштината во Македонија”, а што е уште за поголема осуда, создавањето на таа “обидинета македонска држава” се обусловуваше со формирањето на народнодемократска федерација на балканските народи. Што значи, дека доколку не дојде до формирање на таа федерација Македонците не можат да очекуваат создавање на своја држава, па макар колку жртви би поднеле тие за реализирање на своите идеали.

Со ваквата демагошка парола, свртена пред се против веќе постојната македонска држава (НРМ), Захаријадис, се обидуваше на Македонците од Егејска Македонија да им го внуши сфаќањето дека КПГ е за самоопределување на Македонците, но дека Југословените се оние што тоа го саботираат. Малку подоцна и Захаријадис и целиот пропаганден апарат на Коминформот поразот на ДАГ во Грција ќе го оправдува со наводното ренегатство на Тито, со измислениот удар зад грбот на ДАГ и какви не други инсинуации. Дека се беше добро замислено поразот да и се припише на Југославија, говори и тоа што не случајно во пролетта од 1949 година масивот на планината Вич кој граничи со Југославија е наречен “бедем” на слободата и “гроб на монорхофашизмот”, кога и за лаикот по воените прашања беше сосем јасно дека Вич е планина многу достапна за тенковите и блиндираните коли со кои во изобилство располагаше владината војска. Но, токму граничењето на Вич со Југославија беше неопходно за да може на нешто да се засновува целата подоцнежна клеветничка кампања против Југославија за наводниот удар зад грб, што бил фатален за исходот на борбите на ДАГ.

И вториот конгрес на НОФ, свикан во март 1949 година беше искористен за напади против Југославија, која наводно дејствувала непријателски спрема ДАГ, со што постепено се подготвуваше јавното мислење дека единствено Југославија е одговорна за поразот на вооруженото движење во Грција. Во таа нечиста работа беа искористени имиња со светски авторитет како Жан Касу, Кони Зилјакус и други.

За пропагандни цели и за да се разбијат и самите Македонци, да се намали значењето на веќе постојната македонска држава во рамките на југословенската федерација, со тоа да се намали и авторитетот што то имаше стекнато КПЈ среде Македонците и во Егејска Македонија, која најреволуционерно и марксистички го реши македонското прашање, летото од 1949 година е формирана одделна македонска партиска организација под грчките иницијали КОЕМ (Комунистичка организација на Егејска Македонија). КОЕМ веднаш беше искористена во кампањата против Југославија, каде “нашле азил и предавниците на македонскиот народ од Егејска Македонија, Гоче, Керамитчиев, и други”. (Види Резолуција на КОЕМ).

Во меѓувреме на меѓународен план советската дипломатија се обиде преку Обединетите нации и преку контакти со Вашингтон, Лондон и Париз да го спречи тоталниот пораз на ДАГ, предлагајќи преговори меѓу грчката влада од Атина и ПДВ. Атинската влада, која беше свесна за својата супериорност и за моментниот сооднос на силите во своја корист на бојното поле, не ги прифати тие преговори, барајќи потполна и безусловна капитулација на ДАГ.