Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Vistinata za Egejska Makedonija

Front Matter - Part 03

By Христо Андоновски · Part 3 of 19 · About 18 minutes

Друг пионер на словенската писменост во Серско бил архимандритот Исаија, кој од 1851 до 1856 година учителствувал во с. Трлис, а подоцна во Неврокоп и Серес.

Исаија со словенскиот јазик и писменост се запознал во духовното училиште во Халки (Цариград) кај Неофит Рилски.

Неговото сесрдно залагање за просветување на неговите сонародници на жив мајчин јазик му предизвикало големи потешкотии, од што и умрел 1878 година во неопишана беда.

Друг еден народен учител, Н. Иванов во с. Ковачница, освен учителската должност во училиштето, често држел и предавања на македонски јазик. Во неговата лична архива биле сочувани две од тие предавања напишани на популарен јазик на месното наречие. (Ангел Даскалов “Из минатото на Неврокопско...” Македонски преглед, година VII, кн. 1, стр. 98).

Во Неврокоп по иницијатива на самите учители и по примерот на грчкиот Силогос од Серез, било организирано учителско друштво, во кое во првата година, 1874 година, биле запишани 30 члена. Друштвото примало членски внос од учителите, а било потполнето и од граѓанството.

Просветното дело во подоцнешните години освен во Неврокопско се проширило и во големите села - Плевна, Драмско, Просечен, Скрижево, Зихненско, Горно Броди, Серско, Крчово и Крушево, Демир Хисарско, Старчишта итн.

Мнозина од позамошните ученици од Источна Македонија го продолжиле своето учење како стипендисти во Москва, Одеса, Софија, некои во Швајцарија и Белгија. Во учебната 1906-1907 година само во Неврокопската каза биле отворени едно класно училиште со 3 учители и 65 ученици и 42 основни училишта со 58 учители и 2.980 ученици. Училиштата биле издржувани од приходите на црквите од неподвижните имоти и од создадени капитали на културно-просветните установи.

5. Културно просветното движење во Западна Македонија Селото Tрсје прегрнато во пазувите на легендарната Вич Планина не можело да им обезбедува поминок на своите жители и тие како одлични дрводелци и ѕидари оделе уште од многу одамна во Света Гора на печалба. Tаму работеле по цело лето на манастирските имоти, а зимата ја поминувале при своите фамилии. Некогаш со трсјанските печалбари заминал и младиот Tрајко поп Анастасов, кој меѓутоа, не останал како дрводелец, туку ја облекод монашката облека и се посветил на монашкиот живот.

Минувале годините и младиот Tрајко скоро бил и заборавен, кога еден ден од 1864 година во Tрсје пристигнал калуѓерот дедо Герасим. Тоа е монашкото име на Tрајко поп Анастасов.

Последните години од својот живот дедо Герасим сакал да ги посвети во служба на своите сонародници и неговата благородна замисла била, селските деца да ги научи да читаат и пишуваат на својот мајчин јазик. Со својата заштедина од Света Гора и со помошта на своите соселани Отец Герасим соградил нова црква, во која сите натписи и икони биле напишани на словенски јазик. По изградбата на црквата дедо Герасим сакал да исполни уште една своја желба - да изгради народно училиште. Во 1866 година до црквата се издигнало и училиштето во селото Tрсје, кое било и првото македонско училиште во цело Леринско. Монахот Герасим бил првиот учител, кој ги запознал со словенска азбука не само децата од своето родно село, туку и од околните. При немање учебници на македонски јазик, дедо Герасим своите ученици ги учел на црковно-сдовенски јазик, служејќи се со текстови од Псалтирот, Службеникот, Требникот, апостолот и од Евангелието. Десетина од учениците на Отец Герасим подоцна станале свештеници и учители.

Пламенот што со себе го донел од Света Гора скромниот монах од планинското село Tрсје, малку подоцна го зафатил цело Леринско. Во преродбата и националното будење на овој крај многу придонеле и двајцата браќја од Леринското село Пателе, д-р Константин и Панарет Мишајкови. На нивната неуморна агитација се должи поставувањето на темелите од македонското учебно дело и отворањето на словенски цркви во повеќе села од Леринско.

Во народното движење предничат селата: Неволјани, каде била изградена импозантна двокатна зграда за училиште, Екши-Су, каде покрај многубројните училници имало и убава сала за приредби, во Буф, Зеленич, Песошница, Пателе, Баница, Воштарани и Попожани.

Во самиот град Лерин на чело на духовната борба на Македонците застанал свештеникот Константин Гулапчев со првенците: Димуша, Васил Караџатев, Јанаки Канев, Коце Хаџистојков, Нуне Гражов, фамилијата Бојаџиеви, Кирковци, Зафирови и некои други побудни македонски фамилии. Првиот словенски параклис бил приспособен во куќата на родољубецот поп Константин Гулапчев, а по извојувањето на султанскиот ферман, леринските првенци ја соградиле и црквата “Св.

Пантелејмон”.

Во 1910 година со средства од самите граѓани (биле собрани 810 турски лири и 60 наполеони) на местото на македонското училиште - за кое немаме точни податоци кога било отворено, била изградена нова училишна зграда со убави училници и интернат.

Како плод на 40-годишната борба и опасности за извојување на духовни права, во Леринско биле изградени и отворени 46 цркви и 3 манастири, во кои се служело на словенски јазик и отворени македонски училишта во селата: Ајтос, Арменор, Баница, Буф, Воштарени, Врбјани, Горно Невољани, Долно Котори - Екши-Су, Забрдени, Зеленич, Крушоради, Нерет, Песошница, Петерско, Попожани, Прекопана, Пателе, Tрсје, Церово, како и во градовите Лерин и Сорович, кои работеле се до Балканските војни од 1912-1913 година.

Заради историјата нека биде забележано, дека во селото Tрсје било отворено првото македонско училиште, а во Tрсје на 20 мај 1901 година пукнала и првата осветничка пушка во Леринско, што го дала сигналот за вооружената национално-ослободителна борба во овој крај на Македонија.

Во Костурско, каде како што споменавме, националното културно-просветно движење било разгорено од учителот Ѓорѓи Динката, на 17 октомври 1869 година во градот Костур била организирана голема демонстрација, при што бил нападнат станот на грчкиот владика. Демонстрантите околу 400 на број работници и занаетчии, барале на местото од грчкиот да биде назначен словенски владика.

Кон деведесеттите години од минатиот век и во Костурско јасно се искристализирало едно движење за отстранување на влијанието на Егзархијата во македонските училишта.

Конкретно во 1892 година во Костур бил направен обид за воведување на македонскиот јазик во училиштата. Бил организиран специјален состанок на кој учествувале шест учители. Костурската црковна општина го донела решението под број l7 од 22 август 1892 година, со кое се одобрувало воведувањето на македонскиот јазик во училиштата. Во самото решение се велело дека учителите ќе состават програма за предавање на македонски јазик, како и граматика, исто така на македонски јазик. Со оваа програма би биле опфатени и училиштата во селата Маврово, Личишта, Тиолишта и Шестеово. Општината донела решение македонскиот јазик да се воведе и во црковната администрација. Српскиот конзул во тоа време во Битола Дим. Боде споменува во своите писма до Министерството за надворешни работи во Белград, дека освен граматика комисијата составила и македонски речник.

Од костурските македонски училишта излегле ученици кои подоцна своето школување го продолжиле во Солун и во други места, а мнозина од нив како Лазо Поптрајков, Пандо Кљашев, и други подоцна ги напуштиле своите училишта и застанале на чело на македонското национално ослободително движење во Костурско.

6. Судрување на македонските и бугарските интереси Неколку години уште пред формирањето на бугарската Егзархија групата бугарски дејци по црковното прашање во Цариград како и луѓето од цариградското бугарско читалиште се обидувале движењето на Македонците за училиште и црква на свој македонски јазик, да го потчинат на интересите од бугарската национална буржоазија и на нејзините аспирации во Македонија.

Кон шеесеттите години од деветнаесеттиот век македонските родољупци и културни работници преку Солунската општина го изразувале своето спротивставување кон бугарските националистички интервенции и со тоа истовремено го афирмирале македонскиот јазик во училиштата и во јавниот живот на Македонија. Во колкави размери еволуира судрувањето се гледа од пишувањето на бугарските весници од тоа време, во кои македонските дејци од Солун се наречувани “стари” “назадни” “гркофили” и така натака. А тоа се токму оние македонски првоборци за создавање на македонска национална култура Држиловци, Паунчеви и други, кои први ја започнале борбата против фанариотите во Солун.

Солунчани отишле дотаму да ги отпуштаат од служба од солунските македонски училишта испратените од Цариград бугарски учители Бошков, Неделка и Станислава Петкова. При обидот на бугарската група од Цариград словенското одделение на весникот “Сељаник” - што требало да почне да излегува од Солун да се издава на бугарски јазик, солунските Македонци, настојувале тоа да биде на македонски јазик, зашто весникот бил орган на солунскиот вилает каде живееле покрај Турци, Грци, Евреи и Македонци. Во цариградска “Македонија” бил објавен остар напад против протагонистите за наложување на македонскиот јазик и против самиот македонски јазик. Во истиот весник “Македонија” (број 24 од 1868 година), еден дописник под потписот “Еден Македонец” станал во одбрана на постапката на солунските Македонци и на македонскиот јазик, за кој вели дека ги зачувал драгоценостите на Кирило- Методиевото писмо.

Бугарскиот учител Салганџиев, испратен од Цариград да ја спроведува бугарската национална политика во Солун, за отпорот на солунчани против бугарското влијание во Македонија, пишува: “Во тоа време (1868-1869) беше завеал оној ветер на одамна замислениот план од некои учители од Западна Македонија, според кој, македонската младина требало да се ограничи да учи и се развива исклучиво на македонското наречие и за таа цел беа започнале да издаваат и издадоа неколку учебници на тоа наречие, дел од кои беа складирани во магазата на еден од Бошковите гонители”. (* С. К. Салганџиев “Лични дела и спомени”, Пловдив, 1906 година, стр. 34.)

Во движењето за сопствена македонска култура и национален развиток посебен прилог претставувала и дејноста на македонските сепаратисти и учебникари од Јужна Македонија, Вењамин Мачуковски, од село Мачуково, Гевгелиско и Димитар Македонски. Првиот, по своето враќање од Русија каде бил на студии во 1869 година бил назначен уште истата година за учител во солунското општинско училиште.

Мачуковски составил “Граматика по македонското наречие” за да им овозможи на учениците во Македонија полесно да го изучуваат својот роден јазик. Споменатиот погоре Салганџиев по тој повод бележи: “Треба да забележам дека со заземањето на учителската должност од г. Мачуковски, секој велеше како родум Македонец новиот учител ќе ги задоволи претензиите на извесниот кружок - да се предава на учениците по македонското наречие...” (Исто таму “Лични дела и спомени”).

Гледајќи го општото расположение на Македонците да се ослободат од туторството на грчката црква, но и од бугарската Егзархија, која во меѓувреме била формирана (1870) и раководени од сосем подруги побуди, имено, да ги благонаклонат Македонците на своја страна, раководните центри на грчката и српската пропаганда во Македонија индиректно ја признавале посебноста на македонската народност и македонскиот јазик. Во тој поглед карактеристичен бил ставот на Цариградскиот грчки силогос, објавен во весникот “Марица” од 8 август 1878 година во интерпретација на еден солунски допионик. Tој став бил изразен вака: “Треба да се скрие омразата спрема заблудените населенија што држат схизматична етзархија; тие треба да се убедат дека целото население што живее во Македонија не е ниту бугарско, ниту грчко, туку македонско (подвлекол Х. А.) и дека во тоа опширно поле нема причина за омраза и за делба”.

Сличен бил ставот и на турскиот реформатор Митхад-Паша, кој во својата тенденција да ги оттргне Македонците од руското влијание, често пати како солунски валија го посетувал македонското училиште, во Солун; наредил да се раздели црковната каса во Воден меѓу гркоманите и другите Македонци, а отворено се застапил за барањето на Македонците да формираат македонска црква со реставрирање на Охридската архиепископија.

Носители на македонското движење во Србија во 80-тите години од деветнаесеттиот век покрај истакнатиот крушовчанин Деспот С. Баџовиќ бил и свештеникот од село Буф, Леринско, Костадин Трпковиќ. Во еден сочуван документ се споменува, дека поп Костадин се наоѓал на чело на македонското востание во Битолско и тој самиот за себе пишува: “Јас сум родум из села Буфа, округа Битолског у Македонији. Занимао сам се свештенством до 1860 година, а тада при покрету који је био управљен за ослобоѓење христијана испод јарма - био сам и ја у том устанку који сам прво место заузимао, а и по нашој несречи предузече није испало за руку, те така и ја допаднем у руке турске власти која ме осуди на вечиту робију...” (Архив на Српската патријаршија, Ф. Ј. бр. 7 од 7 септември 1878 година).

Костадин Трпков, меѓутоа, не бил само свештеник во село Буф.

Tој се пројавил и како иницијатор за отворање на првото словенско училиште во своето село. Училиштето во Буф треба да било отворено негде околу 1861 година. Таа истата година Трпковиќ или Трпков патувал за Белград, што го искористил да побара од Министерството за просвета на Кнежевството Србија да се снабди со просветен материјал. Неговата желба била задоволена со тоа што му биле дадени извесен број буквари, читанки, или вкупно 186 книги и школски материјал. (Државен архив на СР Србија, Министерство просвете, Ф. Х. 1612/1861).

Македонскиот сепаратистички дух јасно бил изразен и во еден друг документ. Во едно писмо со дата од 9.V.1888 година на тајниот Македонски комитет, што дејствувал во Софија, испратено до Деспот Баџовиќ од припадникот на македонистичкото движење Темко Попов, од Солун, се вели:

“Да не се лажеме Деспоте, националниот дух во Македонија до такво дереџе денеска е стигнал што и сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца оти тој е Б’лгарин или Србин, освен оние Македонци во кои веќе пропагандата б’лгарска се има вкоренено”. (Д-р Климе Џамбазовски “За некои национални македонистички тенденции на македонската емиграција во Србија кон крајот на 19 век”, во Гласникот на Институтот за национална историја, год. петта, стр. 171).

Виден македонски просветен деец од ЈужнаМакедонија кој со своите трудови најмногу ја истакнал македонската национална индивидуалност и теоретски ги побивал странските асимилаторски и денационализаторски пропаганди во Македонија бил Крсте Петков Мисирков, родум од село Постол, Ениџе-Вардарско.

Филолошките знаења на Мисирков му овозможиле научно да ја докажува и брани националната посебност на Македонците, нивниот јазик и специфичниот културен развиток, елементи што, покрај другото претставувале важни обележја на една нација. Мисирков во својата знаменита книга “За македонцките работи”, научно докажува дека имињата Србин, Грк или Бугарин, со кои балканската буржоазија ги крстела Македонците, биле дел од пропагандата на соседните балкански држави за остварување нивни заграбувачки аспирации кон Македонија. Излегувањето на книгата “За македонцките работи” посретната и прогонета со најголема свирепост од великобугарите и врховистичките кругови во Софија, бил еден од најсериозните документи што најаргументирано го објаснувал постоењето на македонската нација и јазик, означувајќи ја Македонија како посебна историска географска и етничка единица.

Целиот животен пат на Крсте Мисирков, поминат во емиграција во Русија и Бугарија, бил одбележан со пламена агитација преку научни предавања и публицистичка дејност околу македонската кауза. Во статијата “Македонски национализам”, објавена во весникот “Мир” од 25 март 1925 година, Крсте Мисирков остро го осудувал натпреварувањето на српската и бугарската пропаганда во Македонија, од што страдал само македонскиот народ. Tој, меѓу другото пишува:

“Бидејќи,од српоко-бугарските несогласија страдаме пред се, ние Македонците, наш долг е да бараме и најдеме средство и пат за помирување. Tој не тера да им кажеме и на Србите и на Бугарите: заборавете ја великосрпската и великобугарската идеја, откажете се од тоа да ни го натрапувате вашиот национален дух, во основата на кој лежи претпоставувањето на вашите интереси пред нашите”.

“Дајте ни да имаме свои национални македонски чувства и да создадеме македонска национална култура, како што сме го правеле тоа со векови, кога нашата татковина не влегувала во една држава со вашата...” Таму каде Мисирков најкатегорички се определува како Македонец бил оној дел од статијата, каде вели: “Сознанието и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се друго на светот. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Срби и Бугари”.

Процесот на оформувањето и растежот на македонската национална свест се гледа во сите дела на Крсте Мисирков. Tој во една статија објавена во весникот “Македонски голос”, издаван во Петроград од неколку македонски интелектуалци, меѓу кои Димитар Чуповски од село Папрадиште, Велешко, д-р Гаврило Константиновиќ од село Смрдеш, Костурско и Крсте Мисирков, вели: Време е да се потврди пред целиот свет дека во Македонија живее македонски народ, не српски, не бугарски и не грчки, дека овој народ има своја историја, свои национални достоинства, свои крупни историски заслуги во културната историја на словенството...” (“Македонски голос”, год. II бр. 10, стр. 14).

Маркантната фигура на Мисирков се истакнува поради тоа што тој во своето творештво најарно го изразил достигнатиот степен на националното освестување и афирмирање на Македонците.

(Лазар Колишевски: “Во историјата се ретки примерите на притисок каков што беше врз македонскиот народ за неговата асимилација”, Гласник на Институтот за национална историја, год IV, бр. 2, 1958 година, стр. 22).

ГЛАВА ВТОРА - Оружен национален отпор Првата фаза на националната преродба како борба за сопствен јазик и црква, набргу била заменета со оружениот отпор против тиранијата на отоманската државна администрација, во прво време под знамето на ослободување на христијаните од угнетувањето на исламот и полумесецот. За Македонците од Јужна Македонија најсилен израз на тоа тежнеење било Негушкото востание.

1. Негушко востание Според сведенијата на историчарот Стујанакис, во времето на објавување на Негушкото востание април 1822 година, во Негуш и цела Централна Македонија се наоѓала на голема висина трговијата, домашните ракотворби и мануфактурата.

Негушките трговци одржувале деловни врски не само со внатрешноста на турската империја, туку и со трговските центри во странство, какви што во тоа време биле Виена, Пешта, Москва, Одеса, и Германија, каде имале и свои претставништва. Биле застапени речиси сите занаети, а најмногу текстилната мануфактура, работилниците на оружје, ножеви, бојаџиството. Многу биле барани негушките шајаци, копринените басми, а посебно хавлиите и пешкирите што ги произведувале 30 ткајачници во Негуш.

Колку што негуштени биле наелектризирани од грчкото востание од 1821 година, тие уште толку негодувале против отоманската управа и окупацијата на градот од Али Паша Јанински, факт што имал за резултат во последно време да опадне трговијата и занаетчиството. Во тие тешки економски и социјални услови било донесено решението за востание. Како повод за тоа послужила една меррка на Лобуд паша од Солун да зема заложници од македонските градови, со што сметал дека ќе го спречи избувнувањето на востание.

Водачите на Негушкото востан - Зафираки од Негуш, Караташо од Бер и Ангел Гацо од Воден (односно од селото Саракиново)

имале скроено план за истовремено дигање на востание во околиите Негушка, Берска, Кожанска, Костурска, Воденска и Битолска. Дури во почетокот на 1822 година бил организиран и состанок на кој учествувале: Јани Барбареско од Костур, Неопулос од Сјатиста, Панајот Наум од Воден и други.

Состанокот бил одржан во еден манастир близу градот Бер.

Планот предвидувал пресечување на комуникациите на непријателот меѓу Солун и Јанина, во Епир.

На советувањето одржано во Негуш на 15 февруари 1922 година, од првенците во градот и војводите Зафираки, Караташо и Гацо се разгледувале прашањата за одбраната на градот. Било решено: веднаш да се запоседнат одбранбените стратегиски позиции околу градот; второ, да се дигнат на востание истовремено Воден и Бер и околните села; 3. Да се избере петчлена управа за градот Негуш што ќе го земе под своја контрола редот и поредокот во градот; 4. друга една комисија ќе се грижи за собирање на реколтата и за редовно снабдување на граѓаните со леб и други артикли. Јасно е дека овие комисии ја претставувале револуционерната власт додека востаниците го држеле градот Негуш и околните села. Но, надмоќноста на отоманската војска и нејзината техника, востанието во Негуш го удавила во крв и заедно со него пропаднале и тие први обиди за воспоставување на револуционерна власт во тој дел на Македонија. Градот Негуш, за кој грчкиот историчар Харилаос Трикупис пишува дека имало бројно христијанско население Грци и Словени, а според Аравантинос “Град со две илјади домаќинства од словенско потекло”, било до темел разрушен од аскерот на Лобуд паша, а богатствата на мноту негуштени ограбени од многубројниот башибозук.

Руско-турската војна од 1878 година влева нови надежи за поробените Македонци, меѓутоа тие се поматени со планот за создавање на една голема Санстефанска Бугарија, која не само што наидувала на отпор од извесните големи сили во Европа -Англија, Франција, Германија и Австро-унгарија, туку ги засилувала и пропагандите на соседните земји на Македонија за поделба во сфери на влијание на Македонија и за асимилирање на македонскиот народ.

Колку веќе територијалниот и народносниот поим Македонија и Македонец се вкорениле во свеста на луѓето од Македонија и се наложувале во дипломатскиот речник на Европа, сведочи лозунгот на Гладстон “Македонија на Македонците” директивата на Цариградскиот грчки силогос до сличното друштво во Солун, според која во Македонија сега би требало да се проповедува дека “Македонците не се ниту Бугари, а ниту Грци, ни Срби, туку дека тоа е еден одделен народ - македонски народ”, како и називот на Привремената македонска влада, формирана на 16 февруари 1878 година во Јужна Македонија во близината на планината Олимп.

2. Привремена македонска влада Оваа Привремена македонска влада од 7 члена била резултат па иницијативата од Македонците кои живееле во Атина и нејзиното формирање имало за цел да го спречи реализирањето на плановите од рускиот цар за формирање на Санстефанска Бугарија и приклучувањето на Македонија кон неа. Тоа јасно се гледа од првата прокламација на Привремената македонска влада, која била издадена уште истиот ден од нејзиното формирање и намената за големите сили. Во тој документ се изложува подробно тешката ситуација на македонскиот народ под отоманското ропство, но на крајот како решение се препорачува присоединувањето на Македонија кон Грција.

Чинам, дека без разлика на побудите на актерите за формирање на Привремената македонска влада, тие очигледно е дека го избегнале називот “Привремена грчка влада во Македонија”, или нешто слично, туку точно ја нарекле македонска влада. И само тој факт не говори ли дека во случајот се работи ја одделен народ кој не им припаѓа на соседните народи, кој страда под отоманското ропство и кој живее во одделна јасно одредена географска и етичка територија?