Vistinata za Egejska Makedonija
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 04
Ударот против македонската организација НОФ беше голем и се случи под следните околности: Во текот на пролетта од 1946 година македонскиот одред Кајмакчалан претставуваше непријател број еден за државниот апарат во Западен Меглен и затоа џандармеријата ја сметаше за своја прва задача да го ликвидира одредот. Еден ден од средината на јули, додека одредот се наоѓаше на кратка почивка во близината на селото Почеп, преку предавство одненадеж беше нападнат од три страни од џандармериски одреди и тоа откај селата Драгоманци, Луковиц и Саракиново. Во оваа операција учествуваа околу 500 џандари. Одредот ја прифати борбата и храбро се бореше. Но, пред големата непријателска сила беше дадена команда да се повлече. При повлекувањето на одредот групата, од седум души раководители на НОФ, кои тој ден се наоѓаа на конференција на овој терен, заедно со Мирка Гинова го погрешија правецот на повлекувањето од обрачот и наидоа право на непријателската позиција. Од седуммината само Мирка држеше пиштол. Таа ги испука сите куршуми и на крајот самиот пиштол го фрли против џандарите. Сите седуммина беа заробени (меѓу нив еден Грк) и водени во градот Воден. За да го деморализираат демократското население, особено македонското, уште пред влегувањето во градот џанармите и облекоа на Мирка партали за да изгледа како плашило. Но, оваа пламена револуционерка чекореше со високо дигната глава и насобраните граѓани ги бодреше со зборовите: “Не плачете, мајки, револуцијата ќе победи!” Една домаќинка - жената на Андон Шупов, што живееше до самата џандармериска станица во Воден, подоцна раскажуваше дека цели три вечери еден моторцикл надвор од станицата и токму под прозорецот на келијата на Мирка постојано брмчел за да не се слушаат пискотниците на Мирка, која ја мачеа џелатите со средновековни инквизиторски методи. Неколку пати ноќе ја водеа во градските гробишта, ја затрупуваа до вратот во отворен гроб и стрелаа во неа со куршуми полни само со барут за да се исплаши и да ја предаде мрежата на целата организација. Меѓутоа, Mирка остана тврда како карпа. На 23 јули Мирка заедно со другите шест лица: Ѓорѓи Пројев, Петре Попдимитров, Ристо Стојанов – сите од Воден, Гркот Алекос Муцакис од село Н’те, Мице Љумбата од Владово и Томо Михајлов од Теово, беа изведени пред воен суд во Ениџе- Вардар. Обраната на Мирка ќе остане како најдрагоцен документ за НОФ, за Македонците од Егејска Македонија.
Мирка до последниот свој здив ја бранеше својата организација од клеветите за автономизам: “Јас сум раководител на НОФ -извика Мирка пред судот. За време на окупацијата се борев против Германците и џелатите Калчев и Димчев, кои се нафрлија како стрвници, особено против нас Македонците за да не заведат во канџите на “Охраната”. Ги удривме охранитите со фанатизам, како што војувавме и против германскиот окупатор.
НОФ не е никаква воена организација. Таа е политичка демократска организација на Македонците, која се бори за рамноправност на нашиот народ во рамките на грчката држава.
Се бориме за слобода и демократија!” Дури и во последниот момент од својот живот, на 26 јули 1946 година изутрина, кога истрелите од пушките ва егзекутивниот одред го пронижуваа нејзиното срце, Мирка ја пееше интернационалата. Ова судење на раководителите на НОФ беше предмет на пишување на голем број весници и агенции.
Големи светски поборници на мирот и правата на човекот преку трибината на ООН го жигосуваа недемократскиот режим на Грција и стануваа во одбрана на Мирка, која беше првата жена во Грција осудена на смрт од воен суд заради нејзините политички убедувања. Нејзиното храбро држење го трогна дури и противникот. Еден воен дописник во едно анонимно писмо испратено до таткото на Мирка го опишува револуционерното држење на Мирка неколку минути пред да биде егзекутирана.
Tој меѓу другото пишува:
“Од шест часот денеска, за жал, Ирина прекина со животот. Ви честитам за ќерката што сте ја родиле. Ја пречека смртта со насмевка на устата, смело пеејќи и сите присутни се зачудивме... Беше чудесна, мажествена, ниту пред самата смрт не покажа малодушност. Исто така и другите шестмина, но повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам самата вистина како што ја видов...” Овој редок хероизам мораше да го признае и самиот непријател, зашто и во инаку сувопарното соопштение на Врховниот штаб на регуларната војска за егзекутирањето на седумтемина раководители на НОФ (меѓу кои еден Грк одговорен по воени прашања на политичките прогоненици од ЕЛАС), се вели:
“Седумтемина егзекутирани го пречекаа храбро егзекутивниот одред и не примија да им се врзат очите. Поголема ладнокрвност покажа учителката Ирини Гини, која ја пееше Интернационалата и извикуваше пароли за КПГ”.
Сличен случај претрпе Организацијата и во Леринско, кога неколку кадри на НОФ во Леринското Поле во нерамна борба загинаа на бојното поле. Новиот бран на терор по изгласувањето на вонредните мерки се проширува во цела Западна Македонија. Вистински вартоломејски ноќи преживуваат селата Черешница, Габреш, Биралци, Буковик и др. Да споменеме само неколку случаи од погромите против македонските села:
На 12 јули 1946 година војската и полицијата од селата Д’мбени и Габреш уште во шест часот наутро го нападна селото Черешница, употребувајќи минофрлачи и митралези. Откако изгореа неколку племни, го собраа целото население сред село.
Од претепаните селани најмногу беа мачени 13-мина, тепани со железа и дрва. Тоа беа: Христо Марков, Васил Ралев, Христо Андреев, Васил Скивинов, Поптрајанов, Андон Терзиев и други. Најмногу беше мачен говедарот од селото на име Димитар Анастасов, кого го фатија во моментот кога ги пасеше говедата и го одведоа во селото Габреш. Во касарната го тепаа до смрт, потоа го извлекоа надвор од селото, го налеаја со бензин и го изгореа. Ова беше втор напад против Черешница, бидејќи истото село беше нападнато и на 9 јули истата година, кога беа уапсени и испратени во затворите на островот Крф следните лица: Ламповица Попфилипова, Олга Трповска, Донка Калкова, Павле Калков, Марко Вивков и Филип Ралев. Нивната вина беше таа, што нивни блиски пребегнале преку граница.
Од село Гафеш бил уапсен Иван Кизов, кој не можејќи да издржи на мачењата уште истата ноќ починал. Џелатите го зедоа неговиот труп и го фрлија пред прагот на неговата куќа, а на другиот ден беа уапсени: Лена Макриева, Никола Ромпов и Христо Робов.
Од селата Биралци, Калјарско, при една рација на војската и џандармеријата биле уапсени 70 селани, од кои 50 жени и 20 мажи, наклеветени од селскиот шпиун Минче Шпиров.
Уапсените беа sверски мачени.
На 28 јули, војската стационирања во селото Брезница, го нападна селото Бесфина, од каде ги уапси и интернира следните лица: Димитар Скендеров, Ристана Скендерова, Ѓорѓи и Јане Скендерови, а на другиот ден беше фатена и Донка Дукова, која откако беше жестоко мачена, беше одведена во Леринскиот затвор.
Во затворот во Лерин беа фрлени и sверски мачени следните жени од село Роби, Преспанско: Севасти Димитрова, Барбара Калкова, Методица Јакрева, Митровица Димитрова, Стојаница Димитрова, Јошевица Николова и Софија Бајлова. На 1 август во истиот затвор биле одведени Везо Караванов, Илија Ничов, Доне Лазаров, Митре Гогов и Илија Србинов. Тука биле затворени и многу селани од преспанските села: Буковиќ, Оштима, Герман, Оровник и Орово.
Според грчкиот печат, само во текот на месеците мај, јуни, јули и август 1946 година, во Грција се убиени: 5.246 лица, 415 тешко ранети, 1446 мачени, 1246 интернирани и 3.920 фрлени в затвор. Во истиот период бројот на пребегнатите Македонци преку граница изнесува околу 20.000 души.
2. Засилување на оружените акции. - Борбите на Кожув и Пајак Планина. - Жалба на грчката влада до Советот за безбедност. - Анкетата комисија на ООН пристигнува во Грција Целата 1946 е година на нечуен терор и тотално газење и игнорирање од страна на официјалните власти на договорот од Варкиза, кој и формално е анулиран од владата и Парламентот на 19.VII.1946 година. Мета и жртва на гангстерските напади од страна на полицијата, Националната гарда и провладините националистички организации и нивните воени формации, во кои најдоа прием сите злосторници и окупаторски колаборационисти, се борците од Движењето на отпорот и демократските граѓани. Пред неподносливата ситуација голем дел од демократското население и бивши борци на НОВ принудени се одново да се фатат за оружјето и од мали групи во почетокот се формираат одреди на политички прогоненици, кои веќе во почетокот на 1946 година преземаат акции.
Џандармериските станици и полувоените националистички формации се првите објекти на акциите на борците од новото оружено движење.
Во пролетта 1946 година по нападот на село Литохоро на 31 март 1946 година, на планините Кајмакчалан, Пајак и Вич дејствуваат силни македонски одреди на НОФ, кои не само што му даваат отпор на противникот, туку и самите веќе преземаат одредени акции. Во ова време од одредите на НОФ се водени борби во селото Луковиц, Воденско, во Саракиново и на Вич Планина, во Леринско. Стотина и илјади мобилизирани војници, бивши членови на ЕАМ и КПГ ја изразуваат својата готовност да ја напуштат регуларната војска и да преминат на страната на партизанските единици, и први го дадоа сигналот војниците од стационираната чета во селото Понтокерасија, Кукушко. Исто така, одраз на расположението на војската спрема новото движење на отпорот е бунтот во редовите на V дивизија во градот Кожани, каде воениот суд осуди на смрт 14 војници и еден офицер, 22 војници на доживотна робија и уште 23 други на помали казни. Сите овие војници беа обвинети за соработка со партизаните. (В. “Врадини” од 6. XII. 1946 г.)
Меѓутоа, раководството на КПГ, иако уште во месец февруари 1946 година ја исфрли паролата за самоодбрана, речиси, во текот на целата 1946 година, а и натаму настојуваше на мирољубиво решавање на политичката криза во земјата, барајќи формирање на коалициона влада со учество во неа и на ЕАМ и повлекување на британските војници од Грција. На VII пленум на ЦК КПГ од 1957 година од мнозинството членови на ЦК главната критика беше вперена против Никос Захаријадис, кој како генерален секретар на КПГ, фрлајќи ја паролата на самоодбрана на Вториот пленум од февруари 1946 година, тој правеше политички трик и маневар дека тогаш тој воопшто не помислувал сериозно на отпочнување оружена борба. Во врска со ова прашање членот на ПК за Македонија и Тракија Панајотис Мавроматис карактеристично вели: “Тука би сакал да укажам на напатствијата што по Вториот пленум ги добивме во Македонија од ПБ за да ја проучиме ситуацијата и да окончаме за колку време и какви сили можеме да мобилизираме. И кога ПК го информира Захаријадис дека во еден месец можеме да раздвижиме 20-25.000 борци, ни рече да престанеме со тоа, бидејќи оружената борба ја замислувал како блеф”. (Списание “Неос космос”, месечен орган на ЦК КПГ во емиграција бр. 4-5 април и мај 1957 година, под наслов:
“Материјали од VII пленум ва ЦК КПГ” стр. 102.)
На споменатиот пленум е речено уште дека 1946 година била идеалната година за да се изврши широка мобилизација на борци и победата би била осигурена, зашто владата во тоа време имала на располагање само 5 дивизии со по 2.000 војници, или вкупно 10.000 војници и 150 митралези. (Генерал Зафирпупулос “О антисиморијакос агон” стр. 220). Со една конкретна политичка подготовка за масовна мобилизација би бил решен проблемот на резервите на Демократската армија на Грција, што во подоцнежните години на Граѓанската војна се покажа како најосновната слабост на ДАГ, зашто тогаш беше многу тешко да се реши тоа прашање.
Владата ги консолидира своите сили, го обезглави работничкото движење во Грција од поактивните членови, пасивизира голем дел од населението преку терор и интернации и сето тоа имаше за последица голем број симпатизери на КПГ и членови да ја изгубат довербата во КПГ.
Но и покрај колебањата на раководството на КПГ и отсуството на конкретна перспектива за развојот и текот на политичката ситуација во Грција, самите настани водеа кон засилување на партизанското движење и на 28 октомври 1946 година, два месеца по плебисцитот и враќањето во земјата на кралот Ѓеорѓи Глизбург, е формиран Главниот штаб на Демократската армија на Грција.
Пред формирањето на ова врховно тело на ДАГ, на планината Вич е постигната согласност помеѓу ПК на КПГ за Македонија и Тракија и Главното раководство на НОФ за обединување на оружените сили на НОФ и групите на политичките прогоненици од редовите на бившиот ЕЛАС. Спогодбата од 16 ноември 1946 година предвидуваше: еден член од раководството на НОФ, конкретно, Ѓорѓи Урдов - Џоџо да биде назначен како член на штабот на ДАГ за Централна и Западна Македонија. Друг еден човек од НОФ да влезе во ПК за Македонија и Тракија, па дури и НОФ да биде претставен со свој човек и во ЦК на КПГ. Сето тоа ќе претставуваше признание на организацијата НОФ, која во изминатите две години од Варкиза, кога работничкото движење во цела Грција минуваше тешки денови на криза и искушение, единствена во Централна и Западна Македонија претставуваше организирана сила и КПГ можеше да се потпре на неа.
Од сето она што беше здоговорено, единствено Џоџо го зазема своето место во споменатиот штаб, а сето друго остана празно ветување. И не само тоа: Откако на НОФ му беа одземени одредите (оружената сила) на НОФ од страна на раководството на КПГ и ЕАМ и ДАГ му се правени смислено семожни пречки со цел да се дегенерира и ликвидира како одделна ослободителна организација на македонскиот народ. На НОФ не му остануваше друго освен да се претвори во инструмент за мобилизација на Македонците за пополнување резервите на ДАГ, без да има некој одлучувачки глас во раководењето на борбата.
Самиот развој на настаните искристализира едно вакво прашање: имено, дали за демократкото движење во Грција и Македонија посебно, немаше да биде покорисно ако договорот за обединување од 16 ноември 1946 година беше поставен врз друга основа? Конкретно, ако не се одеше кон тотално потчинување и ликвидирање на НОФ (зашто сите потези на КПГ, ЕАМ и ДАГ кон таа цел беа устремени), туку НОФ да останеше рамноправен партнер во борбата со свои македонски единици и посебен штаб, кој би дејствувал во координација со соодветните органи на КПГ, ДАГ. Ако раководството на КПГ -ДАГ можеше да ја прифати идејата за формирање на одделни македонски единици дури во октомври 1948 година, зошто тоа не можеше да се направи уште во 1946 година, кога НОФ се наоѓаше на врвот од својот развој? НОФ дејствуваше главно во трите македонски округа - Воденски, Лерински, Костурски, во еден дел од Негушко и се до левиот брег на Вардар (се разбира дека имаше извесни бази и во Источна Македонија, во Серско и Драмско) но главно во трите округа македонското население се до 1948 година го претставуваше мнозинството од населението, ги имаше опфатено, речиси, сите Македонци и што беше поприродно и пологично тука НОФ да беше рамноправен на КПГ и ЕАМ, а не како додаток само како мобилизаторско гласило?
Настаните што следеа ги потврдија сомневањата на одделни раководители на НОФ дека “обединувањето” не значеше друго освен смислено ликвидирање на НОФ. Меѓутоа, секој отпор на тоа обединување беше очигледен апсурд, зашто и надворешни фактори сугерираа по секоја цена да се постигне обединувањето на борбените сили во Грција, а тие надворешни фактори се задоволуваа од една општа изјава на Захаријадис (слична на изјавата на Елефтериос Венизелос, кога на прашањето од претставникот на Лигата на народите за правата на македонското население, во 1929 година имаше речено, дека
“Грција ќе ги почитува договорите за малцинствата”, а во стварност го правеше сосем спротивното) дека КПГ никогаш не била против самоопределувањето на малцинствата. Но, НОФ и во услови на очигледна дискриминација ги вложуваше сите свои сили во борбата, надевајќи се дека еден ден ќе ја извојува својата вистинска рамноправност.
Борбите на Пајак Планина од ноември 1946 година имаа голем одјек не само во цела Грција, туку и во целиот свет. Заради нивното значење на кратко ќе се осврнеме на текот на борбите кај Шкра, (Љумница), Ошани и Мандалево, и на последиците од нив.
По формирањето на главниот штаб на Демократската армија на Грција на 28 октомври 1946 година, единиците на младата демократска армија, преземаат сега и посериозни воени потфати. Mеѓу првите позначајни борби од ова време беше и нападот од ДАГ на стационарните владини војски во селата од Североисточен Меглен, Н’те, Ошани и Љумница (Шкра) на 17 ноември 1946 година, чиј одглас зеде меѓународни размери.
Нападот беше извршен од една поголема група борци и раководители на штабот на ДАГ за планините Каракамен, Пајак и Кајмакчалан под раководството на Панос Капетаниос.
Самиот владин печат од тоа време признава дека овој напад беше многу жесток и дека бројот на жртвите од редовната војска беше поразувачки. Весникот “Македонија” од Солун, од 29 ноември 1946 година, меѓу другото пишуваше: “...Вчера пристигнаа нови подробности за нападот на село Н’те од 17 о.
м. кога беше даден уште еден драматичен прилог од војската на олтарот на честа и долгот. Тоа се однесува на жртвите на потпоручникот Каранџас и една десетина од неговиот вод...”.
Истиот весник признава дека беше многу тешка ситуацијата на војската и затоа авијацијата беше принудена да земе учество и да ја снабдува војската со муниција и xрана. Весникот признава дека во селото Љумница загина и капетанот Силеманис. А според известувањата на американската агенција Асошиетед-прес од 17 ноември 1946 година “две чети од владината војска во борбите кај Љумница претрпеа тешки загуби во судирот со околу илјада припадници на ЕЛАС”.
Овој неочекуван пораз на вдадината војска предизвика страшно обеспокојување и во редовите на атинската влада и целата десница. Премиерот Цалдарис, за да ги прикрие вистинските причини на граѓанската војна, ги обвини северните соседи на Грција - Југославија, Бугарија и Албанија за мешање во внатрешните работи на Грција и помагање на партизаните и побара од Советот за безбедност да испрати анкетна комисија да ги испита овие наоди. Но ваквите тврдења беа демантирани од самите Грци и од сојузниците на Грција - Англичаните. Така, на пример, бившиот грчки министер за надворешни работи Јоанис Софијанопулос во изјавата до францускиот весник “Фран-тирер” од 3 декември 1946 година велеше: “Цалдарис за да се оправда зборува за sверства на македонските сепаратисти, сметајќи дека е згодно да се фрли кривицата врз балканските соседи на Грција”. Карактеристична по тој повод беше и статијата во лондонски “Tајмс” од 23 ноември 1946 година, во која се велеше: “Денешната грчка влада им тврдеше на амбасадорите на Велика Британија и Америка, дека надворешното влијание е одговорно за денешните нереди. Овие надворешни влијанија - се тврди - се обидуваат да ја отцепат грчка Македонија и да ја приклучат кон една федерална Македонија. Ова тврдење, меѓутоа, има потреба од големо испитување. И како што може да се подвлече од настаните ваквото објаснување во никој случај не може да ја прикрие вистината. Владата се бори со тешкотии толку од политичките служби, колку и со работничките организации. Екстремистите од десницата предизвикуваат нереди во Пелопонез и постојат обилни индикации дека формираните вонредни судови го спроведуваат законот со особена пристрасност...” Одјекот на борбите во Скра и Ошани на превојот меѓу планините Кожув и Пајак, како и тие во селата Мандалево и Mаврејново, на јужните поли на Пајак Планина, беше мошне голем во целиот западен свет. Во коментарите на грчкиот и наклонетиот на грчкиот режим западен печат од грчки воени експерти се изнесуваше мислење дека цел на партизаните со овие борби беше да ги стават под своја контрола проодите и ја изолираат Мегленската котлина од Солун и Воден и потоа лесно ќе ја окупираат. И уште дека оваа котлина ќе го реши прашањето за нивното снабдување. Според истите експерти, оваа околија ќе послужи како отскочна даска за понатамошни акции за “отцепување на Македонија од телото на Грција” (В.
“Македонија” од 27.XI.1946 година).
Акциите на ДАГ на Кожув и Пајак Планина предизвикаа сериозна вознемиреност на Запад, што можеше да се види и од контактите меѓу министерот за надворешни работи на САД Бернс со грчкиот амбасадор во Вашингтон, Дијамандопулос. Во британскиот Парламент група од 30 конзервативни пратеници побараа од владата да испрати на лице место анкетна комисија, додека министерот за внатрешни работи на Грција предложи да се испрати војска во Грција од неутрални земји на северните граници на Грција по примерот на Лигата на народите, која во 1925 година испратила свои луѓе на грчко-бугарската граница.
Француската телеграфска агенција телеграфираше на 26.XI.1946 година од Вашингтон, дека владата на САД ја разгледува можноста да испрати своја војска во Грција, додека една ескадрила од британската воена морнарица на Медитеранот се имаше упатено кон Солунскиот Залив. Владата на премиерот Цалдарис, под притисок на опозицијата, што ја напаѓаше за неспособноста да ја обезбеди внатрешната сигурност, се обраќаше до Советот за безбедност со жалба против северните соседи на Грција - Југославија, Бугарија и Албанија, откаде, наводно, беше организиран нападот против Грција.
3. Грчката жалба пред ООН. - Испраќање на Анкетната Комисија. - Настојување на САД и Велика Британија да ги искористат ОН како оружје за својата политика на Балканот Обраќањето на Цалдарисовата влада до Советот за безбедност секако беше направено по сугестија на нејзините патрони од Вашингтон и Лондон. Со цел сандак “аргументи”, што ги сочинуваа стари српски ордени од 1915 година, копчиња од униформи и изјави земени од затворениците под застрашување со смрт, ќe се обидеше пред светската организациjа да “докаже” дека причините за граѓанската вojнa во Грциjа се нaoѓаат надвор од оваа земjа и дека за грчката политичка криза беа виновни Jугославиjа, Бугариjа и Албаниjа. Цалдарис за да јa прикаже пред светот Грциja како “земен paj”во кoj имаат голема благосостоjба дури и Помаците, го организира доаѓањето дури во Њyjopк на дваjца побегнати од Бугариjа Помаци, кои зборуваа за големата слобода во Грциjа и за “пеколот” во Бугариjа.
Беше повеќе од очигледно дека и Велика Британиjа и САД беа живо заинтересирани да ja наклонат светската организациjа, првата да го оправда понатамошното ocтaнyвaњe на cвojaтa вojcкa во Грциjа, а втората да ги зацврсти своите позиции во Грциjа, кoja традиционално беше британска сфера на влиjание.
Плановите на американската влада на Труман за интервенциjа во Грциjа ги откриваше весникот “Деjли њус” на 29 ноември 1946 година, кога пишуваше: “Во Медитеранот Америка располага со jaкa морнарица, кoja таму ќе остане до неодредено време за да го обезбеди британскиот важен пат за Далечниот Исток, доколку тoj пат би бил загрозен од Русиjа... Постои опасност да се создаде во Грциjа една нова шпанска вojнa, што ќе ни дозволи и ние да интервенираме онака како што направиjа Германците и Италијаните и Русите во Шпаниjа”.
Американскиот претставник во Советот за безбедност, Остин, малку подоцна беше уште покатегоричен кога изjави дека неговата земjа ќе интервенира со сила. А весникот “Њyjopк пост” ненормалната ситуациjа во Грциjа му ja препишува “на антагонизмот меѓу Велика Британиjа, кoja во Грциjа држи на власт еден фашистички режим и на Русиjа, кoja од друга страна, држи на власт еден комунистички режим во Полска”.
По долги и жестоки дискусии во Советот за безбедност на кpajoт доjде до формирање на специjална анкетна комисиjа, кoja беше испратена во Грциjа, се разбира, не да ги испита причините за граѓанската вojнa исклучиво во Грциjа – како што се предвидуваше со предлогот на делегатите на Советскиот соjуз и земјите со народна демократиjа, туку Комисиjата по нacтojyвaњaтa на делегатите од западниот блок се здобиваше со правото да изврши анкета и во Jугославиjа, Бугариjа и Албаниjа, чиjа наводно жртва беше Грциjа.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/15 on October 29, 2026