ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 03
Треба да повториме дека Солунските атентатори имале основни познавања од социјалистичката и анархистичката теорија. Тие, во границите на крајно ограничените можности што ги давал еден теократски и назаден режим, читале, дискутирале и се самообразувале. Но, нив, како што е истакнато во почетокот, далеку повеќе ги интересирало да ја сфатат практичната страна на тие теории отколку поопширно да навлезат во нивната суштина како теорија на определени општествени движења.
Тие пред себеси конкретно ја имале Македонија, поробена и жестоко експлоатирана, и помислата дека преку жртвувањето на своите животи ќе можат да и помогнат ги правела среќни и недоверчиви кон поинаквото сфаќање на ослободителната борба.
Во тој поглед особено се издвојувал Орце. Тој бил доста рамнодушен кон разните теоретизирања и дискусии. “Доста дрдорите, како некакви папагали - им се обратил тој на Манџуков и Шатев, коишто се одушевувале од книгите што ги донел од Женева. - Социјализмот и анархизмот се учења што не е важно само да се проучат, туку треба да се разберат, да се асимилираат. Вие не сте способни тоа да го направите, па дури и да имате време неколку години, ние нема да бидеме живи. Ете зошто учењата за социјализам и анархизам ние ќе треба да ги примениме на македонска почва”. (П. Шатев, В Македония под робство, 225-226.)
Манџуков и Шатев таквото гледиште на Орце го пречекале ладнокрвно, дури и со извесна иронија.
Нема сомнение, по сите неуспеси во Цариград и Солун, сега, кога имал во џебот пари и ветен динамит, Орце барал дела - и ништо друго. Тој веќе го направил планот каде и што требало да се работи. Другите гемиџии, коишто исто така одвај чекале да започнат со акции, немале можност дури и корекции да предлагаат.
Пред дефинитивно да ги поделат задачите и да тргнат во акција, Орце, Шатев и Манџуков ја разгледале ситуацијата во Турција, во револуционерното движење и во емигрантската организација и дошле до следниве сознанија формулирани од Орце.
Стекнатото искуство и другите услови им овозможуваат на гемиџиите да се вклучат, на свој начин, во македонското револуционерно движење без да ги оспоруваат и подготовките за општо оружено востание. Но, што се однесува до ставот кон Револуционерната организација и до борбите што во тоа време се разгорувале меѓу Организацијата и врховистите, заклучиле дека како досега, така и за натаму, нема да имаат ништо општо со врховистите, коишто во “борбата за ослободувањето на Македонија се инспирираат од бугарската влада, коишто гледаат свои цели и не испуштаат ниту еден случај да го исползува за државни и партиски цели секое револуционерно движење во Македонија”. (Истото, 226-227.) Но, во исто време не можат да одат паралелно и со “централистите” (Организацијата), зашто, иако нивната кауза е исправна, сепак имало работи што тие не ги одобрувале, а ЦК и повеќе окружни и околиски комитети се раководеле од лица коишто по своите сфаќања, дури и по своите цели и методи на борба, малку се разликувале од врховистите, иако биле нешто одделно.
Гемиџиите решиле да дејствуваат во два-три поголеми града, сами ќе се бореле без да ангажираат поголем круг луѓе и сами ќе ја сноселе одговорноста. Организацијата нека го превоспитува народот, нека го организира, вооружува и подготвува за востание. Ако успее во тоа толку подобро за Македонија но, ако од разни причини не успее, а се предизвика некакво парцијално востание за какво што агитирале и работеле врховистите, и едните и другите нека ја сносат одговорноста.
На забелешката од Манџуков дека таа одговорност ќе биде таква каква што била таа на раководителите на бугарските политички партии преземена за сите грешки и грабежи што се вршеле во името на “мајка Бугарија” и во името на “милиот народ и татковината”, Орце одговорил: “Јас не мислам одговорност пред законите туку пред историјата, која никому не му простува и секому му го дава заслуженото”.
Се поставило прашањето за печатна пропаганда, со чија помош би требало да се придобие барем дел од општественото мислење и да се ангажираат и други коишто би сакале да прифатат таков вид борба против странскиот капитал. Меѓутоа, “тврдиот и упорен” Орце не сакал да се согласи да се напишат барем две-три брошурки, во кои би се објаснил карактерот на гемиџиската борба. “Ние како да докажавме дека сме или можеме да бидеме револуционери, а сега пак ќе убедуваме други! - рекол тој. - А каква полза од тоа? Ако се работи за придобивање луѓе, за да се зголеми нашиот кружок, имаме доста... за работата што ја планираме, имаме доста лица другари испитани со години, што се во Велес, во Солун... и само чекаат да ги повикаме...”
“Што се однесува до историјата - рекол Орце – таа ќе не оценува по нашите дела. Ако останатите Македонци по нас видат дека акцијата е добра и дава резултати, тие по своја иницијатива ќе не следат и ќе почнат други слични акции. Ако пак сознаат дека нашата работа е штетна, идниот непристрастен историчар со црни букви нека ги забележи нашите имиња или нашата акција... Делата се поубави и поубедливи од зборовите...
(Истото, 228-230.)
Пред Орце да тргне за Македонија, тие решиле да го викнат и да го придобијат за своето дело Димитар Мечев, кој во тоа време работел во рудникот Перник. Орце, кој добро го познавал Мечето, неговата недоверчивост и скептицизам, решил да оди во Перник и лично да се сретне со него. Успеал да го убеди дека гемиџиите сега имаат услови навистина да презмат некава акција и дека неговото приклучување кон Кружокот можело да биде од голема корист, а ќе ги задоволи и неговите амбиции - да се дејствува. Инаку, по наредба на Велешкото раководство на Организацијата, Мечев го нападнал велешкиот трговец Ѓорче Војниџалиев, но само го ранил со секира, поради што морал да мине во илегалство. Ја напуштил Револуционерната организација, го напуштил и Перник и станал гемиџија.
Дискусиите и убедувањата завршиле. Требало да се почне со работа. Договорено било Мечето и Шатев да останат времено во Софија, П. Манџуков да замине во Пловдив, Орце да замине во Македонија. Мечев добил задача да го убеди П. Бошнаков да влезе во Кружокот. Што сторил, не е познато, но се знае дека Бошнаков не учествувал во Солунските атентати.
П. Шатев заминал за Ќустендил со задача да се обиде преку Осоговската Планина да префрли во Македонија една количина динамит што се чувал во село Рила.
Мечев под туѓо име отишол во Одрин, каде што останал неколку месеци. Тука зел под кирија една поголема просторија, којашто се наоѓала близу до австриската пошта. Пред властите важел како трговец на брашно, пченка, трици, а всушност требало да организира од зградата да се ископа канал до поштата, за да се минира. Меѓутоа, динамитот ветен од Сарафов не пристигнувал, а гемиџиите решиле да не преземаат ништо пред претходно да се снабдат со динамит. По барање на Орце, Мечев се вратил во Софија, бидејќи не се знаело кога ќе пристигнел динамитот, а седењето во Одрин било поврзано со трошоци, иако Мечето бил познат како најштедлив меѓу гемиџиите.
П. Шатев заминал за Ќустендил. Претходно се сретнал со Гоце Делчев, кој го препорачал кај пунктовиот началник на Организацијата во Ќустендил. Шатев требало да се поврзе со свои луѓе во Кочани и да најде начин околу 80 кг динамит со кои располагале да го префрли во Македонија. Во тоа време на власт во Бугарија била проруски ориентираната влада на д-р Данев, којашто преземала разни мерки за да го спречи префрлувањето на чети и оружје од Бугарија во Македонија. Во пограничните реони и градови полицијата била засилена, а по селата се движеле “контрашајки” од 5-6 души, со специјална задача да го следат движењето на сомнителните лица и да го спречуваат преминувањето преку граница. Во влезовите на градовите, па и на други места, се вршеле претреси, се апсело и “виновниците” се суделе. За таквите “прекршители” имало закон кој предвидувал до три години темничен затвор. Овие владини мерки им создавале големи тешкотии на луѓето на Организацијата, коишто за снабдување со оружје ја ползувале и Грција, но, поради бројната емиграција и стремежот на бугарските државни фактори македонското движење да го ползуваат за свои цели, условите од Бугарија да се добива неопходната помош биле значително поповолни. Треба да се забележи дека сите тие владини “контрашајки”, полиција, разни стражари и војска, коишто имале за цел да го спречат преминувањето на турско-бугарската граница од страна на македонските комити (за да се зачуваат добрососедските односи со Турција), не важело и за врховистите што токму во времето на Данев масовно ја преминувале границата во есента 1902 година и го дигнале познатото “Горноџумајско востание”.
И покрај неколкумесечното престојување во Ќустендил и во неговата околина, Шатев не успеал да ја исполни задачата. Во јули 1902 година една екипирана чета тргнала за Македонија. За да ги одбегне стапиците поставени од надлежните органи, четата тргнала пеш од Софија, преку Витоша и радомирските села кон границата. Шатев разбрал од Е. Чучков и Марко Секулички за движењето на четата и побарал да и се приклучи и со неа да ја мине границата и да оди во Кочани за да се договори за прифаќањето на динамитот. Меѓутоа, одејќи со курир да ја пронајде четата, бил откриен од една владина “контрашајка” и бил уапсен. Преку врски, бил ослободен, но морал да го напушти Ќустендил и да се врати во Софија.
(Истото, 234-248.)
П. Манџуков, кој имал задача да се префрли во Турција и на пругата Ксанти-Солун да изврши диверзија, исто така не успеал. Се вратил во Пловдив и чекал.
Постепено станувало јасно дека, и покрај големата желба гемиџиите дејноста да ја прошират и во Битола, во Скопје, во Одрин, не ќе можат тоа да го направат поради немањето на динамит. Во почетокот се ограничиле во Солун и Одрин, но, како што е речено, од Одрин се повлекле и останал само Солун.
По поделбата на задачите во Софија, Орце Попјорданов се вратил во Велес. Тука неговите другари го очекувале со нестрпливост. Тој ги запознал своите пријатели за добиените пари од Сарафов и од Гоце Делчев (Т. Органџиев тврди дека Орце примил 5.000 лева од Гоце Делчев) и за можностите веднаш да ја продолжат работата за минирање на филијалата на Отоманската банка во Солун. За Солун тргнале Орце, Кирков и Пингов, а другите (Органџиев, Иљо Попјорданов, Т. Богданов и Трчков) останале привремено во Велес. (Т. Оргавџиев, 120.) Во Солун гемиџиите се соочиле со еден непријатен факт. Старото дуќанче, берберницата, било зафатено од друг и, според тоа, можноста да се исползува ископаниот канал отпаднала. Но сега веќе искусните гемиџии ниту за миг не се разочарале. Орце зел под кирија друго дуќанче веднаш до старата берберница.
“Бакалин” и “стопан” на бакалницата станал Марко Бошнаков од Охрид. Него никој не го знаел во Солун и затоа бил најпогодно лице за таа деликатна работа. Токму и затоа тој бил испратен во Солун.
Дуќанот бил снабден со неопходниот инвентар и артикли и личел на вистинска бакалница. Никој не можел да се посомнева дека во визбата се подготвува акција којашто ќе ја потресе Македонија и ќе ја вознемири Европа. Иако Марко не бил познат во Солун, сепак некои охриѓани, негови познати, што живееле во градот, или велешани познати на гемиџиите, наминувале во бакалницата. Тоа воопшто не им се допаѓало на гемиџиите, меѓутоа, не можело да се одбегне.
Новиот канал започнал да се копа од визбата на баканицата.
Бидејќи стариот канал бил мошне блиску до бакалницата, гемиџиите решиле да се поврзат со него. Тоа многу им ја олеснило работата и решило и еден друг сериозен проблем.
Имено, најтешко и најопасно, она што можело лесно да ја открие конспиративната дејност на гемиџиите, била ископаната земја. Целата ископана земја не можела да се чува во визбата;
еден дел требало да се изнесува надвор од дуќанот и некаде да се фрла, а тоа било многу ризичино. Сега ископаната земја од новиот канал можела да се фрли во слободниот дел од стариот канал ископан 1900 година.
Значи, стариот канал не бил попусто ископан. Тој им овозможил на гемиџиите сега, во 1902 година, брзо да ја извршат работата и за првпат да се почувствуваат господари на ситуацијата. Велиме господари, зашто за сето време додека работеле во визбата тие при себе веќе имале определена количина динамит. Така, во случај бакалницата да се открие, тие би имале можност и време да го активираат динамитот и да не дозволат тој да се заплени а тие да бидат фатени. Гемиџиите што биле во каналот, се разбира, бп загинале, но тоа било сосем во духот на нивната револуционерна филозофија - “ќе се арчиме”. Гемиџиите во никој случај сега не сакале да дозволат да се случи тоа што се случило со каналот во Цариград. Банката во Солун не би била разурната, “акцијата - пишува Шатев – навистина немаше целосно да биде успешна, но сепак, во случај на откривање, барем ќе свршеше со што а не со ништо”. (П.
Шатев, 257.)
Кога биле извршени атентатите, се појавиле разни претпоставки за идејното определување на гемиџиите, за нивните цели, врски и слично, па и за потеклото на динамитот. Речено е дека снабдувањето со динамит било најсериозниот проблем што требало да го решаваат атентаторите. И, главно сами го решиле.
Првата количина динамит во Солун пристигнала преку Цариград. Гемиџиите, не успевајќи динамитот да го испратат преку Кочани и Велес, како што планирал П. Шатев, се ориентирале на Цариград. По барање на Орце, Ана Шепец од Софија се преселила во Цариград и се ставила на нивно располагање. Динамитот од Ќустендил бил донесен во Софија и преку Милан Саздов, келнер во возот што сообраќал на линијата Белград-Цариград, се праќал за Цариград. Крајно внимателно, динамитот во мали пакетчиња, гемиџиите првин му го предавале лично на Милан, но, гледајќи дека тоа е опасно, го ставале на определено место во тоалетот на вагонот, а Милан го прибирал во погодно време, по тргнувањето на возот. Во Цариград Милан и го предавал динамитот на Ана Шепец.
Милан, впрочем, како и Ана, свесно и доброволно се изложувал на голема опасност, ставајќи се во услуга на гемиџиите. Тој знаел дека пренесува динамит, но никогаш не се заинтересирал за какви цели тој се складирал во Цариград. Знаел дека му служи на македонското револуционерно движење и на делото за ослободување на Македонија - и со тоа бил задоволен.
Ана се изложувала на уште поголема опасност од Милан. Во случај динамитот да биде откриен во возот, Милан имал можност и шанса да се спаси со негирање дека тој имал било каква врска со таквата пратка. Меѓутоа, откривањето на динамитот во домот на Ана (како и додека Милан го носел од станицата во Цариград до нејзиниот дом) значело робија, ако не и крај на животот.
Овој динамит од Цариград бил пренесен во Солун во две буриња етикетирани како риба. Имајќи го овој динамит, гемиџиите уште во втората половина на 1902 година веќе можеле да ја дигнат Банката во воздух. Меѓутоа тие сметале дека динамитот е малку за поширока акција и дека ќе треба да се чекаат ветените количини динамит од Борис Сарафов.
СУДИРИ СО ЦК НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА Копањето на каналот во 1900 година и гемиџиското раздвижување по Солун не му го привлекло сериозно вниманието на ЦК и не создало никакви проблеми во односите меѓу ЦК и гемиџиите. Сега, меѓутоа, главно поради нетактичноста и неспособноста на Иван Гарванов да воспостави добри односи со гемиџиите и да се обиде на некаков начин да ги придобие и да ги убеди во неопходната потреба да водат сметка за пошироките интереси на револуционерното движење, односите меѓу гемиџиите и ЦК станале лоши, дури и неријателски. Тоа многу ја комплицирало ситуацијата и штетно се одразило врз претстојниот развиток на револуциоцерните настани во Македонија.
Иван Гарванов неколку пати му пишувал на Гоце Делчев дека Орце Попјорданов, Коста Кирков и Илија Трчков агитирале во Солун, Кукуш и Велес против Револуционерната организација Орце, кога скоро бил во Кукуш, наводно, ги исмејувал луѓето на Организацијата, а некои други гемиџии се побивале со владичката круна. Воопшто, пред Гоцета гемиџиите биле претставени како негативни елементи за кои треба да се води сметка.
Кога во 1902 година Орце бил во Софија, каде што со своите другари го разгледувал прашањето во врска со снабдувањето на динамит, со Делчев разговарал за влошените односи со ЦК и одделно со Иван Гарванов.
Орце пред Гоцета го искажал своето огорчување за неоправданите клевети и заплашувања што Гарванов ги упатувал против нив и изјазил дека, ако некои од гемиџиите во Солун, Велес или на друго место настрада од луѓето на ЦК, тогаш тие немало да го бараат физичкиот убиец, туку ќе се одмаздат со убиство на некои од членовите на ЦК. Делчев, кој секогаш се однесувал со симпатии и внимание кон гемиџиите, му ветил на Орце дека за ова прашање ќе му пише на ЦК и дека работите ќе се средат.
Односите помеѓу гемиџиите и ЦК не можеле да се средат.
Гарванов под средување на односите подразбирал истиснување на гемиџиите од Солун. Меѓутоа, тоа можело да се постигне само со сила. А употребата на сила против гемиџиите, луѓето што секој момент биле готови да ја дадат главата за своето дело, било мошне ризична и практично неостварлива работа.
Орце неколу пати му изјавил на Гарванов дека ако неговите луѓе (извршните органи Ha ЦК што ги викале терористи" - егзекутори) се обидат да убијат некого од гемиџиите во Солун или во Велес, лично тој ќе одговара со својот живот. “A Иван Гарванов - пишува Шатев - многу добро го знаеше Орце Попјорданов уште како ученик, а уште подобро го запозна откако имаше можност потоа да се среќава со него.
Решителноста, тврдоста и храброста на Орце Гарванов добро ги познаваше и водеше сметка за тоа". Другите членови на ЦК, иако се сложувале со Гарванов, кон гемиџиите секогаш биле њубезни. “Терористите околу LIK знаеле дека гемиџиите не биле добри со Иван Гарванов, но и покрај тоа, не преземале ништо против нив.
Односите меѓу ЦК и гемиџиите најмногу се заостриле кон почетокот на 1903 година. Борис Сарафов, како што ветил, купил динамит и преку Марсеј во 17 буриња, како лек против филоксера, го испратил за Деде-Агач, бидејќи контролата во солунската царинарница била построга. Динамитот пристигнал и Орце се договорил со Д. Евангелидис, Грк, трговец, за награда од 100 лири, да го подигне “лекот" против филоксера од царинарницата во Деде-Агач и да го испрати во Солун. На Евангелидис му била платена половината од сумата, а другата половина требало да ја земе по извршената работа. Евангелидис му бил близок (шура?) на проф. А. Наумов, со кого Гарванов работел во Егзархиската гимназија и заедно го формирале споменатото контра-револуционерно братство. Пред да тргне за Деде-Агач, Евангелидис му ја открил тајната на Гарванов, со кого, поради Наумов, добро се познавал. Гарванов, кој од гемиџиите започнал да се плаши повеќе отколку од турските власти, решил да не дозволи оваа голема количина динамит да падне во нивни раце. На Евангелидис му рекол дека “стоката” е на Организацијата, дека Орце и неговите другари се луѓе на Организацијата и според тоа било потребно динамитот, штом ќе го извлече од царинарницата, да го предаде во Деде-Агач на лице посочено од него, од Гарванов. Разликата од парите ќе ја добиел од тоа лице.
Бидејќи минале 2-3 дена, а одговор од Евангелидис немало, Орце загрижен отишол во Деде-Агач, но никаде не можел да го пронајде трговецот. Се посомлевал дека динамитот е откриен и конфискуван, а Гркот затворен. Се посомневал и во тоа дали навистина бил испратен динамитот. По барање на гемиџиите, Сарафов наредил да се провери документацијата, од што се констатирало дека на 17. II 1903 година “стоката” била подигната од царинарницата (Шатев посочува факсимил на овој документ). Отпосле Орце дознал дека Евангелидис, преку комисионерот Џан Милиѕанис, ја подигнал “стоката” - 1.000 кг динамит пристигнат во Дедеагачката царинарница. Но потоа динамитот бил откриен и конфискуван од властите, комисионерот бил уапсен и одведен во Одрин, додека Евангелидис избегал во Атина.
Подоцна, кога по атентатите се нашле во солунскиот затвор “Еди-куле”, Гарванов пред гемиџиите негирал дека имал било каква врска со овој динамит.
“Јас ништо не знам за таа работа и со ништо пе сум придонесол за исчезнувањето на било каков динамит” - рекол тој.
Во прилог на неговото тврдење оди и верзијата на Борис Сарафов за исчезнувањето на динамитот. “Купив - пишува тој -1.000 кг динамит та да избувне со страшна сила во Солун. Го купивме во Париз. Бидејќи тој беше мелинит и немаше изглед на обичен динамит што Турците го знаат (тој беше жолт прав во 1.000 пакетчиња по еден килограм), мислевме дека ќе може да мине преку турските царинарници како лек против филоксера.
Викнав првин од Солун еден Грк, кој ни посочи друг Грк од Деде-Агач и нему му испративме две буриња вистински лек против филоксера. Тие лесно минале преку царинарница. Кога го испративме вистинскиот мелинит, случајно се сменил лекарот во Деде-Агач и направиле нова проба - испратиле и во Цариград за проба и дознал дека е динамит. Динамитот го фрлиле во морето а Гркот избегал во Атина”.
Значи, според Сарафов, динамитот бил запленет во царинарница, според гемиџиите, тој бил запленет, но откако бил подигнат од царинарницата. Останува отворено прашањето за улогата на Гарванов во оваа афера. Гемиџиите останале доткрај со убедувањето дека динамитот бил изгубен по вина на Иван Гарванов. (Истото, 264-265 Хр. Силјанов, 252; Спомени на Д. Груев..., 72. Симеонов и Т. Органџиев пишуваат дека динамитот бил дигнат од Гарванов.)
Гемиџиите останале без оваа долго очекувана и голема пратка на експлозив. Орце, и покрај лошите односи со ЦК во прво време не можел да помисли дека Гарванов ќе оди толку далеку во противставувањето на гемиџиите. Меѓутоа, како трезвен реалист, тој веднаш побарал од своите другари во Бугарија по секоја цена да пронајдат друг динамит и да го испратат во Солун.
Со загубата на динамитот гемиџиите се помириле, но не и со улогата на Гарванов Напротив, омразатата кон него пораснала и растела се повеќе како што растеле маките и тешкотиите при набавувањето и праќањето во Солун на новиот динамит.
Желбата по секоја цена да му се одмаздат на Гарванов станала составен дел од дејноста на гемиџиите.
Знаејќи го тоа, Гарванов го побарал нивното отстранување од Солун. Негова најголема желба била, пишува Шатев “по секоја цена да не отстрани од Солун, па дури и да умреме во некаква затворска ќелија, само и само да не бидеме во Солун, каде што тој сакаше да биде спокоен за да ги спроведува своите цели како натрапен водач на едно движење на кое тој, поскоро му беше противник, а сега, по една случајност на сложените настани, беше станал раководна личност. (Шатев, 293-294.)
Обидите на Гарванов да ги “дисциплинира” гемиџиите од гледиште на интересите на Организацијата можело да се сметаат за оправдани. Гледајќи низ призмата на тие интереси, спречувањето илјада килограми динамит да дојдат во рацете на “недисциплинираните” атентатори можело исто така да се смета за оправдано. Меѓутоа, оправдано се поставува прашањето: Дали Гарванов притоа навистина се раководел од интересите на Револуционерната организација или пак тоа го правел од некои поограничени интереси на ЦК, респективно од негови лични? Има причини да се верува дека односот на Гарванов кон гемиџиите бил определен повеќе од вториот, личниот момент. Инаку, како можат да се сфатат неговите настојувања да се оневозможи дејноста на гемиџиите само во Солун, а не во цела Македонија? Во месеците пред Илинденското востание му предложил на Орце Попјорданов да му даде пари да почнат да подготвуваат некаква слична акција на друго место, на пр., во Скопје, Велес, Битола. Единствена негова цел била да ги истера од Солун. Не е тешко да се претпостави дека една таква динамитна акција каква што била солунската, извршена во невреме, на пример во Битола, можела да има потешки последици за Организацијата, за нејзините подготовки за претстојното востание. За разлика од Солун и Солунско, во Битолскиот округ Организацијата била помасовна, населението поподготвено и повооружено и ударите што би ги добила таа би биле далеку потешки и со пошироки последици од тие во Солун. Но, затоа пак, сето тоа би било далеку од Гарванов и неговите другари коишто Револуционерната организација ја сметале повеќе како средство за постигнување на цели што малку имале врска со напорите на народот за извојување на автономна Македонија.
Давајќи една општа карактеристика за ЦК на чело со Гарванов, П. Шатев, меѓу другото, во основа правилно констатира:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/solunskite-atentati/7 on October 29, 2026