ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 02
Сите лица со кои се сретнал Гарванов во Бугарија му советувале да се откаже од се и да се помири со “сепаратистите” и “партизаните” - како што ги викале водачите на Организацијата. Сите консултирани во Бугарија биле свесни дека Братството немало никакви сили за да со бори против Организацијата, а со неговото влегување во нејзините редови ќе може многу повеќе да придонесе за врховистичката кауза. По инсистирање на Б. Сарафов, а благодарејќи на опортунизмот и на Х. Николов, дошло во септември 1899 година до “помирување” меѓу Братството и ЦК и до вклучување на членовите на Братството во редовите на Револуционерната организација. Тоа било направено и покрај несогласувањето на задграничните претставници”. Ѓорче - пишува Сарафов - во испраќањето на специјален човек од наша страна (на потпоручник Иван Камбуров, во Солун, да го изврши помирувањето - б.м.) проѕре дека се наштрбува самостојноста на ЦК, па изгледавме, по негово сфаќање, навистина нешто како ‘Врховен комитет’... Ѓорче веќе потоа оладе, иако таму се постигна помирување. Според Ѓорче, таа постапка била принципиелно неправилна, зашто на некаков начин изгледало дека Комитетот тука (во Софија - б.м.) се грижи да задоволува одделни амбициозни групи, отцепници, да ти придобива на своја страна и да ги вовлекува во Внатрешната организација како надворешен елемент... Довербата на Ѓорче ја загубивме”.
(Спомени на... Борис Сарафов... 50-51.)
Блиската иднина покажала дека Ѓорче Петров имал наполно право. Вклучувањето на Братството во редовите на Организацијата се покажало фатално за интересите на Организацијата. До 1901 година Гарванов не претставувал фактор во движењето (тој бил член на Месниот солунски комитет), а и не престанал да конспирира против него. Неговата шанса дошла во јануари 1901 година, кога биле затворени членовите на ЦК, а Х. Николов, кој исто така го очекувал своето апсење, ги повикал И. Гарванов и Спас Мартинов и им ги открил сите врски (шифра, мастило, канали и слично) со Организацијата. Со други зборови речено, тоа значело предавање на прерогативите на ЦК во рацете на Иван Гарванов, односно минување на врховното раководството на Револуционерната организација, на еден нерегуларен начин, во рацете на нејзините идејно-политички противници. (Крсте Битоски, Дејноста и улогата на “Револуционерното” братство во Македонската револуционерна организација - Историја, IX, 2, Скопје 1975, 59-84.)
Гемиџиите имале крајно неповолно мислење за новиот ЦК и го сметале како пречка за развојот на револуционерното движење.
Тие оделе дотаму што сметале дека, ако од политички причини не можеле да се отстранат членовите на ЦК, барем требало да се направи неможен нивниот опстанок во Солун. И додека односите на гемиџиите со ЦК (за кои ќе стане збор понатаму)
останале докрај затегнати и непријателски, односите со Сарафов останале докрај коректни.
НЕУСПЕШНА АКЦИЈА ВО ЦАРИГРАД - КОПАЊЕ НА КАНАЛ ВО СОЛУН Сметајќи дека во Македонија во моментот немало услови да се организира некаква покрупна акција, Мерџановата група се вратила во Софија и се поврзала со претседателот на Врховниот комитет Б. Сарафов. Сарафов го одобрил нејзиниот план и се согласил да ги финансира нејзините динамитни акции во Турција.
С. Мерџанов, Петар Манцуков и П. Соколов потоа заминале за Цариград и по долго размислување решиле да го убијат султанот Абдул Хамид. Меѓутоа, по повеќемесечно проучување на условите и можностите за извршување на акцијата, дошле до заклучок дека можноста Абдул Хамид да биде убиен била ограничена. Султанот излегувал од својата палата само кога одел на молитва во џамијата “Хамидие џамиси”, или пак кога на петнаесеттиот ден од рамазан, по случај празникот на Мухамед, одел во џамијата при Топкапи. Инаку Илд’з ќошк (дворецот во кој живеел султанот) претставувал одделно гратче, опкружено со високи ѕидови. Тука бил харемот, зградите за живеење, канцелариите, градините, езерата и слично.
Атентаторите планирале првин султанот да биде убиен со бомба кога ќе оди во џамијата “Тапкапи”. Меѓутоа, брзо дошле до сознание дека планот им бил крајно нереален. Султанот на пат за џамијата бил опкружен со илјадници војници, а од друга страна не се знаело по кој пат ќе помине - по суво или по море.
Обично тој одел по еден, а се враќал по друг пат. Исто така ригорозно бил чуван тој кога секој петок одел во џамијата “Хамидие”. Публиката секогаш се држела 300-500 метри оддалечена од султанот. Обидите да се набави некаква карта-пропусница и да се влезе во џамијата и таму да се убие султанот исто така не успеале.
Откако се уверила дека не ќе може да го убие султанот, Мерџановата група решила да ја дигне во воздух зградата на Отоманската банка којашто се наоѓала на главната улица што одела од Галата кон Пера. Банката била сопственост на западноевропскиот капитал. Но, поради функциите што ги вршела, покрај другото, и како трезор на Турција, се сметало повеќе како државна отколку како приватна банка.
До темелите на Отоманската банка требало да се стигне преку подземен канал. За таа цел била земена под кирија една блиска до Банката двокатна зграда, што била изградена исклучиво за склад. Зградата била изнајмена од Нанчо Стојанов и приспособена како “склад” на печатницата што го издавала егзархискиот орган в. “Новини”. Од оваа зграда започнало тибко и внимателно да се копа каналот. Меѓутоа, работата се одвивала мошне бавно; оти во самиот почеток на каналот се појавил еден тврд дел кој многу тешко се копал. Поради тоа, било побарано од гемиџиите во Солун да испратат еден човек во Цариград како би работеле во две смени, по двајца. Кон крајот на јули 1900 година на помош на Мерџановата група им бил испратен Павел Шатев.
Тешко, бавно, сантиметар по сантиметар, каналот се доближил до темелите на Банката. Среќата на заговорниците била голема.
Меѓутоа немало динамит и немало од каде таков да се набави.
Била побарана помош од ерменските револуционери со кои одржувале врски. Нивниот пријател со псевдоним Козаков ветил дека ќе ги снабди со динамит, но за тоа требало да се оди дури до Батум. Динамитот навистина пристигнал со еден руски брод во Цариград, но поради недоволно внимание бил откриен од полицијата и конфискуван, а Козаков одвај успеал да се спаси како руски поданик.
Неуспехот со динамитот предизвикал огромно разочарување кај атентаторите. Сл. Мерџанов неколку дена бил како луд. Место не го држело. “Ние тројцата - пишува Шатев - одвај се движевме. Не фати една меланхолија и ретко излегувавме дури од своите станови... Бевме речиси занемени и ништо не беше во состојба да не натера да бидиме весели...” (П. Шатев, 116-117.)
Извесно време по запленувањето на динамитот, еден по еден како сомнителни, биле уапсени сите четворица заговорници.
Но, бидејќи властите не знаеле и не можеле да откријат ништо за конспиративната дејност на уапсените, по интервенција на бугарскиот дипломатски агент во Цариград, решиле да ги ослободат, и тројцата, како бугарски граѓани, да ги протераат, во Бугарија а П. Шатев во родниот град Кратово. (По враќањето на Мерџанов, Манџуков и Соколов во Бугарија, во Цариград бил испратен Ал. Кипров на извидување. Меѓутоа, претходно во Солун тој се зближил со ЦК и му ветил на Матов дека ќе го информира за цариградскиот канал. Кипров отишол во “магазинот”, го видел каналот и во врска со тоа напишал опширен шифрован извештај до Матов во Солун.
Информацијата во Солун пристигнала пред избуввнувањето на познатата солунска провала (јануари 1901), кога ЦК бил уапсен.
Заедно со Матов, во рацете на власта паднал и извештајот на Кипров. Властите, иако со задоцнување од една година, го дешифрирале извештајот и го испратиле до султанот. Така, најверојатно, бил откриен каналот доста време по апсењето и прогонувањето на тие што го копале.) Така завршил обидот преку една страшна експлозија во срцето на Османската империја да се потсети Европа дека покорените народи не мируваат и ги бараат своите права.
* Гемиџиите во Велес се преокупирани со прашањето како да се снабдат со пари. Било решено: со учество на Мечето и на членови на Кружокот; Велешкиот револуционерен комитет да киднапира едно дете-ученик на богатото семејство Весови - за добивање на откуп. Било договорено, учителот Прнаров, кој знаел за планот, да ги изведе учениците на шетање надвор од градот. Двајца вооружени луѓе, облечени во албанска носија, ненадејно излегле пред децата и ги “плениле” детето и самиот Прнаров. Меѓутоа, брзата интервенција на властите открила дека “албанските разбојници” што се криеле во една пештера со детето биле велешани. Заедно со учителот, тие биле осудени.
Сепак, Организацијата добила “откуп” од Весови 200 лири, но дали добиле и колку добиле гемиџиите, не се знае. (Хр.
Силяповъ, Освободителнитъ борби на Македония, томъ първи, София 1933, 248.)
Во Солун гемиџиите се вратиле речиси без пари, поради што ниту можеле да опстанат подолго време ниту пак да почнат некаква посериозна акција. Во една таква, критична ситуација Коста Кирков дошол до друга идеја: отишол во Велес, го дигнал фамилијарниот скапоцен накит на тетка му и пак се вратил во Солун. Штом неговиот тетин разбрал за “операцијата” на Коста, истрчал во Солун, го нашол нактот, но, за да го добие назад, морал да им брои на гемиџиите 50 лири. (Ст. Симеонов. 8.
Според други податоци, откупот изнесувал 36 лири.) Сега заговорниците веќе имале минимални услови да минат конкретно во акција.
Пролетта 1900 година, кога Мерџановата група планирала да оди во Цариград, во Софија бил повикан Орце. Орце преку Мерџанов, се поврзал со Сарафов, го информирал за намерите на Солунскиот кружок, но не му ги изнел деталите. Сарафов и на Орце му ветил помош. Таа помош требало да доаѓа во Солун преку Мерџановата група од Царирад. Меѓутоа, додека заговорниците во Цариград редовно биле финансирани и не се жалеле од недостиг на средства, гемиџиите речиси постојано биле без или без доволно пари. Шатев, кој во Солун ја одржувал кореспонденцијата на Кружокот со Велес, Цариград и Бугарија, тврди дека тој еднаш или двапати добил од Цариград по 20 наполеони за потребите на гемиџиите и дека било решено самиот да оди во Цариград како помош на тамошниот кружок, но и за да го забрза праќањето на пари во Солун. (П. Шатев, 84 и 89.) По се изгледа дека гемиџиите преку Цариградската врска добиле мала помош. Органџиев тврди дека не добиле ништо”.
Се надевавме - пишува тој - дека ќе добиеме пари од Цариградската група, но не добивме ништо”. (Т. Органџиев,
119. Ст. Симеонов пишува дека, бидејќи ветените пари не доаѓале редовно, морал лично Орце да оди во Цариград и да го уреди ова прашање. Според Силјанов, поради недобивањето на ветените пари, Кирков бил принуден да го дигне накитот на тетка му.)
По среќавањето со Сарафов, Орце се вратил во Велес и заедно со Пингов заминал за Солун.
Мерџановата група сметала дека динамитните акции во Цариград ќе бидат сметани од Европа како “анархистички”. За да не изгледа така, т.е. за да изгледа дека делото има чисто револуцинерен карактер, се заклучило слични динамитни акции да се подготват во повеќе поголеми градови на Европска Турција - во Македонија и во Одринско. Кога копањето на каналот во Цариград веќе било напреднато Мерџановата група побарала од Орце и во Солун да се почне со иста работа. Орце го прифатил предлогот. Ги повикал своите другари што биле во Велес да дојдат во Солун, а во меѓувреме во Кружокот влегло уште едно лице - тоа бил Димитар Коштанов од Горна Џумаја.
Коштанов бил доверливо лице на ЦК на Организацијата, “терорист”, но, разочаран од дејноста на ЦК, го напуштил и станал еден од најхрабрите членови на Гемиџискиот кружок.
Приближно во тоа време, пролетта 1900 година, во Кружокот бил примен и Павел Шатев, кој тукушто ја завршувал гимназијата, така што, за разлика од Цариградскиот кружок, кој броел три лица, Солунскиот бил неколку пати поброен и дејствувал дома, во доста поинакви услови отколку што ги имале Мерџановци во Цариград.
Гемиџиите направиле план преку подземен канал да стигнат до темелите на филијалата на Отоманската банка во Солун и со динамит да ја дигнат зградата во воздух. Во близината на Банката, наспроти влезната врата на хотелот “Коломбо”, гемиџиите зеле под кирија едно мало дуќанче и го претвориле во берберница. Бидејќи дуќанчето било на една од поглавните улици во Солун, било нужно во него да се смести мебел којшто би одговарал за овој дел од градот. Гемиџиите, коишто морале да внимаваат на секоја ситница потрошиле повеќе од десет наполеони за потребниот мебел и алат во берберницата. Стопан на берберницата бил Владо Пингов. За големо задоволство на младите македонски револуционери, берберницата за една недела почнала да работи. В. Пингов, бил “мајсторот”, а Илија Трчков – “чиракот”. Први муштерии биле гемиџиите, а постепено во берберницата започнале да влегуваат и други лица па и странци. Се разбира, со оглед на фактот што Пингов многу малку го знаел занаетот, не можело да се одбегнат некои непредвидливи ситуации, по својата форма комични, но по своите последици доста опасни.
Влегува добро дотеран странец во берберницата и моли брзо да биде избричен. Пингов криво-право го бричи, но странецот бара малку да му се дотера брадичето. Владо, бидејќи не знае тоа да го направи, се труди да го убеди муштеријата дека брадата му е убава и дека нема што да се поправи, но по инсистирање на странецот, принуден е влакно по влакно да му ја дотерува брадата за да не се засрами. Странецот целото “недоразбирање” го објаснил со пепознавање на јазикот.
Меѓутоа, тој случај бил повод гемиџиите посериозно да помислат околу персоналот, зашто, бидејќи берберницата се наоѓала во француското маало, во неа почесто наминувале странци. Опасно било и тоа што во берберницата често наминуваал и по некој од гемиџиите на “разговор” со Владо, а, се разбира, без да се сомневаат во ништо тука доаѓале и по некои познати велешани, охриѓани и други што воопшто не било пожелно. Проблемот го решил Орце. Тој побарал од Мерџанов во Цариград да му испрати некое момче кое го знае турскиот или грчкиот јазик, но не и нашиот. Мерџанов, преку Ерменскиот комитет, го нашол и го испратил во Солун Ерменчето Кристи, кое добро го знаело и турскиот и грчкиот јазик. Кристи бил претставен како Грк под името К. Аристиди и вработен како бербер покрај Пингов. Со вработувањето на “Грк” во берберницата, на турската полиција и се одземал поводот да се посомнева дека дуќанчето би можело да се ползува за потребите на македоцските револуционери.
За гемиџиите, во случајов исклучиво важна била визбата на берберницата, којашто се наоѓа на 1,5 метри под рамништето на улицата. За копањето на каналот во почетокот биле задолжени Орце, Шатев и Коштанов. Со копањето први почнале Шатев и Коштанов во јули 1900 година. Првин бил ископан трап длабок над три метра, а потоа продолжиле работите врз копањето на каналот, т.е. хоризонтално. Земјата била ровка и копањето на каналот било лесно и брзо. Тешкотија претставувало осветлението. Електрично осветеление немало, обичните батерии не осветлувале доволно. Останувало целата работа да се врши со свеќи. Се копало со длето и лопатка. Копач во никој случај не смеело да се употребува.
Откако навлегле неколку метри под земја, Орце забележал дека правецот не бил нормален - се отишло доста лево. Ако така се продолжи, ќе се стигне подалеку од Банката. Орце, како добар познавач на математиката и геометријата, успеал да изврши корекција, но тоа наложило проширување на каналот, што ја зголемувало опасноста од уривање на земјиштето. За да се спречи тоа, била набавена извесна количина цемент и во берберницата внимателно внесена малу поголема количина вода. Така, преку бетонирање, каналот бил обезбеден.
Во тоа време во Цариград јавиле дека таму работите тешко одат, побарале помош и сугерирале во Солун да не се брза со копањето. На помош во Цариград отишол П. Шатев.
Копањето во Солун го продолжиле Т. Органџиев и Илија Попјорданов, кој специјално за тоа дошол од Велес. Со навлегувањето подлабоко во земјата, се јавила потреба и за прочистување на воздухот, што се правело со дувало поврзано со гумени црева. Еден седел на отворот и дувал со дувалото а друг копал. Каналот бил висок околу 70 см и широк околу 50 см па затоа морале да работат полулегнати. Еден дел од ископаната земја се расфрлала и газела во визбата, а друг во ќесиња бил изнесуван надвор од берберницата и фрлан во морето или на други сигурни места.
На патот кон Банката на копачите им се испречил еден стар римски ѕид, што со голема мака успеале да го пробијат, отворајќи дупка колку да може да мине човек. Ова место го нарекле “Термопилите”. Потоа немало посериозни пречки. За неколку месеци каналот бил ископан до темелите на Банката.
Меѓутоа, неочекувано испаднало далеку потешко да се набави динамит отколку под земја да се стигне до Банката. Гемиџиите останале без пари, па живееле во многу тешки услови. Летото и есента тие за лична издршка трошеле многу малку. Повеќе се хранеле со грозје и друго овошје. Но, веќе и тоа го снемало.
Кога немале ништо што да јадат, ги помагал нивниот сограѓанин Славчо Коробаров, ученик во Гимназијата. Славчо крадел од пансионот храна и им ја префрлувал на гладните гемиџии преку ѕидот од пансионот.
Немајќи динамит, немајќи пари за издршка, гемиџиите штом разбрале дека цариградската група била уапсепа и нивната акција провалена, решиле да го напуштат Солун.
Инструментите со коишто работеле ги закопале во каналот, го замаскирале добро отворот, го исчистиле убаво дуќанот и, без да остават никакви траги по кои каналот би можел да биде откриен, берберницата ја напуштиле. Тоа било во декември 1900 година. Повеќето од гемиџиите се прибрале дома, во, Велес. (Т. Органџиев, 118-120; П. Шатев, 87-89, 204; Силјанов
249, 251; Ст. Симеонов, 10-11.)
Со откривањето на цариградската група, делото на македонските гемиџии не било загрозено. Тие тоа го знаеле.
Кога Шатев го интернирале во Кратово, со спровод го воделе преку Солун. Во Солун тој нарочно поминал покрај берберницата на Пингов (полицаецот што го водел не го познавал градот) да не би случајно да го забележат неговите другари. И навистина, по неколку часа, во жандармерискиот затвор се појавил Т. Органџиев, кој случајно одејќи по една улица, видел дека Павела го носат во спровод. Шатев успеал да му каже дека, иако Мерџановата група е уапсена, полицијата ништо не знае за нивната дејност, дека каналот (“невестата”) не е откриен и дека сите се добри. (Интересно е да се забележи дека затоа што П. Шатев немал пари да плати билет за полицаецот што го спроведувал, морал уште со двајца, кои веројатно биле во слична ситуација, да патува пешки од Солун до Скопје. Патот водел преку Кукуш, Дојран, Струмица, Штип, Свети Николе, Скопје. Оттука Шатев до Куманово отишол со воз, а потоа, до Кратово - пеш.)
Гемиџиите, значи, можеле да бидат спокојни и да ја продолжат својата работа. Меѓутоа, тие, повеќе отколку, што требало, се потпирале на Цариградскиот кружок и очекувале помош од него, иако било очевидно дека таква од таму тешко доаѓа. И кога Мерџановата група била затворена гемиџиите се нашле малку збунети и беспомошни. Тие дури и да имале средства за опстанок во Солун, не би можеле ништо да постигнат, зашто самите тие не се погрижиле да набават динамит туку, по се изгледа, очекувале со експлозив да ги снабди Мерџанов. Дури отсега тие ќе заработат самостојно и снабдувањето со динамит ќе го постават на прв план. Но, по овој прв сериозен неуспех, целата 1901 година морале да ја минат во бездејствување.
ВО ПОТРАГА ПО ПАРИ И ДИНАМИТ - КОПАЊЕ НА НОВ КАНАЛ Гемиџиите во 1901 година биле распрснати на повеќе страни.
Повеќето се вратиле дома, во Велес. Д. Коштанов отишол во родното место Горна Џумаја (според некои податоци таму бил интерниран), П. Шатев бил во Кратово, некои, изгледа, останале во прво време во Солун, Орце заминал во странство.
“За сите гемиџии - пишува Шатев - настанаа лоши денови.
Одвај можевме да одржуваме врски со писма...” (П. Шатев,
188.)
Велешките младинци, бидејќи биле повеќемина на куп, се труделе да го организираат животот и да му дадат некаква корисна револуционерна содржина. Се собирале по куќи, читале, дискутирале. Но, и покрај тоа времето тешко врвело, а неизвесноста за перспективата на нивното започнато дело постојано ги притискала. Т. Органџиев признава дека бездејството во Велес внело извесно распаѓање во групата. Т.
Богданов, К. Кирков и Пингов паднале во меланхонија. Немале со што да се занимаваат, а непријатно им било да стојат без работа, да безделничат.
По неколкумесечниот престој во Македонија (веројатно во Велес), Орце Попјорданов заминал да бара помош. Сарафов веќе не бил претседател на Врховниот комитет и се наоѓал во Швајцарија. Орце се сретнал со раководителите на новиот Врховен комитет - генерал Иван Цончев и Иван Михајловски -и се обидел да ги убеди за потребата да се преземе нешто против европскиот капитал. Но, не наишол на разбирање.
Добил одговор дека еден таков акт би бил против “бугарските интереси". (II. Шатев, Солунскиот атентат..., 27.)
Од Софија Попјорданов заминал за Женева да бара помош од Борис Сарафов, а и да се запознае со руски социјалисти, што редовно ги имало во Швајцарија. Тој навистина се сретнал со некои од нив, ги запознал со плановите за дејствување во Македонија и добил нивна полна морална поддршка. Од нив Орце добил револуционерна литратура како подарок за гемиџиите.
Попјорданов се сретнал и со Сарафов, кој во моментот располагал со поголема сума пари. Од нив на Орцета му дал 10.000 лева - за времето значајна сума пари. Во исто време Сарафов на Орце му ветил дека ќе му испрати и 1.000 кг динамит.
Во меѓувреме, во февруари 1902 година, Шатев во Кратово добил телегама од П. Манџуков, во која стоело дека “ Васковата невеста умрела". Toa значело дека каналот во Цариград бил откриен од властите и според тоа на Шатев му претстоела опасност да биде уапсен. Немајќи многу време за размислување, Павел му ја открил тајната за цариградскиот канал на својот брат Иван и побарал помош за бегање од градот. Иван и главниот учител во Кратово Вл. Каранфилов (од Прилеп) биле раководители на Реонскиот комитет и без тешкотии, преку каналите на Организацијата, Павела го префрлиле на бугарска територија. Во Софија се сретнал со П. Манџуков, од кого разбрал за се што се случило во текот на изминатата, речиси година и пол од неговото интернирање. Мерџанов и Соколов загинале. (Во 1901 година Мерцавов и Соколов, заедно со ерменскиот револуционер Бедрос Серемџијан, формирале чета и навлегле во Одринско со цел да го нападнат Ориент-експресот и да ја запленат поштата, за да дојдат до пари.
Меѓутоа, обидот не успеал. Потоа четата фатила едно Турче, од чии богати родители требало да се бара откуп. Надигната била голема војска и полиција, четата била откриена и ликвидирана.
Соколов бил убиев во борбата, додека Мерџанов бил фатен, осуден и обесен во Одрин. Обесени биле и Ерменците Бедрос и Оник Торосијан.) Каналот во Цариград бил откриен. Гемиџиите во Солун го напуштиле каналот, но никој од нив ниту бил уапсен ниту интерниран, освен Д. Коштанов, веројатно како сомнителен.
За откривањето на каналот во Цариград имало две претпоставки: прво, дека тој бил откриен случајно - веројатно биле забележани Нанчо и А. Кипров како влегуваат и излегуваат во магазинот и, полицијата, сомневајќи се во нешто, во својата намера да види, да провери, го открила каналот;
второ, и најверојатно, извештајот на Кипров за положбата на каналот (Кипров бил испратен од Софија, од Мерџановци, во Цариград да го надгледува магазинот) испратен до ЦК на Револуционерната организација во Солун бил запленет заедно со апсењето на Татарчев, Матов и другите и подоцна дешифриран, и така тајната на атентаторите откриена.
Со убиството на Мерџанов и Соколов и со откривањето на каналот во Цариград, цариградската група престанала да постои. Гемиџиите ќе го направат тоа што нивните поискусни сомисленици не успеале да го сторат.
Во април 1902 година Орце пристигнал во Софија од Женева.
Тој се вратил со силни впечатоци од среќавањето со руските револуционери, но и со жална констатација дека гемиџиите заостанувале по теоретската изграденост од тие во Женева.
Шатев пишува: “Орце дојде со парите тука (во Софија - б.м.).
Тогаш видовме дека не можеме да се споредиме со руските револуционери и ни се стори дека сме малечка групичка без раководни идеи; повеќе работевме по инстинкт. Решивме да дејствуваме како мала група смело, на своја глава”. (П. Шатев,
28.)
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/solunskite-atentati/6 on October 29, 2026