ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 04
“Членовите на новиот Централен комитет немаа искуство (што го имале старите членови д-р Татарчев, П. Тошев, Хаџиниколов, Христо Матов, уапсени 1901 година) и не беа така дејателни; тие беа, главно, учители и трговци кои пред се си ја гледаа својата лична работа, а раководството на Револуционерната организација за нив претставуваше нешто дополнително, второстепено. А пак централизацијата беше толку голема што и за најситните работи требаше да се бара одобрување од ЦК во Солун. Меѓутоа, размерите што ги беше зела ВМРО со дејноста на својот легален и нелегален апарат беа толку големи што ЦК, да беше составен дури од професионални револуционери, пак не можеше да одговори на созреаните потреби за пропагандата, агитацијата, подготовките, обуката, камоли пак да раководи со револуционерните дејствија во цела Македонија.
Како резултат на неспособноста и пасивноста на членовите на ЦК, овој веќе ги загубил нишките на раководството и фактички ВМРО, од организација со полна централизација, се претвори во таква со полна децентрализација.
Колку всушност членовите на ЦК на Организацијата во Солун беа недејателни, толку повеќе растеше кај нив желбата се да држат во своите раце и сите од револуционерните реони да се обраќаат до нив. Понекогаш, не познавајќи ги месните услови, наместо да помогнат; му носеа штета на движењето...
Членовите на ЦК беа случајни личности. Тие прибрале околу себе си една камарила од случајни лица, користољупци, коишто сакаа да исползуваат некаква егзархиска служба или положба во општеството...” (75 Истото, 290-294. Гарванов во своите кратки спомени само неполна страница им посветува на гемиџиите. Повеќето од податоците што ги дава не се точни - Спомени на... Иван Гавранов, 135.)
Бидејќи немале и не сакале да имаат врска со ЦК во Солун, бидејќи не се мешале во работите на Организацијата и не се обидувале да ја шират својата идеологија и својот начин на борба меѓу обесправеното население, гемиџиите сметале дека Иван Гарванов нема никакво право и основа да им се наложува.
Ништо не му давало за право на ЦК да го смета Солун за искпучиво негово подрачје за дејствување и да им го оспорува правото на други, на гемиџиите, да се борат во ист град. Со други зборови (резонирале тие), никој немал право да им ја оспорува желбата да умрат во родната земја, “во престолтнината на Македонија”.
Се разбира, никој немал право да им ја оспори желбата на членовите на Гемиџискиот кружок да се борат за слободата на Македонија. Меѓутоа, нивното мислење дека, бидејќи не се членови на Организацијата, нејзиниот ЦК немал право да се интересира за нивните акции, во принцип било неправилно.
Поради тоа што составот на ЦК ги немал потребните морално-политички квалитети и не можел правилно да ги раководи ослободителните борби на македонскиот народ, не можело да се испуштат од предвид интересите на цело едно револуционерно движење.
Сепак, крајно заострените односи не довеле до отворени пресметнувања меѓу двете страни. И покрај тоа што Гарванов освен клевети испраќал и закани дека ќе употреби и сила за да ти отстрани од Солун, не дошло до физички пресметки.
Гемиџиите биле решени да трпат и да одбегнуваат секаков инцидент кој би можел да биде причина за провалување на нивната динамитна акција, додека Гарванов, пак од повеќе причини, а најмногу плашејќи се за својот живот, не се решил да ги испрати своите “терористи” против нив. (Гарванов тврди дека, во еден момент заплањени од ЦК дека гемиџиите ако за два дена не го напуштат Солун ќе бидат убиени, привремено тие го напуштиле градот. Колку е тоа точно, не ни е познато.)
По пленувањето на 1.000 кг динамит, тој веројатно не претпоставувал дека тие ќе се снабдат со ескплозив по други патишта.
Поради немањето на доволно динамит, гемиџиите дефинитивно се откажале од мислата своите акции да ги прошират надвор од Солун. Динамитот што веќе го имале набавено не можел да ги задоволи дури ни потребите за Солун. Затоа тие решиле по секоја цена да набават уште динамит.
Во 1902 година за потребите на Организацијата во Бугарија се купувало мелинит кој доаѓал од странство и се праќал кон границата и во Македонија. Гемиџиите го искористиле овој случај и купиле околу 200 кг мелинит. П. Шатев се нагрбил со задачата да го организира пренесувањето на експлозивот до Солун. Мелинитот пренин бил складиран во Ќустендилско, во близината на границата. Шатев се поврзал со Тодор Александров, со кого се познавал од порано. Александров во 1902/1903 учебна година бил учител во Кочани и член на месното раководство на Организацијата(?). Тој од разговорите што ги водел со Шатев кога овој бил интерниран во Кратово знаел нешто за гемиџиите и за нивните намери “нешто” да направат. Затоа сега решил да им помогне. Шатев го праќал мелинитот од Бугарија во с. Саса каде што го примил искусниот курир на Организацијата Геро. Од Саса до Кочани се пренесувал скриен во сено, бидејќи сеното било главна стока што се превезувало на оваа линија. Така, во пратки од по 20-30 кг, сиот мелинит бил префрлен во Кочани. (Додека Шатев тврди дека мелинитот, околу 200 кг, бил купен, Т. Органџиев (ц. негова статија, 121) пишува дека динамитот, околу 100 кг, бид украден некаде во Јамболско.)
Во Кочани главна стока на трговијата бил оризот. Било што друго да се пренесувало, можело лесно да предизвика некакво сомневање кај надлежните органи на власта. Тоа било време (почеток на 1903) кога низ Македонија се чувствувало силно раздвижување на чети, на курири, се пренесувало оружје, со еден збор, се вршеле засилени подготовки за востание.
Судирите со аскерот и полицијата станувале се почести, а недовербата на властите кон се што било христијанско станувала тотална. При ме услови, пренесувањето на динамит, што морало да се изврши по царскиот друм до Велес, а оттаму со железница до Солун, било навистина поврзано со непредвидливи и опасни ризици. Таа задача успешно ја извршил Т. Органџиев.
Органџиев отишол во Кочани, се поврзал со луѓето што го чувале динамитот и го организирал превозот. Секој вторник, пазарен ден, “кираџиите.’ пренесувале по 1-2 товари ориз во Велес. Во секоја вреќа имало по неколку килограми динамит.
Меѓутоа, и оризот не бил поштеден од проверка. Колџиите што ги прогонувале контрабандистите со тутун имале навика, без многу размислување, да мушкаат по вреќите со ориз со специјални заострени железни прачки. За да се одбегне тоа, “кираџииите” морале да даваат рушвет.
Товарите со ориз во Велес пристигнувале во еден ан, а од таму Тодор ги префрлувал во куќите на неговиот чичко Никола Органџиев.
Т. Органџиев динамитот го ставал во тенеќии во кои се ставало шарлаган. Тежината на динамитот во тенеќиите морала да одговара приближно на тежината на шарлаганот. Потоа од доверливо лице-тенеќеџија капакот на тенеќиите се затворал, како што тоа се правело со шарлагот, и тие се праќале по железницата на определена адреса во Солун. Првата пратка од две тенеќии била подигната во Солун од Орце и Коста.
Колџиите сакале да проверат, но амалчето - Циганче - успеало да се оддалечи додека Орце и Коста се расправале и им давале рушвет. На таков начин биле пренесени и другите четири пратки.
Гемиџиите располагале со околу 280 килограми динамит.
Каналот до Банката бил готов, а друг канал во Солун или на друго место не планирале веќе да копаат. Значи, секој момент тие биле готови да стапат во акција. Динамит немало толку колку што сакале да имаат, но сепак имало доволно за да ја изведат акцијата во Солун.
СОЛУНСКОТО РЕШЕНИЕ ЗА ВОСТАНИЕ - ОДНОСИТЕ СО ДЕЛЧЕВ По речиси три години подготовки и перипетии, гемиџиите биле готови за акција. Но, едно судбоносно совпаѓање! Тие биле готови за акција токму тогаш кога во Македонија се очекувало да почне востанието.
Врховниот комитет, кој пред Европа се претставувал како изразувач на интересите на угнетеното македонско население и сакал да игра решавачка улога во ослободителната борба на Македонија, решил по втор пат (првиот пат тоа било т.н.
Мелничко востание во 1895 година) да дигне “востание” во Македонија. На 23 септемрри 1902 година четници на врховистичкиот офицер Т. Саев убиле неколку спаии во с.
Железница, Горноџумајско, со што бил предизвикан аскерот да го нападне селото и да се развие борба. Со тоа бил огласен почетокот на врховистичките оружени акции познати во историјата како “Горноџумајско востание”. Тие акции, со повеќе паузи, траеле до средината на ноември истата година.
Врховистичките сили дојдени од Бугарија броеле околу 400 души. Во борбите биле вовлечени околу 30 македонски села од повеќе кази, но половината од нив припаѓале кон Џумајската околија. Со оружените акции раководеле познати врховистички офицери со потпретседателот на ВК ген. И. Цончев.
“Востанието”, како што се очекувало, било задушено во крв. И покрај тоа што уште порано, по интервенција на големите сили, Високата Порта ветувала дека секакво движење во Македонија ќе биде задушено со редовна војска и со седства толерантни за вакви случаи, ветувањето не го исполнила. Околу 15 села биле разурнати, изгорени или опљачкани, 45 души биле убиени, повеќе стотици биле мачени, 110 жени силувани, околу 2.000 пребегнале преку граница. Сето население во реоните што ги зафатило врховистичкото востание, во текот на борбите и по нив, се нашло во една навистина тешка положба.
МРО во лицето на Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и многу други остро и се противставувале на врховистичката политика спрема Македонија воопшто и одделно спрема врховистичкото инфилтрирање и врховистичките подготовки за поттурнување на пожари во одделни околии во Македонија. Не успевајќи да го спречи планираното востание, МРО ги вложила сите свои сили барем да го ограничи и да ги сведе на минимум тешките последици за Организацијата и за населението. Благодарејќи на брзото реагирање на МРО и сфаќањето на добар дел од заблуденото население дека е изиграно, врховистите не успеале да го прошират пожарот на поголеми пространства. Македонското население од овој крај било лажено и дезинформирано од врховистите и од нивните соработници и во својот поголем дел било принудено да се дигне, бидејќи испровоцирани од убиствата и нападите на врховнстичките чети, турските војски на прво место ги напаѓале селата и ги принудувале да се бранат или да бегаат. Според тоа, учеството на македонското население во врховистичкото востание не се изразило толку во вид на некакво свесно и доброволно приклучување кон врховистичките чети, туку во вид на отпор и одбрана од нападите. (Кр. Битоски, 237/283; Манол Пандевски, Илиндеското востание во Македонија 1903, Скопје 1978, 19-30.)
“Горноџумајското востание”, слично на она од 1895 година им нанело огромни штети на национално-ослободителните борби на македонскиот народ. Поврзувајќи го неуспехот на Илинденското востание со негативното влијание на врховистичкото Горноџумајско востание, Димо Хаџи Димов, во прочуената статија под наслов “Илинденското востание и поуките од него... “, меѓу другото вели: “Илинденското востание не успеа затоа што беше претходно компромитирано од едно друго вештачко ‘востание’ наречено Џумајско... Но, гревот на Џумајското ‘востание’ не е само тој - дека тоа беше насочено против Внатрешната организација и дека создаде услови последнава, сакала-нејќела, да ја пригрне идејата за свое востание. Авторите на Џумајската авантура, коишто дејствуваа од името на бугарската влада и бугарскиот дворец и коишто ја повторуваа 1895 година... и ги дадоа сите адути на турската влада, а потоа и на српската и на грчката, коишто секогаш гледале лакомо на Македонија, да мислат дека македонското население е просто орудие за спроведувањето на политиката на еден внатрешен државен актер и дека следствено, треба да ги преземат сите мерки за осуетување на неговите планови. Значи, Џумајското востание беше удар не врз Турција, а врз самата Македонија и врз нејзините идеали...” Врховистичката оружена акција во Македонија ги поттикнала големите сили, особено Русија и Австро-Унгарија како “најзаинтересирани” за настаните во Македонија, да го забрзаат подготвувањето на реформи надевајќи се дека на таков начин ќе ја смират реводуционерната атмосфера во Македонија и ќе ги осуетат бурните настани што биле на повидок. Сите големи сили биле категорички против нарушувањето на статус-квото во Македонија, т.е. биле против било какви посериозни промени во овој дел од Балканот и со самото тоа, повеќе или помалку, биле противници на македонското револуционерно движење. Со други зборови речено, ако се исклучат внатрешните услови што се уште не биле зрели за едно општо востание, надворешните услови, што така биле многу важни за успехот на македонската револуција, биле крајно неповолни.
И покрај овие јасни факти, што им биле познати на сите оние што вршеле поважна функција во МРО, ЦК решил да се дигне востание во Македонија. Главен иницијатор за тоа бил Иван Гарванов. Гарванов, како и Врховниот комитет, не го сакал ослободувањето и конституирањето на Македонија во автономна државна единица. Тој под ослободување разбирал создавање услови за анектирање на Македонија од страна на Бугарија. Затоа претстојното востание тој не го сметал како чин кој требал да придонесе за ослободување на Македонија, туку го разбирал како една поширока оружена акција која како продолжение на онаа горноџумајската, предизвикана од Врховниот комитет, ќе го вжешти уште повеќе македонското прашање, ќе го направи уште поактуелно, а сето тоа во рамките на онаа политика изградена во Софија што предвидувала преку судири, притисоци, “метежи”, пропаганда и слично создавање на нужната атмосфера за претстојното “ослободување” на Македонија, од бугарската армија.
Не е ништо чудно што Гарванов и неговите сомисленици го исфорсирале востанието, иако однапред знаеле дека немало речиси минимум услови да се ремизираат целите на МРО.
Циркуларното писмо со кое Гарванов го свикувал Солунскиот конгрес било испратено на 6 јануари 1903 година, тукуречи веднаш по задушувањето на Горноџумајското врховистичко востание, но и веднаш по еден друг важен настан. Имено, во декември истата година Белград, Софија и Виена ги посетил министерот за надворешни работи на Русија грофот Ламсдорф.
Тој на бугарската влада и ја пренел цврстата решеност на царската влада, како и на Виена, да не дозволат никакви промени во овој дел на Балканот и барал од претставниците на македонската емиграција во Бугарија и од тие на МРО (д-р Татарчев и Христо Матов) со кои се сретнал да водат сметка за тој факг и да не предизвикувааг нереди во Македонија. Русија и Австро-Унгарија, со помош на другите големи сили, македонското прашање ќе го решавале преку спроведување на реформи.
И Ламсдорф и владите на другите големи сили, на прашањето:
каков став ќе заземат кон едно евентуално востание во Македонија, едногласно одговарале - ќе и дадеме слобода на Турција да го задуши. За овој став на големите сили морале да водат сметка сите оние фактори на македонското движење на кои навистина им лежеле на срце интересите на Македонија.
Точно е дека нашето револуционерно движење, како народно, се развивало по една историски утврдена закономерносг и крајна негова цел била ослободувањето на Македонија. МРО не можела својата акција да ја потчини на интересите и политиката на надворешните фактори, па било тоа да се и големите сили.
Меѓутоа, точно е и тоа дека МРО востанието го сметало како средство за реализирање на својата ослободителна, програма а не како цел. И, според тоа, сосем нормално било да се мисли дека востанието ќе се дигне тогаш кога ќе се создадат најнеопходните внатрешни услови, но кога ќе има и минимум надворешно-политички услови. Историјата на балканските ослободителни движења учи дека балканските народи (Срби, Грци, Бугари) успеале да се ослободат од османската власт во време на големи политички превирања во Европа во кои учествувала и Турција и со помош на големите сили, особено на Русија. Во годината кога се решило да се дигне востание во Македонија, не само што во Европа владеел мир, туку сите големи сили во судирот меѓу МРО и Турција биле на страната на последнава. Односите биле такви што за секого било јасно дека потоците крв на нашиот народ нема да трогнат никоја од големите сили и никој од нив нема да застане цврсто на негова страна. Интересите на Русија и на другите големи сили тоа не го дозволувале. Тоа секако им било јасно и на Гарванов и на Анастас Лозанчев претседател на Битолскиот окружен комитет, и на другите фактори.
Речиси сите историски аргументи одат во прилог на мислењето дека иницијативата на Гарванов за свикување на Солунскиот конгрес во јануари 1903 година и решението во претстојната пролет да се дигне општо востание биле голем заговор против македонското националноослободително движење. Начинот на кој бил свикан конгресот, профилот на мнозинството од лицата што биле повикани (наместо да бидат демократски избрани) и што присуствувале на него, аргументите што биле употребени од Гарванов да се убедат “делегатите” дека требало наскоро да се дигне востание и некои други елементи недвосмислено потврдуваат дека се одело свесно на востание не заради ослободување на Македонија туку од истите побуди од кои се раководел Врховниот комитет во постојаното инсистирање да предизвикуваат крвопролевања и палежи на македонски села.
За да ги придобие присутните на Конгресот, особено колебливците, да гласаат за востание, ЦК изјавил дека “ги зел предвид расположението и заинтересираноста на европската дипломатија кон нашето народно дело”, а Гарванов се повикал на францускиот амбасадор во Цариград, кој наводно рекол:
“Ако во Македонија се дигне едно движење, сигурно ќе и се дадат широки права и дека, ако востанието издржи две недели, Бугарија ќе влезе во војна”. (Хр. Силјанов, 197.) Овие изјави на ЦК и на Гарванов биле една од најголемите невистини изнесени пред Конгресот. Ниту францускиот амбасадор рекол такво нешто ниту бугарската влада можела да вети дека ќе влезе во војна.
Гарванов “заборавил” пред Конгресот да го пренесе ставот спрема востанието на руската и на австро-унгарската влада, за кој токму тогаш во Европа доста се пишувало и зборувало.
Единствено претставникот на Серскот реон Л. Димитров, кој на Конгресот го пренел и ставот на Гоце Делчев и на Јане Сандански (Гоце, Јане и други најзаслужени работници на МРО не биле повикани на Конгресот), се искажал против востанието
- како неблаговремено истакнувајќи го притоа како аргумент и ставот на руската влада која била категорички против предизвикувањето на “нереди” во Македоннија.
Солунскиот конгрес решил во претстојната пролет во Македонија да се дигне општо востание. Голема заслуга за тоа имал А. Лозанчев, кој, без да праша никого од реонските раководства, од името на Битолскиот револуционерен округ се застапувал за дигање на востание. Подоцна, на окружниот конгрес на Организацијата, одржан во Смилево, од некои делегати бил остро критикуван за тоа свое своеволие.
Од зачуваните (скудни) документи за овој настан не се гледа дека гемиџиската акција била предмет на разгледување пред Конгресот. С. Симеонов, меѓутоа, пишува дека на Конгресот било решено да се “отстрани акцијата на заговорниците”. (Ст.
Симеонов, 14-15.) Гарванов бил задолжен да им ги предочи на гемиџиите следниве аргументи: востанието што требало да се дигне ќе пропадне ако на чело на востаниците не застане интелигенцијата како раководител. Атентатите ќе имаат за последица интелигенцијата да падне по затворите и востанието ќе се осуети.
Гемиџиите, наводно, се согласиле атентатите да ги одложат за по востанието, но не се откажувале од својата акција. Меѓутоа, Централниот комитет со тоа не се согласил и “сакаше да земе се во свои раце и да осуети секаква акција во неговото седиште”.
Тогаш - пишува Симеонов било решено да бидат убиени или отруени заговорниците. Но, немало кој да го изврши тоа решение. Извршните органи на ЦК “беа разочарани од своите водачи и наполно ги симпатизираа заговорниците”. Од друга страна, пак, Гарванов и неговите луѓе, изгледа, дошле до сознание дека било доцна за преземање на такви драстични мерки за спречување на гемиџиската акција во Солун.
Гемиџиите, поради карактерот на нивната работа, биле мошне претпазливи. Сите не можеле наеднаш да бидат убпени, а оној што би останал, би бил доволен барем Банката да ја дигне во воздух. Зашто една количина динамит била во тунелот и
“чекала” само да биде потпалена.
Гарванов и неговите блиски од ЦК сметале дека гемиџиите биле крајно штетни за делото. Ги сметале за младинци што биле заразени од некои превратни учења (социјализам, анархизам) и, без да ги разберат тие учења, се труделе да ги применат на македонска почва. Ги третирале како “авантуристи”, како луѓе без татковина и слично. И, најважно, ги сметале за опасни, бидејќи со нивните акции во Солун ја загрозувале најмногу од било што друго личната безбедност на ЦК.
* Ако се исклучи ЦК, револуционерите што му припаѓале на Гемиџискиот кружок одржувале добри односи со Организацијата и одделно со нејзиниот најавторитетен член -Гоце Делчев. Иако гемиџиите не сакале да имаат врска со масите и со Организацијата, повеќе околности, а најмногу нуждата за помош, ги терало такви да одржуваат. Делчев бил секогаш готов да им помогне и им помагал. Организацијата немала потреба и не барала никакви услуги од Кружокот. Кога сепак ЦК на чело со д-р Татарчев во 1900 година побарал од водачот на цариградската група Сл. Мерџанов да се заземе пред Егзархијата за да се назначат учители по македонските градови така како што предлага ЦК, се јавил сериозен спор што бил од принципиелен карактер по прашањето за односите меѓу атентаторите и ЦК на МРО. “Дотогаш - пишува Шатев - ние немавме никакви односи со ЦК на ВМРО, а и не сакавме да имаме...” Особено остро против секакви односи со ЦК истапувал Манџуков. Кружокот; според него, немал никакви допирни точки со ЦК и не сакал да има. И, според тоа, немало потреба тој да се јавува во услуга на ЦК. Тие врвеле по еден пат, служејќи се со одделни методи на дејствување, а атентаторите со сосем други.
Меѓутоа, едно било прашањето што мислеле атентаторите и тие во Цариград, а друго што гемиџиите мислеле во Македонија и во Солун, центар на едно широко разгрането револуционерно движење. Групата на Мерџанов нема многу врска со Македонија. Таа, како што видовме, кратко време по неуспехот во, Цариград се распаднала. Мерџанов и Соколов загинале, а Манџуков соработувал со гемиџиите, но во Бугарија. Во Македонија, освен во почетокот, тој не доаѓал. Гемиџиите најдобро ги познавале условите во Македонија и тие од тоа се раководеле.
Гоце Делчев, широк и хуман по својата природа, ценел и сакал секого во кого верувал дека искрено се бори за ослободувањето на Македонија. Акциите на гемиџиите тој ги сметал како придонес во општите напори да се постигне големата цел. Затоа се однесувал со респекг и љубов кон нив. Треба да се одбележи дека Делчев ослободувањето на Македонија го очекувал од едно општо, добро идејно-политички и материјално подготвено востание, но во рамките на тоа средствата со кои планирале да се послужат гемиџиите тој не ги исклучувал. Напротив.
Сите што пишуваат за Солунските атентати, од разбирливи причини, се трудат да пронајдат аргументи за да го објаснат и “оправдаат” делото на гемиџиите. При тоа редовно се повикуваат на Гоце. “Гоце ги помагал, Гоце ги поттикнувал, Гоце ги разбирал” итн. Тоа го прават во своите спомени и двајцата преживеани гемиџии П. Шатев и Т. Органџиев. Тоа што Б. Сарафов им дал значајна материјална помош никому, освен на гемиџиите, не му правело впечаток. Причината за тоа лежи во фактот што сите оние што ги разбирале проблемите на ослободителната борба и односите на ВК и МРО знаеле дека Сарафов би му дал помош секому кој би бил готов “нешто да работи” против Турците во Македонија, без при тоа да мисли какви би биле последиците за народот и за Организацијата.
Главно да се пука, да се убива и во врска со тоа да се дига шум во Бугарија, во Европа.
Еве на кој начин самиот Шатев го поврзува и го објаснува местото на Делчев во гемиџиската акција:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/solunskite-atentati/8 on October 29, 2026