Front Matter - Part 03
Целта на нашите усилби е револуцијата. А нашиот идеал -развитокот на човештвото, сеопштата срека.На таков начин се определуваат целите и задачите во в. “Отмъщение”. Сметаме дека нема потреба овде да ги истакнуваме недоследностите во материјалите на МТРК и во в. “Отмъщение”. За нашата тема тоа не е неопходно.) По се изгледа дека групата била составена од членовите, односно од дел на членовите што го сочинувале МТРК. Славе Мерџанов, Петар Манџуков и некои нивни другари веќе во Женева се определиле за индвидуални акции во Турција. Тие таму се “сопреле врз идејата да започнат чисто терористички акции со првенствено засегнување на европските капитали вложени во Турција”. (П. Шатев, 73.)
Манџуков и Мерџанов дошле во Турција (1899) за да почант со реализирање на замислените планови. Првиот дошол во Скопје, каде што по извесно време бил уапсен од властите и задржан во затвор, а вториот дошол во Солун. Тука се сретнал со Јордан Шурков, со кого се познавале од Пловдив и преку него со велешката група. Велештките младинци идејно биле наполно зрели за вклучување во револуционерни акции. Како што забележавме, тие биле готови да започнат борба, но не знаеле како. Предиспонирани кон индивидуален вид на борба, тие веднаш ги прифатиле идеите на Мерџанов и Манџуков, кој, ослободен од затвор, исто така пристигнал во Солун. Овие пред велешани проповедале дека не требало “да се спие” туку да се работи и дека било неопходно, да се извршат акции од “големи димензии”. Замислувале да го убијат султанот, великиот везир, валијата во Солун и други големци. Ги советувале и велешаните да се зафатат со такви дела. Тие, дојдени од странство, каде што биле поврзани со руски анархисти и нихилисти, им импонирале на младите ученици со своите идеи и планови. (Т. Органџиев,
117.)
За поконкретното активирање и определување на велешката група влијаел и еден друг настан. Во тоа време многу се пишувало и зборувало за Боксерското востание во Кина: за грабежите и експлоатацијата на кои било изложено кинеското население, за неговиот отпор против европските држави што го угнетувале кинескиот народ и за жестокостите што тие ги вршеле при задушувањето на востанието. (Против туѓите колонизатори во Кина, во 1900 година се дигнало востание на “боксерите”, раководено од тајното друштво “Тупаница во името на правдата и слогата”. Во 1901 година востанието било задушено во крв.
“Почнавме да разбираме - пишува Т. Органџиев – дека и за нашето ропство е виновна Европа, која ја крепи гнилата Турска империја. Турција... се одржува не зашто може сама да опстане туку зашто ја поткрепуваат европските сили. Таа живее од инјекциите на тие сили... Ете зошто, ако сакаме да се бориме против турското господство, против султанската тиранија, ние треба да удриме по тие кои ја крепат таа тиранија, а тоа се европските сили... Тогаш во нас се роди идејата да ги фрлиме во воздух претпријатијата во кои има ангажиран европски капитал”. (Т. Органџиев, 117.)
Така, постепено, Кружокот на велешките ученици во Солун при крајот на векот го добил своето дефинитивно идејно оформување, а неговите членови започнале да се викаат “гемиџии”. Во Гимназијата изникнале и други револуционерни кружоци, но тие биле поврзани со Македонската револуционерна организација и нејзе и служеле. Велешкиот кружок не тргнал по тој пат.
Гемиџиите сметале дека ослободувањето на Македонија можело да се постигне само со шумни дела, со динамитн напади врз претпријатијата во кои бил вложен западен капитал, какви што биле банките, железниците и друго. Тие и давале предност на саможртвата на македонската интелигенција и гледале со недоверба во способноста на Револуционерната организација да подготви општо востание. Според нивното сфаќање, општоусвоениот поглед за општо востание во Македонија бил погрешен, зашто мачно било да се организира и вооружи целиот незадоволен народ. Дури и да се организира и да се крене масовно, востание, тоа, според нив, ќе му донело само несреќа на измаченото население, но не и слобода. Тие не верувале дека слободата на Македонија може да се извојува преку национална револуција. Читајќи револуциоцерна, анархистичка и нихилистичка литература и дружејќи се со анархистите дојдени од Швајцарија, гемиџиите ја добиле идејната физиономија. Меѓутоа, во теоретски поглед тие ниту можеле и ниту сакале да се изедначат со своите учители.
Гемиџиите не се труделе да навлезат во суштината на анархизмот како филозофска концепција; нив најмногу ги интересирала и привлекувала практичната страна на ова учење.
Велешкиот кружок, задоен со неверојатна омраза кон неправдата, бил преокупиран со прашањето за брзото и “лесно” ослободување на Македонија. А ослободувањето, наспроти документите на женевската група, рековме, го очекувале од интревенцијата на големите сили. Значи, основна задача што се поставувала пред гемиџиите била да ги предизвикаат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на Македонија.
Гемиџиите не биле анархисти по примерот на руските или западноевропските. Нивната цел била иста со таа на Револуционерната организација. Но, додека Организацијата сметала дека ослободувањето на Македонија ќе може да се оствари само преку едно добро подготвено востание на обесправените и угнетени маси, дотогаш гемиџиите не сакале да имаат никаква врска со масите и на масовната борба и ги спротивставувале индивидуалните револуционерни акции.
На крајот, за гледиштето на оваа револуционерна група кон македонската револуција, кон ослободувањето на Македонија и улогата на големите сили кон овие проблеми може доста автентично да се запознаеме од едно писмо испратено од Женева со датум 18 јуни 1898 година од Петар Манџуков до К.
Кирков во Велес:
“Нашиот несреќен македонски народ, стои во писмото, е изложен на безброј несреќи и понижувања од Турците. Тоа не е ни чудо, кога се знае нивниот степен на културата. Далеку позагрижувачко е поведението, на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека нашата должност е во моментот борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде дури беспредметна. Чинам дека треба да сториме се да ја заболи Европа удирајќи по џебот, за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода.
Ропството наше можеби немаше да биде толку тешко ако во нашите работи не се заплеткаа секаквите пропаганди кои ‘од име на браќа’ и ‘доброжелатели’ го разединуваат братот од братот и ги предизвикуваат Турците да вршат најголеми злосторства. Тие наши ‘браќа’ прават се да го оневозможат единството на нашите слободољубиви сили...
Ние знаеме, драги Костадине, дека нашата татковина се разликува по населението од една Бугарија, Грција или Србија, кои се еднородни земји... Затоа ние ќе мораме да водиме сметка за тој факт и нашата борба да ја усогласиме со интересите со сите тие народности. Тоа можеме да го постигнеме само тогаш кога сите тие народности ќе разберат дека слободата не е во тоа како државата се именува, туку кој ја држи власта во неа. Тогаш и нашите муслимани ќе разберат дека не се слободни во турската држава, како што не се слободни Македонците...
Јас сметам дека македонскиот народ во ваква сегашна положба не може да се ослободи со едно востание, кое, се знае, против себе ќе ја има не само Турција туку и Европа, а да не зборуваме за балканските држави, Јас, како и другарите од МТРК, не сме против востание, како што го мислат луѓето од Внатрешната.
Ние сме за востание кога ќе бидеме убедени дека тоа ќе успее, а не само да го изложуваме целиот наш народ на една кланица.
Ние сакаме да жртвуваме свои сопствени, а не народни животи за создавање услови за едно широко востание и ослободување на нашиот народ. Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири со турските полчишта и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на ‘човекољубивата’ Европа и да ја придобиеме во едно наше востание, ако не ни помогне, барем да не биде против нас”.
И така - продолжува Манџуков – македонското прашање ќе може најдобро и најскоро да се реши само ако ние водечките Македонци станеме и постојано предизвикуваме безредици.
Впрочем, нашиот спас е во револуцијата. Затоа запознај ти нашите другари со ставот на нашиот МТРК и шири ја неговата идеја...” (Две писма од членовите на Македонскиот таен револуционерен комитет - “Разгледи”, Х, 7, Скопје 1968, 849.)
ЛИКОВИ НА РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ Гемиџиите, велешани, тие што паднале од куршумите на аскерот по солунските улици, биле доста млади и ниту можеле ниту пак сакале да остават некави податоци за својот краток животен пат и за својата револуционерна борба. За нивните карактерни особини, па и за нивната револуционерна дејност, се знае благодарејќи на спомените што го оставиле преживеаните гемиџии Павел Шатев и Тодор Органџиев особено првиот. Направени се некои обиди по Втората светска војна во Бугарија, преку анкетирање на потомците на некои од револуционерите, да се добијат извесни податоци, но резултатите се доста скудни. (Коста Църнушанов, Атентатите во Солун през 1903 г. Воено-исторически сборник, 3/1983, 159 и натаму.)
Јордан Попјорданов-Орцето (1881-1903)
Прва личност меѓу гемиџиите бил Јордан Попјорданов, наречен Орцето. Семејството Попјорданов од велешкото село Папрадиште поодамна се преселило во Велес. Татко му на Орцето Ѓошо и стрико му Петар биле тргови. Орце пораснал во многудетно семејство; имал 4 сестри и еден брат Миле, чија херојска смрт во редовите на Македонската револуционерна организација е опеана во една од најубавите македоски народи песни.
Основното училиште Орце го завршил во Велес, а гимназија учел во Солун. Како ученик се одликувал со трудољубивост и скромност. Бил висок, со суво и мургаво лице и правилни црти.
На прв поглед тој изгледал смирно и кротко момче. Но тој, пишува неговиот соборец П. Шатев, “уште од својата рана возраст беше нервен и неспокоен. Без да работи нешто, тој не можеше да стои на едно место повеќе од пет-десет минути.
Беше длабоко скриен во себеси и не сакаше многу да општи”.
Контактирал со неколку ,негови роднини и сограѓани и тие го претставувале кругот со кој тој одржувал врска, разговарал, критикувал или се шегувал. (П. Шатев, 421.)
Орце ги сакал математиката и историјата, а сите други училишни предмети ги сметал за непотребни и цлабо се интересирал за нив. Уште како ученик и мал имал “началнички” особини. Првпат таа негова особина дошла јавно до израз кога бил во VI клас гимназија. Еден ден, од непознати причини, еден професор не дошол на работа. Согласно вообичаениот ред, него требало да го замени друг професор.
Меѓутоа, по иницијатива на Орце, Велешкиот кружок решил да не го дозволи тоа. Како одговор на тој бунт училишната власт кон сите ученици применила остра дисциплинска мерка - сите ученици од VI клас се нашле надвор од Гимназијата. Така еден беззначаен случај послужил како повод преку бунт да се изрази незадоволството на учениците “против системот и општиот поредок во Солунската гимназија како учебна и воспитна установа”. (Истото, 422.)
Служејќи се со вообичаените и ниски средства, управата на Гимназијата успеала да ги разбие учениците. Овој успех на управата предизвикал големо разочарување кај Орце. Неговото негодување од поведението на учениците од класот било толку големо што тој демонстративно ја напуштил Гимназијата, не сакајќи да м гледа на куп своите другари соученици кои, со својот слаб каракгер, брзо се решиле на, предавство. Така Орце, речиси на крајот од школувањето, го напуштил училиштето и се впуштил во “вителот на македонското ослободително движење”. (Истото.)
Орце како револуционер бил цврст и решителен. Во разните спорови што се воделе во врска со ослободителната борба тој успеал да го наложи своето мислење и став. Зборовите му биле убедливи и јасни. Во тоа многу му помогнало доброто познавање на историјата и одделно на историјата на Француската буржоаска револуција. “Тој ретко говореше, но кога говореше, неговите противници стануваа негови приврзаници и едномисленици. Беше извонредно убедлив и им влијаеше на своите соговорници...” Орце “беше роден за водач, имаше еластично-заповеден дух” и бил извонредно строг кон најмалите отклонувања или грешки на своите другари, дури кога тие биле направени несвесно или случајно. Инаку, тој ги сакал своите блиски, своите другари и својот народ. На друга страна, ги мрзел сите оние што себеси се сметале за авторитети и во своите односи употребувале помпезни пози или гестикулации. “Тој ја мразеше славата, зашто се бореше и искрено сакаше да му служи на својот поробен народ...”
(Истото, 424.)
Една од најкарактерните особини на Јордан Попјорданов била таа што тој не можел да трпи никакво ропство. Тоа што најлесно и без никакво размислување можел да го даде за укинувањето на ропството во Македонија бил сопствениот млад живот.
Костадин Иванов Кирков (1882-1903)
Костадин Кирков бил втората личност по значење и авторитет во кружокот на гемиџиите. И тој произлегувал од, за македонските услови, заможно семејство. Татко му Иван бил ситен трговец, трудољубив и чесен велешки граѓанин. Костадин (Коста) бил најголемиот син од петте деца на Ивана. Коста бил убаво момче: среден по раст, бело и тркалезно лице, со црни очи и коса. Тој бил сосем спротивно од она што зрачело од неговата личност. “Под неговиот физички образ - пишува П.
Шатев кој имаше женствена убавина, се криеше една колку мажествена толку и страшна по замисла идеја - идејата на уривањето... Тој беше... готов да се нафрли и да се бори со најголем ентузијазам против се: предрасуди, закони, општествени поредоци, дури ако би било можно сам да се бори против природните стихии... Секогаш доволен од себеси, учтив и внимателен кон сите, особено кон своите другари, тој во кружокот на гемиџиите беше најсимпатичниот, најсаканиот главно поради неговиот голем идеализам, скромност и добрина”. Обично молчелив, тој ретко земал збор ,во дискусиите но кога зборувал, неговите предлози и заклучоци биле логични и впечатливи. Тој не знаел какво нешто е очајанието. Во неволја или радост тој бил се истиот - ладнокрвен, спокоен, секогаш весел со добродушна шеговитост и саркастичен хумор. Како човек и заговорник, тој бил пример и си останал таков за подражавање. (Истото, 225-420.)
Коста бил начитан младинец. Ги познавал, во основа социјал-револуционерните движења, како и историјата на Француската буржоаска револуција. Сочувсвителен со страдањата на својот народ, Коста бил готов да дели се што имал со оние што немале и страдале. Мајка му го праќала во Солун со полни куфери, а тој се враќал “гол” – се раздавал на своите бедни соученици. (К.
Црнушанов, ц. статија, 161.)
Според Коста, револуционер можел да биде само оној што бил способен да се откаже од сите земни блага и да ја прифати револуцијата како професија. Неговата девиза била: “Секогаш делата стојат повисоко од зборовите”. (Стефанъ Аврамовъ, Героични времена, I, София, 35.) Решителен и смел, тој “на смртта гледаше како на една среќа во животот и секогаш насекаде ја сакаше, без разлика во какви услови би се појавила таа...” (П. Шатев, 245-246.) стига да му служи на делото за кое се борел - на Македонија. (Кирков, како и Орцето, во никој случај не сакал да се фотографира. Молбите на домашните да им испрати барем една фотографија за да ја имаат за спомен во куќата, не успеале. Тој не сакал по својта смрт ниту помен да остане од него, бидејќи сметал дека како индивидуалист се бори и ќе умре за своите идеи, но со тоа не требало да се занимаваат ниту неговите блиски ниту другите.)
Димитар Мечев (1870-1903)
Друга крупна личност во Гемиџискиот кружок бил Димитар (Димче) Мечев, или, како што обично го викале, Мечето.
Мечето бил најстар меѓу гемиџиите-велешани. Еве П. Шатев каков опис дава на неговиот физички изглед: висок, слабо лице, мали очи, остар правилен нос, црна кадрава коса, секогаш скромно облечен, личел на обичен работник.
Мечето бил бедно дете. Одвај завршил основно училиште.
Уште мал останал сирак и рано требало да се грижи за својата и за егзистенцијата на својата мајка. Брзо по проширувањето на Македонската револуционерна организација во Велес, тој се вклучил во нејзините редови и станал активист. Не успевајќи до крај да исполни една наредба на Организацијата (да убие еден велешки чорбаџија), Диме, компромитиран пред властите, бил принуден да мине во илегалство. Како четник, тој повеќе од една година ги обиколувал македонските планини, а потоа емигрирал во Бугарија. Не сакајќи да биде на товар на Организацијата, ниту пак да се вклучи во водовртежот на емигрантската организација, Диме се вработил како обичен работник во рудникот Перник.
Бестрашен и снаодлив, Мече бил ефикасен и брз извршен орган на Организацијата. Тие особини на Мечето, покрај Комитетот во Велес, ги забележал и Гоце Делчев, кој лично го ангажирал во некои задачи на Организацијата. За тоа сведочат неколку писма напишани од Делчев. (Делчев, со писмо од 12 јуни 1900 година, го праќа Мече до познатиот работник на организацијата во Бугарија Никола Малешевски, со задача да биде вклучен во една акција за грабнување на детето на бугарскиот државник Иван Гешев. Во писмото на Гоце од 8 декември 1900 и од есента 1902 година пак се спомнува Диме како извршител на организациони задачи - Гоце Делчев, Преписка. Редакција Христо Андонов-Полјански, Скопје 1972, док. 93, 96, 225; П.
Шатев, 429.)
По природа Мечето бил молчелив, чесен, справедлив, со силно развиено сочувство за страдањата на својот народ. Кон интелигенцијата гледал со недоверба сметајќи ја за одговорна за лошите односи во општеството. Живеел аскетски, а единствена смисла на своето живеење наоѓал во борбата за ослободување на Македонија и за тоа бил готов да го даде својот живот секој погоден момент.
Познавајќи ја положбата во Македонската револуционерна организација, степенот на идејната подготвеност на населението, вооружувањето и друго, Мечев дошол до заклучок дека по пат на востание тешко ќе можело да се постигне ослободувањето на Македонија. Таквиот Мече, готов на саможртва, но без верба во ослободителните можности на широките обесправени маси, бил наполно погоден за акции какви што подготвувале гемиџиите. Во почетокот на 1902 година, враќајќи се од Женева, Орце решил да го придобие Мече за својот кружок По вообичаените разговори и убедување, Диме се согласил да им се приклучи на гемиџиите. Со тоа, Гемиџискиот кружок, иако подоцна, се збогатил со еден повозрасен, бестрашен и искусен член што имал доста врски со Револуционерната организација, како и лично со Гоце Делчев и Даме Груев. Во прво време тој останал во Софија како претставник на гемиџиите, но не долго потоа дошол во Турција за да се вклучи директно, во реализирањето на планот.
Илија Трчков (1884-1903)
Илија Трчков бил еден од најмладите меѓу гемиџиите. Во 1903 година имал одвај 19 години. Физички крупен, скромен, молчелив, Илија без двоумење ги исполнувал поставените задачи. Тој бил “преисполнет со верба во започнатото дело и со голема преданост ги вршеше... револуционерните задачи... Беше пример на интимен и мил другар, готов во секој момент да се жртвува за своите блиски и другари”. (П. Шатев, 431.)
Илија не завршил средно образование, а за прикривање на својата револуционерна дејност во Велес и во Солун работел како чевлар.
Владимир Пингов (1883-1903)
Владимир (Владо) Пингов произлегувал од занаетчиско семејство. Браќата му биле бербери и покрај нив тој се запознал малку со берберскиот занает. Бил низок, со мургаво лице, весел по природа. Исполнувањето на поставените задачи го вршел тивко, дисциплинирано и бил готов секогаш да се зафати со најризични акции. А во целиот тригодишен период на подготвувањето на Солунските атентати на Пингов му се давале такви работи што секој момент го изложувале на голем ризик. И покрај тоа, тој секогаш бил весел и не покажувал неспокојство и нервоза. “Тој беше голем фаталист. Сметаше дека, било каква опасна работа да му се даде или му претстои да ја изврши, таа беше предопределена од судбината и без приговор ја извршуваше со најголемо задоволство, сметајќи дека врши народнокорисно дело. (Истото, 434-435.)
Прогимназија завршил во Велес, а гимназијалното образование го продожил во Солун. Решен да се “арчи” и тој не ја завршил гимназијата.
Георги Богданов (1879-1939)
Георги П. Богданов бил син на едно од најзаможните и најпознам семејства во Велес. Детските години ги поминал во задоволство и безгрижност. Прогимназија завршил во родниот град, а во 1897 година се запишал во Солунската гимназија. Без да ја заврши гимназијата, се вработил како трговец кај својот зет Илија Попстефанов, комисионер во Солун. Во прво време Богданов стоел настрана од револуционерните превирања во Македонија. Дури во 1901 година влегол во Кружокот на гемиџиите, односно им се придружил на своите другари Орце, Коста и другите велешани. Бидејќи тој бил вработен во Солун, им бил од голема корист на гемиџиите.
Како и другите гемиџии, Г. Богданов бил скромен, тивок, но упорен во извршувањето на задачите. (П. Шатев, Георги Пет.
Богдановъ – Ил. Илинденъ107, София 1939, 13.)
Милан Арсов (1886-1908)
Милан Арсов бил најмлад во Кружокот. Бил роден во велешкото село Ораовец. Прогимназија завршил во Велес. Една година учел во Битолската гимназија, а потоа во Солунската.
Уште во Велес се здружил со гемиџиите.
“...Милан им беше многу надежен другар на заговорниците – пишува со особени симпатии за него П. Шатев. – Тој е типичен феномен на епохата што ги роди сите херои во паметните борбени години на Македонија. Милан беше многу млад... но во него смелоста соперничеше со младоста, а ентузијазмот му немаше граници...” (П. Шатев, Солунскиятъ атентатъ и заточеницитъ въ Фезанъ, София 1927, 15-16.)
Милан бил висок, со бело и слабо лице, црна коса, смел, со силна волја.
Покрај споменатите младинци-велешани, директно или индиректно во Солунските атентати учествувале и други велешани. Меѓутоа, за нив не се зачувани никакви податоци и не сме во можност да дадеме макар и најкраток опис за нивните карактерни особини, физичкиот изглед и друго. Фактот дека тие му припаѓале на Гемиџискиот кружок е доволен да не убеди дека и тие во однос на основните карактерни особини, и по она најважното – готовноста да се саможртвуваат за слободата на Македонија – не се разликувале од оние гемиџии за кои погоре стана збор. Тие младинци, чии имиња се познати, биле Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Попјорданов (братучед на Орце), Алекси Минов-Каникот.
Другите, директни учесници на атентатите, не биле велешани.
Тие биле Павел Шатев, Марко Бошнаков и Цветко Трајков.
Павел Поцев Шатев, (1882-1951)
Павел Шатев бил еден од најистакнатите членови на Гемиџискиот кружок. Роден е во Кратово во заможно семејство.
Основно училиште завршил во родното место, прогимназија во Скопје, а гимназија (IV-VII клас) во Солун, во 1900 година. Во револуционерното движење се вклучил во Кратово кога бил во IV клас гимназија. Бил член на револуционерниот кружок што постоел во гимназијата. Меѓутоа, за Револуционерната организација П. Шатев не покажал некаков поголем интерес.
Сметал дека со Организацијата не се раководело правилно, дека Централниот комитет не бил способен успешно да ја насочува револуционерцата акција и дека имало ред други недостатоци.
Сметал дека во редовите на Организацијата имало и деморализација што се внесувала од Бугарија. Месни раководители и агитатори што имале можност да одат во Бугарија и таму да се сретнат и да разменат мисли со членовите на Организацијата од разни делови на Македонија и да се запознаат со положбата во емигрантската организација се враќале - пишува Шатев - “уште поопозиционо настроени и речиси сите ја потцртувале деморализаторската атмосфера во слободна Бугарија, тврдејќи дека кој сака да остане чист во Делото... не треба нога да му стапне во Бугарија, или, пак, ако мора да оди - да не стои повеќе од една седмица”. (П. Шатев, В Македония под робство..., 71-72.)
Во 1900 година Шатев го напуштил револуционерниот кружок во гимназијата и се приклучил кон гемиџиите. Тој фанатично се оддал на делото на гемиџиите и учествувал во извршувањето на сите ризични задачи, и во подготвителниот период и во самите атентати. Павел физички бил средно развиен, смел, упорен, исполнителен, верен другар, со еден збор повеќе или помалку ги имал сите оние карактерни особини што ги имале сите гемиџии.
Марко Бошнаков (1874-1903)
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/solunskite-atentati/3 on October 29, 2026