Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Solun Assassins

ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 16

By Крсте Битоски · Part 20 of 20 · About 7 minutes

Read in English

Гемиџиите не ги послушале советите на Делчев, на Груев и на други раководители акцијата да се одложи и да се изврши во рамките на востанието. И тие за тоа имале свое оправдание.

Таквото одложување во себе го криело ризикот нивниот план воопшто да не се исполни. Динамитот сместен до темелите на Отоманската банка не можел долго да издржи - од влагата тој можел лесно да стане неупотреблив. Од друга страна, како што видовме, во Европа започнало да се пишува за подготвуваните атентати, што можело да доведе до откривање на планот.

Властите ја зголемиле будноста, но, благодарејќи, покрај другото, и на нивниот карактеристичен Јавашлак и на зачудувачки несфатливиот потценувачки однос кон македонските револуционери, не им дале поголема верба на тие гласови. Тоа е уште почудно зашто откривањето на каналот под Отоманската банка во Цариград не било така одамна.

Копањето на улицата до каналот, исто така, силно ги вознемирило гемиџиите.

Тие се нашле, навистина, пред едно неочекувано искушение.

Подготвувајќи ги атентатите, тие ниту воделе сметка, ниту очекувале, ниту знаеле приближно точно кога ќе се дига востанието. Тоа не го знаел ни Делчев, кој ги помагал.

Гемиџиите не очекувале дека Организацијата ќе биде во состојба скоро да го насрочи востанието. Делчев, кога, давајќи им помош барал од нив да не брзаат, не го имал на ум востанието туку некои други потреби на Организацијата, како и неопходната потреба да се дејствува во координација со раководството на револуционерното движење. Гемиџиите, подготвувајќи се за акција, немале определено време за нејзино реализирање. Успехот на нивната акција зависел речиси исклучиво од можноста да се најдат парични средства и динамит. Ако тоа тие го имале, својот план ќе го реализирале поодамна. Во таков случај, веројатно, и притисокот на Организацијата за одложување би бил во голема мера излишен.

Меѓутоа, се случило, гемиџиите да бидат готови за акција само неколку месеци пред почетокот на востанието. Пошироките интереси сега диктирале тие да го одложат својот план, без разлика на изгледите и можноста тој сосем да се провали. Но, за Орце, Кирков, Мечето... тоа би било еднакво не на смрт (смртта, како што видовме, било најлесното што тие му го заветиле на делото на ослободувањето на Македонија) - туку на предавство на идеалите на кои се заколниле дека ќе им служат.

Тие, коишто како кртови со нокти ја копале земјата во тунелот, тие, чијашто волја за ослободувањето на Македонија била безгранична, коишто одвај дочекале да се жртвуваат за неа, сега, кога по толку напори се било готово да тргнат во акција, немало сила што би можела да ги спречи да ги извршат атентатите. Тие слепо верувале во своето дело, верувале во резултатите од нивната саможртва. Си ја вообразувале интервенцијата на Европа, веќе го “гледале доаѓањето на нивните воени бродови во солунското пристаниште. Ја “гледале Македонија автономна, во која е укината султанската тиранија, а довчера понижениот и угнетуван народ - како смело чекори напред во слобода и прогрес!

Било ли тоа заблуда, наивно верување во неможното? Шатев, кој ги видел резултатите од своето дело, одбегнува да зборува и да дава оценка за тоа. На тоа прашање се свртува Т. Органџиев.

Еве што пишува тој:

“Гемиџиите ги изразија идеализмот и чувството на одмазда што го беа опфатиле тогаш целиот македонски народ. Таа нивна саможртва народот секогаш ќе ја цени. Но, беспорно е за мене сега дека ние неадекватно го поставивме својот идеализам во услуга на народот... Ние бевме во длабока заблуда верувајќи дека личниот хероизам е тој што ги движи настаните во животот, ние не сфаќавме дека сме дел од народот и дека нашето дело ќе биде плодотворно, само ако тоа е поврзано со народот и е дел од народното дело. Ние не го разбиравме Делчев, кој го определуваше народното масовно востание како единствено решение во борбата против ропството, и, наместо да го поврземе нашето дело и да го потчиниме на очекуваното востание, заживеавме со илузијата да го изместиме, и сами, со својот личен хероизам, да ја разрешиме задачата што само народното востание може да ја разреши. Со тоа го отежнавме делото, за кое бевме решени да го жртвуваме нашиот живот.

Султанската власт по нашата акција стана уште побудна и пожестока во прогонствата, а европските капиталисти ги обновија Банката и паробродот и заради една банка и еден пароброд немаа интерес да го нарушуваат статус-квото.

Сосем друга содржина ќе имаше нашето дело ако беше сврзано со Илинденското востание и со општиот налет на народот по сите линии за премавнување на султанската власт.

Хероизмот и саможртвата на гемиџиите ги стопија илузиите кај некои чесни луѓе дека преку индивидуален хероизам и индивидуални терористички акции, како метод на дејствување, ќе постигне успех ослободителната борба на еден народ. Се стопија исто така илузиите за замешување на империјалистичките сили, кои сосем не се трогнаа од нашата саможртва... Замешувањето на империјалистичките сили понатаму доведе до сменување на султанско-беговската власт со таа на монархо-капиталистичките клики на балканските држави и поделба на Македонија меѓу нив". (T. Органџиев, 123-

124.)

Без сомнение е дека раководителите на Македонската револуционерна организација, коишто ги вршеле последните подготовки за претстојното востание, биле крајно незадоволни од акцијата на гемиџиите. Сите гледале дека атентатите мошне лошо се одразуваат врз подготвувањето на востанието. Тоа незадоволство тие сигурно не го криеле; видовме како остро реагирал Даме Груев во Смилево. Во своите спомени тој, Татарчев, Сандански и Гарванов, и речиси сите други, а не се малку, тие што оставиле спомени, својот став кон атентатите го изразуваат со речиси наполното игнорирање на настанот. А тој настан не бил мал, напротив, бил мошне голем за да може да се игнорира.

Не знаеме како тогаш, во Смилево, реагирал и Анастас Лозанчев, претседател на Окружниот комитет, кој, како што е речено на друго место, е еден од тие раководители што имале најголеми заслуги за форсирање на востанието. Во своите подоцна напишани спомени (1937) Лозанчев, впрочем, како речиси и сите други што пишувале за Солунските атентати, го искажува своето восхитување кон гемиџиите и нивното дело.

“Група младинци, што се нарекоа гемиџии, речиси деца, решаваат да умрат за слободата на Македонија. Без разлика на кој бог му служеа. Идеалот им е единствен - раскинување на прангите на робот во Македонија... Голем подвиг! Големо дело!

Каде да го бараме во историјата? Мислам дека никаде го нема тоа херојство, тоа себеоткажување, таа саможртва..." (Анастас Лозанчев, Спомени, 26-29 - ИНИ. сл. IV. 68.)

Кога се работи за гемиџиите, доволна била една мала временска дистанца, за и оние што тешко можеле да ги заборават последиците од нивното дело ненадејно да дојдат до заклучок дека сето она, за што им биле испраќани “укори", бледнеелло пред величината на нивниот дух и пред трагиката на нивната смрт. Голем е бројот на македонски револуционери од постарата и најновата историја коишто без размислување си го одземале својот живот заради тоа што биле ставени пред единствената алтернатива - смрт или во рацете на непријателот.

Со гемиџиите не било така. Тие не биле ставени во ситуација да избираат. Основните задачи тие ги извршиле и можеле да бегаат и да се спасуваат. Смртта ги одбегнувала, но тие сами ja барале. И сами, доброволно, ја нашле. “Taka тие го изразија накипениот благороден гнев на својата македонска татковина и им го завештаа на своите сонародници најпрекрасниот пример на самопожртвуваност". (Хр. Силјанов, 262.)

Македонските поколенија со чувство на гордосг се сеќаваат на сите оние бројни познати или непознати херои коишто несебично ги подариле своите животи пред олтарот на македонската слобода. Тие, секако, со чувство на посебен пиетет се сеќаваат на оние млади Македонци коишто и во Првиот и во Вториот Илинден на бојното поле на својата татковина го поднесувале својот живот зачудувачки смело, зачудувачки ладнокрвно. Меѓу нив се и оние гемиџии коишто, поврзувајќи го своето дело со своите млади животи, и сметајќи дека немаат право да ја надживеат својата акција и своите невини жртви, свесно и бунтовно се исправиле пред непријателските пушки или се самоубиле.

Да ги споменеме уште еднаш: Орце, Коста, Диме, Владо, Илија, Цветко.