Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia

ЧЕТВРТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР ХРВАТСКА - Part 01

By Мишо Китаноски и Ѓиорги Доневски · Part 9 of 20 · About 20 minutes

Read in English

ЧЕТВРТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР ХРВАТСКА

- Малинска – Крк

- Цриквеница

- Осиек

- Самобор

- Загреб

- Стењавац

- Ровињ ЧЕТИРИ ДЕТСКИ ДОМОВИ На островот Крк, во населбата Малинска, на 12 јануари 1949 година почнал да работи детскиот дом за децата бегалци дојдени од Егејска Македонија. Во него биле сместени 114 деца бегалци и младинци, што дотогаш биле згрижени во хотелите во Цриквеница, поради недостиг на простор во тамошниот детски дом. Овде децата бегалци биле од околиите Костур, Лерин, Кукуш и Воден, управник на домот бил Иван Прегорец, а учител Атанас Кировски.

Пролетта 1949 година, повеќе деца биле испратени во други детски домови и градови за да учат занает и тоа во Нови Сад-АП Војводина, потоа Осиек и Загреб – НР Хрватска и Крањ – НР Словенија, со што се создале просторни услови за повлекување на децата што биле сместени во Малинска, да дојдат во детскиот дом во Цриквеница. Од Малинска во детскиот дом во Цриквеница биле донесени 69 деца, а 45 деца биле однесени во домот во Герово. Детскиот дом во Малинска престанал со работа во јуни 1949 годниа.

Во јануари 1949 година, почнал со работа уште еден детски дом во Ровињ. Во него биле сместени 218 деца, на возраст од 8 до 14 години, а биле избегани од селата на околиите Лерин, Воден, Драма и Костур. Тие дошле, односно биле преместени од детските домови во Гаково и Крушевље, а 3 деца од овој транспорт, поради тешко заболување, биле задржани во Загреб.

Тоа биле: Вангел Стојан Јовановски, роден 1937 година во Герман, Катарина М. Карамичова, родена 1936 година и Вангелија Жеова.

Детскиот дом во Ровињ бил отворен во средината на јануари 1949 година и работел само три месеци. Штитениците биле сместени во пионерскиот дом што го добил на располагање Главниот одбор на Црвениот крст на НР Хрватска. Управник на домот во Ровињ била Марија Пинтар, а учител Динко Козинаков.

По тримесечна работа, при крајот на април истата година, детскиот дом во Ровињ престанал со работа, а 155 деца биле испратени и сместени во детскиот дом во Цриквеница, додека 63 деца бегалци биле однесени во детските домови во НР Словенија.

СПОМЕНИ ОД ДЕТСКИОТ ДОМ МАЛИНСКА За деновите поминати во детскиот дом Малинска си споменува тогашниот учител и управник на домот Атанас Кировски од село Лудово –Костурско.

- По завршувањето на курсот, на крајот од 1948 година во Булкес, во АП Војводина, бев назначен за народен учител и испратен од политичко-емигрантската организација на Булкес, во градот Цриквеница, Народна Република Хрватска.

Во детскиот дом во Цриквеницата имаше околу 500 малолетни деца, на возраст од 6-15 години. Овие деца беа избегани од Грција за да се спасат од секојдневните бомбардирањата на нивните родни села од страна на монархофашистите. Нивните родители беа во редовите на ДАГ и заедно со Грците антифашисти се бореа против ненародната власт на монархофашистите. Целта на борбата беше ослободување на Грција од монархофашистите и создавање демократска држава во која македонскиот народ ќе ги ужива истите права како и грчкиот народ.

Во Цриквеницата се сретнав со македонските учители и педагози: Динко Козинаков, Ристо Поплазаров, Алеко Папасиров и Жифко Манѕуфов, и со грчките учители Савас Кахриманидис, Аристиди Каридис, Јанис и некои учителки на кои им го заборавив името.

Во март 1949 година со околу 160 ученици заминавме од Цриквеница за гратчето Малинска кое се наоѓа на островот Крк на Јадранското море, 30-тина километар јужно од градот Риека.

Пристигнавме на пладне и се сместивме во еден голем замок.

Нè пречека персоналот што требаше да работи во домот, кој штотуку се отвори само за нас. Во персоналот имаше: еден шеф од Црвен крст на Хрватска еден снабдувач, четири готвачки, една сестра-болничарка и три хигиеничарки кои се грижеа за чистотата во домот. Сите беа многу љубезни и пожртвувани во односот кон нас. Гледајќи ги децата сами и откако дознаа дека нивните родители се борат за формирање на слободна и демократска држава, тие уште повеќе се солидазираа и сочуствуваа со нас.

Уште пред поаѓањето од Цриквеница, јас бев назначен за управник и заедно со одговорниот од Хрватскиот Црвен крст, се грижевме за целокупното функционирање на домот.

Извршивме групирање на децата според нивната возраст и знаење и ги распоредивме во 3 одделенија и тоа: во второ најмладите, трето – постарите и четврто – најстарите и најнапредните. Во замокот имаше доволно соби за спиење и училници за одржување на наставата.

Во наставата, освен мене, учествуваа и два помлади учители:

Жифко Манѕуфов од село Косинец- - Костурско кој предаваше македонски јазик, литература, историја и ликовна уметност и Каридис Аристиди од кајларските села кој предаваше грчки јазик, потоа историја, математика, литература и физичко воспитување. Јас предавав математика, географија и физика.

Наставата почнуваше изутрина од 8 до 14 часот, секој ден, освен недела.

Храната беше редовна и квалитетна, почнувајќи со појадок, ужина, ручек, попладневна ужина и завршувајќи со вечера – пет пати дневно. Освен за храната, хрватските власти и Црвениот крст се грижеше за сè друго: за здравјето на децата, облеката, прошетките и организација на разни приредби и други културни манифестации.

НАСТАВАТА БЕШЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК За работата, односно престојот на нашите деца бегалци од Егејска Македонија во детскиот дом во Ровињ, се сеќава учителот Динко Козинаков:

- Летото 1948 година од подрачната единица на Привремената демократска влада бев повикан од секретарот Михаил Сустас и Пандос Цангас, родум од Кожанско, кои ми соопштија дека сум назначен за учител на македонските деца на Света Катерина, кај Ровињ, во Република Хрватска. Тука, во овој дом, на западниот брег на Истра, најдов околу стотина деца-Македончиња испратени преку Црвениот крст од војводинските села Гаково и Крушевље. Тоа беа деца од разни краишта на Егејскиот дел на Македонија, засолнети со по некој член од своите семејства, а родителите им беа во редовите на ДАГ. Во близина на Ровињ, имаше и некои други помали детски домови со деца од Грција, како на пример т.н. интернат во Осијек – каде што поголемите деца учеа и занаети. Исто такви имаше и во Крањ, а мали деца беа сместени во с. Дутовље, Република Словенија, кои ги посетував евидентирајќи ги нивните проблеми и развој... На самиот мал, крајбрежен остров Света Катерина имаше само еден раскошен дом, изграден своевремено од некојси руски гроф, врз пустиот камењар каде што тој со бродови донел повеќе земја, посадил борова шума и направил голем парк околу резиденцијата. Тука беа сместени македонските егејски деца, со сите удобности, благодарение на грижата на Црвениот крст и Министерството за просвета на НР Хрватска. Во школскиот режим и наставата соработував со хрватските колеги, кои тука беа назначени, и се разбира, останатиот технички, услужен персонал, главно од овдешното италијанско национално малцинство...

Сеќавајќи се на поминатите години, меѓу децата бегалци во детскиот дом Света Катерина кај Ровињ, учителот Динко Козинаков, уште сведочи:

- Децата, сите Македончиња беа поделени по одделенија, според нивната претходна школска подготовка, односно возраст. Наставата требаше да се изведува на македонски јазик.

За таа цел, уште при доаѓањето се снабдив со извесни учебни помагала, набавени во Скопје, какви што користев и во воспитно-образовната работа и во Булкес – Војводина, зашто тогаш тоа село и од тој аспект се сметаше како расадник на кадри. Таму се издаваше весникот “Единство”, прв весник на македонски јазик, како 15-дневен орган на секцијата на НОФ, во кој и пишував по нешто, а излегуваше заедно со весникот “Фони ту Булкес” (Глас на Булкес) на грчки јазик, и други печатени работи, потоа се изведуваа театарски претстави и...

озвучениот плоштад од месното радио-студио кое емитуваше вести и песни на македонски јазик. Прв пат, тука, нè пленаа милозвучните македонски песни од грлата на Вања Лазарова, Васка Илиева, Никола Бадев, Александар Сариевски, Кирил Манчевски и други чудесни песнопојци, бисери и источници на македонската народна песна.

Но учителската задача не беше лесна, ја насетував уште кога за тоа бев повикан и затоа јасно им нагласив на надлежните-претпоставените дека не сум стручно оспособен за ваква работа и дека моите знаења за тоа се недоволни. Впрочем, искуство имав уште од обидот за “учителствување”, кон крајот на 1944 година во родното село Почеп, каде што од ништо по окупацијата, требаше во новиот народен поредок со сите права и за Македонците, да се отпочне и учењето на мајчин, македонски јазик, бидејќи и оскудните расположиви учебни помагала беа исклучиво на грчки јазик. Со истиот проблем речиси се судрив и тука во училиштето во детскиот дом на Свети Катерина кај Ровињ, а одговорот беше ист: “За почеток тие знаења во наши услови се доволни, а во текот на работата ќе се трудиш и снаоѓаш...”. Така и отпочна воспитно-образовниот процес. Меѓутоа, за да се совлада и развие тој процес, од поголемите ученици избрав пет-шест како непосредни свои помошници и тоа: Ристо Поплазаров, Трајче Милјановски, Јани Калиманов, Вангел Поповски, Киро Шекров и Евгенија Мушмановска. Всушност, тие беа како одделенски раководители...

Истоврмено преку хрватското Министерство за обрзование и Црвениот крст, беа порачани повеќе нови учебници и учебни помагала и друго за натамошниот успешен развој на воспитно-образовната работа. При тоа од ова островче, во кое постоеше само замокот, сега претворен во детски дом, организиравме разни излети и екскурзии во градот и околината на Ровињ, за децата да не се чувствуваат изолирани од останатиот свет.

Такви беа посетите на пример во Институтот за биологија на морето, фабриката за преработка на тутун, фабриката за рибни конзерви “Мирна” и модерната болница и санаториум против туберколоза на коските, каде се лекуваа и две наши деца како и некои борци од ДАГ, потоа во околината на Осиек, до младинскиот интернат, каде што група девојчиња-бегалци од Егејска Македонија учеа во текстилен завод и во Дутовље и Стара Гора кај словенечката граница, каде беа сместени главно деца од претшколска возраст, или одевме со брод на Црвениот Оток, каде навраќал на мал одмор и претседателот Тито и др.

Учествуваме, исто така, во културно-уметнички приредби што беа организирани во градот, а и ние такви приредувавме по разни поводи за гостите што ни доаѓаа итн.

Таквиот, успешен за тогашни и тамошни услови, воспитно-образовен процес набргу почна да се ограничува и отежнува, нешто што веќе сите го почувствуваме непријатно. Сето тоа беше главно како одраз на општата состојба што се насетуваше, со сè поголемото несогласување и взаемно недоразбирање и напаѓање помеѓу југословенското и грчкото партиско раководство, како последица на општиот спор со Информбирото, што земаше сè поголем замав. Тоа беше време кога кон крајот на 1948 година, офанзивите и контраофанзивите помеѓу непријателски спротивставените страни, главно во планинските масиви на Вичо и Грамос, земаа исто така, сè поголеми крвави размери. Странската интервенција и отворена помош на воено-политички и економски план од страна на англо-американските грчки сојузници сè повеќе го стеснуваа кругот и просторот за маневрирање на ослободителната армија и ги ограничуваа и рапидно ги исцрпуваа најзините резерви.

Притисокот од таа присила и наезда на грчката владина и странска солдатеска, доведе до сè поголеми бранови бегалци, пред сè деца, болни, старци и жени од цивилното население кон источно-европските земји кое се наоѓаше во зоните на веќе конфронтираните војски, каде што главно непријателската авијација и артилерија палеа и разурнуваа сè пред себе...

Тие секојдневни драматични настани во стариот роден крај, ги следевме и сите ние оддалеку, овде од островот на Јадран, и тоа главно, преку радио-станицата “Слободна Грција” и печатот, а и самите заедно се бодревме, со оној познат лозунг “Сталин-Тито-Димитров-Захаријадис-Хоџа”, надевајќи се дека и меѓународната заедница нема да дозволи да дојде до најлошото, да биде скршен отпорот на востанатиот народ...

Учителот Динко Козинаков уште сведочи:

- Така во склоп на сите тие околности, одненадеш, еден ден ни беше соопштено дека е одлучено од хрватските власти да се преселиме од островчето Света Катерина и да се префрлиме во крајбрежното гратче Цриквеница, југо-источно од Риека, каде што имаше друг поголем детски дом, но мешан со грчки и македонски деца. Тоа и се случи во почетокот на мај 1949 година, и веќе бевме во Цриквеница. Тука бевме топло прифатени од околу 200 другарчиња со своите учители и останатиот персонал и се распоредивме во домот што го сочинуваа неколку поврзани вили-павилјони со дворови и игралишта и други помошни објекти.

За нас како новодојдени беа претходно ослободени доволно места, така што околу стотина деца беа оттука преместени во домот во Малинска, на островот Крк близу Риека, каде што како одговорен беше поставен пријателот, инаку мој соброрец Атанас Кировски, родум од село Лудово-Костурско. Меѓутоа, главната управа беше тука, во Цриквеница каде што беше одгороверн Савас Кахриманидис, учител по вокација од село Ноте – Мегленско, со својата жена и двете ќерки. Домската управа уште со моето доаѓање ме третираше подеднакво со грчкиот колега, а веќе моите споменати помошници со коишто дојдовме од Св. Катерина и тука си ги вршеа своите задачи.

Хрватскиот учител и воспитувачите заедно со сиот персонал остана во Ровињ, со оглед на тоа што таков персонал тука веќе беше отпорано ангажиран и доволен.

Истовремено, и набргу се покажа неопходно една група од дваесетина поголеми деца, кои веќе личеа и се однесуваа како дораснати младинци, беа испратени да учат и практикуваат некое занимање по избор. Оваа група младинци беше испратена во Загреб и сместена во младински интернати, а на работа прифатени во некои металски заводи, котларница и слично, каде што учеа занаети за бравари, металостругари, електротехничари и друго. Натаму, овие младинци уште еднаш или двапати ги посетивме, заради запознавање со нивното згрижување како наши, веќе бивши воспитаници, одвоени од домот.

Во меѓувреме и нашиот статус и улога почна да се менува и влошува. Со отстапувањето и повлекувањето на борците од Демократската армија и останатите жители со жива стока и друго од пограничниот регион главно кон Албанија, зашто заради веќе споменатиот информбировски спор, југословенскиот коридор беше недостапен за нив, а реперкусиите се одразија и кај нас. Тогаш уследија и познатите изјави од високи и разни функционери, за “удар од зад грб”, како и онаа на генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис, дека ако се знаело за ваквиот титовски однос, народно-ослободителното двежење во Грција би избрало поинаков пат, што од други беше протолкувано како изговор за поразот на ДАГ итн. Тогаш ни беше прекината врската со централното раководство на ЕВОП – Комитетот за заштита и помош на децата протерани од Грција, што се наоѓаше во Будимпешта, а врската со него ние ја одржувавме преку Николас Георгијадис, инаку искусен педагог од околината на Кукуш. Потоа, уследи протерувањето во ЧССР на грчките колеги Савас Кахриманидис со фамилијата (жена и две ќерки), Јанис Еритропулос, од с. Трстеник-Мегленско, Партена Авгитиду и Партенопи Кесиду, со што кадровски бевме многу ослабени, односно оневозможени во однос на воспитно-образовната работа на грчки јазик за големиот број грчки деца.

Тогаш, исто така, бевме многу погодени, кон крајот на летото 1949 година, со смртта на многу почитуваниот истакнат револуционер и борец за правата на сите поробени народи, претседателот на бугарската влада Георги Димитров. Меѓутоа, општата вознемиреност кај децата во Домот стануваше се поголема, а децата спонтано и гласно веќе размислуваа за тоа што се слулило во новонастанатата и трагична ситуација со нивните родители и други блиски роднини. Загрижено прашуваа и бараа информации и адреси за своите најблиски, а за тоа немаше одговор...!?

Во почетокот на октомври 1949 година од Цриквеница го испратив по пошта до споменатиот ЕВОП во Будимпешта последниот извештај во врска со бројчаната и здравствена состојба и општата ситуираност на воспитаниците во овој дом, но никогаш веќе не добив одговор ниту пак, подоцна дознав дали тој извештај стигнал до надлежните. Во тоа време, домот го посети и висока делегација од Загреб, која ја сочинуваа министрите за образование и социјални грижи, претседателот на Црвениот крст и други функционери. Тогаш ни беше ставено до знаење, од Хуснија Ченгиќ, одговорен за врски што ја следеше работата во домот, дека целата грижа за децата и одговорноста преминува во овие служби заради ново-настанатите прилики... По ова уследи и доаѓањето на двајца македонски учители од Скопје, Перо и Ристо Поповски, кои што неуспејаа да се вклопат во оваа средина и не беа прифатени од децата. Впрочем, потоа и овој дом по една година беше распуштен, кога по моето заминување уследи протерувањето исто во ЧССР и на останатите мои соработници-колеги Атанас Кировски, Ристо Поплазаров, Живко Манѕуфов и Аристидис Каридис, а децата преместени главно во Република Македонија и други места, продолжувајќи го своето образование, а некои од нив пак, заминаа во странство кај свои роднини и пријатели итн. – го завршува своето раскажување Динко Козинаков.

ДЕТСКИОТ ДОМ ВО ЦРИКВЕНИЦА На 13 ноември 1948 година во Цриквеница, гратче на брегот на Јадранско Море, НР Хрватска, е отворен дом за децата бегалци од Егејска Македонија. Домот располагал со неколку убави објекти за сместување, а Министерството за социјални грижи му го отстапило заедно со зградите и целокупниот инвентар на Главниот одбор на Црвениот крст на Хрватска.

Детскиот дом во Цриквеница почнал со работа во средината на ноември 1948 година, кога биле примени 519 деца бегалци, младинци и младинки. Во домот биле сместени 296 деца, а 223 деца и младинци биле сместени во хотелите во Цриквеница. За децата се грижеле 16 жени-“мајки” и девојки кои дошле заедно со нив од нивните села до Цриквеница. Сместувањето и животот на децата во овој дом бил добро организиран при што тие покрај редовната здравствена нега добивале и квалитетна храна, а добрите услови за живот им овозможувале да развиваат повеќе активности и редовно да се школуваат. За ова најдобро сведочат бројните искажувања на повеќе членови на делегации забележани во домската спомен-книга.

При крајот на ноември 1948 година, 115 деца што биле згрижени во Цриквеница, биле преместени во детските домови на Црвениот крст во НР Словенија. Нив ги придружувале и 16 жени кои заедно со нив дошле од Егејска Македонија. Исто така, во јануари 1949 година, 114 деца прифатени во Цриквеница биле испратени и сместени во детскикот дом во Малинска, потоа 104 младинки, во групи по 50, во март 1949 година биле испратени да учат занает во Осијек, Крањ, Нови Сад и Загреб. Од Цриквеница биле преместени уште 63 деца во детските домови во НР Словенија.

Во мај 1949 година, во домот во Цриквеница биле сместени 328 деца, додека во домовите за ученици во стопанството во НР Словенија, НР Хрватска и НР Србија и АП Војводина, биле сместени и се школувале 254 младинки и младинци, од кои 150 машки и 104 од женски пол.

На барање на Главниот одбор на Црвениот крст на НР Хрватска, во средината на јуни 1949 година во Герово е отворен детски дом во кој биле сместени 49 деца што дошле од домот во Малинска, бидејќи истиот е затворен. Исто така, и од детскиот дом во Цриквеница во Герово дошле уште 35 деца, или вкупно 80, од кои 59 биле од македонска, а 21 од грчка националност.

По затворањето на детските домови во Ровињ и во Малинска на островот Крк, продолжија со работа само двата детски дома за деца бегалци во Цриквеница и во Герово, во НР Хрватска. Во детскиот дом во Цриквеница биле згрижени 496, а во детскиот дом во Герово 80 деца бегалци, или вкупно во 1949 година беа згрижени 576 деца бегалци од Егејска Македонија во НР Хрватска.

При крајот на септември 1949 година, 21 дете од детскиот дом во Герово се упатени за згрижување во деските домови во Скопје, додека 59 деца се преместени и сместени во детскиот дом во Цриквеница. Бидејќи домот во Ровињ останал без деца, при крајот на септември 1949 година престанал со работа.

ПОБЕДАТА КАКО САТИСФАКЦИЈА На почетокот од септември 1949 година, односно со почнувањето на новата учебна година дотогашните 8 грчки учители и воспитувачи биле сменети, а за македонските деца се донесени стручно квалификувани учители од НР Македонија, кои наставата почнале да ја изведуваат на македонски литературен јазик.

Во детскиот дом во Цриквеница, учители и воспитувачи беа:

Петар Марковски Ристо Поповски Веселинка Ивановска Викторија Трпкова Душанка Чугунцалиева Нада Левкова Вера Мамкова и Стојан Поповски.

Управник на училиштето е Ристо Поповски.

Македонските деца бегалци организирано ја следеле наставата на македонски литературен јазик и според наставниот план и програма што се применувал во НР Македонија. Опфатените ученици со воспитно-образовната работа биле снабдени со потребниот број учебници, училишен прибор и лектирни изданија на мајчин, македонски јазик.

Во средината на септември 1949 година, детскиот дом во Цриквеница го посетиле Пенко Здравковски, секретар на Владата на НР Македонија, Ристо Јанкуловски, претседател на Комитетот на Егејците и членовите на истиот: Василка Чосова, Филип Николовски, Василка Дивкова и Томе Крстовски.

Истиот месец, домот го посетил и Благоја Кондарко, инспектор во Министерството за просвета на НР Македонија.

Детскиот дом во Цриквеница, исто така, бил посетен од повеќе делегации и одговорни функционери од НР Хрватска и од Југословенскиот Црвен крст.

Во средината на септември 1949 година, од домот во Цриквеница во Скопје се упатени 139 деца, младинци и младинки, а 21 дете од детскиот дом во Герово, поради што истиот престанал да работи, додека 59 деца биле преместени во Цриквеница.

При крајот на октомври 1949 година, уште 63 младинци и младинки биле испратени во Скопје, да се школуваат во училиштата за стопанство.

Така, на крајот од 1949 година во детскиот дом на Црвениот крст во Цриквеница биле сместени, односно останале да живеат и да се школуваат уште 219 деца бегалци.

Следната 1950 година, на крајот од мај, од детскиот дом во Дутовље, во НР Словенија, 122 деца од школска возраст биле испратени во детскиот дом во Цриквеница, додека од овој дом 51 дете бегалец пак, биле испратени во детските домови на Црвениот крст во Бела Црква, со цел да го продолжат своето понатамошно образование во тамошната македонска гимназија

“Лазар Колишевски”.

Во детскиот дом во Цриквеница во 1951 година, имало 213 деца на училишна возраст што биле опфатени во македонското основно училиште.

На почетокот од април 1952 година, е затворен детскиот дом во Цриквеница. Во исто време, односно до тогаш биле затворени и останатите детски домови на Црвениот крст во НР Словенија и НР Хрватска. Причината за нивното затворање биле масовната репатријација на децата со нивните родители, така што нивниот број занчително се намалил, а оние што останале се однесени и прифатени во детскиот дом во Бела Црква.

Во средината на март 1949 година, 50 младинци биле префрлени од детскиот дом во Цриквеница во Загреб, со цел да учат занает. Од нив 35 биле Македонци, а 15 грчки младинци.

Во средината на септември истата година од Загреб биле упатени 15 младинци во Скопје, а од Цриквеница тука дошле 4 младинци да учат занает.

ЖИВОТОТ НА ДЕЦАТА ВО ДОМОТ ВО ЦРИКВЕНИЦА И овој пат, ќе пренесеме делови од текстот што е објавен во весникот “Глас на Егејците”, а се однесува на животот и школувањето на децата бегалци од Егејска Македонија, што биле сместени и живееле во Цриквеница. Во него пишува:

- Покрај убавото Јадранско Море, во хрватско приморје, во туристичко гратче Цриквеница, се наоѓа доста добар и уреден дом на Југословенскиот Црвен крст, во кој се сместени 292 деца бегалци од Егејска Македонија. За издржување на овие деца се грижи Југословенскиот Црвен крст, кој се залага да им биде што поубаво и поудобно на овие пострадани од војната – деца.

Зградите во кои живеат децата се покрај самото море, а околу се простира убав и голем домски парк. Домот има своја плажа, каде што голем дел од денот децата го поминуваат во капење и сончење.

Хигиената во домот е на примерна висина, како во зградите така и околу, а исто така и кај самите деца.

Управата на домот многу се залага да обезбеди се што е потребно за добар живот на децата. Исхраната на децата е доста добра, а се обезбедени и алишта.