Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ВТОР ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА - Part 01
ВТОР ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА
- во НР Македонија -12
- во НР Србија -2
- во АП Војводина -13
- во НР Хрватска -6
- во НР Словенија -8 ЧЕТИРИЕСЕТ И ЕДНО ПРИФАТИЛИШТЕ И ДОМОВИ Прифаќањето на децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија беше проследено со огромната грижа на народната власт и на Југословенскиот Црвен Крст, во заедница со републичките одбори на оваа хуманитарна организација.
Детски домови прифатилишта беа отворени во сите републики, освен во Црна Гора и Босна и Херцеговина. За разлика од прифатилиштата кои работеа кратко време, некои детски домови ја завршија својата работа дури во средината на шеестите години на Дваесеттиот век. Детските домови во републиките беа во надлежност на Централниот одбор на Југословенскиот Црвен крст и на републичките одбори на Црвениот крст, со помош на соодветни министерства.
Во Југославија беа отворени детски домови, домови за ученици во стопанството и прифатилишта за децата бегалци од Егејска Македонија во следните места:
Во НР Македонија вакви домови постоеа во:
- Валандово - Битола - Струмица
-Куманово - Тетово - Охрид
- Петровец - Струга - Ресен
- Прилеп - Велес - Скопје Во НР Србија:
- Белград и
- Боговоѓа Во АП Војводина, детски домови работеа во следните места:
- Банатско Пламдиште - Ковиљ - Сајлово
- Бела Црква - Крушевље - Стража
- Гаково - Нови Сад - Чурук и
- Булкес - Панчево - Шид
- Вршац Во НР Хрватска детски домови и домови-интернати за деца бегалци ученици во стопанството постоеја во следните места:
- Герово - Осијек
- Загреб - Ровињ и
- Малинска - Цриквеница Во НР Словенија беа отворени детски домови за децата бегалци од Егејска Македонија во следните места:
- Борл - Окрогло
- Дутовље - Стара Гора
- Крањ - Шенд Вид и
- Мекиње - Шишка Колку да се знае: во 1948 година во АП Војводина, Словенија и Хрватска биле отворени 12 детски домови на ЈЦК, во кои се сместени околу 2 илјади деца. Но, од расположливите податоци може да се види дека од 1949 година натаму, во Југославија постоеле и работеле вкупно 41 прифатилиште и детски дом: во НР Македонија – 12, во НР Србија со АП Војводина – 15, во НР Хрватска – 6 и во НР Словенија -8 прифатилишта и детски домови.
ТРЕТ ДЕЛ ЗГРИЖУВАЊЕ НА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ ВО НР СРБИЈА И АП ВОЈВОДИНА ОД БЕЛГРАД ДО БЕЛА ЦРКВА Во НР Србија, како што претходно истакнавме, детски домови, во кои беа прифатени и сместени децата бегалци од Егејска Македонија постоеја и работеа во Белград и Боговоѓа.
Во мај 1952 година дојде до укинување на детскиот дом во Шент Вид кај Пристична во НР Словенија. Таа година во него имало уште 58 младинки и деца, кои подоцна биле прераспределени во други домови и други средини. Така, 13 деца биле упатени во Белград поради репатријација, а 12 деца биле испратени во детските домови во Бела Црква. Во овој дом останале и 33 девојки Гркинки по националност, од 18 до 21 година старост. Тие пред тоа биле прераспоредени во домот во Куманово, па поради неможноста да ги репатрираат со родителите, Југословенскиот Црвен крст продолжи да ги издржува во домовите.
Но, бидејќи доаѓа до рапидно намалување на бројот на децата бегалци од Егејска Македонија во детските домови во НР Хрватска и НР Словенија, а и поради нивната возраст, било решено истите да бидат отпуштени од домот и да си побараат вработување за понатамошна егзистенција. И овој пат хуманоста дошла до израз и на истите им било овозможено да се вработат во земјоделскиот комбинат во Подленика и Шент Јури, во НР Словенија. Меѓутоа, тие не искажале поголема желба за работа и по три месеци побарале нова помош од Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија.
Однесувајќи се хумано кон овие штитенички истите биле прифатени во Белград, на почетокот на август 1952 година и сместени во првиот дом на учениците во стопанството. Но, овие штитенички и при престојот и згрижувањето во Белград, одбиле да работат било што, а за нивното издржување Југословенскиот Црвен крст плаќал месечно по 4.000 тогашни динари за секоја девојка. Сепак, за нив била организиран посебен курс за кроење и шиење во шивачката работилница на Градскиот одбор на Црвениот крст на Белград. Курсот траел 6 месеци (од 1 октомври 1952 до 1 април 1953 година) и истиот го завршиле 30 девојки додека останатите 3 во меѓувреме биле репатрирани кај своите родители во Грција. Централниот одбор на Југословенскиот Црвен крст на свој трошок ги испратил овие девојки на 15-дневен одмор во Макарска.
Во септември 1953 година уште 9 младинки од детските домови во Бела Црква биле испратени на работа во земјоделскиот комбинат “Глогонски рид”, каде што останале до 21 декември истата година. Тие го напуштиле комбинатот и се вратиле пак во Бела Црква, каде што повторно биле примени во детските домови. Останатите девојки што дошле од Шент Вид и од Подленика и Шент Јури, во Белград и каде завршиле курс за кроење и шиење, во големиот земјоделски комбинат “Глогонски рид” останале до почетокот на ноември 1953 година. Бидејќи немало повеќе сезонска работа, тие останале без работа и добивале материјална помош. Наоѓајќи се во таква ситуација, тие се обратиле до Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, со молба и понатаму да продолжат да добиваат помош, за што на дирекцијата на комбинатот “Глогонски рид” им биле уплатени средства за издржуваше на овие девојки. Ова важело до 7 јануари 1954 година, по што им било укажано дека треба повторно да си бараат работа...
Домот во кој беа згрижени деца, младинци и младинки бегалци од Егејска Македонија во манастирот Боговоѓа, почна со работа на 14 ноември 1949 година. Истиот бил сместен во манастирот и е оддалечен околу 30 километри од Ваљево. Во него биле сместени 136 деца, младинци и младинки бегалци, од кои 56 биле од женски и 75 од машки пол под 14 години, една младинка над 14 години и 4 младинци, што дошле од домовите во Скопје. Тоа се оние штитеници што во време од 14 до 21 септември 1949 година беа донесени во Скопје од детските домовите во НР Хрватска и НР Словенија. Сите биле од грчка националност.
Всушност, тие пред да престојуваат во Скопје беа згрижени во Белград, но поради пројавата на одделни негативности и барања да бидат упатени во Чехословачка, истите се донесени во домот во Боговоѓа. По искажаното незадоволство, штитениците во овој дом се смириле, но не отстапиле од своето барање за заминување во Чехословачка, каде што наводно отишле сите Грци што дотогаш живееле во населбата Булкес.
Во декември 1949 година бројот на децата и штитениците во овој дом се зголемил, со тоа што се донесени нови 38 деца на возраст од 7 до 14 години и 8 жени од грчка националност, што дотогаш биле згрижени во детскиот дом во Дутовље, во НР Словенија. Со новодојдените бројот на згрижените деца бегалци во Боговоѓа на крајот од декември 1949 година се зголемил и изнесува 173 деца и младинци и 8 жени Гркинки по националност. Од домот 2 деца од женски пол биле упатени во прифатилиштето во Куманово.
Меѓутоа, условите во манастирскиот комплекс во Боговоѓа не можеле во целост да одговорат на барањата, па затоа е решено истиот да биде затворен. За ова, претходно била направена посета на истакнати службеници од Црвениот крст на Југославија, по што е донесена одлука за негово затворање, а штитениците се преместени во други домови.
Детскиот дом во Боговоѓа престанал со работа на почетокот на март 1950 година, а децата бегалци се префрлени во новоотворениот детски дом во Ковиљ, АП Војводина. Според нецелосни податоци за издружувањето на детскиот дом во Боговоѓа, Југословенскиот Црвен крст потрошил 1.877.810 тогашни динари.
Што се однесува до детскиот дом во Ковељ кој е оддалечен 20-тина километри од Нови Сад почнал со работа на почетокот од март 1950 година. Во него веднаш се пренесени 171 дете бегалец и 8 “мајки”, кои како што рековме претходно биле сместени во детските домови во НР Словенија. Постоел само три месеци. Со одлука на Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија домот е затворен на 6 јуни 1950 година, а згрижените деца биле пренесени во детскиот дом во Шент Вид кај Пристична, во НР Словенија.
На пристигнатите деца бегалци во Боговоѓа, по налог на Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија веднаш им биле поделени 107 машки зимски одела, 62 женски зимски одела, 107 кратки панталони и др. Истите биле изработени во кројачко-шивачката работилница што постоела и работела во рамките на Централната управа на детските домови во Бела Црква. На овие деца исто така, им биле поделени и други работи што биле изработени во истата работилница на Црвениот крст во Белград.
Бидејќи згрижените деца бегалци во домот во Боговоѓа беа од грчка националност, Црвениот крст постави двајца Грци за воспитувачи и учители, со барање, веднаш да се почне со настава на грчки јазик. Но, и ова барање за учење на мајчин грчки јазик овие грчки по националност деца бегалци категорично го одбиле, со ултимативно барање да ја напуштат Југославија. Така, на 20 мај од овој дом преместени се 18 штитеници во детскиот дом во Чуруг, 3 во Стари Бечеј и 7 штитеници се испратени во Панчево, да изучуваат занает.
На 1 октомври 1949 година во Шид е отворено прифатилиште за бегалците од Егејска Македонија. Прифатилиштето било сместено во една просторија, каде што намало добри услови за живеење. Во ова прифатилиште биле сместувани бегалци и оние коишто не можеле да бидат вработени, а не сакале да одат во Гаково или Крушевље.
Според некои податоци, во октомври 1949 година, во прифатилиштето во Шид биле згрижени 118 бегалци, од кои имало и деца од 3 месеци до 14 години старост, момчиња, девојки, жени, стари луѓе и поранешни борци на ДАГ. Во прифатилиштето во средината на октомври 1949 година биле прифатени уште 20 жени Гркинки по националност што ја напуштиле Бела Црква, а кои престојувале уште на неколку места и во прифатилишта за бегалци. И тие во средината на декември 1949 година под притисок на информбировската пропаганда испратиле барање до Југословенскиот Црвен крст во кое откога изрекле критики, барале да бидат пуштени во некоја од источноевропските земји. Збор станува за барање што во името на 102 прифатени бегалци, го потпишале пред 5 грчки жени по што уследила и посета на делегација од Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, на крајот на декември 1949 година. Делегацијата била составена од д-р Олга Милошевиќ, генерален секретар и Милица Дедиер шеф на социјалното одделение при Југословенскиот Црвен крст. И покрај убедувањата дека треба да останат во Југославија каде што им се пружаат добри услови за живот и развој сепак тие неотстапувале од своето барање, кое најпосле било прифатено за нивно иселување, под еден услов, доколку унгарските погранични власти го дозволат тоа. По ова биле преземени мерки прифатилиштето во Шид да се укине, поради недостиг на добри услови за живеење, а штитениците да се преместат во новото прифатилиште во Чуруг, кај Нови Сад.
Во Чуруг вкупниот број на прифатени бегалци изнесувал 193 лица од кои 168 возрасни, а 25 биле деца. Условите за живеење биле значително подобри од прифатилиштето во Шид. Овие штитеници во прифатилиштето во Шид барале да бидат испратени во Чехословачка или Унгарија и со тоа барање продолжиле и во Чуруг. Поради ова, прифатилиштето, а подоцна дом во Чуруг, на 25 јануари 1950 година го посетила д-р Олга Милошевиќ, генерален секретар на Црвениот крст на Југославија, при што се обидела на згрижените да им ја објасни состојбата во која се наоѓаат, но и да им укаже од последиците на информбировската пропаганда. Меѓутоа, згрижените тоа не го прифатиле и продолжиле со предизвикување на немири.
Оваа состојба траела до јули 1950 година, кога унгарските власти прифатиле да ги примат грчките бегалци од Чуруг. За таа цел биле изработени списоци и сите подготовки за нивно заминување, што се случило на 7 јули 1950 година, а на 8 јули во раните утрински часови тие веќе пристигнале во Будимпешта.
Но, со групата сместена во Чуруг не заминале двајца Грци (еден работник и еден правник) кои се изјасниле и побарале да останат да живеат во Југославија. Со овој транспорт не отишле ни 18 деца што дошле од Ковиљ, како и 3 деца што дошле од Стар Бечеј во Чуруг. Исто така, не се заминале за Унгарија уште 7 лица помлади од 17 години... Бројот на луѓето што останале во Чуруг изнесува 29 бегалци и најголем број од нив имале еден или двајца родители што престојувале во Чехословачка. На тие што останале им било објаснето дека ќе може да отпатуваат од Југославија само и доколку ги бараат нивните родители.
Меѓутоа, грчкиот “Комитет за помош на децата” – ЕВОП што веќе постоеше и работеше две години во Булкес, а подоцна во Будимпешта, продолжи и понатаму да го бара испорачувањето на сите деца бегалци од Југославија во Унгарија. И покрај силната пропаганда и политичкиот притисок што во тоа време го вршеа источноевропските земји и нивните комунистички партии, сепак, Црвениот крст на Југославија не ги испорача децата бегалци од Егејска Македонија, а овој став го поткрепуваше со веќе донесените две резолуции од страна на Генералното собрание на Обединетите нации (првата на 27 ноември 1948 година и втората изгласана на 18 ноември 1949 година).
Бидејќи условите за сместување и живеење во Чуруг беа на потребното ниво, тоа беше решено прифатилиштето да прерасне во детски дом. Оваа одлука е реализирана на 8 јули 1950 година, кога е извршено преуредување на просторот и подобрување на другите услови за работа на еден детски дом.
Детдкиот дом во Чуруг свечено е отворен на 1 август 1950 година, при што на 22 август истата година, се донесени 35 деца и 3 жени Гркинки од прифатилиштето во Куманово. Во ова време, во овој дом биле згрижени 64 деца бегалци и 4 жени бегалки. Работата на домот била финансирана од страна на Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија.
Но, и овој дом работел кратко време, односно само 3 месеци и е затворен на 9 ноември 1950 година. Згрижените деца бегалци, младинци, младинки и жени се преместени во детскиот дом во Сајлово, кај Нови Сад, што бил отворен истиот ден. Во овој дом дошле 64 деца и младинци и 4 жени Гркинки по националност од детскиот дом во Чуруг. Условите во домот биле повеќе од добри, а тоа се однесува и на исхраната на згрижените бидејќи прехрамбени производи испраќал Централниот одбор на Црвениот крст од Белград, а прехрамбени и текстилни производи на домот му давал и Меѓународниот детски фонд – УНИЦЕФ. Слободно може да се каже дека згрижените деца бегалци ги уживале сите благодети на еден добро организиран и снабден детски дом, а во 1951 година неколку штитеницци биле репатрирани. На крајот од март 1951 година од домот во Сајлово во детскиот дом во Шент Вид, во НР Словенија, биле испратени 31 штитеничка, и обратно од тој детскиот дом во домот во Сајлово дошле 52 штитеници со грчки учител и 3 жени Гркинки.
Во домот во Сајлово на почетокот на април 1951 година имало 72 штитеника, 1 учител и 5 жени бегалки, или вкупно 78 лица, а нив ги опслужувале 9 вработени.
Интересно е да се напомене дека овој дом на 1 февруари 1951 година го посетила американската новинарка Сара Годвел, која сакала по разговорот со штитениците да се огласи во американскиот печат. Но, во тоа не успеала бидејќи штитениците не сакале да одговараат на нејзините прашања ниту пак, да бидат фотографирани, а за возврат тие жестоко ја нападнале обвинувајќе ја дека за нивната судбина како бегалци се виновни американските и англиските напади на нивните родни огништа во Егејска Македонија.
Но, и овде се повторила истата слика, веќе видена во некои домови во НР Хрватска и НР Словенија. Меѓу згрижените избила побуна, со неодложно барање да бидат испратени во тогашна Чехословачка. За ова свое барање, тие му напишале писмо и на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито.
До средината на јуни 1951 година се случиле повеќе репатријации и преместувања на одделни штитеници во домовите во Бела Црква и Шент Вид. Исто така, 17 штитеници биле испратени на учење занает и сместени во соодветни интернати за ученици во стопанството во Вршац, Качарево и Зрењанин, потоа во Бачка Паланка, Ковиљ, Сомбор, Врбас, Апатин и Кула, како и во Шид и Сремска Митровица.
Треба да се истакне дека со престанувањето со работа на детските домови во НР Хрватска и НР Словенија, преостанатите деца бегалци и штитеници се пресместени и сместени во детските домови во Бела Црква, а во април 1952 година, 26 штитеници биле прифатени и во домот во Сајлово.
Домот во Сајлово престанал со работа на 22 октомври 1952 година, за што одлука донел Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија. По престанувањето со работа, 14 штитеници биле прифатени во детските домови во Бела Црква, а 39 штитеници биле сместени во домот з ученици во стопанството, во Нови Сад. Истите биле упатени на школување и изучување на занает, во тамошните индустриски претпријатија и следење на стручни училишта.
Поради потреба од изучување занает, во средината на март 1949 година, во Нови Сад дошле 50 младинци што дотогаш престојувале во домот во Цриквеница, НР Хрватска. Етничкиот состав на групата бил следен: 22 биле Македонци, а 28 Грци по националност. Во овој град тие биле сместени во интернат, а занаетот почнале да го изучуваат во три новосадски фабрики: за машинобравари, стругари, електричари и др.
Животот во домот и престојот на младинците во фабриките течел нормално и организирано се до август 1949 година, кога меѓу младинците се појавило барање да ја напуштат Југославија. И покрај убедувањата на Милица Дедиер, тогашен шеф на социјалното одделение при Југословенскиот Црвен крст, сепак до целосно смирување не дошло. Младинците на 7 септември 1949 година, под раководство на својот учител Јанис Панагурис избегале од Нови Сад и им се приклучиле на луѓето што од Булкес тргнале за Унгарија. Тие, од таму го продолжиле својот пат до Чехословачка.
И покрај овој настан, сепак во Нови Сад продолжиле да пристигнуваат нови бегалци-штитеници, односно младинци за изучување на занаети. Така, по затворањето на домот во Сајлово, што се случило при крајот на октомври 1952 година, 32 младинци дошле во Нови Сад и го продолжиле своето школување за повеќе занаети. Од нив, 8 ученици учеле за елетричари, 14 за машинобравари, 16 ученици автомеханичари и еден за кројач.
Грижата и финансирањето на овие младинци и понатаму го вршел Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија (обезбедувајќи го сместувањето и облеката, а дел од исхраната се вршела во самите претпријатија каде младинците учеле). Од почетокот на 1953 година за издржувањето на секој ученик во стопанството, Црвениот крст на Југославија, на домот во Нови Сад му плаќал по 3.400 динари месечно. Исто така, на почетокот на јули 1953 година, 24 ученици во стопанството биле испратени на одмор и закрепнување во Макарска.
Интересно е да се спомене дека во 1953 година, 11 ученици си заминале во Грција, а 3 ученици поради недисциплина биле исклучени на предлог на колективот на учениците од домот во овој град.
Во домот во Нови Сад во 1954 година престојувале 22 ученици, некои си заминале кај своите родители во источноевропските земји, а 17 од нив, во јуни 1955 година, ги положиле испитите и се стекнале со диплома за завршен занает.
Како и во Нови Сад, така и во Панчево, на 20 мај 1950 година, се испратени 6 младинци кои го продолжиле своето образование, учејќи занает. Тие дотогаш биле сместени во детскиот дом во Ковиљ, а пред тоа некои од нив престојувале во детските домови и прифатилишта во Малинска на островот Крк, Цриквеница, Скопје, Боговаѓа и Ковиљ. Најголем број од нив не знаеле каде им се родителите, така еден во октомври 1950 година отишол во НР Словенија, еден во Чуфуг, а еден во Домот за ученици во стопанството во Качарево кај Панчево.
Домот во Вршац, всушност, бил детско одморалиште сместено надвор од градот и во него на почетокот од април 1948 година е отворен детски дом за децата бегалци од Егејска Македонија.
Најпрво, тука биле сместени 49 деца бегалци, а во средината на истиот месец дошле упте 16 деца. Вкупниот број на прифатените и згрижени деца бегалци бил 65, од кои 32 машки и 33 женски деца. Сите деца биле Македонци како и персоналот што заедно со нив пребегал пред монархофашистичкиот грчки терор.
И овој дом постоел само 6 месеци, а е укинат на крајот од септември 1948 година. Децата од предучилишна возраст од овој дом на крајот од јули 1948 година, биле испратени и сместени во детските домови во НР Словенија.
Од извештајот што го поднесол Бора Гичков до Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, меѓу останатото е забележано и ова: “Во домот децата се чисти, убаво облечени, а и во тежината напредувале. Се чувствува влијанието на воспитната работа. Организацијата на работата е добро спроведена се изведува според куќниот ред. Најмногу се залагаат и за децата се грижат двајца луѓе, кои редовно ги обиколуваат децата, се грижат за нивната исхрана, облекувањето, здравјето. Една младинка, хигиеничарка, ја извршува и обврската на воспитувачка. Меѓу персоналот владее другарство, а децата се здрави и весели...”. По укинувањето на домот во Вршац и децата бегалци и персоналот, се прерасподелени во детските домови во Бела Црква, а објектот којшто дотогаш бил детско летувалиште, ѝ е вратен на општината.
Во три згради во Банатско Пландиште, бил отворен детски дом, во кои од почетокот на април 1948 година се сместени 154 деца, а во мај уште 47 деца бегалци. Со децата бегалци дошле и 19 “мајки” и девојки, кои ги придружувале децата бегалци од Егејска Македонија до овој дом. До средината на мај 1948 година, бројот на децата во домот се зголемил на 201, од кои 106 од машки и 95 од женски пол, сите од македонска националност.
Исто така, во домот дошле и 12 жени бегалки заедно со своите деца, односно вкупно 27 од кои 16 машки и 11 од женски пол, и тоа:
Елена Шулевска, 4 деца – Долно Котори Василка Делова, 1 дете – Лаген Елена Делова, 1 – Лаген Марија Шулевска, 6- Горно Котори Томаија Божинова, 4 – Горно Котори Митра Миланкова, 2 – Долно Котори Митра Германчева, 2 – Турје Ристана Лазарова, 1 – Турје Парашка Панова, 1 – Турје Фанија Донева, 1 – Турје Елена Ефтова, 2 – Турје Митра Колева, 2 – Турје.
На крајот од јули 1948 година, 24 деца од претшколска возрааст биле испратени во детските домови во НР Словенија.
Управник на домот бил Владимир Веселиновиќ, а по него учителката Добрила Јовановска.
И овој дом постоел само 6 месеци, а престанал со работа на крајот од септември 1948 година. Децата и персоналот биле префрлени во детските домови во Бела Црква.
ПОСТОЕЊЕТО И РАБОТАТА НА ДЕТСКИТЕ ДОМОВИ ВО БЕЛА ЦРКВА Посебно поглавје за прифаќањето и сместувањето на децата бегалци од Егејска Македонија, претставува постоењето и работата на детските домови во Бела Црква, АП Војводина.
Згрижувањето на децата бегалци од Егејска Македонија се реализирало и во селото Стража, меѓу Бела Црква и Вршац. Но, и овој дом работел само 6 месеци, а во него биле сместени 70 деца. Иако зградата во која биле сместени децата бегалци била добра, сепак не одговарала на основната намена, а кога на ова ќе се додаде и фактот дека поради лошите пристапни патишта било отежнато доаѓањето, решено е на крајот од септември 1948 година да се укине овој дом, а децата биле префрлени во детските домови во Бела Црква.
Како што погоре истакнавме во НР Србија, а посебно во АП Војводина беа отворени детски домови во Вршац, Банатско Пландиште, Стража и Бела Црква.
Детскиот дом во Бела Црква во кој беа прифатени децата бегалци од Егејска Македонија пролетта 1948 година, всушност претставува збир на 9 објекти, кои се наоѓаа во центарот на населбата, а еден бил лоциран во близина на реката Нера.
Истиот по кратко време е затворен, а децата пренесени во детскиот дом во Бела Црква.
Во една зграда, во 1949 година, почна да работи основното училиште “Лазар Колишевски”, во кое наставата се изведуваше на мајчин, македонски јазик, потоа во една зграда беше сместена шивачката и чевларската работилница која работеше во состав на централната управа, во еден објект беше сместена амбулантата, а во неколку објекти биле сместени управата на економијата и свињарството, овоштарството и лозарството, имало повеќе магацински простории, браварска работилница и др. Покрај овие објекти, управата на детскиот дом закупила и други помали простории, а Народниот одбор на околија Вршац и доделила 26 хектари обработливо земјиште на управата на детскиот дом во Бела Црква. Во сите објекти беа сместени децата бегалци од Егејска Македонија.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/5 on October 29, 2026