Front Matter - Part 06
Во годините 1948, 1949 год. М. Преспа беше центар за обука на офицерите на ДАГ. Оттука се раководеше и управуваше целата ДАГ, тука се донесуваа сите одлуки на КПГ и привремената влада на Грција.
Со сместувањето во М. Преспа во школите, болниците и управите на ДАГ, по сите села имаше голем број партизани и луѓе од политичкото раководство кои идеа од разни области на Македонија и Грција. Тука тие идеа да се лекуваат во болниците, идеа како делегати на разни состаноци кои често се одржуваа, идеа да се одморат и пак да се вратат во борбите.
Селата од оваа област беа напаѓани од голем број авиони кои надлетуваа поединечно и во ескадрили. Тие слегуваа ниско над селата, куќите и по патиштата, спуштаа ракети и го бришеа местото со рафали. Понекогаш на куќите и плевните спуштаа и напалм бомби, од кои се предизвикуваа пожари, а чадот и прашината ги покриваше селата како магла. Зад себе оставаа урнати куќи и мостови, убиени и ранети партизани и население.
Зимата 1947 год., 1948 год., крмаците останаа незаклани поради немање на сол. Беа потрошени сите резерви од сол. Се користеа солило од сирење и туршијата. Лебот и храната почна да се јади без сол. Раководството на земјоделските задруги преку ДАГ правеше напори населението да го снабди со овој неопходен продукт и не можеше да го реши. Сол пристигна дури при крајот на февруари 1948 година.
МОНАРХОФАШИСТИЧКИ АВИОНИ ГО БОМБАРДИРААТ УЧИЛИШТЕТО СО МАКЕДОНСКА НАСТАВА ВО С. ГЕРМАН Во големото училиште од Герман, околу 500 ученици од Герман и Роби за прв пат во историјата на М. Преспа учеа на свој мајчин јазик. Владината врховна команда донесе одлука училиштето во Герман да го бомбардира, и тоа за време кога во него се одржува настава. Привремената влада на партизаните правеше големи напори децата до 16 години да ги испрати во Југославија и другите народни републики. Со тоа децата ќе беа спасени од секојдневните напади на авионите. Од друга страна пак младите мајки кои тогаш беа ослободени за да ги чуваат децата ќе ги вклучеа како редовни борци на ДАГ. За сето ова беа направени припреми, и од ден на ден се чекаше децата да земинат.
На 28 февруари 1948 година во 7 часот наутро децата беа во училниците, во клупите како и секој ден и чекаа да отпочне наставата. Учителите им соопштија дека овој ден нема да има настава, учениците беа вратени по куќите. Овој ден учителите имаа свое предавање.
Во 7,30 часот се чу бучава од авиони од правецот на Буф. Над Герман се појавија 3 бомбардери кои на училиштето спуштија дваесетина бомби од кои имаше и напалм. Бомбите училиштето не го погодија, тие паднаа во неговото двориште и во околните куќи. Една бомба удри во едниот ќош, и таа стана од училиштето се урна. Во двориштето од училиштето сеуште имаше ученици кои си играа и во моментот кога ја чуја бучавата учителите потрчаа да се засолнат во скривалиштето од двориштето. Со нив ги зедоа и малите деца. Од напалм бомбите кои паднаа се урнаа и се запалија околните куќи. Во нив беа убиени 2 жени. Од силната експлозија и детонација, се искршија сите стакла од прозорците на училиштето и од повеќето куќи во селото.
Спрема планот по кој се одвиваше нападот, веднаш по првото бомбардирање, после 20-тина мин., уследи нов напад на ескадрила од 7 спитфаери, кои нападнаа од ридот зад селото, за да не се забележи бучавата. Владините монархофашистички генерали, изгледа точно пресметале кога преживеаните деца од бомбардирањето на училиштето ќе се најдат на улица, на улица ќе се најдат и нивните родители, трчајќи зад училиштето да видат за своите деца. Среќата беше во тоа што повеќето од учениците беа вратени по своите куќи. Имаше и некои што не беа вратени. Некои паничари разнесоа гласови дека училиштето целото е урнато и дека се убиени голем број ученици. Мајките на кои не им беа вратени децата како и други селани и мали деца, трчаа и од љубопитност. Улиците за училиштето беа полни со луѓе и деца. И во овој момент авионите како бесни се спуштија над селото и половина час со рафали, ракети и напалм бомби, сееја смрт над селото. Се урнаа и се запалија куќи и плевни, чадот и прашината го покри селото како да го зафати магла. Ранети волови рикаа, се слушаше виење од кучиња, луѓето што се преселуваа од местата и бараа посигурни засолништа при преселувањата некои беа ранети. На повеќе места се слушаше плачење, луѓе викаа за помош за оние кои беа ранети и убиени. Во овој напад беа убиени една девојка, две жени и еден маж, и преку 20 беа ранети.
Овој ден робенци кои бевме преселени во Герман делевме сол која толку време ја чекавме и во моментот на нападот пред дуќанчето во кое се делеше солта имаше околу 70 души.
Наредниот ден се изврши закопот на убиените. Сандаците со посмртните остатоци на убиените беа поставени еден до друг и населението од двете села – Герман и Роби со најголема жал и почит ги испратија своите роднини и соселани.
Ова смислено и масовно уништување на македонското население не може а да не се смета злосторство и геноцид, кое не се разликува од она на геноцидот на Евреите, во концентрационите логори на Хитлер во Втората светска војна.
Ноќта спроти први март од двете села Герман и Роби, во Југославија пребегаа голем број луѓе. По неколку дена во весникот “Демократис”, орган на ДАГ објавено е дека после силниот авионски напад на училиштето во Герман, во кое учат 500 ученици на свој мајчин јазик, во Југославија пребегаа преку 600 души, претежно мајки со мали деца, стари мажи и жени од Герман и Роби. Овој број на пребеганите секако беше поголем.
Планерите на овој напад знаеја дека по такво бомбардирање на селото, ќе уследи и бегање на населението преку граница. И во тоа не промашија.
Во месец април 1948 година, со наредба на привремената влада на Грција, децата до 16 год. преминаа во Југославија а оттука и во народните републики Унгарија, Полска, Чехословачка и Романија.
Задругите сега се активираа, овците беа во задруги. Млади инвалиди и неспособни деца ослободени од ДАГ ги пасеа овците. Млекото 2 пати на ден се носеше во големото бачило во Стрково, во кое се преработуваше биено и бело сирење, кое одеше за партизаните. Нивите беа задружни и тие здружено се работеа. Се формира рибарска задруга од постари мажи од рибарските села кои успешно работеа. Населението го прифати начинот на здружено работење. Само поради големиот недостаток на луѓе кои требаше да работат на земјоделските работи, овие задруги не функционираа во целост. Повеќето се работеше во акции спрема потреба кои ги организираа народните одбори по селата.
ВЛАДИНАТА ВОЈСКА ЈА НАПАЃА ДАГ НА ГРАМОС Во месец јуни 1948 год. владината војска во планината Грамос ја отпочна најголемата дотогаш офанзива против ДАГ.
Партизаните храбро се бореа и ја бранеа оваа планина.
Непријателот напаѓаше со голема надмоќност од војници и оружје. Партизаните кои ја бранеа оваа планина имаа потреба од муниција и храна. Имаше млади деца кои со оружје враце се бореа на живот и смрт. Нивните родители од блиските села, како и од селата од Костур и М. Преспа, ги товареа коњите со леб, друга храна и муниција. Ги носеа дури на местото на борбите, од М. Преспа оддалечено 150 км. Поголемиот дел од силите на ДАГ беа концентрирани на оваа пеколна планина која изеде стотици и стотици борци на ДАГ, од кои и голем број Македонци од М. Преспа. Една група од селани мажи и жени од Роби, со натоварени коњи со храна која отиде во Грамос на враќање беше отсечена од владините војници и премина во Албанија. Додека траеја борбите на Грамос линијата на фронтот на Бела Вода, која ја бранеше и М. Преспа, беше слабо чувана дури и воопшто не беше чувана.
При крајот на месец јуни 1948 год. една група од триесетина монархофашистички војници од Лерин, од кај селото Буф преку Бела Вода, незабележливо навлезе во слободната територија и стигна во првите куќи од Герман. Веста за навлегувањето на владините војници по селата се пренесе секавично, и населението од Герман, Роби, Медово и Стрково, сосе стока и по малку покуќнина се најдоа пред југословенската граница на Маркова Нога, и тука останаа дури до полноќ. Еден партизански одред со брзина се спушти во Рамна, на патот од Буф за Герман и оттука слезе и во Герман, за да се судри со монархофашистичките војници. Монархофашистите ја знаеја опасноста што можеше да ги снајде и во Герман не се задржаа.
Го напуштија селото и се вратија назад, само не по патот од Рамна од каде дојдоа туку од патот за Гарван за село Раково, и го избегнаа судирот со партизаните. Населението кое беше распрострено покрај југословенската граница и сакаше да премини во Југославија, претставници на привремената влада кои дојдоа на границата, населението го присилија пак да се врати назад по селата.
ИНФОРМБИРОВСКА РЕЗОЛУЦИЈА ПРОТИВ ЈУГОСЛАВИЈА. ИЗГРАДБА НА ОДБРАНБЕНА ЛИНИЈА НА БЕЛА ВОДА При крајот на јуни, односно на 28 јуни 1948 година се објави информбировската резолуција против Југославија Населението од М. Преспа оваа резолуција ја прими со огорчување, поради тоа што населението ја гледаше секојдневната помош што пристигаше за ДАГ, а минуваше низ М. Преспа.
Изнемоштените и болни луѓе од секојдневните бомбардирања, спасот го бараа во Југославија, а малите деца масовно пребегаа во Југославија, и во народните републики. Најголемото огорчување им беше клеветите против другарот Тито, со кого сите ние се гордееме. На КПГ влошените односи со Југославија добро и дојдоа, за да ја затвори границата. По неколку дена од овој настан Централниот комитет на ДАГ издаде наредба со која ја затвори границата со Југославија. По должината на граничната линија постави чувари со дресирани кучиња, и секој кој ќе се фатеше да бега преку граница на него се пукаше.
Целото преостанато население до 65-годишна возраст се мобилизира за да се користи за работа и се пушти на изградба на одбранбена линија на планината над Лерин Бела Вода.
Мобилизираните стари мажи и жени од слободната територија М. Преспа и од селата од Костурска околија, се поделија во групи и се отпочна со работа. Во бујните шуми од оваа планина мажите до 55 години сечеа греди од 20-25 см а должина до 4 м, жените до 45 години по 5 и десет заедно ги креваа гредите нарамо, ги вадеа од орманот и слепјакот (* Густа шума), ги носеа на одредените места, понекогаш и по 600 и 700 м. Оттука постари мажи со впрегнати волови ги носеа на местото каде ќе се градеа бункери и скривалишта. Жени до 60 години старост го береа житото на височината Рамна. Тие жниеја бујна ‘рж од оваа планинска висорамнина.
Со илјади и илјади греди се сечеа и носеа на изградба на бункери и скривалишта а тие не можеа да се доизградат. По должината на планината Бела Вода се градеше јака одбранбена линија, долга околу 20 км, со стотина бункери и уште толку скривалишта за муниција, воена опрема и храна. Работите не трпеа одлагање, линијата требеше да се изгради и М. Преспа да се обезбеди од ненадеен напад.
По завршувањето на операциите во Грамос, на Бела Вода дојде засилување од партизани, кои зедоа учество во изградбата на оваа линија. По селата останаа стари, болни, инвалиди мажи и жени, на кои некој требаше да им помага. Остана и по некоја млада жена со мали деца цицалчиња. Овие жени беа распоредени во смени, месеа и печеа леб за населението и партизаните, а вршеа и други работи. По неколку инвалиди, млади деца кои не беа способни за редовите на ДАГ, беа пуштени по селата и ги чуваа говедата и овците.
Луѓето кои работеа на изградбата на оваа линија, работеа под многу тешки услови. По дожд, снег, студ, ноќе во темница ги влечкаа трупците, по угорнина, по удолнина, низ грмушки, се лизгаа и паѓаа, работеа без прекин и дење и ноќе. Авионите над нив слетуваа ниско и ги косеа со рафали, фрлаа и ракети. А ноќта артилеријата ги напаѓаше со гранати, и беа во поголема опасност од партизаните кои седеа во рововите и бункерите.
Заради тоа што секогаш беа на отворено, претрпуваа и голем страв. Секој ден имаше отепани или ранети. Често пати горе на ридот имаше случаи да пристигни вест за убиен син, маж, брат, девер и други. Мајките земаа камења и правеа привидни гробови, на нив палеа свеќи и со саати плачеа, редеа и кинеа коси.
На 15 август 1948 година во Лерин беше убиен Лазо Ангеловски од Граждено, член на Народниот одбор за околија Лерин и одговорен за просвета. Лазо беше организатор и предавач на курсот за македонски учители, летото 1947 година во Герман. Во местото Шупурка на преминот од Бела Вода за Буф во септември 1947 година беше фатен од монархофашистите и осуден на смрт, поради организирањето на македонските училишта во селата од М. Преспа и вршење просветна работа во селата од Лерин. На ден 15 август 1948 година монархофашистите во Лерин, по кажување на очевидци, го врзаа со јаже за еден коњ и го влечкаа по улиците од Лерин.
Со тоа сакаа да ја прикажат омрзата кон еден македонски просветител.
На 28 октомври 1948 година во стрелиштето во Лерин е извршено стрелање на 13 младинци од Герман. Кога во Герман пристигна оваа трагична и жална вест, НО од Герман одржа комеморација во црквата. Тука беа присутни сите преостанати селани од Герман, и претставници на НО од селата, претставници на НО за околија Лерин и народната власт.
МОБИЛИЗАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ ЗА РЕДОВИТЕ НА ДАГ На 23 ноември 1948 година со наредба на ДАГ се изврши мобилизација на жените. Оваа наредба беше објавена во весникот “Демократис” орган на ДАГ и гласеше: “За редовите на ДАГ се мобилизираат сите способни жени од 18-35 години старост”. Наредбата стапува во сила веднаш по објавувањето во весникот. Мобилизацијата се изврши во Попли.
Жените од сите села од М. Преспа дојдоа во Попли. Комисијата за мобилизација на жените составена од 3 члена на високото раководство на ДАГ и привремената влада ја сочинуваат:
Барџитас Василис, Кокалис Петрос и Кочев Ставро. Комисијата жените ги подели во 3 групи. Во првата груп ги стави здравите жени и ги испрати во логор за обука со оружје во с. Рудари. Во втората група беа сместени болните жени и ги испрати во болницата во Граждено и по оздравувањето на овие жени и нив ги однесе во логорот за обучување и им дадоа оружје. Во третата група беа жените со професионални заболувања, или инвалиди и неспособни за оружје, како и жените кои имаа деца доенчиња. Овие жени комисијата ги ослободи од редовни борци на ДАГ, ама ги задолжи со разни работи по селата.
Жените кои беа прегледани првиот ден и беа одредени за логорот за обучување дадоа отпор. Целата ноќ останаа на меѓата покрај куќата каде што се вршеше мобилизацијата. На утрото на нив имаше слана. Наредниот ден взори во Попли дојде група од дваесетина наоружени партизани и овие жени ги одведе во Рудари. По неколку дена по ливадите од Рудари тие правеа вежби и се учеа да ракуваат со оружјето. По еден месец обука беа испратени во единиците на ДАГ. Овие жени што ги мобилизираа беа последните членови на некои фамилии. Кога дојдоа да ги мобилизираат ги ставија катанците на своите куќи во кои порано живееја и по десетина души, отидоа партизанки.
Некои од нив во своите куќи оставија стари и болни, свекрва, свекор, татко и мајка, кои на овие стари години некој требаше да ги служи. Тие имаа загинати мажи, браќа, сестри, девери и золви па затоа овие жени останаа на меѓата од Попли и не сакаа да земат пушки. Истите беа на изградбата на одбранбената линија и раноносачки единици и кога беа во селата вршеа работи за борбата.
ЕДИНИЦИТЕ НА ДАГ НАПАЃААТ НА ЛЕРИН На 12 февруари 1949 година единици на ДАГ извршија напад на Лерин со цел да го заземат. Во овие единици беа и мобилизираните жени во Попли. Снег имаше до колена, а температурата беше спуштена под нулата. За време на нападот некои единици влегоа во градот кај крајните куќи. Одбраната на градот беше многу јака и со јакиот состав што го имаа партизанските единици градот не можеше да се заземе. Голем број од жените пошто не знаеја да се пазат беа убиени и ранети, а некои и тешко се ранети. Еден дел паднаа и во рацете на непријателот. Бидејќи градот партизаните не можеа да го заземат, тие пред да се раздени требаше да бидат повлечени и да го имаа преминато ридот и планината на Бела Вода.
Големиот снег многу го отежна повлекувањето. Потесните патеки беа во снег до колена, тие се враќаа во долги и бескрајни колони. Жените не можеа да одат, и расеани изостанаа во тесните патеки од снегот. Дента авионите го надлетуваа и го гореа целото место, ги напаѓаа единиците на ДАГ кои се враќаа по долгиот пат.
Партизаните, меѓу кои имаше и многу жени беа присилени да останат на местата каде се наоѓаа и да се кријат во снегот и грмушките од орманот. Вечерта кога се стемни, со помош на други тие се вратија вкочанети од студот. Многу од овие жени се разболеа, некои кои беа тешко ранети подлегнаа на раните поради големиот студ.
Во нападот на Лерин, македонските жени и девојки борци на ДАГ во огнот се фрлаа и не го жалеа својот млад живот.
Нивниот хероизам не е можно да се искажи. Жени и девојки зедоа оружје и без да ја имаат совладано техниката на неговата употреба, во снег и студ се бореа храбро. А тоа го правеа затоа што ги мразеа Грците, монархофашисти кои им донесоа толкаво големо зло.
За нападот на Лерин го изнесувам случајот на Германија Пајкова од Герман, девојка на 18 години. Нејзиниот пример важи и за сите нејзини врснички девојки од овој напад.
Германија беше ранета и продолжи да вика ура, ура. Поради тешките рани не можеше да се повлече. Владини војници кои се обидоа да ја заробат не можеа да и се доближат, таа пукаше на нив. Кога поради раните не можеше повеќе да пука и владини војници ја заробија, тие по улиците од Лерин ја носеа со влечкање за да ја гледаат граѓаните. А улиците беа исшарени со крв. Таа беше свирепо убиена.
ВОЕНИОТ СУД НА ДАГ ВО С. ГЕРМАН ИМ ИЗРЕКУВА СМРТНИ КАЗНИ НА ЛУЃЕ КОИ САКАА ДА ПРЕБЕГААТ ВО ЈУГОСЛАВИЈА На 5 март 1949 година во една од училниците на училиштето од Герман, побеснетата клика на Захаријадис, преку воениот суд на ДАГ изврши јавно судење пред педесетина стари и изнемоштени луѓе од селата кои присилно беа донесени на судењето. Му се судеше на Богоја Пандов од Роби стар на 50- годишна возраст, на Божиница и Доневица Ѓакови од Герман исто стари на 50-годишна возраст. Богоја го обинуваа дека пренесувал луѓе и им го кажувал патот за Југославија а и самиот имал намера да пребегне. Им се судеше на Доневица и Божиница дека сакале да пребегаат во Југославија. Му се судеше и на Гркот Бљанга од селата од подножјето на Грамос кој со фамилијата беше протеран од монархофашистите во 1947 година и сместен во Герман. Бљанга беше обвинет за свои луѓе од фамилијата како и за други луѓе дека носел до границата кои пребегаа во Југославија. Судиите од воениот суд на ДАГ на луѓето им досудија смртни казни, а со тоа населението сакаа да го заплашат и да му внесат омраза спрема Југославија и нејзиното раководство. По неколку дена Бљанга беше пуштен на слобода. Тој беше Грк, а на Македонците Богоја, Божиница и Доневица казните им беа извршени. Тие гнасно беа убиени од агентите на Захаријадис, кои имаа присилно донесени луѓе и на судењето смислено ги клеветеа обвинетите.
Во месец март 1949 година по селата од М. Преспа останаа само оние луѓе кои со сила можеа да го пречекорат прагот од старост или болест. Останатото население целото беше отидено во партизани и на Бела Вода каде градењето на линијата на фронтот продолжи. Оваа пролет немаше кој да ги изора и засее нивите, стоката беше пуштена по полето слободно и таа беше господар на полето. Ова лето ливадите останаа непокосени.
Овците беа во за други и целиот приход одеше за партизаните.
Житото што беше засеано во есента немаше кој да го собере.
Дење улиците од селото беа празни и само кучињата во нив се бркаа. Над селото секој ден летаа авиони и фрлаа рафали, ракети и напалм бомби, а од изгорените куќи се креваше чад и прашина. Во селото имаше неколку групи од млади жени кои имаа мали доенчиња, месеа и печеа леб и сето тоа го правеа ноќе. Во почетокот на месец август изградбата на линијата на фронтот се прекина и сите луѓе кои работеа тука се префрлија во единиците што ја бранеа оваа линија. Постарите од 60 години и жените над 50 години се вратија по селата.
ФОРМИРАЊЕ НА КОМУНИСТИЧКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (КОЕМ) И СПРОВЕДУВАЊЕ ШИРОКА КЛЕВЕТНИЧКА АКЦИЈА ПРОТИВ ЈУГОСЛАВИЈА ОД СТРАНА НА КПГ На 25-26 март 1949 година во с. Попли, М. Преспа се одржа II конгрес на НОФ, наредниот ден, 27 март 1949 година по Вториот конгрес, 163 македонски комунисти делегати од Конгресот решија да се формира комунистичка организација на Егејска Македонија КОЕМ. Веднаш потоа по селата од М.
Преспа се формирани и ќелии на КОЕМ.
Пролетта и летото 1949 година од страна на КПГ и лично од Захаријадис, кој функцијата на раководење со борбата лично ја имаше земено во свои раце, беше спроведена широка клеветничка акција против Југославија и нејзиното раководство. За оваа цел на 20 јуни 1949 година Захаријадис свика вонреден итен состанок на кадрите на КОЕМ во својата пештера над селото Винени, во која самиот се криеше.
Состанокот траеше цела ноќ и со група од неколку кадри кои пред тоа успеа да ги придобие ја наметна својата желба и изврши разместување на поедини кадри, кои беа симнати од своите функции во НОФ и КОЕМ. Нив ги отстрани од редовите на Македонците и како редовни борци на ДАГ ги испрати во единиците на Грамос.
Истовремено по селата преку свои приврзеници спроведе засилена агитација и пропаганда против Југославија и раководството на НР Македонија.
Населението не беше рамнодушно спрема овие настани и клевети против Југославија и нејзиното раководство, за кое во годините од успешната борба за национално ослободување, населението од М. Преспа одгледуваше големи симпатии и имаше апсолутна доверба. Симпатиите за југословенското раководство, посебно за другарот Тито, кој помогна за формирање на македонска држава, претставуваше гаранција за целокупниот македонски народ. Исто така и сега, во Граѓанската војна во Грција, кога од М. Преспа во Југославија премина голем број население и многу мали деца кои тука најдоа спас од секојдневните бомбардирања, како и за неизмерната материјална помош што Југославија ја даваше за оваа борба. Народот сето тоа го знаеше, го гледаше и затоа не можеше да го прифати тоа што Захаријадис го пропагираше.
Населението сега почна да гледа со поголема недоверба во раководството на движењето и лично на Захаријадис, за кого треба да се спомнат овие работи. Спрема товарот што го носеа Македонците во борбата не беа адекватно застапени во високото раководство, владата и Централниот комитет на КПГ и ДАГ. Во слободната територија М. Преспа и голем број села од околија Костур, покрај мажите беа мобилизирани и сите жени до 35 години и испратени како редовни борци во редовните единици на ДАГ. Деца од 14 до 16 години беа земени од народните републики и исто така испратени како редовни борци во редовите на ДАГ. Постари мажи и жени, како и болни и инвалиди, се држеа во единиците за изградба на одбранбени линии и други помошни работи: пренесување на ранети, снабдување со оружје и муниција на единиците на првата линија. Сите овие луѓе беа ставени во првата борбена линија, каде и гинеа. Не беше ли тоа смислено за масовно уништување на македонскиот народ, и каква доверба можеше да има Захаријадис кај Македонците од М. Преспа и не само од неа, кога на поголемиот број куќи беа поставени катанци.
Некои луѓе отворено почнаа да реагираат против клеветењето за Југославија и на населението се обидуваа да му објаснат за фактичката положба и состојба на борбата. Овие луѓе немилосрдно беа гонети од истомислениците на Захаријадис.
Во јули 1949 година агрономот во расадникот во Попли, Гркот Пелопидас, кој со неколку работници одгледуваше овошје и зеленчук наменето за членовите од високото раководство, од Роби со помош на некои истомисленици се обиде да убие 4 души, кои не подлегнуваа на нивните залажувања.
Благодарение на свеста на селаните луѓето беа спасени.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/6 on October 29, 2026