Front Matter - Part 07
МОНАРХОФАШИСТИЧКИ ЕДИНИЦИ ЈА НАПАЃААТ ДАГ НА ВИЧО ПЛАНИНА. ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ДАГ И НАСЕЛЕНИЕТО СПРЕМА АЛБАНИЈА На 9 август 1949 година монархофашистичката војска со голем број војници и силно оружје, отпочна силен напад на партизаните на планината Вич и успеа да навлезе во слободната територија. Со единиците кои ја бранеа оваа линија, бев на планината Бигла, на големиот завој на патот за Лерин, како одговорен на одред за пренесување ранети кој броеше триесетина души, мажи и жени, од селата Роби и Медово. Три дена, од 10-13 август, на овој фронт долг дваесетина км владееше невообичаена тишина и мир. Само понекогаш можеше да се чујат понекоја експлозија од граната и рафал од митралез. Овие дена не надлетуваа авиони.
На 13 август 1949 година осамна сончев и убав ден. На фронтот и понатаму владееше тишина. Од десната страна откај Рулја, Ошчима и Желево се слушаше татнеж од експлозии на бомби и рафали. Татнежот стануваше се посилен и се приближуваше до нас. Во 9 часот неколку авиони прелетаа преку Превал, во Преспа истурија експлозив и пак се вратија назад во истиот правец од каде што дојдоа. Во 10 часот по ридот од Превал почнаа да експлодираат ракети од мал домет на минофрлачи и рачни бомби. По ридот почнаа да се искачуваат монархофашисти кои вршеа директен напад над Превал.
Неколку авиони над Превал слегоа ниско и по сртот фрлаа со рафали, истураа и бомби, се крена голем чад, ридот се запали.
Војската која се искачуваше по ридот, кога се доближа до сртот подзапре и тука отпочна силна борба. Околу 12 часот група монархофашисти се одвои од фронтот од Превал за да се искачи на височината Барјачето, потоа да се спушти на Рамна и да го пресече повлекувањето на партизанските единици на фронтот на Бела Вода, а со тоа и да направи паника кај партизаните. Ова група беше спречена од силен оган на партизански единици и се врати назад. Непријателот на Превал вршеше силен притисок и постојано носеше нови засилувања.
За малку ќе влезе и во Преспа и ќе го спречи патот за повлекување на партизанските единици од фронтот на Бела Вода.
На фронтот на Бела Вода никој не знаеше што да прави, ги гледаше силните борби што се водеа на Превал, знаевме дека непријателот уште денес може да влезе во Преспа и да го спречи повлекувањето на единиците од Бела Вода, затоа што Превал не беше положај на кој можеше да се запре непријателот кој напаѓаше со многу војска и силно оружје.
Секој момент чекавме наредба за повлекување и напуштање на линијата. Никој не можеше да преземе никаква акција, сите чекаа наредба од Главниот штаб.
Во 15 часот над нас почнаа да надлетуваат авиони. Тие се спуштаа ниско, фрлаа ракети и рафали, положобата многу се влоши. Жените се исплашија, почнаа да плачат. Во 17 часот добивме наредба веднаш да се повлечеме, да го напуштиме фронтот и да одиме во Герман. Повлекувањето беше многу тешко. Од линијата на фронтот дотогаш скриените по рововите и бункерите партизани излегоа и почнаа да се повлекуваат. Над нас надлетуваа се повеќе и повеќе авиони, кои го следеа нашето движење и не ни даваа да мрднеме. Непријателската артилерија од Лерин почна да фрла со гранати. Жените не можеа брзо да се повлекуваат, времето врвеше брзо, а ние се уште бевме на Бигла.
Еден по еден со лазење стигнавме на големиот трап Косара, и тука се собравме. Патот го продолживме низ високите буки кај сртот кај студениот кладенец Бела Вода, каде што водата е навистина пенлива и бела. На сртот експлодираа гранати и еден по еден со големо растојание го преминавме сртот. Жените се плашеа да останат сами, и се береа по неколку заедно покрај мажите. Го преминавме сртот и низ тесниот пат по планината Ќеваинца, се спуштивме на патот на Рамна и се приклучивме во колоната партизани и население, кои го напуштаа фронтот, и по тесниот планински пат со камења и многу кривини, со брзање и туркање стигнавме во Герман.
Го напуштивме фронтот, ја напуштивме линијата градена 2 цели година од населението од М. Преспа и селата што беа во слободната територија на Костур и Лерин, градена од луѓе измачени, изгорени за изгубените деца. Ја напуштивме оваа линија и со тоа згасна најголемата надеж, слободата. Овој фронт се распадна без да пукне пушка.
Стигнавме во Герман, околу 22 часот. На средселото имаше многу партизанска војска. Партизаните пристигнаа од фронтот на Бела Вода, тука малку се запираа, се правеа нови групи и единици и се пуштаа на Превал и на ридот Калуѓерица на с.
Рудари. На една страна на средселото беа насобрани 20-тина постари жени буфчанки, со товар на рамо. Двајца партизани од Народната милиција, жените ги тераа да станат и да го продолжат патот за Перово, Кула и албанската граница. Жените заедно се развикаа: - Ние не одиме во Перово и во Албанија да изгиниме по патот. – Ако се видиме во опасност, ќе пребегниме во Југославија. И не се мрдаа од местото. Еден партизан со една жена се расправаше, жената на глас му рече: - Што можиш да ми направиш освен да ме убиеш, убиј ме и така сум убиена кога од фамилијата сум останала само јас. Убиј ме, барем гробот ќе ми биде на местото мое.
На средселото од Роби имаше партизани и на луѓето кои се враќаа од Бела Вода им го кажуваа патот за Перово Кула и албанската граница, и не оставаа никого да избега од патот. Се обидов да одам во мојата куќа поради тоа што овие дена жена ми требаше да се породи. Партизаните од Народната милиција, кои беа поставени да ги чуваат луѓето да не бегаат од патот, не ме пуштија. На 200 м подолу го прецапав јазот, ја прецапав и реката и отидов во куќата.
Над селата од М. Преспа тој ден авионите идеа во ескадрили, и по целиот ден небото беше покриено од авиони кои постојано пуштаа бомби, ракети и напалм-бомби. Слегуваа ниско по патот од Превал до Роби и Перово Кула и назад. Авионите идеа од 2 правци, од Костур и од Лерин и со рафали косеа по местото. На мостот од Перово фрлаа бомби и го срушија мостот. По овој пат дење никој не можеше да помине. Преостанатото население и другите денови се криеше по траповите и дерињата.
Кај ужина, камбаната од Роби удри и дваесетина мажи и жени излегоа на сретселото. Еден партизан соопшти дека има наредба селата уште веднаш да се селат. Ќе одат во Нивици.
Стојан Дојчинов, Васил Бечков, Трајко Бакушов, Начо Секулов и други мажи и жени на партизанот му рекоа: - Ние оттука не мрдаме. Тука ќе седиме и ќе ги чуваме куќите. Што ќе не најди нека не најди дома, во Нивици не одиме да изгиниме по патот.
И така луѓето се вратија во своите куќи. По еден час се наоблачи, почна да роси и во дождот од селото тргна колона со натоварени коли и коњи со по малку храна и по некое веленце.
По патот Перово Кула и Нивици, тргнаа и другите села од М.
Преспа.
По улицата за до мојата куќа не сретнав никого. Влегов во куќата, внатре немаше никој. Викнав неколку пати, не се оѕва никој, отидов во бавчата и тука викав па никој не се одѕва. Се вратив на улица, ме сретнаа 2 партизани од Народната милиција и ме запреа. Им објаснив дека штотуку пристигнав од фронтот на Бела Вода, и дојдов да видам што е со жена ми. Ми рекоа дека во соседната куќа има неколку стари жени и една се пораѓа. Бев спремен на најлошото но не изгубив храброст.
Отидов во куќата на Крстина Секулов, во дворот имаше партизани и ме запреа. Се објаснивме и се искачив по дрвената скала, влегов во одајата, а жената се мачеше да породи. Ме виде мене и ми рече:
- Сега не се плашам, штом ти си со мене.
Се вратив во дворот, ги замолив партизаните да ми помогнат, жена ми да ја однесам на Маркова Нога на југословенската граница, зашто жената се мачи и не може да се породи и и е потребен лекар. Ми одговорија дека тоа може да го стори само нивниот командир од Герман. Со голема брзина отидов во Герман, по патот брзав и на партизаните од Народната милиција што чуваа по патот им станав сомнителен и ме запреа.
Бев присилен да се објаснувам а со тоа изгубив време. Кога стигнав во Герман беше 24 часот. На командирот му го објаснив случајот и го замолив да ми помогне, да ми пушти неколку партизани за да ја однесам жената до Маркова Нога.
Тој ми одговори лаконски:
- “Тоа не можи”.
- Можи, му реков, сме носеле ранети по ридовите на носила низ рафали и ракети, а тука патот е рамен, безопасен и блиску е.
- Не, ќе ја носиш во Нивици.
- Во Нивици не ќе стигни да оди, по патот ќе умри.
- Има наредба, рече тој, сите да одат во Нивици.
- Неа ја заштитува меѓународен закон, реков, впрочем и таа била на Бела Вода, носела трупци. Сега треба да и се помогне.
Што си ти, му реков, Македонец? Се познававме. Треба да спасиш една Македонка – борец.
- Не, не може, пак ми рече и се заврти да зборува со гурпа офицери а мене ме остави.
Се вратив дома разочаран. Буфчанките на средселото не ги видов. Кога стигнав дома жена ми беше породила девојче.
Партизани од Народната милиција одеа по улиците од селото и од куќите ги собираа последните луѓе и оние кои се враќаа од Бела Вода, наедно ги собираа и воловите и кравите. Со брзина ги впрегнав воловите во колата, на колата ја ставив Дора со штотуку роденото девојче. Часот беше еден по полноќ. На крстопатот кај Виришта веднаш до селото не запреа партизани.
Ги замолив да ме остават и да ми помогнат да одам на Маркова Нога, не ме пуштија. Ги замоли и Дора, се расплака и тие и рекоа:
- Има наредба никого да не пуштаме, и тебе нема да те пуштиме.
Го продолжив патот за полето, и кај главниот пат за Југославија на попречен пат завртив за Југославија. Тука ме запреа жени- партизанки. Нити моите молби, па нити молбите и плачењето од Дора не помогнаа. Тие истото го рекоа што и партизаните од Виришта и нивниот командир од Герман и не не пуштија. Ја завртив колата и на 300 м влегов во колоната која одеше за мостот на Перово.
Во големата колона за Перово Кула одеа партизани натоварени со тежок товар на себе и оружје, коњи и маски натоварени исто така со тежок товар, населението од стари мажи и жени, натоварени коли а за нив врзани магариња и коњи, исто со товар на нив, и сите брзаа како суводолица по силна бура, која пред неа собира се што ќе најде. Брзаа и секој гледаше да излезе напред и дури е ноќта да го премине мостот. На мостот стигнав околу 3,30 часот. Преку денот мостот беше бомбардиран и урнат. Инженерски единици работеа на него и беше поправен.
На 20 м од мостот седеше офицер во години и на сите кои го преминуваа мостот им кажуваше кој каде да оди. Војската ја запираше и на 100 м од мостот таа се збираше. Тука имаше неколку офицери кои веднаш од насобраните војници правеа групи и одеа да заземат положај над ридот од Нивичката Планина, над мостот. Населението со преостанатите семејства го продолжи патот за Винени и албанската граница.
Патот од Перово за Винени врви над Малото Преспанско Езеро низ Нивичката Планина, големи стени, кривини, некаде и до 50 метри над езерото, и целиот е со нерамни камења. По каменливиот пат колата не можеше да оди брзо како што одеше по песочниот пат помеѓу двете езера. На воловите нозете не им беа потковани и тие одеа пополека и тешко ја влечеа колата која се тресеше од камењата. Од тресењето на колата Дора почна да крвави. Почна да пука зора, за малку ќе осамне и авионите ќе стигнат. Колата одеше пополека, некои коли кои беа зад мене ме оставаа, луѓето сакаа да ми помогнат ама не можеа како. По патот помеѓу двете езера, од последните воденици од Роби на околу 8 км до мостот, патот беше преполнет со војска, мажи, жени кои се враќаа од фронтот. Сите овие луѓе брзаа пред да се осамне да го преминат мостот, па после ќе се кријат по камењата и дрвјата од Нивичката Планина.
Во 4,30 часот, од кај Бела Вода се појавија 7 авиони, тие се спуштија над Герман и Роби, и по патот до Перово Кула ненадејно ги нападнаа луѓето кои брзаа за мостот и направија касапница. Авионите се кренаа високо и завртија на патот за Роби и назад. Два авиони не се вратија назад за Роби, тие се управија на патот за Винени и албанската граница. Авионите слегоа ниско и тука ги касапеа луѓето кои со нив имаа запрени коли и добиток со тежок товар. Со првиот напад убија многу луѓе и добиток. Кога авионите се подадоа над Герман, бев на Крина мала тумба спроти островот Аил. Се обидов да ја слезам Дора од колата, ама дури тоа да го сторам авионите беа над нас и се засолнивме до колата. Куршумите фрчеа околу нас, неколку ракети експлодираа до нас и чадот со смрдеата не покри. Нема изрази и зборови, како и стил на пишување, за да се искаже и напише сето ова онака како што се правеше тој ден.
Овој ден не сакав да го видам.
На 20 м на патот спроти островот Аил, покрај еден поголем камен и неколку фојови стебла останав целиот ден, и ги гледав беспомошните луѓе и добиток како се движат од Попли и Роби до Перово Кула, како и од Перово до Винени, пат долг повеќе од 15 км, и како тие крвавеа и гинеа. Денот беше сончев и авионите преку целиот ден како орли беа над нас и сееја смрт на стотици и стотици беспомошни луѓе и добиток.
Со првиот напад од Роби до Винени авионите направија касапница од луѓето и добитокот и на мостот ја пресекоа колоната. Луѓето кои го имаа преминато мостот, војската ја фати планината и оттука пукаше по авионите. Луѓето со колите и семејствата кои се најдоа на патот, со првиот напад некои паднаа или беа ранети, другите избегаа од патот во планината и се криеја во камењата и фоите. Ранетите ги зедоа со нив и им укажаа помош. Воловите кои беа прегнати во колите, како и коњите и магарињата што останаа на патот од нив повеќето се отепани, затоа што на патот останаа преку целиот ден. Луѓето што останаа пресечени на мостот и со нападот на авионите останаа неповредени или полесно ранети, спрснаа да бегаат и да бараат спас, едни во блатото и чаирот до Малото Езеро, други во водите од Големото Езеро. Оние кои беа близу до мостот се обидоа да го преминат и над сите нив авионите сееја смрт.
Николица Ушлинова од Герман ја осамна на 1 км од мостот.
Пред неа го тераше магарето товарено со ствари а во рацете носеше 2-годишно девојче. Магарето рането падна. Таа исто така е ранета полесно. Со неа имаше и партизани од кои некои беа ранети а имаше и убиени. Таа побегна кај Големото Езеро и се запрета во песокта сосе девојче. Кога еден авион погоден од партизаните падна покрај неа и се зари во песокта таа се исплаши, ама штом авионите се извишија високо и не слегуваа ниско поради што се исплашија од погодениот авион, таа излезе од песокта, и со едната рака го држеше девојчето, со другата се влечкаше самата, и се приближа до мостот. Партизаните од мостот ја видоа и се втурија да и помогнат. Го зедоа девојчето и неа и така го премина мостот, и преку Нивици излезе во албанското село Зрноско.
На припекот од сонцето останавме целиот ден. Авионите едни одеа други идеа по два правци, од Костур и од Лерин и наизменично преку целиот ден сипеа оган. Целото место гореше. Езерото беше на дофат но никој не одеше да се напие вода, иако душата им гореше. Многу луѓе се откажаа од воловите и од колите, ги оставија стварите на патот и заминаа низ планината за с. Орово и албанската граница. Овој народ со векови го мачат, го убиваат и го бркаат, а сега сакаат да го избркаат засекогаш. И ете сега гледа како крвави и гине и својата земја ја полева со крв, која од вековните неправди повеќе не може да трпи и ете сега завре и тече. Тече и со неа ја пишува со големи маки и жалови славната историја.
Една сестра и неколку партизани ги преврза ранетите луѓе, партизанката дојде кај Дора и и даде наколку апчиња, го погали девојчето и веднаш и го стави името Васа, името на нејзината сестра која загина во големите борби на Грамос.
Патот од Оровник преку Попли, Стрково и Роби, саботерите на ДАГ го имаа минирано и кога по него врвеа тенковите на владината војска н неколку места се крена прашина и чад.
Околу 12 часот неколку тенкови, а по нив и војска пристигна во Роби. Во полето од Роби и околу селото се отпочна лута борба на живот и смрт. Беспомошните партизани и населението што се најде на ова бојно поле беа оставени на немилост. Тие се криеја по ендеците, по нивите и од трските од блатата од двете езера. Монархофашистичките џелати ги касапеа како изгладнети ѕверови. Некои побеснети монархофашисти партизаните ги колеа со ножеви. Луѓето кои беа на планината над Перово и касапењето на своите другари и роднини го гледаа а не можеа да им помогнат, ги клаваа рацете на очите и ги покриваа за да не гледаат. Авионите не беа во состојба сега да земат учество во касапењето заради тоа што во полето од Роби беа помешани две војски и население. За ова време авионите го сипеа огнот по патот и околу патот од мостот до албанската граница, каде населението и единици на ДАГ се обидуваа да преминат во Албанија.
Во овие пресудни моменти, кога населението и партизаните по патот од Дреново се обидуваа да преминат во Албанија, немилосрдно касапени од монархофашистички авиони и од владините војници, кога ДАГ се распаднуваше и го доживуваше целосниот пораз, кога борците на ДАГ и населението се најдоа очи во очи со непријателот и сосема беспомошни на отворено поле, и се бореа на живот и смрт, беше извршено едно од бројните злосторства на Захаријадис, кое македонскиот народ никогаш нема да го заборави. Како да не беа доволно другите злосторства што им ги правел на Македонците.
Единици на Народната милиција требаше да ги пренесат во Албанија затворениците чувани во затворот во Дреново. Ги доведоа до границата до Албанија, и во близина на границата убија голем број од нив, меѓу кои и Богоја Пандовски од Роби, Божиница и Доневица Ѓакови од Герман, на кои пред тоа им беше судено како на соработници со Југославија.
Кога тенковите стигнаа во Роби, еден тенк, а по него и војници, се одвоија и тргнаа по патот за Перово. Тие дојдоа до урнатиот авион и се вратија назад. На монархофашистичките генерали многу им се брзаше. Тие сакаа истиот ден колоната да ја пресечат на албанската граница. Кога тенкот дојде на околу 1000 м од мостот беше посипан со рафали од митролези и ракети од минофрлачи од партизаните, кои го држеа ридот на мостот. Паднаа неколку војници и тенкот се врати назад во Роби. По овој инцидент непријателските тенкови и единици го запреа движењето кон Св. Илија зад Роби, тоа на единиците на ДАГ им овозможи да се повлечат кон југословенската граница.
Во полето од Роби, од Маркова Нога и Герман дури ноќта се слушаа рафали и истрели од пушки. Партизаните, кои останаа отсечени, гледаа како и како да излезат од оваа неизбежна ситуација. Еден дел од нив загинаа или беа ранети или заробени. Другиот се повлече во планините на Герман, а трети преминаа во Југославија. Во Југославија први влегоа оние кои ги чуваа патиштата на Виришта, попречниот пат и трапот над Роби, и не го оставаа населението да оди на Маркова Нога, на само 3 км од Роби за Југославија. Тие со наредбата на Захаријадис, населението и војската ги растурија по патот од Роби и албанската граница, пат долг 15 км и им го предадоа на авионите на масовно касапење. Ако населението и партизаните преминеа во Југославија, ова касапење ќе се избегнеше.
ВО АЛБАНИЈА Штом се стемни и авионите повеќе не можеа да сипат оган, го продолживме патот за албанската граница. Првин ги отстранивме убиените волови, коњи и магариња од патот и тргнавме настрана и некои коли, и тогаш го продолживме патот. Воловите беа гладни и жедни за вода и многу тешко ги тргаа колите. Ноќта ги поминавме селата Винени и Орово и ја преминавме границата, и на осамнување на 15 август влеговме во албанското село Зрноско, на брегот од Големото Преспанско Езеро, на подножјето од Иван Планина.
Ноќта кон 15 август, саботерите на ДАГ го проширија коритото на реката од Перово, која на другиот ден со водите од Малото Езеро што влегуват во Големото, реката стана страотна, и го оневозможи преминот на владината војска и тенкови; наедно тие на повеќе места поставија и мини.
Луѓето од искасапената колана која стигна во Зрноско прво одеа на Езерото да се напијат вода. Воловите сосе коли до мевои влегуваа во водата. Се испикавме во шумата околу селото и останавме до вечерта. На брегот од Езерото, на должина околу 2 км преку целиот ден имаше луѓе, едни си одеа други пристигнуваа. Некои од жените на водата од Езерото переа алишта. Мажите ги донесоа колите и тркалата ги киснеа со вода зашто беа расклопени од припекот на сонцето. Некои мажи ги поправаа оштетените коли од рафалите и бомбите.
Ранетите беа сместени во еден трап над селото. Овците што беа дадени во задругата, како и голем број говеда што пасеа по полето, неколку групи од партизани ги имаа донесено во Зрноско. Некои од своите стопани зедоа овци и ги заклаа, запалија огнови и месата ги ставија да се варат. Многу луѓе одеа од еден до друг и се обидуваа да научат за судбината на своите деца. Една група од партизани беше одредена да држи ред. Тие одеа по луѓето на брегот и ги бркаа, ги гаснеа огновите кои високо креваа чад и викаа по нив затоа што авионите и тука можеа да дојдат и да прават касапница. На луѓето никој не можеше да им стави ред, тие толку беа измачени и разочарани што им беше сеедно дали ќе дојдат авиони и тие ќе бидат убиени. Дора имаше уште крвавење, сестрата што и даде апчиња сега и стави инекција против крвавење.
Во околината на селото имаше многу партизани и население, и во секое време пристигнуваа и други.
Овој ден, 15 август, во близината на Роби се изврши закопот на стотици борци и население што беа убиени во авионските напади и борбите. Еден свештеник и еден булдожерист го извршија закопот. Монархофашистите ги собраа низ полето убиените и ги сместија во заедничкиот гроб, што пред тоа со булдожер беше ископан. Свешеникот облечен во скромна облека го изврши обредот. Булдожерот ги посипа со земја. На погребот немаше роднини, пријатели, соборци, немаше венци и цвеќиња, немаше почесна стража, немаше проштални говори.
Се стемни, колоната го продолжи патот за внатрешноста на Албанија. По угорниот пат кај с. Леска, воловите не можеа да ги влечат колите. Бевме присилени една по една да ги туркаме и да ги извадиме на рамнината. Не осамна на Големиот Завој од Иван Планина и пред ручек на 16 август стигнавме кај ливаѓето од езерото Малики. Тука останавме 3 дена. Во блатото од чаирот ги пуштивме воловите да пасат и се изгубија во високите трски. Три дена одевме по нив за да ги собереме. Тука пристигнаа неколку камиони со храна и на народот му доделија конзерви и леб. Две жени го зедоа новороденото девојче, што се роди во огнот, и го однесоа во селото во близина на ливаѓето и го задоија при една жена леунка. Навечерта по широките ливади се палеа големи огнови и при секој оган имаше голем број луѓе.
По 3 дена починка кај ливадите, на 18 август во 14 часот колоната тргна по патот за Подградец. Сонцето над нас печеше како сач и го отежнуваше одењето. Аргатите Албанци кои работеа по нивите ја оставија работата и долго гледаа по нас.
Малите деца излегуваа дури на патот. По патот ние одевме измачени со наведнати глави, како да не носеа во прогонство.
Воловите одеа пополека, нозете им беа отечени. Стигнавме до бавчите од градот, почна да се наоблачува и да грми. Облакот дојде над нас и наеднаш како да се истури небото. Паѓаше град како ореви и го обеле местото. Ние бевме под отворено небо, на немилост, и не испокисна. Колоната запре дури да помине облакот и штом престана да врне патот го продолживме со искиснати алишта, кои се лепеа на нас.
Низ градот поминавне во мракот и се запревме над патот на брегот од Охридското Езеро, на 2 км од градот. Луѓето веднаш почнаа да бараат погодни места за да се сместат. Некои отидоа да потсоберат и дрва за да запалат оган, да си ги исушат искиснатите алишта и да се стоплат. Почнаа да се сечат секавици и да грми. По половина час одново паѓаше дожд со силен ветар и помешан со град. Од езерото се кренаа високи бранови, како ридови, и водата се префрлаше преку патот.
Луѓето кои тука дојдоа ноќе и не го познаваа теренот, се засолнуваа било каде. Од силниот дожд надојдоа многу води, се направи поплава, се удави едно мало дете. Се створи голема мешаница и паника, насекаде се слушаше викање и плачење.
Силниот ветар ги растера облаците, ама сега брановите од езерото станаа уште повисоки, и од силниот удар правеа голема бучава. Силниот северен ветар беше многу студен, луѓето искиснати преку целата ноќ не заспаа и се тресеа од студот.
На утрото имаше многу настинати од студот и ветерот. На Дора уште вечерта и се појави силна температура, ама лекар во оваа положба не можеше да се најде. Си размислувам: Каде беа овие облаци и овој дожд кога бевме на Перово и авионите го касапеа народот. Не ќе имаше нити убиени, нити ранети. Што сторил овој народ кој тука се мачи: патат мажите, жените и малите деца. Патат и домаќините кои треба да сместат толку народ.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/7 on October 29, 2026