Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Prespa in Flames and Smoke

МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО - Part 02

By Коста Мундушев · Part 12 of 17 · About 22 minutes

Read in English

Најмногу невремето и лошото се свило во селата Герман и Роби и ридовите над овие села. Надошла многу вода и го поплавила селото Роби и целото поле. Кога првите води се појавиле по коритото на реката, од силниот притисок на водата, пред неа на педесетина метри се корнеле дрвја и камења, а мостовите како да биле од хартија. Водата кога навлегла во Роби ја збришала џамијата и мефтепот, многу куќи и конакот на бегот, и зад неа оставила пустош со грамади камења. Дотогашното корито од реката, чија вода се влевала во Малото Езеро, сега правецот го менила кон Големото Езеро. Во оваа поплава животите ги изгубија неколку селани од Герман и Роби, многу овци и кози, како и говеда. Се вели дека на ридовите над селата се пронашле риби од езерата кои бурата сосе вода ги однесла високо на овие ридови.

По неколку години селаните од Роби се собрале и донесле одлука: на старите темели од црквата “Св. Никола” на која Арнаутите имаа изградено џамија, а сега водата ја однела џамијата, пак да изградат црква. Селаните ја донесле одлуката и се заколнале дека ако треба и крв ќе дадат и црквата Св. Никола пак ќе ја обноват. Ова им го соопштија и на Арнаутите. Тие и бегот не се сложиле, тие рекле: Кога работата е спорна да не се гради нити џамија нити црква. Попот Фоти на селаните му рекол да бидат спремни и кога тој ќе рече црквата ќе се изгради и така станало на муслимански празник. Тие ја почнале црквата, ја покриле, во неа ставиле икони и ги запалиле кандилата.

Арнаутите се побуниле, се обиделе да ја рушат. Попот влегол во црквата и од неа не излегувал. Арнаутите се пожалиле во Битола, оттаму дошле луѓе, го разгледале случајот и црквата “Свети Никола” останала.

Селаните охрабрени од обновата на црквата “Св. Никола”, тие малото црквиче “Св. Јован” на тумбата Горица од Роби го обновиле, на него направиле голема црква и го прогласиле за манастир “Св. Јован Преспански”. За да му дадат поголемо значење на манастирот, како на денот на Св. Јован се собирал повеќе народ, тие на видно место, на влезната врата на ѕидот ја соѕидале надгробната плоча на царот Самуил, која со векови била чувана во црквата “Пречиста” во Роби. На надгробната плоча судбината завршила во I светска војна, кога бугарските војници дошле на тумбата Горица и ја виделе плочата, кога тие ја откорнале и ја однесле во Бугарија, во непознат правец.

Во 1875 година, под влијание на владиката од Битола, во Роби дојде грчки учител, некој си Христидис и децата ги учел грчко писмо. Учитлот што ги учел децата грчко писмо бил битолчанец и македонскиот јазик го знаел како и другите Македонци. Тој во Роби останал неколку години, ама за ова време децата ги учел грчко писмо со македонски текстови.

Попот Фоти и селаните од учителот побарале децата да ги учи македонско писмо и така учителот го напуштил селото. Попот беше повикан кај владиката во Битола и тој му рекол: И Грците се рисјани, ама тие си зборат грчки и си учат по грчки, а ние сме Македонци и сакаме нашите деца да ни учат по македонски. Владиката на попот му рекол дека е анатемисан, а попот му одвратил: Јас не ти служам тебе, свети владико, му служам на господ, на верата и на народот.

Арнаутите не прекратиле со малтретирањето на населението, а најмногу со вршење пљачки и грабење на чупи, вршеле и убиства. Во 1880 година младиот, на 30-тина години бег во Роби, Арслан со своите сејмени качени на коњите и наоружени дошле во лозјето на Крстина Крстинов. Крстин со својот син Петре и ќерка му Дафина го прашеле лозјето. Труците слегле од коњите и се обиделе да ја земат Дафина. Настанала мешаница, сејмените го раниле Петрета, оти Петре им излегол пред нив и ја бранел сестра му. Тука пристигнале и други селани и ја бранеле Дафина. По неколку дена кај бегот му отишле неколку мина од селото и му рекле: Да го напуштиш селото и да си бараш чаре, оти селаните, како што се сега, знаеш, ќе те операт.

Бегот се исплашил и го напуштил селото, чифлигот го оставиле на милост и немилост.

Попот Фоте, за разлика од попот Наума, бил побожен и чесен.

Строго се придржувал на правилата од религијата а воведувал и свои. Со него секогаш носел оружје, и бил спремен да го употреби кога биле во прашање религијата и нацијата, а селаните му биле послушни. Во црквата водел свој режим. Со ветви и нечисти алишта, како и со опинци никому не му давал причесна. Од Битола купил чевли, сошил и нова ќурдија и ги држел во црквата. Кога на Божик и Велигден на селаните им давал причесна, селаните ги терал да се облекуваат во скорните и ќурдијата, за да им даде причесна. На снегот и ветрот тие чекале еден по еден и со ред да ја облечат ќурдијата и скорните па да одат пред попот да земат причесна.

Во 1892 година Стефана Бакушова се враќала од вода. Алија со уште неколку Арнаути негови пријатели и роднини чупата ја грабнале и ја носеле сосила во својата куќа; Стефана се противела, тие сосила ја тргале. Стефана имаше тројца браќа и уште со неколку селани се втурија да им ја одземат Стефана. Во расправијата Митре, постариот брат на Стефана, со пиштолот го уби Алија. Стефана им ја отнаја од Арнаутите, и уште веднаш Митре, со помалиот брат Петрета, избегале од селото и по извесно време отишле во Анадол и тука се криеле. Долго време за нив не се знаело каде се. Митре по неколку време т.е.

неколку години умрел, Петре се женил со мештанка. Во Роби Петре се вратил по 30 години, кога ја искористил спогодбата помеѓу Грција и Турција за размена на малцинствата, и се вратил со двата сина во Роби.

Во 1901 година Спиро Петков – Лопатаро, ја вадел својата нива засадена со мисерка (пченка.) Орхан, Албанец со многу нивје, кого Албанците го викале Ага, и неговите внучиња излегувале на улица и на Македонците мавале со камења. Никој не можел да се пожали. Овој ден Орхан дошол да ја види својата нива која граничела со нивата од Спиро и била и таа засадена со мисерка. Орхан на Спира му ја пресекол водата, ја пуштил во својата нива, седнал на секот и запалил цигара. На Спира му секнала водата и Спиро излегол на секот. Тука го нашол Орхана и го прашал кој му ја пресече водата. Орхан му рекол: Сиктер, бре, домус един, со тебе јас не сакам да зборам. Спиро не чекал повеќе: Го удрил Орхана по глава со мотиката, му ја разделил главата и Орхан се превртел во водата. Спиро веднаш отишол дома, со него ја зел жената и децата и побегнал в планина. Им се придружил на комитите, и тој стана комита. Спиро бил распореден во четата во која беше војвода Коте од Рулја, кој подоцна се предал на грчките андарти и се борел на нивната страна. Во Илинденското востание во 1903 година Спиро загинал како комита.

За Илинденското востание, населението од Преспа уште од порано се спремаше. Самите селани со доброволен прилог, како и со помош од печалбарите од Америка кои и самите не изостанаа од оваа света борба за слободата на својот крај, набавиле оружје и муниција, и во пресудниот момент беше спремно за востание. Сите мажи способни за оружје зедоа пушки и отишле во планината и се распоредија по четите.

Организацијата испрати апел до Македонците во Америка, и во Преспа пристигнаа родољубиви Преспани и тие се вклучија во четите за да земат учество во оружената борба. На денот на востанието, Албанците беа известени дека Македонците се дигнати на востание и ги предупредија дека секој кој ќе се обиде да крене глава и да излезе пред нив ќе се пука. Тие се исплашија и се затворија по куќите. Првите дена по селата беше штама. Никој од Албанците не можеше да се види. Населението беше затворено по куќите. Само по некој од комитите врвеше по патот и ги одржуваше врските со другите чети, за понатамошните настани ништо не се знаеше.

Во Преспа дојде турски аскер и положбата веднаш се измени.

Аскерот се смести во местото помеѓу селата Стрково и Рудари и се спремаше за напад на комитите кои го држеа ридот над Стрково и Рудари. Со појавата на трускиот аскер, Албанците селани од Преспа се охрабрија и се нафрлија на македонското население. Македонските семејства од комитите беа известени веднаш по доаѓањето на турскиот аскер да ги напуштат селата и да им се придружат во планината кај нив и тоа тие го сторија.

Поголемиот дел од семејствата избегаа в планина кај комитите, а еден дел се скрија во трските од чаирот од Малото Езеро.

Постари и болни мажи и жени кои останаа по куќите со голем бес и дивјаштво беа истепани од Албанците. Во Попли имаше случај една жена, која беше на пороѓање и не можеше да излезе од куќата, побеснетите Албанци дивјачки ја распарале, го извадиле детето од утробата и го издигнале на бајонет, а мајка му веднаш умрела. Ги запалија селата Роби и Попли.

Четата на Петрета Љаов од Герман, во чии состав биле четници од преспанските села, го држеле ридот над Стрково – четниците биле построени на ридот. Беше икиндија (* Време околу 16 часот, попладневна муслиманска молитва.) и аскерот извршил јуриш на комитите. Четниците Турците ги пречекаа со силен оган и Турците имаа голем број убиени и ранети. Беа изненадени од големиот хероизам на комитите и добрата организираност и аскерот се повлекол. Неколку дена била тишина. Аскерот сега бил засилен со топови и пак извршил јуриш. Овој пат на четниците експлодираа и ѓулиња, аскерот се доближувал до нив, тој броел неколку илјади, а комитите само една чета. Четниците и сега се бореле храбро и аскерот со голема мака се пробивал по угорнината. Петре војводата ја видел опасноста од Турците и наредил четниците да го напуштат ридот и да се соберат кај големата стена над ридот над Стрково. Четниците се собрале кај стената, ранетите ги преврзале и една група од неколку четници ги пренесле во позадината, во Германската Планина. Останатите четници и војводата се избациле и уште еднаш се заколнале на смрт или слобода, ги бациле пушките и Петре ја издал последната наредба: Една група од 20-тина четници да ја држи стената и штом се замрачи да ја напуштат и да се соберат на означеното место каде ќе добијат наредба.

Дваесетина млади момчиња од преспанските села се распоредиле по скалестите камења од стената, и аскерот го држеле на пусија. Момчињата се бореле и времето врвело.

Сонцето се наведнало над планината и се заковало. Ѓулињата експлодирале на стената и разбиените камења се сипеле како дожд. Аскерот се искачувал до стената, момчињата пред нив ја гледале наредбата од својот војвода. Колку непријателот се приближувал до нив и тие со него беа очи во очи, во нив мечтата за слободата стануваше уште поголема. Хероизмот растеше со голема потенција. Стената со скалестите камења и со овенатите лисја на испржените гранки од смреките, таа како да беше цела Македонија и тие ја бранеа.

Настанала тишина, аскерот запрел. По еден час, еден вод од аскерот ја заобиколил стената и се искачил на неа. Комитите лежеле на камењата со пушките стиснати во нив. Стената беше облеана во крв, и поради тоа оваа стена оттогаш се вика Црвена Стена. Испржената ретка трева од Кофил се навали над нивните снаги и направи покров. Црвените диви каранфили се навалија и тие направија посмртен венец. На вечерта во тишината пилињата се собрале на високите камења над нив и запеале жалосна посмртна песна.

По неколку дена блиските роднини дошле кај Стената и ги зеле своите деца. Тие не можеле да ги препознаат. Неколку дена жешкото сонце печело на нив и тие биле надуени и поцрнати, а ги препознале по облеката. Ги погребале без почести. По селата имало аскер. На борците херои кои животот го положиле за слободата на својот народ не им се направија споменици.

Мајките одеа на нивните гробови и плачеа со низок глас, да не ги чујат Арнаутите а подоцна и Грците. Во Преспа беше прогласена општа жалост. Жените, старите и младите, жени, белите дотогаш со везови шамии ги заменија со црни. Ги заменија и везаните кусалиња и кошули со едноставни и прости. Во селата од Преспа народната носија е наједноставна во однос на народните носии од други области на Македонија.

И со оваа облека жените од Преспа ја овековечија големата жалост.

По големата борба на Црвени Стени над ридот над Стрково, во Преспа се јави башибозук. Турците пљачкале и вршеле насилства, од селата зеле многу луѓе кои ги затвориле во катиљаната (* зандана, затвор) од Битола. Во злокобниот затвор во Битола лежеа родољуби од Преспа се до 1908 година, а со Уриетот луѓето беа отпуштени на слобода.

Записи од Мала Преспа ДАФИНА Пред портата на Неделко Мечкаровски, чупата на Неделка Стојанка, и чупата на Златета Зелкароски Менка, ги пуштија стомните на земја и се потпреа на големиот камен до портата.

Улицата беше угорница, жените секогаш кога се враќаа од чешма, тука кај каменот ги спуштаа стомните за да одморат и да го завршат незавршениот разговор од чешмата.

Двете чупи се потпреа на каменот и го продолжија разговорот за Дафина сирачката. Така ја викаа Дафина нејзините врснички.

Зашто таа Дафина уште мала, на десетина години чупе, мајка и умре и ја остави сираче.

- Не се седи од мајка ми, рече Стојанка, за се нешто и ќе ми рече: Дафина така, Дафина вака, така ја фалел попот, вака ја фалел попот, сега пак ја фалел и Дојчин бакалџијата.

Домаќинка, умна, ставита, чупа што како неа во селото немало друга и сега овие нашите збеснаја. Дафина креват, Дафина пушват.

- Немој, не ми вели за Дафина, футата од појасот ќе и загини.

Се местат сега и попот и Огнен за синој му да ја земат за снаа и затоа ја фалат. Нека си ги видат прво своите синој дали им се за женење, уште смргули им течат од носојте. Тие биле за Дафина.

Таа е поголема од нив. Таа се сака со Никола Босилков, и сите велат дека со него се затворала по плевните.

Чупите беа занесени во разговорот и портата Мечкарова се отвори. Од неа излезе Неделкојца и веднаш им се опсука на чупите:

- Црн да ви е образот, кучки едни, што време е сега? Не ви е страф од Арнаутите, ќе ве кренат магарки едни, аро ве изело. – И со сукалото се обиде да мавне по Стојанка. Стојанка се настрани и сукалото удри во каменот и се скрши. Жената уште повеќе се налути и со засилен глас:

- Се лутите кога ви велиме за Дафина, на малото прсте не можете да и се фатите. Од секаде стројници и гредат, а з вас, кукајци едни, дали досега некој ропнал на портата.

- Ти што седиш, кобило една, - и се опсука на Менка. – Ене ја мајка ти и таа те чека. – И Стојанка ја истурка во дворот и пак ја опсипа со клетви:

- Немој да му се јавиш пред татко ти, со секирата на прагот ќе ти ја посечи главата. Софрата е кладена, луѓето вечераат, ќе му залетни јадењето, ќе се задават, нема вода да се напијат, а ти ми седиш на улица, кучко една.

Мајка и на Менка, Златејца, и таа беше излезена на портата. И кога до неа дојде ќерка и и таа како Неделкојца ја опсипа со клетви:

- Кај си мори ќерко? Секоја вечер – кој чека чупи – јас и Неделкојца чекаме, се кријам од комшиите да не ме пулат. Црн да ви е образот, да ви се затри името. Да ве нема да барате. – И ја истурка во дворот.

Мајка и на Дафина, Петра, жената на Крстина Нивички, Крстиница, умре млада и двете деца Петрета и Дафина ги остави мали, и Крстина млад на триесетина години вдовец. На трите години, кога на Крстиница Крстин и правеше ред, Секулица Кожовска на Крстина му рече:

- Крстине, на Крстиница и стори голема чест. Сите редој и ги стори. Овој и беше последниот. Сега да си са жениш, во куќата да си донесиш стопанка и да ти ги прибери дечињата, и тебе ќе те кевердиса. Ене ја Грозда на Сребрета, и таа е вдовица;

жената си е добра, да си ја земиш.

- Секулице, право да ти кажам, одврати Крстин, ти знаеш како се зедовме со Петра. Со голема севда се зедовме, ама кога не ми било касмет, три години поминав без неа, сега не се женам, и на нашата севда и на венчанијата не и газам. Нека се знае дека со Петра бевме земени со севда, нека ми се живи дечињата. Од маките сега тие излегоја, ене ја сега Дафина, машала, наеднаш се фркна, а Петрета уште некоја година ќе си го оженам.

- Море, тревен Крстине, дека рече дека со Петра се зедовте со севда, - и го потрпна со раката, - како вчера да беше. Сите бевме во Герман на Германден, и кога рекоа дека Петра побегнала по Крстина Нивички, сите така останавме. Оти ти беше сиромав, и сирак, а од кај Петра беа богати. Господ да ја прости, бозната, што беше беше, убава преубава, најубава од сите нас беше Петра. И како ќе ја изеди земјата нејзината убавина? Сите беќари од селото по неа вртевте и стројници пушвавте, и ти беше убав, устрело не те фркаше, и сега не те фрка. Си велиш, Крстине, се зедовте со севда. Ние со Секула не се зедовме со севда, ама сега да знаеш многу се сакаме, еден без друг не можеме. Еден ден Секула да не е дома ми се чини светот ќе загини, а и тој без мене не можи да седи. Ти да си се ожениш, да си ја земиш Грозда, па и вие ќе се сакате.

- Секулице, право да ти кажам, кој ми е пријател за женење да не ми вели.

Тој ден што се споболи Крстиница, со Крстина заедно на нива жниеја пченица. Кога дојде времето за ручок, Крстиница на Крстина му рече:

- Нешчо ми се лоши, меот ми гори како на оган и ногата ми е укочена, ти ручај. – И таа легна под врбата.

До вечерта Крстин сам жниеше и одвреме-навреме ќе ја погледаше Крстиница, ама нејзе се полошо и стануваше.

Крстин се исплаши и се втури низ полето да најде некого со кола да ја однесат жената дома. Во близина жниеше Најдо со Најдојца. Крстин отиде кај нив, вџашен и пеплосан. Најдојца се стокми да го праша, а Крстин со луѓето не успеал ни да се поздрави и да им рече “аирлија работа”.

- Крстиница многу ми е болна, - рече со заплашен глас.

- Како тоа? – одврати Најдојца. Сабајле нели заедно гредевме на работа, по патот прајвме муабет, жената беше добра.

- Добра беше, ама сега е многу болна, прајте чаре да ја зајсиме дома, да не ми умри на нива и да се пострамам.

Најдо со Најдојца ги зедоа торбите и букалата, срповите ги пикнаа во полозите и со брзина отидоа кај Крстиница, кај врбата.

- Многу се плашите вие со Најдојца, и рече Најдо.

-Госпојне, прајте колај и носете ме дома, да си ги видам дечината, оти ќе ви умрам тука, на нивата. Одошто ќе умрам ќе умрам, душата си ја познав, ми се посекоа и нозете, појќе не ме крепат.

- Ех, што си кревка, таква ми е и Најдојца, троа ќе ја заболи главата и одма – умирам и ќе почни: Тебе за мене не ти е гајле, ти друга ќе си земиш. Ако се умираше така ко што велите вие, досега Најдојца стопати ќе беше умрена, и јас ќе бев преженет.

- Таму те боли забот тебе, се вмеша Најдојца, остај ги сега тие твојте катаежните, а пулиш жената е болна. Да не видите умрени тогаш ќе завервате. – И подвикна: Прајте чаре, жената да ја зајсиме дома.

- Меот, госпојне ми изгоре, целиот ми е запален и ме боли, рака на него не се клава, десната нога ми е фатена, и гласот сосема го намалив.

- Студени крпи, рече Најдо.Трчај Најдојце, искисни ја шамијата со вода во ендекот.

И Најдојца се втури и се врати со водена шамија и ја стави на меот од Крстиница.

- Се сеќаваш, Крстине, во Мора, на оној Гркот, што му бичевме.

Исто и тој како на Крстиница, меот му гореше, а ногата му беше укочена. Доктурот на меот му калваше студени крпи и по неколку дена стана.

Двајцата мажи се пошушкаја и Најдо се втури низ полето и по кратко време се врати со Секула, а со нив носеа и запрежна кола. За ова време Најдојца на мевот и ги менуваше крпите со студено и Крстиница и рече:

- У, жено, да ти се живи дечињата, очите ми се опулија, како сакаше господ да дојдиш. – И се подисправи малку.

Во колата можите ставија трева и ја сместија болната. На колата се качи и Најдојца и главата и ја зеде во својот скут. Во дворот на Крстина Нивички мажите стигнаа и од колата ја слегоа жената и ја сместија во малото одајче. Крстин од ковчегот го изваде наресеното веленце, го посла на рогозината и ја положија болната.

Низ селото се разнесе гласот дека Крстиница од поле на кола ја донесоа болна и ќе умреше ако тука во близина не се згодеше Секула со колата и воловите. Жените се втурија да ја видат и во одајчето влегоа Секулица Кожоска, Златејца Мечкароска, Грозда, попаѓата и Огненица. Неколку мали дечиња се испикаја низ жените. Секулица се развика по нив и тие избегаа.

Крстиница лежеше свиткана на шареното со реси веленце, што самата си го имаше исткаено, до неа беа Петре и Дафина. Таа дечињата ги држише за рачиња и не ги оставаше од неа да се померат. Од очите и се стркалаа солзи и со намален глас им велеше:

- Ангелчина на мајка. Мајка ќе ве остави сирачиња.

- Доста жено ги плашиш дечињата, како ќе си ги оставела сирачиња? Утре како билбилка ќе станиш, и рече Секулица. И лани така не исплаши, ама веднаш си стана.

- Лани станав, сега не ставам, нозете потечени ми се.

Одајчето стана задушливо, Секулица го отвори прозорчето за да влезе свеж воздух. Во одајчето влезе Ѓурѓа бајачката. Сите жени и сторија пат и таа дојде до болната. Ја праша што ја боли.

Крстиница и кажа. Ѓурѓа прво рече да се затвори прозорот, после нареди сите да излезат, во одајчето да останат Најдојца и Крстин.

Ѓурѓа беше стара жена, со жубри на лицето, ама таа уште од порано целата грижа за лекување на своите соселани, децата, жените а понекогаш и мажи ја имаше земено на себе. Таа ги лекуваше како умееше и можеше. Селаните милеа ако еден ден урме Ѓурѓа и не ќе има кој да им дава совети и лекарства и тие ќе умрат. Ѓурѓа се доближа до болната и сите присутни чекаа да ја фати за рака и да ја крене на нозе. На Крстиница Ѓурѓа и ги породи двете деца и едно и пометна. Таа ги породуваше и другите жени од селото. И пометнувањето и беше доверено на Ѓурѓа. Оваа сериозна и доверена работа се трудеше да ја сврши најстручно и најсовесно. На трудните жени што сакаа да ги пометнат децата таа им даваше лекови што самата ги приготвуваше од разни корења од горчливи тревје. Ги триеше по стомакот и ги употребуваше сите нејзини стручни знаења, ги тераше одоздола да ставаат клечки од кибрит. Жените ги пиеја нејзините горчливи билки, ги клаваа клечките и се виткаа од болки и при грубото масирање на стомакот. Многу од нив својот живот го завршуваа заедно со својото пород. Ѓурѓа сакаше од сесрце и душа да им помогне на жените кои немало што да прават, та и се препуштале нејзе. Ама понекогаш господ бил посилен од Ѓурѓа. Тој не сакал на жените да им помогне, сакал да ги казни.

Ѓурѓа се нафати да го излекува Сребрета Зелкароски. Сребре Зелкаровски, млад на 25-26 години отиде на гурбет во Влашко и работал на пампурите во пристаништето во Галац. Тешко се разболе и романските лекари му рекоа дека неговата болест во Романија не може да се излекува, туку да стане и да се врати во својот крај, и секоја пролет кога овците ги носат во планина на бачило и тој да оди со нив и целото лето да останува на бачило и млеко да пие колку може, и да спие на чистиот воздух заедно со овците. И, Сребре се врати во селото. Сребре имаше офтика, и кашлицата непрекидно го душеше. Ѓурѓа му препорача кога ќе го извадат лебот од фурната, тој да легне ничкум и со топлите пешници да го обложат или да го покријат со веленце.

Од веленцето да излегува пареа. Сребре направи како што му рече Ѓурѓа, и после тоа почнал да крвави и по некоја недела умре. Неговата жена Грозда, која ја имаше земено бегалка, ја остави млада вдовица.

На Крстиница Ѓурѓа и нареди да легне наплешти и нозете да ги собере, ја разгрна кај мевот, со раката мевот и го поалка, и и рече:

Малото срце ти е. Сега ќе ти завиткам попок (* папок), ќе ти кладам грне и ќе ти помини.

Крстин со душа чекаше што ќе рече Ѓурѓа и сега како да му олесна.

- Ти тето Ѓурѓо знаеш. Само да ми стани Крстиница, а јас што е најбашно за тебе.

- Што си се исплашил толку, - му се опсука на Крстина, - жена да беше покуражлија ќе беше, а не што си маж.

По неколку минути попокот беше завиткан и грнето со пареа беше поставено на мевот и го одреди времето до кога работите да се држат така како што ги наместила таа, и ја даде последната препорака: на мевот од Крстиница без прекин да се ставаат топли полопки.

Целата ноќ Крстин на мевот од жена си ставаше топли полопки, Крстиница се виткаше од болки и го молеше Крстина на мевот да и става студени крпи, како што рече Најдо, ама Крстин остана доследен на она што го рече Ѓурѓа и по некој ден Крстиница ја даде душата, умре. Дафина, иако од мала остана сираче, целиот товар од куќата и падна нејзе, таа предвреме стана домаќинка.