Front Matter - Part 02
Во оваа војна Преспа стана гробница на стотици војници од противничките сили. Оваа војна, која на населението му донесе голема сиромаштија, по нејзиното завршување остави епидемија од шпански грип, која покоси еден дел од населението. И за времето што траеше епидемијата умираа по
2-3 души на ден од секое село. По завршувањето на оваа војна граничните премини во Преспа со Југославија се затворија, и 18 села од овој дел од Преспа се приклучија кон Грција. Каков ќе им биде нивниот живот тоа ќе го каже времето.
Со нејзината поделба Преспа доби два господари наместо дотогаш еден – Турците, а во 1924 год. и трет, Албанците.
Луѓето од Преспа кои дотогаш живееја заедно, и заедно ги ширеа родбинските врски и тоа под многу тешки услови кога Турците ги тераа сосила да примаат муслиманска религија и да станат муслимани, насила им ги одземаа имотите, тие тогаш упорно и со голем број жртви се изборија и ја зачуваа верата и нацијата, а сега сосила се обидуваат да ги погрчат. Грците штом дојдоа во М. Преспа одново по црквите го забранија пеењето на славјански и воведоа грчки, потоа по селата ги вратија своите учители, помладите мажи до 25 години ги зедоа војници поради отслужување на воениот срок и изучување на грчкиот јазик. По должина на границата со Југославија, поставија тељ со боцкалки, и дури по 1 година се одобри блиските роднини од двете страни да се видат. Тие тука идеа, се гледаа преку тељот, ронеа солзи, и не можеа да се одделат. Се враќаа назад со стиснати срца. Во училиштата за малите деца од 3 год. воведоа посебни паралелки за учење на грчки јазик. Се преземаа строги мерки за оние родители кои децата редовно не ги носеа во овие паралелки, воведоа и своја администрација.
ГРЧКО-ТУРСКА ВОЈНА 1919-1922 ГОДИНА, РАЗМЕНА НА МАЛЦИНСТВА НА ДВЕТЕ ЗАВОЈУВАНИ СТРАНИ Грчките владејачки кругови, восхитени од постигнатите успеси со придобивање на територии од Македонија, им се створија амбиции да се прошират и во М. Азија и и објавија војна на Турција. Со објавувањето на војната против Турците тие извршија општа мобилизација, каде и од М. Преспа сите мажи до 40 години отидоа војници, и ги испратија на фронтот во М.
Азија. Од нив еден голем број остана во планините на М. Азија во Турција. Голем беше и бројот на ранетите како жртви на големогрчките аспирации.
Грозен и морничав беше крајот на многу војници (од кои имаше и од М. Преспа) при повлекувањето на грчката армија од Турција, кога грчките бродови претоварени со војници и воена опрема го напуштаа турскиот брег. На брегот останатите војници, кои не стигнуваа да влезат во бродовите, турскиот аскер и башибозук ги колеа како јагниња. Колкаво беше учеството на Македонците во оваа, како подоцна и во другите војни и борби за национално ослободување, може да се види од наредните текстови.
По завршувањето на оваа војна и спогодбата помеѓу Турција и Грција за задолжителна размена на христијанското население од Турција во Грција и муслиманското од Грција во Турција, во Грција дојде еден и пол милион бегалци од кои повеќе од 600.000 се донесоа во Македонија. Тогаш владата се обиде одново присилно да исели голем број Македонци во Бугарија и Србија, да ја асиминира и М. Преспа, каде изврши притисок врз повеќе мажи, каков што беше случајот со Никола Казако, Митре Баљов, Глигор Баљов, но овојпат не успеа да исели никого, за разлика од други делови на Македонија, каде поради големиот терор имаше извесен успех. Муслиманските (албанските) фамилии кои живееа во Преспа и никогаш не помилувале да си одат, со оваа спогодба беа присилени да ја напуштат, да ги остават своите имоти и куќи и да заминат за Албанија и Турција, а на нивните имоти и куќи да се населат бегалци од Кафказ и Понт. Од овие луѓе грчката влада донесе и во М. Преспа. Бегалците кои дојдоа во М. Преспа беа населени во с. Винени, Попли, и во населбите од Герман Шаовци и од Роби Бостанџиовци, и беа изразито позаостанати од Македонците. Овие луѓе зборуваа на извитоперен грчки јазик, неразбирлив и за самите Грци.
ЗАСИЛЕНА АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ Доселениците од Кафказ, таканаречени Просфиги, грчката влада ги наоружа и ги нарече чувари од опасноста од север, и им даде неограничени права. Оружјето го носеа со себе дури и кога одеа по нивите на работа. Преспанскиот селанец не се чудеше. Тој Турците со години ги гледаше да ги носат мартините нарамо и камите во појасите. Да му се топорат на населението, да му ја земаат водата од нивите, да ги грабнуваат девојките од патиштата или од нивјето или од работата, да ги убиваат луѓето кои се обидуваа да кренат глава. Тој ова секогаш не можел да го трпи и крвта му зовривала како што е последниот случај: Во 1892 година, кога Алија се обидел во с.
Роби од улица да ја грабне Стефана Бакушова, нејзините браќа Митре и Петре го убија, сестра си си ја вратија дома и тие избегаа во Анадол. Тука со години се криеја: Митре умрел а Петре се жени со жена мештанка, и во 1924 год. ја искористи спогодбата со Грција и Турција, и со двата синови Риста и Стефа се врати во својот роден крај во Роби.
Во текот на Грчко-турската војна, како и по нејзиното завршување, животот во М. Преспа беше многу тежок, поради тоа што мажите беа земени на фронтот, а земјата немаше кој да ја обработува. По завршувањето на војната повеќето од мажите заминаа на печалба во прекуокенаските земји. По селата останаа повеќето жени и тие ги водеа домаќинствата, вршеа тешки и полски работи.
Грците дојдоа во Македонија и во М. Преспа и на сите служби поставија свои луѓе, кои ги носеа од Грција. На преспанскиот селанец никогаш не му било дадено тој да раководи. Сите завојувачи кои идеа во Македонија и Преспа го тераа само да работи, никој за тие луѓе не се грижел, и затоа тие недостатокот го надополнувале со печалбарство.
Во овој период грчката влада се уште не беше во состојба јазикот македонски да го забрани. Тој се уште се зборува дома, се пееја и македонски песни; не беа слободни единствено револуционерните песни, а повеќе од Илинденското востание.
Но ако треба да се сврши работа во државна установа, тука важи само грчкиот јазик.
Во 1926 год. со посебен закон издаден од владата, дотогашните македонски имиња и презимиња на населението, како и топонимите на селата и градовите и на планини и реки се изменија со грчки.
Некои од прекрстените имиња и презимиња Македонски Грчки Македонски Грчки Секула Стерјос Вакушов Вакицидис Стојче Јанис Бечков Вецикопулос Коте Костас Поповски Пападопулос Вељан Паскалис Петков Параскевопулос Македонските имиња на села прекрстени во грчки Македонски Грчки Македонски Грчки Герман Агиос Германос Роби Лемос Медово Милионас Стрково Плати Рудари Калитеа Попли Лефкона Оровник Кариес Бесфина Сфика Буковик Оксиј Лок Микролимни Дреново Краниес Трнаа Ангатото Граждено Врондеро Орово Пиксос Дробитишта Дасери Винени Пили Нивици Псарадес Аил Агиос Ахилеос Жители во 1913 1920 1940 год.
Аил 92 64 100 Бесфина 431 348 324 Букоик 151 131 141 Винени 207 Граждено 437 380 507 Герман 1.621 1.542 2.170 Дреново 124 115 150 Дробитишта 50 34 75 Лок 203 202 316 Медово 130 151 209 Нивици 674 589 770 Оровник 222 244 162 Орово 463 373 489 Попли 490 492 422 Роби 477 555 738 Рудари 266 337 379 Стрково 170 215 268 Трнаа 87 65 84 Вкупно 5.988 6.837 7.517 Во М. Преспа се откорен се измени. Се изменија имињата и презимињата на населението, селата, црквите и манастирите, како и планините и реките добија нови имиња – грчки. Во училиштата се учи на грчки јазик. Во црквите исто се пее на грчки. За малите деца од 3-6 години се оформија засебни паралелки во кои под посебен надзор го изучуваат грчкиот јазик. Во сите села во М. Преспа се отворија училишта и паралелки за мали деца, дури и во оние села чии број на ученици е сосема мал, со по 10 ученици, иако во селата во Грција учители немаше во села во кои имаше поголем број ученици.
На учениците од основните училишта учителите им забрануваа да зборуваат на нивниот јазик. Им забрануваат да го зборуваат и со своите родители. Во 1925 година, со обврската од договорот во СЕВР од 10 август 1920 год., во Атина посебна комисја изработи буквар со латинско писмо наменет за македонските деца од Егејскиот дел на Македонија, и истата година букварот под наслов “Абеседар” е издаден во Атина, напечатен на латинско писмо, ама истиот не се воведе во школите во кои се школуваа македонски деца.
Во основното училиште во Роби, во кое учев и јас, во годините 1924-30 година, учителите ни забранија македонскиот јазик да го зборуваме дома со родителите. Тие сметаа дека децата ако зборуват дома по грчки и родителите ќе го научат грчкиот јазик. Селото е поделено на две маала, горна и долна, ги дели големата Германска Река и јаз на стотина метри од реката. На јазот има мовче, единствен премин за долното маало и училиштето. На учениците од горното маало, границата за зборување на македонски јазик беше малото мовче на јазот. До мостот зборувавме по македонски, на враќање од училиштете, штом го преминевме мовчето, одново зборувавме на македонски. Помеѓу мовчето на јазот и мостот на реката имаше касарна, во која беше сместена војската. Еден ден, на враќање од училиште, како и секогаш и сега, штом го преминавме мовчето зборувавме македонски. Не чу еден од офицерите, не запре, не искара и не пријави на учителот. Сите што бевме во оваа група бевме претепани. Тогаш границата ја пренесовме од мостот на реката до касарната.
Во 1936 година, со прогласувањето на Метаксасовата диктатаура, беше забранет македонскиот јазик и за секој прекршок се изречуваа строги казни, населението во М. Преспа продолжува да го зборува македонскиот јазик иако за тоа се преземаат најстроги казни.
Селата Герман, Роби, Попли, Лок и Орово беа први на ударот за грцизирање, поради што во нив постојат служби за јавен ред.
Герман, административен центар од порано за Долна Преспа, и сега остана како таков за М. Преспа. Едно од најголемите села со своите 2.170 жители, покрај службата за јавен ред – зашто тука беше и началството за јавен ред за М. Преспа со погранична војска, околиски суд за М. Преспа, дирекција за шумарство и други административни служби. Поради големиот број на јавните и другите административни служби ова село беше подложено на малтретирање.
На владините службеници, кои доаѓаа од внатрешноста на Грција, им беше советувано дека во оваа област живее население чии жители не се по потекло Грци. Тие се луѓе без “култура”, кои можат да изедат и жив човек. Луѓето – повеќето од нив полуписмени и неписмени – од разни области на Грција, кои светот го видоа само во своите тесни подрачја и не знаеја дали вон своите граници постои и друг свет, кога се здобиваа со државна работа која за нив значеше многу висока функција, веруваа во се што ќе им се речеше. И такви доаѓаа да управуваат со населението на Македонија и во М. Преспа.
Во 1926-1930 год. во Окружниот суд во Герман за судија беше некој си по презиме Џилавис. Човекот во Герман дојде наоружан догуша и никогаш сам не излегуваше надвор. Со него носеше придружба од полицајци, имаше пушка и секогаш му беше спремна за пукање. Ја држеше обесена до вратата од одајата во која живееше.
БРЗ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ ВО МАЛА ПРЕСПА И ГОЛЕМ ОТПОР НА НАСЕЛЕНИЕТО ПРОТИВ АСИМИЛАЦИЈАТА Во годините 1926-1930 година во М. Преспа се забележува брз развој во изградбата на нови куќи. Големиот број луѓе кои по Грчко-турската војна заминаа на печалба во светот, сега на своите фамилии им пуштаа големи суми пари и кога се враќаа во своите села исто носеа големи суми од заштедените пари.
Месото, сирењето, гравот и пченицата беа многу барани, затоа што Грција е пасивен крај и овие продукти во голема мера им недостасуваа. Населението ова производство го зголеми и од нив добиваше високи приходи. Сето ова, како и печалбарството, условија во селата од М. Преспа да се изградат нови убави куќи и околијата секој ден го менуваше својот лик.
Во селата од М. Преспа по традиција од порано се правеа богати свадби, слави и панаѓури, кои траеја и по неколку дена.
Во Герман, на денот на Гермавден, 12 мај, бројот на свадбите достигнуваше дури до 25, а во Нивици на денот на Богородица овој број достигнуваше и до 8 свадби. На Јованден на Горица кај Роби на манастирот “Св. Јован Преспански” се одржуваше голем панаѓур, кој траеше неколку дена. Слични панаѓури се одржуваа и по другите села, зашто секое село си имаше и свој ден кој го славеше. Тука се собираше народ со стотина души од селата од М. Преспа, се свиреше, се пееше и се играше и народот се веселеше. На сите овие празнички веселби се пееја македонски песни, се свиреа македонски ора.
Оние малуто владини чиновници, кои управуваат со населението, многу бргу се прилагодуваат на обичаите од населението. Многу од нив пееја македонски песни заедно со Македонците. Бегалците не учествуваат во овие веселби. Тие своите обичаи не можат да ги зближат до македонските, ниту до грчките. Тие си имаат свои засебни обичаи и секогаш се настрана. Судијата од Герман Џилавис, по неколку години живеење со луѓето од М. Преспа, кога тој одблизу можеше да се запознае со нивната култура, и кога ги виде богатите трпези кои се редат на свадбите, славите и панаѓурите, тој ги рашири рацете и рече : “Господе, што е ова, зар од овој народ треба да се плашиш и да се браниш со пушка”? “Вака како што одат работите место ние Македонците да ги направиме Грци, самите ние станавме Македонци, затоа што со нив го зборуваме нивниот јазик, ги прифативме и нивните обичаи, и со нив ги пееме нив ните песни”, и пушката му ја даде на Стефа Четелев од Герман, кој беше ловџија и му рече: “Земи ја и опервај мечки, јас немам од кого да се бранам, овие луѓе не се за убивање”.
Луѓето што беа на печалба по светот и неколку години беа отсутни од својот крај не ја прекинаа љубовта за своите обичаи и својот народ. Напротив, тој се засили, тие беа организирани во македонски друштва каде слободно доаѓаше во израз нивната огорченост спрема завојувачите во својот роден крај.
Кога се враќаа назад нивното искуство и сознание за отпор против новите жандарми и поедини владини чиновници и управители, како и од бегалците, го пренесуваа на месното население.
Во парламентарните избори во 1926 год. во изборното место за М. Преспа во Герман доби комунистичкиот пратеник Кирјакопулос, Влав од с. Псодери, Лерин. Десетина млади деца од селата се школуваат во средни школи во Лерин и во други места. Тие се прогресивни, со силна желба да дознаат што повеќе за својот народ и во тој правец што повеќе и се активираат. Меѓу нив е и мојот брат Ванчо Мундушев, тогашен ученик во учителска школа во Лерин; честопати беше затворан по затворите како комунист и по завршувањето на учителската школа не можеше да добие работа како учител, па беше приморан да работи на земјоделие. Исти беше случајот со Кире Грежлов од Герман, кој заврши земјоделско училиште и тој беше малтретиран. Ванчо умре во 1937 год., за време на Метаксасовата диктатура.
Во 1930 год. во Герман се изгради големо училиште во кое се предвидуваше еден дел да биде средно училиште (гимназија).
Владините управители во Лерин од искуството од оние македонски младинци што сега се школуваат, сметаа дека ќе биде погрешно да се дозволи да има такво средно училиште во М. Преспа, иако за тоа ги имаше сите останати услови, и училиштето остана и понатаму основно.
ВО ГРЦИЈА СЕ ПРОГЛАСУВА ДИКТАТУРА На 4 август 1936 год. во Грција ја прогласи диктатурата Јоанис Метаксас, човек со фашистичко воспитание. Со неговото доаѓање на власт состојбата на Македонците се влоши уште повеќе. Новата влада на Метаксас во Лерин и во М. Преспа на поедини раководни места донесе свои луѓе, кои жестоко ги малтретираа и ги прогонуваа оние со изразито македонско чувство и не им се покоруваа на властите. Не беа ретки случаите на Македонците по затворите да им даваат да пијат масло од рицинус од кое се добива силен пролив; им се даваше солена риба ренга (харинга), од што се добиваше голема жед за вода.
Во 1937 година владата со закон го забрани македонскиот јазик.
Во месец октомври истата година Јоанис Цаксирас, претседател на округот Лерин и Костур, доверливо лице на тогашната влада и лично на премиерот Јоанис Метаксас, човекот што ги вложи сите усилби и ги употреби сите методи за мачење за да го асимилира македонското население, познат по своите злодела, издаде наредба за задолжително изучување на грчкиот јазик. Во училиштата во М. Преспа се отпочна со вечерна настава, на која беа должни сите мажи и жени од 25 год. нагоре да ја посетуваат наставата. Како изгледаше целата оваа положба не е во можност во целост да се прикаже, ама ќе се потрудам на изнесам некој детали.
Секоја вечер по завршувањето со редовната настава со учениците биеше малото камбанче. Мажите и жените со тетратки под мишка одеа на училиште. Жените-мајки дома оставаа по 2-3 мали деца од кои и некои цицалчиња. Малите деца од 2-3 години кои мајките целиот ден ги чекаа да им се вратат од полската работа и да им се фрлат во прегратките, тие мајки набрзина се спремаа и одеа на училиште, и децата ги оставаа да плачат по нив. Понекогаш мајките налутени ги тепаа децата, честопати деца со плачење трчаа дури во двориштето од училиштето и тука жандармите со пендреци ги застрашуваа и ги истеруваа да си одат во куќите, пцуејќи по нив дури и во мајките. Зимата по снегот и мразот на старите жени некој требаше да им помогне за да дојдат во училиште. Имаше случаи на стари жени да паднат по лизгавицата од мразот, да скршеле нога или рака. Учителите беа задолжени да водат евиденција на присутни и секој ден до жандармериската станица да доставуваат извештај за отсутните за кои се преземаа казнени парични мерки. Владините луѓе со населението постапуваа многу ниско, заради тоа што грцизирањето беше доверено на ниски лица. Нека послужи за пример овој случај во училиштето во Роби:
Една вечер на наставата учителот ја праша Василица Јанкулова, стара на 60 год., која дотогаш не знаела да научи нити збор грчки. Учителот ја праша? Пос се лене (Како се викаш). Жената од тоа што ја праша учителот не разбра а се потруди да го изгорвори истото и рече: посолена. Наеднаш во училницата настана смеа. Младите жени се раскикотија. Во училницата настана неред, учителот се разлути, првин тој се развика на жените што се кикотеа, а после и на Василица што изговори така. Василица се најде увредена од учителот и од жените што се кикотеа и со лутина им рече: - Смејте се, кобили едни, наместо да плачете што ни го сечат јазикот. – На учителот му рече: - Синко, јас си имам еден јазик и тој доста ми ет, друг не ми треба. Среќни сме што Турците не правеа како вас. Сите ќе бевме Турци, и ние и вие. – Жените ги наведнаа главите, учителот поцрвена и ја продолжи настазата.
Притисокот на грцизирање стануваше се поголем и поголем, тој се прошири по куќите, по нивите, по патиштата. Жандармите секоја вечер клечеа под прозорците на куќите и во фамилиите наслушнуваа дали зборуваат по грчки или по македонски. Со часови седеа зад ѕидовите и грмушките и чекаа да помине некој да го чујат да зборува македонски и да го одведат во жандармеријата да ја плати паричната казна и да го запишат во “црниот тефтер”. Овие случаи не се набројуваат, ќе приведам само некој:
Борис Демиров со мајка му во својата куќа зборуваа македонски, жандармот беше заткриен под прозорецот и ги чу, влезе во куќата, го забра Бориса, го одведе во Герман за да ја плати паричната казна и да го запишат во црниот тефтер.
Стојан Мундушев по 14 год. печалба се врати од Австралија. На есента 1939 год. заедно со некои селани одеше за дрва во Нивичката Планина. Го преминаа мостот од Перово-Кула, се искачуваа по угорнината по ридот и наглас зборуваа по македонски. Стојан им објаснуваше за животот во Австралија.
Од грмушките искочија како плашила двајца наоружани жандарми и сосе коњи и магариња и луѓето ги одведоа во жандармеријата во Герман, пат долг 8 км. Тогаш Стојан на жандармерискиот началник му рече: “Во некои списанија во светот се јавија слики на Македонец и Македонка со извадени јазици, а Грк со ножици да им ги сече јазиците”. Тој им рече и тоа, дека три години служел грчки војник, бил на фронтот во Мала Азија и Турција; ја запрегна пачајцата од ногата и му ја покажа лузната од раната од овој фронт. Началникот беше многу прост за да го разбере Стојана. Тој луѓето ги казни.
Спиро Бакушов ја ораше нивата и на воловите им псуеше по македонски. Жандармот беше скриен зад ѕидот и го чу Спира.
Го забра сосе воливи, и него и воловите ги однесе во Герман за да плати казна.
Таквите и уште полоши примери во Роби и во сите села од Мала Преспа секој ден и секој час можеа да се видат. Какви жалосни слики можеа да се видат кога здуените жандарми тераа пред нив Македонци со наведнати глави, а тие со пендреците во рацете како пред нив да тераа говеда, а не луѓе. Уште пожалосни беа сликите кога жандарми влегуваа по свадбите поради тоа што некој од постарите развеселени запеале македонска песна, нив ги земаа од свадбите и ја растураа свадбата.
На оптужените за зборување на македонски јазик началниците од жандармериските станици од Герман, Орово, Попли и Лок им се топореа и им се натресуваа, маваа и викаа по нив: Ако не го знаете грчкиот божји јазик, во устите ставете си гомно и не го зборувајте оној никаков анатемисан, со кој го труете чистиот грчки воздух. Поради зборување на македонски јазик, луѓето беа затворани по затвори, биени и мачени, како и плаќање на парични казни. Не беа ретки случаите сосила да им се дава рициново масло и солена харинга, кои биле присилувани да ги примаат, во присуство на жандармите. Од маслото се предизвикувало болки во желудникот, потоа пролив, од харингата голема жед за вода.
Во престолнината на Грција Атина, во ходниците од разните министерства, високите и други службеници, како и функционери се поздравуваа на турски, шиптарски и влашки, само не на македонски.
Со доаѓањето на власт на Јоанис Метаксас воспитувањето на грчката младина беше по примерот на Хитлерова Германија и на Мусолиниева Италија. Во фашистичката младинска организација ЕОН сите машки деца од 16-25 год. бевме присилено зачленети и секој член носевме тегет униформа со бела вратоврска, бел ремен и бели клашни. Униформите ги чувавме секој подома. Секоја недела младинците облечени во униформа и построени одевме во црква. По завршувањето на обредот се правеа маршеви на средселото и по улиците од селата, се пееше песната (Зошто се радува народот). Честопати младинци облечени во униформа и построени правеа посета на другите села. Така се правеше размена на посетата. Во поголемите села се отворија младински клубови, се набавија и радиоприемници, кои во ова време претставуваа реткост, таков клуб имаше и во Роби. Воспитувањето на еонитите во клубот во Роби му беше доверен на царинарскиот службеник Георгиос Коловос. Тој беше многу агилен и секоја вечер младиците не береше во клубот, ни раскажуваше за “убавините” на Грција и многуте лозови насади, за маслинките и смоквите и риболовот, не учеше стари грчки песни.
Во 1938 год. М. Преспа ја посети тогашниот претседател за округот Лерин и Костур, Јоанис Цаксирас. Човекот што ги вложи сите усилби за асимилирање на македонското население, доведе во селата свои луѓе за да го мачат населението.
Јоанис Цаксирас дојде во М. Преспа за да види и да се увери на лице место, како неговите наредби се спроведуват и нареди сите мажи од селата да се соберат во Роби. На средселото во Роби се собра многу народ. Цаксирас се појави на балконот од куќата над средселото и одржа говор. Меѓу другото тој рече: - М. Преспа има голем отпор спрема нашите наредби за изучување на грчкиот јазик. Луѓето не сакаат да зборуваат грчки, а тоа се гледа од големиот број на прекршители кои органите за безбедност ги гонат и ги казнуваат. – Цаксирас изналутен продолжи и рече: - Доколку не се поправите ние имаме план и по тој план ќе пристапиме. Сите мажи и жени од 18 год. нагоре ќе ве иселиме оттука и тука ќе донесиме други луѓе. – И потенцира: - Поправете се оти сме решени планот да го спроведиме. - И со раката покажа кон островот Аил и со лутина рече: - Кога не ќе го гледате оној анатемисан остров, ќе го зборувате грчкиот јазик. Тука ќе ги оставам само малолетните со кои не ќе има проблеми. Луѓето го слушаа говорот на претседателот и по нивните снаги течеше студена пот. Цаксирас можеше да го стори тоа, тој беше власт и со една негова наредба луѓето ќе се иселеа, како што тоа подоцна, во 1949 год., го стори секретарот на КПГ Никос Захаријадис.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/2 on October 29, 2026