Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Prespa in Flames and Smoke

МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО - Part 04

By Коста Мундушев · Part 14 of 17 · About 24 minutes

Read in English

Грозда најде погодно време, се облече во новата облека, на главата ја подврза и ја подискриви шамијата, неколку пати се опули во огледалото, пак се намести и му отиде кај Крстина.

Крстин беше сам дома и кога ја виде Грозда ќевердисана и подмладена и сама да му дојде кога тој не мислел на неа, нему жилите му се потсекоа и целиот избунет му рече:

- Ела си, мори Гроздо, ела си, и и даде столче да седне.

- Те видов, Крстине, сам и дојдов, зазборува Грозда. Зар не сакаш да ти гредам?

- Како да не сум сакал, пустењето. Први пат ми гредиш и да не сум те сакал. Кој не те сака тебе, па и јас да не те сакам?

Лицето на Грозда беше румено и сега уште повеќе се зарумени.

Таа стана од столчето, се доближа до Крстина и му рече:

- Крстине, навистина си многу вреден, сите те фалат, па и мене и го загреја срцето. Во црквата појќе за тебе гредам да ти го штукам гласот, кога пееш.

- Толку убав глас имам, мори Гроздо?

- Мене многу убав ми се пули. Во последно време, само на тебе мислам, се нешто во главата ми се врти и секоја вечер на сон те пуљам: и како да сме биле млади и заедно сме оделе. И се доближа до него. Му ја фрли раката преку рамо на Крстина, а нему му поминаа морници. Грозда му рече:

- Кога останав вдовица си реков: Крстина ќе го земам за маж и никој друг.

- Што не си рекла досега, мори Гроздо? И ја тргна до него и заборави на Петра. Крстин ја заборави, и венчанијата ја изгази, и од тој ден честопати и одеше дома на Грозда.

Крстин кај Грозда остана за вечера и за спиење. Таа му спреми убава вечера и низ разговор му рече:

- Чупата ти се стори за мажење, зашто не му ја дајш на попот за Спира? Попска куќа, само литургии ќе јади и дома ќе седи. – Ако не му ја даваш на попот, тогаш дај му ја на Огнена за Ѓорѓија . Огнен богат пребогат, парите не си ги знае колку ги има. Чупата ќе ти живее рает, ќе ти ги миросва коските.

Крстин на Грозда нејќел да и го расипе атерот кога по толку години од умирачката на Петра ги врвел жални и со големи маки. Ама Крстин знае дека Дафина негова се сака со Никола на својот најверен пријател Најда, и многупати намислил да му речи за девојката и не му рекол. Крстин се помислил малку и и одвратил:

- Од мене не ет расипано. Попот си је домаќин, попаѓата си је домаќинка, што се вели попска куќа. И Огнен си јет домаќин, Огненица такуѓере. Огнен богат пребогат, парите не си ги знае колку ги има. Јас не сум сакал ќерка ми да влези во куќа иманлија (* Богата.), богата? Кој татко не сака чедото своје да си го намести? Ама се бидува со севда. Ти знаеш кога мене ме зеде Петра, татко и не ја даваше. Ама Петра побегна по мене и ме зеде. Од мене не ет расипано, ама тука го има зборот само Дафина.

Дафина се враќаше од чешма. Грозда ја чекаше пред портата и ја подвикна да влезе во дворот. Дафина влезе во дворот на Грозда. Грозда прво и помогна Дафина од рамењата да ги слезе буклињата, после љубезно се поздрави со неа, ја праша за невестата и и рече:

- Чупо, сега тебе ти јет редот. И, како што си убава, пули да влезиш во некоја иманлија куќа. Да не се праеш будала да одиш во сиромашна, секој ден да одиш в поле, сонцето да те горит и од устата да ти излегват корички. Дафина веднаш и одврати:

- Шчо ќе јет касмет стрино.

- Не, не стринина, касметот треба да си го бараш. Тој не греј самиот.

- Кој да ми го побара, мори стрино, касметот мене, мајка ми шчо јет под плоча? На кого му јет жал за мене да ми бара касмет. – И од очите и гргнаа солзи.

- Убава на стрина, немој да ми плачиш, срцето ми го киниш. И јас како тебе растев сираче и знам како ет. За тебе, чупа на стрина, - и ја погали по главата, - од куќата на Огнена бакалџијата и куќата на попот нема поарни и поиманлии. Огнен парите не си ги знае, а Огненица убава преубава, и таа како тебе. И попот иманлија преиманлија, и попаѓата ет убава.

Ѓорѓија и Спиро се троа заив, ама ко ќе си дојдат во годините да видиш ко капедани ќе се сторат. Ти пули сега од овие две места едно да си одбериш, оти местата да не ти ги фати некоја друга, па да се праеш пишман за целиот живот.

- Е, мори стрино, никоја страчка не остнала без опашка и јас да останам без момче. Ако не се најди поарно, ќе се најди полошо.

- Не, не стринина, со златници пупани ќе ми играш, а не како сега, да немаш еден грош во џепот.

По неколку дена Грозда успеа Дафина да ја прекаили и скришум да ја одведе кај Огненица. Огненица ги рашири рацете и ја прими.

- Златна, и рече, јас ќе ти бидам мајка, и и ги покажа шарените одаи со мусандри и послани со ќилими. – Се што пулиш за тебе ет, и рече. Си поприкажуваа малу и на испраќање во раката и кладе неколку златници.

Грозда Дафина ја одведе и кај попаѓата. Попаѓата уште пољубезно ја прими од Огненица. Таа и рече дека Спиро ќе стани поп и Дафина ќе биде попаѓа, како неа, сите жени ќе ја честеле, и на трпезите ќе седнувала начело. На испраќање и таа, како Огненица, и кладе неколку златници врака.

Грозда ги посоветува и попаѓата и Огненица, Крстина со младоженците да го поканат на вечера. Огненица прва го покани. И на другата вечер Крстин со младите беше нагости кај Огнена. Огненица на трпезата имаше поставено се нешто, од убаво најубаво, милите гости ги изнагости, а на Огнена му рече:

- Такви гости ми се носат, а не ми ги носиш сејмените.

За целото време таа го фалеше Ѓорѓија дека ги знае сите есапи, дека знае и во тефтерот од татко му да пиши.

По неколку дена Крстин со младите за вечера беше и кај попот.

Со попот тие направија еден кијамет-муабет, од кој повеќе муабетот беше за црквените работи, оти и двајцата пееја во црквата. Софрата на попаѓата не беше подолна од софрата на Огненица Попаѓата го исфали Спира и уште малу фалеше да го натера да испее некој псалм.

По гозбите Грозда отиде кај Огненица и ја посоветува самата таа со Огнена да одат кај Крстина и да му ја побараат девојката, Крстин ќе им ја даде. Зборот ќе го дадат и капарот ќе го дадат и за оваа веридба, никој друг да не знае. Оти, ако пуштат стројник и ако одат по редот, целото село ќе ги разбери, ќе разбере и Најдојца и работата можела да се расипе. Грозда отиде и кај попаѓата и исто и неа ја посоветува.

Во мракот Огнен со Огненица отидоа кај Крстина. Огнен за капар со него носеше голема пара – пендолира, и кога ќе за фрли на софрата да блесне и на Крстина да му се земи сеста.

Огнен влезе кај Крстина. Дафина ги пречека, ги смести во одајата и им баци рака. Рака му бација и невестата и Петре.

Крстин дојде и со Огнена разврзаа муабет. Крстин расправаше како со Најда заедно биле на бичкија во Мора (* Пелопонез – Грција.), како бичеле тополи и кога немало работа за бичење, тие оделе и по други работи, копале и на лозјата. Огнен расправаше за сејмените, како на бегот му крадат жито и го носат на дуќанот на Огнена за да пијат ракија. Огнен се стокми на Крстина да му кажи зошто се дојдени и колку ја отвори устата, и рече:

- Крстине, знај дека со Огненица ...

И во дворот песот загрме и Крстин веднаш стана, излезе во дворот и се врати со попот и попаѓата.

Огненица ги виде луѓето и се попари. Попот се поздрави со Огнена, се поздрави и со Огненица. Огнен му го препушти местото и попот седна на челото од софрата. Од кога се поздрави и Крстина, Дафина и младите, Крстин седна и разговорот се префрли кај попот и Крстина. Тие имаа што да зборуваат, нив ги сврзуваше црквата. Огнен, како да ги познаваше нивните работи, го одобруваше разговорот.

Огненица и попаѓата разговорот го отпочнаа за своите синови, и како да ги имаа ставено на натпревар, која кого повеќе да го пофали. И едните и другите заедно станаа да си одат, оти работата ќе станеше сомнителна. На одење попот рече:

- Ете, така ет убаво да си се бериме, да си прикажуваме и да се сакаме.

Двете жени попаѓата и Огненица беа како изгорени.

Дафина се оттргна од Никола и го одбегнуваше. Никола беше потресен од напуштањето на неговата сакана, со која за скоро ќе стапеа во брак. Гроздината тајна не можеше да се сокрие и таа излезе на мегдан. Сега сета работа ја видоа Стојанка и Менка, тие на чешмата ги носеа сите вести собрани преку дента, и од чешмата вестите ги ширеја низ селото. Златејца и Нелкојца се караа со своите ќерки да не направат и тие како Дафина, оти главите на прагот ќе им ги пресечат.

- Не сме важни није, велеа девојките. Важните така прават.

Попот отиде во дуќанот кај Огнена, и Огнен му рече:

- Попче, почна да ми се мешаш во моите работи. Се мешаш таму каде не ти јет работа. Си ја барал чупата на Крстина, а знаеш дека јас ќе станам сват со Крстина. – И со раката и прстот му запрети. – Немој појќе да ми прајш такви збрки.

Владиката каде да јет ќе дојди всело, та да не ти ја избричам брадата. Си почнал пари со фајде да му даваш на луѓето. Попот си ја зеде патерицата, ја наведна главата и излезе од дуќанот.

На крлешката па Ѓурѓовден беа собрани сите чупи од селото, меѓу нив Дафина, Стојанка и Менка. На ортомата фрлена на големата ветка од оревот на крлешката се качи Дафина и една чупа ја закрла. Девојките ја запеаја песната:

Ѓурѓе, Ѓурѓе ле, чија е оваа на крлашка, таткино ем мајкино, ќе го фрлам во дворови, во дворови на Огнена, ќе го фрлам во скутови, во скутови на Ѓорѓија.

Дафина се опули лево-десно и опулот и се судри со очите на Никола, и веднаш и се стори како на неа да падна целото небо и да ја поплати. Таа побара да слезе оти умот и се врти и слезе од крлешката. Никола беше дотеран и најубав од сите ергени што беа дојдени на крлешка. А Ѓорѓија и Спиро крај него изгледаа како покиснати мачиња. Девојките селски се вртеа околу Никола.

Дафина слезе од крлешката и застана настрана сама. Таа ги гледаше девојките како зборуваат со Никола, а Ѓорѓија и Спиро спрема Никола и се гледаа грди и одвратни. Таа си рече: Што сторив јас, си го оставив Никола да ми литни од раците, сите во мене се пулат и за мене зборат: Ене ја онаа важната, току години се сакаше со Никола, сега друг ќе земи. Господи, што ти сторив, прости ми. На кого да му кажам, кој ќе ми помогни. Ах, златна мајчице, каде ми си. Зошто денес дојдов тука, за да се понижам пред овие што око не свртував на нив, и да им го сторам ќефот на Стојанка и Менка. Мајчице мила, зошто луѓето измислија крлешки? Каде да одам да се скријам, никој да не ме гледа. Ме измамија, ме измами Грозда, таја ми го заврти умот.

Дафина пак погледа во Никола, и при секое погледнување тој и стануваше поубав и поубав, и сега таа уште повеќе го засака од порано. – Како не дојди до мене, си рече. Ќе му речам: сега те сакам повеќе од секогаш.

Срцето на Никола беше рането. Дафина гледаше во него и со нејзиниот поглед од него бараше да и прости. Не ти е искрен опулот, не си ти достојна мене да ме земиш; јас те сакав- ти ме измами. Очите на Дафина не се оттргнува од Никола. Никола ја гледаше убава, најубава од сите девојки, ја гледаше нажалена и невесела, и нему му се нажали и тој попушти. Ја измамија за богатството, ја имзамија. Ако ми се врати ќе ја земам и се ќе и простам.

Бегот од селото беше млад, на триесетина години. Татко му умрел и го оставил мало дете кое тука пораснало во селото.

Неговиот дедо многу ги измачил христијаните, тој со сила им ги зел нивјето, ги натерал да му бидат чифлигари и да работат за него. На Дафина бегот фрлил око уште кога таа била мала.

Си рекол: Сега ет уште мала, кога ќе порасне бегот ќе ја земи за жена. Бегот разбрал дека. Огнен, неговиот пријател, се токмел Дафина да ја земи за снаа, за сина му Ѓорѓија, разбрал и за попот. И нему време за чекање не му останало. Тој барал чаре да ја грабне Дафина и на своите сејмени им наредил да ја вардат.

Со пиштолите во појасите, двајцата сејмени, Беќир и Осман, со денови вардеа и еден ден на својот господар му дадоа абер.

Бегот веднаш се качил на коњот, по него и сејмените и ги потераја коњите да ја стигнат Дафина, која со зелникот во тепсијата на глава тргнала да им однесе ручок на аргатите на нива.

Кај тесниот пат со капини, сливи, врби и скреби на крстопатот кај Виришта, каде се мешаат пет патишта, од кој три одат за селото и два за полето, пред да стигне тука Дафина ги виде Арнаутите и веднаш предосети дека тие така бесни трчаат по неа и си рече: Леле, што да правам. Ќе ме грабнат. Господи, помогни ми да куртулам од ова лошо. Пред неа се појави мајка и и рече: Брзо влегувај во трапчето. Дафина влезе во малото трапче, покриено со грмушки од сливи, врби, капини и скреби се пикна во грмушките и тука се засолна.

Тројцата Арнаути со коњите излегоа на ширинката од крстопатот и тамам сметаја дека тука Дафина ќе ја стигнат неа ја немаше. Ги затегнале уздите од коњите кои се завртеа неколку пати, проговорија неколку арнаутски зборови ги удрија коњите по патот за полето, дојдоа до нивата на Крстина, Дафина ја немаше на нивата. Се вратија назад. Бегот се раскара со сејмените дека го измамија и се вратија пак во конакот.

Дафина поседа малку во грмушките и откога се се смири излезе од трапчето и низ нивјето со големо внимание отиде на нивата кај татка си, целата испребледена и исплашена од страв.

Преоблечена во машки алишта Петре ја донесе дома.

Бегот беше млад и неискусен, а сејмените пијаници. И кога денес на својот господар тие требаше да му свршат најважната работа, беа пијани. Бегот ја пропушти Дафина да му избега од рацете кога тој беше најсигурен дека ќе ја има во својот конак.

Тој се затвори во конакот и од него не излегувал. Никого не примал кај него и со никого не правел муабет. Само мислел и правел планови како да ја грабни Дафина, а сејмените пак ги ставил да ја вардат.

Случајот со Дафина и со Арнаутите Петре му го раскажал на Никола, и двајцата се заколнале на бегот да му платат. Се опремија со огнено оружје и оружјето го носеа со нив. Го чекаа бегот на пусија за да се пресметаат со него.

Дафина дома поседа неколку недели, скриена и пак почна да оди по полето на работа, ама сега секогаш беше со невестата и Петре. Попаѓата и Огненица на Грозда и ветија големи рушвети Грозда Дафина да ја побегна кај нив. Грозда се обиде тоа да го стори, а Дафина и рече: - Стрино, подобро ќе ти беше, кога ти умре стрико Сребре, да си се омажеше и да си прибереше фамилија, своја фамилија, а не да ги бркаш овије работи и да растураш чужди фамилии.

Дафина се мачеше и се размислуваше да побегне по Никола, ама на кого тоа да му го каже. Дали Никола ќе ја прими?

Дафина се мачеше и се топеше од мерак. Никола разбра за случајот со бегот, и тој се реши Дафина да ја земе бегалка и да ја откине од ноктите на овој страстен завојувач, оти бегот ако не ја грабнел Дафина сега, тој ќе ја грабне друг пат. И Никола како и Дафина беа во голема мака и во неизвесност.

Дафина се сретна со Никола и му рече:

- Не сум јас крива, немав мајка да ме поучи. Ме зеде на душа, Грозда. Му падна во прегратките и се договорија наредната вечер да бега по него.

На другиот ден Крстин со Петрета, невестата и Дафина го прашеа лозјето. Најдо со Најдојца и Никола, во близина на нив и тие прашеа лозје. Петре со двете млади жени прашеа и потпевнуваа, Крстин настрана од нив ги лачеше неплодните ластари. Дафина запре со пеењето и на невестата и рече:

- Многу лошо соне пулев ноќеска. Го пулев бегот со сејмените качени на коњите и ме бркаја крз лозјата, а јас коку да можам да бегам и тије, а да ме втасаат и пред мене топола. Висока топола, и јас се искачив на тополата. Арнаутите со секири почнаја да ја сечат тополата. Јас на врвот на тополата да се тресам како пиле.

Тополата се навали и се запре на друга топола до неја. Шчо ти кажвам, ми се треси снагата како прат.

- Сонето не ти е добро, одговори невестата, нешто ќе ти се случи. И од капината низ преминот од лозјето, качен на коњот влезе бегот, а по него и сејмените, и тие качени на коњите, излегоа пред нив.

Тројцата Арнаути ги поттргнаа уздите од коњите, коњите се завртија и ги искршија ластарите од копачките. Бегот слезе од коњот и, без да се поздрави со домаќинот, се доближа до Дафина, се обиде да ја фати за рака. Дафина му ја отфрли раката, а тој пак се обиде да ја фати и и рече: - Во Виришта ми се скри, ама сега ќе одиш со мене. Бегот ќе те носи на конак, ќе те клај да седиш во баш шарена одаја, и слугинки да ти служат а не да одиш на оној смргулка на Огнен.

Дафина пак го турна и му рече: - Бегај оттука, јас Арнаутин не земам, и верата и нацијата не си менвам.

На Петрета косата му стана и тој повеќе не чекаше. Крвта му зовре и од пазувата го изваде пиштолот и како ѕвер се нафрли на бегот. Му ја тргна раката од сестра му и му рече: - Сестра ми Арнаутин нема да земи. Сега ја опервам и жива не ти ја давам.

И пиштолот го поднамести во раката. Во тој пресуден момент еден од сејмените исплашен Петре да не пука на бегот, пукна на Петрета и Петре се струполи на земја, тешко ранет во градите.

Двете жени списнаа.

Никола ги виде Арнаутите кои дојдоа во лозјето на Крстина и го спреми пиштолот за пукање. Кога го чу пукањето од Аранутите и писокот на жените, тој веднаш се најде пред нив и без да чека и да се расправа со ним, се нафрли на сејменот што пукаше. Го кутна наземи, го разоружа и почна да го мава. Најдо и Крстин се нафрлија на бегот. Жените го заобиколија другиот сејмен и со мотиките почнаја да маваат по него. Веднаш настана голема мешаница, Аранаути и Каури се фатија за гуша и се борат на живот и смрт. Петре оптегнат колку долг толку широк, лежи на земја и не може да им помогне.

Од лозјата од повеќе страни пристигнаа и други селани. Дојде Секула со Секулица, Неделко со Неделкојца, Злате со Златејца.

Секула го фати бегот, му го зеде пиштолот, го фрли настрана и бегот го стресе за рамена. Настана голема мешаница, Арнаутите се исплашија, се качија на коњите и побегнаа за в село.

Селаните свикаа по нив.

Бегот се затвори во конакот, се затворија и другите Арнаути по своите куќи. Секула и Никола Петрета го однесоа на носило, помагаа и другите мажи. Пред да стигнат во селото напомош идеа и другите селани. Со секири и вили сите отидоа кај бегот и го заобиколија конакот. Почнаа да викаат и да го предизвикуваат бегот.

Никола Дафина не ја остави да оди кај Крстина, си ја зеде со него. Најдојца невестата си ја пречека, си ја баци во челото и со Најда и младите отидоа кај Петрета да го видат.

Бегот и неколкуте Арнаути од селото многу се исплашија, се затворија во куќите и не излегуваа од нив, и покрај тоа што во селото дојдоа и заптии.

По неколку дена Секула со неколку селани отидоа кај бегот и му рекоа: - Дојдовме од името на селаните да ти кажиме: На селото му направи голем срам. Да си бараш чаре, оти селаните крвта од Петрета во лозјето ќе си ја земат. Не ет сега времето кога твојот дедо насила ги земал нивјето, ги одбервал најубавите девојки за својот харем и ги клавал луѓето да му работат на чифлигот. Сега по планините има кумити.

Бегот се исплаши и по неколку месеци го напушти селото и назад пак не се врати.

ДИНКА Во широкиот двор на Дојчина Џеповски, до авлијата, Динка седеше на малото столче и ја везеше невестинската кошула.

Лицето беше го завиткала со бел тулбен, со жолти гизви на крајниците. Лицето Динка го чуваше од сонцето, оти секоја година од пролетното сонце и се правеа на лицето прејки.

Невестинската кошула Динка ја везеше цела година, мајка и и викаше оти уште не ја извезала, и Динка се спреми до авлијата да вези.

Со голема стрпливост го дупеше платното и ги префрлуваше конците во бои, од кои одден наден убавата шара се правеше поголема и поубава. Динка ја везеше кошулата и одвреме навреме тивко запеваше и пак престануваше со песната.

Мислите и одеа на Мартина и ќе го донесеше пред неа. Со Мартина тие цели три години се љубеа и сега последниот збор чекаа да го даде нејзиниот татко и тие да се свршат. Штом се свршат Мартин и дома ќе дојде. Тие тогаш заедно ќе одат и на ливада, и ќе соберат киселец. Заедно ќе соберат и китка од разнобојни цветови, тие и во орото заедно ќе се фатат. Ја подисправи главата и запре со везењето. Татко ми не ме дава, а јас го сакам. И колку татко и беше поупорен кај Динка, љубовта спрема Мартина стануваше поголема. Во нејзината фамилија постапките беа многу строги, и последниот збор за нејзината судбина требаше да го даде нејзиниот татко Дојчин.

Динка со Мартина се љубеа и нивната љубов беше само да се видат оддалеку и она што сакаа да си пренесат врските помеѓу нив ги одржуваше нејзината пријателка Грозда. Мартин беше од сирамашна фамилија и Дојчин не сакаше да ја даде за него.

Тој, Дојчин, чорбаџија во селото, а ќерка му да ја мажи во толку сиромашна фамилија. Дојчиница му рече дека од кај Мартина спремаат стројник да ја бараат Динка. А и младите се љубат.

Тогаш Дојчин се разлути и ќе искршеше и суво и сурово и уште малку што не ја удри Дојчиница.

- Тоа не можи. Јас таму сват не одам. Тие мене не можат да ме пречекаат. Јас имам мој еснаф, чорбаџиски еснаф, и таму не ја давам чупата. Остави ти тоа, тие што се сакаат. Јас што ќе речам, а не Динка што сака.

- Ама ти не мислиш дака таа можи да побегни по него и да ни клајш срам?

- Нека бега по тој ќелеш и нека оди аргатка по чуждите нивје.

Гроздана, пријателката на Динка, честопати ја советуваше и и велеше:

- Ако си за бегање, бегај и немој да чекаш, оти татко ти ќе те врши за друг. Ене ја Ѓувеза, ќе бегам, не ќе бегам, татко и ја сврши за Секула и сега пишман ет ко кучка што не побегна.

Динка ја везеше кошулата, потпеваше, ги размислуваше сите овие работи и не можеше да се одлучи за бегање. Крцкањето од големата врата од дворот и прекина мислите. Ја крена главата за да види кој ја отвори вратата и веднаш стана и со брзина кошулата стуткана ја кладе на столчето.Се растрча кај гостите и рече:

- Чу, ти си Димитрија! Како е Доља? Го праша, му ја зеде уздата од коњот, се поздрави и со неговиот сопатник Митрета и нему му ја зеде уздата од неговиот коњ и коњите ги одведе под тремот. Ги извади уздите од нив и им фрли сено да јадат.

Двајцата гости, Димитрија и Митре, ги оставија коњите на Динка, се искачија по скалата со басамаци од камења и влегоа во куќата. Се поздравија со Дојчина и со Дојчиница и во одајата се вкрстија на килимот на рогозината.

Гостите се вкрстија на килимот и Дојчин го праша Димитрија како се Доља и децата. Се сврте кај Митрета и него го праша како му е фамилијата и стариот Петре, старешина на фамилија од четириесетина души. Дојчиница и Динка ја донесоа софрата и на неа поставија ракија и ја наполнија со мисури (* Вагани, дрвени паници.), со сирење и други мезиња. Дојчин го продолжи разговорот, гостите ги праша како напредува бериќетот, за лозјата, за овците како се со млеко и за риболовот.

Тој праша и за Арнаутите дали прават зулуми, или се заплашија од појавата на комитите.

– Не се како порано, одврати Митре, ама Арнаутин си е Арнаутин; колку да се прави волкот јагне, тоа не бидува.

Одвреме навреме пак ќе направат некоја беља.

На гостите им се постави ручок и за време ручокот, тие го накреваа грнето со вино и наздравуваа, да се роди богат род на пченица и грозје, овците да имаат многу млеко, и езерата да имаат богат лов на риба, како и на комитите господ да им помогне и да им даде сила и да се ослободиме од вековното ропство.

Гостите и домаќинот ручаа и Динка со мајка и ја кренаа софрата. Динка замети и од килимот ги исчисти трошките.

Донесе кршени ореви и грнето пак го наполни со вино.

Димитрија се поднамести малку и рече:

- Дојчине, дојдовме да дајме збор за Динка. Ќе ја земиме во Роби во фамилијата на Петрета.

Дојчин се подзамисли малу и рече:

- Аирлија нека е, за кај Петрета не правам збор, дадена му е.

Митре од џамаданот изваде една лира, Дојчин на килимот ја спростре шарената шамија и Митре капарот го фрли во шамијата. Дојчин капарот го зеде и рече:

- Аирлија да ет! Го стави во мушаменото и со гајтан префрлено преку гушата ќесе, ќесето го пикна во џамаданот. Стана простум, простум станаа и гостите, ги подадоа и ги стиснаа рацете, се избација и рекоа: Аирлија да ет, да се ќердосаат, и пак седнаа и ги скрстија нозете. Со ред го накренаа грнето со вино и секој блосоеше. Се договорија, “зборвање” да прават и да не пуштаат дарови. Не сакал Петре да се пуштаат дарови оти со даровите требало да дојдат млади невести и чупи, патот далечен, многу села во кои имало и Арнаути и Турци: ќе му текне на некој будала да му се закани на младите и да ги срами.

Петре рекол на сватот да му се дадат 10 лири за невестата, а Дојчин одврати:

Не, многу е тоа, само пет, ќерка ми за пари не ја продавам, ама адетот и редот ќе го задржиме. И разговорот за момент се прекина.

Дојчин, човек со ќурдија и бела со клинови кошула, џамадан и клашни подврзани со киска, со синови и ќерки, нивје, ливаѓе, лозја и крдар овци, прав македонски чорбаџија. Секогаш кога седеше на трпеза и разговараше, ги пребројуваше жолтите од килибар бројници. Сега ја викна Динка. Динка влезе во одајата и пред татка си и пред гостите пристојно застана. Дојчин и рече:

- Ќерко, знај дека те свршив. Сега баци му рака на гостите. Те свршив за брат му на Митрета, и покажа кон гостинот. Ќе бидиш заедно со сестра ти Доља во Роби.