МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО - Part 01
МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО
- Записи – При крајот на 17. и почетокот на 18. век, во селата од Преспа, Труците вршеа незапамтени дотогаш насилства и злосторства.
Оваа така неиздржлива тиранија над христијанското македонско население, тие ја вршеа и поради тоа луѓето да ги покорат и да им ја наметнат исламската религија, наедно и да ги денационализираат. Убиствата и насилствата беа честа појава.
Отворено се вршеше притисок за потурчување.
Исламското малубројно население, кое беше во неколкуте села, го држеше најплодното земјиште од кое поголемиот дел припаѓаше на неколку шиптарски бегови и аги, на кои им работеа Македонците. Македонското население беше населено по планинските села. Сите планински села беа населени со Македонци со неплодно земјиште, од кое поголемиот дел беше откупено од албанските велепоседници со големи заштеди и заштедите од печалбарството.
Македонското население се занимаваше и со сточарство. Оваа гранка на стопанисување кај Македонците остана уште од порано. Тие многу ја развиле, а тоа се гледа и од големите стада овци, кози и говеда. Секоја фамилија имаше стадо овци и кози.
Тие се занимаваа и со риболов. Ги користеа природните богатства на езерата, и од поголемите фамилии беа одредени луѓе кои исклучиво се занимаваа со риболов како и со сточарство. Пазарите во Битола и Корча беа заситени од преспанско сирење, маст, волна, месо и риби. Преспанскиот селанец со овие производи во извесна мера го надополнуваше недостатокот, додека кај Албанците тоа не беше. Тие се занимаваа претежно со земјоделство, а за работа ги користеа Македонците.
Чести беа случаите во летниот период, кога се собира жетвата, велепоседниците Албанци одеа по селата каде живееја Македонци и насила ги земаа младите невести и со недели ги држеа кај нив да им ги жнијат нивјето, и вршат житото, а своите жени и девојки ги чуваа во огради со високи авлии. Во оваа годиншна доба, македонската жена го доживуваше најниското однесување од господарите Албанци муслимани.
За жената Македонка, во текот на историјата треба најмногу да се каже. Четири работи со кои таа неразделиво се поврзала, сметам дека ја има и најголемата заслуга за зачувување на својата македонска нација; додека таа и подоцна тоа го чинеше и со другите завојувачи. Таа беше најмногу изложена на ниското однесување кај сите завојувачи.
Македонската жена беше голем приврзаник на религијата и доследно ги извршуваше религиозните обреди. Својот македонски јазик за неа беше единствениот јазик, и таа никогаш не сакаше да проговори туѓ јазик, во споредба со својот маж, кој од печалба покрај заштедените пари носел и туѓи зборови:
влашки, бугарски, грчки, арнаутски.
Националната носија, таа и е најголемата одлика на македонската жена. Со најголема стрпливост таа ја везела својата облека, на неа нанесувала разнобојни шари, ја китела и кога ја облекувала, таа била китна китка од најубави цветови и шаренило, додека мажот честопати на главата клавал и црвен фес.
Во работата за опстанок на своите деца, на својот маж му помагала, и кога тој бил присилен да го напушти својот дом и да оди на печалба, верна и достојна ја преземала сета работа на неа и го одржувала своето домаќинство. Понекогаш, по десетина години. Работела на нивјето од бегот, одела и овчарка, берела од планината дрва.
Така вредна и накитена со својата носија, таа станувала привлечна за Албанците муслимани. На албанските мажи турската власт им имаше дадено оружје и неограничени права и тие секогаш кога ќе им затребаше против Македонците употребуваа и оружје. Овие неограничени права најмногу тие ги користеа за присвојување на македонски жени за задоволување на своите страсти. Се случуваа убиства на Македонците мажи кои се ставаа во заштита на честа на своите семејства. Албанци од понискиот сталеж, а тие беа најмногу, грабеа македонски девојки не за себе, туку за некого од богатите Албанци, од што земаа и големи суми на пари.
Во одбрана на својата бит Македонецот ја имаше религијата.
Христијанското население се одржуваше во големи фамилијарни заедници кои понекогаш достигнуваа и до педесетина членови фамилија. Свештениците беа иницијатори за организирање на верските веселби, како што беа панаѓурите, каде се собираше народот од целото село, или од повеќе села.
Овие веселби се претвораа во народни обележја. Свештениците понекогаш играа улога на учители и советници, а понекогаш својот положај го користеа за збогатување.
За да се даде појасна слика за настаните во овој и подоцнежниот период до исчезнувањето на Албанците од Преспа, ќе се потрудам да изнесам некои од овие настани само од селото Роби.
Во долниот дел од Преспа, кој се наоѓа под Грција се наоѓаат 18 села, меѓу кои и селото Роби, веднаш до самата граница со СР Македонија. Оваа населба, спрема легендите за старото минато, датира уште пред престојот на царот Самуил во Преспа. Царот Самуил во оваа населба ги чувал своите робови запленувани од разните походи над Византијците и од тоа населбата го добила името Роби. Во населбата Самуил изградил повеќе цркви.
Урнатини од тогашните цркви со мермерни столбови и сега можат да се видат. Сега во селото има четири цркви од кои и црквата “Св. Никола”.
Во годините 1780-1820 година во Роби живееја десетина македонски фамилии и повеќето од нив броеја по триесет и четириесет членови фамилија. Нешто помалку живееја и албански фамилии и го држеа поголемиот дел од плодното поле, од кое фактички голем дел му припаѓаше на бегот, млад Арнаутин кој го наследил чифликот од татко си. Бегот нивјето ги даваше под наем, а ги работеа и Македонците и Арнаутите.
Македонците имаа мал дел земја која беше помалку плодна или воопшто неплодна. Тие држеа големи стада овци и кози, беа и рибари и имаа поголеми приходи од Арнаутите. По полските и другите работи, работеа мажите и жените. Арнаутите своите жени ги чуваа во високи авлии.
Со доаѓањето во селото на младиот Арнаутин – бегот, насилствата и злосторствата се зголемија. Бегот пред тоа служел во турскиот аскер, и беше зел учество во многу борби од војните што ги водела турската држава со разни земји.
Воспитан од државата и верата, не можел да гледа христијани и “неверници” во Турската империја. Сакал да биде многу богат, да живее во раскошен конак и харем со жени од повеќе нации и вери. Прав исламски заповедник во тогашно време.
Поткрепуван од своите власти и самиот преземал акции и вршел голем притисок за исламизирање на населението.
Македонското население му давало голем отпор со многу жртви. Попот Ѓорѓија од селото го користел својот положај и ги охрабрувал селаните да не се даваат на Албанците, ама самиот се жртвувал.
Младиот бег Алија наредил црквата “Св. Никола” да се урне и на нејзините темели да се подигне џамија, и до џамијата мефтеп (училиште). Сеганите и попот Ѓорѓија се обиделе бегот да го спречат но не можеле, тој имал сила и тоа го сторил. Бегот селаните сосила ги натерал децата да ги пуштаат во турското училиште да го изучуваат коранот, крал свои луѓе и го убиле попот Ѓорѓија затоа што попот не им давал децата да одат во турското училиште и да учат друга вера. Самиот попот децата ги собирал во црквата и ги учел да пеат црковни псалми и сметање. Бегот не застанал на тоа, штом го убил попот, тој една од ќерките на попот, Ристана, ја грабил за својот харем.
Бегот Алија и уште неколку видни Арнаути од селото ги повикале селаните во конакот и им рекле отсечно: Имате муфлет три дена, и за овие три дена да ни кажите дека ќе станите муслимани. Црквите ќе ги рушиме и на нивните темели ќе изградиме џамии, руфетот ќе го смените, жените ќе облечат наш руфет, ќе направиме голема свеченост на која ќе присуствуваат претставници од нашата држава и вера од Битола и Јанина. Кој не ќе го стори тоа ќе биде ставен под нож.
Селаните се згрижиле како никогаш дотогаш. Се собрале во црквата и секој по нешто велел и на крајот се одлучиле да одат кај бегот и да го молат, да му паднат на колења и да му дадат се што ќе посака тој, само верата да не ја сменат. Одредиле неколку постари мажи, и мажите отишле кај бегот. Бегот ги примил и тие понизно, дури до земја, му се поклониле и му рекле: Бегу, на душа ти, на вера ти, каил да не се сториш, нација и вера да смениме. И вашата вера и нација се добри, ништо лошо за тоа не велиме, ама бог така ни наредил и така сакаме да останиме. Не сакаме волјата негова да ја измениме. Нашата вера и нација, нашите стари ни ја оставија во наши раце, и ние исто така каква ни ја оставија тие така сакаме да им ја оставиме на оние по нас. Инаку ќе сториме голем грев спрема бога и спрема нашите поколенија. Сакај се што ќе посакаш, се што ќе рече твојата уста, се ќе исполниме, само нација и вера да не смениме.
Бегот седел со скрстени нозе и пиел кафе и внимамателно ги слушал луѓето кои понизно го молеле. Го пуштил филџанот со кафе, станал простум и рекол: Штом дојдовте кај мене, јас на себе ја земам грижата и да Ви ја олеснам работата. Се замислил малку и продолжил. Ете, рече тој, јазикот нека остани, ама верата ќе ја смените. И почна да објаснува. Рече нивната вера била подобра од сите вери на светот, та и од христијанската. Тој наведе дека и други Македонци христијани се откажале од својата вера и ја прифатиле муслиманската, се кажал и самиот дека и тој не е Турчин, туку Арнаутин и потеклото му е од албанското село Фрашер. Ги раширил рацете и рекол: Ја примив муслиманската вера и станав бег. И се раскикотил.
Претставниците од селото со бегот се натегале и се пазареле и од него барале и нацијата и верата да не ја менуваат, туку бегот нека бара голем рушвет, пари нека бара колку сака, тие се ќе исполнат. Тогаш бегот им рекол: Мадам така е работата, Вие ќе станете мои чифлигари, вашите нивја ќе ми ги препишете мене и пак вие ќе ги работите, ама јас ќе бидам сајбија а вие чифлигари. Ја земам целосно грижата за вас на себе, и никој од другите аги и бегови на Вас не ќе може да стави рака. Тројцата претставници од селото се опулија еден во друг и без да речат збор станаа, му се поклонија на бегот и излегоа од конакот.
Бегот им сторил чест и ги испратил до дворот.
Меѓу другите Арнаути во селото бил и Таип, човек во години и достоинствен. Со каурите истиот никогаш не се замерил, и на бајрам и рамазан во неговата куќа гости му оделе и Каури, а и тој на нивните верски и други празници им одел дома и им ги честел празниците. Таип ги гледал нечесните дела на своите сонародници што ги правеле на Каурите и велел: Турците се уште во себе го имаат оној воинствен и завојувачки дух, и за сето што му го прават на Каурите Алах ќе ги казни. Оти тој Алах, е Алах и за муслиманите и за Каурите, и поденакво ги сака и едните и другите. Оти Алах самиот си направил и Турци и Каури и така со повеќе нации и вери земјата повеќе личела, била поубава. На своите пријатели Каури Таип им велел да се борат за нацијата и верата, оти тоа било дадено од господ и бил голем грев да си сменел нација и вера. Кај него иделе и Арнаути и Каури, и тој и на едните и на другите им ја претскажувал среќата и несреќата.
Селаните навечерта се собрале по куќите по неколку заедно, а по дента по нивјето. Зборувале, зборувале и никој не сакал да се откаже од нацијата, та нити од вера. Тие велеле за нација и вера глава се дава. Некој си Огнен Нивички, кој во Роби бил доселен од селото Нивици, рекол: “Кога работата дошла дотука, што има да чекаме појќе. Ајде да земиме оружје и да се биеме со Турците, па кој ќе победи нека победи. Гласот ќе се чуе насекаде па и во Стамбол, кој ќе загини нека загини, сите нема да загиниме. Ама и нацијата и верата и нивјето ќе ни останат.
Нека живеат тие што ќе останат живи. Жените по куќите плачеле и ределе како на отепани луѓе, како немало да одат во црквата и на умрените да даваат задужбини, како нема да си ги служат празниците, а тие ќе бидат затворени во хареми и лицата ќе им бидат покриени со фереџиња и нивните толку убави носии не ќе можат да си ги носат.
Положбата била многу лоша и очајна, се рушел еден цел поредок кој со векови се градел и се применувал. Мажите се собрале во црквата и донесле одлука на бегот да му ги дадат нивјето, и им олеснало. Па на вечерта легнале и се наспале.
Таип со голема болка го дознал аберот дека Каурите на бегот ќе му ги дадат нивјето и ќе му станат чифлигари. Тој на Каурите им рекол: Сега на бегот му станавте робови. Тој Вас нема да Ве брани, Арнаутите пак ќе Ви прават зулуми и ќе Ви ги грабнуваат чупите и Вас ќе Ве оперват, и тоа ќе го прави и самиот бегот, оти тие имаат оружје и власт, а Вие немате ништо. Таип на бегот му претскажувал дека ќе биди нападнат и ќе умре тогаш кога најмногу ќе сака да живее. Имотот, му рекол, ветрот ти го донесол, а водата ќе ти го одземе. За муслиманите претскажал дека уште малу ќе си одат дење, а Македонците ќе си одат ноќе. Тој рекол дека ќе има и војна и многу народ ќе гини. Сите претскажувања на Таип се остварија во разни временски периоди.
Најдо Мундушев, глава на фамилија од триесетина души синови, снаи и внуци, кога селаните се собрале во црквата тој им рекол: Држете се да се држиме и на Арнаутите ништо да не им даваме, нити нација, нити вера, та и нивјето. Тие сега плашат, страшат, така ќе ви напрајме, вака ќе ви напрајме, ништо нема да ни направат. Ќе операт некого од нас, нека операт. Сите нема да не операт, па и досега тие опервале, и нивјето да му ги дајме пак ќе оперват. На Најда му се придружи Огнен. Тие се обидоа селаните да ги убедат да не му ги даваат нивјето на бегот, ама не можеа. Селаните биле многу исплашени од заканувањата од Арнаутите. Најдо и Огнен не му ги дадоа нивјето на бегот.
Бегот ги зел сите мажи од селото чии имоти се водеа на нив и ќе му ги преведеле нему, за сите обезбедил коњи, сите заедно се качиле на коњите и ги одвел во Јанина, оти во Јанина бил пашалукот, и само тука сопстениците на нивјето можеле на бегот да му ги отстапат своите имоти, Најдо и Огнен заедно со другите селани не отишле во Јанина, и на бегот своите нивје не му ги дале. Сите оние селани што му ги дадоа нивјето на бегот, му станаа чифлигари, и сега своите нивје пак самите ги обработуваа, а приходот го делеа наполу со бегот.
Во селото бегот изградил конак каков дотогаш во Преспа немало. Околу конакот засадил шуми, како и овошки кои даваа добар плод. Во својот харем донесол жени, млади убави, од кои и Каурки, за кои дал многу пари. Спрема чифлигарите станал суров, исто и спрема Арнаутите. Најда и Огнена ги присилил да им ги земе нивјето, но тие упорно не му ги давале. Бегот им се заканил со убиство и на Најда му го убил син му Темелко и една од внуките, Ристана од синот Илија ја грабнал и ја присвоил. Се обидел да го убие и другиот син Наума, и само го ранил во ногата. Наум дури умрел на стари години кривел од ногата. Бегот се заканил дека овие две фамилии ќе ги поништи, и така двете фамилии го напуштија селото, ја напуштија Преспа. Тие отишле во Сараѓол, Кожанско, тука бегот не можел да им пакости. Селаните на бегот му го работеа чифлигот, бегот секој ден станувал се побогат и побогат и со своите убави и витки жени живеел раскошно во својот конак. Арнаутите од селото почнале да му завидуваат. Тој за својата безбедност во служба кај него зел неколку сејмени, кои оделе со него и го чувале.
Со ослободувањето на Грција од Труците и во Македонија се измени положбата. Дотогашниот притисок за исламизирање и сосила земање на имоти, како и големата тиранија попушти, и на муслиманите како да им влезе страв од истото такво востание од Македонците. Некои од велепоседниците постепено земјата почнале да ја продаваат за пари, така и бегот од Роби почна да бара купци за својата одземена од селаните земја.
Првиот кој откупил дел од чифлигот од бегот, бил попот Наум од Нивици, кој се населил во Роби. Овој поп под својата надлежност имал дваесетина села од Преспа и во нив одржувал верски обреди. Бегот од неговиот чифлиг одобрил да купуваат и неговите чифлигари, и така голем број мажи од селото и од Преспа се простиле со своите фамилии и тргнале по светот да бараат работа за поголема заработувачка. Печалбари од Преспа стигнале во Влашко, Анадол, па дури и во Русија. Голем број од овие луѓе, кои по светот тргнале за заработувачка за својот опстанок, дошле и во Грција, на Пелопонез, во областа Мора (Морја) каде за време востанието се бореле и многу Македонци од овие краишта а земјата била опустошена и требало да се обновува.
Најдо Мундушев со својата фамилија дојде во Сараѓол и по неколку години умрел. Умрел од мерак за својот син Темелко и за својата внука Ристана, што не дознал за нејзината судбина, како и од мерак за своите нивје и куќи што ги оставил, а тука, каде дојде, требало одново да почне. Тој сето тоа не можел да го преболи и да го прежали. Наум и Илија, двата синови на Најда, како и внуците од Темелка во Сараѓол останале цели 30 години, и кога положбата во Преспа се смирила, тие сосе фамилии се вратиле пак назад во родното село. Нивјето од бегот преку уќуматот во Битола му ги зедоа, за сето тоа имале докази (тапии). Наум и Илија со своите фамилии останале во Роби, а синот од Темелка со својата фамилија се насели во Герман. Интересно е да се каже и ова што фамилијата од Темелка, која се насели во Герман, како прекар од селаните од ова село го доби Сараѓулови, поради тоа што дошле од Сараѓол.
Фамилијата Сараѓулови од Герман со фамилијата Мундушеви од Роби и преку тоа што изминале толку години родбински појаси, и сега родбинството го имаат запазено. Повеќепати било случено помеѓу младите да се договараат за бракови, ама старите не давале.
Попот Наум за разлика од претходниот поп Ѓорѓија, кој својот живот го положил да ја зачува својата нација и вера, овој својот положај го користел и за богатење. Под своја надлежност имал дваесетина села и редовно во секое село не можел да ја врши својата служба, верските обреди. Тој си разработил план и по овој план ги навикнал и своите верници. Кај попот Наума во Роби секој ден иделе верници од неговата енорија, каде тој бил обврзан да ги врши верските обреди. Луѓето што иделе понизно му се поклонувале, му бацувале рака и го известувале дека фиљан од едеси кое село умрел и попот да дојде да го изврши погребот. Други иделе и го известувале дека на фиљан синот во недела ќе се жени, па попот да дојде и да ги венча младите.
Овие со нив носеле погачи, карти вино. Трети иделе и го известувале дека фаљан има син, ќерка, и в недела да дојдел попот да го изврши кршевањето на новороденчето. Попот не можел, па не одел нити кај едни нити кај други. Тој им велел:
Одете, погребете го умрениот, невестата земете ја и на новороденчето ставете му го името и гостете се. Јас оттука ќе му ги испејам молитвите, и ги запишувал во големиот тефтер.
Попот Наум од неговиот план не отстапувал. Тој двапати годишно, пролетта и есента, се качувал на коњот, со него го земал момокот и тргнувал по селата. Селаните од секое село во кое стигнувал го чекале со големи почести. Питропите од црквите му обезбедувале сместување при највидните фамилии каде му се правело богата гозба, а го придружувале највидните селани. Тој ден за селото бил голем празник. Попот во црквата одржувал обред, на вечерта го отворал големиот тефтер и оние кои биле запишани во него го плаќале борџот, за умрениот, за венчавката и за крштевакта, наедно му ги носеле и подароците за венчавката и за крштевањето чорапи, а за умрениот шамии.
На попот никој не му борџел и така попот Наум со големи почести и бакшиши и собирање многу пари, ги обиколувал селата и кога се враќал, коњот бил натоварен и со дисаѓи во кои имало многу грошеви и меџидии. По секое враќање во својата обиколка по селата од бегот купувал по некоја нива.
Во близина на селото, на самиот влез во него, од бегот попот купил голема нива за ефтини пари. Во нивата имало многу камења од кои големи и мали. Наутрото попот станувал, ја земал патерицата и одел на нива. Патниците кои врвеле по патот покрај нивата се поздравувале со попот, му бацувале и рака. Попот ги задржувал на мал разговор, се собирале повеќе патници, и попот наоѓал начин патниците да ги натера да му помагаат за тркалање на камења од нивата, каде понекогаш ги задржувал по цел ден. И така попот ја исчистил нивата од камењата и околу неа направил висока од камења ограда.
Во својот харем бегот држел млади и убави жени. Во базенот во бавчата со висока ограда, со засебно наместена соба, се капеле убавите жени. Бегот седел оптегнат на миндерот под сенката на овошките, пушел нарѓуле и гледал во витките снаги на голите жени. Околу него забрмчи оса и таа се залепи на неговиот образ и осилото му го закачи во образот. Бегот списка од болка, спискаа и жените и потрчаа кај него. Лицето од бегот веднаш отече, очите и видот му се фатија. Жените бегот го однесоа во конакот и дури тогаш бегот се сетил дека не е Тручин туку Арнаутин и побарал да го носат во неговото родно место, во Фрашер во Албанија. Тука сакал да му излезе душата, сакал да биде погребан во семејните гробишта. Дваесетина мажи, чифлигари од Роби, го кренаа на носило и го однесоа во Фрашер, 150-тина км оддалечено од Роби. Далеку од неговиот конак и од неговиот чифлик. Бегот по патот умрел, еден од неговите три синови, најмалиот, го наследил чифлигот и конакот, а другите двајца отидоа на другите чифлизи. Бегот имал и други чифлизи, бил богат. Жените останаа во Фрашер да го жалат.
Печалбарството во Преспа беше прилично засилено. Едни печалбари се враќаа од печалба, а други одеа, и секој кој се враќаше спечалените пари веднаш му ги даваше на бегот за парче земја. Печалбарите купуваа нивје од бегот, купуваа и од другите Арнаути. Некои од Турците, кои не можеа да дојдат до пари, немаа нивје да продадат, тие беа во состојба година и две да чекаат и кога ќе дојдеше моментот ќе го искористеа.
Лазор Бечков од Роби се врати од печалба од Влашко. Уште тој не стигнал да му ги однесе парите на бегот за нивата за која Лазор толку години останал во Влашко, навечерта кај него влегол Рустем, полјак во селото. Рустем нарамо носел мартинка а во појасот кама. Се поздравил со Лазора и Рустем седнал на малото столче. Го прашал Лазора кога си дојде и како си помина на гурбет и му рекол: Лазоре, вечер кај тебе ќе бидам за вечера. Пеќи, му одговорил Лазор, да бидеш. Е, тогаш рекол Рустем: Вечерата ќе го правит онаа младата невеста, една кокошка ќе го варит а една кокишка ќе го печит. Лазор имал две снаи, од кои момчињата биле на печалба во Влашко, и Лазор се вратил дома да купи троа земја и да го врти домаќинството.
Откако вечерале, Рустем на Лазора му рекол: Е, Лазоре, сполај ти за вечерата, ама сега да ти кажам зошто дојдов. Татко ти твој на татко ми мој му борџел една лира, толку време не ти велев, ама сега ќе ми ја дадеш. Лазор се вџашил и рекол дека не знае за таква работа, оти татко му пред да умре ништо не му рекол, ја прашал мајка му и таа не знаела. И Лазор не ја признавал лирата. Рустем се налутил, станал простум, ја смолкнал камата од појасот и викнал: Пезевенк еден, јас лажам за една лира?
Лирата, оти сега душата ќе ти ја смолкнам. Лазорица и невестите спискале и Лазор видел-невидел и му рекол: Ќе ти ја дадам лирата. И на Лазорица и рекол да донесе една лира.
Турчинот тогаш рекол: Чекај малу, тоа не е една лира туку пет лири, оти има фајде на неа. Лазор се препирал дека гледал Рустем сакал да го опљачка, ама видел-невидели му дал пет лири и Рустем си отишол.
Рустем ги зел петте лири и на својот роднина Неџат му се пофалил дека од Лазора зел 5 лири и му ги покажал. Неџат помислил дека и тој од Лазора може да земе пари. Не расмислувал многу: ја фрлил мартинката преку рамо, камата во појасот и тој како Рустема отишол кај Лазора. Се поздравил со него и седнал на столчето. И уште веднаш му објаснил зошто дошол. Тој му рекол дека татко му на Лазора на неговиот татко му должел 5 лири, и Неџат сега дошол по парите. Лазор се препирал исто како и со Рустема и образложувал дека нити татко му нити тој самиот не му должел пари на никого, ниту на Неџата. Неџат се растресол и се топорел да го удри Лазора. Во тој момент во одајата влегле неколку мажи од комшиите, кои ги доведе една од снаите на Лазора. Неџат и сега се натопорил, ама еден од мажите му рекол: Ти само еден ќе опериш, ама ние парчиња ќе те направиме и телото во вреќа ќе ти го собериме и во езерото ќе ти го фрлиме. И сите со секирите во рацете биле спремни да се нафрлат на Неџата. Неџат се исплашил, дури ножот од рацете му паднал и испребледен од страв ја напуштил куќата на Лазора.
На Петровден 1840-тата година Преспа ја зафати лошо време.
Црни и густи облаци со густи светкавици и силни грмотевици.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/11 on October 29, 2026