Front Matter - Part 10
Калуѓерите го обработуваа земјиштето кое му припаѓаше на манастирот, држеа големи стада овци и говеда, тие се грижеа и ги одржуваа и другите цркви и островот го имаа означено за свет остров. Кога подоцна во полето во М. Преспа надојдоа води и го поплавија полето и патот до островот, и островот почна да се отсечува, калуѓерите и селаните од Аил, чие село тогаш беше големо, ја доградуваа калдрмата, за да може населението од Преспа да доаѓа на “светата” земја. За доградба на калдрмата помош даваа и другите селани од Преспа.
Висината на калдрмата достигна до 1,5 м. Сега над неа има околу 1,5 м вода.
Во 1942 год. Италијаните на Крина поставија своја артилерија.
За покривот на бараките на војската ги зедоа ќерамидите од манастирот. Во 1943 год. почина последниот калуѓер кој го одржуваше манастирот.
Во Роби мајсторот Јоаким ги изградил црквите “Св. Пречиста”, “Св. Димитрија”, “Св. Петка” и “Св. Никола”. Последнава Турците ја урнале и на нејзините темели изградиле џамија.
Поради некоја голема поплава, што го зафатило селото, џамијата била однесена од водата и на темелите од старата црква селаните пак подигнале нова, ама во помали димензии, исто “Св. Никола”.
Старите раскажуваат дека царот Самуил подигнал црква на тумбата Горица до Роби, црквата “Св. Јован Преспански”. Оваа црква го чувала полето и посевите од невреме. Во 1870 година селаните од Роби оваа црква ја обновиле и ја направиле поголема. На влезната врата на видно место соѕидале надгробна плоча на царот Самуил, која со векови била чувана во црквата “Пречиста” во Роби. Оваа црква станала симбол за преспанското население. На денот на Св. Јован Преспански тука се собирале неколку стотини души од Преспа. Оваа надгробна и спомен-плоча ја зеле Бугарите во I светска војна, во 1918 год. Тие го држеле фронтот над Роби, дошле и на Горица, ја виделе плочата, ја откорнале од ѕидот и заедно со други надгробни плочи од овај период, кои беа чувани во црквата “Пречиста” во Роби и “Св. Герман” во Герман ги товарија во кола и ги однесоа во Бугарија.
Селото Роби своето име го доби поради тоа што во ова време во непосредна близина до оваа голема населба Самуил ги чувал робовите, кои ги запленувал од разни походи против Византија.
Во оваа населба поради добрата местоположба и добрата клима уште и добрата вода, Самуил имал свое одморалиште, каде честопати отседнувал и одморал. Поради тоа оваа населба тој ја красел и ја збогатувал со цркви, каде честопати се вршеле обреди и церемонијали, кога тој престојувал во неа. Робовите кои биле во непосредна близина до Роби чувани од војската, работеле на разни работи, и тоа како мајстори за градење на цркви, патишта и други градби. Еден дел работеле и на полето како што беа градињето, чиј приход одел целиот за војската.
Над овие градини сега има од 1-1.5 м вода и се наоѓаат во непосредна близина до некогашното село Онаа.
На островот немало вода и биле ископани неколку бунари, ама вода за пиење била донесена од изворите до Винени, на 3 км од островот. Понатаму, се раскажува дека Самуил големо внимание му посветил на сушењето на блатото и чистење на речното корито, над кое изградил неколку мостови за подобро комуницирање на населението и војската. Бил голем работник и за се вршел контрола и надзор. Бил голем и современ стратег и над Византијците извојувал многу победи и во Преспа пренесол многу робови и големо богатство, кое го чувал во неколку подземни тунели на островот.
Примамени од овие раскажувања, во летото 1937 год. на островот се отпочнало со копање и трагање по богатството на царот. Копачите биле под строг надзор на државни органи на Грција. Тие копале на одредени места, спрема исказите на поединци – познавачи на историјата на островот. Трагачите копале едно лето и за ова време успеале да откопаат голем број надгробни плочи испишани со славјанско писмо, како и многу други предмети од тоа време. Надгробните плочи и другите предмети што беа пронајдени за време на копањето, под строга контрола биле спакувани во сандаци и одведени во внатрешноста на Грција. Копачите се надеваа дека ќе го пронајдат гробот на патријархот Ахил за да ги вратат коските во првобитниот гроб во Лариса.
Царот Самуил над Византијците извојувал многу победи и секогаш кога се враќал во Преспа со него носел голем број робови и голем плен. Преспанското население му приредувало величествени дочеци, во црквите се правеле обреди и церемонијали. Затоа овие величествени дочеци, се раскажува дека кога Самуил со својата придружба се појавувал на патот Граишта, на височината од тумбата до калето се палеле големи огнови, од кои чадот се гледал од сите села од Преспа. Во исто време биеле и камбаните од селата и со тоа било означувано неговото пристигнување во престолнината.
За гробот на царот Самуил има две претпоставки. Во едната се вели дека бил погребан на островот во еден од олтарите во црквата “Св. Аил”. Во другата се вели дека бил погребан во Роби, во црквата “Пречиста”. Со оглед дека во Роби честопати отседнувал за да се одмори, откога ги видел своите војници ослепени и во Преспа дошол тешко болен и умрел и поради тоа што во црквата “Пречиста” со векови била чувана неговата надгробна плоча може да се верува дека бил погребан во Роби.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/10 on October 29, 2026