Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Mincho Fotev and the National Liberation Movement of the Macedonian People from Greek Occupied Macedonia (1941-1949)

Дел III ПРИЛОЗИ (Составени од Минчо Фотев) - Part 03

By Д-р Михајло Миноски · Part 18 of 21 · About 18 minutes

Read in English

Отцепувањето на групата Македонци од ЕЛАС и нивното заминување на слободната територија во Вардарска Македонија беше самоволен чекор кој се случи без знаење на раководството на СНОФ. Заминувањето на групата македонски борци од Костурско и Леринско во Караорман, според начинот и условите под кои се случил, беше брзоплета и екстремна акција која на македонското националноослободително движење од егејскиот дел на Македонија му нанесе тешки и ненадоместливи последици. Тоа што го очекуваа иницијаторите не им се оствари бидејќи им беа погрешни калкулациите. Таа акција на отцепниците беше спротивна на политиката на организацијата на СНОФ. Неоправданоста на отцепувањето се потврди и од самиот факт кога на отцепниците им беше наредено од Главниот штаб на НОВ на Македонија, лично од политичкиот комесар Цветко Узуновски-Абас, да се вратат во Егејска Македонија и да ја продолжат борбата во редовите на ЕЛАС, под раководство на КПГ. Мотивите на таа непромислена акција беа неоправдани. Значи завлечени од создадениот револт кој ги совлада, отцепниците самоволно се одделија од ЕЛАС, а се разбира и од СНОФ, и заминаа на Караорман без да помислат посериозно со тоа што ќе постигнат, и какви ќе бидат евентуалните последици за СНОФ односно за НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија.

Вистина е дека поради негативниот став на КП на Грција спрема македонското НОД кај сите комунисти и борци, кај сите македонски патриоти се создаде силен револт. Но, во такви случаи неоправдано е да се постапи раководејќи се од чувствата на негодување и револт. Таквите постапки скапо се плаќаа.

Како што покажаа настаните, таа екстремна акција, за жал, скапо беше платена. Последиците од тоа отцепување навистина беа тешки и ненадоместливи. Крајно се заострија односите на македонското НОД со КП на Грција и ЕЛАС. Раководството на КП на Грција по повод отцепувањето, македонското националноослободително движење од Егејска Македонија го окарактеризираа како националистичко и автономистичко, а отцепниците ги оквалификуваа и јавно ги осудија како контрареволуционери и предавници. Истото раководство организацијата на СНОФ ја обвини дека таа била поттикнувач на групата Македонци кои се одделија од грчкото движење на отпорот, единиците на ЕЛАС веднаш ги упасија раководителите на СНОФ од Костурскиот округ и со употреба на сила ги растурија сите организации на СНОФ. Во исто време КП на Грција организира опасна кампања и водеше остра политичка пропаганда сред македонскиот народ против СНОФ.

Презеде и ред други политички, дисциплински и репресивни мерки против истакнатите македонски борци. Дури имаше и самоволни убиства на македонски патриоти, како што беше случајот со Коста Макриевски - учител од с. Косинец, Костурско. КП на Грција им забрани било каква македонска културна дејност и други македонски национални манифестации. Неоправданоста и негативниот одѕив на постапката на групата македонски борци кои се одделија од движењето на отпорот од Егејска Македонија се гледа и од следното: во моментот кога отцепниците заминаа за Караорман (мај 1944 година), во редовите на XXVIII полк на ЕЛАС, кој дејствуваше на теренот во Костурско, служеа над 1.000 (илјада)

македонски партизани. Во Костурско-Леринскиот регион имаше над 2.000 македонски борци во редовите на ЕЛАС.

Околу 80 села на тој терен беа ослободени. Вреди да се нагласи дека на истиот терен имаше над 100 (сто) македонски активисти-позадинци и раководители на организациите на КПГ, ЕАМ, ЕПОН, ЕА итн., а раководниот актив на Костурскиот округ на СНОФ го сочинуваа околу 40 раководители и позадинци. Од сите нив само 4 (четворица) позадинци на СНОФ, околу 20 борци на ЕЛАС и околу 35 членови на воените организации заминаа за Караорман.

(За тоа) дека “на 28 јануари 1944 година, во селото Црновишта, Костурско бил одржан состанок помеѓу претставниците на окружните комитети на СНОФ за Леринско и Костурско. Двата окружни комитета биле застапени со по четири души, и двете од трите точки на дневниот ред за кои се расправало на состанокот особено го привлекувало вниманието:

1. Македонското национално прашање односно судбината на Македонија по војната.

2. Создавање на единствена национална ослободителна организација за цела Егејска Македонија “дека Костурската делегација покренала прашање Грција по победата на револуцијата да се трансформира во федеративна држава составена од две федерални единици, едната би била Народна Република Егејска Македонија”.

Ваквиот третман на состанокот одржан во селото Црновиште, Костурско, помеѓу делегациите на СНОФ од Леринско и Костурско е чисто измислена работа. Целта на тој состанок беше да се разменат информациите за воено-политичката и економската положба во окрузите, за положбата и проблемите на народот, да разменат мислења и искуства за дејноста и активностите на двете окружни организации на СНОФ. Бидејќи не постоеше единствена македонска организација за цела Егејска Македонија (тоа не го сакаше и го спречуваше КП на Грција), раководствата на СНОФ за Леринско и Костурско често преку своите делегации одржуваа состаноци. Таа е вистината за состанокот во селото Црновиште, одржан на 28 јануари 1944 година. И од тој состанок јасно се гледа дека раководствата на организациите на СНОФ за Костурско и Леринско не беа запознаени со “писмото” на Лазо Ошенски од 24 јануари 1944 година. Тоа е уште еден доказ дека такво писмо не постоеше.

Окружните раководства на СНОФ за Леринско и Костурско не беа компетентни да го решаваат прашањето за формирање на единствена македонска национална организација за цела Егејска Македонија. СНОФ можеше само да покренува иницијатива и да бара да се формира единствена организација за целата Егејска Македонија. Формирањето на таква организација зависеше исклучително од КП на Грција затоа што таа раководеше со НОД на Грција. Окружното раководство на СНОФ тоа прашање го покрена уште првиот ден по формирањето на СНОФ, но КП на Грција категорично го отфрли барањето, како што го одбиваше и барањето да се формираат посебни македонски партизански единици во рамките на ЕЛАС.

Прашањето за федеративно уредување на Грција, односно за создавање на Народна Република Егејска Македонија” е апсурд!

Пред се такво прашање никогаш не било дискутирано. Ниту на памет им доаѓаше на македонските комунисти. Не само од субјективни туку и од чисто објективни причини тоа не можеше да се оствари. Во тоа време (1944 год.) македонското население изнесуваше одвај една третина од вкупното население во егејскиот дел на Македонија. Општественото уредување на Грција на федеративни принципи не зависеше само од КП на Грција, туку и од другите политички партии на Грција кои го сочинуваа националноослободителниот фронт - ЕАМ, како и од другите демократски општествено-политички структури.

Што се однесува за создавањето “Народна Република Егејска Македонија” тоа не зависеше само од волјата на КПГ и на ЕАМ, туку и од надворешните фактори од антихитлеровската коалиција кои непосредно беа заинтересирани за судбината на Грција и воопшто за судбината на Балканот. Зошто Македонците од егејскиот дел на Македонија да бараат создавање на Народна Република Егејска Македонија (историски неостварливо) кога веќе македонскиот народ од Вардарска Македонија создаде, благодарение на заедничката борба со сите други југословенски народи и народности, врз основа на АВНОЈските одлуки, федерална република во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Впрочем, во тоа време никој не го покрена и не се водеа никакви дискусии околу тоа прашање. Гласовите за создавање “Народна Република Егејска Македонија” сега се покренати од “душегрижниците” на Македонија, од тие кои од страна ја набљудуваа долгогодишната вооружена борба што ја водеше македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, односно од оние кои самоволно ја напуштија организацијата СНОФ, вооружената борба на ДАГ, а и самата територија на егејскиот дел на Македонија.

За состанокот на двете делегации на СНОФ одржан во с.

Црновишта, Костурско, на барање на Институтот за национална историја на СР Македонија, беше одржан состанок (за реконструкција на настанот) во просториите на ИНИ, во октомври 1985 година, на кој учествуваа околу 20 поканети учесници, организатори и активисти на НОД од егејскиот дел на Македонија. Дискутантите на овој собир го оспорија дневниот ред на состаникот одржан во с. Црновиште, како измислена работа. На реконструкцијата присуствуваше и Ѓорѓи Турунџиев, член на секретаријатот на Леринскиот окружен одбор на СНОФ кој лично, во својство на член на Леринската делегација, учествуваше на состанокот во с. Црновиште.

Терминот “Егејска Македонија” до декември 1944 година, воопшто не им беше познат на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Никогаш и никаде не се споменуваше ниту се употребуваше. Тој термин за првпат го спомна Димитар Влахов пред Македонците од егејскиот дел на Македонија во својот поздравен говор на Првата конференција на Политичката комисија од Македонија под Грција, која се одржа во декември 1944 година, во просториите на театарот во градот Битола.

Правото име на македонската бригада беше “Прва ударна бригада од Македонија под Грција”, тие зборови се напишани и на бригадното знаме. Исто така правилното име на Политичката комисија беше: “Политичка комисија од Македонија под Грција”. На автентичен историски документ напишан на теренот од егејскиот дел на Македонија до формирањето на Првата ударна бригада од Македонија под Грција, односно Политичката комисија од Македонија под Грција не е можно да се споменува “ Егејска Македонија”.

Прашањето (за обединување на Македонија) никој не го покрена, ниту СНОФ, ниту НОФ. Тоа прашање не го покрена ниту НР Македонија, туку само се зборуваше и се настојуваше Македонците да ги остварат своите национални права, слобода, рамноправност, национално востановување. Но тоа не значеше дека Македонците не се стремеа за обединување на македонскиот народ. Тоа беше главниот идеал на секој Македонец-борец за слобода, за национални и социјални права.

Што се однесува на ставот за “национална рамноправност” кај Македонците постојат две различни тенденции. Незначителен број Македонци-“комунисти”, претежно стари членови на КП на Грција, стриктно ја следеа нејзината политика за македонското национално прашање (национална рамноправност на Македонците во рамките на грчката држава).

Огромното мнозинство на македонскиот народ, македонските комунисти-борци кои упорно се застапуваа и бараа од КП на Грција да ја коригира политиката спрема македонското национално прашење и да дозволи да се создаде национален политички и раководен субјект, кој ќе раководи и ќе го подготвува НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија.

Организациите на СНОФ и НОФ, како што е речено и погоре, упорно се застапуваа за оживотворување на вистинската национална рамноправност на Македонците, бидејќи претставуваше реална претпоставка за обединување на македонскиот народ (од егејскиот дел на Македонија).

дека во текот на народноослободителната војна (1941-1949 година), беа создадени масовни македонски организации и воени формации. Третирањето на некои од тие формации како “македонски” не е правилно. На пример костурската партизанска група формирана во мај 1943 година, и партизанскиот одред “Лазо Трповски” немаа македонско национално обележје. Тие беа единици како и секоја друга единица на ЕЛАС, само што беа од македонски борци.

Наведувањето дека во јануари 1944 година, се формирала Словеномакедонска војска (СНОВ) е произволно, измислена работа. Таква војска никогаш не беше формирана, тоа не дозволуваше КП на Грција и ЕЛАС.

Македонски национални воени единици беа само: Костурскиот македонски баталјон, формиран во јуни 1944 година на Караорман, Воденскиот баталјон формиран во јуни 1944 година, Леринско-костурскиот баталјон наречен “Гоче”, формиран на Илинден 1944 година и Првата ударна бригада на Македонија под Грција, формирана во ноември 1944 година.

Таа бригада фактички ги обедини сите горенаведени партизански единици.

Во Скопје,на 20 август 1986 година, Минчо Фотев ПРИЛОГ БР. 3 Забелешки на книгата: “Народноослободителниот фронт и другите организации на Македонците од Егејска Македонија (1945-1949)” од Ристо Кирјазовски (Издадена од издавачката куќа “Култура”, Скопје, 1985.)

Авторот во својата книгата се обидува да ја прикаже историската улога на македонските организации, особено на организацијата на НОФ од егејскиот дел на Македонија.

(Испуштениот текст е мислење на Фотев за преопширноста во претставувањето на политиката на Велика Британија и СССР и за односите на КП на Грција со Англичаните, како и некои небитни повторувања.)

Се ограничувам да одговорам само на некои прашања што се однесуваат на македонските организаци, особено на организацијата на НОФ. Пишувајќи за развојниот пат и за крупните настани на македонските организации, авторот прави сериозни пропусти, наведувајќи невистинити работи, погрешно ги интерпретира настаните што се од особено значење за историографијата. Има случаи кога при објаснувањето на некои ситуации отворено ја манифестира својата тенденциозност и пристрасност. Не изостануваат и претерувањата, омаловажувањата, особено во однос на улогата на одделните личности раководители на народноослободителното движење.

Неспорно е дека авторот недоволно ги проучил настаните, различните состојби и ситуации за македонските организации во македонското народноослободително движење. При проучувањето на македонските организации, авторот од субјективни причини не најде за потребно да се консултира со раководителите на СНОФ, НОФ, НОМС и АФЖ и другите институции, односно со основоположниците на тие организации, за податоците.

На авторот не му се познати многу настани од македонското НОД како што е случајот со Активот на НОФ, неговиот состанок одржан на 20 мај 1947 година. За некои настани кои ги наведува тој ги претпоставува и објаснува со општи фрази. Не му е добро позната организационата поставеност, структурата и политиката, како и промените што ги претрпе во својот развоен пат организацијата на НОФ. Недоволно јасно ги претставува и програмските начела при формирањето на НОФ и другите македонски организации. Слабо ја дефинира политиката на КПГ спрема НОФ и воопшто спрема македонското националноослободително движење. Погрешно ги објаснува методите и формите на деструктивната политика на КПГ спрема македонските организации, конкретно и јасно не пишува за односите на НОФ со општествено политичките организации на НР Македонија што беа од особено значење за развојот на националноослободителното движење, за проблемите што на организацијата на НОФ ги создаваше Михајло Керамитчиев со неговите истомисленици, кои беа против единството на македонското националноослободително движење со прогресивното народнодемократско движење на грчкиот народ, сметаа дека македонското национално прашање, односно прашањето на Егејска Македонија е исклчително дело на НР Македонија-Југославија. Спогодбата за обединување на НОФ со КП на Грција тие ја нарекоа фамозна, втора Варкиза, и ги изневери очекувањата на народот. (види: “Егејски бури”, (Вангел Ајановски-Оче, Егејски бури: револуционерното движење во Воденско и НОБ во Егејска Македонија, Скопје, ИНИ, 1975 година.) стр. 233.)

Да! Југославија претставува основен фактор за целосно решавање на македонското национално прашање. Но, прашањето на Егејска Македонија зависеше пред се од заедничката борба, од победата на грчкиот и македонскиот народ над монархофашистичкиот режим на Грција и создавање слободна народнодемократска Грција, како и од извојувањето на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија потполна национална рамноправност и право на самоопределување и создавање нормални услови за решавање на македонското национално прашање. Илузорно е да се верува дека проблемот на Егејска Македонија би можел да биде решен без победата на револуционерното движење на македонскиот и грчкиот народ.

Раководството на НОФ беше задолжено со програмските начела на организацијата да се бори за остварување на морално-политичкото и националното единство на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Организацијата на НОФ беше сенародна, национална и демократска организација. Секој Македонец кој ја прифаќаше политичката програма имаше право да се зачлени. Сепаратистите тоа не го сакаа, Македонците ги делеа на “верни”, “гркофили” и “гркомани”, а македонските борци на “стари” и “нови” НОФ-ити. Со тој однос тие го забиваа клинот на националното единство на македонскиот народ, а организацијата на НОФ ја водеа на секташки позиции. Со своите сфаќања и постапки, сепаратистите сами се доведоа во незавидна положба , и неможејќи да издржат самостојно, без знаење и одобрување на HОФ, во септември 1948 година, ја напуштија организацијата, ја напуштија вооружената борба на македонскиот народ и на ДАГ во најтешките и судбоносни денови, ја напуштија територијата на Егејска Македонија и преку ноќ се најдоа во НР Македонија кај своите семејства. Авторот ја брани и велича нивната постапка.

Македонската организација на СНОФ беше создадена и дејствуваше во времето на германско-бугарската фашистичка окупација, во времето на ЕЛАС и ЕАМ, кога англо-американците беа сојузници против Хитлеровата фашистичка оска, а НОФ беше создадена во текот на граќанската војна во Грција, и дејствуваше против Грчката влада која беше призната членка на меѓународната заедница на Обединетите нации. НОФ се бореше против довчерашните “сојузници” англо-американските империјалисти кои директно учествуваа (во борбите) против НОФ и ДАГ.

Другата карактеристика е што главен креатор на глобалната стратегија и тактика, односно иницијатор и раководител на револуционерното движење на Грција, беше КПГ, а не НОФ.

Организацијата на НОФ мораше да се приспособи на глобалната стратегија на револуционерното движење на грчкиот народ, се разбира без тоа да биде на штета на македонското НОД. Треба да се има во предвид дека Македонците од Егејска Македонија не беа во состојба, а уште помалку против НОД на грчкиот народ да ја добијаат својата национална и социјална слобода, чиј што организатор и раководител беше КПГ. Факт е дека помеѓу, македонското НОД и грчкото народнодемократско движење постоеја објективни противречности кои произлегуваа од различните национални интереси, од целите и стремежите на македонското НОД.

Книгата на Ристо Кирјазовски се базира само на архивски материјали од кои добар дел од документите се непроверени ш неавтентични, што го доведува до тоа да донесува погрешни заклучоци и оценки за повеќе крупни настани и ставови на организацијата на НОФ. Од многубројните историски податоци од разни документи; вистински и фабрикувани, од разни цитати и изјави на македонски и грчки раководители на КПГ и НОД, ги девалвираше револуционерните вредности и историската улога на македонските народноослободителни организации.

Уште пред да заврши Втората светска војна, македонскиот и грчкиот народ, благодарение на воената интервенција на англиските армиски единици во Грција (декември 1944 година)

и капитулантската политика на КПГ и ЕАМ, по четиригодишната крвава антифашистичка војна повторно станаа жртви на англискиот империјализам и домашните монархофашисти. Очекувањата и стремежите на борбениот македонски народ беа изиграни. По реставрирањето и воспоставувањето на стариот буржоаски ненароден режим во Грција, за македонскиот народ повторно настанаа пеколни денови, дури потешки од оние за време на германската окупација, затоа што грчките монархофашисти спроведуваа геноцид врз Македонците. Терористичкиот бран на убиства, силувања, крвавите тепања, ѕверствата и грабежите на имотите на македонскиот народ беа секојдневна практика на монархофашистичките банди. Не престануваа масовните прогонства и апсења, незаконските судења и конфискации, узурпирањето на недвижните имоти на невиниот македонски народ. Крвавиот монархофашистички терор за тотално истребување на македонскиот народ достигна кулминација.

Причината за таквиот агресивен атак на грчките монархофашисти врз македонскиот народ од Егејска Македонија беше се, само не “политичкото и идеолошкото определување на Македонците на страната на демократските сили во земјата, нивната готовност и решителност да се борат против силите на реакцијата и туѓите интервенционисти и, што е најважно, изградената македонска национална свест и решеноста да ги извојуваат своите национални и социјални права и слобода”. (стр. 77) Најмногу што ги иритираше грчките монархофашисти и националисти, е тоа што во вардарскиот дел на Македонија, во рамките на нова Југославија, се создаде национална демократска република која, сосема разбирливо, не можеше да биде рамнодушна спрема трагичната положба на своите браќа од егејскиот дел на Македонија, и да не се интересира и грижи за нивниот национален опстанок.

Создавањето на НР Македонија им беше, и им е трн во очите на грчките монархофашсти и националисти, кои по секоја цена се стремеа тотално да го истребат македонското население.

Затоа треба да се каже дека поради опортунистичката и капитулантската политика на КПГ и ЕАМ, особено по потпишувањето на Договорот во Варкиза (12 февруари 1945), како и недоследната политика спрема македонското национално прашање тие во голема мера ја загубија довербата на македонските комунисти, односно на македонскиот народ.

КПГ и ЕАМ повеќе не беа во состојба да го заштитат македонското население од монархофашистичката наезда. Затоа македонските комунисти по создавањето на НОФ, масовно ги напуштија редовите на КПГ и другите грчки демократски организации: ЕАМ, ЕПОН итн., и стапуваа во НОФ, НОМС и АФЖ.

Поради тешките и опасни услови за македонскиот народ кој беше соочен со вистински геноцид, на иницијатива на македонските комунисти, на 23 април 1945 година, беше донесена одлука за формирање на македонска револуционерна организација НОФ. Во истовреме беа формирани младинската организација на НОМС и организацијата на жените АФЖ, како составни делови на организацијата на НОФ.

Основањето на НОФ, за македонскиот народ значеше голема историска придобивка, бидејќи се здоби со своја национална револуционерна организација, со свое самостојно политичко раководство. Со тоа се прекина една негативна традиција наметната од КПГ, Македонците да се организираат во грчките демократски и народноослободителните организации и да се борат под грчкото знаме. Историските настани јасно потврдија колку тој став на КПГ му штетеше на македонското националноослободително движење.

Авторот наведува дека “програмската декларација од основачкото собрание на НОФ не е зачувана” (стр. 108). Зошто, кога таков записник постоеше? Како учесник на првиот состанок при составувањето на задачите и целите на НОФ сметам за потребно да ги наведам:

- непомирливата борба за национална и социјална слобода на македонскиот народ;

- афирмирањето на националниот идентитет и борбата на македонскиот народ за својата национална слобода и права;

- актуализирањето на македонското национално прашање во политичкиот живот на Грција;

- организирањето на отпорот против крвавиот терор и геноцидот што го спроведуваше монархофашистичката власт врз Македонците;

- зацврстувањето на морално-политичкото и националното единство на Македонците;

- разобличувањето на автономистите на Ванчо Михајлов и разбивањето на нивната терористичка и шпионска организација, кои како агенти на англо-американските империјалисти и меѓународната буржоаска реакција се бореа против националните интереси на македонскиот народ;

- борбата против англо-американските планови за егејскиот дел на Македонија да го претворат во база за терористичка и субверзивна дејност против НР Македонија и цела Југославија, како и против спте други балкански народнодемократски држави;

- негувањето и зацврстувањето на братството и единството со грчкиот народ, заедно со прогресивните сили на Грција да се борат против заедничкиот непријател за слободна и независна Грција;

- запознавањето на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија со историските национални придобивки и со општествениот напредок на македонскиот народ во НР Македонија;