Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 09
Релевантноста на информациите да се потврди со испраќање на списоци од илјадници македонски борци и поддржувачи на антифашистичката борба кои во грчките затвори и во концентрационите логори биле жестоко измачувани, со списоци на организаторите, првоборци и раководители на единиците на оруженото антифашистичко движење убиени од грчката полиција (без судење и пресуди). Меѓународните претставници да се запознаат дека мнозинството од командниот состав во грчкиот државен полициски апарат и грчката армија биле чиновници на квислиншката власт и офицери соработници на фашистичките окупатори. Да се запознаат со страдањата на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, за “оргиите и злосторствата извршувани од монархофашистичката власт, било поставено како најважна приоритетна задача на организацијата на НОФ”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 27.) Со претставувањето на вистината за Граѓанската војна во Грција се очекувало “гласот на македонскиот народ во Грција да се слушне и во целиот свет, дека во егејскиот дел на Македонија постои македонски народ кој масовно учествуал во големата антифашистичка војна, дека дал големи жртви и претрпел огромни материјални штети. Од друга страна, да се запознае цивилизираниот свет и меѓународната демократска јавност со геноцидот (над него) вршен од грчките монархофашисти”. (На истото место.) Со тоа, на најексплицитен начин да се актуализира македонското национално прашање во егејскиот дел на Македонија.
Според сведоштвата на Фотев, на претставниците на ООН им биле предадени преку 50 меморандуми и петиции во кои “документирано била прикажана трагичната положба на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија”. (На истото место.) Во сите тие документи се барало, Организацијата на Обединетите нации “да ја осуди терористичката политика на Грчката влада и да се заложи за мирен демократски живот и развој на Грција, а на Македонците да им се признае националната рамноправност”. (На истото место.)
Завршните активности во спроведувањето на Спогодбата за обединување За конечно спроведување на обединувањето останувало, обединувањето на силите во регонот на Пајак Планина. На 11 јануари 1947 годинна се одржал заеднички состанок на претставниците на НОФ, КПГ и ДАГ во с. Купа, Гуменџиско.
На состанокот раководел секретарот на ГО на НОФ, Паскал Митревски. (На состанокот како претставници на НОФ учествувале и говореле: Евдокија Балева- Вера, Минчо Фотев, Иван Ковачев-Орфеј и др.) Тој говорел за братството и единството на македонскиот и грчкиот народ, за улогата и борбениот пат на македонската организација на НОФ, за помошта дадена на ДАГ. Претставникот на КПГ и на ДАГ Еврипидис Капетанос-Панос ја поздравил Спогодбата на КПГ и НОФ за обединување со ветување дека во слободна Грција
“Македонците заслужено ќе добијат слободен национален живот и национална рамноправност”. (На истото место, 27-28.)
Кочо Киров од НОФ бил избран за член во Штабот на ДАГ на Пајак Планина. (На истото место, 28.) Со тоа завршило обединувањето на македонските партизански одреди на планините Грамос, Вичо, Кајмакчалан и Пајак Планина (Фотев пишува дека македонските партизански одреди “воодушевено и со голем борбен ентузијазам го поздравиле обединувањето”.
(На истото место, 28.)) со единиците на ДАГ, спроведено според утврдениот план. (На истото место, 28.) Конечно се реализирало обединувањето на НОФ со КПГ. (За тоа фотев пишува: “Резултатите од обединувањето на НОФ со КПГ, на партизанските одреди на НОФ со ДАГ беа поголеми од очекувањата. Сите македонски борци на Грамос, Вичо, Кајмакчалан, Пајак Планина, секаде каде што ги имаше, воодушевено и со голем борбен ентузијазам го прифатија и го поздравија единството.” (На истото место, 28.))
Раководството на Организацијата имало широка поддршка при определбата за единство со КПГ. Според сведочењето на Фотев “целиот македонски народ од егејскиот дел на Македонија бил приврзан кон НОФ, верувал во ослободителното дело на својата организација” и искрено го прифатил обединувањето на НОД со прогресивното револуционерно движење на грчкиот народ.
Тоа на дело го покажал “со масовното учество во ДАГ, во борбата за слобода и независност на Грција и за своја национална и социјална слобода”. (Фотев: “Братството и единството меѓу македонскиот и грчкиот народ не беше само желба, туку вкоренето во душата на секој чесен Македонец, кај секој борец и вистински патриот, бидејќи тоа се темелеше и градеше со крвта и коските на најдобрите синови и ќерки на двата народа во заедничката долгогодишна борба против заедничкиот непријател. Спогодбата на НОФ и КПГ-за обединување беше израз на волјата на македонските и грчките револуционери, на волјата на македонскиот и на грчкиот народ.” (На истото место.)) Како потврда на тоа Фотев ги наведува податоците на врховниот командант на ДАГ генералот Маркос, дека во ДАГ имало 18.000 македонски борци од кои 3.000 девојки и млади жени Македонпки, а во помошните единици уште преку 3.000 борци возрасни Македонци/ки, организирани во посебни чети раководени од активистите на НОФ и АФЖ. (На истото место 28.) Фотев го оспорува пишувањето на Наум Пејов за подреденоста на македонскиот народ во оружената борба, дека “не беше сојузник” туку “неплатен наемник”. (М. Фотев цитира дека “Наум Пејов во својата книга ‘Македонците во Граѓанската војна во Грција’, објавена во 1968 година, на стр. 150 пишува: ‘...тој (македонскиот народ) не беше сојузник во борбата, ами просто се третираше како неплатен наемник. Може ова да звучи чудно, но тоа беше така!” (М. Фотев, Односот на КПГ кон организацијата на НОФ, 4.))
По соединувањето на македонските партизански единици на ДАГ, македонското раководство како ургентно го поставило разрешувањето “на сите отворени прашања, до крај да се регулираат односите на НОФ и КПГ, спогодбено да се одредат формите и начинот за конструктивна ефикасна соработка на НОФ, НОМС и АФЖ од едната старна и КПГ, ДАГ и ЕПОН, од другата страна.” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 29.)
Секретарот на ГО на НОФ, Паскал Митревски и секретарот на НОМС Минчо Фотев побарале итна средба со ПК на КПГ во Солун за доследно применување на Спогодбата на НОФ и КПГ за обединување. Но тоа не бил интерес и на КП на Грција.
Со присоединувањето на македонските партизански единици на ДАГ, КП на Грција ја постигнала целта за преземање на раководењето со оружениот дел на македонското националноослободително движење кое требало да го елиминира како самостоен политички и оружен фактор во Грција. За постигнување на така поставената цел, КПГ пристапила кон реализација на планот за дезорганизирање и за елиминирање на организацијата на НОФ, (Фотев: “Намерите на раководството на КПГ биле други. Не само што не остана доследна на обврските што званично ги презеде (со Спогодбата за обединување - ММ) туку одбиваше секаква соработка со организацијата на НОФ”. (На истото место, 30.)) раководната сила на македонското НОД. Со ограничувањето на застапеноста на македонските кадри на раководните должности ќе се спречи нивното влијание во партиските организации и во единиците на ДАГ во егејскиот дел на Македонија.
Затоа било решено Паскал Митревски и Минчо Фотев, да отпатуваат во Солун, првиот да се сретне со секретарот на Покраинскиот комитет на КПГ Леонидас Стрингос, а вториот со секретарот на ПК на младинската организација ЕПОН, Никос Акритидис за да ги договорат активностите за доследно спроведување на Спогодбата за обединување. (М. Фотев, Односот на КПГ кон организацијата на НОФ, 13.) Патувањето на македонските раководители на средбата со ПК на КПГ и ПК на ЕПОН било опструирано со необезбедување врска за нивно патување од Пајак Планина за Солун. Членот на ПК на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија, Еврипидис Капетањос-Панос бил задолжен да ги спречи да отпатуваат во Солун иако Митревски по Спогодбата за обединување, бил член на Покраинскиот комитет на КПГ, а Фотев на ПК на ЕПОН.
Митревски го упатиле до претставништвото на КПГ во Југославија како врска за патувањето во Солун. Вистинската намера на раководството на КПГ, била подолго време да го изолира од македонската организација и да подготви терен за негово компромитирање и елиминирање од водечката раководна функција на НОФ. Инсистирањето на таа врска било симптоматично за раководните лица на НОФ. Сепак, таа била единствената можност во директна средба со ПК на КПГ да се расчистат работите. Паскал Митревски по силно инсистирање од Минчо Фотев, прифатил да патува преку Југославија. Пред заминувањето од Пајак Планина тој ги задолжил Евдокија Балева-Вера да замине во Леринскиот и Костурскиот округ, а Минчо Фотев во Ениџе-Вардар и Гумениџе, да раководат со окружните организации на НОФ, “се додека не бидат повикани.” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 29.) Веднаш потоа Паскал Митревски преку Гевгелија преминал во Југославија. (М. Фотев, Односот на КПГ кон организацијата на НОФ, 13.)
Во тоа време монархистичката влада на Грција, поради присуството на Анкетната комисија на ООН во Солун, спровела уште поригорозни мерки на контролата за движењето во централниот и западниот дел на Егејска Македонија.
Армиските, жандармерските и полициските сили презеле вонредни мерки на контрола над населените места што гравитирале кон Солун, Ениџе-Вардар, Гумениџе, Воден и Бер, посебно за влегување и излегување од Солун. За помалите населени места што тешко се контролирале или не можеле да се држат под целосна контрола, било спроведено иселување на населението. Во октомври и ноември 1947 година, полицијата целосно ги иселила селата: Баровица, Рамна, Петгас, Црна Река, Лумница, Купа и др. Дел од населението било протерано и пребегнало во НР Македонија, а преостанатото било интернирано во градовите и ставено во неподносливи услови.
(Фотев пишува дека на тоа македонско население во градовите “животот им беше вистинска драма.” (На истото место.))
Секретарот на ГО на НОФ, Паскал Митревски во својство на член на ПК КПГ за Македонија и Тракија постапил според директивата од раководството на партијата. Со “специјални курири на партијата бил спроведен во претставништвото на КП на Грција во Југославија”. (На истото место.) При предавањето на документите побарал веднаш да замине за Солун. Грчкото партиско претставништво постапувајќи според директивата од централата, го спречило неговото заминување во Солун. Со месеци бил задржуван во Југославија, (Фотев: “јасно е дека беше со цел да го компромитираат, да го деградираат, да го лишат од раководните функции. Тоа истовремено беше директен атак и против НОФ.” (На истото место. 30.)) за да му се дадело време на ПК на КПГ да го отстрани целото актуелно раководство на НОФ предводено од Паскал Митревски, и да постави лојално раководство. КПГ не сакала да толерира постоење на авторитетна македонска национална револуционерна организација, (Фотев: “КПГ не сакаше македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија да има своја самостојна политичка организација која ќе раководи со неговата борба за национална и социјална слобода.” (На истото место, 31.)) уште помалку да има партнерски односи со НОФ како што се обврзала со Спогодбата за обединување.
Раководството на КП на Грција по присоединувањето на македонските партизански единици во ДАГ, веднаш презела организирана акција НОФ “да ја дискредитира пред македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, па дури и во НР Македонија”. (На истото место, 31.) Со декларативни ветувања давани “во независна слободна Грција дека македонскиот народ ќе бил рамноправен и ќе ги уживал сите културни и национални права”, (На истото место.) само како тактика, го подготвувала укинувањето на македонската национална организација. Врските на ОК на НОФ на Ениџе-Вардар со Главниот одбор на НОФ на Вичо Планина биле прекинати. Претставникот на КПГ, Еврипидис Капетанос- Панос, и по два месеца од заминувањето на Паскал Митревски од Пајак Планина, не давал никакви информации за тоа.
Барањата од секретарот на НОМС Минчо Фотев, за поврзување со ПК на ЕПОН биле одбивани, (На истото место.) иако тој бил член на Покраинскиот комитет.
Во почетокот на април 1947 година, секретарот на НОМС и член на ГО на НОФ Минчо Фотев, придружуван од курирот Мичо Коровешовски (М. Коровешовски, од с. Смрдеш, Костурско. Бил десетар во Првата македонска (Егејска)
бригада, командир на одред на ДАГ. Загинал во1947 година.) и личниот курир на Паскал Митревски, се упатиле во седиштето на ГО на Организацијата на планината Вичо. Во Воденско, во селата Кронцелево и Долно Радиво, бил одржан состанок со окружното раководство на НОФ во состав: Вангел Ајановски -секретар на Окружниот одбор, Петре Шорев-Фидан (младински раководител), Ристо Букувала-Жуков, (Р. Буковалија-Жуков од с. Теово, Воденско. Учесник во НОД, член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско, борец во ДАГ.) Ѓорѓи Манчов и др. На состанокот биле разменети информации за воено-политичката ситуација во Воденскиот и Ениџе-Вардарскиот округ, за активностите на организациите: НОФ, НОМС и АФЖ и односите со КПГ, ЕПОН и ДАГ. (На истото место, 31.)
Ајановски ги информирал за влошувањето на односите поради односот на раководствата на КПГ и другите грчки политички организации. “Остро ја осудил Спогодбата за обединувањето” на НОФ и КПГ и обвинил дека со обединувањето на НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија со грчкото демократско движење “НОФ отстапила од првобитните програмски начела”. (На истото место, 32.)
По пристигнувањето во реонот на планината Вичо на слободната територија во с. Прекопана, Фотев не успеал да се сретне со членот на ГО на НОФ Михајло Керамитчиев кој бил отсутен, и заминал во Костурскиот округ. Во с. Смрдеш биле одржани неколку средби со секретарот на ОК на НОФ и со другите раководители на НОФ, НОМС и АФЖ: Крсто Мангов, (К. Мангов од с. Д’мбени, Костурско. Бил борец во ЕЛАС, заменик политички комесар на баталјон на Првата македонска (Егејска) ударна бригада, секретар на Окружниот одбор на НОФ за Костурско, претседател на Окружниот одбор на народната власт за Костурско, прететавник на Привремената демократска влада на Грција за локална народна власт и член на Извршниот комитет на централниот совет на НОФ. Загинал на 11 август 1949 година кај с. Брезница, Костурско.) Никола Панов, Трајко Супелов, Панајот Караџа, (Панајот Караџа(ов) од с. Д’мбени, Костурско. Учесник во НОД на македонскиот народ во Ег. дел на Македонија, комунист, секретар на Околискиот одбор на македонската младинска организација на НОМС, член на Околискиот одбор на НОФ за Костурско, шеф на подрачната единица на народната милиција на ДАГ. Загинал во 1948 година.) Хрисанти Цанзовска, (Х. Цанзовска од с. Чука, Костурско. Била секретар на Окружниот одбор на АФЖ за Костурско. Емигрирала во Полска, а оттаму во Бугарија, во Пловдив.) на кои било расправано за ситуацијата во округот, “активностите на НОФ и положбата на народот, особено во окупираните подрачја”, како и за проблемите со КПГ создавани од “потценувачкиот и арогантен однос” спрема активистите на НОФ, (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 32.) што воделе кон влошување и заострување на односите.
Првиот конгрес на АФЖ од егејскиот дел на Македонија Организацијата на АФЖ од егејскиот дел на Македонија израснала во масовна национална организација активно вклучена во оружената ослободителна војна. Фотев наведува податоци дека во единиците на ДАГ се бореле преку 3.000 Македонки. Голем број од нив за докажаната способност и храброст добивале офицерски чинови и биле одликувани од Демократската влада на Грција. Многу Македонки првоборци, офицери на ДАГ, ги положиле своите животи во војната за слободата на својот народ, како: Цвета Андреева, (Катина Андреева-Цвета од с. Мокрени, Костурско. Била член на реонскиот одбор на македонската младинска организација на НОМС, потпоручник, командир на вод на ДАГ. Загинала 1949 година.) Теодору Шкорну-Паскалова, Евгенија Кирјакова, (Е.
Кирјакова од с. Нестрам, Костурско. Борец на ЕЛАС од 1943 година. Била член на Окружниот одбор на ЕПОН за Костурско, член на Окружниот одбор на НОФ за Костурско, потпоручник на ДАГ. Загинала во 1949 година.) Теано Пачу, Афродита Дувалевска, (А. Дувалевска од с. Нестрам, Костурско.) Евгенија Андреева, Ники Динка, Катина Думкова, (Катина Думкова-Тинка од Екшису.) Пепи Кирцова, Германија Пајкова, (Г.
Пајкова од с. Герман, Преспанско.) Ангелина Попова, (А.
Попова од с. Долно Клештино, Леринско.) Ленка Ризова, Лина Ралева, Архонда Марковска (А. Марковска (ќерка на Малина Марков(ск)а, член на Околискиот НО одбор за Леринско), учесник во НОД, загинала во борба како подофицер на ДАГ (Евдокија Фотева-Вера, кратко потсетување за шеесетгодишнината од основањето на македонската организација на НОФ (Народноослободителниот фронт) во Егејска Македонија и тогашните настани во Грција, 7 (СА.-Фотеви, машинопис).) и др. Исто така било големо и учеството на жените Македонки во помошните единици. Над 500 Македонки вклучени во АФЖ биле затворани или интернирани во грчките концентрациони логори. Некои биле осудувани на смрт и стрелани. Првата Македонка, воедно и прва жена во Грција осудена на смрт од военот суд и стрелана, била Мирка Гинова, секретар на Окружниот одбор на АФЖ на Воденскиот округ, xеројот на македонскиот народ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 42.) Раководството на КПГ имало потолерантен однос спрема македонската организација на жените - АФЖ.
Конгресот на АФЖ, се одржал на 29 април 1948 година, во близина на с. Бесфина, Преспанско (егејски дел на Македонија), на отворен простор поради опасноста од бомбардирање на селото од авијацијата на монархистичката влада на Грција.
Учествувале 420 делегати од сите околии од егејскиот дел на Македонија, жени борци во ДАГ и гости “од сите организации и партии учеснички во Граѓанската војна”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 41-42.) Конгресот избрал нов Главен одбор на АФЖ. За секретар повторно била избрана Евдокија Балева-Вера. Како главна задача било поставено јакнење на акционата способност на организацијата. (Според сведоштвото на Евдокија Балева - Вера “организацијата на АФЖ од Егејска Македонија ја покани сродната организација на АФЖ од НР Македонија да учествува во работата на Првиот конгрес на АФЖ од Егејска Македонија. Но, делегацијата од НРМ во чиј состав влегувале Мара Минанева, Лилјана Манева и уште еден член биле запрени во Корча /Албанија/ и поради тоа пристигнаа дури по завршувањето на Конгресот. Тие беа отпосле запознаени со настаните во Егејска Македонија”.)
По конгресот, и во дејствувањето на АФЖ се појавиле слабости предизвикани со “разбивачката дејност на сепаратистичката група”. (На истото место, 42.)
Фракционерството и поделбите во раководството на НОФ Внатрешните поделби и фракционерството во раководството на НОФ, КП на Грција го користела за дезорганизирање и маргинализирање (За тоа Фотев пишува: “Во прилог на остварувањето на намерите на КПГ одеше полтронскиот однос на Михаил Керамитчиев кој ја водеше сепаратистичката група (во организациона смисла - ММ) што егзистираше во НОФ и по секоја цена сакаше да дојде на чело на НОФ.” (На истото место, 31.)) на македонската национална организацијата. За таа цел бил придобиен Михајло Керамитчиев. Со неговата фракцијата (според тврдењето на Фотев) КПГ оргацизирала смена на раководството на НОФ предводено од Паскал Митревски. На барање на раководството на КПГ Михајло Керамитчиев, во отсуство на Паскал Митревски - секретарот на ГО на НОФ (кој со организирана акција бил отстранет од егејскиот дел на Македонија и бил држан во изолација во НР Македонија) без консултирање со членовите на ГО на НОФ, закажал состанок на Активот на НОФ на Кајмакчалан, Воденско, близу до грчко-југословенската граница. (На истото место.)
На 12 мај 1947 година, раководството на окружната организација на НОФ во Костурскиот округ, била известена за одржувањето на состанокот на Активот на Организацијата, за денот и местото каде што требало да пристигнат делегатите од Костурско. За состанокот не биле испратени никакви материјали, а на повиканите делегати не им бил претставен ниту дневниот ред.
Окружниот одбор на НОФ за состанокот на Активот одредил четири члена делегација во состав: Ламбро Чолаков, Крсто Мангов, Јани Пировски и Трајко Супелов. Делегацијата ја задолжил да пристигне во Воденско на одредено место најдоцна еден ден пред одржувањето на состанокот, делегатите да се запознаат со дневниот ред и евентуалните материјали, за да можат да заземат став околу прашањата за кои претстоело да се расправа и одлучува. Со делегацијата од Костурско допатувал и секретарот на НОМС Минчо Фотев кој, иако бил член на Главниот одбор на НОФ, не бил поканет да учествува на состанокот на Активот. (За тоа Фотев остро протестирал кај Керамитчиев. (На истото место, 34.))
Костурската делегација на 18 мај 1947 година пристигнала на Кајмакчалан во месноста “Мишови колиби”, Воденско, местото одредено за одржување на состанокот. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 33.) За одржување на состанокот не бил известен и повикан, ниту членот на Главниот одбор на НОФ Ѓорѓи Урдов-Џоџо, ниту командантите на единиците на ДАГ, исто така членови на НОФ, Пандо Шиперков, Михаил Апостоловски-Гранити и други, основоположниците на Организацијата. (На приговорот за нивното неизвестување Керамитчиев арогантно одговорил: “Сите тие раководители на НОФ кои служат во ДАГ повеќе немаат работа со проблемите и работата на оваа организација”, (На истото место, 33.)) Керамитчиев во тајност го држел дневниот ред од состанокот и по пристигнувањето на делегатите. (На барањето од Минчо Фотев - член на ГО на НОФ пристигнатите делегати да го добијат дневниот ред на состанокот, рефератот и др. материјали, Керамитчиев одговорил: “Утре, кога сенофскиот актив ќе почне со работа ќе се запознаете со дневниот ред и со содржината на мојот реферат. Секој учесник има право да учествува во дискусијата”.
(На истото место, 33.)) Пред почетокот на состанокот, делегатите од Костурско од свикувачот побарале да ги информира за отсуството на секретарот на ГО на НОФ Паскал Митревски. Михајло Керамитчиев наместо одговор ги упатил до претставникот на ПК на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија Георгиос Еретријадис-Петрис. (На истото место, 34.)
Керамитчиев не го прифатил барањето на делегатите за одложување на состанокот за кој тие сметале дека бил штетен за НОФ, поради начинот на кој бил свикан и очигледно со недобри намери. Ги известил дека постапувал според директивите од раководството на КПГ. (Керамитчиев: “Вашиот предлог не го прифаќам, дали постапив правилно или не тоа ќе го цени раководството на КПГ, по чија директива настапувам и работам”. (На истото место, 34.)) На приговорот дека организацијата на НОФ има свои правила кои треба да се почитуваат и по нив да се постапува, делегатите не добиле одговор. За барањата на делегатите, Керамитчиев го известил претставникот на ПК на КПГ Георгиос Еретријадис-Петрис, кој веднаш ги повикал во колибата во која престојувал, Делегатите му ги поставиле истите барања. Неговиот одговор бил дека свикувањето на Активот на НОФ било дело на Керамитчиев, иако тој според тврдењето на Фотев, непосредно учествувал во организирањето и во формулирањето на ставовите и решенијата што требале да се усвојат. (Фотев: “Тоа што го кажа Петрис не беше вистина, тој и Керамитчиев заеднички решија, заедно ги смислија ставовите и решенијата на активот.” (На истото место, 34.)) На прашањето за отсуството на секретарот на ГО на НОФ Паскал Митревски, Петрис ги известил дека КПГ нема да дозволи тој да раководи со НОФ. (Според пишувањето на Фотев, Петрис со висок тон и дрско рекол: “Паскал Митревски не може да раководи со НОФ од Скопје. Делото на НОФ е дело на КПГ, затоа го нема Паскал. Треба да знаете дека метлата на Паскал нема повеќе да мете.” (На истото место, 34.)) Со функционерот на КПГ се солидаризирал Михајло Керамитчиев, по што дошло до заострување на ситуацијата и напната атмосфера. За расчистување на состојбите, делегатите побарале одржување на состанок во присуство на Паскал Митревски.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/11 on October 29, 2026