Front Matter - Part 04
И аскер наш, велее, наш аскер направие, ама избегае таму о таа Македонија де имаше многy македонцки аскер... И сетне па дојде грцкио аскер и многy корофилаци кои многу, многу не бувае, а маџирте и клавае да ни праве пљачко... Шо вели?
-Те опитва кој аскер беше подобар?
-Ами, бре чендо, кој чуж аскер е добар? Кога гредее, никој не му рече добредојде. Кога си одее, никој не му рече - па дојте.
Само нашите комити си ги чекаме со радост и со солзи и со леб и сол и вино и веленцина под нозе му постелваме... Шо вели?
-Те опитва зошто?
- Зошто? За тоо шо бее наши. Со леб и со вино ги пречекавме и тие со чрвените ризи шо дојдоа од таа Македонија и од радосг плачеме кога ни зборвае македонцки и кога ни пееје македонцки песни. О црква одеме и свешчи палеме и Богородица а молеме да му се врне дома на мајките здрави и живи и се чудеме и, крстејќи се, си велеме: пули, пули, аскерлии и македонцки зборве и пее...Шо вели?
- Те опитва дали кaј овие кои сега се по планините и шумите имаш некој твој?
- Имам, чендо, имам... Мнученишча и многу ројнини... Шо вели?
- Те опитва дали им давате храна?
- Како нема да му даш на свој човек? И рана и пљачки му даваме и постела... Ама заш трнае нашите со Грците, ич о глава не ми влевга... Ич не можа да разбера... Опитaј го, тој да не знае, а? Шо вели?
- Те опитва дали син ти Митре ти пишува?
- Ами две години по бојо Митре мој пушваше и книги п пари и пакети. Дуќан може да отвора. Половина Костур да облеча и да обуја, ама маџирите - арамии се довлечкаа по аскеро, удрија пљачко да прават. Со казми копаа под темелите, растурија келари, јa најдоа и јa отворија јaмaтa. Дојди да видиш... Све растурија, све испозвее, ама книгите и оставие... Пули туа...
Сендуците испокршени, мојте невестински руби изрвани, љуљката о којa ми порастее дечките - испокршена и разбојот комати сторен... Е... уф... - тивка, длабока, сподавена тажна и болна воздивка... - Ех... - одново воздивна таа, се прекрсти и потоа скрсти раце на скутот. - Какви радости... какви радости, мои људје, какви радости... - рече - повтори со трогнат глас -какви радости имаше во ова кyќa... Три начнувања, три рaѓaња, толку крштевки, две свадби и безброј гоштевања... Амбарите никогаш празни, а земјата и нас не хранеше и чужите аскери...
Две рала волови под јaрем, коњ само за на свадби, за на панаѓури и за на пазар; седумдесет брави овци, четириесет брави кози, две крави молзници и двајца измеќари... Ланската година, пролет беше, дојдоа маџирите од населичките села и се шо не скриме под земја - опњачкаа. Да се жалам? Кaј кого?
Аскер грчки имаше ету таму, ама аскерлиите и нимните големци сеир си правее. По некој ден ојду о Костур, ама со кој ќе се разбериш? Езико не му го знаеш, нем си... И тие шо му го знае езико, се плаше уста да отворе...
Новинарот се наведна и подигна неколку разгледници. На нив се нему познати градови: Детроит, Њујорк, Вашингтоn, Лос Анѓелес и многу други разгледници со делови од градови и споменици по кои се препознава Америка... Долго јa гледа разгледницата со поширок поглед на Детроит. Покажа со прстот на горниот дел и рече на англиски:
- Тука ми е куќата...
- Шо вели?
- Вели дека градот што се гледа на кадрото е негов град и дека таму му е куќата.
- Опитај го кога ќе си оди дома?
- Вели дека по еден месец.
- Речи му да не заборави да го побара син Митре. Нека го бара кај фурнаџиите... Шо вели?
- Опитва дали може да те кадроса?
Старичката се насмевна. Тажна и болна, одвај видлива насмевка. Се згустија брчките на челото и лицето. Се поднамести. Со лесни движења на дланките ја поправи долгата црна малина и врз неа нафрлениот шајак подрабен со црвени реси и мониста. Стана. Се исправи. Стави рака врз чело за да фрли сенка над очи. Левата рaкa јa стави на колкот, чиниш со старечкото рамо го потпира целиот изминат живот. Долг и молежлив поглед пушти пред себе. Како со остар пет на ластовичка јa пресечува далнината небаре пренесува длабоки, незгасливи и непресушни желби. И така загледана во бескрајот
– чека...
- Ами, бре деци, ме фатите со лав и јaскa заборај да ве почестам... Имам пекмез од горници. Многу е сладок. На, зевајте, на и вода, пред малку од изворот ја донесов.
На здравје...
Планината отаде шумата пламна во пурпур. Заоѓа сонцето.
Студен есенски ветер подувна од север и на черешата и ги откина лисјето и ги разнесе низ селските сокачиња... Со боја на пепел надоаѓа примракот. Старичката го запали кандилото и го стави на равтот над огништето. Маслениче свети пред иконата на Богородица. Разбиен е густиот мрак во одајата. Старичката јa донесе софрата, јa покри со бел пешкир и стави чинија со сирење и половина погача. Во меѓyвреме новинарот од џипот донесе една кутија и од неа извади конзерви и ги стави на софрата. Вечераат молчејќи.
Низ малото пенџерче се гледа жолтата топка на тукушто огреаната полна месечина. Старичката ги собра трошките во едната шепа, стана и рече:
- Туа ќе ви постела да спиете.
Седнат скрснозе и налактен на софрата, во кругот на светлото на батериската ламба, новинарот пишува. Се слyша само тивко шушкање на пенкалото по хартијата. Преведувачот спие со отворена уста. Кога пребледе ноќтa, новинарот се уште пишуваше. Гласното кукурикање на петелот го оттргна од пишувањето. Тој стана, се протегна, го размрда телото и излезе надвор. Студениот есенски ветер го удри в лице. Се врати во одајата и го разбуди преведувачот.
- Станувај. Време е да одиме.
Кога веќе беа пред прагот, пред нив застана старичката и со тивок глас ги праша:
- Си ојте? Со здравје и со добро. А ти речи му да ми го побара синот таму о Детроит... Aј, со Господ Бог напред...
Новинарот клекна пред неа, ниско наведна глава, нејзината дланка јa собра во неговите и ги бакна со долг срдечен и благодарен бакнеж...
На осмиот километар од селото џипот налета на мина. Од горе, од позициите, слегоа петмина партизани. Џипот исфрлен од друмот. Во ендекот мртви лежат американскиот новинар и неговиот преведувач. Скрaјa ранец. Во него најдоа дебела тетратка испишана со ситно читко писмо.
- Има ли некој кој знае да го чита ова писмо?
- На англиски е. Јaс знам англиски... -јa зеде тетратката, јa прелиста и рече: - Да седнеме. Ќе ви го прочитам... Да, првите две страници се нечитливи. Крвта впиена во хартијата ги размачка буквите. Ќе почнам од тука...
“Ти праќам и една нејзина фотографија. Јa најдов меѓу мноштвото писма, стари разгледници. и фотографии. Многу е стара. Не само што јa бележи нејзината младост, туку и самиот почеток на нашиот век. Таа е белег и потврда на времето и на животот што тука се одвивал со векови. Нема да се осмелам да јa објавам во ниту еден дневен весник зашто се плашам дека ќе умре заедно со веста. А таа треба да живее вечно. Затоа личи, вреди и треба да се најде во вашата нова куќа во новата татковина. Во наредното писмо ќе Ви пратам уште две фотографии. Едната јa снимив пред прагот на тоа што до пред неколку денови беше куќа, твојaтa куќа во којa си роден и пораснат и од којa си пошол во светот. Од кyќaтa, во приземјето, е останато само едно одајче. Спастрено е со милина и љубов, небаре секој час чека гости. Во ќошот икона на Богородица пред која свети кандилце со потулено пламенче.
Тука, во ова собиче, твојaтa мaјкa, ме нахрани со парче леб и чаша козјо млеко. Никогаш досега не сум јал нешто повкусно.
Една фотографија ќе задржам за мене за да ме потсетува таа прекрасна жена на миговите што ги поминав тука, а кога ќе се вратам во Детроит, фотографијата ќе јa врамам во позлатена рамка за да ме потсетува на тој ангел од македонската земја...
Џим драги, Твојaтa мaјкa ми раскажуваше дека со години собираше прике за вашите ќерки... предела и ткаела, ми велеше, плетела и шиела по цели ноќи. Така, ми велеше, тука прават сите мајки...
Тука, драги Џим, јaс јa сфатив смислата на напорот и болката на постоењето; тука ги видов корените длабоко вжилени во карпите и во испуканата земја. Сурова, каменеста, испечена од сонцето, излокана од водјето и извеана од ветровите, но украсена со човековата убавина и топлина, иако понижена и испоганета од новоослобидителите е Твојaтa земја, драги Џим.
Јaс искрено им верував на политичарите во Атина, меѓyтоa, сега за нив имам само презир и се прашувам дали имаат тие и најмалку чувство на достоинство и морам да признаам, иако со тешко срце, дека јaс, припадник на таканаречениот слободен и цивилизиран западен свет, ете, денес, се срамам... Имам чувство дека ова парче земја, вечно место на крстарења на небројни завојувачи, место врз кое е растурена лакомоста на соседите преку кои големите нaоѓaaт својa сметка, заради што е подложено на страдања, тагувања и исчекувања, е единственото место каде човек само со пот го спечалува лебот насушен, а мир и покој нема да крaјот на своите дни...
Долго и молчешкум јa гледав мaјкa ти и го запамтив секое треперење на нејзините образи и збрчканото лице на кое и покрај длабоката старост, меѓy брчките се уште се сочувани остатоци од дамна одмината убавина. Ми покажа некои делови од нејзината моминска руба... Не знам како успеала да јa сочува. На неа видов пафти сребрени, пари од разни времиња и владетели и вез рачно везен со црвен конец на бело платно...
Во ушите како најмила мелодија ми звучи нејзиниот глас кој ми се чини, сепак, дека е нејзино вчера и денес. А утре? Јaс, драги Џим, навистина сум вџашен! Во разговор нa зaтече ноќта.
Седевме на прагот од опожаренaтa куќа. Над нас безброј јадри sвезди, какви што никогаш досега не сум видел над американските предели. Тука се чини, небото е поблиско до земјата, а најдалеку е од луѓето и од нивната судбина... До нас -скршена лулка. Вашата мaјкa ми раскажа дека во неа ве лулела додека бевте бебиња, вие нејзините три рожби... Ние си разговаравме седнати на прагот и за цело време низ селото поминуваше војскa и се префрлуваше отаде трапот и реката. Од кaј планините без престан допираа долги митралески рафали.
Таму упорно се бранат едни и напаѓаат други, а ние разговаравме и разговаравме и не забележавме кога се помести месечина, кога се разретчија ѕвездите и пребледе небото. Од долната маала зарипнатото кукирикање го навести доаѓањето на денот. Каков ќе биде?
Џим драги, Тука дознав за многу лаги но и вистини со што низ моите репортажи ќе се обидам да ја запознаам нашата американска јавност. За ова ми раскажуваа многу обични, нaјчесто неписмени селани. Имав трпение, преку преведувач, да го ислушам секого и да го запишам секој нивен збор. Избиени и голораки, под водство на комунистите, што е најлошо, станаа против државата којa со наши пари и оружје безмилосно ги бие и ги треби. Во мојот бележник имам запишано дека нашата држава во рамките на Трумановата доктрина досега и даде на Грција: 142 авиони со седум илјади бомби, деведесет и седум илјади пушки, три илјади и осумстотини и деведесет минофрлачи и митралези, четири милиони топовски и минофрлачки гранати и триста милиони фишеци. Во мојот бележник има и многу податоци кои се однесуваат на големите бројки други видови неповратна помош... Толку е дадено досега. А уште колку ќе биде дадено до конечното истребување на славо-комунистите и комунистичките банди како што има запишано во својот извештај генералот Ван Флит, кој е главен американски советник на режимот во Грција? Во Грција, драги Џим, се води жестока граѓанска војнa. Во неа се впрегнати и твоите Македонци. Според извори на грчкиот кралски генералштаб, а и според извори на комунистичкото раководство, на страната на комуншстите се бијат 25 илјади борци од кои, тврдат, 11 илјади се Македонци. Полуофицијални грчки извори тврдат дека во Грција живеат осумдесет илјади автохтони Словени, кои самите себеси се нарекуваат Македонци. Ако е така, тогаш секој осми е на борбена линија. А и целата позадина во костурскиот, леринскиот и воденскиот округ е мобилизирана од комунистите. Ужас! Америка ги сака бројките! За твоите сонародници, драги Џим, тие се ужасни!
Твојот народ тука е толчен! Врз него незаситно се заканува разурнувачката моќ на омразата. Отворена е длабока рана, којa ако некогаш се излекува, ќе остави лузна што ќе трае во душите на многу поколенија. Луѓето тука се фрлени на дното на човековата пониженост, ги дробат, ги раскинуваат. Врз нив државата има фрлено анатема. Сретнав и луѓе кои ништо не знаат да прават, ништо друго и не знаат да мечтаат освен да војyваат и само да војyваат. Со војнa во очите заспиваат, со војнa во очите се будат. Тука огништата јa изгубија топлината.
Ако изгубат комунистите, а тоа со американска помош е сигурно, тогаш на твоите Македонци само црно им се пишува...
Драг мој непознат пријателе!
Те оптоварив со бројки. Прости ми. Таква ми е професијата. Се враќам на започнатото. Додека мaјкa ти раскажуваше, јaс непрекинато долго и молчешкум јa гпедав и го запамтиб секое треперење на нејзините образи и збрчканото чело. А во ушите се уште како најсмирувачка и нaјмила мелодија ми звучи нејзиниот глас кој ми се чини, сепак, дека е нејзино вчера и денес. А утре? Јaс, драги Џим, сум уплашен и вџашен... И уште нешто: тука упорно трае сеопштото владеење на сонцето, меѓyтоa, тука демонот пали и гори и од никаде нема спас ниту надеж, небаре ова место е место на проклетството... И се прашувам: кој го направи такво и зошто? Ништо не е случајно што се случува на овие простори, ништо не се прави без цел и одредени очекувања и никој и ништо не е без вината на многу кои јa наместија и јa местат судбината На ова место и фрлија врз него толку несреќи... Има ли бегање од ова? И каде Страдањето, мој пријателе, е она што покрај сонцето, тука најмногу го има!!! А изгревот на сонцето и заодот негов тyка имаат најубави бои - од најбелата до најпурпурната. Сите мени ги носат утрата и примраците. Насладување и привилегија е да ги гледаш...
Вечно! Така во синџир се рaѓa сонцето, велат, и заедно со него и страдањата. Дали само тоа? Ноќта е за одмор, велат, и пред заспивање - мигови за многу размислувања - каков ќе биде денот? И доаѓа тој со рaѓaњето на сонцето, сеопфатно и севладеачко... Така и треба да биде, меѓyтоa, тука злото истечува и се шири по земјата како отров заедно со рaѓaњето на сонцето и со неговата топлина и жарот што се шири од него. И продолжува ноќе. Дали затоа што во мракот, некому се чини, е помалку видливо? И во тие кратки мигови на размислување пред заспивање, неодложно ми се врти в глава прашањето:
сонцето, светлината, каменот, времето и човекот - што се? Моќ што заробува? А човекот овладеан од моќтa, што е со него?
Станува слепо оружје, живее ли во бунило неспособен да мисли и да ги оцени и преоцени сопствените постапки и да го сфати сопственото однесување? А способен ли е во такви околности да оцени и да сфати кој го води и со кого тргнал?
Господине Џим, Јaс се уште сум скршен... Светот е исткаен од лошо што води кон безнадеж. Светот во кој досега се движев е без вера, но не и луѓето кои живеат во него и требаше да јa сретнам твојaтa мaјкa за да сфатам и да се уверам дека има луѓе кои знаат да веруваат и да се надеваат во продуховеноста на денот, ослободени од демоните. Така и јaс мислам и сфаќам дека таму, каде што триумфира нихилизмот и цинизмот - таму надвладува животинскиот инстинкт и од земјата прави пекол. Тоа е жестоко, подло и... одвратно и за жал многу вистинито...
Изненадувањето е многу поголемо кога во лицето на една старичка гледаш исчекување, а чекањето што е ако не е сигурност и неограничена надеж во постоењето? Зарем ова чувство не ослободува од сите пороци, омрази и колебливости?
Честопати мaјкa ти ми велеше: “Дојдоа, синко, лоши времиња”'.
Значи ќе мораат и да одминат. Бурите доаѓаат и одминуваат.
Зарем така не било и со потопот? Но не е ли ова вера во некои нови времиња? Изгледа токму тоа е, бидејќи целиот нејзин живот бил само бура што носи и однесува, потоп и несигурност, а на кои секогаш им пркоси верувањето го носи и го праќа промислата. Некаква еврејскa ли истрајност? Така си мислев, ама не, тоа е нешто друго, не еврејска, ами тукашна, ваша, велам, зашто и ти, господине Џим, верувам, се уште тука припаѓаш... Ова е ваша истрајност, истрајност македонска. И се убедив дека друг излез нема: само истрајност. Само трпение.
Така ми рече и мaјкa ти... И не сум изненаден од тоа што многу луѓе тука ги носат имињата Трајко и Трaјaнкa, Живко и Живка и имињата на сите православни светци и на апостолите Петар и Павле. Во тоа е се - и болката и надежта и... Боже!!! А кога таа се моли, кога таа се крсти, кога таа подига очи кон небото – кога светлината сончева и светлината од малендавото маслениче и го осветлува лицето, ох, каков отсјaј има сонцето во нејзините очи, а молитвата нејзина - простодушна и срдечна, нескриено вознеслива и занослива, се чини Господа ќе го симне од небо... А јaс, уште од самоти почеток неумоливо шибан од измешани чувства, во се посмирувачка одушевеност и омaѓосaност, како да бев попаднат во некое длабоко урочување, вчудовиден и занемен јa гледав... Клекнав до неа, се наведнав, подигнав крајче од нејзината пола и го бакнав... ја бакнав и плочата пред олтарот што јa допираше мaјка ти со чело, удирајќи метании... Не, немам сочувство и сожалување за таа старичка, ами само восхит... Само восхит за нејзиното чекање и истрајување, за моќтa на нејзиното истрајyвање и големата надеж и тоа пред неа ме прави малечок и немоќен! И кога велеше - белки ќе дојдат други времиња - јaс во тие штури, навидум сиромашни зборови, гледам само бесконечно траење, а во бојата на гласот – триумф! Одново и одново се загледувам во нејзините очи, во лицето и челото ишарани со брчки и покорно, наведнувајќи глава и бакнувам раце и ... занемувам од восхит...
Деведесет години, живее на ова исто место, на ова парче божја земја. Ми рече дека никогаш не мрднала и не се оддалечила подалеку од еден ден одење, никогаш во животот не се тргнала од топлината и добрината на земјата на којa се родила и пораснала и по неа се движи, којa јa копа и ора, јa обработува и облагородува, јa сее и собира плод. Меѓy неа и земјата е плодот.
Таа, сонцето, плодот - рамно е на живот... Се оддалечи ли, тогаш се оттуѓуваат, разделница меѓy нив со широк јаз ќе настане и празнината ќе јa покрие коров. Кога детето се оттyѓyвa од мајчината града, тогаш престанува непосредниот допир со топлината на боската и млекото, се оддалечува телото мајчино. Се дотогаш мaјкaтa и детето се едно преку боската. Со одлачувањето - настапува делба, почетокот на разделбата и се создава нов однос и врски. Зарем не е така и со земјата и човекот? Се додека стоиш или лежиш врз неа, се додека јa чувствуваш под нозе, се додека јa допираш, јa обработуваш, јa облагородуваш, се дотогаш со неа си стопен. Зарем и со огништето не е така? Се додека во него тлее жарче и додека од него се откинува искра и се додека под прстите јa чувствуваш топлата спуза, се дотогаш тоа е дел од животот. Ако го снема жарчето, тогаш огништето станува само украс или останува во паметењето како далечен детски спомен... Во разговор и намнисување врви и завршува денот. Се свечерува. Намуртено надоаѓа сивото предвечерје и кога се чини дека мракот се ќе споплати, тогаш наеднаш зад нас се тргна облакот и зад него -половина од сонцето потпрено на ридот. Голем пламен го гори небото и целиот срт го покрива пурпур кој преминува во кадифе, а топката сончева запаѓа зад ридот и со последното болснување, воздивнува и завршра денот. Така загледани, седиме ние на прагот од тоа што беше куќа, а јaс се обидувам да се вгледам во очите на старичката и низ нивниот блесок да влезам во нејзината душа и да проникнам во нејзините чувства.
И сфатив дека во ова време на грозомора, нејзината душа е како мелем на отворена рана... И тие нејзини очи!!! Цело време гледам во нив благородна вдахновеност, чинам, не денешна, ами пренесувана и љубоморно негувана од колено до колено и гледав уште искри на подбивност кон уништувачкото бреме на времето кое на овие простори истури толку омраза, лошотилак, кодошлук и подбуцнување... А кога ми ги подаваше писмата, кога ми покажуваше делови од рубите, кога ми јa покажуваше скршената лулка, кога... Пак облак покрива небо... Не споплати веќе квечерината и не забележавме кога падна мракот. Расте, се згустува мрачнината со секој изречен збор, со секојa издишана издишка и во неа го чувствувам виежот на болката и осамата и стегањето на чемерот насобран ко грутка и тврд како кремен, чинам, го чувствувам во мојата сурова дланка... Воздивот нејзин ми зборува, ми прикажува... ама мене не ме напушта претчувството дека оваа голема густа мрачина навестува само зло... дека сме заедно, еден спроти друг, чувствуваме по дишењето и макаршто мракот е голем и густ, ми се чини дека и во него се гледаме... Наедаш од зад густиот облак се појави полна месечина, подувна ветер и небото се наполни со јадри sвезди какви досега никаде не сум видел. Сега се гледаме во синкастата светлина и во молкот ние одвај забележуваме дека сврти месечината, ѕвездите пребледија, а онаму високо - високо се губи Млечниот пат и тука долу, полека се ретчи мрачнината и зората надоаѓа бледо...
Зазорува, драги Џим, И веќе е зора. Во сива замаглина сповиена е Сињачка и над неа полека се појавува белузнава боја, се издигнува таа и по неа, во испреплетени партали се редат жолтеникави, розови, златни, црвени, пурпурни појаси. И пурпурен е блесокот и отсјaјот во облаците... А ние се уште сме седнати на прагот и меѓy нас зборовите паќаат како скршени гранки, се ронат како лисјето наесен. Тишина... Сонцето не затече вгледани еден во друг. И одеднаш тишината јa развеа лаеж. Од долу, па на кaј горната маала се влече синџир од војници. Врват тие покрај тоа што некогаш беа куќи. Врви владината војскa и многу од војниците на рамо носат наши, американски автомати. Мaјкa ти долго се загледа во колоната и тивко рече: “Оди аскеро нашите да ги бие...” Останав нем и засрамен и се уште меѓy неа и мене јa чувствувам големата празнина и широкиот и длабок јаз. Сега дури си спомнувам дека не и одговорив кога ме праша зошто Македонците појдоа в планина заедно Грците. Не знам...
Зошто? И како за оправдување на мојaтa немоќ и неукост во себе си велам: тука, драги Џим, секој си има свој крстоносен пат... Во текот на денот или утре ќе го довршам писмово и ќе се погрижам што поскоро да ти го пратам...” Во ранецот најдоа и половина шише жолтеникава течност.
Имаше мирис на подгорено и немаше вкус на онаа ракија на којa се навикнати - печена од грозје и лута... Подавајќи го шишето од рака в рака, пивнуваат од чудникавиот пијалок.
Чувствуваат дека се загреваат и секој во себе на свој начин го прераскажува и тажновито и болежливо го доживува тоа чудно писмо, зашто низ секој збор гледаат по нешто од својот дом, а најмногу болка ги спржува кога се обидуваат пред очи да го доближат образот на старичката, зашто им се чини дека при секое мигливо затворање на очите -јa гледаат својaтa мaјкa. И мислат на овој непознат маж, кој сега лежи ничкум свиткан во трапот и се прашуваат зошто ли толку упорно и страстно тој посакал да влезе во душата на старичката и зошто толку многу посакал да ги почувствува сите нејзини некогашни радости и да јa разбере нејзината болка, кога тука, наоколу, толку свирепо надвладеа омразата? Затоа не им изгледа чуден и тој тyѓ неразбирлив јазик, ами топол и близок... И затоа пцости и горчини исплукаа кога комесарот, карајќи ги, му се изнавика на тој кој го читаше и преведуваше писмото.
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА – 4 Среде црква развален оган. Горат цепеници донесени од најблиските дворови и колци извлечени од селските плетови.
Жари пламенот, ги подлижува и ги прегрнува цепениците, разнишано се извишува нагоре, се напластува дипла врз дипла, за миг се смалува и со поголема сила наеднаш расте и пругоре исфрлува роеви искри. Како сподавен крик се крши колец и налегнува жарта врз жар. Изsемнати, покиснати, подаваат пред себе раце се поблиску до огнот. Остриот чад им истиснува солзи. Тие, кои седат поблиску до огнот, се поместуваат и потсобираат нозе. Топлината од жарта и пламенот им бие в лица спурени од ветрот и студот. Раседнатите околу огнот откопчуваат шинели, зеваат со широко отворени усти.
Топлината тера на дремка, а над нив се подаваат раце, се туркаат за да најдат поблиско место до огнот.
Млада жена, некои рекоа дека е од раководството на Антифашистичкиот фронт на жените, а други, пак, дека е комесарка, со сарак го спотнува огнот и вели:
- Другари, борци, ајде, тргнете се, нека се стоплат и другите.
Понатаму, понатаму, раширете круг. - Таа малку се помести.
Лицето и е поцрвенето од топлината. Го откопча шинелот, го соблече и го префрли преку рамена. Со истиот сарак почепка во огнот и, воздивнувајќи, рече: -Ама жар, ама жар, само за печено...Ех, да имавме сега некој компир или...
- Костени... оваа спуза само за костени е...- дофрли некој.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/golemata-udolnitsa/4 on October 29, 2026