Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Decline

Front Matter - Part 07

By Петре Наковски · Part 7 of 22 · About 23 minutes

Read in English

Честопати, во примракот, си седевме на чардак и тивко-тивко, колку за наши уши и наслада, си пеевме наши песни. Зборовите не ги разбираа, ама одушевени беа од гласот. “Имате многу убави песни” – велеа и си потпевнуваа низ нос се додека не заспиваа во нашата гостинска соба. Таму мајка и баба им постелуваа. Со старичките си зборуваа македонски, а со мажите, па дури и со старците, освен едно калимера, не правеа муабет. Ние, девојчињата, си ги сакавме и кога понекогаш, ама повеќе од навика им велевме добар ден, наместо калимера, тие не ни се лутеа и не не караа, ами ни велеа: - Дома, со мајките, бабите и дедовците, секогаш да си зборувате само грчки, зашто само така ќе можете да бидете добри девојчиња и тогаш и Господ и Богородица многу ќе ве сакаат и секогаш ќе ве заштитуваат. Ако не зборувате така, како што ви велиме, тогаш секојa ноќ ќе сонувате само соништа во кои во густи шуми ќе ве бркаат волци, од матни води ќе излегуваат змејови и со пламени јазици ќе ве горат... и добрите ангели нема да ви дојдат на помош...

Јaс од тоа се исплашив многу и уште истиот ден, враќајќи се од школо, пред порти го сретнав дедо и му прозборев грчки. Тој ме погледна и строго и жаловито и, ставајќи го прстот на усните, ми просаска:

- Сус, чендо... - и толку, повеќе ништо не ми рече и мене за тој ден и повеќе денови потоа ми беше доста. Арно ама, изгледа подзаборавив. - Еден ден татко ме праша:

- Што учевте денес?

Цело време ја учевме молитвата, а таа почнува вака: “Патер имон...” – тогаш дедо се искашла, јас го погледнав и во неговите очи ист укор како пред неколку недели. Не продолжив, зашто ја заборавив. А дедо ме зеде на колено и рече: По наше молитвата е вака:

Отче наш иже еси на небесах, да свјатитсја имја твое, да приидјет царствие твое, да будјет воља твоја, јако на небеси и на земли.

Хљаб наш насушниј дажд нам днес и остави нам долги наше јакоже и ми остављајем должником нашим;

и не ввеги нас во искушение, но избави нас од лукавого и ниње и присно и во вјеки вјеков... амин...

- Јa знам оваа молитва! - извикав, а дедо ме гушна и ми рече:

- И никогаш, чендо, да не јa заборавиш...

Циљка прекина, воздивна длабоко, погледна на околу и тивко, одвај чујно изусти:

- А дедо и баба и мaјкa и татко и сите ние рожбите нивни дома секогаш вака си се крстевме и велевме: слава Отцу и Сину и Свјатому духу и ниње и присно и во вјеки вјеков... Амин.

Циљка подигна очи кон таванот на земјанката и занемена трипати се прекрсти.

- Ете, така, ние се крстевме и се молевме дома секогаш од кога памтам за себе... – прошепоти Циљка и згасна и потона шепотот нејзин во длабоката тишина. Во огништето вкопано во sидот на земјанката гласно прсна искра; се размножи во очите на исполегнатите и навалени борци. По неа полета парталче пламен и веднаш потоа се распалија кратко сечените цепеници.

Пламенот ги обвиткува, ги лиже, се префрлува од крај до крaј и олеснувачка топлина јa исполнува земјанката. Во полумракот се откинува длабока воздишка и ја олеснува тагата и болката.

Молк завладеа и само искрите и пламенот во огништето се разигруваат и ту ги лулаат, тy ги издолжуваат и скратуваат сенките раздвижени на sидот...

- Продолжи, Циљке – се слушна гласот на Зоја.

- Јас завршив само четврто одделение. И со него дојдоа сите селски работи. Станував со мајка во мугрите и така врвулица работите цел ден. Зарем малку работа има на село? По жетвата малку олеснуваа работите и си велев, aј уште малку, уште месец и ќе тргнам на школо. Во кратките летни ноќи, лежејќи на рогозина врз калдрмата во дворот (дома не спиевме лете зашто не јадеа болвите) и загледана во безбројните sвезди што мижуркаа нa небото кое од едната страна беше заградено со куќата, од другата со тремот за овците и до него фурната, па натаму од високиот ѕид што не делеше од комшиите и од долната страна со високата порта и авлијата, си мислев: ете, уште малку и како што ми вети тате, ќе одам во Костур да учам за шивачка. Не отидов во Костур... Четвртиот ден од август небаре онеме селото. На зајдисонце чупите и младите невести не отидоа со стомните на чешна по вода. Старците рано се прибраа дома. Мажите не се собраа на вигната на квечерински муабет. Младинците не се собраа сред село и не тргнаа долж широкиот селски сокак што се протега од горната до долната маала. И правдата рано ги прибраа. Мајка не викна дома, зад нас ја залости портата со долгиот и тежок дабов лост. Во големата одаја се собравме сите домашни: дедо, баба, татко, мајка, сестри ми и браќа ми.

- Дедо... – му се обратив на дедо, ама тој ме прекина, ставајќи прст на усните. Разбрав дека треба да молкнам, ама зошто, не можев да разберам. Стоев изненадена и вчудовидена. Дедо испружи рака и покажа да седнам до него. Седнаа сите. Веднаш си помислив дека некој е тешко болен или е на умирање и не дај Боже, да не умрел... Татко пушеше цигара по цигара, дедо со растреперена рака сакаше да го припали чибукот, баба со рацете скрстени на скутот, се нишаше напред-назад, мајка со образот потпрен врз десната рака, гледаше во растрепереното пламенче на ламбата.

- Дедо... – пак му се обратив на дедо, ама тој пак покажа со прст на усните и јас замолчав и се загледав во таванот. Татко го фрли опушокот во огништето, се искашла, плукна во пепелта и рече:

Ова и од Турците го немавме...

- Шо?! – со навредлив глас праша дедо и налутено рече: - Зарем Турчинот-агата ни спомнал некогаш да не зборуваме на наш јазик? Ти го памтиш, нели?

- Како не... – рече тате – добро го памтам. Нели, мајко - и се обрати на баба - кога си отиде бегот, јaс имав дванаесет години?

- Ни спомна ли бегот? - праша дедо налутено. Јaскa, ете, скоро седумдесет и пет години правам, а за такво чудо, некому да му браниш јазикот да го зборува, не сум чул. Иии, мaјкaтa, бре, таму, о Америка, кога бе, а бре шо јазик сакаш да слушнеш, ќе слушнеш и никој нишчо не ти вели. А туа, туа о нашето место...

- не се доискажа. Јaс веднаш си помислив дека дедо пак ќе почне да раскажува за Америка. Сакавме да го слушаме кога раскажуваше за своите печалбарски денови. Знаеше толку убаво да раскажува, што нам се ни личеше на приказна.

Детроит, еден голем град во Америка, како да ни беше тука некаде во близина на селото. Само што од нашето село се разликуваше со високите куќи, високи, ене до таму горе, до ридот, со широките сокаци секогаш полни луѓе, со големите фабрики... Е, тоа фабрики не можевме да го разбереме. И не можевме да разбереме дека има црни луѓе со дебели бузи и широки носеви, а и луѓе со коси очи. Целиот свет што беше во Детроит, ние небаре си го имавме дома. Толку не знаевме за Костур, колку што знаевме за Детроит... И сосема будалесто му реков на дедо:

-Ајде, дедо, рaскaжyвaј за Детроит - замолив и се наместив на неговото колено.

- Сус! - просаска татко и откако нaмyртено не погледна сите, и уште понамуртено и заповеда на мaјкa: - Донеси јa софрата да вечераме!

- Не се кaрaј и да не ги караш дечките! - му подвикна дедо.

-Ами, бре синко - се вмеша и баба, гледајќu го татко право в очи

- ќе зборве и ќе пее дечките... Зошто да не? Затоа што така му текнало на Гркот? Тој денес е тука, утре го нема. Како даскалите и даскалиците. Не оти ќе остани вечно? Беше Турчинот? Беше. Го има? Го нема! Дојдоа Френците и Ингилезите. Дојдоа и ги нема. Така ќе биде и со Гркот. Како што си дојде така и ќе си оди, само што е греота за људјето шо ги испоклаа андарите по востањето. Му текна на некој арамија и јајчар да ни го брани јазикот и ние му се исплашивме. И да не ми ги караш дечките...

- Добро те учи мaјкa ти - му рече дедо на татко. – Ќе зборве и ќе пее и зошто да не?

И оттогаш дедо честопати велеше:

- Шо ќе ми сторат? Јазикот ли ќе ми го посечат? Циљка прекина за миг, копку да се издише и продолжи:

- Јазикот не му го посекоа. Ама еден ден на порта чукна корофилак и откако мaјкa му отвори, тој праша на грчки:

- Дома ли е стариот?

Мaјкa не разбра и ме викна:

- Циљко, дојди да се разбереме со човекот!

- Кажи му на стариот да слези долу. Веднаш! – викна тој и удри со камшикот по кожената чизма.

Дедо излезе пред порти, се загледа во хорофилакот.

- Мене ли ме бараш? - праша на нашки.

- Појди пред мене.

Дедо се врати приквечерината. Беше истрижан на крст. Со наведната глава грчевито го стегаше мевот. Цела ноќ излегуваше понадвор. Баба гласно колнеше, а јaс не можев да разберам зошто му го сториле тоа. И не можев да го гледам така затворен во себе, со засрамено спуштен поглед, со навреден израз на лицето, молчалив и потиштен... и не можев пак да разберам зошто даскалиците Марија и Софија не се вратија од Костур и зошто новиот даскал беше толку многу строг. Едно влегување во училницата, тој фрлаше врз мене опуљ и отсечно ме прашуваше:

- Како се вика дедо ти?

- Крсто, кир даскале... - велев јaс со растреперен и исплашен глас.

- Не е вистина! - извикуваше тој. - Дедо ти, да му кажеш, се вика Ставрос. А како се вика брат ти?

- Крсте, кир даскале... - од устата името ми се откинуваше како липтеж и врз отворените тетратки ми капеа солзи. На дедо не му кажував што ми порачуваше даскалот, а дедо, кој почна веќе да се опоравува од пониженоста, еден ден ми рече:

- Чендо на дедо, дојди, седни до мене. Слушај шчо ќе ти кажи дедо. Крсто е име шчо го носел дедо ми и прадедо ми и дедојте на нимните дедовци. Секое прво машко во нашиот сој се крсти Крсто. Ете, затоа, мило, во нашата куќа се слави Крстовден.

Ама јaс и понатаму не можев да разберам зошто даскалот со толку манија и пизма се нафрли врз дедо? А тој, даскалот де, конакуваше во една куќа, ама секои три дена се хранеше во друга. Така секои три дена куќата во којa одеше на рана, молчешкум го пречекуваше, молчешкум го испраќаше. Уста пред него, се разбира, не се отвораше, а ако се изговараше нешто на грчки, тоа беше толку лошо искажано, што и самиот даскал од тоа ништо не можеше да разбери. Еден ден, кога пак му дојде редот да се храни кaј нас, баба заборави да му стави лажица. Тој прво строго јa погледна баба, а потоа рече на грчки:

- Досе кутали, грија!

Баба застана сред одаја и, клептејќи, го гледаше налутеното и навредено лице на даскалот.

-Кутали, кутали, грија! - подвикна даскалот.

Баба ококори очи, вчудовидено стегна усни и, чудејќи се, рече:-

- Ами куталето заедно со кучката ојпе по овците...

Јaс прснав во смеа и истрчав надвор. По мене дојде и баба и налутено проколна:

- У да не фтаса дома да оди и чрното да го голтне! Ами, зошто ли му треба куталето?

Бабо, не ти го бара куталето, туку ти побара лажица. По нивно кутали значи лажица... По нивно кутали значи лажица...

- У волци да го одерат и него и тие кои го донесоа тука - пак проколна баба...

Земјанката се исполни со смеа. Зоја и Мита, кои седеа најблизу до Циљка, се смеејa најгпасно.

Кога смеата се потсмири, Мита праша:

- И што понатаму, Циљке?

Циљка се искашла и продолжи:

- Даскапот од дома излезе тивко, одвај чудо зад себе затвори врата, молчаливо го прегази дворот и зашлапа во тесното калливо сокаче. Лебот и манџата не ги допре. Ама затоа гласен и бучен беше кметот. Дојде пред да крениме софра. Кога се качуваше по скалите, на чардакот кучката и куталето ја довршуваа попарата што јa беше надробила баба од манџата и лебот што не ги изеде даскалот. Кметот долго се караше со татко.

- Сте го навредиле даскалот – пиштеше тој – сте го посрамиле селото, ете, што сте направиле. Што ќе речат тие во Костур, а?

Дедо, кој цело време само слушаше, одеднаш викна:

- Кој бре, пезевенку, ниеден, ќе праша и ќе рече?! Тие ли, кои секој ден нас не срамотат и понижуваат?...

- Па, барба Ставрос... - не се доискажа. Дедо му се вдаде: -Што си рекол? Надвор од мојaтa куќа и на Крстовден да не си ми влегол в куќи... Море не в куќи, туку да не сум те видел покрај мојата куќа да си поминал. Надвор, ти грчки подлизурко! Така дедо отвори уште еден јаз на нетрпеливост. Ама јазот што се отвори меѓy него и даскалот, најмногу матно носеше за мене.

- Дедо ти - ми подвикнуваше даскалот - е тврдоглав и неумен човек. И затоа лошо ќе заврши. На - велеше, чукајќи со стапот по масата - дрво, ден! - Застануваше тој пред мене, ми се загледуваше в лице и отсечно ми велеше: - Читај!

Јaс уплашена, целата растреперена, се губев, ни збор да изустам, дури и здив не можев да фатам.

- Дланките! - наредуваше.

- И тогаш, да умрам ако лажам, јaс без страв, како за инает, одеднаш пред него ги пружив двете дланки. А тој, наизменично, удираше со цел замав, влечејќи јa кон себе прачката и крвнички загледан во моето лице, чекаше да залиптам, да заплачам, да лелекам, да врескам, да молам... Ама јaс го гледав в очи и во себе го собирав плачот и болката и инаетот и чувствував како прачката ми јa дере кожата од дланките...

-И ти си како дедо ти! - ми викна даскалот, небаре, како да ми плукна в лице. - За казна ќе останеш попладне, а за утре ќе напишеш илјада коси црти!

Дома му кажав на дедо. Тој ми рече:

- Велиш, чендо, за инает не си плачела?

- Аха...

- За инает, чендо, ти најмногу да учиш, најдобра да си ти од сите...

- Грцко ли?!!! - вчудовидено праша баба.

- Зошто да не? - рече дедо.

- Затоа шо се ушче ти се пули крстот на глаата, дедо... - одврати баба.

- Токму затоа и за многу други работи... - дедо не се доискажa заради кои други работи јaс треба да учам. До доцна во ноќтa јaс влечев навалени цртички, а постариот брат за цело тоа време ми се смееше, велејќи дека даскалот ме врати во прво одделение. Со дедо ги изброивме цртите и беа токму толку, колку што бараше даскалот. A тој утредента, откако ми јa виде тетратката, ми рече:

- За утре пак толку, ама на оваа страна да се навалени. Третиот ден нацртав илјада тркалца и така сосема го изгубив меракот за ука. Плачливо и инаетливо реков дека повеќе мојaтa нога нема да стапне дури и во училишниот двор. Ама дедо си остана на своето - треба да учам. Внука мy, му се посакало да е прва, а мене ми се чинеше дека тој воопшто не разбираше колку јaс патам... Дома го викна синот на поп Стефо кој имаше завршено гимназија во Солун. Му рече:

- Да те главам, синко, за даскал, правиш каиљ?

Тој се насмевна и праша:

- Шо, да не си наумил да учиш грцки?

- Не е за мене работата, туку за внука ми Циљка. Тој пезевенк, даскалот де, ми фрли пизма и внука ми јa дери. По една лира за месец, бива? - праша дедо и испружи рака за потврда.

- Бива, дедо Крсто, ама за лира и половина – побара попскиот син.

Дедо изненадено и зачудувачки искриви веѓa, му затрепери брадата, грчевито голтна насобрана плунка, па рече:

- Млад си, ама дерикожа си! Тоа ли те научиле во Солyн? - Даваш една и половина или не?

Се подзамисли дедо, брчките на челото му се збраа во една. Се поднамести, се искашла. -

- Дај тока - рече дедо - Лира и половина, ама ќе почнеш од денес, море од сега, добро?

- А парите? - праша синот попски.

- По свршената работа - му врати дедо.

- Ме кандиса... - рече синот попски, му јa стресе уште еднаш раката на дедо и тргна да излезе.

- Чекај, еј, кaј бегаш. Нели рековме од сега да почнеш! - му подвикна дедо.

- Па токму тоа и го правам. Седи со здравје и не бери гајле...

Бабо Крстовице, остани ми со здравје...

- Господ здравје и ум, синко, да ти дади и носи поклони дома на сите... Со здравје, со здравје, синко...

Синот попски истиот ден одјава на коњ за Костур. Утредента, квечерината дојде дома и му рече на дедо:

-Дедо Крсто, ние вчера арен муабет си сторивме, ама не рековме колку време ќе трае работата?

- Па, да речеме...

-Тебе, дедо Крсто, важно ти е чупчето да не остани да повторува и даскалот да не јa “дери”, како шо рече вчера, нели?

Зашто колку шо знам чупчето многу добро учи, нели?

- Море учиии - напевливо потврди баба - од неа подобро никој не учи. Како брат ми Митре, да му се миросаат коските и Господ златен да им отсече и раце и глави на тие шо го заклаа...

- се прекрсти баба и потоа јa дофати фурката и почна да преде.

- Ами така им правеа Турците, бабо Крстовице, на нашите.

- Не, Турците, синко, ами клетите Грци, синко... Тие го заклаа...

како јaре... го легнаа и ... - покажа со рака како го повлекоа ножот. - И тој беше даскал, ама наш... о Битоља учеше и дечките ги учеше така, како шо си зборуваме ние сега...

македонцки...

- Не се мешај во машките муабети! - и подвикна дедо на баба, а таа поцврсто јa фати фурката и, вртејќи го вретеното налутено, излезе од одајата без збор. - Е, сега да го довршиме пазарот.

-Вчера, дедо Крсто, бев кaј епитеоритијата и кaј владиката. Му кажав све за даскалот. И едниот и другиот се налутијa, рекоа дека таков човек само големо лошо и прави на грцката држава, дека со ендопјите треба кротко ама цврсто, ама не и така како шо прави даскалот. И за да не должам многу, сега ти мене дај ми 6 лири... - Шо!!! – викна дедо - па ти уште не си почнал, а веќе парите ги бараш?

- Јaскa, дедо Крсто, јa завршив работата. Даскалот ќе го тргнат.

Утре ќе дојди нов. Рекоа дека е многу добар. И така сега да јa направиме сметката и ти мене да ме исплатиш и со здравје пак да си поможиме, нели? Е, сега: две за владиката, две за епитеоритијата и две за мене, тоа се шест лири, а за тебе еве ено ќесе од најдобриот тутун... На здравје... - попскиот син испружи рака, гледајќи го дедо в очи.

Дедо пак изненадено и зачудувачки искриви веѓa и стегна усни, мрдајќи со глава, па праша:

- Даскалот, велиш за сигурно ќе го тргнат?

- Така ми ветија.

- Пезевенк си ми ти, момче... - стана, отклучи едно вратиче од мусандрата и, свртувајќи се, одврза црно платнено ќесе, му изброја шест лири и потоа му рече: - Како претходната, така и оваа држава ни е поткуплива... Гнило си ојде, расипано си дојде... Со здравје троши го лесно заработеното, поздрави го татко ти поп Стефо и речи му да ти удри едно четиринаесет неброени стапа за да ти дојди умот... Со здравје синко...

- Здравје да имаш, дедо Крсто, и немој да ги жалиш парите зашто ќе имаш внука учена... Остани со здравје, бабо Крстовице! - викна, слегувајќи по скалите.

Дедо, дали од вчудовиденост или од гнасење, подолго молчеше и мене ми се чинеше дека тоа што го доживеа тешко му беше да го преџвака. Тој седна покрај огништето и со прст ме повика.

Ме седна на колено и ми рече:

- Учи кaј новиот даскал, ама ќе учиш и кaј дедо... Добро? - ми јa разбушави косата, галејќи ме по глава и гласно, некако нетрпеливо и рече на мaјкa: -Ајде, невесто, клај јa софрата да вечераме.

По вечерата дедо ме зеде на колено, велејќи им и на другите внучиња:

- Слушајте и вие, а ако на некој од вас многу му се игра, нека излези за да не пречи.

Од sидот, веднаш до огништето, извлекуваше една очадена тула и од дупката ваѓаше книга со поцрнати, излитени и измастени корици. Јa отвораше како да оддиплуваше кора за мазник и почнуваше со тој свој зарипнат глас, а јaс трепетливо и некако исплашено, гледајќи во неговите насолзавени очи и во бузите и од тутунот подгорените мустаќи, повторував:

-Аз, буки, веди, глаголи...

Дедо префрлуваше еден или два листа, се искашлуваше и велеше:

- А сега ќе пееме заедно: “Мама меси”, “Баба пренди”, “Тате ора...” Јaс го гледав в очи и в уста. Кога тој го забележа тоа, ме искара:

- Не ме пули мене, туку во книгата пyли!

-Ама, дедо, во книгата не пишра така. Ти тоа сам го измислуваш...

Шеретски ме погледна дедо, се потсмевна под мустак и продолжи:

-Така де, во книгата не пишува така, ама со умот треба да си кажуваш. - Тој ме погали по коса и откако испушти едно два- три чада, чукна со прст на маслосаната исчадена книга: -А оваа книга, мило, е стара и сам не знам од кој дедовци е донесена дома. Сите Рисјани во неа се колнат и се молат од неа и се надеваат и чекаат. Така и ние, бидејќи и ние сме Рисјани. - Дедо прекина и ете, вака, трипати, прекрстувајќи се, почна да чита, влечејќи го прстот под секој збор: Цaрјy, утешитељу, душе истини, иже вјездје сиј и всјa исполњен сокровишче благих и жизни податељу, приијди и вселисја в ни, и очисти ни о всјaкијa скверни и спаси, блаже, души наши. Амин...

Мита со широко отворени очи, сврте лице кон Циљка, подигна рака и, давајќи знак да прекине, јa праша:

- А да те опитам, Циљке... На чија јазик е тоа?

- На наш, ама на старинскиот нашински јазик. Така зборувале нашите предци, ми велеше дедо, а затоа нему му раскажyвал неговиот дедо кој од својот дедо слушал и знаел. И поп Васил така велеше...

- Знаеш и други такви молитви? - пак праша Велика.

Скоро сите со кои дедо и баба и мaјкa се молеа пред домашната икона...

- Раскажувај, Циљке - замоли Мита. И допраша: - Те научи ли дедо ти и на старинскиот јазик да зборуваш?

- Не. Само молитви...

- Ајде, кажувај - се слушна гласот на Зоја.

Циљка се стокми, мислиш треба песна пред сите да пее. Дофрли дрвце во огнот, со стапчето што го имаше допрено на своето колено ги подбра недогорените дрвца. Се распрснаа искри, пламенот вивна, трештат суварките. Тие, кои имаа испружено нозе близу огништето, ги подбраа. Во земјанката одново се разлеа топлина.

- Да раскажувам? - праша Циљка.

- Раскажувај - пак рече Зоја.

- Е, така - почна Циљка. - Не ми одеа зборовите. Јaс од мала, си спомнувам, како велеше дедо: одешчем, плачешчем... И некои од зборовите што сум ги запамтила од молитвите. Дедо читаше од Светото писмо, а јaс повторував. А тогаш дедо велеше: -Дедо ми, Бог, да го прости, книга од рака не испушташе. А јaс повеќе сум се зафатил со мотика и со рало, отколку со молив и книга...

- Тоа, ами шо - наеднаш му дофрлуваше баба, откинувајќи око од плетилото. - Еве, за пример - не отстапуваше баба - го пулиш даскалот? Велат е писмен, ама шо му вреди писмото кога има крпени панталони?

- Сиромаштија е тој... како и неговата држава. Да го плаќаше државата повеќе, немаше да оди со крпени панталони...

- Сиромаштија, велиш? Ами даскал и сиромаштија не одат, домакине. И да знаеш, јaскa, него, кутриот, дури и го жалам.

Како да не е од мaјкa... Денес тука, утре таму. Јади по куќи што ќе му подметнат... На - покажуваше баба на својот мев - му се поду мевот од шо треска фасуљ. И кога се поминува покрај него, човек за нос се држи. А, ти домаќине, без макано, без прст лигда во тиганот, на софра не седнуваш...

- Сус!- подвикнуваше дедо. - Да молчиш, реков! - - - Не седнуваш, велам, на софра - продолжуваше баба, како да не слушна што и порача дедо. - Види го, ти него. Му се присакало молив и книга. Море - заканувачки шиштеше баба - држи јa мотиката зашто до гроб ќе аргатуваш како Пандето на Ленка.

Ете, за пример, јaскa ниту аз, ниту буки, ниту глаголи не знам...

- Не знаеш, ама глаголиш колку за половина село... Да си знаела малку од ова - дедо го тресеше пред нејзиниот нос Светото писмо - тогаш...

- Од тоа доста е шо знае попот - не се предаваше баба. - Кој поп?

- Поп Васил, ами кој друг?

- Е, така де, тој знае... Јaс си мислев ќе речеш за кускулето што на човек не личи, ами каму на поп. Кутриот научил нешто од Светото писмо, секогаш го врти истото, а местото го бележи со сламка. Барем и тоа што го пее да е на грцки...

-А ти па, од каде знаеш дека не е на грцки? Не оти ти знаеш грцки, па да речеш дека тој не знае...? Море, домаќине, не ми се прави секаде умен... Ако си го знаеш тоа аз, буки, веди, глаголи и шо има понатаму...

- Е, тоа де, шо има понатаму - радосно извика дедо - тyка те фатив шо има понатаму - се подбиваше дедо. - Тоа, стара, тоа понатаму... тоа е најважното.

- Можеби е така, ама кога велиш најважното ти нaјважното не го спомнуваш. Ами, домаќине, зошто не го спомнуваш брат ми, Бог да го прости и коските да му се миросат... - се прекрсти баба трипати и пак праша: - Зошто не го спомнуваш?

- Зарем еднаш сум го спомнал? - Дедо ме погледна, велејќи ми:

- Дедо ти Митре беше учен човек. Илјада деветсто петтата година андартите Грци го заклаа....Му стапнаа на рамо, го притегнаа со колено и ... како јaре... го заклаа... - Дедо се сврти кон иконата и се прекрсти: - Мир и царство небесно дај му Господе и прости му јa душата... Да.... дедо ти Митре беше учен човек... Како денес го памтам...

- Море учееен... - напевливо повлече баба, тегнејќи го зборот

“учееен” - како него, чендо, поучен немаше – се фалеше баба. -Куп да се сторам ако мамам - и удираше со тупаницата по подот. - О Русија, така татко покојниот, коските да му се миросат и Господ да го прости, му велеше - учи, учи, учи, синко, о Русија, у рускио цар за владика да учиш ќе пушча....

Така му велеше татко... ама... крвници Грци дојдоа и го заклаа...

- А зошто го заклаа, дедо? - прашав јaс.

- Затоа, чендо, што Грците не сакаа кaј нас да се шири нашето словенско писмо, ами да го шират своето, грцкото. Ете, затоа...

Тивко залипти баба. Откако добро избриша нос и се изнакашла, рече:

-Ама уката е за машко, а не за женско. Да, и женското треба да учи, ама да готви, да меси, да сучи, да пренди, да крпи, да плети, да ткае, да молзи, да...

Дедо не издржа и налутено викна:

- Како ти, нели?

А баба без да му остане должна, му врати:

- Шо рече? Ако не ти чини моето готвење и месење, тогаш оди во крчмата на Јотето Вртенце!