Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Great Decline

Front Matter - Part 14

By Петре Наковски · Part 14 of 22 · About 23 minutes

Read in English

- Што хи - хи - хи, бре зелен-нестасан! - му подвикна Јани. - За народот војска беше... негова војска и затоа му се пулеше дека беа многу и затоа што беа негова војска, чудно му беше на народот како ја држи земја... Пули, да видиш... зошто, да те прашам јас тебе, народот не испеа такви песни за туѓите војски, а? Молчиш? Молчиш зашто не сакаш да мислиш... Можеби војска не беше многу, беа пет или шест партизани, ама стремежот народен беше голем и радоста беше уште поголема затоа што, ете, си има своја војска... Е, море, зелен - нестасан, кога народот ќе запее, тогаш песната останува за навек како...

како оваа карпа, како, како... Светото писмо. Така да знаеш! И да не сум те слушнал повеќе да се потсмеваш. Потсмевот е сомнеж. Јас, да знаеш, таму, во Отешево чував и такви кои се смееја, се потсмеваа, како ти што се смееше пред малку. И немој повеќе... разбра? Да памтиш и да не заборавиш. А оние нашите, кои се испикаа по ОЗНА и по УДБА, не испикаа по списоците во кои напишаа од каде сме и кои сме, од кого сме, каде бевме и зошто бевме, ни најдоа баба и прабаба... И народната власт на људјето бегани од овие наши краишта им одреди места каде да живеат и да работат и им рече да не мрдаат од таму на друго место без пропусница... А ако ќе им се присака да одат да посетат свои роднини или пријатели, мораат да се обратат до народната власт за да им издаде дозвола, значи пропусница за движење и со поздравот “Смрт на фашизмот -слобода на народот” се движеа со ливчето в рака или в џеб, сеедно... Е, таму, во Отешево имаше и едно тројца кои широко ја разбраа слободата за движење... Отидоа подалеку од местото каде живееја, а брзо се најдоа под мое око. Еден ден нив и мене не викнаа. Тие, казнетите, кои се осмелија послободно да се движат, народните непријатели, де, и јас, народниот одмаздник, се најдовме во една одаја, се гледаме накриво. Тие во своите партали, а јас во униформа, ама сега без шмајзер. Влезе командирот, испеглан, чизмосан и опашан со неколку ремени и ни вели:

- Знаете ли вие, дека таму во Егејот нашиот народ крв проплука од тие клети Грци и крв лее, а вие седите тука, особено ти, ми вели мене, седиш, читаш “Нова Македонија” и “Титов пионер” и сеир си правиш?

Јас го гледам, си мислам и се прашувам: - Мајката, што му е на човекот? Вчера беше здрав?

- Срамота! - подвикна тој, стана и се подигна на петици.

Море - си мислам, и на стол да се качиш, пак повисок од мене нема да бидеш!

- Срамота! - полвикна пак и рече: - Нашите браќа тамy се борат- крвават - тој покажа на кај Бела Вода – а таа Бела Вода -планината над Герман, а од таму, од Отешево како на дланка се гледа и Лунsер и Врба - Јани покажа на широко отворената дланка - како да ги имаш на дланка, така се гледаат... Јас без да барам дозвола. го прашав:

- А јас, командире што правам тука?

- Ти? Тука? Голема работа! Шеткаш лево-десно, се топориш пред народните непријатели, јабана кинеш ѓон и дневно добиваш три порции леб, а таму во Егејот истовремено нашите браќа... Мирно! Стој мирно, глупчо! -тој толку многу ми се доближа, што мислев дека ќе ми врзи некоја, ама се сврте и седна.

А јас се налутив и лутежот го истурив, удирајќи со тупаница на маса. Бокалот со вода потскокна, се навали и водата се истури во скутот на командирот. Бесно, крвно, волчјо ме погледна, потоа се наведна и притисна копче. Влегоа двајца. Се разбраа со погледите. Ме фатија под мишки и тогаш тој стана, полека ми пријде и ми врза едно два или три, а можеби и повеќе бокса. По седум дена самица, ми дадоа дрвени цокули и варје од 12 кила.

А народните непријатели наместо да ме презираат, тие ме сожалуваа. Да се жалам? Кому? Казната ми траеше еден месец.

Ме вратија во стројот, одржаа говор во кој пред останатите ме истакнаа како пример што не треба да се прави и одново јас лева - десна ја чував оградата. Една ноќ решив да го направам тоа што решив. Шмајзерот го оставив во спалната и до него ливче на кое напишав дека јас тој и тој, другар командире, си одам кај браќата кои крвават и на сабајле, во мугрите фатив пат за Албанија. Денот го поминав во шумата кај Стење и ноќта ја преминав границата. Во Нивици ме прифатија нашите и ...еве ме сега меѓy вас, жив и здрав. Се прошчам, кршам вошки и велам: ако и ние утре за една коза или за едно глупаво и невино хихикање, како овој што се смееше пред малку, ќе го клајме народецот да крши камен, е, тогаш... Тогаш вас, кои ќе градите куќи, за лошо поставен камен, малку накриво или, пак, недај Боже, ќошот малку да е крив или ако под покривот ќе видат како се шмуга сонце, е тогаш, да знаете - ќе ве прогласат за народни непријатели и ќе кршите камен... И некој, да речеме, како овој или оној, така како јас, лева - десна покрај жица, ќе ве чува. Чувајте се, јас ви го велам ова, зашто јас го видов и го правев тоа... Чував народни непријатели кога таму во Отешево едни кршеа камен, а други пиеја ладна бира и пееја:

Стани, стани да не станиш О Битиоља ќе ојме, Ладна бира да пиеме...

Таму крај езеро, под сенките на широките бели омбрели, пиеја и коњаци и црвени и бели вина. И тогаш, наеднаш си реков: -Ех, што е слобода!... И, гледајќи ги нив со чашите в рака и тие, со дрвените цокули, решив и му ја спраштив во слободата, та неа, кутрата, си мислев ќе ја најдам во планињето што немаат крај, во висините до под небо, во далнините и во шумите зелени и ширни, во видикот до кај што ти око гледа.... Како орли сме:

од високо гледаме далеку, окото ни е полно и стомакот празен...

Само да не е пукањето, смртта, гладот и вошките. Барем така, преку рид, преку трап, со пешник леб во едната и парче сирење во другата рака, да се пцуеме, да се караме, а не да пукаме и да се убиваме... Да... Таква војна би сакал... И ви велам: мистрија, чекан, шајка и метро никогаш повеќе нема да фатам. Само ќе одморам. Сега ми велат - херој ќе бидеш ако се бориш до последната капка крв, ако умреш, ако загинеш со пyшка в рака...

Јани прекина и долго трае тишината. Во тревата подгорена сал штурци потпевнуваат и одвај чујно лисјето шумоли. И со друг глас, како да не беше негов, Јани рече:

- Изгинаа сите, го нема веќе водот... Сега врвот е понизок за педа или две...

Сите сфатија дека зборува за вчерашната битка и никој не се обиде да му се вмеша во зборот, ами слушаат:

- Од осакатените борови ко солза тече смола и од лисје лепи венци и ветерот ги постелува врз земјата што гори... Говорот што го одржа командирот, го крена ветерот и го растури низ клисурата, го разби од карпите и го одвеа по трапиштата ко песок меѓy прсти... Гранки фрливме врз нив ветените за крунисување пред олтар... врз гранките земја крвава и ја притегнавме со крш - камења ко вечен запис што во времињата сегашни и идни ќе ги мијат дождови и ветрој ќе ги сушат, ќе ги топлат воздишки и во бели зори ќе болснуваат ко бисер што болснува на гради момини... И над сето тоа наш рој од желби:

пламењето од сите ридишта ветрот да ги наведнува во поклон и врз вдлабнатите гробови крстовите од црн бор и бела бреза да болскаат во пурпур, а пламењето на Грамос да имаат круни и секој од гробовите да има лик на крал... Со времето ќе никне гороцвет и синчец во пресни зори ќе тагува над нив: ќе израснат млади фиданки на бели брези со гранки спуштени ко долги плетенки со одблесок на сребро... лете роса од пресна зора да ги лади, зиме со златно лисје да ги тажи и на пролет јата славеи да се збираат во нив и на сето грленце песни да им квилат... И без престан благиот шум на борјето над нив да шумоли ко пеење и паметење и вечен запис врз стеблата и каменот под кој лежат ветените за кои сал дабот, чамот, кленот, карпата, ридот, парчето ‘рѓосано железо и штикот скршен ќе раскажува во времињата што допрва ќе дојдат... И наместо знамиња осакатените гранки ќе шумолат; и наместо свечени плотуни -ровји и секавици ќе ечат...

Гаврани не грачете, секавици не секајте од рид до рид, славеи за миг замолкнете и молчете додека земјата не налегне врз младоста што ја прими... И не пренесyвајте глас - црна чума, нека мајките ткаат руби невестински, во ковчези нека збираат приќе, нека месат колачи - покани и дарови за свадби нека токмат и нека диплат пелени и лулки од таван нека симнат...

Чекајте.... чекајте и чекањето е надеж... Во очите момини sвездите се уште не згаснаа и се уште не секна момчешкиот здив... Макаршто црквите се во урнатини и камбаните искршени, не завршија молитивите на мајките... Изгинаа сите...

го нема веќе водот... сега врвот е понизок за педа или две... На вечна стража останаа на Копанче, Свети Илија, Котелце, Гупата и Горуша, на Бел Камен и Круша тие, вчера безобразно храбри и пред раѓање ветени за крунисyвање пред олтар... Осакатените борови ко солза точат смола. Од лисјето подговори ветерот плети венци и ги постелува врз земјата што гори... А пламењето на Грамос би требало да имаат круни и секој од гробовите да има лик на крал... Камбаните да бијат и кандилата да светат додека светот светува, додека векот векува... Ете, така би напишал, барем случајно малку да бев поет...

Јани небаре се засркна и на сите им се стори дека во липтеж му секна гласот. Прекина. Молк. Сите и секој одделно, молчаливо и прибрано, во себе ги здиплува и оддиплува мислите што навираат и болат и стегаат ко обрач. Молк, чиниш, застанаа сред пат на својата штотуку расцутена младост. Седат прибрани и потопени со мисла и душа во тоа што беше вчера и во тоа што ќе го донесат најблиските часови. Прелета пчела и кацна во чашката на Јановото цвеќе. Со крилцата ја проширува чашката на цветот, чепка со нохенцата, зуе во него... Во мигот кога најмалку очекуваа, пак прозбори Јани:

- Сега би сакал да сyм под домашната стреа, во дворот или во одајата или на нива или под зрелите цереши или под дебелата сенка на чинарот, па дури и во нашето буниште, ете, вака легнат - навален, загледан во далнината и висината и во очите на љубената... И така загледан, да дочекам старост и стар да си одам... А не така, бам в чело или в гради или тело ти разнесе граната или оган те изгоре што паѓа од небо и си отиде со пламенот, со чадот, со ветерот... Ни трага ни белег од тебе. Има ли умор во убивањето и крај на омразата? Зошто ли човекот со толкава манија се предава на убивањето? Ете јас, ти, оној, ние тука и тие таму заемно се осакатyваме и се убиваме. И утре некој ќе рече ти си ми го убил братот или јас ќе му речам така.

Значи сум убиец. А што е тој кој ми ја даде пушката? Што е тој, кој ја чува во магацин, кој секој ден во тетратка запишува толку и толку пушки, гранати, митралези, мини, фишеци, штикови се дадени... А не е ли тоа толку и толку ранети и убиени токму со тие бројки запишани во неговата тетратка? Што е тој? А што е тој по чија наредба се издава оружјето? А што е тој, кој ја измислил пушката, топот, митралезот, мината, бомбата? А што е тој, кој ја произвел, тој, кој ја пакува, тој кој ја чува добро подмачкана, тој кој издава наредби? Цел синџир убијци кои викаат од близу, а најмногу од далеку: - Слобода!!! Се биеме за слобода!!! Така велат и едните и другите... А таа, слободата, небаре, легната меѓy двете борбени линии, опијанувачки не задушува нас, кои во нејзино име се колиме, бодиме, осакатуваме, распарчуваме, а таа, слободата, сакана, прижелкувана, сонувана, мечтаена, во нејзино име, во име на нашите желби, мечтаења и сонувања, не поттикнува што посвирепо и пожестоко да се биеме, осакатуваме и убиваме за неа, како два елена, како два коња за женка и не голта, мамејќи не со надежта и возвишените желби и стремежи. А ние од двете страни во нејзино име јуришаме, паѓаме ничкум, со лице удираме во окрвавената земја, ја гриземе за да си ги олесниме болките, да испуштиме последен крик и здив. Со очи смрзнато вгледани во небото, баздиме под жешкото сонце ослободени од се... меѓy два фронта, на ридот, во ровот, во бункерот, пред цевката и штикот, пред ножот и камата е таа - слободата... Како фрлена коска - чека да биде глодана... Слобода... Нивна слобода

- нивна желба и наш пораз и понижување... Наша слобода - наша желба и нивен пораз и понижување; нивна слобода - наше уништување; наша слобода - нивно уништување... Чија слобода е слобода? Слобода - и от таму и оттука омраза... И некој друг, кој гледа и поттикнува од страна, трие раце, проверува сметки и во омразата дофрлува омраза... И можеби некогаш таму, во некое друго време, раце ќе се подадат над нашите коски, ќе ги израмнат гробовите и врз нас мислите ќе полетаат високо до небото... И ќе дојди еден ден од деновите кога ќе треба да се праша и одговори: - зошто и со кого се отишло, зошто и во чие име се гинело?.. Која човекова особина денес најмногу се цени?

Таа ли кој прв сопствениот живот ќе го претвори во пепел, јyришајќи на бункерот и ќе остане таму? Ги изброја ли некој таквите кои такви станаа и останаа? Ќе им испеат ли песни за да останат низ песните во споменот на потомците или само камен поцврсто ќе заријат в земја или со кама и штик подлабоко ќе изрежат белег во стебло?... Вчера изгина, го снема водот и ние сега сме толку, колку што сега сме тука... Толку сме, колку што изгинавме некни, вчера и денес... толку сме, колку сме сега плус тие, кои изгинаа за да не падне ридот, ама паднаа тие... До последниот здив, до последниот куршум, цедејќи ја од себе и последната капка крв - јуначки да изгинеме сите во име на ...

зашто нема што да изгубиме освен главата што не мисли...

Таму, во Отешево, меѓy народните непријатели имаше и еден таков, како нив, ама различен од нив. Велеше: - Продолжиш ли да им ја кажуваш вистината на тие, кои малку се подруги од тебе, па нека се мали и понижени, онесреќени, ама малку подруги од тебе, па макар да ти се блискп по друштво и по мисла, доволно да си малку поумен од нив, тогаш биди сигурен дека тие истите ќе те замразат и толку долго ќе те кодошат, додека не те уништат. Најподли се тие, кои малку лизнале од ука и од богатите маси собираат трошки... И власта таквите најмногу ги сака... Што сакаше да каже, кутриот, се уште не ми сечи умот. А можеби некој од вас ќе ми растолкува? Аргир, о Аргир! Можеби ти, а?

- Море замолчи, та не дрдори толку! - сврте грб Аргир и го покри лицето со капата.

Мита се поднамести, долго се загледа во лицето на Јани, потоа навали чело врз стегнатата дланка и по долго молчење, рече:

- Таква ни е судбината. Тркалото ни ги потфати нозете и не влече во себе, не фрла ту ваму, ту таму, не држи, не стега. Ќе не остави тогаш кога ќе паднеме пронижани или распарчени...

Само тогаш ќе не остави и нема да престане да се врти. Ќе се врти, ќе се тркала и под себе ќе собира, ќе гази, ќе згмечува...

Никого не моли, не жали и не прежалува...

Од нејзината уста тече горчина и секој изречен збор е чемер. Во нив се вткаени сите нејзини мисли и драги лица на блиските и нешто што остана зад неа и кои во секое време - било во марш, кратка починка, украден миг за сон, во ров или земјанка, во јyриш, на носилка и под земја – се никнува пред нејзините очи...

Мита наведна глава и молчешкум, со поглед на осамена срна, се загледа зад себе, во изодениот пат, во она што е нејзино вчера и вели - повторува:

- Не подбра тркалото, не вкова во себе и со секое вртење ни го мери - измерува животецот, поначесто земајќи делче од нас, капка или цела локва крв изсцедува од нашите жили... Едно свртување на тркалото и колку ли отпаѓаат и остануваат надвор од стројот? Кој и кога ќе им јави на тие кои чекаат? Можеби на нива, во бавча или лозје, на ручек или вечера ќе ги пресече веста болна? Недопрена до усните, полна ќе остане чашата со вино, наполу подигната ќе остане раката на мајката подигната за молитва... Кој ли ќе писне најгласно, кој најмногу ќе корне коса, кој најпрвин ќе се скамени од болка и чија болка ќе биде потешка и поголема? Чија солза ќе биде најјадра и чие срце најдолго ќе издржи? И велам, си велам јас, кога си помислувам за нив, колку повеќе нив си ги спомнувам, толку повеќе ги сакам, копнеам и болам, се топам и смрзнувам и се губам во мислата во која е собрано се она што беше куќа и сите во неа, што беше семејство и родбина, нива, лозје, градина, смеење и тажење, радости, болка и фален да е Господ Бог, затоа што се ни даде!... И страв и ќотек и овие автомати и пушки и пушкомитралезот на Зоја и го даде, не мислејќи дали кутрото девојче ќе може да го носи на своите слабички девојчински раменца. Кога Господ и даваше висина, тогаш сигурно не мислеше дека по таа мера некој друг Бог ќе и одмери и судбина.

И судбина и е на Зоја да го носи пушкомитралезот и да пука, да убива, непријателот да го држи под оган... Знае ли Господ дека некој друг Бог ја смени врвцата на Зоиниот живот? Знае ли? И велам, пак ќе речам, среќа е што вчера ранета ја однесоа.

Викаше, стенкаше, плачеше од болка. И ми се чини дека и викот и плачот и лелекот и личеа. Застанав над неа, и намигнав, а таа одвај најде сила да се насмевне... Ја бакнав в чело... Да веруваме дека стигна до болницата. А таму лекарите ќе знаат што да прават... нашиот сосед, поп Васил, секогаш ни велеше дека Господ еднакво ги сака своите чеда. Да ми е сега тука, право в очи би го прашала: - А зошто, попе Василе, нееднакво ги вооружи со моќ, со издржливост, со храброст и плашливост и зошто така го направи светот во кој е обезличена Зоја и многу други Зои?...

- За да владее подобро - се оsва Аргир, кој барем од кога го познава Мита, никогаш за никого добар збор не рекол.

- Сите се криви и никој не сака да признае... – пак дофрли Аргир.

- Амин - рече Мита. Потсмешливо проsвони нејзиниот глас.

- Ти, Мито - Јани впери во неа прст - ама ич нејќеш да разбереш дека во тоа твое тркало, што толку многу го спомнуваш, свој дел и тоа најголемиот и најсудбоносниот, има вградено и оваа нова Света Троица...

- Која, бре, троица? - праша Мита.

-Ај сиктер, ре! - налутено викна Аргир. - Само дрдорите и човек да дремне не може. Ајде, доста, ниту збор повеќе, зашто ќе се налутам...

- Многу ми е гајле - дофрли Мита.

- И да знаете - ја потфати Јани прекинатата нишка. Бојата на неговиот глас предизвикува почит и внимание. - Цел човечки ум е впрегнат во тоа за да измисли што подобри оружја за уништување на сличниот на себе. Чудни се луѓето... прават се за да се уништуваат и потоа на големо ќе слават... А јас, без разлика на се, сакам мечтата слатка да ми се исполни: кога ќе си одам, крај мене да има полн бокал вода, полна чинија, а вие будалаците, опашајте ги во меѓyвреме мистриите и чеканите и метрото. Ама пред тоа мене да ми земете метро - по должина и ширина и најдете ми добро, проветриво место, со широк поглед во далнина и висина, на врв рид, каде ветерот на зајдисонце меѓy дрвја и лисје приспивни песни ќе ми свири, во рани зори славеј ќе ме буди и дождец во спарни долги лета ќе ме лади...

Земете им метро и на тие кои веќе лежат по ридиштата и трапиштата; земете им метро и на момите и момчињата кои вчера ги закопавме во една јама. Ископавме плитка јама, без метро мерена, ама со болка измерена... Не кладовме метро ниту на момче, ниту на мома - сите со едно метро и на сите рамно им фрливме свежа земја со по некоја солза скришна. И врз мене со иста мерка земја фрлете, зашто не сум подобар од нив. Или можеби затоа што ти и јас овој ден или десет дена подолго ќе проживееме од нив? А вие, кога ќе градите, метрото в рака и очите четиринаесет. Измеривте криво, па дури криво погледнавте, нема да ви избега некое тукашно Отешево. И да не мислите дека ќе имате оправдување во борбите што ги водевте, во крвта што ја пролеавте, во живите рани, во лузните и во страдањата... Партијата не греши, а ако погреши, таа си ги признава грешките и продолжува да греши. А вие, ако погрешите, нема да имате време да се оправдате пред партијата зашто со направената грешка ќе бидете народни непријатели.

Па дури и не морате да погрешите. Доволно е некоја вошка, гнида, болва кодошка да ве накодоши... Чувајте се ... спомнете си што сте направиле пред две, три или повеќе години, кому што сте му рекле, што сте му стокмиле или сте му токмеле...

Народната власт се ќе открие, само да дојде до власта. И кој знае дали и мене, ако останам жив, нема да ми залепи нешто затоа што правев во Отешево и дека сега ви кажувам за Отешево... Кој знае? Различно доаѓаат работите. Ете, како дедо му... Му ја потфатил љубовницата на мајорот и потоа олеле...

јајцата...

Јани прекина и лакомо влече од цигарата. Тишина, штама, колку за прездив. И кога почувствува дека догорчето му гори прсти, ја истресе пепелта и како да се жалеше некому, рече:

- Навикнавме на кал, на студ и дожд, на глад и жед, на магла и виулица, на вошки и нечистотија, на тресокот на бомбите и рафалите, на страдања, на крв, на болка и на ранети, на сакати и мртви, да не убиваат и убиваме. Како ли ќе одвикнеме од тоа и како ли ќе му се вратиме на ралото, на чеканот, мистријата... на тишината, на топлината под топло веленце и на меракот, а мерак е и тоа - да знаеш да гледаш и sвезди да броиш и во сено да се прпелкаш и меѓy снопје да се валкаш, на момина коса да погледнеш и длабоко да здивнеш - воздивнеш и да се радуваш -изнарадуваш затоа што си жив... А ти Мито и ти Циљке и сите други како вас, ќе навикнете ли на фустани? Камо ли да дојди што поскоро тоа време, тој час кога од себе ќе ги истресите овие вошливи блузи и панталони и ќе е облечете како што им личи на девојки... Што поскоро нека пристигне тој час кога пак ќе бидете девојки, а ние кутрите ќе лудуваме по вас. Прајте што ќе прајте, ама мене сакам ме избере некоја од вас пред да изберам јас друга...

Тишина. Во подгорената трева сал ветерот шумоли. Во широко отворените очи - вгнездени желби. Привршува денот. Во заодот на сонцето, небото над Бел Камен гори во пурпур. Таму и отаде ридиштата како да има пожар над кој гори целиот небосклон. А долу тече Бистрица и мие, трие, глади, превртува и исфрла на брегот камчиња, а кога вода прибира сал малку повеќе, тогаш ги прибира во себе и одново ги прегрнува, ги мие, ги мазни и ги превртува, та превртува. Така со векови и кој знае колку векови така везден и катаден. Во деновите изминати и денес тече матна... На брегот дебнат црни пијавици набабрени од крв човечка...

ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 10 Ване - викна командантот. - Редот ти е да одиш по вода.

Излезе од ровот. Откако пагурите ги собра и ги врза за појасот, го провери шмајзерот и појде. Влезе во шyмата. Папрад висок и густ и под него ројови шyмски јаготки. Црвени. Како бисери висат на исправените стебленца. Шират опоен мирис. Клечејќи, со обете раце собира - откинува јаготки, ја полни шепата п ги фрла в уста. Со јазикот ги притиснува до непцетс, ги гнети, цедејќи го сокот. По целата уста и грлото чувствува сладовина, затвора очи и со наслада полека голта. Слаткиот и миризлив сок во него предизвикува неопишано помрачување. Yсните му се црвени, а прстите се лепат од густиот сок. Пред него само чекор-два разретчен папрат и јаготки - како килим. Се подигна и... - истрелот не го слушна. Падна со лицето врз јаготките.

Крвта тече во поројче, се разлева врз црвените јаготки. Во сенката на папрадот и меѓy стеблата, тој изгледа мал. А почјанката, папрадот, јаготките, поточето што шурка скраја – големи, огромни, бескрајни. Истрелот дојде од своите. Занесен во берење јаготки, не го слушна гласот на стражарот. Во плитко ископан гроб остана Ване во високиот папрат. меѓy јаготките...

Квечерината Мита и Цана купчето свежа земја го покрија со Јаново цвеќе. Расте тоа на Копанче, на голите падини на Горуша и Круша и отаде - под ридовите. Не сака сенка. Расте самољубено. Љубоморно е и за светлината и за местото - затоа околу него не расти трева и друго цвеќе. Доста му е утринската роса и повеќе влага не сака. Убавината на пеперутките ја привлекува со својот опоен мирис. Најмногу опој шири во зорите и кога има најголема жега. Трипати на ден го менува мирисот: наутро, се додека пука зората и додека врз јасносините и белузнави листенца во капки истрајува росата; на пладне, кога вршник е жегата и квечерум, пред заодот на сонцето - до првиот мрак и првата вечерна роса. До наредната зора мирува, прибира листенца, спушта цвеќе и дреме во мракот...

Комесарот влезе во земјанката на командантот и јави:

- Фативме агент. На борците им велеше дека владините војници секој ден јадат бел леб, варено и печено месо, чоколади, дека наутро пијат млеко, чај со рум и кафе.

Командантот ја сврте рачката на полскиот телефон и откако доби врска, слушалката му ја подаде на комесарот.

- Повели. Јави во штабот на полкот.

Од таму наредија:

- Фатениот агент да ни го пратите. Ние тука ќе му судиме и ќе го стреламе.

- Јас, команданте - вели комесарот - не би се согласил да им го пратиме. Ние го откривме, ние го фативме, па според тоа редно е ние да му судиме и да го стреламе. И тоа пред сите борци... -Прекина за миг и продолжи: - Денеска сослушував еден. Знаеш што ми рече? Слушај. Јас, вели, секогаш сум гладен. Лебот што го добивам не ми е доволен. И уште вели дека ние нема да победиме ако не ни помогне Русија или ако не почне третата светска војна. Партизанштината вели, за нас Грците, не е добра.