Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

(UNSCOB) - Part 02

Од Стојан Кочов · Дел 6 од 18 · Околу 22 минути

Читај на English

Помислија дека испуштив душа, но кога дојде зајдисонце, ми се пристори како камењата да се поврзани и постегнати за земјата.

Ги пипав сите камења, а не тие што се корнеа лесно им го слушав стркалувањето и трескавичното одбивање од поголемите карпи и мислев дека последен ќе бидам и јас, но еден камен што личеше на закопан зглоб, се обидов да го откорнам, но не можев. Тогаш ми стана мил, го прегрнав и лежев на него со доверба, оти кога собрав сила, потпирајќи се на него со телото, се вратив на кршот каде што останав до седмиот ден, но смртта и тука ја чувствував како лази покрај мене и се обидував да не ми се напика стравот во мислите, па да не можам да изречам здравоумна мисла. Помислував, но не можев да проверам дали ме имаат нападнато мршојадците и мене?

Дедо ти и тој тоа го издржа. Но тој не издржа кога му ја покажаа сликата на татко ти Мано на која се гледаше како му е отсечена главата и закачена на стап. Така го шетале низ Костур.

Хондрокукис едно попладне пред шаторот на дедо ти му рече:

“Го познаваш овој?” дедо ти се стресе, посегна силно да ја фати сликата, а Сурлас го удри силно по главата со еден грежлав стап... Ниту ми дадоа да го закопам, туку ми рекоа:

“Тоа си одело службено”. Умрените ги носеа зад карпите еден врз друг.

Подобро ми е да не си спомнувам. Но секојдневната мисла дека ќе ги сретнам моите...

Молчеше долго, молбено гледајќи во мене.

- Спиевме во големи шатори. Шаторот ми стана омилено место и сите што бевме внатре се кажувавме наши.

Тоа тенко платно не огради и станавме свои. Не чуваше од ветар, дожд, погледи, а бевме од триесетина мајки. Јас бев од најпостарите и затоа кон мене сите се однесуваа со почитување.

Моето место беше во ќошот. До мене беше Петре од Мала Преспа. Тој Петре невројатно вешто фаќаше муви и со омраза ќе ја згмечеше во своите груби раце, а со задоволство по отварањето на раката велеше: “Што голема беше”, кикотејќи се со зборовите: “Се што е понемоќно од мене, само така... Доста ми е , Хондрокукис и Сурлас...” Кога се требеше од вошките, се соблекуваше угол гол.

Ги фаќаше и ги напикуваше во едно шишенце што го нашол од некаков напиток. Во шишето имаше вошки кои беа фрлени пред долго заборавено време, но секоја новофрлена ја гледаше љубопитно како ќе се однесува над толку пцовисаните вошки и дали тие погладните ќе ја изедат.

Ги поистоветуваше со луѓето... “за ваквото убиство...”, велеше Петре никој не може да се осуди во карпите и во логорот.

Велеше дека не сака да биде директен убиец, и тоа го срамнуваше со нашето во карпите и во логорот. Велеше дека не сака да си ги валка рацете како капетанот Хондрокукис, што уживаше да гледа крв.

“Јас и секој од нас над овие суштества имаме повеќе право од колку Хондрокукис и Сурлас со нас. Вошките се лично мои...”, велеше тој Петре, убиецот на вошки... Тој, Петре, со тоа се задоволуваше што и тој може да се одмаздува... Но, со нежестока постапка да изврши над вошките Е К С О Н Д О С И.

(уништување).

Така, многупати, ми раскажуваше стрико Пандо, кога знаеше да зборува... Денес, случајно ме донесе патот во овој парк и слушам смеа и гласови. “Го нема Пандо да ни мине...

Ха, ха а а а а... Кој знае каде се витоса”.

Седнувам на клупата што шаренее од сонцевите зраци низ миризливата бујна липа и размислувам како заврши животот на родот наш, чиниш тоа беше животот, што немаше ни почеток ни крај, а мене нешто ме тера уште упорно да опитвам и сакам да знам каде му е фрлена главата, а каде му е телото на мојот татко.

ПОТОМЦИТЕ НА ЕДНА МРТВА ВОЈСКА Оставината на “мајка” Марија Василева ја разгледавме по враќањето од закопот. Беше оставила само една црна шамија, врзана крстум со четирите крајчиња. Личеше на торбулињата од скитниците. Беше нагнетена така што одвај и се одврзуваа крајчињата.

Шамијата беше полна со фотографии, писма, наредби, задолженија и признанија, напишани уште од крајот на четириесеттите години.

Во собата беше штама. Немо си ги подававме еден на друг, секоја разгледана фотографија или прочитано писмо.

Некој се задржуваше повеќе, туткајќи го в раце писмото или сликата, небаре чувствуваше во себе нешто болно, но никој ништо не коментираше. Не имаше од секаде, а Џон (Ване)

Долински и јас бевме дојдени дури од Канада на закопот на нашата “Мајка” Марија.

На една фотографија имаше и едно слабо, кожа и коски, малечко детуле, со преврзана рака и со вџашен поглед...

Џон ми ја подаде сликата и ми рече: “Џорџ, овој е брат ти Мите, пред павилјонот број 4 во Тулѓеш!” И сега си припомнувам...

Долго живеевме во долината на густата шума, исплашени од авионите кои сееја смрт. Навечер, мажите слегуваа долу до куќите од селото, крадешкум се пикаа и носеа брашно, сол и се што се нашло. Жените месеа леб, правеа пити. Но тоа траеше кратко. Долго траеја: - студот, гладот, плачењето за спиење, за детска игра, за малку човечка среќа.

Кога беше најстудено, се што ќе капнеше замрзнуваше. Во една таква вечер мама не изнаоблече мене и брат ми Мите во нови рубишта и не нахрани со јанија од пилето, што го чуваше за тате кога ќе се врати од фронтот.

Можеби тоа го сторија сите, но тогаш си помислив “галаба е празник”. По вечерата, мама се наведна и ми прошепоти: “Сине, вечерва ќе бегаме...” По малку дојдоа луѓе со пушки, партизани и разговараа со постарите.

Квечерина. Тажната колона тргна. Одвај се одвоивме од мама.

Солзите уште долго ни го матеа погледот... Зад нас остануваа високи пламени јазици. Гореше селото, а куќите се претвораа во пепелишта. Тогаш бев мал и не можев да ја сфатам големата трагедија, што не снајде...

Колку повеќе се оддалечувавме од родниот крај, толку повеќе размислував и не можев да си најдам одговор за тоа - што толку им згрешивме на луѓето та, ете, не принудија да го напуштиме своето топло огниште. Помалите, испозаспани ги ставаа во кошеви, натоварени на коњи, а ние поголемите одевме по нив.

Патувавме ноќе, но полека, а една по една, од колоната исчезнуваа нашите мајки, наоѓајќи по некоја причина да се вратат. Останаа уште неколку, кои беа задолжени да не водат.

Изодивме доста, но мајка ми ја немаше... Сурова разделба. Кога се искачивме на ридот, зад нас останаа огромни думани...

Зазорум беше, кога стигнавме во Браилово. Не бодреа дека тука веќе не можат да долетаат авионите, од кои најмногу се плашевме. Не разделија во групи: во една поголемите, во другата помалите. Брат ми во едната, а јас во другата. Тоа утро многу солзи пролеа брат ми. Јас го гледав и си мислев: “Мама не беше толку лоша, таа ќе дојде, нема да не остави. Ќе дојде, а ти не плачи... таа ќе не стигне...”, а тоа ни го велеше и Марија Василева.

Одевме пак во колона, облечени со нови ѓурдичиња и опинци, а ние, поголемите и со по едно торбуле преку рамо.

Личевме на победена војска.

Првпат видовме воз. Влегувавме во него по ред се додека вагонот не се наполнеше. Потоа однадвор се залостуваше железната врата. Во ќошот имаше поголеми и мали канти за вода и нужда. Брат ми беше во друг вагон. Не сакав да се одделам, но... Потоа, видов дека и другите беа разделени. Кога застануваше возот, на прозорчето што беше оградено со железна решетка, се туркаа начичкани главички и викаа:

“Мамо! М а а м о о ! Т а а т е!” Приквечер од замор ќе не собереше сонот, легнувавме на посланата слама, наредени како стомни.

Нашите две “мајки”: Марија Василева и Параскева Иљоска, најмногу плачеа кога ние заспивавме и низ солзи ја слушав “мајка” Параскева како и раскажува на “мајка” Марија.

Едно пролетно утро, дојдоа и ми ги зедоа децата со намера да ги пратат по островите за да ги “јаничарат”, да не можат да ги земат партизаните, како овие тука... И, така, останав без маж, а сега и без деца. Мажот ми Петре загина на Грамос. Децата не ги давав, но сосила ги фрлија во еден камион со другите збрани деца. Лена беше најмала, не сакаше да ме пушти од прегратките. Ми ги имаше свиткано рачињата околу вратот и ме молеше: “Мамо, не давај ме... Мамче, не давај ме...”, но во тој момент дојдоа двајца корофилаци, еден ме удираше со кундакот од пушката, другиот ми го откина чупето од раце.

Потоа ме зграпчи за плетенките и ме влечкаше како партал по прашливиот селски пат, фрлајќи ме сред село... Се бранев, ме болеше тегнењето на плетенките, кои ги имаше заплеткано во своите шепи... Ни се закануваа дека никој не смее да се обиде да пријде, зашто ќе го стрелаат.

По малку децата ги однесоа и ги затворија во едно училиште во Костур. Потоа ги потоморија во Грција, можеби на некој остров...

Липајќи “мајка” Параскева низ солзи ги изрече последните зборови: “Секој гледа да ја ограби Македонија...” Размислував цела ноќ, со закопана глава во сламата, за мама, за дедо и баба, а најмногу за тато и постојано се прашував, зошто оваа жена тргнала со нас, а се оставила таму?...

Но, овие “мајки” во железниот 'рѓосан вагон, за нас беа се.

Бдееја над нас и дење и ноќе, не заспиваа и не будеа, ни ја подаруваа толку посакуваната мајчинска љубов и топлина.

Утредента изгладнети, некои послабо облечени, се будевме со трепет во душата, од страв. Се припивме до скутот на “мајка” Параскева и Марија. Тие ни беа единствена надеж и поткрепа при дружењето на вагоните, при писокот на локомотивата...

Тие ја делеа нашата судбина, не куражеа, ни ги бришеа солзите, не заспиваа, не разбудуваа, не држеа во прегратка, ни ветуваа дека еден ден ќе се вратиме дома, ќе си ги најдеме мајките и татковците, братчето и сестричката, небаре и тие веруваа заедно со нас дека така мора да биде, ни ја мамеа горчливоста на нашите судбини...

Во руменилото на зората возот зазбивта неколку пати и застана.

Се одлостија железните врати и од вагонот не симнуваа едно по едно, фаќајќи не двајца мажи под мишки.

Тогаш брат ми си ја скрши раката. Скокна не сакајќи да го прифатат луѓето на врата. Потоа долго боледуваше...

Кон павилјоните во Тулѓеш тргнавме како надојдена река, се испомешавме на плочникот во големиот двор. Се баравме еден со друг, но најтешко им беше да не пронајдат нашите “мајки”.

Во домот имаше многу деца на кои не им се знаеше ни името ни презимето, ни родното место. Едноставно биле собрани во збеговите преку граница и така со години, како сенки, ги бараа своите најблиски, својот идентитет...

Најверојатно за да бидеме рамноправни, или којзнае зошто, во Калиманешти ни ги одзедоа имињата. Тоа беше последно што го имавме, тоа наше основно национално обележје. Потоа, околу вратот ни врзаа метални плочки, на кои од едната страна беше гравиран ликот на генерал Маркос, а од другата - бројки што требаше да ни го заменат нашето име.

Јас добив број 521 и кога ме прозиваа на романски, требаше да се јавам на зборовите: “Чинч суте доузеч ши уно”. Брат ми Мите е закопан со бројот 125. Тој умре од болка во душата за мама. Имаше само три години. Нам не ни беше дозволено да одиме на закопот на умрените деца. Тоа навистина беше глупаво, зашто јас бев тој што го најдов умрен.

Кон крајот на 1948 година, пак со воз тргнавме за Полонија. На границата не пречекаа Полјаци со комплетни послуги, медицински персонал. Во возот лекарите ни извршија детален преглед, а на секое дете по потреба, му одредуваа кај треба да оди на лекување. Луѓето беа многу љубезни со нас, а истовремено беа вџашени - како тоа партизански деца, чии родители се уште водат борба на Вич и Грамос, да немаат имиња?

Кога стигнавме во домот “Барбурка”, не облекоа во нови руби, а се што соблековме со се плочките, што се фрлаше на куп, личеше на ослободена логорска војска. Животот често беше полн со суровост и жестоки поигрувања. Полјаците ги викавме добри чичковци, а најмногу го сакавме пан Пјотр Пшежински.

Не сакаше и тој, не викаше “потомци на една мртва војска”.

Стар опитен Полјак, поранешен бизнисмен и филантроп, долги години бил по логорите. Многу не сожалуваше и ни велеше дека по судбина сме исти, бидејќи и тој во логорите имал број, но без лик на некој водач. “Вашата судбина е потешка, зашто ви го обесија на врат да го носите генерал Маркос”.

Така минуваа месеци, чиниш векови. Се прашував:

зошто не се јавува мајка ми, татко ми? Многу деца почнаа да добиваат писма, се допишуваа со своите, а јас толку долго тагував...

Еден ден бев пресреќен. Треперев, кога “мајка” Параскева ми го даде писмото од мама. Ми пишуваше: “Синко Ѓорѓи ќе дојдам да ве земам со Мито и ќе одиме во Русија, кај татко ви. Многу да ми го чуваш Мито...” Се обидувам да не се присеќавам на тоа, само во мојот ум тоа време е празен, сив простор...

Кога заврши граѓанската војна во Грција, по неколку години почнаа да се расформираат домовите. Павилјоните остануваа пусти со високи разлистени дрвја пред нив и плочникот затреперуваше полека, дури човек го фаќаше страв.

Времето беше пријатно, август 1952 година, разделбата беше трогателна. Се делевме од нашите “мајки”, од другарите со кои исполнувавме еден живот. Ова е последната композиција. За рака не држеа најблиските што не пронајдоа и секој од нас размислуваше за нови средби...

Крај домот “Барбурка” минуваше железничка линија:

за Шќеќин, Згожелец и Варшава. Стоевме на висорамнинката.

Кога наближа композицијата, како да и се параше срцето на “мајка” Параскева. Сите знаевме дека доаѓа часот на разделба.

Неми, без глас се збогувавме. Секој ја вртеше главата да ги сокрие солзите. Таа остана со притаени чувства и долго, долго ни мафташе со црната шамија, не знаејќи кај да појди, оти секој од нас одеше кај родителите. Таа беше силна, јадра жена, со јасни сини очи. Така и си ја припомнувам. Никој од нас не понуди да ја земе да се одолжи; сега ја сожалувам, таа не беше туѓа, таа толку години беше наша “мајка”. Можеби таа остана за век и веков таму, не знам...

Јас и мајка ми заминавме за Ташкент. Композицијата беше полна со бегалци, со жени и деца и полека се наближуваше кон Ташкент. Надвор пеколна жештина, во душата неизвесност. Со мајка ми надвиснувавме над прозорецот. Цврсто ми ја стегаше раката. По толку години требаше да го видам тате. На перонот мешаница, довикувања имиња, потоа морничав плач и цврсти прегратки. Ближеше долго посакуваната средба со мојот татко.

Мајка ми ми велеше: “Татко ти ќе ги рашири рацете, а ти фрли му се во прегратка. Така ќе се препознаете...” Се сеќавам: крај перонот имаше тројца високи мажи.

Се отргнав од рацете на мајка ми и потрчав кон нив. Застанав на половина метар. Гледав во очите. Никој не ги рашири рацете.

Мажите немо гледаа во мене. Се свртив. Полека, плачејќи, се вратив и и го фатив скутот на мајка ми.

Повторував: “Ме лажеш, никој не ги рашири рацете, не е тука тате!”

- Ѓорѓи синко! - ме пресече остар машки глас зад грбот.

- Сврти се, јас сум татко ти!

Се свртев полека и збунето. Тргнав кон човекот што истапи неколку чекори. Застанав пред него, му го погледнав лицето.

Беше некако остарено, смугрено и со огромна лузна на образот.

- Ти не си мојот татко! - му реков налутено. – Татко ќе ги раширеше рацете за да ме прегрне.

- Не можам, злато мое, не можам, Ѓорѓи, синко мој, не можам да ги кренам... Тие не се мои.

- Каде е Митко? Да видам колку пораснал - и рече на мама...

Кога тргнавме накај општожитието во приградскиот логор “Јалангач” број 12, се фатив за татко ми, држејќи се за ладната протеза, а јас со години очекував да ја почувствувам неговата топла крв.

ТАЛКАЧИ Автомобилот комбе подзастанува со виор од прашина пред големата порта и набрзо му отвара службеник кој се поздравува само со возачот. До целта стигна веднаш, возејќи забрзано преку една уличка и застана точно меѓу две бараки.

Во дворот бесцелно шеткаа неколку мажи и жени со разновидна облека, руска, полска,чешка и унгарска и кога ги видоа новодојдените повеќето од нив се стрчаа кон возилото, а неколку останаа на плочникот да се расправаат за националниот развој на Унгарците во заткарпатскиот дел, под романска власт.

Домарот на прифатилиштето стоеше пред влезот број три, со врзоп клучеви и чекаше. Новодојдените слегуваа со куфери и разни торби, маж кој вешто држеше во забите папироска, облечен во азијатска топлогрејка и бујна руска форашка, а по него беа две жени со дете што одеше со војнички чекор.

Возачот сврте со автомобилот и си замина намигнувајќи му на детето. Низ ходникот се слушаше само одот на домарот кој носеше тешки потковици. Тој им подаде клуч од собата тринаесет; соба со асиметрична положба и пет кревети, мијалник и оштрбено огледало.

Домарот, кога оцени дека Добрин Сувогорски е глава на семејството, му подаде список да потпише и да ја прими состојбата во собата. Им покажа во која просторија се дели храна и им го кажа времето што беше определено, согласно со режимот на прифатилиштето. Откога излезе овој, секој по своја желба седна: креветите се затресоа и почнаа да крцкаат, а еден кревет остана празен.

Румена Сувогорска пред да седне здогледа по чаршафите дамки од мрсни капки, а на секое ќоше од чаршафите и перниците имаше печат втиснат од управата. Штиците на подот беа намачкани со црно изгорено масло, чешмата капеше, закачалката беше на самата врата. Над вратата стоеше закачен изразито робусен звучник, малку накривен и се слушаше тивка музика. Румена го сврте погледот кон таванот и се загледа во светилката од која, чиниш со мака излегува светлина; цинично се потсмевнува и гледа во Добрина.

- Прифатилиштата насекаде се исти! Десет години талкаме од едно во друго... Туѓи чаршафи, кревети исклатени од бес, излигавени перници и заеднички нужници. Мирисам на туѓа мочка. До кога? - му се обрати на Добрина.

- До кога ќе чекам пред вратата на колективен нужник?

Не дочекувам да излезе испостраната, па јас да клекнам. Преку трулите штици да слушам машко шуркање, или некој мене да ме слуша како се пнијам...

- Детето ми мириса на дезинфекција, на хлор и на дидитиви, - стана бесна и отиде кон огледалото над мијалникот. Се чешлаше и постојано зборуваше.

- Го хранам со лажици од кои јаделе луѓе заразени од сите видови болести, разни идиоти. Погледни го! - му се сврти на Добрина. - Ми личи на агитатор. Дури и неговите екстремитети ја загубиле симетријата. Не знае да заигра, се врти околу нас, смрдливците. Навикна и тоа да прислушкува и да шепоти во доверба “само тебе...”, чиниш илегалец е. А, што да речам што цели десет години ме следат погледите на сенилни старци?

Понекогаш полни со злоба, затоа што станале немоќни,-иронично се смее, префрлувајќи ја долгата коса преку рамото на Добрина предупредувачки - ми се здодеа од шалтерите и чекалните. Молби, таксени марки, изјави и докажувања. Десет крштелни имам со различни датуми. Кое е точно !? - се смее на глас. Првото, во кое не заведоа со презир и туѓо име? Во другото само датумите се грешни.

Добрин тргна кон неа и подвикна -Зошто толку сакаш да ме разубедиш?

Знам, има луѓе со две лица, едното за жената, другото за другите луѓе. Јас не сум виновен што револуцијата создава и такви. Знам, и сега жените не се создадени за да бидат разбирливи, туку да бидат љубени, гулабице моја!...

Мајка и гледаше во Румена како се чешла пред огледалото, се доближи со нежност и ја погали по лицето.

- Румено, мајкина, иако си минала низ маки, имаш убава лика, - и рече мајка и Петра, која веќе со нив беше уште од петтото по ред прифатилиште. Румена, чиниш небаре доби полет, се сврте детински:

- Ах, мори мамо! Ако Добрин имаше малку љубов за мене, како што се фалеше кога ме зеде, јас не ќе имав време да се исчешлам.

Хм, каде би била мојата моќ, кога не би постоела машка револуционерна вообразеност? Тие таквите кога ќе дојдат на власт, стануваат префинети егоисти. Мамо! Жената која повеќе не е сакана , треба да прави се само да не плачи, нели сум жена на револуционер ?... Тој знае да ме убеди, дека секаков раскош го расипува човекот. Убедувањата му биле такви. Така бил задоен како револуционер - одмавна со главата и чешлето падна. Добрин сега се повеќе молчеше. Не ги слушаше луѓето и во разговор не се мешаше, па затоа и за него се помаклу знаеја.

Се чувствуваше виновен за неуспехот, но сега, слушајќи ја Румена нестрпливо изговори:

- Јас само ти предложив, а ти имаше право да си бираш маж.

Румена, чиниш, одвај чекаше, веднаш се одзва, но сега како и таа да носеше некаква вина: - ете, те избрав. Си бил убав, си бил големец, на функција, сакав да станам жена на големец, а сега и јас имам толку право на радост и среќа, колку што тебе ти признаваат другите... И што ни останува, како што велиш:

“Вистината ќе победи”. Но, не губи надеж дека лагата и клеветата можат да навратат и тука, и тука мој Добрине! Ти, Добрине, си одлежал осум години во логорите.

Гледаш, животот ни мина само во сурова борба, во талкање и искуство - разлутено ја притегна славината што постојано капеше и со видна гримаса на очај ја тресеше раката.

- Сега очекувај да ни минат во сеќавање прифатилиштата и логорите, а ги има доста, миличок, само присети се на: Елбасан, Бурели, Варшава, Вроцлав, Згорзелец, Љубљанка*, Бутирка*, Лефортово*, Краснојарск, Иркуцка, Варкута, Алма - Ата, Ташкент, Крајова и уште ли? За нас правдата задоцнила.

Јас имам такво чуство…

Добрин сакаше да и пристапи, но остана како стаписан:

- Ти сигурно очекуваше пречек каков што им следува на ослободители? Па, што ако сум пречекан како обичен?

Сакам да сум ослободен од сечија милост. Милоста за мене е понижување. Човек ни самиот себе си не смее да си доделува милост. Тогаш се чувствува како заробеник.

- Ти мислиш од тебе зависеше пречекот, мој Добрине?

Не, не од тебе, туку од други зависиш за таквата твоја несакана милост. Тоа требаше да го кажеш.

- Јас бев војник и му служев на својот народ, ако сега е прерано да ми се признае, тогаш што?... Но, ти со својот песимизам, знај еднаш засекогаш, дека не можеш да ме очаеш. А јас, навистина не можам да најдам начин ти повеќе да ме сакаш. Ти гледаш дека сега сум ништо... И навистина ти толку многу сонуваше што сега се помалку почна да веруваш во мене, - се врати до креветот и легна да задреми. Ја спушти капата на очи и процеди низ заби.

- Доста!

- Јас, ќерко кон татко ти имав право да ја извршувам својата должност. Ти не личиш на мене... Јас кога страдав за татко ти бев среќна. Сега штом ќе се вратам во Лерин ќе му раскажам.

Татко ти на грчките острови животот го мина. Што треба јас да барам од него? И знај дека мажот гледа подалеку - рече мајка и Петра Прстенарова.

- Јас тоа го правев десет години по овие прифатилишта. Ме ставаа на должност како што бараа другите.

Сакам да бидам жена! Тоа веќе не е моја должност што сакаат другите!

Румена, нервозно, средуваше, вадеше од куферите, преместуваше и, речиси, сите придремуваа, а таа понекогаш очајно фрла поглед по ѕидовите и гледа разни гребнатинки, шари, потписи кои од кај дошол и отишол, а мислите не сопираат: “Ох, каде и да погледам, каде и да ги вперам моите очи и мисли - никаде не ме очекува радост. Смрди на гнила истрошеност, се е старо, сиво...

Нешто ми ги задушува чувствата. Длабока опасна безволност ме води се до гнасниот пекол на очајот и чувствувам празнење на срцето, а јас сум жена што треба да го живее времето во надеж, оти сум жена на револуционер, а сега веќе него го сметаат за излитен пустеник...

Прифатилишта! Секаде се исти. Ист мирис, се е исто и домарот и звукот на чиниите, музиката обилува од маршеви, а син ми слушајќи ја си го загуби својот природен од... Ќе рече ли Бог да опустите! Ох, не, луда ли сум што зборувам, син ми е роден во нив. Не, тој ги сака”.

Се доближи до прозорецот, потоа фрли поглед над наткасната, ја зеде в раце тетратката во која Добрин водеше разни белешки:

“Словените не оставија на мртва стража чекаме фрлени во заборав уште од пред Самоила живееме во грчот на времето што лачи злоба...” Вичо, 1947 год.

Преврте неколку листови и пак се задлабочи да чита “Велат дека личиме на мумии побакарени од бронзеното време...”

- Па добро Добрине! - воздивна и се загледа некаде далеку низ прозорецот. “Види го ти поетот мој”. Потоа, ја обзеде некакво смеење и се пласна на креветот. Сите ги разбуди кога продолжи на глас да вика: - Еј, поету мој!

Навистина сега личиме на мумии.

Добрин ги протри очите и смирено им се обрна на сите:

- Сонував чуден сон. Сакате да ви го раскажам.

Румена гледајќи отсутно, рече:

- Ти пак нешто идеализираш? Имаш право, живееме со надеж.

Значи, има што да се сонува... Велат дека надежта е втора душа.

Ајде да ти го слушниме последниот сон.

Добрин се почувствува неудобно и завладеа тишина.

- Велиш, идеализирам? Хм, -изусти со чувство на вина.

- Ти треба да знаеш кој страсно си го сака татковинското, тој е чувствителен за она што му припаѓа, возбудлив е на навредите, но возвишен е и горд што издржува!

Румена го погледна попреку и му рече:

- Ех, мој Добрине - и остана така да го слуша сонот, но Добрин веќе го симна погледот и поцрвене. Тој сега не можеше ништо да каже, омразата му го стегна грлото, а сепак реши да ја праша, придавајќи му на својот глас пожалосен тон, отколку што чувствуваше.