Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

БОЖИН КОРЕНОВ

Од Стојан Кочов · Дел 3 од 18 · Околу 12 минути

Читај на English

БОЖИН КОРЕНОВ

1856-1952 г.

ЉУБА КОРЕНОВА

1860-1948 г.

- Одамна сакав да им се оддолжам на моите родители, оти тие со години ме чекаат-рече, кога ги постави над гробните мермерни плочи.

- А вечерва, ние ќе треба да го прославиме нашето доаѓање. Ќе треба да запалиме толку голем оган во оваа темница колкав што беше тогаш кога тука гореа сите огништа, а по огнот доаѓа и човекот. Ние во оваа земја немаме знаме да се вее, ниту наша ѕвезда која треба да не води, но затоа силните огнови се рамни на сето тоа...

И, навистина за тие луѓе, огнот беше повик за таквата радост, за средбата со тие што отидоа со руси коси и кадифени очи, а сега се во длабока зрелост и најубавото од нив го искуба туѓината.

Таа туѓина како душегризница во глувите и долги години што се тркалаат и само трагите можат да се одмерат во нивната душа...

Стоевме покрај силниот пламен што се нишаше од ветерот ту лево, ту десно, а низ црната ноќ продираа гласови и доаѓаа околу огнот луѓе насмеани и задоволни од тој висок пламен, чии искри се растураа низ темницата и важеаа како повик. Си припомнувам: околу Мистер Крис Корин, сите го викаа - Ристо Коренов, а тоа старче во кое радоста се зали во неговите гради, не се воздржа... Пееше толку убаво што јас сега кога се припомнувам уште сум под тој впечаток.

Во муграта од далеку, гледаме ни доаѓа астиномот Кириос Платанос Андонакис, а по него македономахот Крлес Петру, штрбав и со црни мустаци. Беше свиткан, со вовлечена глава во рамениците, исклештен. Непомирливо и злобно гледаше во нас.

Тој мислеше дека само со такво држење ќе го докаже своето големо патриотско гесло.

- Вие Славофоните, како да не знаете колку имате право во оваа земја. Вие Мистер Крис..., а и ти Мистер Џоне, што си се смешал со нив и со овие огнови?... - не запраша иронично Кириос Платанос.

- Вие со тоа што сторивте, дури и покојните сакате да ги предизвикате во оваа стара Елада. Вие гледам и во прогонството не заборавивте на таа славјанштина. Но по законот должен сум само да кажам: да се изгаси огнот и пепелот да се закопа. А надгробните плочи да се извадат и да се препишат и тоа:

(ТЕОФИЛОС РИЗОПУЛУ и АГАПИ РИЗОПУЛУ)

- Вие можете вашите родители да ги прекрстувате, моите не!-му одговори Ристо Коренов.

- Уште еднаш ви велам, во името на законот!

- Јас во чест на моите покојни ви велам дека ќе протестирам пред целиот свет.

- Вие го прекршивте законот, -рече Кириос Платанос, -а за тоа се оди в затвор, но бидејќи сте туѓоземци, ќе ве молам да се извадат овие споменици и да се напишат на грчки и англиски, а Петрос Боцарис, Георгиос Минопулос и сите други од селото што избегаа, кои ве придружуваа вечерва, да им се суди по законот. Однапред можам да кажам за тежината на казната. За таквите е островот -Лерос.

По овие зборови возбудливо се одзва Петре Бочваровски.

- Рековте на Лерос, господине Платане. Таму е подобро отколку во својата земја да живееш како туѓинец. Тоа за човекот е срамно.

- Господине! Еј, господине! Јас сум Ристо Коренов, осуден на прогонство, а сега што пеам, тоа е моја болка. Не е лесно, господине Платане, да изберете само една таква вечер во седумдесетте години. А за ноќеска да бидам толку слободен, господине Платане, требаше да имам туѓо државјанство. Да се оттуѓам... А и сами вие знаете колкаво е вашето проклетсво-рече и му покажа на урнатините и на празнотијата. Знаете колкава е тежината на злото што го истуривте врз нашиот живот. И кој ќе ја измери?... Незнам, ќе бидете ли пак вие што се прогласувате за големи заштитници на човештвото..., вие што во нашата сопствена земја не правите труѓинци? Ова е едно мое големо утро, господине Платане, и во оваа вечер си ја видов судбината како тече по вашето строго корито, по овие патишта оставени од нас отуѓените, што не прошива тага таму некаде... и сега гледам, луѓето ги нема, чиниш избегаа од крик и татнеж тежок, во ова време ново...

Јадосливо се искашла и замолкна.

Мене страсно ми се сакаше да стапам во расправа со тие наречени господари, но несовршеното знаење на јазикот, ме задржуваше.

- Вие Мистер Крис немојте многу да забележувате! Тоа ќе ви пречи на вашето патешествиие.

- А вие, Мистер Џоне?...

- Јас дојдов само да ги видам луѓето и земјата на мојот татко...

- Не ви дозволувам...

- Токму така, господине Платане, зошто, навистина, сега станавте господари на ова наша земја!

БЕГАЛЦИ Многу години останав во душата сосема закопчан.

Не можев да му се обрнам на срцето за минатото. Но, каде да го чувам... Јас сум сосема сам... и, сега, кога си припомнувам, тагата како тапа стапалка броди во мојата душа и ја гони во недофат...

Па, што да ви раскажам пријателе? Јас и сега сум секогаш тажен, особено кога гледам оган и дим. Погледнувам на синкастиот дим што лебди, на она што согорува и си припомнувам: утрото беше сиво, одеднаш се слушна врева, се појави толпа од луѓе, темни фигури измешани со домашни животни заедно трчааа. Толпата постојано се наголемуваше како грутка снег што се тркала низ некоја падина и како сé поширока и шаренолика река се влеваа луѓето меѓу двете езера на Преспа. Бегаа, полуоблечени и по патот си ги дооблекуваа останатите делови од облеката. Трчаа деца и жени, со несигурен чекор итаа старците. Над земјата лебдеше густ чад и така им ги дразнеше носниците на сите живи суштества, дури ничкосани бегаа, а зад нив остануваа голи ридишта, трапишта, урнатини и опалени стебла. На припеците лежеа осакатени, вошлосани војници. Огновите прилегаа на јазици, или чиниш се веат шамии, како самовили да играат. Излегуваа низ чадот опалени луѓе и се прашуваа – “ каде сега?” Земјата како да беше испрана, или небаре се чини да се пролетни суви ветрови што ги растопуваат снеговите над црната земја пропиена со влага. Така и војната, ги гони луѓето од своите огништа, а земјата останува пропиена од нивната крв.

Слушам бучава, грачат гаврани, а смртта полека лази по земјата, следејќи го човекот. Завиткана во долама на стравотија, рамнодушна, безлична, нема како сурова црна рака го досегнува човекот, но тој стапува во борба вооружан со мислата, чекори до светлината на животот, наросувајќи го со крвта на срцето својот мачен, осамен, непознат долг пат...

Но и колку да брза човек ќе посака да слушне, да види да забележи: - “Зошто човекот го гони човека?” Оти овие луѓе, засекогаш секојдневната среќа, среќата домашна ќе ја нема... Ќе ја немаат својата татковина.

Најпотребното, нели? Но, кога и да е, никој од нив нема да заборави да викне: “Каде си ти, каде, татковино моја?” Оти, никој од нив не понесе сé...

И, ете, тие престанаа да бидат стебла со длабоки корени во таа земја. Тие престанаа да бидат плодни корени. До тогаш тие се интересираа само за своето парче земја, на кое беа израснати како стебла со длабоки корени. Тие неизмерно ја сакаа таа земја, бидејќи таа ги хранеше. А сега, како откинати лисје ги завлече ветрот и ги развеа насекаде... така одеднаш ги снема тие луѓе како плисната вода на песокот... тие тагуваат прогонети по светот, како облаци понесени од лошите ветрови.

А за човекот е доволно само да му се распара конецот на животот и неговите стапки од одот се нижат како бисер од разни мониста, бели, црни, тешки и лесни.

И таквиот бисер е сопствен, не личи ни на еден друг, но можеби татквите бисери приличуваат по форма на многу луѓе, но не и по тежината и боја на монистата и сега така од животот ќе се ниже тој бисер... и тешко е да се загнезди човек од туѓа земја.

Никогаш нема да ги заборавам тие дни...

Чекорев сам и последен. Патот мирисаше на крв и пот, расфрлани нешта. Луѓето газеа боси над искршена срча, а сакатите се молеа налегнати како крајпатни камења, очекувајќи ја смртта. Само мајките беа присебни, итаа со своите деца барајќи скривалиште. Тука го гледаш човекот како чекори болно, растажен, несигурен до следната станица на животот.

Пред човекот се растегнале стапалки во недоглед, некаде водат... трската и врбјакот осакатени дремеа, а усвитените ѓулиња што паѓаа во езерото, чиниш се жаби исплашени што скокаат од брегот, се забиваа во тињата за секогаш.

Бегалците, како пролетно јато птици, илјадници стоеја на работ од албанската земја и со свртени очи гледаа во димот, слушајќи пискотници и се збогуваа со она што го завеаја ветровите во тешки намети... беа во жална состојба, исцрпени и капнати...

На земја, на припеците, со денови лежеа покрај камењарникот, очекувајќи ја топлината на сонцето поделена подеднакво, спиеја, хрчејќи испотени, запарени луѓе. Тоа беа повеќето жители без кров: старци, жени и деца, ретко осамени војници кои си ги изгубија своите единици или бараа некои од налегнатите.

Деновите се влечеа гладни, а ветрот им донесуваше пиштење и некаков вкус на пепел. Се чувствуваше бескрајна тага во виењето на црвениот ветар. Фучеше тој црвен ветар, го бодеше човека и околу него виореше во облак со мирис од изгорен вкус...

А во далечината остануваше една осветлена бара, тоа беше разлеаното езеро на Преспа. Неколку карпи, како да сакаа да го видат ужасот, излегуваа од водата, парајќи ја со главите светлата површина. На песокот лежеа напуштени рибарските чунови, плискајќи над нив разлутено брановите. Тогаш почувствував како срцето ми се исполни со некое големо чувство на длабока тага. И за прв пат чув од утробата на земјата: “Збогум, мој сине, збогум мое чедо, знај, дојде време, треба да одиш, зачекори и оди... оди”.

Поминував низ едно село, тука- таму забележав расфрлани партали од облека. Во едно гумно покрај плевната на ѕидот навалено седеше едно дете. Викнав: “Момче! Ајде, со мене...” Но кога се доближав до него ме опфати жал, тоа беше прободено, а играчките околу него мируваа. Имав само толку време да го наместам на грб.

Од гласот и шумот на мојот од, на неколку метра се покрена еден пристар човек, лицето му беше облеано со крв.

“Човек ли си?”, запраша тој. Јас се притаив. Тогаш тој почна да трча низ дворот со раширени раце. Трчајќи силно се тресна од еден ѕид, и од болката почна да вика: - “Луѓе, браќа, сите што горите со љубов кон луѓето и сакате правда на оваа земја!

Погледнете на пакосниците. Ете, тие се, молчат! Но, знам, еден ден и тие ќе умрат, но пакоста нивна ќе остане... и само нашата чест како луѓе што си ја сакаат својата земја, ќе остане како најубав украс. Оваа не е ваша земја, оваа е земја на оние што избегаа, што сега од болка некаде се во длабок молк. Овој двор е на мојот внук и тој еден ден ќе се врати по крвта на татко му и сега по мојата...” Уште потешко ми стана, но сепак молчев.

“Молчиш, а? Страшлив си! Јас, иако очите ги изгубив од болката, уште издржувам. Или ти причинува задоволство да ме оставиш да се акам по ѕидовите...” А јас не се задржав и почнав со него да викам и да ја правам на парчиња машинката што ја носев како војник.

Вистината да си ја речам: толку ме возбуди и ме трогна тој старец, што сега понекогаш се наоѓам под неговиот впечаток.

Сега чекоревме двајцата. Старецот со надеж дека ќе го пронајде внукот низ бегалците...

По патот имаше многу луѓе кои бараа помош. Можеби ги бараат семејствата, како што јас си ги барам моите. А јас не можам да си припомнам, кои беа тие.

Сега си припомнувам: низ толпата чекореше и една слепа старица. Во рацете стискаше едногодишно машко внуче.

По патот ја водеше, клинкајќи со јазикот истурен една кучка врзана за појасот. Одеднаш во ноќта ја здогледав како ја моли кучката да го пронајде внучето.

“О, господе! Кој ја заколна земјава да живее без луѓе, без питом добиток. Зар нема повеќе луѓе на оваа земја”, викаше старицата.

“Тихо, мајко”, и реков.

“О човеку! Дојди, дојди синко”, ја нишаше главата молејќи ми се:

“Остани малку со мене, имав внуче, сега тука го изгубив. Друго сé што имав, остана во огнот... Ете тука бев седната во близината, но животното што ме водеше, ме завлечка... Одамна се вртам, слушам врева од луѓе и пукотници, но сите бегаат...

Остани малку со мене, човеку! Те молам. Ете толку време го молам господа, но тој, нека ми прости, оглувнал.

Овие што не гонат се посилни од него. Па да ли се луѓе, бре синко. Да не е некоја божја сила, што сака да го запусти ова парче земја. Тоа и гозборувам на кучката толку време, но што да сторам кога песот не ме разбира.” Старицата стоеше возбудена, од нејзините слепи очи течеа солзи. Таа ми ја подаваше раката и некако ме фати за полите на искинатиот шинел. Сакаше многу да ми каже, како да бев јас одговорен за војната.

“Ете, синко, тука останавме и јас и кучката, но таа ја нема, а јас

– слепа”.

Кога го пронајдов, тоа беше обесено за дојката на кучката и локаше ненаситно, а животното лежеше мирно.

Застанав и долго гледав.

И се заканив на кучката, и таа квичејќи стана, а бебето гугаше на глас и кога слушна старицата ми рече:

“Сполај ти, синко”.

- “Земи го мајко, тоа е сега сито...” реков.

Старицата се натажи. Брчките се натрупаа на челото.

Само видов кога ги затвори очните капаци над слепите очи и страшно ме потресе врисокот..., а таа бегаше назад избезумена и колнеше... По малку, по нејзе истрча и песот. Отидоа далеку, далеку во ужасот...

Сам. Го слушав само одѕивот на планината. Во просторот се ткаеја патиштата од усвитените гранати. Езерото како да беше потресено, стегнато молчеливо и темно меѓу планината, ме повикуваше на збогум...

На прашливиот пат, траги од крв. Пред мене, со раката обесена на војнички ремен преку вратот од тешкиот слом со сета болка, еден војник застанат над една плоча, чекајќи ги капките од топлата крв да капнат, запишуваше:

“ЗБОГУМ РОДНА ЗЕМЈО”.