Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
(UNSCOB) - Part 11
- Инвалидската Мијалче толку е. Не гледај, твојата е од народната. Ти рече како борец, ама чив... Тие борби не се признаваат, Мијалче.
- Па, ете, Надеждине, мене ми е жал да те гледам така, а еве толку години играме заедно шах. Да ти сведочам дека си бил во народната власт! Ќе потврдам дека си бил секретар, а?
- Па еден веќе се јави како секретар и доби - одговори Надеждин.
- Зар од моето село нема - се насмеа длабоко Клечкаровски.
- Ама што си бил, море Надеждине. Еј, Надеждине, Надеждинуле...
- Не, Мијалче, јас сум од семејството Костоломови и борец како и ти... А во народната власт - не сум бил. Не можам да лажам.
Ти гледаш такви како мене ги има многу. Ти барем си бил во Народната, како што велиш, па знаеш дека не треба да се лаже.
Ние сме се бореле за правдината.
- Да, да, не може. Добро велиш, Надеждине. Јас онака..., непромислено ти го реков. Ние сме борци, Надеждине, барем ти знаеш колку жртви дадовме за таа правдина... и почна пак да му раскажува за неговата активност, за општото...
- Особено, Надеждине, тамо кај што бевме, што ќе велев, за тамошните беше амин! Ама сите ме знаеја Еден беше - Мијалче Клечкаровски - Јастребот. До душа имаше и многу Ворјасовци.
Сите мислеа дека сум од оние старите комесари. Носев едно кожено палто, чиниш сум како оние руските, а и цело време носев и кожена капа. Од кожата дури и кучињата се плашат, камоли човекот... И сите бре, Надеждине, ме поздравуваа со другар Клечкаровски. Во таквите работи, не треба и многу да се носиш. Облекувај се, брате, како го прифатија тие старите функционери што ја раководеа народната, па потоа дотерувај се како ти душе сака! Ете, како сега...
Многу раскажуваше Мијалче Клечкаровски-Јастребот, за неговиот пат што го поминал, за неговот искуство.
- Ете, тоа се вика искуство на стар активист! Ти сигурно имаш мачно минато другар Мијалче? - му се обрна Костоломов, местејќи една шаховска фигура.
- За тоа да не зборуваме, Надеждине, зашто ме фаќа саклет кога ми навираат спомените одминатото... Шах!
Надеждине.
- Море ти пак добро, другар Мијалче, даде се од себе, ама си го доби и заслуженото... Тоа е добро кога човек го дотера животот, така докрај на својата цел... Ете, тоа ти е вистинска награда.
Уште си припомнувам на тие храбрите борци... Го гледаш оди во огнот и умира со гордост, и вика: “Јас ако загинам, барем ќе живеат слободни моите соборци, моето потомство.” Ете, тие беа вистински луѓе на револуцијата... Да, голем е оној, вели народот, кој ја здобил честа од борбите.
- Да, Надеждине, има луѓе кои се похрабри пред смртта отколку пред животот...
- Јас познавам еден, кој навистина, даде се од себе, - му рече Костоломов, - Ми беше командант, Тој беше од првите... Ама сега кога отишол да вади боречка - му рекол рефентот: “Абре другар, Засенковски, бригадата тогаш броеше триста, а сега веќе издадовмена три илјади по ред...” Се искара и се врати. Му изнарекол се. Им рекол дека ќе бара ревизија на сите решавани молби.
Ами што ќе биде да фатат некои од таквите, а другар Мијалче?
Му рекле, ако знаеш некој таков, кажи ни го, другар Засенковски, па ќе го изделкаме по законот... Ти си на потег.
- Да, такви сме ние. Самите ќе сиги извадиме очите, Надеждине.
- Ама тој не е против борците, тој е против оние кои...
Ти треба да го познаваш тој исто е стар функционер. Другарот Засенковски.
- Засенковски? - Мијалче остана така вџашен. Му се стори како врз него да падна црна кобна тежина. Помислата дека е виновен, како човек и неправичен кон се ова што сторил. Се стресе. Помисли да оди да си ги побара напишаните “Мемоари” што беше ги напишал за да бидат основа за добивање статуст на борец... Чекорот му се стаписа, страв, страв... Длабоко во себе се расколеба и отвараше рана што почнува да боли и тоа сега, кога веќе животот си го подреди.
Шах и мат си, другар Мијалче!
- Еј, вистина мат!... - рекоа луѓето околу нив . - Ама каков мат даде Костоломов, а? - велеа сите...
- Мат? - рече Клечкаровски и една мисла повјаса да го пресече како сабја: “Ќе ме јади црната, ако почнат да раскопуваат во архивите...” Кога ќе се сети на она, Мијалче Клечкаровски почнува да венее.
Му се згрозува животот... Му навираат спомени од минатото.
- Мијалче, ти некако почна да ми венееш-му велеше Мијалица.
- Кажи ми што ти е?
Мијалче Клечкаровски-Јастребот, одамна имаше заборавено на тоа време, на минатото што сега го нема, на крвта што капеше..., а малку болеше. На тие болничави денови.
Тој не отиде на прва линија да се бори за слободијата. “Блезе да му е на Мијалче Клечкаровски - Јастребот, се снајде, па зар не.
Тој си ја има калимерата со сите одговорни, со активистите на народната власт,...”, велеа луѓето.
Еднаш, кој знае по која случајност, Мијалче се најде на еден собир, и стана активист, но уште со страв додека не се расчистат работите кај што треба да припадне. Така, еднаш не решено, сакајќи нешто полезно да каже на партиската, на тој собир. “Јас, другари, се сомневам во Ристета Џуклески. Тој некни му продаде риби на астиномијата за пари. Се правдаше дека му требале да купи нешто за децата, но јас го поставувам пред партиската, пред нашата народна власт, другари...” По неклоку дена, Ристета Џуклески, го изеде црната, велеа жените. И од тагаш, се жигоса тоа Џуклеско семе, стана антинародно, дури на еден собир на пошироката народна власт, се бараше да се прогласи за антипреспанско.
Така Мијалче, троа по - троа, стана најверен... Тоа го правеа луѓето од големиот фанатизам, од доверието што им беше дадено да се расчистува со сите антинародни... И, кога дојде време од таа земја да се евакуираат малолетниците, на Ристета Џуклески, останаа како непријатели, останаа како последни деца што умреа на својата земја.
На што ли се присети тој, другарот-Јастребот. Додека не си го подреди животот, ни на крај памет не му падна минатото. А можеби и сега не ќе си спомнеше, ако другарот Засенковски не бараше да се испревртат архивите. Тој ниту ќе си припомнеше на тие дни, на таа куса автобиографија, што беше како таква само негова. Сега жалеше што не му е богата, што не се вклучи порано во народната, кога можело така убаво сега да се живее...
Но, Мијалче, тогаш си беше орач како Ристета, рибар како секој преспанец. Но добро се снајде. Тоа го направија и сите дезетери. Но, што и да зборуваат луѓето, тој и тие си го токмосаа животот. Тој си го доби тоа што го бараше, за него и за Мијалица.
“А ќе го добијат ли сите борци?...”, го прашуваа луѓето.
А тој:
“Е бре луѓе, што да ви речам, јас веќе не сум во работите, но вие не знаете да барате, ви го велам на сите тоа од искуство.
Човекот треба само да знае да умее да бара. Не треба многу писмо. Ги гледате ли референтите одговорни за станови, па и оние во социјалното, како те гледаат во очи, па снајди се...човеку!” ВКУСОТ НА СОЛЕНАТА ВОДА Минувам низ плоштадот, покрај излозите, денес е Први Мај, тукушто заврши парадата, улиците се празни.
Погледнувам во телеграмата и читам: “Пристигнувам во 12 часот. Чекај ме на станица. Брат ти Ѓорги. Стоп.” Надвор пролетна жештина. Во душата чувствувам трепет. На перонот вријавец. Брат ми низ толпата луѓе се поткренува на прсти, ме бара, долго се гледаме, како да сакаме да се прашаме:
кој си ти, а кој сум јас.
Му приоѓам и го прегрнувам, а тој ме крева в раце.
Потоа, така прегрнати, си одиме за дома.
Изминаа толку години, не знам за кого попрво да прашам. Со години чмаам за родната грутка, за болното посегање по нашето достоинство. Му посакувам добредојде со полна чаша рујно вино, небаре како да посакувам да ми ја раскаже неговата болна приказна.
Голтнува од виното со благоодна насмевка, чиниш му се отвори окрвавеното срце, а јас така зграгорен слушам како ми вели: -Пули вака, брату, ка стана со нас. Не фатие от селото надвур, еден саат пешки да одиш, неоти беше ношја, дења ни ја овртија каливата. Овците блее, се исплашија, само кучињата шо лаење сторија. И по малку време кошчо седеме во каливата, пулиме со татко цело место овртено и наеднаш пред нас брадести љуѓе шо ги викаме бурандари. Ме звеват пред ни, кошчу реку, целото место овртено и ме опитват: чие дете си, а тие све знае, и му кажуам: на Ристо Сувогорски. Пак ме опитват и право со пушките накај мене и право претрес по племните и трлото, а коа пуљам го носет и татко. Јаска врзан, татко врзан и не носе во селото, а маве по нас со кондаците, со клоци, со тупаници, не тушкае по целпат и не однесое кај главнио. А тој нагизден со тиа ширити седи и ни вели, кажите кај се крие, македонскио одред “Вичо”? Камо ти се поголемите синови, Ристо? - го опитва татка. Дур да зини татко, јаска му веља: излегое да се боре за човекови правдини, кирие, да и земиме и ние нашите слободи, да прикажваме на мајкин език, да имаме сколје, да имаме големци ко вас, ко љуѓе да имаме се... Се му изнарекув, ама коа почнаа да не буве со што да стигне и не пикнае во еден темничав ќерал.
Плачи кутрио татко и тој ми вели: Ѓорѓи а излаиниме работата, овците останае на гол мегдан, а време е да се објагнат, го пуљам се нажали чоеко. Ама шо е прао е прао, добро му рече, ми вели татко. Цел народ треба да стани за тие правдини, а не да се крие под кошула... Во турцко беше друго, барем езикот си го прикажуваме. И утредента осуна, го врзве татко и мене за него и не носе за Костур, а коку шо стигнаме, пулиме ногу народ се пули во нас и не пикнае во еврејското сколје. И кога на 12 март четирисет и седмата излезе бојнио суд во Костур да ни суди, не нападнае ногу, најпоќе тие шо не фатие, демек сме сакале да прајме македонска држава, сме ги ранеле македонцките партизани, а пусти татко не уздржа и му рече во очи: абре кирие, пулиш ка живиме, ко робови, љуѓе сме, бараме да си прикажваме по наше, треба вие да се научите по наше, оти вие дојдоте кај нас, а не ние. И пуљам му скокна тој судијата, го удри татка по уста, му скрши два-три заби, а мене ми зовре крфта, сакам да го бранам татка.
“Вие сте Грци и нишчо друго”, вика ко бесен, а јаска му а врна на нашинцки, па татко нешчо сака да рече, ама му блика крф од устата, но со рака му кажва: само тоа не, одвај изговори. Ние сме си Македонци, му вели татко. Пули вака, му вељам јаска, нас кирие, не ни пречи вие што сте Грци, оти вас току ве измачува ние шо сме, а добро знајш дека ние си живиме на ваа земја од дедо пра -дедо, јаска и секој умен чоек, ќе речи неоти ти велиме ние вие да станите Македонци, убао е секој да си биди тоа шо го роди мајка му. И нејсе, не осуди на по десет години, и од тука околу 15 јули не тргнаа за Солун и не носе прао до пампуро шо греди по суво и коа вјанаме на пампуро во тие вагоните не сметени ошче од турцко смрде, не ни даве вода, а за леп да не велиме, токму пак туа е татко ми, ми дава кораж.
Ми прикажва, пусти татко, по целио пат и коа на први август не пикнае во затворо “Павло Мелас” во Атина и ни дадое за осом дена јадење, а шо јадење: риби солени и троа леп, а времето беше ногу топло, и не соберве во камиони од затворо “Павле Мелас” и не носе на скелето, не растоварве и пак не товарве во пампуро шо оди по вода, ама не начукае долу во амбарите.
Врзани јаска со татко се пулиме еден во друг, а вода нема и еден со еден се опитваме - дека не носе? Не знаеме никој, викаме, ама нишчо и така легнаме свите ко удрени од дамла, заспаме ко ајванчиња. Темница, виделце нема, а шчукаме врева, но ошче ношја беше, вике: “Свите надвур”, и тогаш за прв пат видоме остров, земја, а пекаме за вода, дури не можиме да проговориме, и излегоме, а ние со татко врзани и излегваме еден по еден, а тие со стапови не маве по дја да стигне и не носе, ама сеа одиме по нози околу саат и черек и тамо пулиме чадари. Нејсе не собрае куп пред еден големец и ни вели да излезиме секој башка и звеа да ни праве претрес, а капи не носеме, ама тие маве со стаповите и по главата, неоти те жале за нешчо. Не остават да имаш виличка, ноже, саат, цигари и пак да маве по нас, а ние свите викаме, ама кој те опитва. Пљачките и чејлите и многу други шеи ни останае по патиштата. Едно време влегоме во чадорите, а за вода устата ни се лепи, но шчукаме, еден дека вели: “ето деа има бунар” и се втуриме свите ко овци; плиток беше, половина метро и звеме да пиеме.
Црпи пиј, црпи пиј, а таа пуста вода солена и пиеме, а се на повеќе не тера, пиеш и пак ти се пие и кога не фати еден дрисник, шо да ти реча, цели ги фати, не остана чоек без да има дрисник, пусти греови наши, а за нужник имаше троа подолу едно ископано место и свите таму на гол мегдан, ама после коа зве една миризма, стана хаос, шо да ти прикажвам, оти чадарите беа на неколку чекори.
Но, и не се срамиме, нишчо не не возбудуваше, ни стана најлесно да живиме така, ич не се грижеме да го чуваме нашио живот, секогаш покорни пред корофилаците, пред нините големци. Миро на душата, ни гредеше од утре, прикажвам само со сонцето и ме тера да мисла за бијаницата шо а пиеме на трлото во горешчината, пиеш и те режи, ама со тоа само мозокот си го лажеме. Во бессоните ношји само клепкаш и мислиш, думаш, кроеш, ама никако не излегува. Со татко не одделија, сега сум со Фоте Мечкаров. Тој по нешчо ми кажва, а јаска го шчукам и не го шчукам, гладен сум. Еден ден, не помна коку беше месецот ми вели: Ѓорги, ти се јаде леб? Как не ми се јади му вељам, а тој вели ела по мене. И отидоме во еден железен голем сандок полн со гној, а беше ношја и фатиме да јадиме комачиња леб, ама тие расипани беа мулосани, но кој пули ношја и ние само јади, рупај, грицкај, оти беше ногу страшна гладоста, и јадеме. Кој знае кој ги фрлил. И едно време, фати да не боли стомак и јаска отиду по нужда, арно ама стражарите не оставае да одиш во секое време, и пуљам трча еден со една боздугана, а тоа беше ношја и фати да ме тушка, да мава по мене. Јаска зве да бегам по чадорите и тој ме тушкаше, ама даде господ му се испушчи од раците и зве по чадорите да ме бара. Сполај му на господа, се крстам, инак ќе ме оставаше на местото.
Коку беше месецо ич не паметвам. Еден ден леб немаше, не извадие на работа, другио ден исто и така тоа продолжи до 7 дена без леб, а веќе не можеме да пулиме, по нужди па ич не може чоек да оди... Тоа беше ногу страшно нешчо, од гладост и жед за вода ни се олина снагата. Боси по кршо оди ако можиш, де! Ај мајката како да сме родени да трпиме понижувања и си вељам дали родо ни е таков или проколнати сме ние ко љуѓе.
Свите се редеме да чекаме манџа, давае по малку, народо гладен и туку што се приближаме до казано и коа фатвеа тиа чуварите со стаповите да не бие за нишчо, а не биее до дја да стигне и на еден другар името не му го умам, му го извадие окото и тој падна наземја, а тој корофилакот се уплаши, и ние свите скокнаме да му велиме:
зошто го стори воа нешчо, ама сетне надојдоа многу од ни, удри, удри и така ни ја истурија манџата и не вечераме нишчо.
Пак еден ден доиде саато 12 и треба да одиме во чадорите, ама кога се врнаме наза, требаше да носиме камења за да не одиме празни, и јаска име кренато еден голем камен, а тие Грците шо беа затворени како крадливци и убијци не носее нишчо, туку пред да стигниме ќе ти го земе со сила и сетне ти си крив. И го носев тој камено и туку пуља еден прави ниет сака да ми го земе и ме турне, а јаска така падна шо виа четирите прсти ми се смачкае, ето, пули вака, на ваа рака шо ми е без прсти, а налет за камено, но целата работа беше, ако немаш камен нема ни вечера и така таа ношја плаче од бољка, гладен па од мака се напив малку солена вода и дури сега ми се гнаси од тој вкус, а крфта си тече. Тие лекарите шо бее од затворениците, ме опитве од шо така бре Ѓорго и сега не знам шо ми стана, ама ми се сврти тој острово Ѓура и сум паднал. Потоа ме најде полошо, не може да работам, а ме тушке, не ми верва, тоа беше страшна работа, ама по страшно беше да стоиш пред големците покорен како фатена ѕверка. Тие ни држеа говори како току пари дава државата за воа нешчо шо не превоспитуваат, како не научија да работаме, да го прајме тоа што е убаво и како ни дале можност да се преродиме со се шо го прај државата за нас. А прао да си кажа е тоа шо чоек можи да разбери едно нешчо добро, шо љуѓето ги запознаваш не по некаков ќар во живото, туку ете сите сме исти страдалници и на секој душата му е чиста... Само манџата на свите ни стана одбивна, таа мирисаше на блувотини од мацки, а тоа ти греди да ги загубиш сати чоечки чувства - љубов, пријателство, завист, човекољубие, милосрдие, се полека од чоекот исчезнува, ко се да испарило под тоа силно сонце. Но имаше во затворо и шпиони. Беше еден, се викаше Стратос, и многу други и еден ден дојде еден натоварен пампур, од тие шо оде и греде по вода, и беше товарен со железо, цемент, вар и други нешча, полн до горе. Не собрае свите кашчо си беме во затворо и кладое две шчици; по една оиш во пампуро, по друга да гредиш на суво и почнаме да се товарваме, растоварваме, цел ден оиш и гредиш по тие шчиците, а тие чуварите маве со стаповите и само пулиш да не ти се замели умот и да не паднеш во морето, но тоа се стори кога еден од воденцко или од леринцките села беше, сега малку ми греди на умо, падна сосе врешче вар, госпо да го прости.
Ами од дја да знае да плива? Го извадие морнарите на сонце, така стоеше цел ден, додека не се собра цел рој муви да го јаде.
Ама тој шо беше капетан на пампурот не сожали и накај пладнина го закопаме и со таа мана си отпочинаме малу. Пред мртовецо сати мачеа, арно ама така со години ставаше со нас, фатие кај луѓето да се појавуве разни болести - офтика, стомачни болести заедно со церевата, но повеќето љуѓе поулавуваа и пулиме почна да греди еден поп да ни кажва за сати господови заповеди, а гладни, и еден ден беше Божик и дојде пак да ни кажва и вели шо вели тој попо, ама стана ко постран, се наљути и избега, кога му рекоме: пули вака ре дедо попе, ти пулиш шо јадиме и каква вода пиеме, му велиме, зар по твојата религија така вели господ? Фати го човеко за ништо и донеси го тука на острово, затоа шо го родила друга мајка, само да не биде Грк. Шо велиш ти за воа нешчо, како тоа може да биди по тие твои книги човечко, а? Ајде кажи! Се наљути и му јави на власта. И едно рано утро пулиме сме свртени по целио остров со бојни пампури и готови да не униште, оти тој му кажа на власта дека правиме револуција и шо друго не му рекол? Дека сме биле закоравени комити и не примаме никакви господови заповеди.
И коа пулиме на самио остров да ти имало ошче наши на други места, многу народ, па ти имало и комунисти наши и Грци, па ти имало крадачи, убијци, па коа пулиме тере на кај нас и една голема група жени и ги донесое сати во една голема падина, ама никаде го нема татко и ка немаше вода пулиме доста љуѓе го изгубиле умот од сати тие маки. Потоа за ни почнаме да прајме големи авлии ко трла со високи стисови и таму тиа ги оставие коските. Но за воа деа да може да се раскаже, чоек треба да напише цели книги. Дојде време да се пушча ко инвалид во педесетите години и си греде дома, а селото изгорено, се е срамнето со земјата, нема љуѓе, и коа пуља долу во каливјето -татко талка, бара по имањето, ама не можеш да му речиш нишчо. Јаска го викам: татко бре, јаска сум Ѓорги.
Тој бега од мене, така испокинат, дооден бега... Ете така, брату, стана со нас.
Ме загледа в очи и ми рече: - Плачиш, знам, ти е жал за татко.
ЗАВЕШТАНИЕ Во тоа време се даде глас дека пак ќе ги креваат Егејците, а пулам и некои човеци ко штрекнати одат - гредат, си ги диплат пљачките... Таков ти беше животот до ден - денеска.
Не фрла опул на нас... Ќе те клоцне како шугав пес и ќе лаеш како во глува доба...
Татко ми беше стамен човек, усталија, но сполај му на господа, му го исполнив заветот, нека си почива спокојно... Наш човек не знае каде ќе го однесе времето и животот. Понекогаш се изгледа дека е многу просто, едноставно, но колку било тешко, господи, да оставиш полни амбари до ќерамиди, а за животот што ти треба да го живееш, да наполниш од сето збрано, само едно торбенце и да не умиш што си зел. Само кога ќе те собори неволјата, ќе го побараш по навика тоа што ти треба, а си го оставил дома и повеќе не е твое. Блазе си им на луѓето што си остануваат дома. Господи боже, си велам, зошто сме поулавеле, па сме бегале од својата благословена земја, ама времето било такво, вели татко Димо.
Околу сам Петровден ги варосавме одаите, а мирисаа на варта, а таа како со прсти ти ги отвора носниците, те тера да се напромениш, да каснеш нешто празнично, како што велеше татко од деда - прадеда сме печеле јагне, а уште згора на тоа, квасеното млеко ти ги шири цревата, како мелем беше пустото, небаре со нож да го сечам, што се вели. На софрата истругана, попарена, покриена со шарени цедила, се ставаа топлите зелници кои ширеа неодолив мирис. Ти пека душата по матеница, го чекам каленичето од нечија уста, а има цели ведра.
Нашата куќа е имотна велеше мајка, пијте!... Жените прусат, носат, мијат, задоволство им е да принесат што повеќе јадење и само вели татко: јадете, јадете! И го гледаш насмевнат, стаменит, усталија човек.
Неоти помислил некој на лошото: мајка на чардакот стои опулена кон Долно Пожарско и вика “пожар, пожар, луѓе... гори се...” Се слушаат пукотници, луѓе плева, зала и старото куче, а татко имаше верба во него, го остави каленичето, и даде комада на тајфата да се приоблече, да земе по нешто в раце и викаше:
“Пругоре бегајте..., а јас ќе го пуљам добитокот, се вознемири”.
Така тргнавме накај Пурдовите нивје, нагоре накај Килиндреската планина, Филин камен и на самата Солуна чешма, се напикавме во густите буки, а добитокот штипка тревки и си прилегнува, само кучињата и ние стоиме будни и слушаме од постарите што велат дека и во турско било така.
Денизден го слушаме истото, море погано време, децата пекаат по лепче и вода, а сите се врткаме неспастрени од злото, можеби тоа не натера да ја минеме границата, бегаат луѓето со се добитокот. Господи боже, си велам, а татко ме пули тажен и ми вели, синко, и јас идам по тебе, само реши дали удолу или преку граница. Не си спомнувам на ништо од тоа, само дека во мојов ум тоа време е празен, сив простор...
Ти пека душата по матеница, а утредента сите талкаме низ Мариово, одиме, одиме, а си велам: блазе си им на оние што си се дома, но татко ми зема од болката, си ја делиме, тој беше усталија човек... Пат нигде не се гледа, од никаде не може да се мине и така не осамна кај Тополчани. Тогаш заушив дека ќе не носат на север...
Од недоапица за сите, свирна еден пампур и почнаа пред нас да се редат црни дотраени вагони, а ние сите се пуљиме во нив, па и не сме имале видено бре, постарите кажуваа за овие чуда френски, ама друго е сега кога ти се пред очи, го гледаш целиот пампур.
Времето е некаде попладне, речиси квечерина. Не напикаа во тие вагоните а добитчињата гледаат и блеат по нас, некои дури ја подаваат муцката, а незнаат да ти кажат што сакаат, само кучињата небаре најтешко ја поднесуваат нашата разделба. Ако изумре добитокот, ќе си умреме и ние, оти и тие и ние не можеме едни без други, велеше татко.
Нејсе, тргнавме, се разделивме, наседнавме вудвосани, кому како му беше арно, вратите се залостија, а не можеш со денови да видиш виделце божје, царува итрата и лоша ноќ, се бараме со алкање, по лицето, децата веќе беа заспале и само понекогаш ќе не прошара виделинка низ цепнатината на некоја станица и пак се исто до разденување. Татко не куражеше, велеше: прва должност на човека е да го покори стравот, така ни велеше, а неоти знаеше кај не носат, чекаш само да забели денот и да ја одлостат вратата и слушаш разни гласови, страв да те пресече, дури и татко ќе рече: којзнае кај ќе ги оставиме коските... Баба ми Меглена ја довлечкавме до вагоните и беше легнала во ќошот од вагонот, исушена, кашличава, малечка жена со селски опинци и сите видови долги старомодни фустани облечени на бегање, шамии, обично шарени. Лицето и беше збрчкано, а тенот како смил. Ноќта умре во вагонот и на една станица ни ја зедоа без да и направиме некаков адет.
Татко многу жалеше и оттогаш како подудрен стоеше и думаше. Водата станала како мочка, повеќето од буклињата празни се, ги местиме под глава, но неоти можеш да спиеш, туку сепак ќе те замери чукањето, сите сме првпат во пампурот толку дена, така - тук, така - тук и така со денови, те носи по пат што не го гледаш. И така, само ќе те удри некој друг ум, ќе посакаш да запееш или да заплачеш, а времето погано, што знаеш кој сака да те шчука. Не знам за шо не занесоа толку далеку. Тие ноќи се изнаплакавме. Тука беше попот, убав и умен човек, ама и тој неоти знаше кај не носат, само велеше по молитвата: “А бре боже, зарем толку е голема Македонијата, со денови што не не слегнуваат?” Па туку ќе рече: “Ако не носат во некои логори како Еврејте, еј боже наш, боже мој...” Но, на чело со попадијата ние сите ќе ја повторевме молитвата:
“Недај боже, ние сме невини луѓе, носиме Ристосоа душа”, а најмногу помагаше питрупот Дурдубак, јако мажиште, небаре од сите им зема од болката, не бодри за најдоброто, а ние сите пак “дај боже” и така ни минуваа денизден деновите и ноќите.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/15 на 29 октомври 2026